Достапни линкови

Вести

Бајден ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден планира да ги предупреди сојузниците дека светот е на точка на промена во идеолошката битка меѓу демократските и автократските вредности и ќе ги повика да се обединат во одбраната на слободата. Ова, според извадоците од неговиот говор кој се објавени, ќе го каже на Минхенската безбедносна конференција на која треба да се обрати денеска.

Во обраќањето американскиот претседател ќе нагласи и дека светот е ангажиран во дебата за тоа дали автократијата е најдобар начин за одење напред додека се соочува со огромен пресврт, делумно предизвикан од револуционерните технички промени и смртоносната пандемија.

„Јас целосно верувам дека демократијата мора да победи”, се очекува да каже Бајден.

Минхенската безбедносна конференција е годишен собир на светските безбедносни и воени лидери, а обраќањето на Бајден ќе биде прво до меѓународна публика по неговата инаугурација на 20 јануари.
Поради пандемијата со коронавирусот конференцијата се одржува онлајн.

види ги сите денешни вести

Ердоган - Десет амбасадори, меѓу кои на САД, Германија и Франција, да се прогласат за „персона нон грата“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да прогласи 10 амбасадори за „персона нон грата“, вклучително и оние од САД, Германија и Франција, поради нивниот повик за ослободување на турскиот филантроп Осман Кавала.

Во понеделникот, амбасадите на десет земји објавија соопштенија на социјалните медиуми, во кои побараа ослободување на Кавала, велејќи дека тековниот процес против него и неговото апсење фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција.

Амбасадорите на САД, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд во вторникот беа повикани да дадат објаснување во турското Министерство за надворешни работи. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го оцени како „недозволив“ нивниот повик за поддршка на Кавала.

„Му дадов налог на нашиот министер за надворешни работи. Побарав да ги прогласи овие 10 амбасадори за персона нон грата што е можно поскоро“, истакна Ердоган во градот Ескишехир.

Осман Кавала првично беше уапсен во врска со протестите за паркот Гези во 2013 година, но подоцна обвиненијата против него беа проширени за шпионажа и обид за соборување на владата за време на неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој се наоѓа в затвор без пресуда, иако Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година донесе одлука за негово ослободување.

Нови 482 заразени со ковид, вкупно 17 починати

Во последните 24 часа регистрирани се 482 нови слуачи на позитивни на ковид-19 од направени 4.151 тестирање, соопшти Министерство за здравство. Министерството информира и дека се одздравени 280 пациенти, а пријавени се 12 починати лица во изминативе 24 часа.

Во Скопје се регистрирани 194 случаи, Велес – 50, Куманово – 28, Кочани – 26,Кавадарци – 23, Прилеп и Штип – по 20, Битола – 19,Тетово – 13, Струмица и Крива Паланка – 11, Свети Николе – 10, Пробиштип – 9, Охрид – 7, Гевгелија и Берово – по 5, Кичево и Ресен – по 4, Гостивар и Македонска Каменица – по 3, Струга, Неготино, Радовиш, Виница, Кратово и Демир Хисар – по 2, Делчево, Богданци, Крушево, Пехчево и Дојран – по 1 случај.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 12 починати лица: 6 починати лица од Куманово (89г, 85г, 71г, 71г, 58г и 52г), 4 починати лица од Прилеп(85г, 77г, 68г и 61г) и по едно починато лице од Кавадарци (69г) и Велес (62г). Од пријавени лица 11 се починати во болнички услови,а само едно лице е починато дома.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште 5 починати лица, со датум на смрт од 12.10.2021 до 23.10.2021 година. Регистрирани се 2 починати лица од Скопје, 2 починати лица од Битола и едно лице од Крива Паланка, на возраст од 81 до 41 години. Од пријавени лица, тројца се починати во домашни услови, а две лица се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.539, бројот на оздравени пациенти е 186.211, на починати е 7.036, а бројот на активни случаи изнесува 6.292.

Саудиска Арабија со план за нула штетни гасови до 2060

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Саламан

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Саламан, денеска изјави дека имаат за цел да ја намалат емисијата на штетни гасови за да постигнат нула емисии до 2060 година. Саудиска Арабија е најголемиот извозник на нафта во светот.

За да ја постигне целта Саудиска Арабија ќе се обиде годишно да намалува емисија на јаглерод за речиси 280 милиони тона, пренесува агенцијата Ројтерс, тоа е повеќе од дупло од сегашната емисија на 130 тона јагледор.
Снимката со пораката на принцот е објавена на состанокот на Зелената иницијатива на Саудиска Арабија, кој се одржува една недела пред Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени.

Конференцијата на ОН треба да се одржи во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември. Целта на конференцијата е да се постигнат меѓународни договори за намалување на емисиите на штетни гасови како одговор на глобалните климатски промени.
Обединетите Арапски Емирати, вториот по големина извозник на нафта во светот, претходно овој месец, објави план за постигнување нулта емисија на штетни гасови до 2050-та година.

Истрага за наставникот што тепал ученик во скопско училиште

Илустрација

Снимка на која се гледа како наставник удира ученик и потоа со двете раце го подигнува од земја па го спушта, се појави на социјалната мрежа „ТикТок“. На социјалната мрежа се наведува дека станува збор за настан во скопското основно училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел.

Директорката на училиштето Ќамуран Реџа во изјава за медиуми вели дека за судбината на наставникот ќе реши дисциплинска комисија. Таа вели дека настанот го пријавила во полиција и дека нема да толерира насилство во училиштето. Од МВР пак рекоа дека случајот е пријавен преку телефон, но деа треба да се пријави и во полициска станица за да се направи записник.

Случајот ќе го истражува и Државен просветен инспекторат.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Димитриевски во Куманово, Заев за Тетово остава да одлучат гласачите

Локални избори 2021

ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од изборите онаму каде што нема свои кандидати или кандидати за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои и претходно ги поддржуваше, ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта.

„Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“, се наведува во тој од прогласот донесен денеска на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од прогласот прочита денеска потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На новинарско прашање дали поддршка важи и за Максим Димитриевски во Куманово, Николоски рече дека поддршката важи и за Куманово.

„Секаде каде има кандидати кои се борат против власта, така е и во Куманово, поддршката од ВМРО-ДПМНЕ оди за тие кандидати“, рече Николоски.

Претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека во општините каде СДСМ нема свој кандидат, ќе поддржат кандидат од коалицијата. Во случајот на Тетово, пак, каде што и двајцата кандидати во вториот круг се од партии коалициони партнери на СДСМ, остава гласачите да го имаат последниот збор.

На Болдвин му било речено дека пиштолот е безбеден

Актерот Алек Болдвин

На актерот Алек Болдвин во раце му бил даден пиштол реквизит за кој му било речено дека е безбеден и дека во него нема вистински куршуми, што подоцна се покажа неточно и резултираше со смрт на директорката ан фотографија, а беше ранет режисерот, соопштува полицијата.

Помошникот режисер кој му го дал пиштолот на Болдвин во раце, не знаел дека во него има вистински куршуми, пишува во извештајот на полицијата.

Болдвин на снимањето на филмот „Рѓа“ ја усмрти директорката на фотографија Налина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза кога пукал од пиштолот реквизит. Хачинс починале во болница, а Соуза е пуштен на домашно лекување.

Актерот изјавил дека е во шок од тоа што се случило и дека во целост соработува со полицијата.

Тој на Твитер пишува е срцето му е скршено поради она што се случило.

Локалниот шериф вели дека не е поднесена кривична пријава и дека истрагата е во тек. Болдвин доброволно дал изјава на полицијата.

Судија во Санта е издал налог за претрес на филмскиот сет, на оружјето, камерите и документите.

Пиштолот со кој пукал Болдвин бил еден од трите што ги имале, а му го предал помошникот режисер.

„Кога му го дал пиштолот, рекол дека е безбеден и дека нема куршуми во него“, се наведува во полицискиот извештај.

СДСМ ќе го поддржи Рамиз Мерко, Заев вели се поправил

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во општините каде кандидатите на коалициските партнери на социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017.

„Во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери“, изјави Заев од Охрид.

На новинарско прашање зошто ќе го поддржат Мерко во Струга кога неодамна изјави дека е разочаран од него, Заев вели дека имало промена во работата.

Тој вели дека Мерко почнал со активности кои значеле рамномерно урбано развивање на градот и населените места без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Торбеши или други.

Во интервју за Радио Слободна Европа минатата година, Заев рече дека „се изгореле“ со поддршката на Мерко на локалните избори во 2017 година.

МНР ќе истражува дали преку дипломатска пошта се испраќале алкохол и цигари

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи издало насока на службите да ја прегледаат целата документација, да ги проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва со цел откривање на фактичката состојба, откако вчера порталот МКД.МК објави дека наместо дипломатска пошта во камиони се носеле цигари и пијалаци.

„Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба. Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите. Иако нема потврда за постоење на ваков случај, Министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука, Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавност“, велат од МНР.

Порталот МКД.МК вчера објави дека камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци.

Повикувајќи се на свои извори, порталот МКД.МК објави дека возачот покажал документи кои потврдувале дека се превезува дипломатска пошта, но бидејќи нешто не се совпаѓало во документацијата бил активиран граничен скенер, а потоа бил извршен и претрес.

„Наместо дипломатска пошта (која може да значи од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање), големо количество цигари и алкохолни пијалаци биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи. Според нивните извори, камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија.

Таму сомнежот дека не се работи само за дипломатска пошта паднал кога скенерот прикажал многу шишиња, несоодветно количество за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува.

Македонското МНР бездруго е известено по дипломатски пат од италијанските власти, пишува МКД.МК, додавајќи дека сличен инцидент имало и летово исто така во Италија, но овој пат во контејнер на пристаништето Бриндизи со крајна дестинација Франција.

Хрватските граѓани од денеска без визи во САД

Хрватски пасош.

Хрватските граѓани од денеска може да патуваат во Соединетите Американски Држави без виза, соопшти Американската амбасада во Загреб.

„Дојде и тој ден! Честитки за Хрватска за официјалното придружување на Програмата за исклучок од визи“, наведе амбасадата на официјалната страница на Фејсбук.

Ова се однесува на туристички и бизнис-патувања во САД во траење до 90 дена.

Ова е важен чекор во понатамошното зацврстување на економската и безбедноста соработка на двете земји, порачуваат од Американската амбасада.

За некоја земја да влезе во Програмата за исклучување од визи мора да ги исполни критериумите за спроведување на законот, имиграцијата, сигурноста на документите, како и управувањето со границите, се наведува во соопштението.


Исто така, процентот на одбиени барања за виза мора да биде под 3 отсто, што Хрватска неодамна го исполни.

Само за уште три земји од ЕУ – Романија, Бугарија и Кипар, САД сè уште не ги укинале визите.

Се зголемува интересот за трета доза, вчера вакцинирани 4720 луѓе

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 6.830 дози вакцини, од кои 638 се аплицирани како прва доза, 1.472 се ревакцинирани, а 4.720 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 22 октомври вкупно се вакцинирани 801.326 граѓани, ревакцинирани се 769.356 а трета доза примиле 10.386 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Бројот на луѓе кои примаат трета доза се зголеми откако властите граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да може да примат трета доза Фајзер три месеци по вакцинирањето.

Според податоците на Министерството за здравство 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Виси победата во Кисела Вода и во Пласница во првиот круг од изборите

Локални избори 2021

Во првиот круг од локалните избори одржани на 17 октомври официјално се избрани 32 градоначалници, а не 34 како што покажуваа првичните резултати, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК) на јавна седница. Официјалните резултати покажуваат дека се избрани 21 градоначалник од редовите на ВМРО-ДМНЕ, девет од СДСМ и два од ДУИ. Првичните, пак, покажуваа дека се избрани 22 од ВМРО-ДПМНЕ, девет од СДСМ три од ДУИ. Во земјава се избираат градоначалници и Совети во 80 општини и Градот Скопје.

Во првиот круг, според првичните резултати беше избран и градоначалник на Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ и на Пласница од ДУИ, но за овие општини и за останатите за кои има приговори, ДИК најави дека ќе објави конечни резултати по истекот на рокот за поднесување на тужба до Управниот суд за решенијата за приговорите. Приговори има и за Дебар и Шуто Оризари. За Шуто Оризари, пак е извесно дека ќе има втор круг.

Во првиот круг се избираа сите Совети на општините, но од ДИК за во текот на денот најавија обавување на конечните резултати на нивната веб страница.

Според досегашните резултати во вториот круг извесно е дека ќе се гласа за избор на градоначалник во 44 општини и во Град Скопје, а во Центар Жупа и во Марово Ростуше ќе се прегласува, бидејќи во првиот круг немало излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи. Но за избори во овие две општини Собранието треба да распише нови избори.
На првиот круг од изборите гласале 938.631 граѓани, односно 51,44 отсто од гласачите.

Во Сирија убиен еден од водачите на Ал Каеда

Беспилотното летало од типот MQ-4C

Еден од водечките луѓе на Ал Каеда, Абдул Хамид ал Матар е убиен на 22 октомври во напад со американско беспилотно летало во Сирија, изјави портпаролот на Централната команда на САД, Џон Ригзби.

Според него убиството на ал-Матар ќе ја наруши способноста на терористичката организација да планира и да изврши глобални напади.

„Немаме индиции за цивилни жртви како резултат на нападот со беспилотното летало од типот MQ-4C“, вели Ригзби.

Нападот во северозападниот дел на земјата доаѓа два дена откако беше нападната американска база во јужна Сирија. Ригзби не кажа дали нападот со дрон бил извршен како одмазда.

Ригзби рече дека Ал Каеда продолжува да претставува закана за САД и нивните сојузници и ја користи Сирија како безбедно засолниште „за обнова, координација со надворешните филијали и планирање надворешни операции“.

САД ќе продолжат да таргетираат членови на Ал Каеда и други терористички организации кои имаат намера да и наштетат на Америка, рече Ригзби.

Во Сирија конфликтот започна пред 10 години, а во него загина повеќе од 350 илјади луѓе, а половина од населението во земјата беше раселено.

Капчан - САД и ЕУ сакаат да го „вакцинираат“ Балканот против руско и кинеско влијание

Чарлс Капчан, член на американскиот Совет за надворешни работи и професор на Универзитетот Џорџтаун.

Сигналот што се испраќа е дека Соединетите Американски Држави (САД) го гледаат Балканот како приоритет вели во разговор за РСЕ, Чарлс Капчан, член на американскиот Совет за надворешни работи и професор на Универзитетот Џорџтаун.

Тој вели дека американскиот претседател Џорџ Буш се грижи за регионот и со децении е ангажиран на тоа. Но Балканот не му е глобален приоритет, тука е на врв на листата од специфичните регионални приоритети, делумно затоа што регионот претставува незавршена работа за атлантската заедница, наведува тој.

Запрашан дали Вашингтон може да стори нешто повеќе да го забрза процесот на почеток на преговори за влез на Македонија и Албанија во ЕУ, Капчан вели дека САД се многу заинтересиран набљудувач во пристапните преговори и патот до членство во ЕУ на С. Македонија и Албанија.

„Но, не мислам дека се работи за играч кој може да оствари големо надворешно влијание. Ниту мислам дека треба. Едно подрачје во кое мислам дека би требало да ја хармонизираме својата дипломатија со ЕУ е по прашањето на Србија и Косово, каде, во суштина, она што го набљудуваме е начин да се пружи поттик, како и потенцијална мотивација како би се приближиле страните. Еден од начините за решавање на отворените прашања е перспективата во ЕУ“, вели Капчан и додава дека грешката на администрацијата на Трамп била во тоа што работела сама, на една страна ЕУ, на друга САД.

Тој вели дека САД и ЕУ поради политичката криза во Западна Европа, во САД и плус пандемијата се фокусирале на внатрешните проблеми и на приоритети на домашниот терен, и поради тоа на надворешниот план му се обратило помалку внимание.

„Сега, иако пандемијата се уште не е завршена, но имам чувство дека во Брисел и во Вашингтон постои договор дека балканскиот регион остана важна незавршена работа. Ова би бил вистинскиот момент тоа да се реши. Исто така вредно да се спомене е дека дел од причината што ги мотивира двете страни од Атлантикот се Русија и Кина. Русија се уште се обидува да ги искористи постоечките политички спорови во регионот во своја корист, а Кина продира во југоисточна Европа. Од друга страна, САД и ЕУ еднакво сакаат, така да речеме, да го вакцинираат Западен Балкан против руско и кинеско влијание. А тоа во многу погледи значи решавање на политичките спорови и сите земји од регионот да се доведат на пат кон ЕУ и членство во НАТО“, вели Капчан за РСЕ.

ЕУ воведува санкции кон Белорусија за проблемот со мигрантите

Мигранти на границата меѓу Белорсија и Полска.

Лидерите на Европската унија поддржаа воведување на нови санкции кон Белорусија за да извршат притисок врз авторитарниот владетел Александар Лукашенко да го запре протокот на илегални мигранти кон земји од Унијата. Според ЕУ тоа што го прави Белорусија е хибриден напад.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа по самитот на лидерите на ЕУ рече дека блокот ќе го продолжи притисокот врз Лукашенко, обвинувајќи го за инструментализирање на миграцијата за да и се одмазди на Европската унија.

Илјадници илегални мигранти преминаа од Белорусија главно во соседните Литванија и Полска, што ги натера двете членки на ЕУ да прогласат вонредна состојба и да ги зајакнат своите граници.

ЕУ го обвинува Лукашенко дека ги користи мигрантите за да се одмазди на санкциите кои ЕУ ги воведе кон неговата влада, откако во земјата брутално беа задушени протестите на опозицијата кои уследија по минатогодишните претседателски избори. Опозицијата и Западот сметаат дека изборите биле наместени.

По речиси пет часа дискусии, лидерите на ЕУ се согласија „да продолжат да се спротивставуваат на тековниот хибриден напад што го започна белорускиот режим“, со тоа што ќе усвојат и дополнителни рестриктивни мерки против лица и правни субјекти.

Повеќето од мигрантите од Блискиот Исток и Африка првин допатувале во Белорусија, а потоа им се помага преку границата со Полска и Литванија да влезат во ЕУ.

ДИК ги соопштува официјалните резултати од првиот круг од изборите

Aлександар Даштевски, претседател на ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) на јавна седница почна да ги соопштува официјалните резултати од првиот круг на локалните избори кои се одржаа на 17 октомври. Во земјава се избираат градоначалници и Совети во 80 општини и Градот Скопје.

Прелиминарните резултати покажаа дека се избрани градоначалници во 34 општини, и тоа 22 од ВМРО-ДПМНЕ, 9 од СДСМ и тројца од ДУИ.

Во првиот круг се избираа сите Совети на општините.
Според досегашните резултати во вториот круп ќе се гласа за избор на градоначалник во 44 општини и во Град Скопје, а во Центар Жупа и во Марово Ростуше ќе се прегласува, бидејќи во првиот круг немало излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи.

Русија предводи воени вежби на границата меѓу Таџикистан и Авганистан

Границата на Таџикистан со Авганистан.

Членките на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ЦСТО) предводена од Русија започнаа уште една заедничка вежба за антитерористичка обука во Таџикистан во близина на границата со Авганистан.

Вежбата која започна денеска (23 октомври) е подготовка за сценарио во кое колони возила носат милитанти преку граница од Авганистан во Таџикистан.

Како дел од вежбата, два авиони „Аеро Л-39 Албатрос“ од советско време од воздухопловните сили на Таџикистан изведоа воздушно извидување над полигонот Карб-Мајдон, на околу 20 километри од границата со Авганистан. Тие известија за две лажни колони возила на милитантите. Таџикистански граничари беа распоредени да ги пресретнат лажните непријателски возила. Во вежбата учествуваа и специјални сили на ЦСТО.

Овае трета воена вежба во близина на границата на Таџикистан со Авганистан. Вежбите беа најавени во август, откако талибанците ја презедоа контролата над власта низ Авганистан.

Портпаролот на ЦСТО Владимир Заинетдинов, рече дека четвртата вежба ќе биде во ноември.

Во вежбите учествуваат 4.000 војници и повеќе од 500 воени возила.

Талибанците се обидоа да ги уверат соседите на Авганистан и Русија дека не претставуваат закана откако ја презедоа контролата над поголемиот дел од територијата на Авганистан, вклучувајќи го и главниот град Кабул заедно со граничните премини кон Таџикистан, Узбекистан и Туркменистан.

Но, државите од Централна Азија кои се граничат со Авганистан - особено Таџикистан - изразија загриженост дека талибанците може да бидат безбедносна закана, а стравуваат и од беглаци.
Русија има воени бази во Таџикистан и Киргистан. Таа вети дека ќе ги брани сојузниците на Москва во Централна Азија од каква било безбедносна закана од Авганистан.

На 17 август Русија и Таџикистан започнаа едномесечна заедничка воена вежба во близина на границата со Авганистан.

Една недела претходно, Русија ги заврши заедничките воени вежби со таџикистанските и узбекистанските трупи во близина на границата со Авганистан, кои следеа по помалите руско-узбекистански вежби долж узбечко-авганистанската граница.

Во почетокот на септември, неколку илјади војници од земјите-членки на ЦСТО, исто така, беа вклучени во граничните вежби во Киргистан.

Во ЦСТО членуваат Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.

Временска прогноза – облачно и топло

Времето денеска ќе биде променливо облачно и релативно топло.

Попладне и во текот на ноќта претежно во северните делови ќе има локален дожд, а вдолж Повардарието ќе почне да дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 18 до 23 степени.

Во Скопје променливо облачно. Попладне и кон крајот на денот ќе има локален дожд и ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната температура се достигне 20 степени.

Мицкоски: Ако имало притисоци, оставки да поднесат и другите членови на историската Комисија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика и останатите членови на македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија „да ја следат постапката“ на професорот Ванчо Ѓорѓиев, кој денеска поднесе оставка од Комисијата.

„Ако е вистина тоа дека некој помеѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет и да ја продава Македонија на сметка на тоа да опстане политички, јас сум шокиран и веднаш повикувам, не само до тие политичари коишто вршат притисок, туку и до останатите членови на Комисијата која преговара, да ја следат постапката на професорот Ванчо Ѓорѓиев“, рече Мицкоски.

Членот на македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, професор Ванчо Ѓорѓиев, денеска поднесе оставка од Комисијата.

Тој образложи дека оставката ја поднел поради тоа што во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што на вчерашната средба кулминирало преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во Министерството за надворешни работи (МНР).

Македонскиот дел од Комисијата излезе со реакција во која се наведува дека членовите се „крајно изненадени од тврдењата“ во соопштението на Ѓорѓиев и дека во нив не постои никаква основа дека имало политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“, се вели во реакцијата.

На повикот на Мицкоски реагиреше владејачката СДСМ. Преку партиско соопштение генералниот секретар на партијата и вицепремиер во Владата, Љупчо Николовски, вели дека Мицкоски со изјавата признал дека оставката на Ѓорѓиев е политички потег инициран од ВМРО-ДПМНЕ.

„Значи Мицкоски признал дека е тесно политички потег инициран токму од ВМРО-ДПМНЕ на една недела пред изборите и мешање во работата на Комисијата којашто е стручна“, рече Николовски.

На тврдењата на Ѓорѓиев, со деманд денеска излезе и македонската Влада која соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Комисијата.

Нема решенија од последната средба на македонско-бугарската историска комисија

Архива - Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Не се усвоени никакви решенија и препораки на 15-та редовна средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. Состанокот се одржуваше вчера и денеска преку онлајн врска.

Членовите на Комисијата од македонската страна за МИА брифираат дека не биле усвоени решенија и препораки поради „исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање на минатото“.

Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што во 2017 година го потпишаа Скопје и Софија.

Членовите на македонската страна по последниот состанок информираат дека на Комисијата биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата.

Во првиот ден, биле дадени предлози и идеи за препораки за учебниците по историја за да се подобри историското образование во двете држави, велат тие.

„По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел–градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, велат членови на македонскиот тим.

Тие додаваат дека во текот на вториот ден било дискутирано и за можноста личноста на Гоце Делчев да биде заеднички чествувана од двете држави, но дека дискусијата го покажала различниот пристап и разбирање на историјата и нејзината улога во двете држави.

Денеска и копретседателот на бугарскиот дел од Комисијата професор Ангел Димитров, на брифинг со новинарите во бугарското Министерство за надворешни работи рече дека станува се потешко да ги информира за работата на заедничката Комисија, јавува дописникот на МИА од Софија.

Димитров вели дека до вчера напладне работите во разговорите на заедничката историска Комисија оделе добро, но дека нешто се сменило во последен момент.

Димитров рекол дека „постои политички притисок врз неговите колеги од македонскиот дел од Комисијата, потсетувајќи дека претстои втор круг од локалните избори во земјата.

Инаку, денеска членот на македонскиот дел професор Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од Комисијата со образложение дека во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што на вчерашната средба кулминирало преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во Министерството за надворешни работи.

Со реакција излезе македонскиот дел од Комисијата, во која се наведува дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се и ќе останат непроменети, а дека не постои никаква основа во тврдењата на Ѓорѓиев дека имало политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“, се вели во реакцијата.

Со деманд на тврдењата на Ѓорѓиев излезе и македонската Влада која соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Комисијата.

411 позитивни на коронавирус, 7 починати

Илустративна фотографија.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 411 нови случаи на коронавирус, а 4 луѓе починале сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Според Регистарот на починати од ковид пријавени се уште 3 починати лица во период од 31 август до 16 октомври, се вели во соопштението.

Направени се 3.209 тестирања. Најмногу нови случаи има во Скопје – 198, Куманово 40, Штип 19, Велес 18, Кавадарци 16, Прилеп 15...

Регистрирани сe 271 оздравен пациент. Бројот на активни случаи во моментов е 7.019.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 199.057, бројката на оздравени пациенти е 185.931, на починати 7.019.

Косово: Две лица од руската Канцеларија за врски прогласени за „персона нон грата“

Вјоса Османи Садриу - претседателката на Косово.

Косовската претседателка Вјоса Османи Садриу денеска соопшти дека две официјални службени лица од руската Канцеларија за врски на Косово се прогласени за непожелни (нон грата), поради наводни активности кои ја нарушиле „националната безбедност и уставниот поредок на Косово“.

„Министерството за надворешни работи денеска донесе одлука со која овие двe руски официјални службени лица ги прогласи за непожелни личности и истовремено ги информираше институциите за спроведување на законите и надлежните органи за нивно спроведување“, напиша косовската претседателка на својот Фејсбук профил.

Османи Садриу додаде дека „институциите на Косово нема да се двоумат да дејствуваат секогаш кога ќе се наруши безбедноста и уставниот поредок“.

„Косовските институции се борат против малигното влијание на Русија и нејзините сателити во регионот, кои имаат за цел да ги поткопаат нашите достигнувања и достигнувањата на САД, НАТО и ЕУ. Затоа, ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите американски и европски сојузници да се спречи Косово и нашиот регион да станат плен на деструктивните амбиции на Русија“, напиша Османи Садриу.

Вучиќ: Важно е да се отвори дијалог во БиХ, санкциите не решаваат проблеми

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека на 23 октомври во Белград ќе се сретне со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик, а во наредните недели и со бошњачкиот лидер Бакир Изетбеговиќ.

На прашањето за можните санкции на САД против ентитетот Република Српска, тој рече дека секогаш бил против тоа.

„Никој не решил никаков проблем со санкциите, што се покажува низ историјата. Особено ги презирам оние во Белград, Бања Лука и Сараево кои мислат дека проблемот се решава со санкции. Разговорот е најважен метод за решавање на проблемите“, рече Вучиќ.

На 20 октомври, по одлуката на Народното собрание на Република Српска кое го усвои Законот за лекови и медицински помагала во Република Српска, американската амбасада во БиХ соопшти дека САД се подготвени да применат санкции .

Законот предвидува формирање агенција за лекови во ентитетот, што не е во согласност со Уставот на БиХ.

На 22 октомври, Вучиќ изјави дека смета оти е „многу важно да отвориме српско-бошњачк дијалог, за да зборуваме еден за друг со поголема почит, да се грижиме еден за друг и да видиме кои се интересите на едните и другите“.

„Ако во политиката очекувате да добиете некаква корист од санкциите за некој друг, таа придобивка е патетична и никогаш не трае доволно долго за навистина да ја имате“, додаде тој.

Нов дневен рекорд на ковид инфекции во Русија

Ситуацијата со ковид инфекции во Русија.

Русија забележа уште еден дневен рекорд на инфекции со ковид-19 и смртни случаи додека властите се подготвуваат повторно да ги воведат ограничувањата.

Владиниот кризен центар објави 37.141 нови случаи на ковид-19 и 1.064 луѓе кои починале во изминатите 24 часа, што е втор последователен дневен рекорд на случаи и четврти ден по ред со рекордни смртни случаи.

Претседателот Владимир Путин нареди национална недела на „неработење“ која започнува на 30 октомври во обид да се запре порастот на инфекциите.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин повторно воведе мерки за периодот помеѓу 28 октомври и 7 ноември со затворање на сите продавници, барови и ресторани, освен оние што продаваат основни стоки.

Русија има убедливо најголем број на смртни случаи во Европа, односно 228.453 лица или четврти највисок во светот. Само околу една третина од скоро 146 милиони луѓе се целосно вакцинирани во земјата.

Реакција на Комисијата за историски и образовни прашања за оставката на Ѓорѓиев

Архивска фотографија: Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија објави реакција во врска со денешната оставка на членот на Комисијата – професорот Ванчо Ѓорѓиев, во која се наведува дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се и ќе останат непроменети.

„Не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“, се вели во реакцијата.

Професор Ѓорѓиев денеска поднесе оставка од Комисијата наведувајќи дека одлуката ја донел раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, а дека во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминирало на вчерашната редовна средба преку, како што посочува, директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

„При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година“, наведе меѓу другото Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев исто така нагласи дека изготвените и разменети предлог-идеи, во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, биле донесени и разменети без негова согласност“, вели Ѓорѓиев во соопштението кое го доби РСЕ.

Во реакцијата на Комисијата се наведува дека членовите се „крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение“, бидејќи, како што е соопштено, со Ѓорѓиев во изминатите три години се работело во Комисијата и биле донесени решенија за кои членовите сметаат дека се „добри“ и со кои сметаат дека „помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници“, стои во реакцијата.

„Вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието“, стои во реакцијата.

Со деманд излезе и Владата која соопшти дека во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Комисијата.

„Категорично отфрламе каква било инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција“, се вели во соопштението на Владата.

Во соопштението на Владата се додава дека професорот Ванчо Ѓорѓиев пред една недела „го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“.

Османи - Одвојувањето на Албанија и Северна Македонија зависи од ЕУ

Macedonia - Bujar Osmani, minister of foreign affairs

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи денеска изјави дека одвојувањето на Северна Македонија и Албанија не зависи од нив, туку тоа e одлука на ЕУ. Тој порача дека никогаш не бил поборник на одвојувањето.

„Се сеќавате 2019 година беше обратна ситуацијата. Дали Северна Македонија треба да ги продолжи, а Албанија заостана затоа што ги немаше тогаш исполнето условите. Имаше и меѓу нас такви коишто лобираа Северна Македонија да се одвои. Отсекогаш сум предвидел дека овие процеси се циклични и може да се сменат во обратна насока“, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конферениција со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.

Според него, важно е, поради многу причини и ќе даде поттик на целокупната регионална интеграција, доколку Албанија и Северна Македонија се држат заедно и започнат преговорите заедно сега при крајот на годината, во текот на словенечкото претседателство, а потоа, како што рече, секој со својата среќа и брзина што ќе ја наметне.

„Но, мислам дека почетокот е важен затоа што Комисијата потврдува дека двете држави ги исполнуваат условите. И навистина би било лоша пораки кога поради прашања коишто не се поврзани со ЕУ, едната држава не продолжи. Мислам дека тоа ќе создаде значителен удар на кредибилитетот на европските интеграции во државата и во регионот“, рече Османи.

Процесот на започнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ е блокиран од 2019 година. Тогаш прво Франција побара да биде променета методологијата на Блокот за преговорите со земјите кандидатки. Методологијата беше променета, но потоа процесот за почнување на преговорите започна да го блокира Бугарија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG