Достапни линкови

Заев – Во првите 100 дена почнавме да ги враќаме парите кај граѓаните


Заев - Законот за јазици го затвора последното отворено прашање од Охридскиот договор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Заев - Законот за јазици го затвора последното отворено прашање од Охридскиот договор

Со ребалансот на буџетот се обезбедија пари за зголемување на минималната плата, за стечајците, се укинува радиодифузната такса и се враќа евтината струја преку ден, а не се зголемува јавниот долг, рече премиерот Зоран Заев по првите 100 дена на функцијата.

Враќање на парите кај граѓаните, економски развој за подобар живот, институции во служба на граѓаните, отворена и реформска влада и Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон НАТО и ЕУ се петте важни одредници според кои се водеше владата во изминатиот период, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата на која даде отчет за досега сработеното по повод 100 дена од формирањето на Владата.

Тој рече дека со ребалансот на буџетот и со домаќинско работење се скратиле непродуктивните трошоци за да се обезбедат пари за потребите на граѓаните.

„Со измените и дополнувањето на буџетот за 2017 година обезбедивме средства за субвенционирање на минималната плата со цел истата да изнесува 12 илјади денари. Со оваа мерка се опфатени околу 70 илјади наши вработени сограѓани. Трајно го решивме проблемот на стечајните работници кои досега не беа опфатени со постојните законски решенија, за околу три илјади лица и нивните семејства. Законот е во собраниска процедура“, рече Заев.

Тој рече дека се обезбедени дополнителни пари за непречена исплата на пензиите и за сите загарантирани социјални трансфери, за поддршка за нови вработувања, за мали и средни претпријатија и домашни гринфилд инвестиции, почнат е процес за укинување на радиодифузна такса, пари за земјоделците, се враќа евтината струја преку ден, а во исто време се намалува јавниот долг.

Тој се пофали дека е зголемена транспарентноста на владата, прекинати се владините реклами, надзорот врз разузнавачките служби е вратен во Собранието, се воведува втора смена во администрацијата, укинато е екстерното и е продолжен рокот за легализација на дивоградби.

Заев рече дека Законот за употреба на јазиците го затвора последното отворено легалистичко прашање од Охридскиот рамковен договор, но оти во духот на договорот и понатаму треба да се води грижа за еднаква застапеност на заедниците.

„Ова е заеднички став поради тоа што на крајот тоа може да биде и само став на влада или на политичките партиципиенти во владата, но и Уставот и законите, па и овој Охридски рамковен договор постои заради граѓаните. Тие се тие коишто ќе ни кажат ако одредено прашање за коешто владата мисли дека е затворено е сè уште отворено. Ние сме отворени за сите дискусии и дебати коишто граѓаните ќе ни ги укажат на нас како влада“, рече Заев.

Тој порача и дека со планот 3-6-9, Македонија се нашла на брза трака во евроинтеграциите и станала земја која оди цврсто кон ЕУ и НАТО. Како меѓународни успеси ги посочи Договорот со Бугарија, позитивниот пристап во односите со Грција, учеството на Самитот во Трст, заедничката воена вежба со американската армија во Криволак, средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс во Подгорица, како и посетата на Израел.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека поминаа 100 дена на лаги, неспособност, хаос и понижување.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG