Достапни линкови

Вести

Напад со дрон врз американска воена база во Ирак

Меѓународната коалиција предводена од САД во Ирак соопшти дека воена база во која се сместени американски војници била нападната со беспилотно летало, но оти во нападот нема жртви.

Нападот се случи вчера рано наутро во пресрет на закажаната средба на ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадеми со американскиот претседател Џо Бајден на 26 јули.

Медиумите јавуваат дека двајцата лидери ќе разговараат за можното заминување на сите американски војници од земјата.
Нападнатата воена база била во курдскиот автономен регион во северен Ирак. Ирачките медиуми јавија дека била нападната базата ал-Харир, на околу 70 километри од Ербил, главниот град на Ирачки Курдистан.

Ова е последен во низата напади врз американски воени и дипломатски објекти во Ирак, за кои се обвинуваат проиранските милиции во земјата.

Во Ирак сè уште има околу 2500 американски војници. Во 2014 беа распоредени 3500 илјади американски војници да се борат против екстремистичката организација Исламска држава.

види ги сите денешни вести

Двајца вработени во МНР не го поминале ветингот

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Првичните резултати од почетокот на ветингот на дипломатите во МНР покажува дека на две лица ќе им биде раскинат работниот договор затоа што немаат безбедносен сертификат од безбедносните служби, информира денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„На едно лице при проверка на безбедносниот статус одбиено му е барањето за безбедносен сертификат и не го поминал првиот филтер. За причините за одбивањето не добив образложение, а започната е и процедура за прекинување на работниот однос. Друго лице користело несоодветен сертификат. И тој не го поминува првичниот ветинг и за него следува прекин за работниот однос. Со тоа може да се заклучи дека две лица не го поминаа ветингот“, рече Османи.

одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на неговата матична партија ДУИ во Скопје.

Тој посочи дека овие двајца не се од групата на дипломати за кои Ерменија издаде меѓународна потерница преку Интерпол.

Во рамките на темелите проверки, додаде тој, констатирано е и дека шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на своите безбедносни сертификати. По укажувањата дека може да се работи за технички превид, на овие лица, вели, им е даден рок од седум дена да ја исправат оваа грешка и да побараат соодветна сертификација.

Министерот Османи најави ветинг на дипломатите откако македонски дипломат беше уапсен во Србија по меѓународна потерница издадена од Ерменија.

Пендаровски - Неизвесноста на евроинтеграциите може битно да влијае на мирот и стабилноста во регионот

Претседателот Стево Пендаровски во Њујорк учествуваше на 20.состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави, што се одржа на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации

Неизвесноста во интегративните процеси на сите земји од Западен Балкан би можела битно да влијае на мирот и стабилноста во регионот, предупреди претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на 20. состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави, што се одржа на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Според соопштението од прес-службата на Претседателот, Пендаровски оценил дека резултат на сегашниот застој се бавното реформско темпо и подемот на евро-скептицизмот во сите држави од Западниот Балкан.

Европската Унија треба да ја држи вратата отворена не само заради потребата од сериозни резултати во делот на европските критериуми за демократија, владеење на правото, борбата против корупцијата, туку и заради можноста од користење на евентуалниот вакуум од страна на надворешни фактори, кои промовираат геополитички концепти, кои не се базирани на општите европски вредности, рекол Пендаровски.

Досега 552 прележани повторно се заразиле со коронавирус во Македонија

Модуларна ковид болница во Гостивар

Вкупно 522 луѓе се реинфицирале со ковид-19 од почетокот на пандемијата заклучно со 19 септември, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Од реинфицираните, една е втора реинфекција, односно еден човек по третпат се заразил со корона.

Во текот на минатата недела биле пријавени 23 реинфекции.

Во извештајот се наведува дека минатата недела се регистрирани вкупно 3340 новозаразени со ковид-19 од вкупно 28.972 тестирања. Половина од новозаразените се од Скопје. Регистрирани се заболени на сите возрасти, а најзастапена е возрасната група над 60 години.

Минатата недела во споредба со неделата претходно има зголемување на новозаразените на возраст од 0 до 9 години и во возрасната група од 10 до 19, односно на деца и тинејџери. Во првата група зголемувањето е за 50 отсто, а во таа од 10 до 19 за 8,2 отсто.

Во тој период починале 154 луѓе како последица на ковид-19.

Зошто некои се плашат од вакцината против ковид-19?
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:33 0:00

Според извештаите од болниците, хоспитализирани се 852 луѓе, од кои 596 се на кислородна поддршка.

Заклучно со 18 септември во државата, пак, се вакцинирани вкупно 771.301 лице со најмалку една доза на вакцина. Најмногу од нив се вакцинирани со кинеските вакцини Синовак и Синофарм. Дадени се околу 450 илјади дози Синовак и околу 300 илјади на Синофарм. Потоа околу 541 илјада дози на Фајзер, 116 илјади дози на АстраЗенека и околу 45 илјади дози Спутник Ве.

Не е соопштена информација колку од вакцинираните се заразиле со ковид-19.

Досега во земјата се регистрирани 187 илјади случаи на коронавирус, скоро 168 илјади луѓе оздравеле, а починале 6472 луѓе. Во моментов има 12.786 активни случаи.

Нов протест на здравствените работници во Грција против задолжителната вакцинација

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со маска

Федерацијата на вработени во државните болници во Грција, со нов петчасовен прекин со работа и собири во Атина и Солун денеска протестираше против задолжителната вакцинација на здравствените работници.

Од Федерацијата одржаа протест пред Министерството за здравство на Грција. Тие истакнуваат дека не се против имунизацијата, сметаат дека задолжителната вакцинација го намали бројот на дневни вакцинации и тоа испраќа негативна порака до општеството и бараат да се укине одлуката за принуден неплатен одмор за невакцинираните здравствени работници.

Тие сметаат дека оваа мерка, го распаѓа јавното здравство.

Денешниот протест беше поддржан и од Синдикатот на вработените во јавниот сектор.

Федерација на вработени во државните болници во Грција, во изминатиот период, за истите барања, одржа неколку протести во Солун и во Атина.

Грција суспендираше од нивните работни места скоро 6.000 здравствени работници кои го пропуштија рокот 1 септември за да примат најмалку една доза вакцина против ковид-19.

Судот во Стразбур – Русија е одговорна за убиството на Литвиненко

Поранешниот руски шпион Александар Литвиненко

Европскиот суд за човекови права пресуди дека Русија е одговорна за атентатот на поранешниот руски шпион Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година.

Литвиненко, кој беше отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, се разболе на 1 ноември 2016 откако испил чај затруен со полониум 210, редок и многу радиоактивен изотоп. Тој почина неколку дена подоцна во болница.

Британската истрага во 2016 година заклучи дека Путин веројатно ја одобрил операцијата на руските разузнавачи за убиството на 43-годишниот Литвиненко. Истрагата идентификува двајца Руси – Андреј Луговој, сега пратеник, и Дмитри Ковтун, како главни осомничени за убиството.

Во денешната пресуда, Судот во Стразбур наведува дека е утврдено „надвор од разумен сомнеж“ дека убиството го извршиле Луговој и Ковтун и оти постои силна индиција дека тие дејствувале како агенти на руската држава. Судот наведува дека Москва не дала „задоволувачки и убедливи“ алтернативни објаснувања, нити ги „оспорила заклучоците на британската јавна истрага“.

Двајцата мажи и Москва негираат вмешаност во убиството на Литвиненко, кој е поранешен офицер на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). Тој ја напушти Русија во 1999 година, откако го откри наводниот план на ФСБ за убиство на тајкунот Борис Березовски.

Како олигарх близок до поранешниот руски претседател Борис Елцин, Березовски му помогна на Путин да дојде на власт во 2000 година. Но, кога Путин почна да ги ограничува политичките моќи на олигарсите, Березовски ја напушти Русија во самонаметнат егзил во Велика Британија, од каде што неговите критики кон Путин се зголемија.

Во 2006 година, кога Литвиненко беше отруен во Лондон, Путин потпиша закон со кој се овластуваат безбедносните агенции да извршуваат таргетирани атентати во странство.

Во јануари 2016 година, британскиот судија Роберт Овен, кој ја водеше истрагата за смртта на Литвиненко, рече дека е веројатно дека Путин, поранешен агент на КГБ, кој потоа беше на чело на ФСБ, ја одобрил операцијата. Овен рече дека е сигурен дека Луговој и Ковтун му го затруле чајот на Литвиненко при средбата во еден лондонски хотел.

Британските инспектори открија траги на полониум 210 во хотелите, рестораните и авионите користени од Луговој, кој наводно добил третман поради радиоактивно труење во Москва во декември 2006 година.

Луговој беше избран за член на Руската државна дума во 2007 година, а Путин во 2015 година му додели државен медал „за услуги кон татковината“.

Канадскиот премиер Трудо доби трет мандат, но нема мнозинство во парламентот

Канадскиот премиер Џастин Трудо

Канадскиот премиер Џастин Трудо освои трет мандат на функцијата, откако неговата Либерална партија освои најголем број места на парламентарните избори, но се пак не обезбеди мнозинство во Парламентот.

Првичните резултати покажуваат дека Либералите добиле 156 пратеници на вчерашното гласање, што е помалку од потребното мнозинство од 170 пратеници кои 49-годишниот Трудо се надеваше дека ќе ги освои откако распиша предвремени избори.

Составот на Долниот дом ќе биде малку изменет во однос на претходните избори од 2019 година. Конзервативците остануваат главна опозициска партија со 122 пратеници.

Трудо, кој е на власт од 2015 година, во моментов е чело на влада со малцинска поддршка и се потпира на поддршката од други партии за донесување на закони.

Тој ги распиша изборите минатиот месец, надевајќи се дека ќе профитира од справувањето со пандемијата на коронавирус и брзата вакцинација.

Евакуирани 6 илјади луѓе на Канарските Острови поради ерупција на вулкан

Ерупција на вулканот Кумбре Вијеха на шпанскиот остров Ла Палма

Поради отворање на уште еден отвор на вулканот Кумбре Вијеха на шпанскиот остров Ла Палма, најголемиот од Канарските Острови, се евакуирани уште 500 луѓе, со што вкупниот број луѓе принудени да ги напуштат своите домови е зголемен на 6000.

Појавата на уште еден отвор од кој се излива лава во општината Ел Пасо доведе до евакуација на жителите, напиша синоќа на Твитер службата за итна помош на островот.

Вулканот на шпанскиот остров Ла Палма во Атлантскиот Океан се активираше во неделата после седум дена сè посилни сеизмички активности.

Лавата изби на уште едно место на вулканот Кубре Вијеха после земјотрес со магнитуда од 4,1 степени во 21:30 синоќа, по локално време.

Протекувањето на лавата утринава забави и се уште не стигнала до океанот, иако според проценките требаше да стигне уште синоќа.

Вулканот исфрла чад до висина од неколку стотини метри и меѓу 8 и 10,5 илјади тони сулфур диоксид дневно, но воздушниот простор не е затворен.

Сите летови на аеродромот Ла Палма синоќа биле извршени, а за денеска се предвидени уште 48 нови.

Ова е прва ерупција на вукланот Кумбре Вијеха на овој остров со 85 илјади жители од 1971 година. Иако во ерупцијата нема жртви, таа предизвика голема штета, лавата ја запали вегетацијата, ги прекри патиштата и уништи стотина куќи.

Досега попишани 1.132.484 лица

Илустрација

Вкупно 1.132.484 лица, 353.256 домаќинства и 480.364 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 193.742 лица.

Пописот на населението, домаќинствата и становите кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.

ЕУ загрижена за односот на Москва спрема опозицијата, НВО и медиумите

Жозеп Борел

Европската Унија изрази длабока загриженост поради односот на руските власти спрема опозицијата, цивилното општество и независните медиуми и ги повика да го променат односот.

Во изјавата по повод изборите во Русија, одржани од 17 до 19 септември, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел наведе дека ЕУ „забележала оти независни и сигурни извори пријавиле сериозни нерегуларности“.

„ЕУ жали што одлуката на Русија остро да ги ограничи големината и форматот на меѓународната посматрачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, го спречила нејзиното доаѓање“, истакна Борел.

Тој додаде дека пред изборите во Русија дошло до засилена репресија врз опозициските политичари, организациите на цивилното општество и независните медиуми и новинари.

„Сево ова придонесе за ограничување на изборот за руските гласачи и нивните можности да добијат целосни и точни информации за кандидатите“, се вели во реакцијата на Борел за изборите во Русија.

Еврокомесарот Вархеи во Бугарија на разговори за ветото спрема Македонија

Оливер Вархеи

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи ќе престојува во посета на Бугарија, соопшти Европската комисија. Како што јави МИА од Софија, за време на посетата се планирани средби со претседателот на Бугарија Румен Радев и со министерот за надворешни работи Светлан Стоев.

Како што пренесуваат повеќето бугарски електронски медиуми, повикувајќи се на извори запознаени со посетата, тема на разговорите ќе биде ветото на Бугарија за почеток на разговорите на ЕУ со Северна Македонија.

Ова е втора посета на еврокомесарот Вархеи на Бугарија, откако на 21 мај заедно со португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва одржа повеќе средби со високи бугарски претставници.

Обид на големите сили и Техеран за рестарт на преговорите за иранската нуклеарна програма

Знамињата на САД и Иран

Министрите од Велика Британија, Кина, Франција, Германија и Русија деновиве ќе се сретнат со претставник на Иран во Обединетите Нации за да побараат продолжување на замрзнатите преговори за заживување на нуклеарниот договор од 2015-та година, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.

„Преговорите мора да се рестартираат. Времето работи против потенцијална спогодба. Треба да ја искористиме оваа недела за да ги продолжиме овие разговори“, рече вчера Ле Дриан.

Разговорите меѓу Иран и светските сили за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за ублажување на санкциите се неактивни од јуни годинава, кога Иран го избра тврдокорниот претседател Ебрахим Раиси. Европската унија посредува во напорите меѓу Иран и светските сили за заживување на договорот, кој се влошува откако САД се повлекоа од нив во 2018 година.

Британија и Соединетите Држави изразија фрустрираност поради застојот на разговорите. Британската министерка за надворешни работи Лиз Трус пред состанокот со нејзиниот ирански колега Амир Абдолахијан во Њујорк, изјави дека Британија, САД и другите партнери се посветени на договорот, но оти Иран секој ден продолжува да ги одложува разговорите, додека ја засилува сопствената нуклеарна програма, што значи дека има помалку простор за дипломатија.

Холандија: задолжителна ковид-пропусница за влез во тоалетите на баровите

Холандскиот премиер Марк Руте

Посетителите на баровите во Холандија немаат обврска да покажат ковид-пропусница за седење на терасите, но ќе мора да имаат таков документ ако одат во тоалет, соопшти холандското министерство за здравство.

Холандските власти неодамна укинаа некои ограничувања во борбата против коронавирусот, меѓу кои и укинување на држењето физичко растојание, меѓутоа најавија ковид-пропусници за посета на барови, ресторани и фестивали.

„Ако сакате да користите тоалет, ќе мора да го покажете својот код“, соопшти министерството и потсети дека QR код кој потврдува дека лицето е вакцинирано, е задолжителен за граѓаните постари од 13 години.

Меѓутоа, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека не е добра идеја да се прави исклучок за оние што седат на терасите на рестораните, затоа што луѓето секако треба да влезат да платат сметка или да одат во тоалет.

Генерално Собрание на ОН- прв говор на Џо Бајден

Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе го има својот прв говор на едно годишно Генерално собрание на ОН откако е на оваа функција. Се очекува тој да ја искористи можноста за да каже дека САД сакаат да ја свртат страницата за конфликтите од 11 септември и да започнат ера на дипломатија предводена од Вашингтон за справување со проблемите, како што се климатските промени и пандемијата со Ковид-19.

Се очекува тој да се осврне на односите со Кина и да порача дека Соединетите Држави сакаат да избегнат Студена војна со оваа земја, изјави висок американски претставник за АФП.

Бајден, исто така, ќе нагласи дека завршувањето на војната во Авганистан отвора поглавје „фокусирано врз лична, целисходна, ефективна американска дипломатија“, рече официјалниот претставник.

Но, главната цел на Бајден ќе биде да разговара за пошироки прашања, вклучувајќи ги и пандемијата, климатските промени, како и трговијата и економијата.

Седница на Советот за безбедност на Србија за ситуацијата во Косово

Седница на националниот Совет за безбедност на Србија

Советот за национална безбедност на Србија денеска ќе одржи седница на која ќе присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Повод за седницата е одлуката на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Косово, која во соработка со косовската полиција почна да се спроведува вчера, во врска со реализацијата на Бриселскиот договор меѓу Косово и Србија за слободата на движењето.

Во општините во северно Косово со мнозинско српско население досега беше можно да се возат автомобили со регистарски таблички со градовите во Косово кои ги издава МВР на Србија, што не беше во согласност со спогодбата од Брисел.

Врз основа на одлуката на МВР на Косово, граѓаните кои имаат српски регистарски таблички сега мора да земаат пробни таблички кога влегуваат на територија на Косово.

Досега граѓаните на Косово со таблички со ознака РКС (Република Косово) исто така плаќаа за пробни таблички при влез на територија на Србија.

ЕУ со критика за САД поради „недостиг на лојалност“ во кризата со подморниците

Шарл Мишел

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел го критикува односот на САД спрема кризата по раскинувањето на договорот за австралиска нарачка на француски подморници, како дел од новото стратегиско партнерство меѓу САД, Велика Британија и Австралија.

„Основни принципи меѓу сојузници се транспарентност и доверба, тоа оди заедно. А што гледаме сега? Очигледен недостиг на транспарентност и лојалност“, рече Мишел пред новинари во Њујорк на маргините на заседанието на Генералното Собрание на ОН.

Тој додаде дека ЕУ бара од Вашингтон објаснување за да ја сфати намерата на стратегиското партнерство на трите земји, затоа што вака е неразбирливо.

Времето променливо и посвежо со повремен дожд попладне

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и посвежо.

Ќе има повремен локален дожд, особено попладне. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието.

Максималните температури ќе се движат од 16 степени во Маврово до 29 во Гевгелија.

Трет дуел на Заев и Мицкоски

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе, пописот, и изборите беа тема на вечерашниот дуел меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5. Заев повика да не се користи трагедијата во Тетово за дневнополитички поени.

Тој повтори дека прво ќе ги чека резултатите од истрагата, па потоа ќе донесе одлуки за оставките понудени од функционерите за здравство и директорите на тетовската болница. Заев го осудува постојаното инсистирање на опозицијата за оставка на министерот Венко Филипче.

Мицкоски во текот на дуелот го обвини за трагедијата наведувајќи дека модуларната болница била пуштена во употреба без соодветен документ. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не е потребна само морална, туку и кривична и политичка одговорност. Заев на тоа возврати дека тоа се лаги искажани исклучиво за политичко профитерство.

„Желбата за власт да го прави човек толку политички профитер ви личи само вам. Вие сте и истражител и судија и обвинител“, му рече Заев на Мицкоски.

Тој побара од Заев да одговори дали има правилник за модуларните болници во Министерството за здравство, кој е проектант на овие контејнери, дали се сите модуларни болници вака поставени и како бил обезбеден приклучок за електрична енергија.

Ова е трет дуел на лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски.

Вучиќ - Приштина го крши Бриселскиот договор

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека акција на косовската полиција е спроведена спротивно на договорот од Брисел, и дека акцијата била спроведена без никаков договор со никого. Вучиќ вели и дека за состојбата со Косово разговарал со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Косово денеска одлучи дека граничните премини не може да се преминат со регистерски таблички на Србија, туку треба да се обезбедат привремени регистерски таблички со ознака Република Косово.

Тој најави дека утре ќе се одржи седница на Советот за национална безбедност.

Министерството за внатрешни работи на Косово, претходно соопшти дека во соработка со полицијата на Косово, спроведува акции на граничните премини на северот на Косово, кои се однесуваат на спроведување на Бриселскиот договор за слобода на движење.

Договорот за слобода на движење помеѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година, според кој српските таблички со кодовите на градовите во Косово беа укинати, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) КМ (Косовска Митровица), односно мораше да се изврши пререгистрација на возилата на КС или РКС.

Меѓутоа, граѓаните на Косово не можеа да влезат на територијата на Србија со таблички РКС без трошоци, односно мораа да ги заменат со пробни, така што Косовскиот договор ги обврза да издаваат регистарски таблички на КС уште пет години, што Србија го прифати.

МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси

Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма, предупреди денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Тој денеска имаше годишен состанок со земјите-членки на агенцијата на ОН.

Гроси вели дека во Северна Кореја се одвојува плутониум, се збогатува ураниум и има други активности. Ваквите чувствителни активности се кршење на неколку резолуции на ОН.

Инспекторите на МААЕ немаат пристап до објектите на Северна Кореја, но агенцијата ги следи активностите таму преку сателитски снимки.

Најновото предупредување доаѓа неколку недели откако МААЕ објави дека по се изгледа повторно има активности во нуклеарниот центар Јонгбјон, каде, според сателитските снимки, се сигнализира дека Северна Кореја има намера да го зголеми производството на оружје.

Северна Кореја на 15 септември истрела две балистички ракети во морето, со што прекрши резолуција на ОН. Два дена пред тоа тамошните власти рекоа дека тестирале нови крстосувачки ракети со голем дострел.

Извршители и полицајци убиени при обид да иселат луѓе во Казахстан

Полициски екипи во близина на местото каде се убиени пет луѓе при обид да извршат налог за иселување.

Најмногу пет луѓе загинале во Казахстан, од кои двајца полицајци откако кон нив пукал човек кај кого дошле службениците со налог за иселување, соопшти полицијата. Настанот се случил во најголемиот град во Казахстан, Алмати.

Човек на околу 50 години отворил оган врз судските извршители и другите службеници кои попладнево отишле да ја извршат наредбата за иселување.

Полицијата во Алмати соопшти дека осомничениот е приведен и дека „ситуацијата е под контрола“.

Во Алмати живеат околу 1,8 милиони луѓе.

ДИК отфрли две листи за градоначалници и шест за советници

Апарати за читање на отпечаток од прст кои ќе се користат на локалните избори

Државната изборна комисијата (ДИК) информираше дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за претстојните локални избори закажани за 17 октомври.

ДИК отфрли две листи за градоначалници, една во Охрид и една во Струга и на и шест за советници во Врапчиште, Ѓорче Петров, Зелениково, Кичево, Струга и Тетово.

ДИК најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за редослед на кандидатските листи на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листите ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.

ДИК утре на јавна седница во 15 часот ќе ја спроведе жрепката за политичко рекламирање за распределба на локации за рекламни паноа и билборди согласно критериумите од Изборниот законик.

Нови ковид правила за влез на странците во САД

Претседателот Џо Бајден

Соединетите Американски држави од ноември воведуваат нови правила за влез во државата за странци. Администрацијата на претседателот Џо Бајден ќе бара од сите странски државјани пред да пристигнат во САД да бидат вакцинирани.

Координаторот за ковид -19 на Белата куќа Џеф Зинц, денеска ги објави новите правила според кои странците што летаат за САД ќе треба да покажат доказ за целосна вакцинација пред да се качат на авион, а треба да поседуваат и негативен тест за ковид, не постар од три дена пред летот.

Ќе се заострат правилата и за невакцинирани американски државјани, кои ќе треба да се тестирани еден ден пред да заминат од САД и пред да се вратат во земјата.

За целосно вакцинирани патници нема да се бара карантин, рече Зинц.

Новата политика заменува голем број услови за патување, кои првично ги воведе претходниот американски претседател Доналд Трамп, а потоа беа зајакнати од Бајден со кои се забрануваше влез на туристи, бизнис патници и сите останати категории без американско државјанство или легален престој, воведени со цел да се спречи ширењето на ковид -19. Со претходните правила беа забраниети летовите од Британија, ЕУ, Кина, Индија и други земји.

Зинц исто така рече дека американските здравствени власти од авиокомпаниите ќе побараат да собираат информации за патниците на меѓународните летови за да може полесно да се најдат контактите во случај на заразен.

Полска има докази дека Минск и Москва го оркестрираат мигрантскиот бран

Полска поставува жичана ограда на границата со Белорусија.

Полска соопшти дека има голем број докази дека Белорусија, поддржана од Русија, го организира бранот илегални имигранти што се прелеваат преку нејзините граници кон Европската унија.

Полскиот премиер Матеуш Моравиецки денеска изјави дека никој не верува дека Минск дејствува сам во испраќањето илјадници луѓе преку границите во Полска и во Литванија, во знак на одмазда за санкциите што ЕУ ги воведе против авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко и неговиот режим по спорните претседателски избори во 2020 година. По изборите имаше насилни сузбивање на опозициските политичари и на независни медиуми.

„Имаме многу докази во нашите раце дека станува збор за систематска, организирана акција од страна на белоруските службеници и белоруската полиција“, рече Моравиецки. Тој додаде дека станува збор за добро насочена акција од Минск и Москва.

Од почетокот на август на границата биле забележани 7.000 мигранти, претежно од Блискиот Исток, рече полскиот премиер.

Неговите коментари доаѓаат на еден ден откако тројца мигранти беа пронајдени мртви на полско-белоруската граница. Засега не се соопштува причината за нивната смрт. Вчера беа спасени осум мигранти од страна на полските работници за итни случаи. Мигрантите се заглавиле во мочуриште додека се обидуваа да ја преминат границата.

Претставници на граничната служба на Белорусија денеска соопштија дека денеска на границата е пронајденото уште едно починати лице, „жена со несловенски изглед“. И за ова лице нема податоци како починало.

Претходно овој месец, Полска воведе вонредна состојба во траење од 30 дена, со која им се забранува на луѓето, вклучително и на медиуми движење во пограничната област. Тоа е првпат земјата да користи таква мерка од падот на комунизмот во 1989 година. Полска испрати и испрати илјадници војници на границата и започна да гради ограда со бодликава жица.

Дванаесет починати од ковид и 154 нови случаи на заразени

Дванаесет починати како последица на ковид-19 се пријавени во изминатото деноноќие, соопшти Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје. Најмладиот на возраст од 30 години е од Валандово, еден починат има од Штип на 84 години и десет луѓе починале во Скопје, на возраст од 53 до 90 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Во последните 24 часа, пак, се регистрирани 154 нови случаи на заразени со ковид-19 од направени 1.967 тестирања, соопшти Министерството.

Во Скопје има 118 нови случаи на заразени, Куманово – 12, Кавадарци – 5, Прилеп и Битола – по 3, Велес, Кичево, Кочани, Свети Николе и Крива Паланка – по 2, Струмица, Виница и Кратово – по 1.

Регистрирани сe 408 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 187.068 бројката на оздравени пациенти е 167.810, на починати е 6.472, а бројот на активни случаи изнесува 12.786.

Учениците продолжуваат со настава со физичко присуство

На училиште со маска.

Нема потреба од промена на моделот на настава, согласно податоците за заразени ученици, студенти и деца во предшколска возраст, а намалена е и инциденцата на ширење на вирусот, сметаат од Комисијата за заразни болести. Во државата со мали исклучоци во некои градови каде што имаше поголем број на заразени, наставата почна со физичко присуство.

За 40 проценти е намалена инциденцата на ширење на вирусот кај населението на ниво на цела држава со почетокот на училишната година, споредбено со ширење на вирусот во последните две недели во август, покажува последната епидемиолошка анализа на Институтот за јавно здравје.

Во епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје опфатени се и децата од предшколска и школска возраст, како и популацијата што е на факултет.
Најмалку заразени има на возраст од 0 до 9 години, односно само 3,9 отсто од позитивните во државата се на таа возраст.


Во Скопје има 139 заразени основци, 70 средношколци, 72 студенти и 28 деца во претшколска возраст.

Во Куманово, има 5 заразени основци, 8 средношколци, 18 студенти и 3 деца во претшколска возраст.

Во Штип се заразени 5 основци, 8 средношколци, 3 студенти и 2 деца од претшколска возраст.

По 2 заразени деца од претшколска возраст има и во Велес и Ресен и 1 дете е заразено во Прилеп.

Од популацијата во основно, во Велес и Ресен има по 5 ученици, 6 има во Струмица и Кавадарци, а 8 во Прилеп. Средношколци позитивни на ковид има 3 во Велес, 7 во Кавадарци, 4 во Прилеп и 2 во Струмица. И од академската популација заразени со вирусот се 6 во Велес, по 2 во Кавадарци и Прилеп и по 3 во Струмица и Ресен.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG