Настаните на денот низ фотографии - 23 март 2021
Дипломатија, Евровизија, телевизија...

1
МАКЕДОНИЈА / АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана го пречекал македонскиот вицепремиер Артан Груби со лист со напишана електронската адреса на Државниот завод за статистика за попишување во странство, објави Груби на својот официјален фејсбук профил, заедно со фотографии од средбата.

2
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Софија очекува Скопје да го брани правото на секој граѓанин на слободно самоопределување. Ова е став на бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) по повод, како што се наведува, честите манифестации на говор на омраза и дискриминација во Северна Македонија, пренесе МИА. Реакцијата од бугарското МНР доаѓа по неколкудневни објавување коментари во јавност и на социјалните мрежи на адреса на македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, кој изјави дека има и бугарско потекло. За тоа кој ќе биде претставник на Македонија на Евровизија одлучува Македонската национална телевизија.

3
БАНГЛАДЕШ - Најмалку 15 лица загинаа во голем пожар што го уништи бегалскиот камп на припадниците на Рохинџа во Бангладеш, пренесува Ројтерс, според Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Уште 400 лица исчезнаа во пожарот, според УНХЦР. Огнот се проширил во кампот Балухали во близина на градот Кокс Базар во југоисточен Бангладеш доцна во понеделникот (22 март), зафаќајќи илјадници импровизирани засолништа.

4
КИНА / РУСИЈА - Министрите за надворешни работи на Кина и Русија се состанаа за да покажат единство и повикаа на самит на постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) во услови на западни санкции против двете земји за кршење на човековите права и политички несогласувања, објави Радио Слободна Европа на англиски јазик.