Достапни линкови

Повеќе од локални избори – ред комуналии, ред национална политика


Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски гласаат на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016

Од национални теми до дебата околу мигрантите, преку ветувања за живот во новата ера по асфалтирани улици со средена канализација, чист воздух и ветувања за нови 150 илјади работни места и повисок животен стандард, продолжува и втората недела од изборната кампања.

Ред локални инфраструктурни и комунални ветувања, ред национални теми е рецептот и за оваа кампања за локалните избори. Досегашните градоначалници кои бараат нов мандат даваат отчет за сработеното, но одбегнаа да кажат што од ветеното на претходните избори не сработиле. Кандидатите вообичаено зборуваат за тоа кои улици ќе се асфалтираат и каде ќе се направат канализација и тротоари, па ветуваат нови градинки и подобри услови во основните училишта, додека „високата политика“ е резервирана за партиските лидери. Сепак, премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев повеќе тера локална кампања, додека опозицискиот лидер Никола Груевски повеќе зборува за национални теми.

Изненадувачки, во споредба со досегашните предизборни кампањи, зеленилото и чистиот воздух се дел од ветувањата на сите партии, особено во оние градови и општини коишто со години имаат проблем со загадувањето. Изминатава недела се ветуваше гасификација, зеленило, нови вработувања, па дури и бесплатни часови за возачка дозвола за млади.

Опозицискиот лидер Никола Груевски ја критикува власта дека донела помрачување и ветува дека неговата партија ќе донесе „нова ера“. Во говорите што повеќе личат како да се за кампања за парламентарни избори, тој се пофали за сработеното додека бил на власт и го критикува договорот со Бугарија, стратегијата за мигранти, економската политика, а ветува инвестиции и развој.

„Истото го планираат и со договорот со Грција во однос на името и идентитетот. Што ќе им побараат, тоа да прифатат и така многу брзо ќе го решат проблемот. Па кој од вас не знае така да го реши проблемот? Отиди капитулантски секаде, потпиши сè, согласи се со сè, смени си ја историјата, смени си го идентитетот, името, не знам што. Сите знаеме така да решиме проблем. Затоа драги пријатели, овие избори на 15 октомври не се само избори за градоначалници и советници. Ова се многу повеќе од тоа, ова ќе биде порака од народот за четиримесечното помрачување“, рече Груевски во Карпош.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, пак, вообичаено им „чува грб“ на неговите кандидати, сакајќи да покаже дека и владата стои за нивните ветувања. Сепак, и тој посочува дека овие избори се повеќе од само избор на локална власт.

„Ова не се обични локални избори на кои се гласа само за градоначалник и совет во вашата општина, овие избори се одредница за иднината на Македонија. На овие избори одлучуваме дали Македонија продолжува да се развива и реформира во просперитетна и среќна земја со многу пријатели или повторно ќе биде сиромашна, изолирана и поделена, дилема не треба да има“, рече Заев во Гевгелија.

Претставниците на најголемите македонски партии ги избегнаа директните телевизиски средби. Кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во првата недела покажаа дека си бираат на која телевизија да се појават, односно во кој медиум ќе ги споделат своите програми и аргументи за тоа кој е подобар кандидат.

Случајна средба имаа кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ Петре Шилегов со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Бутел Дарко Костовски упатувајќи му порака.

„Подобро би било за тебе јас да победам. Верувај ми“, му рече Шилегов на Костовски.

Своите обраќања до граѓаните ги адресираа најчесто преку митинзи и средби со нив на пазари и кафулиња. Обвинувањата ги сервираа на прес-конференции без новинарски прашања или писмени соопштенија.

„Државата со СДСМ оди кон пропаст. Животот кој го ветуваа дојде само за функционерите на СДСМ и пајташите за Заев за сите останати е беда и сиромаштија. За само четири месеци СДСМ ја доведе македонската економија пред колапс“, се вели во последното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, ги обвинува актуелните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за криминал, а МВР против дел од нив поднесе и кривични пријави.

Првата недела помина и со обвинување до медиумите од АВРМ дека МРТ досега известувала небалансирано, додека телевизиите НОВА и Алфа за изборната кампања извесувале навивачки.

Дел од аналитичарите велат дека во втората недела од изборната кампања може да се очекува заострување на реториката, но не и поттикнување на меѓуетнички тензии.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG