Владата на САД објави дека планира да засади повеќе од милијарда дрвја во наредните години низ изгорениот запад на САД, кој во моментов најмногу страда од ефектите на климатските промени и се соочува со големи суши, горештини и шумски пожари. Пожарите уништија неколку милиони хектари шума во последните години, а тоа се одвива многу побрзо од способноста на шумите да се обновуваат природно или од капацитетот на владата да засади нови дрвја. Се проценува дека треба повторно да се засадат 1,7 милиони хектари, рекоа властите. Американското Министерство за земјоделство соопшти дека ќе мора да го зголеми четирикратно бројот на садници за да го надомести тој заостаток и да ги задоволи идните потреби.
Прогласена вонредна состојба во Калифорнија поради пожар
Одлуката доаѓа откако американскиот Конгрес минатата година усвои закон со кој се наложува на Шумската служба да засади 1,2 милијарди дрвја во следната деценија, а претседателот Џо Бајден и нареди на агенцијата да ги направи шумите на нацијата поотпорни како што се загрева светот. Голем дел од пошироките мерки на администрацијата на Бајден за справување со климатските промени се заглавени поради несогласувањата во Конгресот, каде што демократите имаат мало мнозинство. Многу шуми природно се обновуваат по пожар, но ако пожарите се премногу интензивни, тие можат да остават голи области кои остануваат такви со децении пред дрвјата да се регенерираат.