Достапни линкови

Вести

Грција со рецесија помала од очекуваното

Илустрација, туризам грчка плажа на Халкидики

Рецесијата во Грција е помала од очекуваното, покажуваат статистичките податоци. Според првата проценка на БДП за минатата година, според обемот изнесува 168,5 милијарди евра, што е за речиси 15 милијарди евра помалку од 2019 година.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е задоволен од исходот и на својот официјален профил на Твитер напиша дека „Грција е на добар пат кон успехот“. Рецесијата во земјата е подобра од очекуваното, со оглед на тоа дека грчкиот буџет предвидуваше 10,5 отсто.

види ги сите денешни вести

Кабинетот на Јаншна не коментира за нонпејперот за Западен Балкан

Словенечкиот премиер Јанез Јанша

Кабинетот на премиерот на Словенија нема да ја коментира темата за таканаречениот нонпејпер за Западен Балкан, е одговорот што денеска го доби Радио Слободна Европа на барањето за интервју со словенечкиот премиер Јанез Јанша, по повод наводниот документ што го проследил до Европскиот совет.

На помалку од три месеци пред почетокот на словенечкото ротирачко шестмесечно претседателство со Европската унија, во медиумите се појавија тврдења за наводен предлог на Јанша за прекројување на границите на Западен Балкан, како начин да се реши хроничниот проблем меѓу шест земји во регионот.

Со исклучок на Хрватска, која е членка на ЕУ, другите пет земји во своите приоритени цели го имаат приклучувањето кон Унијата. Словенечкиот портал „Нецензурирано“ денеска објави наводна копија на контроверзниот документ.

Според објавената содржина, се зборува за прекројување на границата меѓу Србија и Косово, а предвидена е и можност за отцепување на ентитетот Република Српска од БиХ, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанското мнозинско население кон Албанија и припојување на делови од западна Херцеговина кон Хрватска.

Советот на општина Центар без одлука за суспензија на ДУП за паркингот кај Холидеј Ин

Презентација на идејното решение на инвеститорите за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Без одлука за нова суспензија на спорниот Детален урбанистички план за парцелата спроти Холидеј Ин заврши попладневната денешна седница на советот на општина Центар. Во жестока атмосфера по едночасовно дебатирање за информацијата која ја предложи градоначалникот на општината Саша Богдановиќ за оваа тема, претседателката на Советот Цветанка Симоновска ја прекина седницата. Таа изјави дека не ја гледа целисходноста на дебата во која Советот само разгледува информација, без обврска да донесе некаква одлука, затоа што на дневен ред не било ставено такво нешто.

„Затоа што не можеме да донесеме ниту препорака, ниту заклучок, ниту одлука за суспензија, а сите се на штрек очекуваат такво нешто, а тоа не беше ниту точка на дневен ред“ рече Симоновска.

Претходно министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека денеска се очекува на Совет на општината да се донесе одлука за понатамошно делување за спорниот ДУП.

Градоначалникот Богдановиќ во своето излагање во Советот зборуваше за можните штетни финансиски последици за општината доколку се донесе нова одлука за суспензија на ДУП по која ќе бидат обврзани според новиот закон со рок од најмалку 6 до најмногу 12 месеци да изработи нов ДУП.

„Морам да го предупредам Советот и јавноста дека ако се тргне во постапка за суспензија бидејќи имаме временско ограничувањеи не се постигне посакуваниот ефект може да се соочиме со штета која ќе треба општината да ја плати“ изјави Богдановиќ.

Откако инвеститорот МГ Фешн ги уплатил комуналииите на сметка на општина Центар и Град Скопје, почнува да тече рокот од 15 дена во кој општина Центар треба да издаде дозвола за градба на проектот „Гранд“. Станува збор за изградба на три висококатници со вкупно 400 станови и инвестиција вредна 60 милиони евра.

Невладини организации и универзитетски професори вчера бараа од централната и локалната власт да ја сопрат постапката со која во центарот на градот се предвидува изградба на како што велат „ бетонско чудовиште“. Инвеститорот пак на прес конференција при презентација на проектот навести дека ќе биде изграден урбан и зелен проект.

Балтичките земји ја осудија Москва за зголемувањето на тензиите во источна Украина

Украина- украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба со своите колеги од Естонија, Литванија и Латвија, 15.04.2021

Министрите за надворешни работи на балтичките земји изразија солидарност со Украина и побараа од Москва намалување на тензиите зголемени поради трупањето на руски војници во близина на украинската граница и на окупираниот Кримски полуостров.

“Украина правно и морално е во право и ние ќе го истакнуваме тоа во меѓународните организации. Во моментов има само една страна која треба да намали со своите акции- Руската федерација“, рече министерот за надворешни работи на Латвија Едгард Ринкевич на заедничката прес конференција со своите колеги од други две балтички земји- Литванија и Естонија која се одржа во Киев.

Инаку големо движење на руската војска кон границата со Украина и на украинскиот полуостров Крим кој е анектиран од Русија е забележано на фотографии и видеа, што ги поттикна загрижувањата дека Москва можеби се подготвува да испрати свои сили во источна Украина.

Претседателот на САД Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел, во телефонски разговор се согласија да побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница, каде состојбата на теренот се влошува.

Кремљ претходно ги отфрли барањата на западните земји да ги повлече војниците и негира дека тие се закана наведувајќи дека воените движења на руска територија се суверено прашање

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк помина во собраниската комисија

Шар Планина, Попова Шапка.

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница го разгледа Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во прво читање и едногласно со 10 гласа „за“ оцени дека е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Вкупната површина на националниот парк се предвидува да биде 62.705 хектари од кои 26,5 отсто во строга заштита, 49,06 во активно управување, а 22,02 отсто во одржливо користење.

Со Предлог-законот, како што истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, се утврдуваат границите, зоните, името, меѓутоа и клучните прашања уредени во Законот за заштита на природата, односно управувачката структура и начинот на функционирање кој ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата.

Носењето на законот го поздравија пратениците од власта и опозицијата иако имаа одредени забелешки особено во делот на спречувањето на дрвокрадците, изградбата на малите хидроцентрали и неконтролираното градење.

Иницијативата за прогласување на Шара за национален парк е започната пред повеќе од 20 години. Во меѓувреме, природата на планината беше уништувана со сеча на шумите, но и со бројни проекти за изградба на мали хидроцентрали кои ги одобри државата. Дел активисти за заштита на животната средина се сомневаат дека прогласувањето на Шара за заштитено подрачје било одложувано токму поради изградбата на малите хидроелектрани.

Протест на КСС- бараме почитување на законите и на колективните договори

Скопје- Протест со возила на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) под мотото „Доста е, претеравте“

Почитување на законите и почитување на колективните договори, ова се двете барања кои пред Зградата на Владата ги кажа претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски. Тие денеска организираа протест со возила кој почна од кај Македонската телевизија, а продолжи преку булеварот „Кочо Рацин“, до Собранието и заврши пред Владата.

„Ако не не се сослушаат деновиве донесовме одлука да продолжиме понатаму. Ќе биде порадикално и помасовно, денеска беше само предупредување“, рече Ралповски.

Од Конфедерацијата тврдат дека нема социјален дијалог, дека нема почитување на минималната плата, има проблеми со неработната недела, нема 100 отсто боледување за ковид-19, а има притисоци врз синдикалните лидери. Мотото на протестот беше „Доста е, претеравте“.

МВР- проблемот со двојните матични броеви е од 1981 година

Зградата на Министерството за внатрешни работи

Министерството за внатрешни работи во врска со денешниот брифинг за медиуми на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека биле издавани лични документи на исти лица со различни матични броеви информира дека ваквата појава започнала во 1981 година. Од МВР тврдат дека по откривањето на ваквата појава почнале со поништување на тие матични броеви и дека таа постапка веќе подолг период е во тек, а дека голем дел од овие матични броеви се поништени.

„Изјавата дека во Република Северна Македонија има 20 000 дупли матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги во предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи“, наведува во соопштението Министерството за внатрешни работи.

Од таму се повикуваат на Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година. Велат дека определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 01.01.1981 година и требало да заврши на 31.12.1985 година и дека во тој временски период направени се грешки, а дека дупли матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени и технички пропусти. Од полицијата тврдат дека досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година, а дека во Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580, а за 80 постапката е во тек.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“. Според него, покрај аферата Мафија, каде што структури на власта, како што рече, „издавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броеви“.

„Според информациите што ги добивме во Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви. Едно лице со два матични беоеви го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата можат да ги злоупотребуваат државните институции, банките..., рече Мицкоски.
.

Нови 890 заразени со Ковид19, 35 починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, дека во последните 24 часа се направени 3.284 тестирања, а регистрирани се 890 нови случаи на Ковид19. Најмногу од нив во Скопје – 349, а потоа следуваат Битола – 68, Куманово – 59, Прилеп – 52, Тетово – 36, Струмица - 35, Велес – 32, Охрид – 29, Кавадарци – 27, Штип - 25, Кочани – 24, Кичево – 20, Гостивар – 19, Виница – 15, Гевгелија - 14, Неготино и Валандово – по 11. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Пријавени се вкупно 35 починати лица. Меѓу починатите има и лица на 34, 35 и 39 годишна возраст. Сите се починати во болнички услови.
Регистрирани се 1.024 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 145.001, бројката на оздравени пациенти е 120.707, на починати е 4.357, а бројот на активни случаи изнесува 19.937.

Бугарскиот парламент ќе го повика Борисов да даде отчет за својата работа

Ива Митева, новата претседателка на бугарскиот парламент,15.04.2021

Новоизбраната претседателка на бугарскиот парламент, Ива Митева од партијата „Има таков народ“ денеска соопшти дека на првиот претседателски совет била донесена одлука пратениците да немаат одмор за Велигден.Како што јави дописникот на МИА од Софија, се разговарало и за формирање на првите неколку комисии во новиот 45-ти бугарски парламент, како и за внесување во процедура на нацрт-законот за измена и дополнување на Изборниот законик. Измените се однесуваат на избирачките места во странство, Изборниот законик и гласањето на Бугарите во странство.

Бугарскиот парламент ќе ја одржи својата прва редовна седница в петок, на која ќе биде сослушан премиерот Бојко Борисов. Ова е одлуката што ја соопшти Маја Манолова, претседателка на пратеничката група на „Стани! Излези!“.

На истата седница ќе се расправа и за предлогот на истата пратеничка група за формирање на комисија за ревизија на владеењето на ГЕРБ, како и на првите три комисии – за правни работи, за здравство и за буџет. Борисов, кој доминира во бугарската политика од 2009 година, рече дека ќе го напушти своето место како пратеник во новиот парламент за да се фокусира врз неговата партија на десниот центар.

Блинкен ненајавено во посета на Авганистан

вганистан-Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен и авганистанскиот претседател Ашраф Гани, 15.04.2021

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен денеска пристигна во ненајавена посета на Авганистан каде што на авганистанските власти ќе им го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден за повлекување на војската од таа земја. Блинкен се среќава со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, со премиерот Абдула Абдула и со претставниците на граѓанските организации.

Оваа посета следува ден по одлуката на Бајден да ги повлече преостанатите 2500 американски војници од Авганистан до 11 септември, односно до 20 годишницата од терористичките напади во САД кои беа причина за американската инвазија. Бајден рече дека дошол моментот да се заврши со „најдолгата војна на Америка“.

НАТО веднаш го следеше примерот на САД и вчера објави дека од први мај почнува со повлекувањето на околу 7000 војници на Алијансата, а дека повлекувањето ќе биде завршено за неколку месеци.

Блинкен во главниот град на Авганистан Кабул стигна од Брисел каде што заедно со американскиот министер за одбрана Лојд Остин ги известија челниците на НАТО за повлекување на американските сили.

Адвокатката на Навални осудена на „поправна работа“

Архивска фотографија - Лјубов Собол и Алексеј Навални

Љубов Собол, адвокатката на затворената Фондација за борба против корупција на опозицискиот политичар Алексеј Навални (ФБК), беше осудена на една година условна казна „корективна работа“ за неовластен пристап до станот на член на службата за безбедност.

Според руското законодавство, оние кои биле осудени на ваква казна, мораат да ја платат потребната сума на Државната каса доколку се вработени, а доколку не се за време на казната, мораат да работат на работни места утврдени од Федералната казнена служба.

На 15 април, судот го прогласи Собол за виновен за нелегално влегување во станот на офицерот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Константин Кудријавцев во декември 2020 година, неколку часа откако Навални објави снимка од, како што рече, телефонски разговор со Кудријавцев.


За време на 49-минутниот телефонски повик, во се претстави како службеник на ФСБ што спроведува внатрешна ревизија, Кудријацев ги опиша деталите за труењето со Навални. Истражителите рекоа дека Собол ја турнал свекрвата на Кудријавцев, која ја отворила вратата на станот и насилно влегла внатре.

Собол го отфрли обвинението, велејќи дека не ја присилила свекрвата на Кудрјавец, туку отишла во станот да се сретне со Кудрјавец и го прашала за неговиот разговор со Навални. Ова беше „класично судење за Путин“, им рече Собол на новинарите пред зградата на судот, додавајќи дека ќе се жали на пресудата.

Уставен суд ќе чека мислење од ДКСК дали судиите имаат судир на интереси, па ќе решава за Законот за банки

Илустрација

Уставниот суд на денешната седница ја разгледа иницијативата поднесена за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, но гласањето беше одложено со цел претседателот на Уставниот суд да поднесе иницијатива до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за проверка на евентуален судир на интереси на судиите со Еуростандард банка, што е од значење за понатамошниот тек на постапката.

По добивањето на информацијата од Антикорупциската комисија, како што велат од Уставниот суд, ќе продолжи постапката за овој предмет. Седницата претходно на двапати беше одложена на 25 март и на 7 април поради состојбата со ширењето на коронавирусот.


Оштетените штедачи, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка денеска организираа собир пред Уставниот суд.

„Денеска сме повторно пред Уставниот суд, со надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава. Денеска повторно на дневен ред пред Уставниот суд е одлуката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки“, наведуваат штедачите.

Според нив, членот 163 став 3 од Законот за банки претставува генератор што продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.

Едштадлер: Немам разбирање за бугарската блокада за Македонија, треба да ја тргне

Вицепремиерот Никола Димитров и австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер

Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира.

Ова денеска го порача австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, јави МИА.

Едшадлер бара Бугарија да ја одблокира Македонија.


„И понатаму останува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела. Се додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него“, истакна Едштадлер.

Австриската министерка ја потенцираше поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава кон Северна Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија, додавајќи дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со којшто, рече, не поврзуваат историски корени.

Мицкоски тврди дека отвора афера „Мафија 2“ со двојни матични броеви

Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“. Според него, покрај аферата Мафија, каде што структури на власта, како што рече, „изддавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броеви“.

„Според инфорамциите што ги добивме во Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви. Едно лице со два матични беоеви го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата можат да ги злоупотребуваат државните институции, банките..., рече Мицкоски.


Како што појасни Мицкоски, повикувајќи се на документи кои ги добиле во партијата, „аферата Мафија 2 окрива дека едно лице со два матични броја еднаш се јавува во избирачкиот список со своето вистинско име и со вистинската адреса, а вториот пат регистрирано како друго лице во друга општина“ и, како што додаде „овој криминал се користел за гласање“.

Инаку денеска, Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството познат како „Двојник“. Овој случај опозицијата го нарекува „Мафија“. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Останува опцијата за одложување на Олимписките игри

Илустрација - Националниот стадион во Токио

Висок функционер на владејачката партија во Јапонија, Тоширо Никаи, изјави дека сè уште постои опција да се откажат Олимписките игри во Токио доколку се влоши ситуацијата со коронавирусот, објави денеска (15-ти април) агенцијата Кјодо.

Останаа помалку од 100 дена до планираниот почеток на големото натпреварување.

Ако зголемувањето на бројот на случаи би значело дека одржувањето на Игрите е невозможно, „ќе мора да се откажеме“, рече Никаи, генералниот секретар на Либерално-демократската партија, во телевизиско интервју.

Никаи е клучен сојузник на премиерот Јошихиде Суга и е познат по своите искрени коментари.

Во ковид центрите има 1687 пациенти и околу 340 слободни места

Ковид-19 центар во Скопје

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1687 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите, информираше денеска Министерство за здравство.

„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопшти Министерство за здравство.

Денеска министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека од Кинеската амбасада најавиле околу 28 месецов државата да очекува 200.000 вакцини од Синофарм, а вчера Филипче најави и дека на 19 и на 26 април ќе пристигнат по 10 илјади вакцини против ковид-19 од Фајзер.

Првачињата ќе се запишуваат и дигитално

Ученик и наставничка со заштитни маски на час во време на пандемија, Скопје 2020

Уписите во основното образование од септември ќе бидат во дигитална форма и тоа е нешто на што работевме во изминатиот период, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на конференцијата за дигитализација на јавните услуги во областа на образованието.

Царовска ги повика родителите да ја искористат можноста за дигитално запишување во основното образование за наредната учебна година, нова дигитална услуга која ќе почне да се применува во мај, со што, рече, ќе се избегне и метежот во училиштата.

Министерката додаде дека очекува дека ваков современ пристап ќе има и за упис во средното образование, дека во наредниот период ќе се дигитализираат и сите услуги поврзани со конкурсите за наука.

Угостителите ќе протестираат - бараат грантови и еднократна помош

Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК

Во околности со загрозена егзистенција на цел сектор, кој нема ниту основна помош, иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминат, истакнаа денеска од Туристичко угостителската комора на Македонија (ТУК). Тие денеска ги кажаа нивните барања до Владата за справување со економските последици од ковид пандемијата и најавија радикализација на нивното дејствување ако тие барања и мерки целосно не се реализираат.

„Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа денес Туристичко-угостителската комора, ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на делувањето кое ќе трае се додека овие мерки целосно не се реализираат“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.

ТУК, меѓу другото, бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, а кои со месеци немаат никаква помош.

„Потенцираме дека под помош не сметаме понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа“, истакна Ангеловски.

Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година.

Филипче: 200.000 кинески вакцини пристигнуваат на крајот на месецов

Министерот за здравство, Венко Филипче

На 28 април во Македонија треба да пристигнат сите 200 илјади кинески вакцини, изјави министерот за здраство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека денеска „им се јавиле од Кинеската амбасада во Скопје и им кажале дека кинеските вакцини треба да ги очекуваме околу 28 април“.

Претходно, според вчерашната најава од Филипче, на 19 и на 26 април треба да пристигнат по 10 илјади вакцини од производителот „Фајзер“.

Според последните податоци, до вчера во Македонија имаше 30 илјади вакцинирани граѓани, а денеска почна вакцинацијата на лицата под 75 години.

„Меѓународен сојуз“ - Бизнисмен тврди дека на Боки 13 му дал 350.000 евра во кеш

Архивска фотографија - Боки 13 на едно од рочиштата за „Меѓународен сојуз“

Со сведочењето на менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, кој пред Судот изјави дека „на Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

„Дополнително, на фактура на невладината, компанијата Дрим Билдинг, исплати уште 15 милиони денари“, сведочеше Лога, додавајќи дека верувале оти проектот ќе биде успешен.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски - Боки 13, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.


Сведокот Лога на денешното рочиште рече дека стекнале доверба бидејќи во проектот „гледале луѓе од Владата“.

„Довербата ја стекнавме дека имаше и луѓе од владата, како Фросина Ременски, на состаноците повремено присуствуваше и Александар Кирацовски и кога тие ги гледате имате доверба дека проектот ќе се реализира“, изјави во судницата Ресул Лога.

На рочиштето одржано на 24 март 2021 година, уште еден сведок во случајот го обвини Бојан Јовановски за измама. Тогаш дипломираниот инженер Јованка Стојановска – Кухар, во својство на сведок, во Судот изјави дека „на прво обвинетиот Бојан Јовановски, во случајот „Меѓународен сојуз”, дала околу 250 илјади евра со цел на инвестиција, а парите што ги дала ги собрала со тоа што „си ги продала становите во Скопје и во Словенија“. Таа пред Судот тврдеше дека парите ги дала на доверба, но била измамена иако никогаш не помислила дека нешто такво ќе се случи.

Стано: Приоритет на Косово треба да биде дијалогот со Србија

Петер Стано

Европската унија ЕУ) смета дека новите косовски институции треба да ја искористат можноста која таа им ја нуди со посредувањето во дијалогот со Србија, за да се дојде до успешен договор за помирување меѓу двете држави, порача портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Петер Стано.

Стано за телевизијата Клан Косова изјави дека приоритетите кои ги определил премиерот Албин Курти се многу значајни за Косово на внатрешен план, но дијалогот со Белград треба да биде главниот приоритет на косовската надворешна политика.


„Внатрешните приоритети на Курти се многу значајни. Меѓутоа, во исто време, дијалогот е најбитниот приоритет на надворешната политика на Косово и не треба да се гледа како одвоен или како нешто што не е во согласност со другите приоритети кои ги спомeна премиерот“, изјави Стано.

Косовскиот премиер Курти во неколку наврати изјавуваше дека дијалогот со белград не е во приоритетите на неговата Влада.

Бојко Борисов поднел оставка до новите бугарски пратеници

Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска поднесе оставка пред новоизбраното 45-то Национално собрание на раководениот од него Совет на министри, објавија бугарските медиуми од прес-центарот на Советот на министри, кратко официјалниот почеток на седница на новиот парламентарен состав, јави МИА од Софија.

Според нив, писмото на премиерот Борисов, со кое тој поднесе оставка на кабинетот, денеска беше доставено до претседателот на Националното собрание.Борисов не е присутен во салата на Националното собрание каде се одржува првата седница на новоизбраниеот парламент.

Третиот кабинет на Борисов стапи на должност на 4 мај 2017 година. Тоа бшее прв мандат што лидерот на ГЕРБ го заврши како премиер, откако тој беше принуден да поднесе оставка во претходните два пред нивното истекување.

САД ќе им воведат анти-дампинг данок на 18 земји

илустрација

Министерството за трговија на САД се подготвува да ги оданочи извозниците на алуминиумски лимови од 18 земји откако утврди дека тие имале корист од субвенции. Комисијата за меѓународна трговија на САД, независно тело, мора да ја одобри конечната одлука до денеска за наметнување на анти-дампинг давачки, се вели во соопштението на Одделот. Истрагата, започната под администрација на Доналд Трамп, беше побарана од скоро десетина американски производители на легури на алуминиум, вклучувајќи ги производите на „Арконик“ и „Алерис Роли“, кои сметаа дека имаат штети од конкурентскиот увоз по пониски цени.

Кина почнува анти-дампинг истрага за челикот од ЕУ, Јужна Кореја и Јапонија

Администрацијата на претседателот Џо Бајден утврди дека од увозот од Германија таа земја има корист во опсег од 40 до 242 проценти. Истото важи и за листовите од алуминиумски легури од Бахреин и Индија. Другите засегнати земји се Бразил, Хрватска, Египет, Грција, Индонезија, Оман, Романија, Србија, Словенија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Шпанија, Тајван и Турција.

Бајден и Меркел ќе побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница

Москва има собрано десетици илјади војници на границата со Украина

Претседателот на САД Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел, во телефонски разговор се согласија да побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница, каде состојбата на теренот се влошува. Претходно германскиот министер за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ја обвини Русија за „провокација“ во врска со украинското прашање и рече дека со загриженост ја следат ситуацијата. Москва има собрано десетици илјади војници на границата со Украина, која има желба да влезе во НАТО. Паралелно со ова, од почетокот на годинава насилството повторно се интензивира во источна Украина меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира

Вчера министрите за одбрана на 30 земји од НАТО разговараа за тензиите со Русија околу Украина на видео средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во седиштето на Алијансата во Брисел. Американскиот претседател Бајден му предложи на својот руски колега Владимир Путин самит во трета земја во блиска иднина.

Комитетите за разузнавање на Конгресот на САД расправаат за заканите во светот

Вилијам Барнс, директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА),

Шефовите на главните американски разузнавачки агенции предупредија дека Кина е „невиден“ приоритет, повикувајќи се на регионалната агресија и сајбер можностите на Пекинг. Ова беше наведено на јавното сослушување во Конгресот за глобалните закани. Сослушувањето во Комитетот за разузнавање американскиот Сенатот кое се одржа вчера беше заглавено во минатата година, откако разузнавачите се залагаа тој да се одржи целосно зад затворени врати, наводно поради загриженоста од спротивставување на поранешниот претседател Доналд Трамп за јавна седница. Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом пак, нема одржано такво рочиште од 2017 година.

Рускиот амбасадор во САД се врати во Москва по изјавата на Бајден за Путин

Во 2019 година, Трамп ги нападна своите врвни разузнавачки шефови за сведочењето дека Иран „технички“ бил во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година, твитувајќи дека треба „Да се вратат на училиште!“ На сослушувањата сведочат директорот на ЦИА Вилијам Барнс, директорот на ФБИ Кристофер Вреј, директорот на НСА, генерал Пол Накасоне и директорот на агенцијата за одбрана, генерал-полковник Скот Бериер. Претседавачот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом демократот Адам Шиф ги оцени сослушувањата за „особено навремени“, забележувајќи дека имало „закани што брзо се развиваат“ и кои вклучуваат „растечка голема конкуренција на моќ од Кина, зголемена закана од домашен насилен екстремизам, нуклеарни опасности што произлегуваат од нации како Иран и Северна Кореја и дестабилизирачки влијанија на прекугранични закани како климатски промени и пандемични болести“.

Бајден: Вашингтон ја исполни целта - Авганистан веќе не се користи за напад врз Америка

Џо Бајден

Соединетите држави ја „исполнија целта“ Авганистан повеќе да не служи за напад врз Америка, рече претседателот Џо Бајден, најавувајќи повлекување на американските трупи од Авганистан до 11 септември. „Мислам дека нашето присуство во Авганистан треба да биде концентрирано на причината зошто отидовме таму на прво место ... а тоа е да осигуриме дека Авганистан повеќе не служи како база за нов напад врз нашата земја. Ние го сторивме тоа. Ние ја исполнивме таа цел“, рече Бајден.

Блинкен: Време е НАТО да се повлече од Авганистан

Тој додаде дека нападите на 11 септември 2001 година „не можат да објаснат“ зошто американската војска сепак ќе биде присутна во Авганистан 20 години подоцна. „Ние ќе ги повикаме Талибанците одговорни за нивната посветеност да не дозволат никакви терористи да им се закануваат на САД или нивните сојузници од авганистанско тло“, рече тој, повикувајќи го Пакистан да стори повеќе за да му помогне на Авганистан. Тој рече дека е време да се стави крај на „најдолгата војна во Америка“, но додаде дека нема да има брз излез.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG