Радува фактот што секојдневно имаме нови и нови излекувани пациенти од коронавирус. Денеска вкупно 18, од кои 13 беа на болничко лекување и петмина кои се лекуваа во домашни услови. Со ова бројот на излекувани пациенти во нашата земја е 139, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој е во домашна изолација по средбата со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој е позитивен на коронавирус и прес-конференцијата ја одржа од сопствениот дом.
Во изминатите 24 часа, посочи тој, имаме 36 нови случаи и за жал тројца нови починати.
„Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 1117, односно 929 активни случаи“, изјави Филипче.
Најави дека од следната недела ќе се стават во функција уште две лаборатории во МАНУ и Институтот за судска медицина.
Тој рече дека преку видео врска разговарал со амбасадорите на Франција и на САД, како и разговор организиран од Светската здравствена организација. Тој информираше дека биле разменети мислења и ставови за тоа како се поставени здравствените системи и какви се плановите за понатаму.
„Заеднички е заклучокот дека оваа болест и после пикот на пациенти ќе продолжи да постои и нема да можеме целосно да ја елиминираме и веројатно ќе мора да има посебни делови од здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат позитивни на КОВИД-19 и на пациенти кои нема да бидат, а сè со цел да се испланираат капацитетите. Посебно гледајќи перспективно во периодот на периодот на есен или зима кога веројатно сите земји ќе се соочат, освен со соодветен број пациенти заразени со КОВИД-19 и на пациенти со сезонски грип. Ќе треба да се направи сериозна анализа и поставеност на здравствениот систем“, изјави Филипче.
Еден од главните заклучоци, посочи тој, бил во насока на поголемо активирање и вклучување на матичните лекари, со цел пациентите што повеќе да се задржат на примарно ниво, за болничките капацитети бидат слободни доколку биде потребна хоспитализација на пациенти со КОВИД–19.