Достапни линкови

Вести

Повторно експлозии во украинскиот регион Крим окупиран од Русија

Најмалку четири експлозии во текот на изминатата ноќ биле забележани во украинскиот регион Крим, окупиран од Русија, во близина на воениот аеродром Белбек надвор од пристанишниот град Севастопол. Наметнатиот од Русија администратор на Севастопол, Михаил Развозаев, напиша на Телеграм дека противвоздушната одбрана соборила украинско беспилотно летало. Тој додаде дека експлозиите не предизвикале никаква штета. Во исто време, руски функционер во градот Керч на Крим изјави дека таму била активирана противвоздушна одбрана. Керч се наоѓа крај Кримскиот мост, високопрофилна патна и железничка врска изградена од Русија меѓу окупираниот украински регион и руското копно.

Експлозија во руско складиште за муниција во северен Крим

Кримскиот мост беше завршен во мај 2018 година и изграден по цена од околу 4 милијарди долари. Тоа беше значаен престижен проект наменет да ги зајакне претензиите на Москва за Крим што беше инаугуриран од рускиот претседател Владимир Путин. Руски воени цели на Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година, беа потресени од експлозии во последните денови.

Москва: саботажа е причината за експлозиите во магацинот со муниција на Крим

Руско складиште за муниција на северот на Крим експлодираше на 16 август, во инцидент што руските власти го припишуваат на „саботажа“. Истиот ден експлодираше електрична трафостаница во областа Џанкој, иако причината за таа експлозија останува непозната. На 9 август, воздухопловната база Саки беше погодена од експлозии во кои беа уништени најмалку девет воени авиони, вклучувајќи ловци Су-30СМ и бомбардери Су-24М. Украинските власти избегнаа јавно да ја преземат одговорноста за експлозиите, но неименуван висок украински функционер беше цитиран во Њујорк Тајмс велејќи дека елитната украинска воена единица која дејствува зад непријателските линии извршила барем некои од нападите.

види ги сите денешни вести

Македонското МНР со демант до бугарското, не договоривме заедничко чествување на Гоце Делчев

Македонското министерство за надворешни работи ги демантира наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Во соопштението е наведено дека до овој момент Заедничката комисија за историско – образовни прашања, основана според Договорот за добрососедство нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Овој коментар следува по вчерашното соопштение од бугарското МНР во кое се потенцира дека одбивањето на понудата македонска и бугарска делегација заедно да положат венец значи отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе испратат писмо до Европскиот парлемент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.

Јорданов кој е поранешен бугарски амбасадор во Скопје, денеска на својот официјален фејсбук профил пишува за како што вели, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“. Тој во својот пост користи навреди и погрдни зборови за македонскиот народ.

Македонското МНР вели дека на бугарска делегација предводена од техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„ И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки, се посочува во соопштението од МНР.

Од македонското министерство велат дека со со жалење констатираат дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани.

Македонското МНР бара од своите бугарски колеги да преземат мерки за за деескалација на тензиите преку јавна осуда, како и да мерки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување.

Украина тврди дека нема да цели кон Русија со нови американски ракети

По рускиот напад во Харкив

Украина нема да користи оружје со поголем дострел што го ветија САД за да ја погоди руската територија. Украинската војска ќе таргетира само руските единици на окупираната украинска територија. Ова денеска го изјави украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников на 5 февруари.

Соединетите Американски Држави потврдија на 3 февруари дека нова ракета што може да го удвои опсег на удари на Украина беше вклучен во пакетот американска воена помош од 2,175 милијарди долари за да му помогне на Киев да се бори против руските сили.

Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 февруари предупреди дека Русија ги засилува своите напади и дека ситуацијата на фронтот во источните делови на земјата станува се потешка.

„Окупаторот користи се поголем број на војници од своите редови за да ја разбие нашата одбрана“, рече Зеленски во ноќното видео обраќање, додавајќи дека ситуацијата е „многу тешка“ во Бахмут, Вуледар, Лиман и други области.

Неговото предупредување дојде како украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко изјави дека електричната енергија е вратена на критичната инфраструктура во јужниот пристанишен град Одеса по несреќата на трафостаница.

Претходно, регионалниот гувернер Максим Максим Марченко рече дека „сериозна“ несреќа на високонапонска трафостаница оставила половина милиони домаќинства без струја во Одеса, потврдувајќи ги претходните извештаи за несреќа во објект кој претходно бил цел на руски напади.

Во меѓувреме, предупредувањето за воздушен напад за цела Украина на 4 февруари беше откажано без никакви извештаи за руско гранатирање како украински бранители се соочи со обновени напади на московските трупи во источните региони Доњецк и Луганск во изминатите 24 часа.

Битиќи- Со вештачка интелегенција до намалување на корупцијата

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Првиот македонски дигитален асистен базиран на вештачка интелегенција АДА наскоро ќе биде промовиран, најави денеска Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој посочи дека преку АДА компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и државната помош која ја нудиме. Една од целите на овој систем ќе биде намалување на корупцијата, рече тој.

„ АДА ќе ги нуди сите информации за финансиска поддршка по Планот за економски раст. А секако понатаму овој асистент базиран на вештачка интелигенција ќе го учиме и на други услуги кои се важни за стопанството и граѓаните“, изјави Битиќи, во рамки на конференцијата „Година на нови можности“, која се одржа во Скопје.

Тој истакна дека дополнително, заедно со Светска Банка ќе бидат стартувани и дигитализација на 11 деловни процеси во 11 различни институции коишто го користат механизмот на државна помош.

„Ова ќе помогне во зголемување на ефективноста и ефикасноста“, изјави Битиќи.

Дигиталниот асистент АДА треба да овозможи унифицирани информации достапни во секое време за сите заинтересирани. АДА зборува на три јазици, македонски, албански и англиски.

„Затоа сметаме дека АДА треба да биде пионерот во воспоставување на дигиталниот асистент во јавниот сектор кој ќе донесе поголема транспарентност во сите процеси и секако ќе го елиминира човечкиот фактор таму кадешто тој треба да се елиминира, заклучи вицепремиерот Битиќи.

Алатки за вештачка интелигенција - револуција или ризик за образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00


Дигиталниот асистент АДА се работи преку проект на Фондот за иновации и технолошки развој кој беше спроведен како предизвик за домашната старт ап заедница на кој победи фирмата CodeWell. АДА е првиот дигитален асистент во јавниот сектор во регионот кој работи на вештачка интелигенција, и ќе одговара на прашања за можностите за инвестиции во нашата земја и наскоро истиот ќе биде детално промовиран, соопштија од владината прес-служба.

Спасени малолетници и млад брачен пар од вчерашната снежна виулица

Илустрација, ресорт на Попова Шапка

Спасени се двајца малолетници кои вчера биле заглавени од снежни наноси во објектот во близина на ски- лифтот на Попова Шапка. Полицијата соопшти дека полицајци вчера извеле спасувачка акција при што ги извлекле малолетниците од објектот. Станува збор за две малолетни лица кои поради густата магла и силниот ветер не можеле да слезат од планината.

Тетовските полицајци со помош на Ратрак стигнале до малолетниците и ги довеле до центарот на локалитетот во добра здравствена состојба, велат од МВР.

Дополнително и битолските полицајци вчера имале задача да спасуваат заглавени во снежни наноси. Станува збор за млад брачен пар од Скопје кој со автомобил „Дачиа“ заглавиле на пат. 22 годишниот скопјанец побарал помош од СВР - Битола затоа што со автомобилот заглавиле заглавиле кај споменикот „Слива“ на пат кон Крушевско езеро.

МВР соопшти дека по проверката на теран го пронашле завеаниот од снег пар на местото викано „Тушот“ во добра здравствена состојба и им помогнале да го извлечат возилото.

Иранскиот верски лидер помилува 10 илјади затвореници

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи помилувал „десетици илјади затвореници“, вклучително и многумина уапсени за време на неодамнешните антивладини протести, објави новинската агенција Ројтерс на 5 февруари, цитирајќи ги извештаите на иранските државни медиуми.

„Затворениците кои не се соочуваат со обвиненија за шпионирање за странски агенции, директен контакт со странски агенти, намерно убиство и ранување, уништување и палење на државен имот или без приватен обвинител ќе бидат помилувани“, се вели во извештаите на државните медиуми.

Помилувањата беа објавени по повод годишнината од Исламската револуција во 1979 година.


На 24 ноември 2022 година, Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) гласаше за започнување истрага за репресијата на мирните демонстранти од страна на иранските власти по смртта на Махса Амини.

Каменуван македонски клуб во Благоевград, ОМО Илинден бараат истрага

Архивска фотографија од отворањето на македонскиот клуб во Благоевград

Каменуван е македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Бугарија. Каменувањето се случило синоќа и предизвикана е материјална штета. Според бугарските медиуми кон клубот биле фрлани повеќе камења при што е искршено надворешното стакло.

Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин бара од тамошната полиција да истражи случајот со кршењето на стаклото на македонскиот клуб во Благоевград.

„Веќе 17 години напади врз македонските клубови во Бугарија. Дали полицијата конечно ќе истражи овој пат и нема да одбие? Да видиме дали ќе ги најде сторителите откако неодамна постави камери над клубот на свој начин. Се надевам дека беше за безбедност, а не само за следење на доаѓањето. А има од каде да почне - нека го испрашуваат Виктор Стојанов, еден од организаторите на провокациите, кој истовремено беше во Благоевград со цела банда аверис“, пишува во текстот објавен на официјалната фејсбук страница на ОМО Илинден Пирин.

Клубот беше отворен во октомври лани кога имаше тензична атмосфера при отварањето, пишуваат бугарските медиуми.

Синоќешниот напад врз македонскиот клуб во Благоевград се случува на денот кога се одбележува 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Чествувањето на овој настан во Скопје помина со вербални тензии, под силно полициско обезбедување и застој на граничните премини низ кои требаше да дојдат најавените Бугари во Скопје.

Поранешниот пакистански претседател Мушараф почина во Дубаи

Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф почина во неделата по долго боледување во болница во Дубаи. Тој помина неколку години во самонаметнат егзил.

Пакистанската војска и мисијата на земјата во Обединетите Арапски Емирати ја објавија смртта на поранешниот армиски началник (79), кој беше сменет од власт во 2008 година.


„Можам да потврдам дека тој почина утрово“, изјави за новинската агенција Ројтерс Шазија Сираџ, портпарол на пакистанскиот конзулат во Дубаи и амбасадата во Абу Даби.

Премиерот Шехбаз Шариф, претседателот Ариф Алви и началниците на пакистанската армија, морнарица и воздухопловни сили изразија сочувство за неговата смрт.

Во понеделник ќе биде направен специјален лет за Дубаи за да се врати телото на Мушараф во Пакистан на погреб, објави локалниот ТВ канал Geo News.

Поранешниот генерал со четири ѕвезди, кој ја презеде власта со ненасилен државен удар во 1999 година, го надгледуваше брзиот економски раст и се обиде да внесе социјално либерални вредности во конзервативната муслиманска земја.

Мушараф во 1998 беше назначен да ја предводи пакистанската армија, а следната години со воен удар го собори тогашниот премиер Наваз Шариф. Од 2001 до 2008 година беше претседател на земјата. Во 2007 го суспендираше уставот, што предизвика протести, по што во август 2008 си поднесе оставка.

Пакистанскиот суд пред три години му одреди смртна казна на поранешниот претседател Первез Мушараф, заради велепредавство и суспензија на Уставот на земјата пред 12 години. Оттогаш тој живееше во егзил во Обединетите Емирати.

Шолц- Путин не ми се закани

Германскиот канцелар Олаф Шолц на прес конференција во Берлин

Рускиот претседател Владимир Путин во неговите телефонски разговори со германскиот канцелар Олаф Шолц „не упати никакви закани против мене или кон Германија“, рече Шолц во интервју за неделниот весник „Билд ам Зонтаг“.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон на почетокот на оваа недела изјави дека Путин му се заканил со ракетен напад што ќе потрае само една минута. Кремљ соопшти дека Џонсон лаже.

Шолц рече дека разговорите што ги имал со Путин јасно покажале дека тие имаат многу различни гледишта за војната во Украина.

„Многу јасно му ставам до знаење на Путин дека Русија има единствена одговорност за војната“, рекол Шолц за неделникот „Билд ам Зонтаг“.

Вагнер-Жестоки битки се водат во Бахмут

Шефот на руската платеничка паравоена група Вагнер на 5 февруари изјави дека во тек се жестоки борби во северните делови на украинскиот град Бахмут, кој со недели е во фокусот на вниманието на руските сили.

Основачот и шефот на групата Вагнер,Евгениј Пригожин, вели дека неговите војници „се борат за секоја улица, секоја куќа, секое скалило“ против украинските сили кои не се повлекуваат.

Руските сили со недели се обидуваат да го опколат и заземат Бахмут, град во источниот регион Донбас, и се чини дека постигнуваат бавен, тежок и скап напредок.

Илјадници војници на Вагнер се борат во Украина, а основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, е сè погласен во неговите напори да ги преземе заслугите за придобивките на бојното поле. Тој, исто така, е снимен како регрутира борци од руските затвори, ветувајќи помилување во замена за акција на бојното поле.

Украинските и западните власти ги обвинија војниците на Вагнер за злосторствата врз цивилите во руската инвазија, која е во 12-тиот месец.

Бенет- Путин ми вети дека нема да го убие Зеленски

Нафтали Бенет, лидер на израелската десничарска партија на прес конференција во Ерусалим, Израел, март 2021 година

Поранешниот израелски премиер, Нафтали Бенет кој накратко служеше како посредник на почетокот на руската војна со Украина, вели дека добил ветување од рускиот претседател дека нема да го убие својот украински колега.

Поранешниот премиер Бенет стана неверојатен посредник во првите недели од војната, станувајќи еден од ретките лидери кои се сретнаа со претседателот Владимир Путин за време на војната во Москва минатиот март.

Иако се чини дека напорите за посредување на Бенет направија малку за да се стави крај на крвопролевањето што продолжува до денес, неговите забелешки, во интервју објавено на интернет доцна во саботата, фрлија светлина на задната дипломатија и итните напори што беа во тек за обид да се доведе конфликтот до брзо разрешување во раните денови, пишува новинската агенција Асошиетет прес.


Во петчасовното интервју, кое допре и многу други теми, Бенет вели дека го прашал Путин дали има намера да го убие украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Прашав „што е со ова? Дали планираш да го убиеш Зеленски?“ Тој рече „Нема да го убијам Зеленски“. „Нема да го убијам Зеленски“, изјавил Бенет.

Бенет во интервјуто посочил дека потоа му се јавил на Зеленски за да го извести за ветувањето на Путин.

Руски проектили погодија станбена зграда во Харкив

Илустрација, војната во Украина

Два руски проектила го погодија центарот на Харкив, јавуваат локалните медиуми. Станува збор за административната престолнина на регионот Харкив во североисточниот дел на Украина. Според информациите на локалните медиуми еден од проектилите погодил станбена зграда и при што има и жртви.

„Зафатена е станбена зграда во центарот на градот. Избувна пожар. Засега се познати три жртви: 54-годишна жена и двајца мажи на возраст од 51 и 55 години“, изјави гувернерот на Харкив, Олех Синехубов на социјалната платформа за комуникација Телеграм. .

Украинската војска вчера соопшти дека во тек се засилени руски напади во источните региони Доњецк и Луганск. Украинската војна предупредува дека го тек е масивна руска офанзива, а неиспровоцираната инвазија на Москва трае речиси една година.

„Непријателот продолжува со офанзивните операции во областите Лиман, Бахмут, Авдијивка и Новопавливка, на Доњецк, претрпувајќи големи загуби“, се вели во својот извештај на Генералштабот на украинската војска.

Битките се водат со месеци за градот Бахмут, каде брановите руски напаѓачи вршат зголемен притисок врз украинските сили. Жителите за РСЕ велат дека во Бахмут се водат улични борби, со борби од зграда до зграда на периферијата на градот.

На 24 февруари годинава ќе се одблежи една година од руската неиспровоцирана инвазија врз Украина.

На планините снег, во градовите силен ветер и студено време

Силниот студен ветер синоќа донесе и минусни температури. Најладно беше на Попова Шапка каде утрово е измерена температура од – 15 степени, а снежната покривна достигна 61 сантиметар висина.

Денеска се очекува да биде променливо облачно и многу студено време. На повеќе места ќе дува силен ветер со можна брзина од над над 70 км/час од северен правец. На планините се очекува денеска да продолжи да врне снег. Максималната температура ќе достигне од -3 до 3 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и многу студено. Претпладне во делови од котлината ќе провејува слаб снег. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 0 степени.

Утрово најладно беше на Попова Шапка - 15 степени, а најтопло во Гевгелија каде беше измерена температура од 1 степен.

Најмногу снег има наврнато на Попова Шапка 61 сантиметар, во Маврови Анови 16, во Ѓуриште шест, во Крушево пет, во Берово четири, и во Крива Паланка и во Дебар два сантиметри.

Најмногу дожд во изминатите 24 часа има наврнато во Дебар седум литри на метар квадратен и во Крива Паланка 5 литри на метар квадратен.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет изутринава имаше на патниот правец Страцин - Крива Паланка и во Делчево, а со среден интензитет на планинскиот превој Ѓавато.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Бугарското МНР- Однесувањето на македонските власти е понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ

Илустрација, бугарското МНР

Однесувањето на македонските власти спрема бугарските граѓани на 4 февруари, на одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев е недопустливо се вели во реакцијата на бугарското министерство за надворешни работи, јавуваат бугарските новински агенции.

„Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, е наведено во соопштението.

Во соопштениот испратено до медиумите е посочено дека Софија смета оти таквите дејствја заедно со одбивањето македонска и бугарска делегација заедно да положат венец е отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.

„ Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, се наведува во соопштението.

Македонска и бугарска делегација му оддадоа почест на 151 годишница од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, но во одвоени термини. Сето тоа беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.

Роденденот на Гоце - настан од полузатворен карактер
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Во однос на проблемите со влезот на бугарските државјани на македонска територија поради застојот од „технички причини “ на граничните премини од бугарското МНР велат меѓу погодените со овие, како што ги нарекуваат рестриктивни мерки имало и новинари за кои „основата била закана за јавниот ред, национална безбедност, јавно здравје или меѓународни односи на Република Северна Македонија“.

Тензично на Деве Баир, тројца бугарски државјани приведени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

Бугарскиот министер за надворешни работи разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Софија Агнеса Руси со барање за враќање на слободата на движење.

„ Уште еднаш констатиравме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не одговараа на ситуацијата на терен. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог“, посочуваат од бугарското МНР.

Во врска со информациите за уапсените бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обратила до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако ваквите информации, како што се посочува во соопштението, требало веднаш да бидат испратени од страна на властите.

Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери.

Во соопштението е повторен ставот на бугарскиот министер за внатрешни работо Иван Демерџиев дека Бугарија е подготвена ако е потребно да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот контролен пункт.

САД го собори кинескиот балон, во тек е акција на собирање на остатоците

Фотографија од кинескиот балон кој прелета над САД

САД сооппшти дека е соборен кинескиот воздушен балон за кој постои сомнеж дека имал за цел шпионажа, со оглед на тоа дека летал над сензитивни воени локации во Северна Америја. Според соопштението тој е соборен во близина над сојузната држава Северна Каролина. Тоа е најновиот удар во тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг.

Во тек е операција во територијалните води на САД во Атлантскиот Океан за да се извлечат остатоците од балонот. Неговото соборување беше пренесувано во живо.

Претходно американскиот претседател Џо Бајден на новинарско прашање одговори дека „ние ќе се погрижиме за тоа“.

Кинескиот балон кој првично беше забележан во средата во Монтана, Пентагон го опиша како сомнителен објект за набљудување од висина. Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за метеоролошки цепелин кој што го изгубил курсот.

Федералната управа за авијација затвори три аеродроми во Северна и Јужна Каролина „за да го поддржи Министерството за одбрана во напорите за национална безбедност“.

Телевизиските снимки покажаа мала експлозија, по што балонот се спушта кон водата. Беа забележани американски воени авиони како летаат во близина, а бродови беа распоредени во водата за да ја спроведат операцијата за собирање на остатоците од балонот.

Официјалните лица имаа за цел да ја темпираат операцијата за да можат да соберат што е можно повеќе од остатоците пред да потонат во океанот. Пентагон претходно процени дека секое поле со отпад ќе биде значително.

Според информациите објавени во американските медиуми балонот бил со големина од два до три училишни автобуси и лебдел на надморска височина од 60 илјади стапки, односно 18 илјади метри. Тој прелетал над Канада и Алјаска пред да биде забележан во САД. Портпаролката на Белата Куќа Карин Жан-Пјер изјави дека САД го следеле балонот барем од вторникот.

Таа рече дека токму тогаш Бајден првпат бил информиран за ситуацијата. Прес секретарот на Пентагон Генералот Пет Рајдер изјави дека дека официјалните лица го набљудувале балонот со повеќе методи, вклучително и пилотирани авиони, неколку дена.

Во петокот, американскиот државен секретар Антони Блинкен ја откажа посетата на Пекинг за да се сретне со неговиот колега Ванг Ји, велејќи му во телефонски разговор дека испраќањето балон е „неодговорен чин и јасно кршење на суверенитетот на САД и меѓународната закон што ја поткопа целта на патувањето“.

Почина млад затвореник во Идризово, нема траги на насилство

Затвор Идризово, илустрација

Осуденик починал вчера во затворот Идризово. 27 годишниот затвореник немал видливи траги на насилство, а телото е дадено на обдукација, соопшти денеска МВР.

„ На 03.02.2023 во 15.15 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во затворот починал осуденикот Д.Х.(27) од Велес. Смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, се наведува во соопштението од МВР.

И покрај критиките и главните забелешки на неколку домашни и меѓународни организации во делот на здравствената заштита на затворениците во казнено-поправните установи во земјава, затворениците продолжуваат да се жалат на непроменета слика во затворите. Недостиг на медицински лица, лекарска терапија, психијатриска помош се дел од работите на кои се жалат затворниците до Народниот правобранител Насер Зибери.

Зибери неколку пати досега апелираше дека властите треба да работат на подобрувањето на здравствените услови на затворениците, особено на луѓето зависници. Тој вели дека нивните извештаи покажуваат дека овие луѓе често не добиваат терапија или ја добиваат, но не на време, а лекарските екипи не се обучени да постапуваат со овие лица. Додава дека има проблем и во однос на бројноста на медицински персонал.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG