Достапни линкови

Вести

Навални преместен од озогласениот притвор во Москва

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска е префрлен од озлогласениот притворски центар во Москва. Неговиот адвокат Вадим Козбаев не откри повеќе детали ниту каде е трансфериран Навални.

Претходно Судот во Москва ја потврди затворската казна на опозицискиот политичар Алексеј Навални во врска со неговата пресуда за проневера, но му ја намали казната за месец и половина, поради отслуженото време.

Навални претходно поднесе жалба на пресудата со која претходно овој месец беше осуден бидејќи ја прекршил условната казна дадена претходно.

Навални беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија, каде што со месеци се опоравуваше од труење со нервен отров. Неговото апсење предизвика протести низ цела Русија, кои завршија со апсење на околу 11.000 луѓе.

види ги сите денешни вести

Адвокатката на Навални осудена на „поправна работа“

Архивска фотографија - Лјубов Собол и Алексеј Навални

Љубов Собол, адвокатката на затворената Фондација за борба против корупција на опозицискиот политичар Алексеј Навални (ФБК), беше осудена на една година условна казна „корективна работа“ за неовластен пристап до станот на член на службата за безбедност.

Според руското законодавство, оние кои биле осудени на ваква казна, мораат да ја платат потребната сума на Државната каса доколку се вработени, а доколку не се за време на казната, мораат да работат на работни места утврдени од Федералната казнена служба.

На 15 април, судот го прогласи Собол за виновен за нелегално влегување во станот на офицерот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Константин Кудријавцев во декември 2020 година, неколку часа откако Навални објави снимка од, како што рече, телефонски разговор со Кудријавцев.


За време на 49-минутниот телефонски повик, во се претстави како службеник на ФСБ што спроведува внатрешна ревизија, Кудријацев ги опиша деталите за труењето со Навални. Истражителите рекоа дека Собол ја турнал свекрвата на Кудријавцев, која ја отворила вратата на станот и насилно влегла внатре.

Собол го отфрли обвинението, велејќи дека не ја присилила свекрвата на Кудрјавец, туку отишла во станот да се сретне со Кудрјавец и го прашала за неговиот разговор со Навални. Ова беше „класично судење за Путин“, им рече Собол на новинарите пред зградата на судот, додавајќи дека ќе се жали на пресудата.

Уставен суд ќе чека мислење од ДКСК дали судиите имаат судир на интереси, па ќе решава за Законот за банки

Илустрација

Уставниот суд на денешната седница ја разгледа иницијативата поднесена за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, но гласањето беше одложено со цел претседателот на Уставниот суд да поднесе иницијатива до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за проверка на евентуален судир на интереси на судиите со Еуростандард банка, што е од значење за понатамошниот тек на постапката.

По добивањето на информацијата од Антикорупциската комисија, како што велат од Уставниот суд, ќе продолжи постапката за овој предмет. Седницата претходно на двапати беше одложена на 25 март и на 7 април поради состојбата со ширењето на коронавирусот.


Оштетените штедачи, физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка денеска организираа собир пред Уставниот суд.

„Денеска сме повторно пред Уставниот суд, со надеж дека конечно ќе преовлада правдата и ќе победи правната држава. Денеска повторно на дневен ред пред Уставниот суд е одлуката за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки“, наведуваат штедачите.

Според нив, членот 163 став 3 од Законот за банки претставува генератор што продуцира нееднаквост на правните и физичките лица депоненти на банка во однос на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на банка.

Едштадлер: Немам разбирање за бугарската блокада за Македонија, треба да ја тргне

Вицепремиерот Никола Димитров и австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер

Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира.

Ова денеска го порача австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, јави МИА.

Едшадлер бара Бугарија да ја одблокира Македонија.


„И понатаму останува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела. Се додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него“, истакна Едштадлер.

Австриската министерка ја потенцираше поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава кон Северна Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија, додавајќи дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со којшто, рече, не поврзуваат историски корени.

Мицкоски тврди дека отвора афера „Мафија 2“ со двојни матични броеви

Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите, изјави дека „отвора афера Мафија 2, која се однесува на изготвување и издавање лични документи на исти лица со различни матични броеви во Македонија“. Според него, покрај аферата Мафија, каде што структури на власта, како што рече, „изддавале патни исправи и документи за идентификација на криминални структури“, во оваа афера можело да се види дека „едни исти лица имаат по два матични броеви“.

„Според инфорамциите што ги добивме во Македонија постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви. Едно лице со два матични беоеви го има двапати во избирачкиот список. Со двоен идентитет лицата можат да ги злоупотребуваат државните институции, банките..., рече Мицкоски.


Како што појасни Мицкоски, повикувајќи се на документи кои ги добиле во партијата, „аферата Мафија 2 окрива дека едно лице со два матични броја еднаш се јавува во избирачкиот список со своето вистинско име и со вистинската адреса, а вториот пат регистрирано како друго лице во друга општина“ и, како што додаде „овој криминал се користел за гласање“.

Инаку денеска, Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството познат како „Двојник“. Овој случај опозицијата го нарекува „Мафија“. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Останува опцијата за одложување на Олимписките игри

Илустрација - Националниот стадион во Токио

Висок функционер на владејачката партија во Јапонија, Тоширо Никаи, изјави дека сè уште постои опција да се откажат Олимписките игри во Токио доколку се влоши ситуацијата со коронавирусот, објави денеска (15-ти април) агенцијата Кјодо.

Останаа помалку од 100 дена до планираниот почеток на големото натпреварување.

Ако зголемувањето на бројот на случаи би значело дека одржувањето на Игрите е невозможно, „ќе мора да се откажеме“, рече Никаи, генералниот секретар на Либерално-демократската партија, во телевизиско интервју.

Никаи е клучен сојузник на премиерот Јошихиде Суга и е познат по своите искрени коментари.

Во ковид центрите има 1687 пациенти и околу 340 слободни места

Ковид-19 центар во Скопје

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1687 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите, информираше денеска Министерство за здравство.

„Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопшти Министерство за здравство.

Денеска министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека од Кинеската амбасада најавиле околу 28 месецов државата да очекува 200.000 вакцини од Синофарм, а вчера Филипче најави и дека на 19 и на 26 април ќе пристигнат по 10 илјади вакцини против ковид-19 од Фајзер.

Првачињата ќе се запишуваат и дигитално

Ученик и наставничка со заштитни маски на час во време на пандемија, Скопје 2020

Уписите во основното образование од септември ќе бидат во дигитална форма и тоа е нешто на што работевме во изминатиот период, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска на конференцијата за дигитализација на јавните услуги во областа на образованието.

Царовска ги повика родителите да ја искористат можноста за дигитално запишување во основното образование за наредната учебна година, нова дигитална услуга која ќе почне да се применува во мај, со што, рече, ќе се избегне и метежот во училиштата.

Министерката додаде дека очекува дека ваков современ пристап ќе има и за упис во средното образование, дека во наредниот период ќе се дигитализираат и сите услуги поврзани со конкурсите за наука.

Угостителите ќе протестираат - бараат грантови и еднократна помош

Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК

Во околности со загрозена егзистенција на цел сектор, кој нема ниту основна помош, иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминат, истакнаа денеска од Туристичко угостителската комора на Македонија (ТУК). Тие денеска ги кажаа нивните барања до Владата за справување со економските последици од ковид пандемијата и најавија радикализација на нивното дејствување ако тие барања и мерки целосно не се реализираат.

„Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа денес Туристичко-угостителската комора, ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на делувањето кое ќе трае се додека овие мерки целосно не се реализираат“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.

ТУК, меѓу другото, бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, а кои со месеци немаат никаква помош.

„Потенцираме дека под помош не сметаме понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа“, истакна Ангеловски.

Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година.

Филипче: 200.000 кинески вакцини пристигнуваат на крајот на месецов

Министерот за здравство, Венко Филипче

На 28 април во Македонија треба да пристигнат сите 200 илјади кинески вакцини, изјави министерот за здраство Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека денеска „им се јавиле од Кинеската амбасада во Скопје и им кажале дека кинеските вакцини треба да ги очекуваме околу 28 април“.

Претходно, според вчерашната најава од Филипче, на 19 и на 26 април треба да пристигнат по 10 илјади вакцини од производителот „Фајзер“.

Според последните податоци, до вчера во Македонија имаше 30 илјади вакцинирани граѓани, а денеска почна вакцинацијата на лицата под 75 години.

„Меѓународен сојуз“ - Бизнисмен тврди дека на Боки 13 му дал 350.000 евра во кеш

Архивска фотографија - Боки 13 на едно од рочиштата за „Меѓународен сојуз“

Со сведочењето на менаџерот на компанијата Дрим билдинг, Ресул Лога, денеска во кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз“, кој пред Судот изјави дека „на Бојан Јовановски во кеш му исплатиле 350 илјади евра како услов да бидат дел од проектот за изградба на старечки дом.

„Дополнително, на фактура на невладината, компанијата Дрим Билдинг, исплати уште 15 милиони денари“, сведочеше Лога, додавајќи дека верувале оти проектот ќе биде успешен.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски - Боки 13, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“, Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.


Сведокот Лога на денешното рочиште рече дека стекнале доверба бидејќи во проектот „гледале луѓе од Владата“.

„Довербата ја стекнавме дека имаше и луѓе од владата, како Фросина Ременски, на состаноците повремено присуствуваше и Александар Кирацовски и кога тие ги гледате имате доверба дека проектот ќе се реализира“, изјави во судницата Ресул Лога.

На рочиштето одржано на 24 март 2021 година, уште еден сведок во случајот го обвини Бојан Јовановски за измама. Тогаш дипломираниот инженер Јованка Стојановска – Кухар, во својство на сведок, во Судот изјави дека „на прво обвинетиот Бојан Јовановски, во случајот „Меѓународен сојуз”, дала околу 250 илјади евра со цел на инвестиција, а парите што ги дала ги собрала со тоа што „си ги продала становите во Скопје и во Словенија“. Таа пред Судот тврдеше дека парите ги дала на доверба, но била измамена иако никогаш не помислила дека нешто такво ќе се случи.

Стано: Приоритет на Косово треба да биде дијалогот со Србија

Петер Стано

Европската унија ЕУ) смета дека новите косовски институции треба да ја искористат можноста која таа им ја нуди со посредувањето во дијалогот со Србија, за да се дојде до успешен договор за помирување меѓу двете држави, порача портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Петер Стано.

Стано за телевизијата Клан Косова изјави дека приоритетите кои ги определил премиерот Албин Курти се многу значајни за Косово на внатрешен план, но дијалогот со Белград треба да биде главниот приоритет на косовската надворешна политика.


„Внатрешните приоритети на Курти се многу значајни. Меѓутоа, во исто време, дијалогот е најбитниот приоритет на надворешната политика на Косово и не треба да се гледа како одвоен или како нешто што не е во согласност со другите приоритети кои ги спомeна премиерот“, изјави Стано.

Косовскиот премиер Курти во неколку наврати изјавуваше дека дијалогот со белград не е во приоритетите на неговата Влада.

Бојко Борисов поднел оставка до новите бугарски пратеници

Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска поднесе оставка пред новоизбраното 45-то Национално собрание на раководениот од него Совет на министри, објавија бугарските медиуми од прес-центарот на Советот на министри, кратко официјалниот почеток на седница на новиот парламентарен состав, јави МИА од Софија.

Според нив, писмото на премиерот Борисов, со кое тој поднесе оставка на кабинетот, денеска беше доставено до претседателот на Националното собрание.Борисов не е присутен во салата на Националното собрание каде се одржува првата седница на новоизбраниеот парламент.

Третиот кабинет на Борисов стапи на должност на 4 мај 2017 година. Тоа бшее прв мандат што лидерот на ГЕРБ го заврши како премиер, откако тој беше принуден да поднесе оставка во претходните два пред нивното истекување.

САД ќе им воведат анти-дампинг данок на 18 земји

илустрација

Министерството за трговија на САД се подготвува да ги оданочи извозниците на алуминиумски лимови од 18 земји откако утврди дека тие имале корист од субвенции. Комисијата за меѓународна трговија на САД, независно тело, мора да ја одобри конечната одлука до денеска за наметнување на анти-дампинг давачки, се вели во соопштението на Одделот. Истрагата, започната под администрација на Доналд Трамп, беше побарана од скоро десетина американски производители на легури на алуминиум, вклучувајќи ги производите на „Арконик“ и „Алерис Роли“, кои сметаа дека имаат штети од конкурентскиот увоз по пониски цени.

Кина почнува анти-дампинг истрага за челикот од ЕУ, Јужна Кореја и Јапонија

Администрацијата на претседателот Џо Бајден утврди дека од увозот од Германија таа земја има корист во опсег од 40 до 242 проценти. Истото важи и за листовите од алуминиумски легури од Бахреин и Индија. Другите засегнати земји се Бразил, Хрватска, Египет, Грција, Индонезија, Оман, Романија, Србија, Словенија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Шпанија, Тајван и Турција.

Бајден и Меркел ќе побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница

Москва има собрано десетици илјади војници на границата со Украина

Претседателот на САД Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел, во телефонски разговор се согласија да побараат од Русија да ги намали трупите на украинската граница, каде состојбата на теренот се влошува. Претходно германскиот министер за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер ја обвини Русија за „провокација“ во врска со украинското прашање и рече дека со загриженост ја следат ситуацијата. Москва има собрано десетици илјади војници на границата со Украина, која има желба да влезе во НАТО. Паралелно со ова, од почетокот на годинава насилството повторно се интензивира во источна Украина меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира

Вчера министрите за одбрана на 30 земји од НАТО разговараа за тензиите со Русија околу Украина на видео средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во седиштето на Алијансата во Брисел. Американскиот претседател Бајден му предложи на својот руски колега Владимир Путин самит во трета земја во блиска иднина.

Комитетите за разузнавање на Конгресот на САД расправаат за заканите во светот

Вилијам Барнс, директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА),

Шефовите на главните американски разузнавачки агенции предупредија дека Кина е „невиден“ приоритет, повикувајќи се на регионалната агресија и сајбер можностите на Пекинг. Ова беше наведено на јавното сослушување во Конгресот за глобалните закани. Сослушувањето во Комитетот за разузнавање американскиот Сенатот кое се одржа вчера беше заглавено во минатата година, откако разузнавачите се залагаа тој да се одржи целосно зад затворени врати, наводно поради загриженоста од спротивставување на поранешниот претседател Доналд Трамп за јавна седница. Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом пак, нема одржано такво рочиште од 2017 година.

Рускиот амбасадор во САД се врати во Москва по изјавата на Бајден за Путин

Во 2019 година, Трамп ги нападна своите врвни разузнавачки шефови за сведочењето дека Иран „технички“ бил во согласност со нуклеарниот договор од 2015 година, твитувајќи дека треба „Да се вратат на училиште!“ На сослушувањата сведочат директорот на ЦИА Вилијам Барнс, директорот на ФБИ Кристофер Вреј, директорот на НСА, генерал Пол Накасоне и директорот на агенцијата за одбрана, генерал-полковник Скот Бериер. Претседавачот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом демократот Адам Шиф ги оцени сослушувањата за „особено навремени“, забележувајќи дека имало „закани што брзо се развиваат“ и кои вклучуваат „растечка голема конкуренција на моќ од Кина, зголемена закана од домашен насилен екстремизам, нуклеарни опасности што произлегуваат од нации како Иран и Северна Кореја и дестабилизирачки влијанија на прекугранични закани како климатски промени и пандемични болести“.

Бајден: Вашингтон ја исполни целта - Авганистан веќе не се користи за напад врз Америка

Џо Бајден

Соединетите држави ја „исполнија целта“ Авганистан повеќе да не служи за напад врз Америка, рече претседателот Џо Бајден, најавувајќи повлекување на американските трупи од Авганистан до 11 септември. „Мислам дека нашето присуство во Авганистан треба да биде концентрирано на причината зошто отидовме таму на прво место ... а тоа е да осигуриме дека Авганистан повеќе не служи како база за нов напад врз нашата земја. Ние го сторивме тоа. Ние ја исполнивме таа цел“, рече Бајден.

Блинкен: Време е НАТО да се повлече од Авганистан

Тој додаде дека нападите на 11 септември 2001 година „не можат да објаснат“ зошто американската војска сепак ќе биде присутна во Авганистан 20 години подоцна. „Ние ќе ги повикаме Талибанците одговорни за нивната посветеност да не дозволат никакви терористи да им се закануваат на САД или нивните сојузници од авганистанско тло“, рече тој, повикувајќи го Пакистан да стори повеќе за да му помогне на Авганистан. Тој рече дека е време да се стави крај на „најдолгата војна во Америка“, но додаде дека нема да има брз излез.

Ердоган ги осуди како вулгарни изјавите на италијанскиот премиер

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди „непристојноста и вулгарноста“ на изјавите на италијанскиот премиер Марио Драги, кој го нарече „диктатор“ по протоколскиот гаф поврзан со претседателката на Европската комисија за време на посетата на Анкара. „Изјавите на италијанскиот премиер спаѓаат во сферата на тотална грубост и вулгарност“, рече Ердоган, додавајќи: „Додека се надевавме дека ќе ги подобриме нашите односи, тоа лице по име Драги им зададе удар“, додаде Ердоган.

Анкара негира дека Ердоган ја навредил Урсула фон дер Лајен

Острата размена меѓу турските и италијанските лидери е поврзана со минатонеделната посета на Анкара на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Кога Ердоган ги прими, двете фотелји беа одделени за Ердоган и Мишел, додека фон дер Лајан, мораше да седне настрана. После тоа, избувнаа бројни критики поради понижувачкиот гест кон Фон дер Лајен. Турција ги отфрли сите критики, наведувајќи дека ги следи само упатствата што ги добила од европскиот протокол. Турција и Италија имаат традиционално добри односи и тесно соработуваат за неколку прашања, како што е Либија.

Прва седница на новиот бугарски парламент

Даниел Митов

Новиот парламент на Бугарија денеска ќе ја одржи конститутивната седница на 45. Национално собрание. На изборите на 4 април победи ГЕРБ владејачката партија на премиерот Бојко Борисов која освои 75 места во парламентот со 240 места. Борисов вчера најави дека ќе го номинира Даниел Митов, поранешен министер за надворешни работи, во обидот да формира нова влада.
„Го избирам Даниел Митов, бидејќи сакам многу јасно да ја истакнам нашата проевропска и про-НАТО позиција“, им рече Борисов на пратениците од ГЕРБ во пренос во живо на неговата страница на Фејсбук.

Борисов: Јас сум најподготвен, ама нема да бидам премиер

Претходно, Борисов објави дека нема да биде кандидат за премиер на Бугарија. „Звучи нескромно, но нема поподготвен човек од мене. Не случајно сме прва политичка сила во земјата. Многумина сакаат јас да бидам премиер, но отсекогаш сум сметал дека силата е во единството. Јас нема да бидам кандидат за премиер што ќе го предложи ГЕРБ. Ќе биде предложен друг кандидат“, изјави Борисов при посетата на Велико Трново.

Партијата на Борисов во мај ќе бира ново раководство

Борисов, кој доминира во бугарската политика од 2009 година, рече дека исто така ќе го напушти своето место како пратеник во новиот парламент за да се фокусира врз неговата партија на десниот центар. Про-западниот Митов беше министер за надворешни работи од 2014 до 2017 година. Сите други политички партии одбија да ја поддржат ГЕРБ, па најверојатно тој нема да успее да ја формира владата.

Синдикален протест во Скопје

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика на мирен протест за работничките права

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика на мирен протест за работничките права, кој е најавен за денеска во 16 часот од булеварот „Гоце Делчев“, спроти МРТ, а ќе продолжи кон Собрание за да заврши пред Влада. Протестот ќе се одржи со автомобили за да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот. Од Конфедерацијата велат дека веќе подолг период се обидуваат да воспостават дијалог со претставници на министерствата и државните органи за решавање на проблемите со кои се соочуваат работниците, како и да укажат на почитување на законите и колективните договори кои како што велат, постојано се кршат. Според нив, истиот тек на прекршување на работничките и човековите права продолжил и за време на пандемијата.

Затворени кафеани и подолг полициски час против третиот ковид бран


„Како наши легитимни синдикални барања кои ги поставивме се следните: почитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синидикалното организирање и синдикалните лидери. Сите овие барања се во насока на подобрување на социо-економскиот статус на нашите членови и на сите работници. Ве повикуваме сите активно да се вклучите во овој протест, а со цел да се чуе гласот на работниците! Доста е, претеравте!“, стои во најавата за протестот. На него ќе се приклучи и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура– СОНК, од каде велат дека ги поддржуваат барањата на КСС и сметаат дека заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат своите права преку предупредувачки протест.

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. На планините во северозападните делови повремено ќе провејува снег. Ќе дува умерен северозападен ветер. Дневната температура ќе биде од 6 до 17 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 14 степени.

Спасовски - Истрагата за „Двојник“ ќе се прошири

Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека истрагата за случајот „Двојник“ во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.

„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во структурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле“, рече Спасовски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Министерот нагласи дека процесот на истрагата ќе покаже како и на кој начин тие се правеле.

Денеска основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

СЗО - Епидемиолошката ситуација на Западен Балкан е многу сериозна

Ситуацијата со коронавирусот во Западен Балкан е крајно сериозна, предупреди денеска претставничката на Европската канцеларија на СЗО, Кетрин Смолвуд.

„На Западен Балкан, имаме ситуација каде болниците треба да извршат пренамена, што значи дека другите видови медицински услуги се нарушени и одложени, а тоа повторно значи дека системот ќе биде оптоварен и во иднина. Тоа значи дека мора да ги примениме сите мерки без да чекаме за да ја намалиме стапката на инфекција“, изјави Смолвуд за РТС

Таа, исто така, оцени дека трите варијанти на коронавирусот, првпат откриени во Велика Британија, ЈАР и Бразил, се многу загрижувачки, но потенцира дека СЗО внимателно ги следи мутациите. Смолвуд вели дека е можно ефикасноста на некои вакцини да е помала во случаи на мутирани вируси и дека во одреден момент би можело да биде потреба и дополнителна доза на вакцината.

„Ние ќе го набљудуваме тоа и редовно ќе се прилагодуваме. Се подготвуваме за тоа, но кога станува збор за првата рунда на вакцината, препорачуваме да примат иста вакцина од ист производител од двете дози што ги добиваат“, рече таа.


Смолвуд рече и дека Европа досега не вакцинирала ни приближно толку луѓе што би било доволно да се влезе во друга фаза од пандемијата и оти е опасно ако не се сфати дека е тоа така.

Турција го казни Гугл со 36,6 милиони долари

Турските власти денеска го казнија Гугл со 296 милиони турски лири (36,6 милиони долари) за кршење на законот за државна конкуренција.

Турската Агенција за конкуренција соопшти дека Гугл го прекршил законот со усложнување на резултатите од пребарувањето на пазарот на услуги за содржини, ставајќи текстуални реклами на врвот од своите резултати од пребарувањето, со што ги исклучува своите конкуренти, пренесе агенцијата Анадолија.


Истрагата ги опфати турскиот Google Reklamcilik ve Pazarlama Ltd., Google International LLC, Google LLC, Google Ireland Ltd. i Alphabet, матичната компанија на Гугл.

Европската комисија, исто така, во 2019 година на Гугл му одреди казна од 1,69 милијарди долари за кршење на правилата за монопол на Европската унија за рекламирање преку Интернет.

ЗНМ - Уште една срамна пресуда за новинарите за настаните од „27 април“

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираа откако основниот граѓански суд во Скопје, денеска ја одби тужбата на новинар кој известуваше за настаните од 27 април 2017 кога имаше насилен упад во Собранието.

Судот одлучуваше за спреченост на правото на информирање на граѓаните, како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка на Горан Трпеновски кој за време на инцидентите од Собранието на 27 април 2017 година, како новинар известуваше за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk), информира ЗНМ.

Во пресудата, судијата Јованка Спировска Панева, образложува дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК кој, пак, според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, додаваат од ЗНМ, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието, а следствено на тоа нема право на штета.

„Оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти, прво дека не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари, а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП“, нагласуваат од ЗНМ.

„Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја, се вели во соопштението“, соопшти ЗНМ.

Судот претходно ги одби тужбите и на други новинари кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија.

Петтиот пакет антикризни мерки утре нема да се најде пред пратениците

Собрание на Република Северна Македонија

Петтиот пакет антикризни мерки утре нема да се најде пред пратениците. Собранието ќе ја продолжи 32 седница, а за натамошната динамика на работата ќе има дополнителна координација. Ова е заклучокот од попладневната координативната средба кај претседателот на законодавниот дом Талат Џафери на која присуствувале координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО – ДПМНЕ и претставник на политичката партија Левица.

Џафери ја свика координативна средба во насока на деблокирање на целокупната работа на Собранието, вклучително и на работните тела, со оглед на тоа што работата на дел од матичните работи тела е закочена повеќе од пет месеци, што беше навестено во изјавите на сите политички чинители изминативе денови.

„Претседателот нагласи дека не смее да има приоретизирање на одредени точки затоа што лидерите на политичките партии се договориле за тоа надвор од Собранието. Работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат праксата на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум заради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со ковид-19 пандемијата, или поднесување на огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес. Претседателот нагласи дека праксата на условување не оди во прилог никому. Претседателот е одговорен за почитување на Уставот и Деловникот, за зачувување на дигнитетот на Собранието. Собранието е државна институција, треба да се работи на тој начин и во работата не смее да има ултиматуми“, наведуваат од кабинетот на Талат Џафери.


По повлекувањето на многубројните амандмани поднесени од дел од опозицијата, собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ги прифати законските решенија од петтиот пакет антикризни мерки.

Од Собранието засега нема информација кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат усвоени овие законски решенија од петтиот пакет антикризни мерки.

Согласно заклучокот од денешната координација кај Џафери, пратениците утре ќе ја продолжат расправата по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG