Достапни линкови

Вести

Министерот Маричиќ на средби во Брисел, реформите главна тема

Бојан Маричиќ

Министерот за правда Бојан Маричиќ од денеска престојува во неколкудневна работна посета на Брисел каде се предвидени средби со еврокомесари и европратеници на кои ќе се разговара за реформските процеси во земјава и европските реформи со фокус на оние во ресорот правда. За време на посетата, како што соопшти Министерството за правда, предвидено е Маричиќ да се сретне со потпретседателката на Европската комисија за транспарентност и вредности Вера Јурова, европратениците Андреас Шидер, Тања Фајон, Јуан Фернандо, Желјана Зовко, Катарина Барли, Ирена Јовева и Владимир Биличиќ.

Дополнително предвидена е средба со известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук. Министерот Маричиќ во Брисел ќе учествува и на видео настан во организација на Центарот за европска политика (ЕПЦ) каде ќе зборува за европските перспективи на Северна Македонија и владеењето на правото, стои во соопштението на Министерството за правда.

види ги сите денешни вести

Почнува изборната кампања за Локалните избори 2021

Почнува изборна кампања за Локалните избори: Зоран Заев, Зијадин Села, Билал Касами, Христијан Мицскоски и Али Ахмети

Изборната кампања за Локалите избори 2021 закажани за 17 октомври ќе почне денеска и ќе трае 20 дена пред денот на изборите. Кампањата завршува на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври. ДИК, претходно, потврди 303 листи за градоначалници и 567 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.

Партиите потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати. На локалните избори ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани.

ДИК отфрли две листи за градоначалници и шест за советници

Избирачкиот список беше заклучен на седница на Државната изборна комисија (ДИК) во петокот согласно роковникот. Најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82.461 лица, кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган, 1.899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Терминали за отпечатоци на прсти за локалните избори

На локалните избори за првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Како и за парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од ковид-19 и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.

На изборите во Германија, тесна победа на социјалдемократите

Лидерот на Социјалдемократската партија (СПД) и главен кандидат за канцелар Олаф Шолц и ко-лидерот на партијата Саскија Ескен по првите излезни анкети за општите избори во Берлин, Германија, 26 септември 2021 година.

Германските левоцентристички социјалдемократи (СПД) освоија тесна победа пред владејачкиот конзервативен блок на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ, на парламентарните избори во најголемата европска економија. И СПД и ЦДУ/ЦСУ по вчерашните избори тврдат дека добиле мандат за формирање на следната влада, а првичните резултати од гласањето сугерираат долги преговори за формирање коалиција додека Меркел останува на функцијата. Со оглед на тоа што ниту една голема партија нема мнозинство, се чини дека најверојатно сценарио е владејачка коалиција од три партии со Зелените и про-бизнис партијата Слободни демократи (ФДП).

Меркел - од реформатор до канцелар во ера на кризи

Социјалдемократите и нејзиниот кандидат за канцелар Олаф Шолц, вицеканцелар во заминување и министер за финансии добиле 25,7 проценти. Шолц рече дека резултатите се „многу јасен мандат да се обезбеди прагматична влада за Германија“. Со оглед на тоа што Меркел се пензионираше по 16 години на власт, нејзините конзервативци го доживеаа нивниот најлош национален парламентарен резултат во нивната 76-годишна историја. ЦДУ/ЦСУ се предвидува да добие само 24,1 отсто гласови. Тоа е за речиси 9 процентни поени пониско во споредба со последните избори во 2017 година.

Времето денеска: сончево и топло

Ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Преку ноќта кон вторник, претежно во планинските подрачја ќе има услови за краткотраен дожд. Дневната температура ќе биде од 25 до 33 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 31 степен.

Борел - Ја следиме ситуацијата во северниот дел на Косово, провокациите се неприфатливи

Косовски специјалци на граничниот премин Јариње со Србија

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел изјави дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата на северот на Косово и им порача на двете страни дека сите дополнителни провокации или еднострани и некоординирани дејствија се „неприфатливи“.

„Србија и Косово мора безусловно да ја деескалираат ситуацијата на терен со итно повлекување на специјалните полициски единици и отстранување на блокадите на патиштата“, изјави Борел во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Тој истакна дека Србија и Косово мора да најдат решение за да ја смират ситуацијата и да се договорат како да се оди напред, а ЕУ „активно ќе ги поддржи тие напори“.

„И косовските и српските лидери се целосно одговорни за секој ризик по безбедноста и благосостојбата на заедниците во Косово и во Србија. Го истакнав тоа во моите повици до претседателот Вучиќ и премиерот Курти оваа недела“, вели Борел.

Тој нагласи дека дијалогот со посредство на ЕУ останува единствената платформа каде што се разговараат и решаваат сите отворени прашања меѓу страните, вклучително и прашања поврзани со слободата на движење и регистарските таблички, порачувајќи дека „силно ги повикува Косово и Србија да го искористат“.

Пристигнувањето на двајцата главни преговарачи во Брисел во наредните денови е првиот позитивен чекор, изјави Борел, додавајќи дека е клучно тие да дојдат со мандат да разговараат за тоа како да продолжат понатаму и да најдат одржливи решенија што се во интерес на граѓаните.

„Повторуваме – очекуваме и Косово и Србија да се вратат на подобрување на околностите кои водат кон помирување, регионална стабилност и соработка за доброто на своите граѓани. Ова е клучно за постигнување сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација на нивните односи, што е неопходно и за двете страни да напредуваат на својот пат кон ЕУ“, изјави Борел.

Тој изјави дека е во контакт со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кого му се заблагодари за вонредната соработка меѓу КФОР и Еулекс.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Нови 336 случаи на коронавирус, 17 починати

Илустрација: Ковид-болница во Гостивар

Во изминатото деноноќие се регистрирани 336 нови случаи на коронавирус, а 17 луѓе почина, информира Министерството за здравство. Направени биле 3.425 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 169, Велес и Струмица по 21, Куманово 17, Охрид и Кавадарци по 15, Битола 14, Штип 13, Кочани 11, Свети Николе 10, Прилеп 6, Тетово 4, Кичево, Гевгелија и Крива Паланка по 3, Виница, Кратово и Македонски Брод по 2 и Струга, Радовиш, Дебар, Берово и Демир Хисар по еден нов случај.

Починатите се на возраст од 38 до 89 години

Регистрирани сe 222 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.887 бројката на оздравени пациенти е 170.956, на починати е 6.594, а бројот на активни случаи изнесува 12.337.

Седми ден протести во северно Косово, надлетуваат српски воени авиони, војската ја зголеми борбената готовност

Косовски специјалци на граничниот премин Јариње

Протестот на косовските Срби, незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на административните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарски таблички, трае седми ден по ред. Ниту припадниците на специјалната полиција, ниту граѓаните собрани на протестот не се откажуваат од своите позиции.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ синоќа од Њујорк порача дека Белград е подготвен за дијалог, но очигледно дека Приштина не е. Таа апелираше до меѓународната заедница да инсистира Приштина да започне со спроведување на договорот од Брисел, а особено формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО).

Како што соопшти РТС два авиона од типот „орел“ и денеска прелетаа над Јариње правејќи два круга.

Половина час пред прелетот на авионите, областа каде се распоредени косовските полициски специјалци и граѓаните кои протестираат, ги прелета и хеликоптер на КФОР.

Министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, започнаа со обиколка на дел од силите кои се во состојба на зголемена борбена готовност поради настаните во Јариње, соопшти Министерството за одбрана.

Како што е наведено во соопштението, тактичките групи лоцирани во Гарнизонот во Рашка, воената база Рудница и во правец кон административниот премин Јариње, се во состојба на зголемена борбена готовност.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по повод, како што изјави шефот на Алијансата, „загрижувачката состојба во северниот дел на Косово“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Филипче - Од утре почнува вакцинацијата со трета доза против ковид-19 за одредени категории граѓани

Министерот за здравство Венко Филипче

Граѓаните над 60 години, здравствените работници и лица со имунолошки болести со потврда од утре ќе можат да примат трета доза вакцина против ковид-19, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека процесот на скрининг во училиштата ќе почне најверојатно за две недели.

„Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат, притоа таа порака ќе биде потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“, во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата“, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, за скринингот во училиштата министерот Филипче рече дека најверојатно ќе започне за две недели.

Во Берене беше устоличен српскиот епископ Методиј

Устоличување на епископот будимљанско-никшиќки Методиј во манастирот Ѓурѓеви ступови кај Беране

Епископот будимљанско-никшиќки на СПЦ денеска беше устоличен во манастирот Ѓурѓеви ступови кај Беране, на церемонија која ја предводеше патријархот на Српската православна црква Порфириј во присуство на црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, членови на неговата влада, пратеници од владејачкото мнозинство и голем број граѓани.

Церемонијата и литургијата која и претходеше беа обележани со масовно кршење на епидемиолошките мерки од страна на највисоките претставници на власта, во ситуација кога Црна Гора е една од земјите со најбрзо ширење на коронавирусот во Европа, пренесува новинската агенција Бета.

Методиј на чело на епархијата ќе го наследи доскорешниот еписокп Јоаникиј, кој на 5 септември во Цетиње беше устоличен за митрополит црногорско-приморски на СПЦ.

Чинот на устоличување на Методиј не беше проследен со тензии, како на почетокот на септември, кога Јоаникиј беше устоличен на Цетиње со демонстрации и силно противење на граѓаните.

Неколку илјади граѓани тогаш го блокираа Цетиње во обид да го спречат устоличувањето, зашто на СПЦ гледаат како на негатор на црногорскиот идентитет, нација, држава, јазик и култура.

Со висок безбедносен ризик, устоличувањето се изврши во Цетињскиот манастир во кој патријархот Порфириј и митрополитот Јоаникиј беа донесени со воен хеликоптер под силна полициска заштита.

Претходно, полицијата со солзавец ги разби демонстрантите, а во судирите беа повредени 60 полицајци и демонстранти.

МНР на Албанија: Србија да ги повлече вооружените сили од косовска граница

Косовски специјалци на граничниот премин Јариње кон Србија

Албанското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со случувањата на северот на Косово, „изразувајќи загриженост за однесувањето на Србија“.

„Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија е многу загрижено поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Република Косово и најостро ги осудува вандалските дејствија на некои лица. Ништо не ја оправдува употребата на насилство, оштетување на јавниот имот и непочитување на законот. Министерството за Европа и надворешни работи бара овие вандали да бидат изведени пред лицето на правдата“, стои во официјалната реакција на Министерството.

Се додава дека Албанија е особено загрижена за распоредувањето на српските вооружени сили во близина на границата со Косово и воените авиони кои прелетуваат во близина и над воздушниот простор на Косово, кои ги „поттикнуваат поединците да провоцираат немири и насилство, како и да го дестабилизираат Косово“.

Овие акти, се оценува, се косат со меѓународните договори, кои имаат за цел да обезбедат ред и стабилност во тој дел од регионот.

Албанското МНР ја повикува Србија да ги повлече своите вооружени сили во близина на границата, бидејќи, како што стои, провоцираат насилство и посочува дека единствено решение за намалување на тензиите е дијалогот и оти Албанија ќе продолжи да ги поттикнува страните за тоа.

„Ја повикуваме Србија да ги повлече своите вооружени сили испратени на границата со Косово и да работи за итна деескалација на ситуацијата. Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност и веднаш да се упатат кон дијалог, како единствен начин за напредување и решавање на отворените прашања во духот на соработката, на кои Албанија е неповратно посветена, во своите билатерални и мултилатерални напори“, се наведува понатаму во реакцијата.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

На граничните премини се распоредени косовски специјалци, а српски воени авиони ја надлетуваат граничната линија.

Албанија - Утре почнува учебната година, наставниот кадар мора да има сертификат или негативен тест

Дете оди на уличиште во Тирана на 14 септември 2020 година

Во Албанија утре почнува новата 2021/2022 учебна година, а со самото тоа стапува во сила одлуката на Комитетот на експерти за справување со пандемијата, според која наставниот кадар мора да поседува сертификат за вакцинација или негативен тест, што треба да го прават еднаш неделно.

„Утре стапува во сила наредбата за презентирање на потврдата за вакцинација од страна на образовниот кадар во сите училишта во земјата, додека од 11 октомври тоа важи за студентите. Алтернативата за немање сертификат за вакцинација ќе биде неделниот тест или алтернативна настава за невакцинирани студенти“, рече министерката за здравство Огерта Манастирлиу.

Според неа, зголемениот интерес во текот на отворените месеци за вакцинација довело до над 80 отсто од наставниот кадар во основните и средните училишта да е вакциниран со една доза и над 60 отсто со две дози, што, оцени таа, претставува висока покриеност со имунизација против Ковид-19.

Поради трендот на раст на новозаразени и починати од Ковид-19, министерката упати апел до граѓаните да не потпаѓаат под влијание на пропагандата на антивакцерите и да се вакцинираат, како единствен начин на заштита.

Парламентарни избори за наследник на Меркел во Германија

Избори во Германија

Денеска во Германија се одржуваат избори за нов парламент, односно Бундестаг, кој треба да ја определи иднината на земјата, но и на Европа.
Анкетите покажуваат тесна трка за наследник на канцеларката Ангела Меркел која се пензионира по 16 години на власт. Нејзината коалиција ЦДУ/ЦСУ заостанува зад социјалдемократите (СДП), кои се помал партнер во актуелната влада.

Последните анкети покажуваат дека разликата меѓу нив е само неколку процентни поени, но сепак во маргината на грешка, а многу гласачи се неопределени.

Премиерот на Северна Рајна – Вестфалија Армин Лашет е кандидат за канцелар на конзервативната коалиција ЦДУ/ЦСУ, но од неговата номинација во јануари неговата поддршка паѓа.

Во изненадувачки развој на настаните, поддршката за кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц, министер за финансии и вицепремиер, летово се зголеми. Тој се претставува себе си како „кандидат за континуитет“ со оглед на тоа што е вицеканцелар во владата на Меркел.

Иако исходот на изборите е нејасен, повеќето набљудувачи очекуваат тројна коалиција, но не се знае кој ќе биде во неа.

Шолц рече дека ги сака Зелените во неговата влада, но исто така не исклучи вклучување на крајно левата Ди Линке (Левица), ако го надминат прагот од 5 проценти од гласовите да влезат во парламентот.

Шансите на Ди Линке за влез во владата се отскочна штица и за Лашет кој постојано ги предупредува гласачите дека Германија може силно да заврти во лево ако Германците ѝ дадат поддршка на СДП.

„Ако саката стабилност во Германија, ЦДУ/ЦСУ мора утре да биде на прво место“, рече тој на последниот настан во кампањата во неговиот роден град Ахен, заедно со Меркел.

Канцеларката рече дека Лашет е „градител на мостови“, кој направи многу за градење на европското единство.

Друга можна коалиција е продолжување на соработката на ЦДУ/ЦСУ и СДП, можеби заедно со Зелените или со пробизнис Слободните демократи (ФДП).

Меѓутоа, со години постои незадоволство во левичарски наклонетото младинско крило во СДП поради партнерството со конзервативците.

Зелените се на трето место на анкетите, а нивен кандидат за канцелар е Аналена Баербок. Се очекува тие да го зголемат бројот на пратеници и да влезат во владата.

Ако СДП победи, тие може да се обидат да формираат влада со Зелените и со ФДП, но аналитичарите велат дека таква идеолошки различна коалиција може тешко да се формира.

Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) не е вклучена во коалициските пресметки и покрај рејтингот од 11 отсто, зашто сите партии одбиваат да соработуваат со нив.

Главни теми на изборите се климатските промени, пензиите, даноците, минималната плата, домувањето, образованието, здравството, миграциите и дигитализацијата.

Четири Палестинци убиени во судирите со израелските војници на Западниот Брег

Архивска фотографија: Протести на Палестинците на Западниот Брег

Израелските војници убиле најмалку четири Палестинци рано утринава во оружените судири за време на апсењата во окупираниот Западен Брег.
Како што наведе израелската војска, целта била апсење припадници на Хамас на пет локации.

Тројца вооружени Палестинци биле убиени во селото Бидо кај Рамала, а еден кај Џенин, јавуваат палестинските медиуми.

Палестинците наводно отвориле оган кон израелски војници во селото Буркин, каде што израелските сили опколиле една куќа за време на апсењата.

Израелската војска влегла и во градот Беит Фаџар јужно од Витлеем и Хеброн.

Судири имало и во селото Беит Анан северно од Ерусалим каде што биле ранети двајца Палестинци.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет рече дека биле апсени припадници на Хамас кои планирале изведување терористички напади во непосредна иднина.

Портпаролот на израелската војска рече дека во апсењето учествувала елитната воена контратерористичка единица, полицијата, граничната полиција и припадници на безбедносните служби.

Ова се најкрвавите судири меѓу израелските сили и палестинските екстремисти на Западниот Брег во изминатите недели.

Екстремистичкото движење Хамас, кое владее со другата палестинска територија – Појасот Газа, соопшти дека денешните убиства се „резултат на продолжувањето на соработката“ на меѓународни признатата палестинска управа, која владее на Западниот Брег, и израелската влада. Хамас се финансира од Иран.

Израел го освои Западниот Брег во 1967 година и во наредните децении таму основа десетици еврејски населби во кои живеат скоро половина милион еврејски доселеници. Палестинците бараат Западниот Брег да биде дел од нивната идна држава, а еврејските населби ги сметаат за пречка за решавање на судирите со Израел.

Ердоган сигнализира подготвеност да купи повеќе руски ракетни системи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган сигнализира дека размислува за купување повеќе софистицирани руски противвоздушни ракетни системи, потег што дополнително ќе го налути Вашингтон.

Турција, која е членка на НАТО, беше исфрлена од програмата за борбените авиони Ф-35, а турски претставници во одбраната без санкционирани откако Анкара го купи рускиот систем С-400 во 2019 година.

САД велат дека користењето на руски систем во НАТО претставува опасност за авионите Ф-35.

Турција, пак, тврди дека системот С-400 може да се користи независно, без да биде интегриран со системите на НАТО.

Ердоган за американската телевизија Си Би Ес рече дека на Турција не ѝ била понудена можност да купи американски противвоздушен систем Патриот. Тој се пожали што Вашингтон не ги испорачал стелт авионите Ф-35, и покрај тоа што Турција платила 1,4 милијарди долари. Си Би Ес објави делови од интервјуто кое во целост треба да се емитува денеска.

Воени експерти велат дека противвоздушниот ракетен систем С-400 е еден од најнапредните системи за противвоздушна одбрана во светот.
Ердоган треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на 29 септември.

Најмалку тројца загинати и повеќе повредени во железничка несреќа во САД

Илустрација

Најмалку тројца луѓе загинаа, а повеќе се повредени денеска кога воз излета од шините во американската сојузна држава Монтана, објави железничката компанија Амтрак.

Седум од десетте вагони од композицијата излетале од шините околу 16 часот по локално време, односно околу полноќ по европско време во близина на местото Џоплин на северот на Монтана, наведува компанијата.

Во возот кој сообраќал од Сиетл до Чикаго имало 146 патници и 16 вработени.

Амтрак соопшти дека испратил тимови на местото на несреќата и дека тие соработуваат со локалните власти да ги префрлат повредените патници и безбедно да ги евакуираат останатите.

На видео снимките објавени на социјалните мрежи се гледа најмалку еден превртен вагон.

Координаторката на итната служба во Монтана за Њујорк Тајмс изјави дека најмалку 50 луѓе се повредени.

Причината за несреќата сè уште не е позната.

Наутро свежо, во текот на денот сончево и топло

Временска преогноза

Утрово времето е свежо, а преку ден ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната од 27 до 32 степени.

Во Скопје времето ќе биде сончево и топло. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 31 степен.

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Од вторник ќе настапи значителна промена на времето. Ќе преовладува претежно облачно и свежо време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет.

Дневните температури значително ќе опаднат и ќе бидат под просекот за овој период од годината.

Заев очекува исчекор во односите со Бугарија по изборите таму и во Македонија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека очекува исчекор во односите со Бугарија по завршувањето на локалните избори во Македонија на 17 октомври, како и парламентарните избори во Бугарија кои треба да се одржат на крајот на ноември.

„Очекуваме зелено светло во Бугарија, се надевам час поскоро, најскоро во декември да може да го направиме следниот получекор – првата меѓувладина конференција“, рече Заев, додавајќи дека потоа следува скрининг процесот, па отворањето на кластерите.

Тој повтори дека градењето пријателство треба да оди билатерално, сите следни чекори што ќе ги преземаме ќе бидат со давањето поддршка од страна на Бугарија кон Македонија за нашиот европски пат.

Заев рече дека со блокадата на македонските евроинтеграции, Бугарија го прекршила договорот за добрососедство меѓу двете земји.

„Сега можеме да живееме ние со блокадата уште 27 години, како што беше со Грција. Тоа зависи како ќе одлучиме сите ние, или како што ни кажува нашиот народ, барем по истражувањата и тоа што стои, мудри политики водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, изнаоѓајќи ги европските начини како да продолжи нашата земја да се движи кон европското семејство заради европските вредности“, истакна премиерот Зоран Заев.

Нови 392 случаи на коронавирус, 17 починати

Илустрација

Во изминатото деноноќие се регистрирани 392 случаи на коронавирус во Македонија, а 17 луѓе починале од вирусот, информира Министерството за здравство. Направени биле 4.633 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 180, Куманово 32, Кавадарци 20, Битола 18, Кочани 17, Прилеп и Велес по 16, Кичево 14, Тетово, Охрид и Штип по 11, Гевгелија и Крива Паланка по 7, Кратово 6, Радовиш и Валандово по 4, Ресен и Пробиштип по 3, Гостивар, Струмица, Делчево и Виница по 2 и во Неготино, Дебар, Берово и Демир Капија по еден нов случај.

Регистрирани сe 339 оздравени пациенти.

Починатите се на возраст од 46 до 98 години.

Дополнително се пријавени уште три лица починати со ковид-19 од 12 до 22 септември.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.551 бројката на оздравени пациенти е 170.734, на починати е 6.577, а бројот на активни случаи изнесува 12.240.

Индија наредниот месец ќе извезе осум милиони вакцини против коронавирус

Вакцини против коронавирус на Џонсон и Џонсон

Индија до крајот на октомври ќе извезе осум милиони дози од вакцината против коронавирус, откако ја укина забраната за извоз на вакцини, соопшти тамошното Министерство за надворешни работи.

Премиерот Нарендра Моди тоа го ветил и на вчерашниот Самит на лидерите на САД, Индија, Австралија и Јапонија што се одржа во Вашингтон.

Најголем дел од вакцините на производителот Џонсон и Џонсон ќе бидат наменети за земјите во азиско-пацифичкиот регион.

Индиските власти оваа недела ја укинаа забраната за извоз на вакцини, зашто во Индија се намали бројот на заболени и починати од коронавирусот, а вакцинацијата е забрзана.

Индија е еден од најголемите светски производители на лекови. Земјата соопшти дека до крајот на наредната година ќе испорача една милијарда дози од вакцините против коронавирус, но испораките без запрени во мај поради растот на бројот на заразени и починати во земјата.

Околу 47 отсто од населението во Индија примило барем една доза вакцина, а 16 отсто ги примиле двете дози.

Распуштена организацијата во Хонгконг која го организира одбележувањето на убиствата на Тјенанмен

Демонстрант стои пред тенковите на плоштадот Тјенанмен во Пекинг во 1989 година

Организација од Хонгконг, која го организира годишното бдеење на 4 јуни во знак на сеќавање на демонстрантите убиени на плоштадот Тјенанмен во Кина во 1989 година ќе се распушти, откако се соочи со обвиненија поврзани со национална безбедност.

Тоа е најновата од десетици граѓански организации кои се повлекоа во изминатата година, откако Пекинг го воведе законот за национална безбедност во Хонгконг.

„Верувам дека луѓето во Хонгконг, без разлика која е нивната улога, ќе продолжат да го одбележуваат 4 јуни како претходно“, изјави Ричард Цои, секретар на организацијата Хонгконшка алијанса за поддршка на патриотските демократски движења во Кина.

За распуштање на организацијата гласале 41 нејзин член, а четворица биле против, рече Цои.

Хонгконг традиционално го одржува најголемото годишно бдеење во светот на 4 јуни, иако полицијата ги забрани последните два настани поради загриженост од ширењето на коронавирус. Кина ги забранува комеморациите и ја цензурира темата.

Кина никогаш не даде целосен извештај за сузбивањето на протестите во 1989 година. Властите подоцна соопштија дека имало околу 300 жртви, но организациите за човекови права и очевидци велат дека можеби биле убиени илјадници луѓе.

Пекинг во воведе контроверзниот закон во Хонгконг пред една година, по што ги затвори или протера најголемиот број од продемократски политичари.

Поранешната британска колонија е дел од Кина, но е управувана според принципот „една земја, два система“, што значи дека градот има сопствен правен систем и права, меѓу кои и слобода на говор и слобода на печат.

Српски борбени авиони ја надлетуваат административната граница со Косово

Илустрација: Полицајци на ЕУЛЕКС во близина на Звечан

Косовските Срби шести ден по ред протестираат незадоволни од распоредувањето на специјалните полициски сили на граничните премини Јариње и Брњак и одлуката на Приштина да ги замени српските регистарските таблички. Како што објави РТС, два авиони на Војската на Србија во два наврата околу пладне прелетаа над областа во близина на административниот премин Јариње, како и попладнево уште еднаш.

Појавувањето на авионите предизвика аплауз од насобраните, кои извикуваа „Србија, Србија“, објави РТС.

Во изминатите неколку дена, над областа кај Јариње прелетаа и хеликоптери на Војската на Србија.

„Од четврток, три хеликоптери МИ-35 ќе ја надлетуваат областа веднаш до административната линија во близина на преминот Јариње од страна на централна Србија“, потврдија вчера од Министерството за одбрана.

Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, изјави дека МВР и неговите единици и Војската на Србија се подготвени да одговорат на секоја ескалација, но и дека ќе сторат сè за да избегнат какви било конфликти и сè да биде мирно, нагласувајќи дека вооружените единици на Приштина мора да се повлечат од северот на Косово.

„Србија има право со хеликоптери да го контролира секој дел од нејзината територија до административната линија, и тоа се наши редовни активности. Се разбира, сега нашиот интерес за таа област дополнително се зајакна и загрижени сме што вооружени луѓе стојат спроти невооружени цивили“, изјави министерот Вулин во утринската програма на ТВ Прва.

Ноќеска биле запалени објекти во Зубин Поток и Звечан на северот на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Најмалку осум загинати во експлозија на автомобил бомба во Могадишу

Самоубиствен бомбашки напад во Могадишу

Најмалку осум луѓе, меѓу кои две деца, денеска загинаа во Могадишу во експлозија на автомобил бомба на контролен пункт во близина на претседателската палата, соопшти сомалиската полиција.

„Потврдено е дека осум луѓе, главно цивили, загинаа, а седуммина се ранети во експлозија на бомба во автомобил“, наведе полицијата.

Самоубиствениот напад се случил претпладнево на контролен пункт на еден километар од претседателската палата.

Очевидци рекоа дека возилото експлодирало додека му приоѓале стражарите на контролниот пункт.

Одговорноста за нападот ја презедоа џихадистите од организацијата Ал Шабаб, која се формираше во 2000 година по спојувањето на неколку сомалиски исламистички организации и Ал Каеда.

НАТО Центар за поддршка ќе им помага на домашните компании да учествуваат на тендери на Алијансата

Илустрација

Преку НАТО Центар за поддршка на домашните компании што од денеска ќе функционира во Министерството за одбрана, фирми од земјава ќе може да учествуваат на тендери за потребите на Северноатлантската алијанса, кои на годишно ниво изнесуваат 5 милијарди евра.

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Министерството за одбрана истакнаа дека преку центарот компаниите имаат можност да учествуваат во постапките за набавките на НАТО и земјите членки.

„Членството во НАТО ни овозможи сигурност на безбедносен план, но носи и големи придобивки за економијата. Компаниите можат да аплицираат и да заработат од вкупниот буџет од 5 милијарди евра. Нашите компании се рамноправни со другите фирми од земјите членки на НАТО и пред нив има огромни можности за заработка“, истакна Заев.

НАТО Центарот за поддршка ќе биде точка од која компаниите ќе ги добиваат сите информации за учество на тендерите. Тој, како што наведе Заев, нема да биде само бирократска алатка туку алатка која ќе им помага на фирмите.

Шекеринска, пак, порача дека во НАТО центарот домашните компании ќе имаат поддршка, не само административна, туку и за успешно аплицирање на тендери и поврзување со светските гиганти кои веќе имаат договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба и од добавувачи.

Курти по палењето објекти во северно Косово - Србија провоцира сериозен меѓународен конфликт

Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток

Косовскиот премиер Албин Курти, по повод синоќешните напади на објекти во општините со мнозинско српско население, Зубин Поток и Звечан, ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека овие акти се дело на криминалци и дека е „јасно оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим“.

„Поединци или групи на кои владеењето на правото и јавната безбедност им ги загрозуваат криминалните активности ја напаѓаат нашата држава и го загрозуваат мирот. Јасно е оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим. За жал, пред очите на меѓународната заедница, Србија користи граѓани на Косово за да испровоцира сериозен меѓународен конфликт“, напиша Курти.

Тој порача дека таквите напади нема да се толерираат и ги повика граѓаните да останат спокојни и да соработуваат со институциите.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска информира дека синоќа по полноќ е запален Центарот за регистрација на возила, кој се наоѓа во објектот на општината Зубин Поток, а нападнат е и Центарот за регистрација во Звечан.

Во објава преку својата страница на Фејсбук, Свечља оцени дека станува збор за „криминални акти со терористички елементи“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Пожар и подметнат експлозив на северот на Косово

Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска соопшти дека непознати лица претходната ноќ го запалиле Центарот за регистрација на возила во зградата на Општина Зубин Поток, а дека со експлозив е извршен напад врз Центарот за цивилна регистрација во Звечан.

КоССев пренесува дека Свечља на Фејсбук напишал дека тие кривични дела имаат „терористички елементи“.

„Овие кривични дела најдобро покажуваат што би се случиле на граничните премини Јариње и Брњак да не се присутни Специјалните единици за обезбедување на редот и сигурноста“, напиша Свечља.

Тој исто така ги повика жителите на северот на Косово да ги почитуваат законите и да не дозволуваат да бидат манипулирани од оние кои имаат „материјална користи само благодарејќи на тензиите“.

Косовските медиуми претходно објавија дека бомбата на регистрацискиот центар во Звечан наводно ја фрлиле Срби „кои не прифаќаат реципроцитет за регистарските таблички“.

Денеска е петти ден од блокадата на Србите од северно Косово на патиштата кај Брњак и Јариње поради одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.

Српскиот патријарх Порфириј денеска стигнува во Црна Гора за устоличување на епископот Методиј

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј денеска пристигнува во Црна Гора, каде што треба да го устоличи епископот будимљанско-никшиќки Методиј, во манастирот Ѓурѓеви ступови кај Беране.

Свечениот дочек на Порфириј е закажан за 17 часот пред манастирот, а чинот на устоличување за в недела во 9 наутро.

СПЦ и Епархијата будимљанско-никшиќка ги повикаа верниците да присуствуваат на тој чин.

Методиј на чело на епархијата ќе го наследи доскорешниот еписокп Јоаникиј, кој на 5 септември во Цетиње беше устоличен за митрополит црногорско-приморски на СПЦ.

Чинот на устоличување на Методиј и најавата на тој настан не е проследен со тензии, како на почетокот на септември, кога Јоаникиј беше устоличен на Цетиње со демонстрации и силно противење на граѓаните.

Неколку илјади граѓани тогаш го блокираа Цетиње во обид да го спречат устоличувањето, зашто на СПЦ гледаат како на негатор на црногорскиот идентитет, нација, држава, јазик и култура.

Со висок безбедносен ризик, устоличувањето се изврши во Цетињскиот манастир во кој патријархот Порфириј и митрополитот Јоаникиј беа донесени со воен хеликоптер под силна полициска заштита.

Претходно, полицијата со солзавец ги разби демонстрантите, а ви судирите беа повредени 60 полицајци и демонстранти.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG