Достапни линкови

„Атена со пенис“ премиерно во Драмски театар


Macedonia - Athena with penis a theater play - N/A
Macedonia - Athena with penis a theater play - N/A

Драмски театар - Скопје, овој петок, на 19 мај, во 20 часот, премиерно ќе ја изведе претставата „Атена со пенис“ - сценска адаптација на истоимениот роман на Александар Русјаков, во режија на Синиша Евтимов. Текстот се занимава со деградацијата на општествените, семејните и културните вредности, а во фокусот на приказната е средовечниот Виктор Велков, самоповикан гуру на домашната турбо-фолк сцена.

По две години од поставувањето на „Чолак“, режисерот Синиша Ефтимов на сцената на Драмски театар ја донесува претставата „Атена со пенис“. Станува збор за трета премиера од годинешната програма на оваа домашна институција која доаѓа по поставките на „Франкенштајн“ и „Венецијанскиот трговец“ и за комедија работена по истоимениот драмски текст на Александар Русјаков. Инаку, ова е втора соработка помеѓу Русјаков и Ефтимов по нивното еротско-кабаре „Станица љубов“ кое, иако скокотливо за широката публика, за жал, беше со краток здив наспроти пројавениот интерес.

„Ова е драмски текст којшто е извлечен од мојот роман „Атена со пенис“ во издание на „Или-Или“. Мислам дека е доста податлив за денешново време бидејќи има еден таков чуден наслов. Луѓето сенешто ќе си помислат дека ќе гледаат и тоа е добро. Тоа што ќе го видат ќе ги изненади. И бидејќи јас сум само писател, во мојот свет, во филмскиот свет важи правилото дека сценариото е сценарио, а снимањето е снимање и кога ќе дојде монтажата ние тоа го викаме второ пишување на сценариото. Така претпоставувам дека е и во театарот, мојот текст е текст, меѓутоа вистинското уметничко дело е ова што оваа екипа го напишала и тоа ќе биде нивното дело“, вели Русјаков.

Евтимов, пак, од своја страна, говорејќи за проектот, појаснува дека генерално станува збор за комедија со сите специфики на жанрот, но комедија во која „има елементи на драма, на стрип“.

„На она што ние го потпишуваме како „Атена со пенис“ може да се гледа како на тотално бесмислена комедија, во која работите се случуваат само за да бидат смешни, меѓутоа од друга страна кога ќе се погледне подлабоко, таа е повеќеслојна и може да се чита и како политичка сатира“, вели тој.

Во „Атена со пенис“ играат неколку генерации на актери од Драмски. Тука се Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасковски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска, Филип Трајковиќ, Калина Наумовска, Емилија Мицевска, Благица Димитровска, Александар Степанулески, Диме Илиев, Гоце Тодоровски и по прв пат како пензионер или „гостин - слободен артист“ - Ванчо Петрушевски.

„Добро е што еден дел од младите режисери обрнаа внимание на тоа дека комедијата е еден сериозен драмски чин. Да се направи комедија е многу потешко отколку да се направи драма, драмулетка итн. Синиша е еден од двајцата режисери во Македонија што се бават со овој жанр којшто е исклучително тежок и тоа го прават успешно. Мислам дека е добро во театрите овој потежок театарски жанр да се негува малку повеќе бидејќи народот заборави дека, покрај другото, лек за долг живот е смеењето“, смета Петрушевски.

Доајенот дополнува дека традиција во Драмски театар било на репертоарот да има добри комедии и дека за оваа претстава на билетарницата ќе се бара карта повеќе.

Јана Стојановска, која и досега имала можност да соработува со Евтимов и Русјаков, истакнува дека секоја претстава си има своја енергија, но кога во „Атена со пенис“ влегува на сцена како да влегува во друг свет.

„Ние сме живи луѓе. Имаме крв, месо, јазик, говориме, гледаме, се чувствуваме, ама кога ќе нурнеш внатре, во сцената, во целата таа атмосфера, просто си како во некој друг замислен свет којшто нема врска со реалноста. И токму тоа би сакала публиката што ќе дојде да ја види претставата да го почувствува“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека за сценографијата на новиот проект се погрижија Милан Несторов и Александар Ношпал, кој патем е и автор на идејните решенија за костимите, а Драмскиот театар во претстојниот период го очекуваат и неколку значајни гостувања. Така, со „Венецијанскиот трговец“ во режија на Наташа Поплавска, на 9 јуни, овој ансамбл ќе го отвори МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, две недели подоцна оваа претстава ќе гостува и на Шекспир фестивал во Битола, како и на истоимената манифестација во Чортановци во Војводина, соседна Србија, која е планирано да се одржи од 27 јуни до 4 јули годинава.

Од друга страна, „Јов“ работена по текст на Венко Андоновски и во режија на Сашо Миленковски, во септември ќе биде прикажана на регионалниот фестивал во Сараево, Босна и Херцеговина, а со „Буре барут“ ДТС летово ќе гостува на Бит-фест во Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG