Вести
Ослабнатиот ураган Орлен стигна до Мексико
Ураганот Орлен денеска се спушти на брегот на Мексико во близина на туристичкиот град Мазатлан, губејќи притоа дел од силата откако беснееше над архипелагот Ислас Марија, поранешна затворска колонија која е претворена во туристичка атракција.
Главниот остров е ретко населен, претежно од владини претставници, а зградите на него главно се направени од тули и бетон.
Ветровите на ураганот потоа се намалија до брзина од 140 километри на час и паднаа на копно на околу 75 километри југоисточно од туристичкиот град Мазатлан, во мексиканската држава Синалоа, соопшти американскиот национален центар за урагани.
Училиштата долж брегот и пристаништата се затворени и беа поставени засолништа. Во Мазатлан и понатаму врне дожд. Се проценува дека Орлен може да предизвика поројни поплави, лизгање на земјиштето, поплави и опасно високи бранови, соопштија мексиканските власти.
Орлен вчера беше категоризирана како ураган од четврта категорија на скала од пет, а неговите ветрови тогаш имаа брзина од околу 215 километри на час.
види ги сите денешни вести
Мароко спречи мигранти да влезат во шпанската енклава Сеута
Мароканската полиција на 15 септември спречи неколку групи мигранти кои насилно се обиделе да преминат во шпанската северноафриканска енклава Сеута, соопшти Министерството за внатрешни работи на Шпанија.
„Некои се обидоа да ја пробијат граничната ограда, што се случуваше и претходно, но сега никој не успеа да премине на шпанска почва“, соопштија од министерството.
Се наведува дека претходно преку интернет се пренесени повици за преселба во Сеута, која е шпанска територија на тлото на Европската унија(ЕУ).
Мароканските власти уапсија 60 лица осомничени за поттикнување масовна миграција преку социјалните мрежи, објави мароканската разузнавачка агенција.
Локалните медиуми објавија снимки од луѓе во ридовите во близина на мароканскиот пограничен град Фнидек и зголеменото присуство на мароканската полиција.
Сеута и Мелија, две шпански територии во Северна Африка, со години се мета на мигранти и бегалци кои бараат подобар живот во Европа.
Во претходните години, мигрантите се обидуваа да се искачат преку бодликавата жица што ги опкружуваа градовите или да влезат во нив преку море.
Шпанските власти соопштија дека во август илјадници мигранти се обиделе да преминат во Сеута, вклучително и стотици млади луѓе кои се обиделе да препливаат и да ги заобиколат граничните контроли.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Мароко, полицијата оваа година спречила обид за миграција на 45.000 лица, од кои 11.000 кај Сеута и 3.000 кај Мелија.
Француски државјанин се изјасни виновен за избегнување на одговорностите на „странски агент“
Московскиот суд се согласи да продолжи со судењето на францускиот државјанин Лоран Винатје по „посебен налог“ - кој гарантира полесна казна - откако тој се изјасни виновен по обвинението за избегнување на одговорностите на „ странски агент“, јавија руските медиуми на 16 септември.
Откако беше поднесена молбата на Винатје, истражителите ги отфрлија обвиненијата за шпионажа против него, по неговото апсење во јуни.
Судењето по „посебен налог“ значи дека судот не може да осуди обвинетиот на повеќе од две третини од максималната затворска казна. Во случајот на Винатје, тој не може да биде осуден на повеќе од две третини од петгодишната казна со која се соочува, што значи дека неговата евентуална затворска казна не може да надмине 40 месеци.
Винатје работеше како советник за Русија и Евроазија во Центарот за хуманитарен дијалог, непрофитна организација со седиште во Швајцарија. Тој продолжи да доаѓа во Русија по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Тој беше осомничен дека неколку години „намерно собирал информации од областа на воените и воено-техничките активности на Руската Федерација“.
„Овие информации, кога се добиени од странски извори, може да се искористат против безбедноста на државата. За овие цели тој неколку пати ја посетил територијата на Русија, вклучително и градот Москва, каде што имал средби со граѓани, соопштија од рускиот Истражен комитет.
Истражителите тогаш рекоа дека Французинот ќе биде обвинет според руските закони затоа што не се регистрирал како „странски агент“, што предвидува казна до пет години затвор.
Затворената руска новинарка Мариjа Пономаренко почна штрајк со глад
Затворената сибирска антивоена активистка и новинарка Марија Пономаренко почна штрајк со глад во знак на протест против новото обвинение против неа и извештајот од затворот во кој се вели дека седум пати добила опомени поради кршење на затворските правила.
Каналот „РусЊуз“, за кој Пономаренко работеше пред нејзиното апсење во 2022 година, на Телеграм објави дека Пономаренко го најавила штрајкот со глад откако доживеала нервен слом во судницата на 16 септември за време на нејзиното судење за дополнително обвинение за напад на двајца затворски чувари.
Таа го отфрла обвинението.
Пономаренко беше осуден на шест години затвор во февруари 2023 година поради протест против тековната руска инвазија на Украина.
Таа беше прогласена за виновна за „ширење лажни вести“ за руската војска.
Многу критичари и групи за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за странски агенти за да го потисне различното мислење.
Законот беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин во јули 2022 година и стапи на сила на 1 декември истата година. Со законот се проширува дефиницијата за таканаречени „странски агенти“ за да ги вклучи сите „под странско влијание“, за што противниците на законот велат дека ѝ олеснило на државата да ги нападне домашните критичари.
Орбан го одложи говорот во Европскиот парламент поради невремето во Унгарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го одложи говорот планиран за среда во Европскиот парламент поради поплавите во Унгарија, јавуваат агенциите Ројтерс и ДПА.
„Поради екстремните временски услови и поплавите во Унгарија, ги одложив сите мои меѓународни обврски“, изјави Орбан.
За време на викендот обилни дождови и поплави ја зафатија централна и источна Европа, а во невремето загинаа најмалку 10 луѓе, додека илјадници беа принудени да ги евакуираат своите домови.
Полскиот премиер Доналд Туск вчера објави дека се подготвува да прогласи состојба на природна катастрофа.
Унгарскиот премиер во среда во Европскиот парламент во Стразбур требаше да ја претстави програмата на унгарското претседавање со Советот на ЕУ.
„Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, разговараше со премиерот Орбан за да му пренесе дека Европскиот парламент е подготвен да направи се што може за да им помогне на сите погодени од поплавите“, соопшти Европскиот парламент, додавајќи дека пратеничката група за оваа недела ќе се одржат консултации за работната програма.
Во меѓувреме, бројот на загинати во поплавите во централна Европа се искачи на осум, откако илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови во Полска, Чешка, Австрија и Романија.
Циклонот „Борис“, донесе обилни дождови од Австрија до Романија, што доведе до најголемите поплави во речиси три децении во тешко погодените области на Чешка и Полска.
Илјадници куќи беа оштетени за време на викендот, мостови беа однесени, а најмалку 250 000 домаќинства, главно во Чешка, останаа без струја.
Студентски отпор бара укинување на повисоките давачки за студирање
Младинското движење на студентите кое се бори за подигнување на студентскиот стандард во земјава „Студентски отпор“ соопшти дека покренува петиција за новите повисоки давачки за студирање.
„Оваа петиција е апел до надлежните веднаш да ги укинат неразумните трошоци! Овие неправди, некоректност и изживување со македонскиот студент нема да ви ги премолчиме“, стои во соопштението од „Студентски отпор“.
Оттаму посочуваат дека оваа академска година почнува со нови повисоки давачки за студентите од околу 5000 денари без, како што наведуваат, никаква најава и консултација со студентите при УКИМ.
„Недозволиво е досегашните неоправдани високи цени за студирање да се надоградуваат со уште понеразумни трошоци! Наместо да се преиспитаат досегашните давачки и младите да се мотивираат за високо образование и просперитет во Македонија - надлежните зададоа уште еден удар по и така катастрофалниот студентски стандард“, се вели во соопштението.
Пред неколку месеци од ова здружение реагираа на најавите за покачување на сумите за партиципација на студентите на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Во моментот студентите плаќаат по 100 евра од семестар, а во приватна квота по 200 евра семестар.
Според актуелниот Закон за високо образование, партиципацијата е износ кој го определува Владата, а кој се наплаќа од студентите запишани на јавна високообразовна установа чие образование се финансира од буџетската каса.
Талибанците ја суспендираа вакцинацијата против детска парализа во Авганистан
Талибанците ја стопираа кампањата за вакцинација против детска парализа (полимијелитис) во Авганистан, соопштија денеска Обединети Нации.
ОН не наведува причина за суспензија на вакцинацијата, а ниту талибанците ја коментираа одлуката.
Талибанците ја прекинаа вакцинацијата непосредно пред септемвриската кампања за имунизација.
Авганистан и Пакистан се единствените две држави во кои никогаш не е запрено ширењето на потенцијално фаталната болест.
Додека во Пакистан за време на вакцинацијата стално има насилство. Милитантите ги напаѓаат тимовите за имунизација и полицијата, која ги чува, лажно тврдејќи оти вакцината е западна завера за стерилизација на децата.
ЕУ го поздравува барањето на Белград за враќање на Србите во косовските институции
Портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано ги поздрави деловите од обраќањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кои се однесуваат на враќањето на косовските Срби во институциите на Косово.
„Ја поздравуваме подготвеноста на претседателот Вучиќ да продолжи да учествува во дијалогот што го води ЕУ. Позитивно го гледаме повикот за учество на косовските Срби на изборите на Косово и реинтеграција на косовските Срби во сите косовски институции што ги напуштија во 2022 година“, се вели во писмената реакција на Стано.
Тој потсети дека ЕУ постојано го повикува Белград да го охрабри, а Приштина да ја олесни реинтеграцијата на косовските Срби.
Во своето обраќање на 13 септември, Вучиќ побара распишување локални избори на северот на Косово, враќање на Србите во полицијата и судството и повлекување на специјалните полициски сили од северот на Косово.
Исполнувањето на тоа барање е, според ставот на Србија, предуслов за напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на Брисел. Стано рече дека запаливата реторика и едностраните дејствија се спротивни на дијалогот.
„Тие се закануваат со нормализација на односите меѓу Косово и Србија и безбедноста на граѓаните“, рече Стано.
Тој го повтори повикот на ЕУ за деескалација на ситуацијата и за целосно и итно спроведување на договорот. Тој ги повика двете страни да потврдат конструктивен ангажман во процесот на нормализација.
„Договорите за дијалог ги предвидуваат чекорите и процедурите за тоа да се случи, особено во согласност со косовската правна рамка. Во овој контекст, многу е важно спроведувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО)“, најави Стано.
Во оваа прилика тој ја потврди намерата на ЕУ да одржи рунда дијалог на ниво на главните преговарачи во вторник на 17 септември, но засега останува неизвесно дали ќе има заедничка средба.
Како што јави Радио Слободна Европа (РСЕ), преговарачите Петар Петковиќ од Белград и Бесник Бислими од Приштина го потврдиле своето пристигнување во Брисел во вторник, а неофицијална потврда има дека одвоено ќе разговараат со претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.
Извори од Брисел наведуваат дека двете страни се обиделе да го диктираат дневниот ред на трилатералната средба, дека не се согласиле со она што го барала другата страна и дека го игнорирале првичниот предлог на европската агенда за разговорите.
Германија воведe проверки на сите граници за да се ограничи миграцијата
Германија од денеска (16 септември) воведува проверки на сите свои граници со цел да се ограничи илегалната имиграција, јави ДПА. Според критичарите, оваа одлука ја загрозува Шенген зоната за безвизно патување.
Германската полиција започна и контроли на границите со Луксембург, Белгија, Холандија и Данска. Претходно беа воведени гранични контроли на границите со Полска, Чешка, Австрија, Швајцарија и Франција.
Секретарот за внатрешни работи, Ненси Фезер, која ги нареди проверките, рече дека оние што ја минуваат границата не треба да се плашат од големи прекини во сообраќајот.
Минатата недела Фезер официјално и соопшти на Европската Комисија дека германската полиција ќе започне со проверки на границите на земјата, објаснувајќи дека тоа е неопходно со оглед на големиот број мигранти кои влегуваат во Германија.
Инспекциите во моментов се планираат да се одржат за шест месеци, но може да бидат продолжени. Граничната контрола со Австрија е во сила од 2015 година.
Иако 29-те земји-членки на Шенген, кои ги вклучуваат повеќето земји-членки на ЕУ, заедно со Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, генерално дозволуваат слободно движење преку внатрешните граници, некои места воведоа контрола поради ситуацијата со мигрантите и заканата од исламистички тероризам.
Граничните проверки им овозможуваат на властите да ги вратат мигрантите назад, што е многу полесна процедура од нивното депортирање откако ќе пристигнат во земјата.
Од октомври 2023 година, Германија вратила околу 30 000 мигранти без право на влез во земјата. Прашањето за миграцијата е повторно на политичката агенда откако Сириец минатиот месец уби три лица во западниот град Солинген.
Мицкоски: На бугарскиот амбасадор ќе му биде врачена протестна нота
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе му биде врачена протестна нота на бугарскиот амбасадор во земјава откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова при посетата на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев била повикана да се слика без македонското знаме.
„Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.
Како што посочи, македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.
„Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме?“, рече Мицкоски.
За работата на Мешовитата комисија со Бугарија очекува разговорите да продолжат во духот на пријателството и добрососедство.
Сиљановска-Давкова и Радев на 13 септември ја имаа првата официјална средба откако претседателката на Северна Македонија ја презеде функцијата на 12 мај годинава. По средбата беа лиферувани фотографии како двајцата шефови на држави се ракуваат пред бугарското и знамето на ЕУ, но без македонското знаме.
Тоа предизвика реакции во јавноста, а опозицискиот СДСМ обвини дека Северна Македонија доживеала „понижување и дипломатски дебакл“. Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче порача дека тоа било „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.
Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот во Пакистан
Милитантната група Исламска Држава ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад викендов во кој загинаа двајца полициски службеници во југозападен Пакистан, соопштено е денеска.
Аналитичарите велат дека последното насилство е знак за зголемена координација меѓу исламските милитанти и сепаратистите кои со години ги напаѓаат безбедносните сили и цивилите во провинцијата Балуџистан богата со нафта и гас, која се граничи со Иран и Авганистан.
Исламска држава во соопштението вчера соопшти дека активирала експлозивна направа еден ден претходно врз пакистанско полициско возило во градот Кучлак во близина на Кета, главниот град на Белуџистан.
Пакистанските власти соопштија дека двајца полицајци загинале во нападот, а уште двајца се ранети на автопатот.
Одговорноста за ваквите напади претходно ја презеде Ослободителната војска на Белуџистан.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете