Достапни линкови

Единствениот музикотерапевт од Куманово без работа


Музикотерапевтот Христина Станојковска Златковиќ од Куманово.
Музикотерапевтот Христина Станојковска Златковиќ од Куманово.

Христина Станојковска -Златковиќ е дипломиран музикотерапевт, но за неа засега нема работа, оти, како што вели, не доволно се разбрани овие техники кај нас. Таа една година чека да и се преведе дипломата од француски јазик, бидејќи дипломирала во Дижон, а во меѓувреме се подготвува за заминување во Канада.

Аутистични и лица со други пречки во менталниот развој во Куманово има, но за сега работа за единствен дипломиран музикотерапевт нема, а недоволно познат е и начинот на неговата работа. Затоа музикотерапевтот Христина Станојковска -Златковиќ (27) во едногодишно очекување да и биде преведена дипломата од француски јазик, бидејќи дипломирала во Дижон, Франција, со сопругот полека се подготвува за заминување во Канада.

Музикотерапијата е збир на техники и методи кои го користат звукот кој може, но не мора да биде музика. Се применуваат од зачнувањето до длабока старост, во дијагностиката, терапијата, превенцијата, палијативната нега, специјална едукација и рехабилитација. Се применува и кај здрави лица, деца и возрасни за постигнување телесно здравје, душевен и духовен развој. Музикотерапијата ја применува образован музикотерапевт. Музикотерапевтот се служи со различни музикотерапевтски методи и техники кои се препознатливи во светот, а кои пак недоволно се сфатени кај нас, раскажува Христина. Таа појаснува дека музикотерапијата е еден вид психотерапија, но не вербална.

„При тоа со говорот на телото и нашето изразување можеме да воспоставиме контакт помеѓу клиентот и музикотерапевтот и да пронајдеме канали за да допреме до лицето кое не може да комуницира.“

Христина повремено работи со аутистични деца, вели дека може да се работи и со возрасни, стари лица.

„Со тие над 60 годишна возраст кои имаат деменција или Алцхајмер, со здрави ментални лица, деца кои имаат потешкотии во учење, за релаксација, со бремени жени, бидејќи бебето слуша од четвртиот месец, па кога ние слушаме музика и бебето додека е ембрион слуша музика.“

И покрај тоа што не е мал бројот на луѓето или децата кои имаат потреба од музикотерапија, институционално во Куманово тешко може да се реализира.

„Кога си волонтер секогаш има работа. Сега сум во еден едукативен центар во Скопје, има дечиња, но наплаќањето е многу тешко, родителите имаат големи издатоци, па ова им доаѓа како луксуз. Во Куманово исто така има потреба, но не се запознаени со оваа професија, ниту училиштата, ниту здравствените установи.“

Тоа е и причина повеќе Христина својата иднина да не ја гледа во Македонија, затоа со сопругот планираат да заминат во Канада.

„Реално многу е развиена музикотерапијата во Канада каде што сакаме да заминеме. И во Франција е млада гранка но се истражува, секаде луѓето сакаат да осознаат нови нешта.“

Во Куманово има училишта, невладини организации и дневни центри за лица со пречки во развојот, каде што особено во невладините се реализираат проекти за да им се помогне на тие лица. Музикотерапијата, како што забележува Христина, можеби еден ден ќе биде разбрана, пристапна и соодветно применета.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG