Достапни линкови

„Денови на комедијата“ го заживуваат хумористичниот дух во Куманово


Театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово.
Театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово.

Љубителите на театарската уметност од Куманово, секогаш бараат билет повеќе за меѓународниот ревијален театарски фестивал „Денови на комедијата“, кој годинава се одржува по дваесетти пат. Фестивалот се одржува од 2 до 21 октомври во салите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и во Театарот.

Во октомври како да заживува хумористичниот и сатиричниот дух на кумановци, кои сакаат да го заборават секојдневието, или пак да го видат во театарска форма, да се насмеат, да се потсетат на заборавените или да усвојат некои нови реплики. Не ретко театрофилите од овој град велат дека Куманово живее за овој фестивал.

„Секоја година сме заинтересирани, но лани не можевме да најдеме билети. Еве сега уште пред една недела бев да прашам кога билетите ќе бидат во продажба. Не само „Денови на комедија“, често одиме на театар, одиме и во Скопје. Дваесет години не е малку, имаме пријатели од Скопје и од Велес кои доаѓаат на фестивалот. Инаку живее Куманово за тие денови.“

На билетарницата се обидуваат да им излезат во пресрет на заинтересираните, но тоа не оди така лесно.

„Веќе започнуваат луѓето да бараат билети за „Денови на комедија“ да се надеваме дека на сите ќе им излеземе во пресрет. Заинтересираноста е голема бидејќи Куманово е голем град, а ретко се случуваат вакви настани, така што сме желни да гледаме претстави.“

Во овие две децении на театарските вечери на „Денови на комедија“ поминаа околу 250 претстави, вели Роберт Цветковски в.д. директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“.

„Скоро сите региони се вклучени, сите познати театри од регионот се вклучени во нашата програма и секако она што е значајно е што публиката прави огромен интерес и ги следи претставите во голем број. Инаку, вообичаено најзаинтересирани театри кои се јавуваат самоиницијативно за учество се од Србија и од Бугарија. Фестивалот веќе се издигна на ниво на бренд, така да сите поголеми театарски куќи кои имаат подготвено комедија се јавуваат и прашуваат за учество на фестивалот. Овој фестивал во своето 20 годишно постоење стана на некој начин на актуелните случувања од област ана културата и оваа година очекуваме и интернетските страници да бидат исполнети со текстови на она што се случува на фестивалот“, вели Цветковски.

Годинешниот фестивал се одржува во времето на предизборната кампања за локалните избори, а на средина на фестивалските денови е и денот на изборите. Постои ли можност некоја од претставите да остане без публика?

„Мислам дека може да се случи да ни попречи само ако има некој собир од поголеми размери, некој партиски митинг во градот, инаку конвенциите не би требало“, вели Цветковски.

Тој појаснува дека „Денови на комедија“ се одржуваат главно со финансиска поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа, како и со дел од спонзори. Фестивалот ќе биде отворен со комедија од Градско позориште „Јазавац“ од Бања Лука, БиХ, а потоа ќе се играат комедии од домашни и од театри од Србија, Бугарија и од Косово.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG