Настаните на денот низ фотографии - 19 февруари 2021
Владици.. премиери... Балашевиќ...

1
СРБИЈА - Ѓорѓе Балашевиќ, легендарниот кантавтор популарен на целиот Балкан, почина денеска во клиничкиот центар Војводина каде што се лекуваше од Ковид19, јави Радио телевизија Србија. Стотици граѓани палеа свеќи вечерва пред неговиот дом во Нови Сад. Рачунајте на нас, Не ломите ми багрење, Јесен стиже дуњо моја, Не волем, Седум осмини, Деведесете, Балкански танго, Дно дна... и уште стотици песни остануваат зад него.

2
САД / МАКЕДОНИЈА - Кога станува збор за напредокот во Европската унија ние сме многу разочарани што Бугарија одлучи да го блокира почетокот на преговорите. Во повеќе наврати го кажавме тоа. Сепак, го гледаме како позитивен знак тоа што Северна Македонија и Бугарија продолжуваат да расправаат за билатералните прашања да се стават надвор од процесот со цел напредок во тој поглед. Ние и понатаму ќе се залагаме и ќе даваме поддршка во насока тие прашања да останат настрана од процесот на пристапни преговори, бидејќи тоа ќе овозможи напредок, вели американската амбасадорка, Кејт Брнз.

3
БЕЛГИЈА / МАКЕДОНИЈА - Португалското претседателство треба да го одржи вториот министерски состанок за општи работи идната недела, но проширувањето и преговорите со Северна Македонија и натаму не се на дневен ред, јавува дописничката на МИА од Брисел.

4
ГЕРМАНИЈА - Германија и другите богати земји можеби треба да им дадат дел од своите вакцини на земјите во развој бидејќи само со вакцинирање на целиот свет ќе заврши пандемијата со коронавирусот, рече денеска германската канцеларка Ангела Меркел. Како што пренесува Ројтерс, зборувајќи на видео конференцијата на лидерите на Групата 7 најразвиени земји таа рече и дека не дискутирале за специфичен процент од нивниот фонд на вакцини кои би ги дале на посиромашните земји.