Достапни линкови

Нерамноправните услови ги тераат дуќанџиите во стечај


Дуќани во центарот на Прилеп.
Дуќани во центарот на Прилеп.

Десетици дуќани во прилепската чаршија се со катанец на вратите, на десетици други пишува дека се издаваат. Сопствениците на мали бизниси се жалат на нерамноправен третман и велат дека се принудени да одат во стечај.

Прилепчанецот Никола Ристески е доскорешен сопственик на помала фирма за колонијална стока. Како совесен малостопанственик, за ја избегне спиралата на долгови поради неповолните бизнис услови во државата, бил принуден да избере стечај, да ја затвори фирмата, па сега се снаоѓа како знае и умее. Тој посочува на нерамноправниот третман на малите трговски дуќани, коишто се принудени да се борат на пазарот со големите маркети во нерамноправни услови.

„На нашиот пазар истите давачки ги имаме, придонеси, даноци ... како и мегамаркетите, кај мене се работеше за трговија на мало, фирмарината е иста, струјата индустриска е иста ...“, вели Ристески.

Според него банките во Македонија имаат превисоки камати, па наместо да ги следат малите бизниси со поволни кредитни линии, всушност фирмите ги водат кон стечај.

„Банките се модерни лихвари во нашето општество, банките не го помагаат бизнисот, туку напротив го одмагаат. Имам кредит од околу 6.000 евра, а годишна камата со 25 отсто на месечната рата, тоа значи морам да сработам и за други луѓе и за банката и за себе и за трошоците“, објаснува Ристески.

Тој посочува и на нерамноправниот третман на малите фирми со по неколкумина вработени во однос на големи компании со преку 100 работници, кои што добиваа низа бенефиции со отворање на стопанските зони, а најмногу странските инвеститори.

Забелешките на Ристески ги делат и многу други сопственици на мали бизниси, на фирми кои што завршија со стечај.

„Прилеп е град на стечаи!“, велат и многу книговодители во градот и тврдат дека речиси секојдневно доаѓаат сопственици на мали фирми, со по неколкумина вработени, бараат целосна проверка на финансиската состојба, спремни да поднесат самоиницијативно барања за стечај во прилепскиот Основен суд.

За оваа состојба сведочи сликата во прилепската стара чаршија. Десетици дуќани се со катанец на вратите, руинирани, напуштени, веќе не се ни издаваат. Десетици други со нови, уредени излози, но од внатрешноста зјаат празни ѕидови, само на стаклото се чита „Дуќанот се издава“.

Според статистичките податоци во прилепскиот Основен суд, во 2009 имало 283 решени стечајни предмети. Во 2015 година отворени се нови околу 170 стечајни постапки, а минатата година 137 нови случаи.

„Во 2017 година стартувано е со 13 предмети, до мај се примени 76 предмети, значи до мај во работа се 89 предмети. Се постапува експедитивно, lege artis во сите предмети“, вели Јане Тренчески, претседател на прилепскиот Основен суд.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG