Достапни линкови

Гремингер: Се отвора нова можност за напредок во реформите


Пораки со поддршка за реформите, но и ветувања за натамошна интензивна соработка си разменија премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер по денешната средба. Премиерот вети работа согласно стандардите на ОБСЕ и ЕУ. Гремингер побара силни институции и транспарентни медиуми.

Охрабрување за реформскиот процес, благодарност за досегашната соработка, но и лично признание до премиерот Зоран Заев за успешното надминување на политичката криза упати генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер по денешната средба со премиерот Зоран Заев. Мисијата на ОБСЕ останува тука и ја нуди својата поддршка во натамошните напори за реформите и натамошната соработка, истакна Гремингер.

„Сметам дека се отвора нов прозорец за напредување во реформските процеси и дека ќе имаме натамошна успешна агенда на овој пат. Во моментот кога нашиот фокус е свртен кон моментални реформи, сметаме дека и понатамошните долгорочни цели како што се структурните реформи во областите на почитување на правото, почитување на медиумите и нивните права, демократското владеење, политиките и секторот за безбедност се клучна работа во овој процес“, изјави Гремингер.

Тој ги охрабри сите вклучени страни во реформскиот процес да работат на зајакнување на демократските процедури и политики и во враќањето на вербата во самите институции. Притоа ја истакна улогата на слободните и независни медиуми во таа насока.

„Транспарентни медиуми, медиуми на коишто може да им верувате, како и инклузивни институции се клучни во обезбедувањето на просперитетна иднина за државата и за бенефит на сите граѓани во државата“, рече Гремингер.

ОБСЕ со подршка за почнатите реформи во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Премиерот Заев уште еднаш ја потврди определеноста на новата влада да работи на заштита на човековите права, функционирање на правната држава и посветеност на реформскиот процес, во согласност со стандардите на ЕУ и ОБСЕ.

„Стретешки цели на Република Македонија се европската и евроатлантската интеграција и економскиот развој на државата и посветено работиме во оваа насока. ОБСЕ е наш пријател и партнер на тој пат. Благодарам од името на граѓаните на Република Македонија за тоа што господине Гремингер со вашиот придонес и вашето лично присуство денеска тука ја потврдувате соработката помеѓу ОБСЕ и Република Македонија“, рече Заев.

Премиерот истакна дека е согласен со прелиминарната оценка на извештајот на ОБСЕ за изборите и најави уште поинтензивна соработка со мисијата во иднина. Посетата на генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер се совпаѓа со 25-годишнината од присуството на мисијата на ОБCЕ во нашата земја.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG