Достапни линкови

Седмо издание на манифестацијата „100 илјади поети за промена“


100 Thousand Poets for Change
100 Thousand Poets for Change

Со отворање на изложбата на плакати и промоција на зборникот со поезија во кој се застапени повеќе од 60 автори кои учествуваа на претходно објавениот конкурс, во Струмица, в сабота на 30 септември, во организација на тамошното здружение „Контекст“ ќе се одржи седмото издание на глобалната манифестација „100 илјади поети за промена“.

На творечка Струмица и на македонската културна сцена, в сабота на 30 септември, ќе ѝ се обистини седмото издание на „100 илјади поети за промена“. Станува збор за случување кое е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ која се одржува во стотици градови од светот со повеќе од 500 најавени настани и на кое Република Македонија е присутна уште од самиот почеток.

Програмата на манифестацијата започнува во 20 часот во кафе барот „Селект“ со отворање на изложбата на плакати од дизајнерите, за потоа да биде промовиран зборникот со поезија во кој се застапени повеќе од 60 автори кои учествуваа на претходно објавениот конкурс на кој годинава беа пријавени над 300 домашни творци. Сето тоа ќе биде проследено со читање на поетите гости и авторите од Македонија меѓу кои докажаните Никола Маџиров, Катица Ќулафкова, Наташа Сарџоска, Тихомир Јанчовски, Д.А. Лори, Стефан Марковски, Катерина Диманова и многу други.

Митко Гогов од здружението „Селект – Струмица“, потписниците на овој проект во земјава, говорејќи за „100 илјади поети за промена“, знае да каже дека авторите кои учествуваат на манифестацијата најчесто обработуваат теми кои се инспирирани од општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина и заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување и со ранливите општествени групи.

„Преку овој проект на најдиректен и најсликовит начин може да се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Од таму тој тежнее да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија, размислувања и разговори со самите себе. Внатрешни промени наспроти големата слика. И она што е уште полошо и многу поактуелно, егзекуцијата во некои држави на одредени автори поради нивното творештво. Згора на тоа и полициската бруталност и сè она што во принцип е спротивно на слободата на духот и на изразувањето на самите творци, а е дел на корпоративниот, капиталистичкиот модел на владение кој е наметнат во глобална смисла“, вели Гогов.

На годинашново, седмо издание на „100 илјади поети за промена“, освен поетите од Македонија кои се застапени во традиционалниот зборник кој секоја година се објавува и промовира како дел од програмата на манифестацијата, во Струмица е планирано присуството на неколку специјални гости, творци од регионот како Фахредин Шеху од Косово, кој штотуку е номиниран за Пулицеровата награда за литература за 2018 година, Вилијам С. Питерс и Маргарет Сејн од САД, грчкиот книжевник Сотириос Пастакас, Иван Христов од Бугарија и осум поети од Србија меѓу кои Стефан Митиќ и Немања Стојковиќ - Блеки.

Инаку, Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ од градот под Беласица веќе работи на своите идни проектни активности од кои посебно бележити се тринаесетите „Роднокрајни поетски средби“ кои е предвидено да се случат во средината на октомври годинава. Митко Гогов, пак, по учеството на Третиот поетски фестивал во Косово и на годинешните „Креативни точки“, најнапред ќе биде еден од творците присутни на новиот „Креативен викенд“ во Лазарополе по што патува на книжевниот фестивал „Панта“ во Египет и згора на тоа планирано е да реализира неколку поетски читања во Париз, Франција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG