Достапни линкови

Вести

И ВМРО-ДПМНЕ е за интерпелација за министерот Спасовски

Христијан Мицкоски

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека неговата партија ќе ја поддржи интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, по случувањата со Сашо Мијалков.

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Мијалков, кој е обвинет за незаконско прислушување на илјадници граѓани, две дена беше недостапен за да биде спроведен во притвор, по што му беше распишана и меѓународна потерница. По два дена сам се пријави во Обвинителството со оправдување дека бил болен и не знаел што се случува. Министерот за финансии искоментира дека во случајот со Мијалков „вината е во системот“.

Мицкоски вели дека постојат многу аргументи зошто да замине, како што го нарече, „најнеспособниот министер за внатрешни досега“ и дека се надева дека ќе имаат мнозинство во Собранието да ја изгласаат интерпелацијата.

„Ако институциите затаиле, требаше да има одговорност. Почнувајќи од него, па до тие што стоеја таму до него и кои што клатеа со главите додека тој зборуваше. Ниту одговорност видовме, ниту ќе видиме. Зошто? Затоа што сите се влезени во ортаклук. Криминална мафија владее со Македонија“, рече тој и најави дека „деновиве ќе објават нови афери за Спасовски“.

види ги сите денешни вести

Филипче: можно е да се препорача трета доза вакцина

Вакцинација во Скопје

Очигледно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот и многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска заедно со премиерот Зоран Заев ја посети реконструираната општа болница во Гевгелија. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите.

„Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата“, вели Филипче.

Според него едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини. Во зависност од моменталната состојба, вели тој, ќе разговараат за евентуални рестриктивни мерки прво насочени кон оние кои не се вакцинирани.

„Затоа што нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува. Може да трае и повеќе години. Така што ставаме акцент на вакцинацијата. Верувам дека нема да спласне интересот кај граѓаните, минатата недела неколку денови по ред бевме едни од лидерите во регионот по број на дадени вакцини на 100 жители што е добар знак“, рече Филипче.

По подолг период на стагнација на бројката на дневно заразени со Ковид19 во земјава, неделава почна постепен пораст, а вчера беа регистрирани 74 нови случаи и двајца починати. Истовремено интересот за вакцинација не стивнува, па како што соопшти Министерството за здравство вчера се вакцинирале 12.545 граѓани. Досега во земјава се вакцинирани вкупно 514.021 граѓани од кои 390.562 граѓани примиле две дози.

Ѓоковиќ заминува од Олимпијада без медал

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на Олимписките игри во Токио

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ги напушта Олимписките игри во Токио без медал откако поради повреда на рамото се повлече од натправерот за бронза во мешани двојки кој требаше да го игра денеска. Повлекувањето на српскиот тенисер следи веднаш откако изгуби во поединечен натправар од Шпанецот Пабло Карено Буста со кој утринава играша за бронза.

Денешниот натпревар со Карено Буста следуваше по вчерашниот пораз од Германецот Александар Зверев во полуфиналето со што се заврши обидот на Ѓоковиќ покрај четирите Гренд слем турнири во истата година да освои и златен олимписки медал. Тој исто така вчера го изгуби полуфиналниот натпревар во мешани двојки кој го играше заедно со Нина Стојановиќ.

Неговото денешно повлекување од натпреварот во мешани двојки значи дека бронзениот медал оди кај Ешли Барти и Џон Пирс од Австралија.

Кандидатот за бугарски премиер- нема да ги лишиме своите браќа од европска иднина

Софија- бугарскиот претседател Румен Радев му го врачува мандатот за состав на владата на кандидатот Пламен Николов, 30.07.2021

Пламен Николов, кандидатот за премиер на Бугарија предложен од партијата „Има таков народ“ која освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, синоќа во гостување на бугарската национална телевизија БНТ ја коментираше и нивната позиција кон Македонија, ако успеат да формираат влада. Тој рече дека она што особено многу ги загрижувало членовите на „Има таков народ“ било „неисполнувањето на преспанскиот договор“.

"По никаков начин нема да ги загрижуваме своите браќа и нема да ги лишиме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави, но ова не значи дека нема да опстоиме на нашиот национален интерес. Како точно ќе биде направено тоа- можеби со ревизија на самиот договор и преразгледување “ рече Николов.

На новинарското прашање дали линијата на новата влада ќе биде како на досегашната или поразлична Николов одговори дека „со сигурност нема да биде линија на конфронтација“.

Тој вчера како кандидат за премиер на „Има таков народ“ од бугарскиот претседател Румен Радев го доби мандатот за составување на влада. Освен досега владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов сите други парламентарни партии се во игра за составување на новото владино мнозинство. Во бугарскиот парламент свои пратеници имаат и БСП, „Демократска Бугарија“, ДПС и „Исправи се БГ! Доаѓаме!”.

Мандатарот Николов е доктор по филозофија на право, политика и економија. На интернет страницата на „Има таков народ“ е претставен како човек со повеќе од 15 години искуство во бизнис и управување со проекти. Николов работи за американската мултинационална компанија која има седиште во Софија.

Делта сојот се шири во Кина

Жители на Пекинг со маски на лицата

Кина го доживува најлошото избивање на коронавирусот во земјата откако случаите првично поврзани со кластери во градот Нанџинг се проширија во повеќе региони, меѓу кои и во главниот град Пекинг. Повеќе од 200 случаи низ земјата се поврзуваат со кластерот од Нанџинг, но заразата забрзано се шири и низ други места, а се поврзува со високозаразниот сој Делта.

Делта сојот е тест за кинеската стратегија за справување со коронавирусот со која поголемиот дел од земјата не беше погоден освен во првите месеци на пандемијата. Стотици илјади луѓе се веќе затворени во провинцијата Џиангсу додека Нанџинг ги тестираше сите 9,2 милиони жители по два пати.
Нови случаи денеска се регистрирани во Фуџијан и Чонгкинг, општини кои имаат повеќе од 30 милиони жители. Властите во Чонгкинг наредија итни масовни тестирања на луѓето кои ги посетиле местата каде што има потврдени случаи.

Повеќе од 1,6 милијарди вакцини се дадени низ целата Кина, но исто така постои и сомнеж во ефикасноста на кинеската вакцина, која се проценува дека е од 50 до 80 отсто. Како и да е студиите покажуваат дека вакцини се ефикасни во спречување на сериозно развивање на болеста и смрт. Но, најголемите грижи ги предизвикуваат хигиеничарите на меѓународниот аеродром во Нанџинг, кој сите биле вакцинирани со две дози, а сега се извор на заразата.

Талибанците нападнаа комплекс на ОН во Авганистан

Авганистан- авганистанските безбедносни сили на контролен пункт во Херат, 30.07.2021

Борби меѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили се одвиваат од вчера на периферијата на западниот авганистански град Херат, главен во истоимената провинција. Талибанците тврдат дека нивните борци влегле во дел од градот, но авганистанските власти во Кабул ги отфрлија таквите наводи и соопштија дека напредокот на талибанците бил одбиен.

Ваквите извештаи доаѓаат додека талибанците успеваат да заземат територии низ Авганистан додека САД и другите странски сили се блиску до завршувањето со нивното повлекување од земјата.

Фавад Аман, портпарол на авганистанското министерство за одбрана за радио Азади рече дека авганистанските безбедносни сили ги победиле талибанците и ги одбиле нивните напади во провинциите Херат, Кандахар, Хелманд и Тахар.

Во меѓувреме, мисијата за поддршка на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека во вчерашниот напад врз нивниот комплекс во Херат е убиен еден член на обезбедувањето. Американскиот Стејт департмент го осуди нападот кој го опиша, како „напад на комплекс на ОН од антивладини милитанти“.

Сугарески разрешен од в.д. директор на Царина

Горан Сугарески

Владата на 93. седница ја прифати одлуката на Комисијата за именување, Горан Сугарески да го разреши од должноста в.д. директор на Царинска управа.

Како што се наведува во владиното соопштение на оваа позиција Владата одлучила да ја именува Славица Котиров, досегашен заменик-директор на Царинска управа.

Сугарески беше пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на СДСМ. По доаѓањето на неговата партија на власт беше министер за транспорт и врски

Израел го обвини Иран за нападот на танкерот во кој загинаа две лица

Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид

Израел го обиниви Иран за напад на нафтениот танкер кој се движел кон Оман, а во кој загинаа двајца членови на екипажот. Компанијата Зодијак Маритајм со седиште во Лондон, а која е во сопственост на израелскиот милијардер Ејал Офер соопшти дека танкерот под знаме на Либерија, кој бил во сопственост на Јапонија, бил нападнат на 29 јули.

Нема дополнителни детали за нападот во кој загинаа еден Романец и еден државјанин на Обединетото Кралство. Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид го обвини Иран наведувајќи дека му рекол на британското министерство за надворешни работи дека е потребен жесток одговор на министерството.

"Иран не е само израелски проблем, туку извозник на тероризам, деструкција и нестабилност која ни наштетува на сите нас. Светот мора да не остане тивок и да се соочи со иранскиот тероризам кој исто така ја повредува и слободата на превозот“, наведува Лапид во соопштението.

Засега нема реакција од Иран, кој, пак, го обвинува Израел дека стои зад убиството на врвен нуклеарен научник минатата година и зад серија напади врз нуклеарни постројки.

Ал Алам ТВ, владина иранска телевизија, цитирајќи неименувани извори наведе дека нападот бил одговор на наводен израелски напад на аеродром во Сирија. Соединетите Американски Држави, кои се близок сојузник на Израел, изразија загриженост и наведоа дека ја набљудуваат ситуацијата. Американски владин претставник кој го цитираат агенциите Асошиејтед прес и Ројтерс рекол дека засега не е јасно кој стои зад нападот, но дека по се изгледа во него бил употребен дрон.

Олимпиецот Георгиевски доби уште 800 000 денари награда од владата

Премиерот Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, му честитал и му се заблагодарил на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакнал дека тој е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.

Инаку, владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Георгиевски го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми. Тој во финалето беше поразен со 15:9 од претставникот на Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин. Македонскиот спортист го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане со 9:4.

Македонија како самостојна држава досега имаше само еден бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Бронзата ја освои борачот Могамед Ибрагимов, кој е натурализиран Азербејџанец.

Портокалов аларм, температурата над 40 степени

Скопје, разладување на плоштадот Македонија

Сончевото и многу топло време со температури над 40 степени продолжуваат и денеска, поради што во сила е портокаловиот метео аларм, а се издадени и препораки за заштита на населението. УХМР предупредува дека и во наредните денови во земјава ќе има натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности долж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40-иот степен.

Денеска максималната температура ќе достигне до 42 степена, а вредноста на УВ индекост до 9. Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 41 степен.

Надлежните апелираат да се почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Без потреба да не се престојува на отворено, ранливите категории граѓани да се ослободат од работните обврски, да се внимава при консумација и чување на храната, да се внесуваат повеќе течност, а поради рикот за избувнување пожари да не се фрлаат отпушоци од цигари, да се ибегнува палење оган на отворено, како и други активности што можат да предизвикаат пожари.

Демонстрант од Хонгконг осуден на девет години затвор, прва пресуда според Законот за национална безбедност

Протести во Хонг Конг

Продемократски демонстрант денеска беше осуден на девет години затвор, во првата пресуда според Законот за национална безбедност во Хонгконг, со кој Пекинг ја засилува контролата врз таа територија. Тонг Инг-кит е осуден за тероризам и поттикнува сецесија затоа што со мотоцикл налетал на полициските сили на демонстрациите на 1 јули 2020 година, носејќи знаме со паролата „Да го ослободиме Хонгконг. Револуција на нашето време“, која претходно беше оценета како сецесионистичка.

Владејачката Комунистичка партија на Кина минатата година наметна закон за национална безбедност во поранешната британска колонија, по антивладините протести кои избија на средината на 2019 година.

Пресудата е удар врз слободата на говор и покажува дека законот е алатка за втерување страв на владините критичари, наведува во соопштение регионалната директорка на Амнести интернејшнал за азиско-пацифичкиот регион Јамини Мисра.
Американската влада преку соопштение го критикуваше „неправедниот исход“ на судењето, велејќи дека законот за безбедност се користи како „политичко оружје за замолчување на гласовите на несогласување“.

Во соопштението се наведува дека Кина ги подрива правата кои ги гарантира уставот на Хонгконг и Кинеско-британската заедничка декларација потпишана во 1984 година и го повикува Пекинг да престане да ги прогонува поединците кои ги остваруваат своите права и слободи.

Кинеските претставници ги отфрлаат критиките и велат дека Пекинг повторно воспоставува ред и воведува безбедносни мерки за заштита како другите земји. Врз основа на законот за национална безбедност се уапсени повеќе од 100 луѓе.

Адвокатите на одбраната тврдат дека казната на Тонг би требало да биде помала, зашто судот не утврдил дека нападот бил намерен, никој не бил повреден и оти прекршокот поврзан со сецесија е квалификуван како помал.

Судиите во вторникот пресудија дека целта на постапката на обвинетиот било застрашување на владата и на јавноста.
Тонг изрази жалење, но тоа не беше земено предвид за намалување на казната, со оглед на тоа што тој не призна вина, се наведува во пресудата.

Во Црна Гора во угостителски објекти само вакцинирани, прележани или со негативен тест за ковид

Вакцинирње против ковид-19

Владата на Црна Гора донесе мерки против коронавирусот кои ќе важат од денеска до 20 август. Влегување во внатрешноста на рестораните, како и ноќните клубови и дискотеки е дозволено со еден од следните четири докази – дека лицето е целосно вакцинирано или примило прва доза вакцина, да има негативен ПЦР тест за коронавирус, не постар од 72 часа, доказ дека прележал ковид-19, доказ за негативен брз антиген тест, не постар од 48 часа.

„Еден од овие услови мора да исполнуваат и сите вработени во угостителството“, изјави директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Црна Гора, Игор Галиќ.

Сопствениците на објектите се должни да назначат лице кое ќе го контролира поседувањето докази за вакцинација или негативни тестови.

Малолетниците не се обврзани да ги исполнуваат овие услови, освен кога влегуваат во дискотеки или ноќни клубови. Под истите услови, дозволено е присуство на спортски настани на отворено и затворено. Масовните собири и фестивали што не можат да се контролираат во ограничен простор се одложуваат до 20 август.

Се истражува дали пожарите во Турција се подметнати

Пожари во Турција


Интензивно се истражуваат причините за пожарите што избувна во различни делови на Турција, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој по петочната молитва во одговор на новинарски прашања рече дека се испитува дали опожарувањата се намерни.

Ердоган додаде дека политиката, шпекулациите и пристапот на политичките партии во однос на пожарите е навистина тажен, пренесува Анадолија.

Турскиот претседател вели дека Министерството за внатрешни работи и разузнавачките служби работат напорно во однос на ова прашање и дека истрагите ќе покажат што точно се случило.

„Но, ова не е работа што може да се игнорира. Бидејќи се случуваат во различни региони, но во исто време. Започнуваат во Манавгат, но истовремено избувнуваат и во Мугла, Мармарис и Бодрум, додаде Ердоган.

Русија ја отфрли тужбата на Навални и бара забрана за неговиот Јутуб канал

Алексеј Навални.

ускиот суд ја отфрли тужбата на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални кој се жалеше на одлуката со која на неговите адвокати им се забранува да внесуваат мобилни телефони и лаптоп компјутери во затворот за време на посетите.

Судија во окружниот суд во рускиот град Владимир денеска однесе одлука против жалбата на Навални, без да даде објаснување за пресудата.

Рускиот опозиционер, еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен во јануари по враќањето од Германија, каде што пет месеци се опоравуваше од труење со нервен агенс. Тој за труењето го обвинува Кремљ, а руските власти ги отфрлаат таквите обвинувања.

Во меѓувреме руското тело за регулација на медиуми побара од компанијата Јутуб да го блокира каналот на Навални. Роскомнадзор во својот регистер на забранети материјали го додавал и Јутуб каналот на Навални.

Претходно руските власт донесоа одлука да се забрани организацијата на Навални, означувајќи ја како екстремистичка, но таа одлука не стапи на сила, оти беше обжалена.

Хрватска безбедна за туристи

Пула.

Во Хрватска кај 84 отсто од примероците земени од заразените со ковид-19 било констатирано дека го имаат Делта сојот, а кај 13 отсто дека имаат Алфа варијанта. Станува збор за испитување на примероци испратени на аанализа на 20 јули. Податоците го анализите говорат дека уделот на новиот сој на коронавирус во Хрватска продолжува да расте, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош на прес-конференцијата на Главниот штаб истакна дека според последната мапа на ЕЦДЦ (Европски центар за контрола и превенција на болести), Хрватска остана во портокаловата зона и бележи најнизок дневен раст на заразени.

„Тој факт не зацврсти во статусот најбезбедна туристичка дестинација. Тоа е исклучително важно и причина за задоволство, но и за претпазливост“, рече Берош.

Тој додаде дека има над милион туристи во Хрватска, што со себе носи зголемен ризик од пренесување на болеста, па затоа мора да има предупредувања да се придржуваат до мерките и вакцинациите, за да има безбеден туризам во земјата.

ЗНМ и ССМ со осуда за третманот на медиумските работници на Економскиот форум

Економскиот форум во Скопје

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро реагираат за третманот и за цензура на медиумите, новинарите и фоторепортерите, на вчерашниот Економски форум, се наведува во заедничкото соопштение на двете организации. Економскиот форум го организираше Кабинетот на македонскиот премиер во соработка со Кабинетите на српските и албанските власти.

До ССНМ и ЗНМ вчера стигнаале поплаки од новинари и фоторепортери дека не им биле овозможени соодветни услови за работа на Форумот, па дел од нив биле станувани од организаторот од местата на кои седеле, иако првично им било кажано дека се наменети за нив, со упатување „да се снајдат“ за место. Со тоа особено на телевизиските новинари им бил направен проблем во работниот процес, бидејќи биле оддалечени од снимателите и контакт со нив при извршување на работните задачи.

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице

Дополнително на фоторепортерите, освен што им било ограничено движењето, не им било обезбедено место за нивната опрема и да ги испратат материјалите до редакциите, па дел од нив префрлаа материјали и работеа буквално клечејќи или седнати на под, стои во соопштението.

ССНМ и ЗНМ реагираат на информациите дека на прес-конференцијата на новинарите им било соопштено дека нема да имаат можност да постават прашање, освен три медиуми во државна сопственост за кои на ниво на кабинети на организаторите претходно било договорено да постават прашање – по еден медиум од трите држави претставени на Форумот – РТ Албанија, агенцијата Танјуг и агенцијата МИА. Со тоа, иако било предвидено и договорена можност за поставување на девет прашања, сите девет биле поставени од овие три медиуми, без можност друг медиум да постави прашање.

„Ваквиот однос на организаторите освен што ги става во нерамноправна положба медиумите и врши дискриминација по основ на сопствеништво на медиумите, воведува и пракса на избор на подобни и неподобни медиуми за поставување на прашања на ниво на кабинети и ја гуши слободата на изразувањето преку оневозможување повеќе различни медиуми да постават повеќе прашања на прес конференција, особено што за такво вчера нешто постоела можност и тоа девет пати“, реагираат ЗНМ И ССНМ.

Еден полицаец убиен, двајца ранети во напад со граната во северозападен Пакистан

Возилото во кое е убиен полицаецот.

Непознати напаѓачи фрлиле рачна бомба кон полициско возило во провинцијата Пешавар во северозападен Пакистан, при што убиле еден и раниле двајца полицајци и случаен минувач, по што избегале, соопшти полицијата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Полицијата соопшти дека нападот се случил додека полицајците патролирале на пазарот Кархано за да се осигураат дека луѓето се придржуваат до мерките за одржување дистанца и носење маски за спречување на ширењето на коронавирусот.

Има засилени контроли за почитувањето на мерките откако минатата недела имаше скок на бројот на заболени кои ги преплавија болниците.

Пазарот Кархано е познат по шверцуваната стока од увоз, и многу луѓе од цел Пакистан доаѓаат на шопинг.
Пешавар е главен град на провинцијата Кибер Пактунква, која се граничи со Авганистан. Пакистанската армија спроведе неколку операции против милитантите во оваа провинција.

Бугарското МНР разочарано од македонската Резолуција

Македонско Собрание.

Бугарското Министерство за надворешни работи изрази разочараност што во Собранието во Македонија е донесена Резолуција за македонските „црвени линии“ во преговорите со Софија. Бугарското МНР во изјава за БГНЕС наведува дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза.

Бугарските власти очекуваат Резолуцијата да биде објавена за да може да ја анализираат и да видат дали одговара со Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа. За нив единствен правилен начин за да се дојде до решение на предизвиците во односите е стриктното придржување до постигнатите договори и преземените обврски.

Вчера македонското Собрание ја усвои Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.

Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во резолуцијата се вметнува официјалното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.
Со Резолуцијата се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Шефот на државата Стево Пендаровски во претстојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада.

Пендаровски за Резолуцијата вели дека не е штетна, ниту навредлива, каква што е Резолуцијата на бугарскиот Парламент.

Филипче – Ситуацијата е стабилна, иако има зголемен број заболени со ковид

Вакцинација против ковид-19 во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека има зголемен број заболени од ковид-19 во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, меѓутоа нема простор за паника.

„Ситуацијата е стабилна, нема голем број пациенти кои се лекуваат во болниците, вакцинацијата добро се одвива и тука ставаме фокус. Размислуваме за рестрикции во есенските месеци по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата“, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостување на вестите на Канал 5 телевизија.

Тој смета дека не треба да се воведе да се бараат тестови на граница.

Во врска со вакцинацијата, посочи дека околу 510 илјади граѓани се вакцинирани од кои 381 илјади се ревакцинирани. До крајот на август доколку продолжи ова темпо, вкупниот број вакцинирано население ќе достигне 40 проценти, вели министерот за здравство.

Пендаровски нема да стави потпис на сегашните измени во Изборниот законик

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври. Потпис Пендаровски ставил на Законот за државјанство, кој вчера беше усвоен со 57 гласови „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.

Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите.

На брифинг со новинарите денеска кај шефот на државата беше посочено и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.

Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура. Со нив се предлага да има отворените листи и праг од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во однос на измените на Изборниот законик не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците којшто започнува на 1 август. Напомена дека матичната Комисија за политички систем треба да ги заврши амандманите. Голем дел од поднесените амандмани кои се околу над 700, се формално уредни, додаде Џафери.

Премиерот до функционерите и службениците - Внимавајте на корупција, ќе одговарате

Премиерот Зоран Заев од седницата за пратенички прашања во Парламентотent

Никој нема да биде поштеден кога станува збор за борбата против криминалот и корупцијата, рече премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

„Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните – внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден“, рече премиерот Заев. Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.

„Администрацијата за мене се и премиерот и министрите и замениците министри и секако и јавната администрација, сѐ со конечна цел да бидам попрецизен. Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важни еднакво за сите. Дополнително, плус етички - не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво“, додаде премиерот Заев.

Заев, на седницата зборуваше и за заложбите на Владата за професионална и ефикасна јавна администрација, поради што ги повика опозицијата и општо пратениците, на есен да ги поддржат реформите во јавната администрација коишто се изготвени од експерти, а во насока максимално професионално да им служи на граѓаните.

Недамна во извештај на Стејт департментот корупцијата беше посочена како главен проблем за водење бизнис. Коментирајќи го извештајот премиерот пред една недела рече дека нема корупција во првиот ешалон, па ни вториот туку има појава на корупција кај некои службеници.

Деведесет насто од новозаразените на Косово се со делта сој

Официјални претставници на Националниот институт за јавно здравје на Косово денеска соопштија дека околу 90 проценти од новорегистрираните случаи на коронавирус се поврзани со делта сојот, кој стана доминантен во Косово.

Седум до осум проценти од инфекциите со коронавирус се поврзани со алфа сој, додека бета и гама не се регистрирани на Косово. Врз основа на официјалните податоци, вчера на Косово биле регистрирани 72 случаи на коронавирус.

Косовскиот министер за здравство Арбен Вити на прес -конференција во Приштина рече дека зголемувањето на бројот на новозаразени е резултат на проширувањето на делта сојот. Тој истакна дека вакцинацијата е единственото оружје против пандемијата и новите варијанти на корона вирусот.

„Денес, кога нашата земја има вакцини за секој граѓанин и кога граѓаните можат да изберат вакцина и кога категориите за вакцинација се отстранети, нема причина да не се вакцинираме“, изјави Вити.

Тој додаде дека Косово во моментов може да вакцинира околу 20 000 луѓе на ден, но дека земјата сè уште е далеку од целта за планирана имунизација. Косовската влада соопшти дека планира да вакцинира околу 60 проценти од вкупното население до крајот на годината.

До 29 јули, околу 400.000 граѓани на Косово ја примија првата доза на вакцината против корона, а повеќе од 130.000 ја примија втората.

Претседателот Пендаровски со нов концепт за прославата на Илинден

Стево Пендаровски, претседател на РСМ

За првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево, претседателот на државата нема да има свое обраќање. Наместо говор, Пендаровски ќе има кратко видео обраќање од две минути.

Како што брифираат од неговиот кабинет, чествувањето ќе биде после 18 часот за да можат да дојдат и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според системот на ротација годинава треба да биде на одбележувањето на празникот во Скопје и премиерот Зоран Заев кој ќе биде во Пелинце.

Исто така, Пендаровски ги поканил во Крушево и сите лидери на политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Според најавите од кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест. Пораките ќе ги чита актерот Никола Ристановски, потоа ќе настапи Влатко Стефановски. По нив следуваат настапите на Танец, на Албанскиот ансамбл и на Воениот оркестар.

Идејата е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување.

На денешниот брифинг тој меѓудругото најави дека нема да го потпише Изборниот законик со кој се бараат потписи од два отсто од избирачите во општината за независни кандидати да можат да учествуваат на локалните избори.

Пендаровски вели дека ако деновиве во Собранието се донесат измените, тој нема да ги потпише, бидејќи со нив се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

Гервала Шварц за „Отворен Балкан“: Паралелните иницијативи може да бидат и опасни

Доника Гервала-Шварц и Зоран Заев во Скопје

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц, денеска на прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје, оцени дека Иницијативата „Отворен Балкан“ може да биде опасна за Косово, како и да ја загрози заедничката цел на земјите од регионот, а тоа е членството во Европската Унија.

„Мислам дека паралелните иницијативи во суштина не се нешто ново, но се опасни за тоа како ние ја гледаме нашата држава во регионот, но и како се гледаме од страна на ЕУ, тоа е мојата претпоставка и моето мислење. Без да го негираме правото на која било независна и суверена држава да носи свои одлуки за тоа во кои иницијативи ќе учествува, со кого сака да создаде мали или големи коалиции, Република Косово, иницијативата од Нови Сад, која едно време беше нарекувана Мини Шенген, а од вчера „Отворен Балкан“, ја смета за опасна. Се создава атмосфера дека имаме алтернатива за нашиот заеднички пат кон ЕУ,“ оцени Гервала Шварц.

Според неа, се поставува прашањето кон кого е отворена оваа иницијатива, и тука, рече таа, „треба да се запрашаме и за геостратешките цели на нашата држава, бидејќи во нашиот регион не сите држави ги имаат истите геостратешки цели“.

Таа истакна дека Република Северна Македонија и Косово се многу јасно фокусирани како држави кои како нивна главна цел ја имаат интеграцијата и зачленувањето во ЕУ.

Владата на Косово соопшти дека не ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан“, иницирана од премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Регионалниот економски форум што вчера се одржа во Скопје. Косовската влада соопшти дека иницијативата е „без визија за регионот“.

Главниот уредник на „Проект“ ја напушти Русија

Роман Баданин, 27 јули 2021

Главниот уредник на независниот медиум Проект, Роман Баданин, ја напушти Русија без планови за враќање и се обидува да го евакуира својот персонал откако обвинителството во Москва ја прогласи групата за „непожелна“ организација, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

РСЕ потсетува дека медиумот регистриран во Соединетите Држави (САД) објавувал низа истражувачки и непријатни истраги за владејачката елита на Русија.

Роман Баданин во интервју за Ројтерс изјави дека не планира да се врати во Русија во догледно време бидејќи може да се соочи со гонење и затворска казна до шест години според контроверзниот закон за земјата од 2015 година.

Законот за „непожелни“ организации е донесен во мај 2015 година и оттогаш се ажурира. Тој беше дел од серијата регулативи поттикнати од Кремљ, кои истиснаа многу непрофитни и невладини организации финансирани од странски извори-главно од Европа и САД.

Во 2017 година, руската влада го стави руското биро на Радио Слободна Европа на таа листа, заедно со шест други руски сервиси на РСЕ на руски јазик и проектот „Current time “. На листата беше додадеn и рускиот сервис на „Гласот на Америка“.

На крајот на 2020 година, законодавството повторно беше изменето за да и се овозможи на руската влада да вклучи поединци, вклучително и странски новинари, во списокот на „странски агенти“ и да воведе ограничувања за нив.

Нови 74 случаи на ковид19, двајца починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 4.582 тестирања, а регистрирани се 74 нови случаи на Ковид-19.

Од нив 16 се во Скопје, Тетово – 15, Куманово – 8, Гостивар – 7, Битола – 6, Кичево – 5, Дебар – 4, Струмица – 3, по два во Прилеп, Штип и Свети Николе и по еден во Охрид, Гевгелија, Радовиш и Берово.

Пријавени сe и се 17 оздравени пациенти од Скопје – 8, Тетово – 5, Куманово – 2 и по еден од Кичево и Кавадарци.

Во изминатите 24 часа регистрирани се две починати лица. И двајцата се починати во болнички услови, информираат од ресорното министерство.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 156.299, бројката на оздравени пациенти е 150.350, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 456.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG