Достапни линкови

Стручните училишта стануваат популарни


Ученици во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ во Куманово.
Ученици во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ во Куманово.

Во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ во Куманово секоја година има сè повеќе заинтересирани ученици. Велат дека по завршување на школото се оспособени за работа.

Учениците во средното стручно училиште „Наце Буѓони“ во Куманово веднаш по завршувањето се оспособуваат за работа, а можат школувањето да го продолжат и на некој од факултетите, велат средношколците. Повеќе од една деценија еднаш во годината средношколците заедно со талентираните основци од Куманово и соседните општини ги презентираат нивните ремек дела создадени на часовите за пракса.

Професорката Жаклина Тошиќ за машинската струка вели дека секоја година сè повеќе има заинтересирани ученици, а оние кои веќе се запишале сакаат да работат практично и во минијатура да го изработуваат она што го научиле теоретски. За поуспешно изведување на практичната настава во училиштето постојат опремени кабинети за машинска, електро и здравствена струка.

„Веднаш по завршување на четврта година учениците можат да најдат работа во металопреработувачката или во дрвната индустрија. Со добивање на машините има се поголема заинтересираност, бидејќи теоријата може да се прелее во практично изработување предмети“, вели Тошиќ.

Во „Наце Буѓони“ секоја година е се поголем број кандидати кои сакаат да ја изучуваат здравствената струка, дури во предвидените два класа нема доволно место за сите заинтересирани, вели доктор Киро Џимревски.

„Ние тука ги обучуваме, а се обучуваат и во болница, така што по завршувањето на училиштето и положениот државен испит тие се целосно подготвени да се вклучат во здравствениот систем“, вели Џимревски.

Тој додава дека не мал број од учениците продолжуваат на факултет, па стануваат лекари, високи медицински сестри, физиотерапевти. Инаку, освен на училиште, учениците до сега обавувале пракса во јавните здравствени установи, а од оваа година е потпишан договор за соработка и со неколку приватни здравствени ординации или болници во летниот период.

Ученичката Анастасија Манасиевска од здравствената струка, вели дека учениците се задоволни од она што го учат на школо, а потоа и кога одат на пракса.

„Ние имаме доволно пракса, задоволна сум од сè и од болницата кога одиме на пракса. Во болница ни помагаат медицинските сестри, зашто нашата струка е за тоа, а ако некој сака да продолжи може да има помош и од лекарите.“

Александар Лазов од електроструката вели дека изучување на предметите и изведување практична настава овозможува вклучување во производствениот процес, но и и продолжување на образованието.

„Електроструката е барана секаде во светот и може да се успее, за разлика од некои други професии.“

РСЕ: Дали перспективата е во или надвор од Македонија?

„Зависи кој каков поглед има на светот и на животот. За сега не сум одлучил.“

Средношколците од ова стручно училиште се горди на нивното своевидно саемско презентирање на изработените предмети, кои во минијатура покажуваат како функционираат вистинските машини. Тоа е и поттик за идните средношколци да видат и да одлучат со што сакаат да се занимаваат во иднина.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG