Достапни линкови

Старите забелешки и за новите избори


Архивска фотографија - Локални избори 2013.
Архивска фотографија - Локални избори 2013.

Забелешки за работата на Државната изборна комисија и сомнежи во избирачкиот список, изборно мотивирани инциденти кои го нарушуваат процесот, злоупотреба на јавни ресурси, случаи за притисоци и уцени, нотираат организациите кои го набљудуваат избирачкиот процес.

Невладината Цивил – Центар за слобода изразува сомнеж во избирачкиот список, велат дека се сомневаат оти списокот за овие избори ќе им обезбеди на сите граѓани да го остварат правото на глас.

„Гледаме случаи во кои администрацијата не може да излезе во пресрет на барањата на граѓаните и на граѓанките. Гледаме и во овој период фантоми се селат од една на друга адреса. Граѓаните се во позиција на пинг-понг топче меѓу ДИК и МВР“, вели првиот човек на Цивил, Џабир Дерала.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се наведува дека ДИК не презеде сеопфатна верификација на Избирачкиот список. ДИК до Мисијата испратиле известување дека седум илјади луѓе без регистрирана адреса и околу 600 со „несигурна адреса“ не се веќе на списокот. ОБСЕ/ОДИХР во врска со списокот со соочила со различни мислење од една страна дека расте довербата во него, до загриженост за состојбата во која се наоѓа.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, во интервју за РСЕ вели дека Комисијата добила само триесеттина барања за запишување, промени или бришење во податоците на избирачкиот список. А и партиите извршиле увид во списокот.

„Самото тоа покажува дека сите актери вклучени во изборниот процес, сметаат дека истиот претставува добра основа за спроведување фер и кредибилни избори“, вели Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Од Цивил, а и во извештајот на граѓанската асоцијација МОСТ се нотира дека дел од одлуките на ДИК се носени на затворени седници, без навремено да се известат набљудувачите. Претседателот на Цивил, Џабир Дерала, сепак вели дека соработката со ДИК сега е подобрена.

Изборно мотивирани инциденти

И ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ и Цивил во своите извештаи забележуваат изборно мотивирани инциденти и искршени партиски штабови.

Овој изборен процес, за жал, почнува да наликува на немил процес како оној во 2008, вели Дерала.

„Со оглед на тензиите, со оглед на црната кампања и говорот на омраза, се уште отсуството на дебата, ние предвидуваме мирен изборен ден во првиот дел на денот, но предвидуваме дека се можни инциденти во последните часови од изборниот ден“, вели Дерала.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, кој го опфаќа периодот од 13 до 29 септември стои и дека некои партии почнале со кампањата предвреме, што подлежи и на казни. Во извештајот се забележани и пријавите против градоначалници.

Злоупотреби на јавни ресурси, уцени, притисоци

Во периодичниот извештај на граѓанската организација МОСТ, кој го опфаќа периодот од почетокот на изборната кампања до 4 октомври, се забележени и изолирани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите. Забележани се и уцени за гласање. Во извештајот се наведува и дека имало демолирање на изборни штабови и уништување на пропаганден материјал.

Од Цивил имаат забелешки и за злоупотребата на јавна администрација, на деца за време на кампањата. Велат дека медиумите сега се далеку подобри во известувањето за изборите, забележуваат неетичко однесување, односно мешање на кампања и општински активности, а на централно ниво велат дека има подобрување. Тие го посочуваат примерот со премиеро кој на митинзи оди со приватно возило. А за дел министрите велат дека благо кокетираат со своите обврски, оти се вклучени во директни партиски активности.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG