Премиерот Заев на средба со европскиот комесар Аврамопулос

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вечерва се сретна со европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, придружуван од амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.

На средбата, заеднички е констатирано дека европските интеграции се важни, како за стабилноста на нашата земја, така и на регионот.

"Работиме на спроведувањето на реформите и очекуваме да бидат вреднувани постигнатите резултати, како дома, така и во добрососедските односи. Почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ќе овозможи проширување на соработката во борбата со криминалот и корупцијата, што ќе има резултати и на регионално ниво", рече премиерот Заев.

Европскиот комесар Аврамопулос е во Скопје за дводневниот Министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на финското претседателство со ЕУ.