Достапни линкови

Димитров - Идентитетските прашања да се извлечат од процесот за името


Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека е многу важно идентитетските прашања да се извлечат од процесот на решавање на спорот за името, бидејќи така никогаш нема да може да се реши ова прашање.

Преку детален преглед на сè што сработиле досега, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми дадоа отчет за своите активности во изминатите 124 дена. На денешната прес-конференција, шефот на дипломатијата се пофали со триесетина меѓународни посети (билатерални и мултилатерални) и вети надворешна политика која ќе ѝ го врати меѓународниот имиџ на земјава како европска држава, атрактивна за живот и работа и земја на среќни граѓани.

„Ние не сакаме политика која ќе нè однесе во ќорсокак, не сакаме извештај на ЕУ во кој се оценува дека Македонија е заробена држава, во меѓународна изолација, без пријатели, несигурна во себе, уплашена и комплексирана. Нашата политика е сосема во спротивна насока. Ги зајакнуваме пријателствата, ги обновуваме и стекнуваме нови пријатели. Го враќаме имиџот на онаа Македонија која ќе работи на себе за да биде подобра“, рече министерот Димитров.

Тој вети надворешна политика која ќе гради мостови и ќе решава проблеми, ќе внесува нова енергија и квалитет во односите со соседите. Додаде дека политиката која ја води нема да биде предмет за добивање на дневно-политички поени. Информациите од медиумите дека преговорите за името ги вклучуваат и идентитетските прашања ги отфрли како шпекулации.

„Во основа преговорите не се уште почнати. Ние уште работиме на исцртување на контурите како тој процес ќе се одвива, на кое ниво, во кој формат, кога ќе почне итн. Процесот беше во извесен застој неколку години. Мислам дека е многу важно да гледаме напред, многу е важно идентитетските прашања да се извлечат од тој процес, бидејќи така никогаш нема да може да се реши ова прашање и многу е важно да продолжиме со овој процес на зближување, разбирање на главните грижи од наша страна, од нивна страна итн“, рече Димитров.

Тој најави дека на претстојната квадрилатерална средба со министрите на Албанија, Грција и Бугарија во Солун ќе се разговара за безбедносната соработка во регионот, за прекуграничната соработка, енергетското поврзување и други слични теми.

Рече дека во предизборниот период нема да има посета или конкретна идеја од медијаторот во спорот Метју Нимиц.

Во однос на референдумот за независност на Каталонија и последните случувања во Шпанија, министерот Димитров рече дека ова прашање може да се реши само во рамките на уставниот поредок во Шпанија и низ политички дијалог.

„Прашањето е многу комплексно за да има некој побрз исказ од овој. Случувањата загрижуваат, патот напред е уставниот поредок на Шпанија и политичкиот дијалог“, изјави Димитров.

Тој најави дека по неколкуте средби со претседателот Ѓорге Иванов, во финална фаза е првата рунда амбасадори кои треба да пополнат дел од многуте празни дипломатско-конзуларни претставништва во светот.

Како посебен успех министерот Адеми ја издвои иницијативата за донесување Национална стратегија за дијаспората, чија цел, според него, е да не се злоупотребува дијаспората во изборни цели. Тој се пофали и со многуте средби со странски амбасадори во земјава и низа тематски средби со претставници на организации на дијаспората со кои, како што рече, биле разменети искуства за утврдување на приоритетите на дијаспората.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG