Макрон доби шлаканица од непознато лице

Францускиот претседател Емануел Макрон

Непознато лице му удрило шлаканица на францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на регионот Дром, јавуваат агенциите.

Инцидентот се случил кога Макрон им се доближил на насобраните граѓани во градот Таин-Лермитаж во кој ја посетил туристичко-угостителската гимназија. Макрон им пришол на граѓаните кои чекале да го поздрават, а еден од присутните го повлекол за рака и му удрил шлаканица. Телохранителите на францускиот претседател интервенитрале брзо спречувајќи поголем инцидент.

Од Елисејската палата ја потврдија веста за инцидентот кој го нарекоа обид за шлаканица. Француските медиуми јавуваат дека поради инцидентот од слобода се лишени две лица.

Францускиот претседател минатата недела престојуваше во дводневна посета на регионот Лот, а опозицијата го обвинува дека посетите на регионите во Франција ги организира во предизборни цели.