Достапни линкови

Аселборн - Бранам принципи, а не партиски ставови


Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Луксембург, Никола Димитров и Жан Аселборн.
Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Луксембург, Никола Димитров и Жан Аселборн.

Луксембург е на ваша страна, рече министерот за надворешни работи на таа земја, Аселборн, кој е во посета на Македонија. Тој вели дека со новата влада и политичка волја на Грција решението за името, не е невозможно, а не сакаше да прогнозира кога Македонија би почнала преговори за членство во ЕУ.

„Моето име не е Виктор Орбан. Моето име е Жан Аселборн. Има разлика меѓу овие две личности, иако и двајцата доаѓаат од Европската унија. Јас ги поддржувам оние кои во оваа земја сакаат да креираат услови за таа да може да функционира на вистинскиот начин.“

„Решение за спорот со името не е невозможно“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:24 0:00

Вака гостинот од Луксембург, министерот за надворешни работи Жан Аселборн, се обиде да одговори на прашањето како поделеноста на европските дипломати во однос на поддршката на власта и опозицијата влијае врз довербата на македонската јавност во Брисел. По средбата со својот македонски колега Никола Димитров, Аселборн рече дека тој не е во Македонија за да брани партиски ставови, туку за да брани принципи. Истакна дека иако не е лесна работа, стабилноста, просперитетот, мирот и демократијата можат да се постигнат само доколку има слободни медиуми и доколку правдата функционира без притисоци.

„И во иднина, Луксембург е на ваша страна. Многу добро се сеќавам на денот во 2005 година кога во Брисел кажавме дека Македонија ќе добие статус кандидат за членство во Унијата. Оттогаш еве поминаа 12 години. Договорот кој го потпишавте со Бугарија е многу важен и следен чекор кој може да се направи е со нашите пријатели Грција. Можам само да ги поддржам преговорите и се надевам дека медијаторот Нимиц може да најде решение кое ќе биде задоволувачко и за двете земји, вашата и Грција“, изјави Аселборн.

Со новата влада и политичка волја на Грција решението не е невозможно, рече Аселборн. Шефот на луксембуршката дипломатија не сакаше да прогнозира временска рамка во која Македонија би можела да ги почне преговорите за членство. Најважно е рече Аселборн, земјите аспиранти да ги почитуваат Копенхагенските критериуми за членство, додавајќи дека се надева дека еден ден одлуките за проширувањето ќе се носат со мнозинство гласови, а не едногласно.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров рече дека гостинот го уверил дека до крајот на годинава ќе направиме доволно за да ја убедиме ЕК да ни даде чиста препорака и оти ќе направат се што можат да ги убедиме нашите соседи и европски пријатели дека Македонија треба да почне пристапни преговори со Унијата идната година. Една од темите била и членството во НАТО и позитивното влијае во однос на нашата стабилност и стабилноста во регионот.

На прашањето дали решавањето на случајот со прислушуваните разговори претставува неформален критериум за влез во Алијансата, Димитрoв со одговор:

„Апсолутно се согласувам со тврдењето дека вистинскиот крај на кризата завршува со одговорност, бидејќи кризата почна со неказнивост. Системот потфрли да реагира на очигледни проблеми и злоупотреби. Меѓутоа извршната власт не е таа што може да обезбеди одговорност. Извршната и законодавната власт можат да направат извесни измени во правосудниот систем, но судската власт мора да обезбеди одговорност“, изјави Димитров.

Димитров вети дека извршната власт ќе обезбеди нов модел со којшто ќе може да се спречи секој што ќе сака да ја злоупотреби машинеријата на прислушкување, тоа да не може тоа да го стори, како дел од реформскиот план 3-6-9.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG