До крајот на викендот Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата (СОНК) треба да одлучи за главното барање од Владата, за ставање на штрајкот во мирување.
СОНК од понеделникот штрајкува во школите и градинките со барање за зголемување на платите и нивно усогласување со минималната плата, која од мартовската плата, изнесува 18 илјади денари.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков по средбата во Владата рече дека Советот на СОНК не добил конкретен предлог за покачување на платите и затоа до крајот на викендот треба да одлучи за ставање на штрајкот во мирување, во интерес на враќањето на учениците во клупите и нормалното функционирање на градинките.
Неделков во Владата имал средба со премиерот Димитар Ковачевски и министрите за образование и за наука и за труд и социјална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска.
На состанокот во Владата, како што соопшти владината прес-служба, дополнително се разговарало веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.
„Владата, истакна на состанокот премиерот Димитар Ковачевски, е отворена за дијалог за постигнување систем за раст на платите кој нема да биде условен и предизвикуван од штрајкови и незадоволства и со кој ќе се обезбеди модел за раст на платите во јавниот сектор, кој како со договорот за минималната плата, ќе се врзе за порастот на просечната плата и со порастот на трошоците за живот“, стои во соопштението.