Достапни линкови

Вести

Врховниот суд ја отфрли последната жалба на Трамп за изборите

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Американскиот врховен суд денеска ја отфрли последната претставка поднесена од поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи за изборите што се одржаа лани во ноември. Судот ја отфрли жалбата без да даде коментар.

Во последниот случај Трамп оспори илјадници гласачки ливчиња во Висконсин, каде што изгуби од неговиот ривал Џо Бајден, кој беше инаугуриран за претседател на САД на 20 јануари. Минатиот месец беа одбиени две жалби на Трамп, една исто така за Висконсин и една за Пенсилванија. Понискиот суд претходно одлучи против републиканскиот кандидат во трите случаи.

Трамп тврдеше и продолжува да тврди дека изборите на трети ноември биле фалсификувани. Неговата кампања и поддржувачите поднесоа и изгубија повеќе од 63 жалби за изборниот процес. Повеќето од жалбите беа одбиени поради недостиг на докази.

види ги сите денешни вести

Починати 23 пациенти и нови 365 случаи на коронавирус

Модуларна ковид болница во Гостивар

Во изминативе 24 часа регистрирани се 365 нови случаи на ковид 19 од вкупно 4.015 тестирања . Најголем дел од новозаразените се од Скопје – вкупно 183, потоа од Охрид 24 и Штип 20.

Во изминатово деноноќие се евидентирани 23 починати лица од кои 8 починати лица од Скопје . Најмладиот починат имал 45 години додека најстариот што починал од последици од коронавирус имал 95 години.

Вкупната бројка на ковид - 19 дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 186.914 бројката на оздравени пациенти е 167.402, на починати е 6.460, а бројот на активни случаи изнесува 13.052.

Четворица астронаути туристи се вратија на Земјата

Спејс Икс безбедно се спушти во водите на Атлантскиот океан,19.09.2021

Четворицата астронаути туристи кои беа на тридневен лет во земјината орбита со капсулата на компанијата Спејс Икс безбедно се спуштија во водите на Атлантскиот океан во близина на Флорида. Ова е прв лет во историјата целосно со екипаж составен од цивили.

Успешното лансирање и враќањето назад на земјата се сметаат за нови чекори во серијата сериозно платени патувања и претставуваат уште една пресвртница во комерцијализацијата на ваквиов тип на туризам, 60 години по првиот лет на човекот во вселената.

Спејс Икс е приватна компанија чиј основач е Елон Маск. Таа направи вселенски брод, го лансираше, го контролираше неговиот лет и ја изврши операцијата на спуштање. Капсулата се спушти со помош на падобранци по автоматизираниот процес на враќање во атмосферата што можеше да се следи и во живо на Јутјуб.
За еден час насмеаните членови на екипажот излегоа од отворот на капсулата и се префрлија на брод на компанијата Спејс Икс.

Ципрас: Мицотакис да ги ратификува меморандумите, а С.Македонија да го спроведе својот дел од договорот

Поранешниот грчки премиер и актуелен лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас на Самитот на „Економист“ во Скопје

Мицотакис не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија, бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамки на Меѓународниот саем, коментирајќи дека сето ова е во корист на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

„Едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на Северна Македонија од грчки воени авиони, а другите се договори со економска содржина, кои кога ти, што се поволни за тебе, не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова“, рече Ципрас.

На втори април 2019 година тогашниот грчки премиер Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев се сретнаа во владата во Скопје. Министрите од двете земји потпишаа три меморандуми за интензивирање на билатералната соработка кои произлегуваа од Договорот од Преспа. Летото истата година се смени власта во Грција, па премиер стана Мицотакис од Нова демократија, партија која кога беше опозиција жестоко се противеше на договорот од Преспа.

Меморандумите од 2019 година, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор, се уште не се ратификувани од грчка страна.

Лидерот на СИРИЗА на денешната прес конференција порача дека и Северна Македонија мора да го спроведе својот дел од договорот и ги спомена трговските ознаки, учебниците, како и спортските здруженија, а како пример ја зема Фудбалската федерација, за која рече дека „не може да се вика поинаку од Фудбалска федерација на Северна Македонија“.

„Кој ќе ги притисне да го спроведат ова? Кога немаш храброст да ги донесеш за гласање, за ратификација трите меморандуми, бидејќи имаш пратеничка група која се плашиш да не ја загубиш. Толку е слаб и кукавица“, коментираше Ципрас за Мицотакис.

Инаку Договорот од Преспа е потпишан на 17 јуни 2018 година. Го потпишаа тогашните министри за надворешни работи од двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, а како главни носители се сметаат македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас. Со договорот се стави крај на повеќедеценскиот спор за името меѓу Скопје и Атина поради кој јужниот сосед од 2008 година го блокираше членството на земјава во НАТО.

До 15 часот попишани над еден милион граѓани

Попис 2021 година

Над еден милион граѓани се попишани денеска до 15 часот, информираат од Државниот завод за статистика.

„До 15 часот, денеска попишани се 1.000.034 лица. Попишувањето оди во најдобар ред и согласно планираниот интензитет“, информираат од ДЗС.

Граѓаните кои имаат дилеми и нејаснотии во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис и на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на петти септември ќе трае до 30 септември. Последниот попис во земјава се спроведе во 2002 година.

Во Пакистан убиен полицаец кој обезбедувал тим за вакцинација против полио

Пакистан- здравстен работник му дава на дете вакцина против полио, август 2021

Непознати напаѓачи синоќа убиле полицаец кој го обезбедувал тимот за вакцинацијата против полио во северозападен Пакистан каде што во тек е петдневна кампања за имунизација, соопшти денеска пакистанската полиција. Нападот се случил во село во областа Кохат, околу 75 километри јужно од Пешавар, главниот град на провинцијата Кибер Пактунква.

Членовите на тимот за вакцинација не се повредени, а засега никој не ја презема одговорноста за нападот. Но, милитантите кои се поврзуваат со Ал-Каеда често ги напаѓаат тимовите за полио вакцинацијата и нивното обезбедување со тврдење дела имунизацијата е заговор на западните земји за да ги стелизираат пакистанските деца.

Пакистан и Авганистан се единствените две земји во светотво кои полио е се уште ендемична болест. Се планира да се вакцинираат 6,24 милиони деца над пет години во таа провинција, за што работат 30,340 тимови. Сето ова е дел од националната програма за сузбивање на болеста до крајот на 2021 година. Досега оваа година не се регистрирани нови случаи на полио.

Османи патува за САД, ќе учествува на Генералното собрание на ОН

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, претстојната недела ќе патува во Соединетите Американски Држави, каде ќе учествува на Генералната дебата на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Во рамки на посетата, како што информираат од Министерството за надворешни работи, предвидени се средби и со високите претставници на администрацијата на САД и посебен настан за воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Филипини.

Во рамки на Генералното собрание, Османи ќе учествува и на бројни состаноци на високо ниво, како што е состанокот на Заедницата на демократии, Алијансата за мултилатеризам и на Конференција за поддршка за влегување во сила на Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестирања.

Османи, како што е најавено од МНР, ќе учествува и на средбата со Генералниот Секретар на ОН, Антонио Гутереш, а ќе присуствува и на обраќањето на претседателот Стево Пендаровски на Генералната дебата. Од МНР, исто така, информираат дека посетата на Османи, ќе се искористи и за натамошно промовирање на заложбите на нашата земја, но и на нашите партнери ЕУ и САД, за поддршка на ефективниот мултилатерализам.

Весковски ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПНМЕ, бара јавно извинување, во спротивно ќе тужи

Директорот на Водовод и канализација Душко Весковски

Директорот на јавното претпријатие Водовод и канализација Душко Весковски реагира на изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски нарекувајќи ги „смешни и трагикомични клевети“ дадени пред почеток на престојната изборна кампања за локалните избори.

„Јас, како генерален директор на ЈП Водовод и канализација Скопје, категорично тврдам дека целата постапка за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа на улица Варшавска е спроведена согласно законските прописи, градежните стандарди и нормативи“, се наведува во соопштението од Водовод и канализација испратено во име на директорот Весковски.

На прес конференција денеска портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски рече дека Весковски, секоја година како директор склучувал рамковна спогодба за изведување на работи и реконструкција, доградба и замена на водоводни мрежи со пет фирми, но потоа морало да има тендер меѓу нив.
Арсовски обвини дека за реконструкција на водоводната мрежа на улица „Варшавска“ во Карпош била избрана фирмата КБК Инженеринг, чии сопственици се сметале дека се многу блиски до СДСМ, а без да има одбирање на најповолен понудувач од тие пет фирми.

Весковски во соопштението, пак, тврди дека врз основа на усвоена инвестициона програма и годишен план за работа, спроведена е постапка за јавна набавка, по што била склучена рамковна спогодба за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа.

„По добиеното одобрение за реконструкција во месец јули 2020 година од Општина Карпош, е спроведена постапка за јавна набавка за склучување на посебен договор преку јавно негативно аукциско наддавање, при што наведената фирма е избрана за најповолен понудувач“, се наведува во соопштението од Весковски.

Документите кои до медумите ги испрати директорот на Водовод и канализација Душко Весковски за изборот на фирмата КБК Инженеринг
Документите кои до медумите ги испрати директорот на Водовод и канализација Душко Весковски за изборот на фирмата КБК Инженеринг

Директорот на јавното претпријатие наведува и дека останатите четири учесници немаат вложено жалба за изборот на најповолниот понудувач и дека градежни активности не се започнати без претходно склучен посебен договор.

Инаку Весковски е и кандидат за градоначалник од СДСМ на скопската општина Карпош за локалните избори кои ќе се одржат на 17 октомври. Во соопштението тој бара извинување и повлекување, на како што наведува, изнесените лаги и невистини, а во спротивно, пишува ќе поведат соодветна судска постапка за утврдување на граѓанска одговорност.

Напад врз возило со талибанци во источен Авганистан

Талибанци во близина на местото на експлозијата во Џалалабад, 18.09.2021

Експлозија чија цел било возило на талибанците во источниот авганистански град Џалалабад се случила денеска, јавуваат локалните медиуми. Експлозијата се случи еден откако најмалку тројца беа убиени во серија експлозии во истата област.

Според првичните извештаи, четири лица, меѓу кои и едно дете се убиени во последниот напад. Очевидци велат дека има неодреден број повредени талибански борци кои биле однесени во болница по експлозијата. Бил оштетен и далновод, што како што јавуваат локалните медиуми, предизвикало да нема струја во областа. Според очевидците целта на нападот било возило на граничната полиција која сега е управувана од талибанците. Засега нема никакви официјални детали.

Вчера во три експлозии загинаа најмалку три лица, а повредени беа 19, во експлозиите кои се случија исто така во Џалалабад, главниот град на источната провинција Нангархар. Очевидци и член на администрацијата предводена од талибанците се цитирани од медиумите дека велат оти најмалку една од екплозиите погодила возило во кое биле талибански борци. Никој не ја презема одговорноста. Нангархар се смета за седиште на Исламска Држава-Корасан кои се непријатели на новите владетели со Авганистан.

Макрон телефонски ќе разговара со Бајден

Претседателот на Франција Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон телефонски ќе разговара со американскиот претседател Џо Бајден во следниве неколку дена за дипломатската криза меѓу двата сојузници, рече денеска портпаролот на владата на Франција Габриел Атал, a пренесува агенцијата Ројтерс.

„Франција ќе бара разјаснување за откажувањето на нарачката на подморници од страна Австралија, а во корист на трилатералниот безбедносен договор со Соединетите Американски Држави и Британија“, рече Атал за телевизијата БМФ ТВ.

Париз итно ги отповика своите амбасадори од Соединетите Американски Држави и Австралија откако официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со САД и Британија со што заврши договорот со Франција за набавка на конвенционални подморници. Одлуката за договорот за нуклеарни подморници е дел од новото безбедносно партнерство за Индо-Пацификот од кое се дел САД, Австралија и Британија, а кое беше објавено на 15 септември.

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција, но дека Австралија имала длабоки и сериозни загрижувања оти поморската флота произведена во Франција не ги исполнува австралиските потреби.

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Шилегов и Весковски за местење тендер

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и директорот на Водовод и канализациja, сега и кандидат за градоначалник на Карпош Душко Весковски, дека местеле тендер за фирма блиска на СДСМ.

Портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски на прес конференција рече дека Весковски, секоја година како директор склучувал рамковна спогодба за изведување на работи и реконструкција, доградба и замена на водоводни мрежи. Арсовски вели дека минатата година била потпишана рамковна спогодба врз основ на тендер со пет фирми, а за секоја реконструкција на која било мрежа , морало да има повторно тендер помеѓу тие пет фирми. Една од од нив е фирмата КБК Инженеринг, чии сопственици, тврди Арсовски, се знаело и се сметале дека се многу блиски до СДСМ како партија.

„ЈП Водовод и канализација одлучуваат да ја реконструираат водоводната мрежа на улица „Варшавска“ во Карпош и реконструкцијата ја започнуваат на ден пред избори на 14-ти јули 2020-та година и реконструкцијата внимавајте ја започнува и ја прави фирмата КБК Инженеринг. Тие почнуваат со работа на 14-ти јули, но без да има одбирање на најповолен понудувач за која од овие пет фирми да ја добие работата. Одлука за најповолен понудувач се носи дури на 6-ти октомври, а договорот е потпишан на 9-ти октомври“, рече Арсовски.

Тој додаде дека според договорот вредноста на реконструкцијата е 18.041.646 денари или приближно 300.000 евра со ДДВ.

„Ние поседуваме сериозни и целокупни докази и документација за целиот овој случај што потенцира и докажува дека овој тендер е наместен, а наредните денови ќе ги обзнаниме во детали“, рече Арсовски.

Во Вашингтон собир за поддршка на обвинетите за упадот во Капитол Хил

Полицајци во Вашингтон пред почетокот на собирот

Неколку стотици демонстранти излегоа на 18 септември во Вашингтон на собирот за поддршка на обвинетите за насилниот упад во американскиот Капитол Хил на шести јануари 2021 година. Собирот се одржуваше со бројно полициско обезбедување, а шефот на полицијата рече дека нема шанси властите да дозволат повторување на она што се случуваше на шести јануари кога насобраните влегоа во зградата. И покрај ангажираноста на целата локална полиција, полицискиот шеф Том Мангер побара асистенција и од националната гарда и нареди Капитол Хил да биде опколен со два и пол метри висока безбедносна ограда.

Освен неколку помали турканици собирот помина без поголеми инциденти. Надлежелните велат дека нивната главна грижа била да не дојде до насилство меѓу демонстрантите и контрадемонстрантите. Мет Брајнард, организатор на протестот, рече дека сакаат да изразат поддршка за 63 луѓе кои се во притвор за учество во упадот во Капитол Хил.

Во нападот на Капитол Хил на шести јануари, стотици приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот во обид да спречат потврда на победата на Џо Бајден. За време на упадот, шест лица беа убиени, меѓу кои и еден полицаец од Капитол, а подоцна повеќе од 480 лица беа уапсени под обвиненија поврзани со нападот.

Завод за статистика: попишани вкупно 951.151 лице

Теренскиот попис на домаќинствата почна на петти септември, а ќе заврши на 30 септември

Вкупно 951.151 лице, 297.089 домаќинства и 402.768 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле – 193.370 лица.

ЕК - Очекуваме од сите да учествуваат конструктивно во пописот

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на петти септември ќе трае до 30 септември. Последниот попис во земјава се спроведе во 2002 година.

МЗ: со хебла отворена таблата за струја во модуларната ковид болница во Прилеп

Општата болница во Прилеп

Министерството за здравство денеска информира дека општата болница во Прилеп синоќа до Министерството за внатрешни работи пријавила случај на физичко оштетување на таблата за електрична енергија во модуларната ковид болница во тој град.

„Обезбедувањето на болницата забележило дека таблата од надворешната страна на болницата е отворена со хебла и го известиле електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција. Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата“, информираат од Министерството за здравство.

Во модуларната болница се хоспитализирано 17 пациенти, наведуваат од министерството, нагласувајќи дека вандализмот не довел до ситуација да се загрози животот на пациентите. Министерството за здравство апелира до надлежните институции за што побрзо расчистување на случајот.

Морисон: Австралија имаше сериозни загрижувања за француските подморници

Австралискиот премиер Скот Морисон

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција што неговата земја го откажа договорот за купување конвенционални подморници во корист на сојузот со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, но нагласи дека тие првенствено треба да ги штитат своите интереси.

„Франција треба да знае дека Австралија имаше длабоки и сериозни загрижувања дека поморската флота произведена во Франција не ги исполнува австралиските потреби“, рече Морисон.

Франција по одлуката на Австралија објави дека итно ги отповикува своите амбасадори од Вашингтон и Канбера. Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан рече дека нивниот потег е оправдан земајќи ја предвид „сериозноста на соопштението“ испратено на 16 септември. Во своето соопштение Ле Дријан наведува дека откажување на Австралија од големиот договор за набавка на француски конвенционални подморници во замена за нуклеарни американски подморници е неприфатливо однесување.

Австралија, Обединетото Кралство и САД на 15 септември објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, а официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со Вашингтон и Лондон.

ГЕРБ повторно на прво место на анкетите во Бугарија

Слави Трифонов, Бојко Борисов, Корнелија Нинова, Христо Иванов, Мустафа Кардаи и Маја Манолова, лидери на ИТН, ГЕРБ, БСП, ДБ,ДСП и „Стани! Доаѓаме“

Според анкетата на бугарската агенција Тренд, ГЕРБ се врати на првото место во довербата меѓу избирачите со сериозна предност пред конкурентите за второто место, а новата политичка формација околу претходните технички министри Кирил Петров и Асен Василев засега има поддршка од девет отсто од гласачите.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, анкетата за претстојните избори што во Бугарија, покажува дека прво место би била ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, со 24,4 отсто, втори ќе бидат „Има таков народ“ (ИТН) со 17,5 отсто, Бугарската социјалистичка партија (БСП) е трета со 16,6 отсто, Движењето за правда и слобода (ДПС) би имало 9,3 отсто, новата партија околу двајцата поранешни технички министри Кирил Петков и Асен Василев 9,1 отсто, а дури по нив е „Демократска Бугарија“ (ДБ) со 8,5 отсто.

Според истражувањето, под цензусот од четири отсто за влез во новото Национално собрание засега се „Стани! Доаѓаме “со 3,8 отсто, следена од проруската партија „Преродба“ со 2,9 отсто и на крајот е ВМРО на Красимир Каракачанов со 2,2 отсто. На изборите на 14 ноември, покажуваат резултатите од анкетата, сакаат да излезат 53 отсто од граѓаните на Бугарија.

Инаку во Бугарија годинава два пати се организираа предвремени парламентарни избори по кои не можеше да се формира политичка влада. Во земјата во моментов има техничка влада што ја формираше бугарскиот претседател Румен Радев по првите избори во април годинава, кога исто како и по овие во јули ниту една партија не успеа да формира влада. Ноемвриските избори ќе бидат трети кај источниот сосед.

Последен ден избори во Русија

Парламентарни избори во Русија

Русите денеска гласаат на последниот ден од трите предвидени за парламентарни избори. Тие поминуваат со наводи за широко распространети нерегуларности и ново сузбивање на движењето на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални. Владејачката партија Единствена Русија се очекува да ги освои парламентарните избори откако власта ги замолче гласните критичари и независните медиуми.

Но, партијата која го поддржува претседателот Владимир Путин можно е да го изгуби супер мнозинство во парламентот. Анкетите покажуваат дека нивната популарност паднала за 30 отсто. Досега Единствена Русија имаше три четвртинско мнозинство во државната дума во која има 450 места со што партијата имаше голема моќ, меѓудругото и сама да го менува Уставот како што стори минатата година и со тоа му овозможи на Путин да се натпреварува за уште два други претседателски мандати и по 2024 година.

Комунистите, втората по големина партија, е можно да освојат повеќе места на сметка на намалување на бројот на пратениците на Единствена Русија. Комунистите имаат силна поддршка меѓу повозрасните Руси, а можно е да добијат и дополнителни гласови од поддржувачите на Навални.

Стратегијата на затворениот опозициски лидер која ја промовираше преку апликацијата Паметно гласање е на гласачите да им се укаже кој кандидат кој е против Путин има најголема шанса да го победи кандидатот на Единствена Русија како начин да не одат залудно опозициските гласови. Повеќето кандидати идентификувани преку апликацијата се од Комунстичката партија.

Парада на гордоста во Белград под мотото „Љубовта е закон“

Белград- учесниците на Парадата на гордоста побараа надлежните да донесат закон за истополови заедници

Под мотото „Љубовта е закон“ вчера во главниот град на Србија Белград се одржа Парада на гордоста. Целта на парадата е ЛГБТИ заедницата во Србија да ги покрене во јавноста прашањата за насилството и дискриминацијата, а едно од главните барања на овогодинешниот настан е усвојување на законот за истополови заедници. Барањата на парадата беа прочитани пред зградата на владата и на парламентот.

"Од Собранието бараме пратениците да дигнат рака и да го усвојат законот, а од претседателот бараме да го потпише бидејќи е во согласност со Уставот“,рече Горан Милетиќ, еден од организаторите на парадата на гордоста.

Кума на Парада на гордоста беше пејачката Наташа Беквалац.

"Не сум тука да ја поддржам ЛГБТИ заедницата, туку да кажам дека сум дел од неа. Ова е ден за сите кои веруваат дека љубовта е закон, а дека слободата е се. За мене постои само еден закон, а тоа е љубов. Среќна Парада на гордоста, чест ми е да шетам со вас, за сите нас и за подобро утре", рече Беквалац.

Настанот беше обезбеден од многу полицајци. Кордоните полиција не дозволуваа пристап до учесниците на парадата за време на прошетката низ центарот на Белград попладнето и за време на забавата која се одржа вечерта.

Белград- полицијата ги спречи десничарските групи да стигнат до местото на кое синоќа учесниците на Парадата на гордоста одржаа забава
Белград- полицијата ги спречи десничарските групи да стигнат до местото на кое синоќа учесниците на Парадата на гордоста одржаа забава

Во центарот на градот истовремено со парадата се одржа и протест на десничарските организации именуван како „Антиглобалистички собир“. На тој собир, кој беше против мерките за спречување на ширењето на ковид19 и вакцините, се слушнаа и навреди и закани упатени кон ЛГБТИ заедницата, а беше запалено и знамето на оваа заедница. Неколку десетици учесници на десничарскиот собир се обидоа да пријдат до паркот во кој се одржуваше забавата на учесниците на Парадата на гордоста, но полицијата ги спречи, по што тие ја маваа со јајца.

Првата Парада на гордоста се одржа во Белград во 2001 година и беше прекината поради насилство од десничарските и хулигански групи. Од 2014 година до денес успешно се одржуваат ненанисилни паради во главниот српски град.

Времето денеска облачно со локален пороен дожд

Времето претпладне во земјава ќе биде променливо облачно со локален пороен дожд и грмежи претежно во планинските региони. Попладне ќе биде умерено облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Во југозападните делови ветерот ќе биде западен и повремено со засилен интензитет.

Утринската температура ќе се движи од 9 до 17, а дневната од 21 до 34 степени.
Во Скопје, облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до 13, а дневната ќе достигне до 30 степени.

Од понеделник времето ќе биде претежно стабилно со повремено зголемена облачност и нешто пониски дневни температури. Особено посвежо ќе биде од среда.

Нови 539 заразени со ковид, починаа 41 лице

Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.589 тестирање, а регистрирани се 539 нови случаи на ковид19.
Од нив најмногу во Скопје – 274, а потоа следуваат Куманово – 52, Кавадарци – 25, Велес – 17, Прилеп – 15, Битола и Штип –по 14, Кочани – 13, Тетово – 12 и Охрид – 11. Во неколку градови регистрирана е едноцифрена бројка новозаразени.

За истиот период пријавени се 41 починат. Меѓу нив и лица на 18, 23 и 31 година од Скопје. Од пријавените 36 се починати во болнички услови, а пет лица се починати во домашни услови.Регистрирани сe 245 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186.549 бројката на оздравени пациенти е 166.851, на починати е 6.437, а бројот на активни случаи изнесува 13.261.

Од ДУИ згрозени, од Алијанса за Албанците бараат итно ослободување на демонстрантите од Мала Речица

Седиштето на ДУИ во Мала Речица

Од владејачката Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска изразија длабока, како што наведуваат, згрозеност од обидите на Алијансата за Албанците да ја скрие нејзината рака и преку протести да ја злоупотреби трагедијата на модуларната болница во Тетово што ја потресе целата земја. Вчерашниот насилен и навредлив протестен марш кон положбата на жената, пишуваат од ДУИ, е уште еден доказ за оваа скриена намера.

„Јасен доказ дека изразеното насилство и оцрнување на жените aлбанки на вчерашните протести носи печат на Села и Таравари се фотографиите од протестот, на кои јасно се гледа присуството на членови на високата партиска структура на Алијансата за Албанците, вклучително и потпретседателката на огранокот Нука Бајрами и не само, но и директните повици објавени на Фејсбук од страна на Арбен Зеќири, одговорно лице на Алијансата за медиумите, да учествуваат во протестите“, наведуваат од ДУИ.

Од Алијансата за Албанците, пак, исто така преку соопштение, наведуваат дека имало десетици случаи и трагедии во кои многу граѓани ги загубија животите и беа оштетени на различни начини, како резултат на последователните влади на ДУИ и во ниту еден од нив нема уапсени.

„Имаме 14 наши сограѓани изгорени во пожарот во модуларната болница во Тетово и сè уште нема апсења или разрешени. Во меѓувреме, кога граѓаните бараат одговорност и правда за сите овие трагедии, полицијата и власта се брзи во нивно апсење и гонење“, наведуваат од Алијансата за Албанците.

Оваа опозициска партија најостро го осуди апсењето и секој друг вид, како што пишуваат, притисок врз секој граѓанин и бараат итно ослободување на демонстрантите.

Денеска тетовската полиција приведе уште две лица поради учество во вчерашниот настан во Мала Речица, кога група луѓе се обидоа насилно да поминат преку полициски кордон за да стигнат до седиштето на политичката партија ДУИ. Со тоа досега пет лица се лишени од слобода.

Инцидентот следуваше по протестниот марш од плоштадот до општината со кој се побара одговорност за 14 лица кои ги загубија животите во пожарот во модуларната ковид болница кој се случи вечерта на Денот на независноста Осми септември. Група млади лица го продолжи маршот кон Мала Речица при што насилно се обидоа да го поминат полицискиот кордон. Притоа повредени беа четворица полициски службеници.

Се урива првата од трите галии во Вардар

Скопје- се урива една од трите галии во Вардар, 18.09.2021

„Првата од 3-те галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата“, ова го објави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на својот официјален Фејсбук профил постирајќи фотографии од уривањето. Галииите во центарот на Скопје беа поставени во реката Вардар од централната и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како дел од проектот Скопје 2014 со кој се измени изгледот на центарот на главниот град.

Во 2011 година Советот на Град Скопје донесе Одлука за спроведување на постапка за доделување на право на поставување урбана опрема за вршење угостителска дејност на Кејот на реката Вардар со која беа предвидени условите за давање на право на угостителите да ги постават овие објекти во времетраење од 30 години, за што треба да плаќаат надомест на Градот Скопје.

Градоначалникот Шилегов, кој како кандидат на СДСМ ја презема градската власт во 2017 година, неколкупати најавуваше отстранување на галиите, но тврдеше дека тоа не може да го реализира поради правни пречки поврзани со наемниците на просториите во галиите.

На денешното уривање реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Рушењето на Галијата е чист предизборен маркетинг на Петре Шилегов. Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво“, наведуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а Шилегов кој истера еден мандат како скопски градоначалник е повторно кандидат на владејачката СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со свој кандидат туку ја поддржаа претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска која се кандидира како независна. Покрај нив двајца за градоначалничката функција на главниот град ќе се натпреваруваат и десет други кандидати, некои од помалите партии, а некои независни.

Почна училишната година во Авганистан, но не и за девојчињата и наставничките

Училница во училиште во Авганистан

Авганистанските девојчиња се исклучени од денешното враќање во дел од класовите во училиштата , откако талибанската власт нареди само момчиња и машки професори да се вратат во училниците. По отстранувањето на авганистанската влада поддржана од западните земји минатиот месец, исламистичката група вети помек начин на владеење од бруталниот кој што го практикуваа од 1996 до 2001 година кога на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште а на жените да работат и да се образуваат.

Но, последниот потег преземен од целосно машката влада на талибанците е закана за женските права. Министерството за образование доцна вчера соопшти дека од денеска се отвораат училиштата и медресите за сите машки, без да ги спомене учителките и девојчињата.

Одлуката се однесува на машките од шесто одделение нагоре и нивните учители. Основните училишта за пониските одделенија веќе се отворени, а момчињата и девојчињата следат настава во различни одделенија, додека некои учителки се вратија на работа.

Во соопштение агенцијата на Обединетите нации за деца УНИЦЕФ го поздрави отворањето на училиштата во Авганистан кои беа затворени со месеци поради пандемијата со коронавирусот. Но, агенцијата наведува и дека е сериозно загрижена за иднината на образованието на девојчињата во таа земја.

Во последните дваесет години направен е значителен напредок во образованието на жените, а нивната писменост се зголеми речиси двојно и стигна до 30 отсто. Во меѓувреме студентите од двата пола учат заедно и не мора да се придржуваат до кодексот за облекување.

Грција со демарш до Турција за вознемирување на брод за научни истражувања

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас

По наредба на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, биле дадени упатства до грчката амбасада во Анкара да достави демарш поради вознемирувањето од турски бродови на бродот за истражување „Nautical Geo“, како и за издавање нелегална Навтекс, соопштија од грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

„Овој континуиран турски став е целосно неприфатлив“, додаваат од Министерството за надворешни работи на Грција.

Според грчките медиуми, станува збор за француски брод што плови под знамето на Малта и изведува истражувања источно од грчкиот остров Крит, а секогаш кога е вон територијалните води е попречуван од турски воени бродови.

Експлозии во Авганистан, најмалку двајца загинати

Илустрацуија- белото знаме на талибанците

Во три експлозии во Авганистан загинаа најмалку две лица, а повредени се дваесет, јавуваат медиумите. Експлозиите се случија во главниот град на источната провинција Нангархар.

Очевидци и член на администрацијата предводена од талибанците се цитирани од медиумите дека велат оти најмалку една од екплозиите во Џалалабад погодила возило во кое биле талибански борци. Меѓу повредените, како што се јавува има жени и деца. На фотографиите од местото на случувањето се гледа пик ап возило со бело талибанско знаме опкружено со остатоци додека вооружени сили гледаат во него. Засега нема други детали.

Претходно денеска, бомба експлодираше во главниот авганистански град Кабул при што се повредени две лица, соопшти полицијата. Целта на нападот се уште не е позната, но локалните медиуми јавуваат дека се случило во област во која доминатно живеат етнички Хазари во западниот дел од градот. Талибанците влегоа во Кабул на 15 август по што беше отстранета авганистанската влада која беше поддржана од западните земји.

Исламистичката група досега не излезе со соопштение за инцидентите и не се знае кој ја презема одговорноста. Талибанците и локалниот огранок на екстремистичката група Исламска Држава-Корасан ја користеа оваа тактика во минатото за извршување напади. Исламска држава-Корасан се непријатели на новите владетели со Авганистан. Отпорот кон талибанците исто така е застапен во Панџшир, планинска област лоцирана околу сто километри североисточно од Кабул.

Македонското знаме во НАТО во Пентагон

Пентагон- Министерката Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер пред македонското знаме во холот на НАТО

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.

Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодарила на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот.

Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.

Државава во март 2020 година стана 30-та членка на НАТО. Аспирацијата да биде дел од воениот сојуз беше стопирана на самитот на алијансата во 2008 година во Букурешт, кога Грција стави вето поради нерешениот спор за името. На 17 јуни 2018 година Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој земјава стана Северна Македонија, а по завршувањето на процедурата влезе и во НАТО.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG