Достапни линкови

Политичка стабилност за економско заздравување


Архивска фотографија - Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Министерот за финасии Драган Тевдовски.
Архивска фотографија - Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Министерот за финасии Драган Тевдовски.

ММФ го објави извештајот за прегледот на македонската економија. Според упатените, за да се оствари посакуваниот и предвиден економски раст во наредната година пред сè, е потребна политичка стабилност која мора да се одржи и по локалните избори.

Извештајот на мисијата на ММФ е коректен и дава преглед на состојбата на економијата онаква каква што е сега. Toa е особено важно за да се знае какви мерки треба Владата да преземе и каква е програмата која ја има зацртано, коментираат упатените.

Мисијата на ММФ од 6 до 18 септември годинава спроведе годишен преглед на македонската економија, при што предвидува економски раст од 1,9 отсто и инфлација од 1,2 отсто во 2017 со што ќе заврши тригодишната дефлација. Реалниот раст на БДП се очекува одново да се врати на повисоко ниво во 2018 година и постепено да се зголеми на 3,75 отсто на среден рок, поддржан од подобрените одлуки од страна на инвеститорите, проширените извозни капацитети и континуирано подобрување на условите на пазарот на трудот.


„Продолжената политичка неизвесност го зеде својот „данок” врз економскиот раст, преку страдање на инвестициите поради слабите одлуки. Формирањето на новата Влада означи важна пресвртница. Политиките сега треба да се фокусираат врз обновата на амортизерите за фискална политика и спроведувањето на критичните реформи за повторно оживување на растот и да се направи нов притисок кон изгледите за пристапување кон ЕУ“, се вели во завршната изјава на мисијата.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека оваа година на економски план веќе е затворена, особено што Владата сега се фокусира врз програмата за наредната година и ефектите од мерките би можеле да се почувствуваат најрано. Според него, за да се оствари посакуваниот и предвиден економски раст во наредната година пред се е потребна политичка стабилност која беше постигната со формирањето на нова Влада, но истата мора да се одржи и по локалните избори.

„На економски план она што Владата треба да го направи е најпрво да си постави една цел кон која ќе се стреми, а потоа да дизајнира сет мерки што ќе бидат во насока на остварување на таквата цел. Тоа во голема мера мислам дека беше направено со објавувањето на програмата за субвенционирање на домашни и странски фирми во минатата недела. Сега влегуваме во еден процес на дебата околу целата таа програма и верувам дека рани резултати од таквата програма ќе можат да се видат во 2008 година“, вели Петрески.

Според Петрески, за препораката за зголемување на старосната граница за пензионирање истакнува дека Владата не би требало да избрзува.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во врска со мерката изјави денеска дека Владата не размислува за нејзино спроведување, но има простор за применување на дел од препораките, како таа за зголемување на ефикасноста во јавните трошења. Според него, Македонија во моментов нема потреба од Стенд бај аранжман со Меѓународниот монетарен фонд.Тој посочи дека Владата ќе се држи до програмата за работа и дека било договорено продлабочување на соработката со ММФ пред се на техничко ниво.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG