Достапни линкови

Вести

Израел најави дека ќе им даде 5.000 вакцини на Палестинците

Жена се вакцинира против Ковид-19 во Израел.

Израел прифати да им даде на Палестинците 5.000 вакцини против коронавирусот, за да се вакцинираат здравствените работници кои најмногу се изложени на можна зараза, соопшти денеска кабинетот на израелскиот министер за одбрана Бени Ганц.

Еврејската држава сега за прв пат го потврди трансферот на вакцини на Палестинците кои многу заостануваат зад израелската брза кампања за вакцинација, односно немаат примено ниту една вакцина.

Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост поради заради таквите разлики меѓу Израелците и Палестинците, кои живеат на Западниот Брег и во блокираниот појас Газа.

Меѓународните организации за човекови права и експерти на ОН рекоа дека Израел како окупаторска сила е одговорен за благосостојбата на Палестинците на тие територии.

Меѓутоа Израел тврди дека врз основа на привремените мировни преговори од 90-те години на минатиот век, не е одговорен за Палестинците и дека не добил никакво барање за помош.

Кабинетот на Ганц соопшти дека трансферот е одобрен, но не е наведено кога ќе се случи. Коментари не дадоа ниту палестинските претставници.

Израел е на врвот во светот според вакцинирање на населението, по постигнатите договори со фармацевтските гиганти „Фајзер“ и „Модерна.“

види ги сите денешни вести

ССМ: Не смее да има јаз меѓу платите на мажите и жените

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето на родовиот јаз при исплата на платите, а преку почитување на колективните договори може да се дојде до поефикасно решение за надминување на таквата разлика, смета Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во денешното соопштение од ССМ се наведува дека јазот на платите според род не е во согласност со Конвенцијата С-100 на МОТ за еднакви плаќања, како и со Уставот и законите за работни односи, за антидискриминација и за еднакви можности на мажите и жените.

„Жените се порамномерно распоредени, но забележителна е малата застапеност кај законодавците, функционерите и на раководните позиции, а кога жените наоѓаат вработување нивната плата е пониска од платата на мажите, додека јазот на платите е најзастапен кај нискоквалификуваните жени“, наведува ССМ во соопштението.

Една од причините за таквата состојба, според ССМ, е ниската стапка на синдикално организирање кај женскиот дел од популацијата, нешто што, како што посочуваат, мора да се промени во наредниот период.

Експерти за човекови права на ОН ќе објават наоди за случајот Навални

Алексеј  Навални

Истражителите за човекови права на Обединетите нации денеска ќе ги објават своите наоди за случајот со критичарот на Кремљ Алексеј Навални. Опозицискиот политичар беше уапсен во Москва во јануари по враќањето од Германија по третманот за труење со, како што велат многу западни земји, боев нервен отров.

Навални го загуби статусот „затвореник на совеста“, но кои го имаат?

Агнес Каламард, експерт во ОН и Ајрин Кан, експерт за слобода на мислење и изразување во ОН, ќе ги објават своите наоди за нивната истрага на прес-конференција во Женева, се вели во соопштението на ОН.

Во Федерацијата БиХ се слави Денот на независноста, во РС не

Сараево и оваа година е празнично украсена по повод 1 март - Денот на независноста на Босна и Херцеговина, Сараево, 28.02.2021.

Федерацијата БиХ денеска го слави Денот на независноста на БиХ, но не се слави во Република Српска затоа што се смета дека на референдум за иднината на БиХ што се одржа на тој ден во 1992 година, бил вовед во четиригодишна војна. Лидерот на Партијата за демократска акција Бакир Изетбеговиќ, по повод Денот на независноста на БиХ, изјави дека во изминатите три децении Босна и Херцеговина помина долг и тежок пат, и дека најважен беше 1 март 1992 година, кога „граѓаните одлучија да живеат во суверена и независна БиХ, држава на еднакви граѓани и народи“. „Ние мора да ја градиме иднината на Босна и Херцеговина како суверена, стабилна и просперитетна држава, членка на Европската унија и на НАТО“, рече Изетбеговиќ.

Во аферата „Икона“, обвинителството на БиХ ќе ги испита сите членови на Претседателството

Од друга страна, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, како и други српски политичари од Република Српска, повторија дека 1 март не може да биде празник во РС, ниту пак ќе се слави. Тие сметаат дека референдумот од 1 март 1992 година беше нелегален бидејќи на него учествуваа главно Бошњаци и Хрвати и со големо мнозинство ја поддржуваа независноста на БиХ од Југославија, додека претставниците на српскиот народ во БиХ претходно организираа плебисцит на кој мнозинството Срби гласаа за останување во Југославија. Дури 26 години по потпишувањето на Дејтонскиот договор, со кој заврши војната, БиХ нема закон за празници, но постојат закони за ентитетите; Двата ентитета слават само меѓународни празници во исто време.

Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Албанија

Западен Балкан и ЕУ

Албанија ќе го одржи својот редовен состанок за стабилизација и асоцијација со Европската Унија на први март, додека за Северна Македонија состанокот е одложен. Ова ќе биде единаесеттиот Совет за стабилизација и асоцијација за Албанија, клучен форум за земјите кандидати за членство каде се разговара за реформскиот напредокот. Како што јавија од прес службата на Советот на ЕУ, денешниот состанокот ќе се фокусира врз стратегијата за зачленување во ЕУ и исполнување на критериумите за пристап во Унијата, политичките, економските и финансиските.

Коп - Да не се прави драма од секоја пречка на патот кон ЕУ

Северна Македонија требаше да ја одржи редовната седница на овој Совет на крајот на февруари, но состанокот е одложен без прецизен датум. Се очекува да биде поизвесна агендата по изборите во Бугарија, која го кочи процесот за почеток на преговори со Скопје. Пред неколку недели, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени дека ова одлагање не го смета за притисок од страна на ЕУ врз Скопје да попушти пред барањата на Софија

Лајчак денеска започнува тридневна посета на Косово

Мирослав Лајчак, специјален пратеник на Европската унија за дијалог Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Белград, 15 октомври 2020 година.

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог Белград-Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак денеска започнува тридневна посета на Косово. По посетата на Косово, тој ќе ја посети Србија на 3 и 4 март, додека ќе ја посети Црна Гора на 4 и 5 март. За време на престојот во Приштина, Лајчак ќе се состане со претставници на косовските институции и политички партии, како и со претставници на Европската унија.

ЕУ е убедена дека се можни нормални односи меѓу Косово и Србија

Во минатата недела вршителот на должноста министер за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла, побара од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, да започне во неговата канцеларија да употребува мапа на која Косово е независно. До ова дојде откако во медиумите се појави слика на Лајчак пред мапа на која се гледа Косово како дел од Србија. Лајчак одговори дека мапата во неговата канцеларија била погрешно протолкувана од оние кои тврдат дека Косово е прикажано како дел од Србија.

Орбан се заканува со излез на Фидес од конзервативната ЕПП во Европскиот парламент

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ја повлече својата партија Фидес од Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент доколку конзервативниот блок ги одобри новите внатрешни правила оваа недела. Орбан го постави ултиматумот во писмо до Манфред Вебер, германскиот политичар кој го предводи конзервативниот блок ЕПП, најголемата фракција во Европскиот парламент. Парламентарната група на ЕПП, во која членуваат конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел, веќе со години се бори со Фидес кој е суспендиран од ЕПП од 2018 година, но сепак има 11 пратеници во групата на ЕПП во Европскиот парламент.

ЕУ го зголеми притисокот врз Унгарија за законот за невладини организации

ЕУ долго време го обвинува Орбан за поткопување на демократските слободи, медиумите, невладините организации и владеењето на правото. Во минатата недела ЕПП предложи измени со кои ќе се овозможи суспендирање или исклучување на групата Фидес од блокот ЕПП. Правилата се очекува да бидат одобрени со мнозинство гласови на 3 март. Во писмото до Вебер, Орбан напиша: „Ако Фидес не е добредојден, тогаш не се чувствуваме должни да останеме во групата“.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

Доналд Трамп т на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида, 28.02.2021.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати на политичката сцена на 28 февруари, првпат откако ја напушти функцијата, обидувајќи се да го зацврсти својот статус како неопходен лидер на Републиканската партија. Во својот прв голем говор откако претседателот Џо Бајден стапи на должноста во јануари, Трамп навести можна кандидатура за претседател повторно во 2024 година и ги демантира гласините дека планира да формира трета партија.

Бајден ја избриша забраната за влез на имигранти издадена од Трамп

„Јас ќе продолжам да се борам на вашата страна. Не стартуваме нови партии“, рече Трамп во говорот на Конференцијата за конзервативна политичка акција во Орландо, Флорида. „Ние ја имаме Републиканската партија. Ќе биде силна и обединета како никогаш порано“. Трамп продолжи да одбива дека загуби на изборите на 3 ноември и го критикуваше Бајден за низа прашања, велејќи дека земјата „отиде од Америка прва во Америка последна“.

Почнува пописот за лица кои се во странство

Државен завод за статистика

Денеска почнува пописот на лицата кои се наоѓаат во странство. Попишувањето во странство ќе трае од 1 до 15 март, а исто така од денеска е овозможено и само попишување на македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини подолго од 12 месеци. Само попишувањето на оваа категорија ќе трае од 1 до 21 април.

ВМРО-ДПМНЕ се пофали со собраните потписи против пописот, СДСМ вели нема одложување

Како што информираа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски и министерот за надворешни работи, од 1 до 15 март ќе се попишуваат: вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство; македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство; воени претставници на Армијата во странство граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица; сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.

Влада: Пописот дефинитивно ќе се спроведе во април


Покрај овие категории чие попишување ќе се прави со логистика од МНР, во првата половина од март ќе се попишуваат лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, додека заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе се попишат бездомниците.

Времето денеска: претежно сончево и свежо

Претпладне ќе биде сончево и свежо, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен северен ветер. Дневната температура ќе биде од 8 до 16 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 14 степени.

Пристигнаа вакцините во Молдавија од Романија

Илустрација, вакцините од Астра Зенека

Молдавија денеска ја прими првата пратка на вакцини против ковид-19 од АстраЗенека. Пратката од ја испрати Романија со што и се овозможи на една од најсиромашните европски земји да ја започне вакцинацијата следната недела. Молдавија ја поздрави донацијата потребни за нејзините 3,5 милиони жители, која доаѓа во ек на „борба“ за пристап до вакцините.

Во декември романскиот претседател Клаус Јоханис вети дека од нивните вакцини ќе одвојат 200 илјади дози за Молдавија. Тоа го изјави при неговата средба со прозападната претседателка на земјата Маја Санду. Тоа беше првата посета на романскиот претседател на Молдавија во последниве шест години, што претставува затоплување на односите меѓу соседите.

Бурни реакции по предлог планот на Георгиевски за односите со Бугарија

Архивска фотографија, поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевскки

Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук понуди план за излез од спорот со Бугарија. Според неговиот план составен од пет точки потребно е да и се дадат гаранции на Бугарија дека Македонија нема апсирации кој Пиринскиот дел. Тој предлага промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазилот. Неговиот предлог акциски план предизвика серија од политички реакции.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев преку Љубчо Георгиевски пушта пробен балон.
„Зоран Заев вчера преку Љубчо Георгиевски пушти пробен балон во јавноста, и порача дека македонскиот јазик не постоел во кореспонденцијата на патриотските револуционерни организации директно негирајќи ја посебноста на македонскиот јазик, како и посебноста на македонската нација. Заев сака да ги одроди револуционерите и сите македонски дејци и од нив да направи Бугари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Тие обвинуваат и дека преку Георгиевски, сака испраќа порака дека ќе се откаже од македонското малцинство во Бугарија.
Од друга страна, пак, СДСМ се изјасни дека нивните ставови се различни од оние на Георгиевски. Тие тврдат дека де отворени за дијалог, но за идентитетот не се преговара.


„Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговра на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, изјави пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.


Реакција пристигна и од Бугарија. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ги пофали предлозите на Георгиевски, посочувајќи дека за него тие се добар почеток.

Авансот за кинеските вакцини вратен, опозицијата вели „во право бевме“

Првата вакцина против ковид-19 ја прими д-р прим. Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести

Министерството за здравство го повлекло авансот што бил уплатен за набавка на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Но, како што велат оттаму, договорот за набавката не е откажан. Во изјава за новинската агенција МИА од Министерството за здравство велат дека уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја,“ наведуваат од Министерството за здравство.

Власта не знае кога ќе стигнат вакцините, опозицијата обвинува вратен бил авансот


На ова од ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение посочија дека нивните информации биле точни.
„Филипче и покрај тоа што ги потврди тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите лаги. Филипче вели разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја. Но, кој е најкусиот можен рок никој не знае, не знае ни самиот Филипче,“ се вели во писменото соопштение.

Според досегашните најави на Министерството за здравство од кинескиот производител во земјава треба да пристигнат 200 илјади вакцини. Покрај најавените 833 илјади вакцини кои се очекува да пристигнат преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини од Фајзер.

Талибанци убиле семејство на новинар

Илустрација, архивска фотографија, Кабул, Авганистан

Авганистанската независна комисија за заштита на човекови права соопшти дека талибански командат убил тројца членови на семество на новинар кој претходно бил убиен во провинцијата Гор.

Новинарот Бизмилах Адел Аимак, главен уредник на приватно радио во провинцијата Гор, беше застрелан од непознатаи напаѓачи на 1-ви јануари. На 25 февруари вооружени лица ја нападнале куќата на таткото на Аимак во периферијата на градот Фироз Кох.

Покрај трите смртни случаи вооружените лица при нападот биле ранети и четири други лица. Ниту една група не презеде одговорност за нападот.

Нови 305 случаи со ковид-19 и 11 починати

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатото деноноќие се регистрирани нови 305 случаи на заболени со ковид-19 и 11 починати од компликации настанати од короновирусот. Во последниве 24 часа биле направени вкупно 2 533 тестови. Најголем број на новозаразени се евидентирани во Скопје, вкупно 153, потоа во Кавадарци 30 и Куманово 22.

Во изминативе 24 часа починале вкупно 11 луѓе од кои најмладиот имал 57 години додека најстариот 85 години. Вкупната бројка на ковид - дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 102.787, бројката на оздравени пациенти е 91.233, на починати е 3.137, а бројот на активни случаи изнесува 8.417.

Израел размислува за одговор кон Иран

Израелски високи функционери од одбраната и политички претставници ќе се состанат со цел разговори околу одговор на нападот врз израелски брод. Израелскиот министер за одбрана Бени Гантц вчера изјави дека негова првична проценка е оти зад нападот стои Иран.

МВ Хелиос Рај е носач на возила кој патувал кон од саудиското пристаниште Дамам кон Сингапур кога се случила експлозија.

„Локацијата на бродот во близина на Иран го покренува сомнежот дека Техеран е одговорен за експлозијата, но сепак мора да се провери. Во моментов тоа е моја првична проценка со оглед на близината, но и на контекстот,“ изјави Ганц за израелска телевизија.
Претходно Иран го обвини Израел за убиство на нуклеарен научник во ноември и вети дека ќе возврати. Експлозијата не предизвика жртви, но остави две дупли со дијаметар од 1,5 метри од страна на бродот, додаде Ганц.

Ирачкиот амбасадор повикан на разговор во турското МНР

Илустрација

Турција го повика иранскиот амбасадор Мохамед Фаразманд во Анката на разговор и притоа побара поддршка во борбата против „тероризмот“ во период кога ескалира спорот за турското присуство во Ирак. Новинската агенција Анадолу објави дека турското министерство за надворешни работи му соопштило на иранскиот амбадор дека Анкара очекува од Иран да застане на нејзина страна во „борбата против тероризмот“ , а не спротивставување.

Претходно, турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека 48 членови на Курдската работничка партија биле убиени во северен Ирак за време на антитерористичката операција на турските вооружени сили.


Реакцијата на Анкара доаѓа откако иранскиот амбасадор во Ирак, Ираџ Масаџеди, за курдската новинска агенција изјави дека Техеран е против турската интервенција во Ирак и ја повика таа земја да ги повлече своите трупи од земјата и да ги почитува меѓународните граници.

Партиска преписка: Кој се сретнал со Мијалков, Заев или Мицкоски ?

Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Владејачката партија СДСМ во писмено соопштение до медиумите посочува дека во последните неколку недели, високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои Христијан Мицкоски, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев, често биле во хотелот Мериот.


„Дали во Мериот имало и други средби, со Сашо Мијалков на пример, најповикан е да одговори Христијан Мицкоски. Јасно е дека спрегата Мериот-Белата палата се уште раководи со ВМРО-ДПМНЕ“ се вели во соопштението.

Мијалков спроведен во затворот во Шуто Оризари

Спасовски-Mијалков не бил во Белград

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак возвраќаат дека единствена средба за која знаат е таа на Заев со Мијалков. На таа средба Заев му ветил слобода на Мијалков во замена за креирање на проблеми во ВМРО-ДПМНЕ, велат оттаму.

„СДСМ не треба да заборави дека Сашо Мијалков е таму каде што е заради притисокот на ВМРО, народот и меѓународната заедница. Да се прашуваше Зоран Заев, Сашо Мијалков се уште ќе беше на слобода и сега заедно ќе правеа вештачки кризи во ВМРО-ДПМНЕ, за да ја спасат фотелјата на Заев и да ја купат слободата на Мијалков“ изјави Стефан Васев од ВМРО-ДПМНЕ.

Германија со нови ограничувања за движење

Илустрација, архивска фотографија

Германија соопшти дека патниците кои доаѓаат од североисточниот дел од Франција ќе се соочат со дополнителни ограничувања затоа што таму се евидентирани голем број на активни случаи на коронавирусот. Ограничувањата за патување стапуваат на сила на 2 март.

Германската агенција за контрола на заразни болести соопшти дека ја додава таа област во листата на ограничувања поради појавата на новите варијанти на коронавирусот. На таа листа се и Чешка, Португалија и Велика Британија. Патниците од тие области мораше до сега да направат ковид тест за да можат да влезат во Германија.

Постојат само неколку исклучоци кои се однесуваат на возачите на камиони и одредени работилници. Таквите ограничувања беа критикувани од ЕК поради непропорционалност и несогласување со рамковниот договор ширум ЕУ.

Хоспитализирани 667 ковид-пациенти

Ковид-19 амбуланта во Скопје

Последните податоци на Министерството за здравство покажуваат дека до денеска се хоспитализирани вкупно 667 пациенти позитивни или сомнителни на коронавирусот се лекуваат во болниците низ државата. Засега има околу 384 слободни болнички кревети.

На инфективните оддели во Скопје се хоспитализрани 256, а во ковид-центрите во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат 411 пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Министерството за здарвство соопшти дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Илистрација, демонстрации во Мјанмар по воениот пуч

Најмалку петмина загинаа во судири на полицијата со демонстрантите во Мјанмар, при што и неколкумина демонстранти поминаа со тешки телесни повреди, во најкрвавиот ден од неколку дневните протести против воениот пуч во земјата. Бурма познат и како Мјанмар е во хаос откако на 1-ви февруари армијата ја презеде властс и го приведен избраниот владени лидер Аунг Сан Су Чи заедно со голем дел од партиското лидерство.

Воените лидери тврдат дека на изборите во ноември била спроведена изборна измама со која и се овозможила победата на Су Чи. Воениот пуч донесе застој во обидите за демократизација на земјата по 50 години воено владеење.

Исто така привлече и стотици илјади демонстранти на улиците во целата земја и донесе меѓународнна осуда за пучот. Првиот римокатолички кардинал во земјата каде што мнозинство се будусти Чарлс Маунг Бо на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека „ Бурма е како бојно поле“. Полицијата отворила оган во неколку градови за да ги растера демонстрантите и при тоа користела и шок бомби, солзавец и истрели во воздух за да ги разбијат толпите.

Приведени Британци на скопскиот аеродром поради лажни ковид тестови

Меѓународен аеродром Скопје

Британци со фалсификувани ПЦР тестови сакале да се качат во авион на скопскиот аеродром. Полицијата соопшти дека на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, вчера во 04.30 часот поради приложени фалсификувани негативни ПЦР тестови, од слобода биле лишени 37 и 12 годишни државјани на Велика Британија. МВР денеска информира дека тие биле предадени на инспектори од Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Скопје за понатамошна постапка.

Загрозување на колективното здравје преку лажни ковид тестови

Педесетина случаи на фалсификувани тестови за ковид 19 на граничниот премин кон Бугарија, триесетина вакви случаи на преминот „Блаце“ кон Косово и неколку на граничниот премин „Табановце“ кон Србија, открила македонската полиција во последните неколку месеци.
Од полицијата велат дека за секој случај се води истрагата со цел да се утврди како е направен фалсификатот и дали зад делото постои организирана структура.

Лани без работа останаа речиси 7 илјади луѓе од текстилната индустрија

Работнички шивачки во текстилна индустрија

Речиси 7 илјади работни места во текстилниот сектор се згаснати поради пандемијата, покажуват податоците на Здружението за истражување и анализи . Според нивната анализа вкупниот број нови невработени лица во 2020 година во однос на 2019 година се зголемил за 128 отсто.


„Конкретно, во 2020 година има 6783 нови невработени лица. За споредба, во 2019 година имало 2971. Истовремено, процентот на невработеност кај младите е значително повисок во однос на останатите години. Дури 15 проценти од младите учествуваат во невработеноста„ се вели во анализата.


Нивното истражување покажува дека пет општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Во овие пет општини текстилната индустрија е и најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. Кај младите лица до 29 години, бројот на невработени, исто така, се зголемува. Петте општини со највисок пораст на невработеноста кај младите се: Штип, Струмица, Радовиш, Прилеп и Кочани.

Бугарија бара од Грција да не ги тестира превозниците на граница

Илустрација

Бугарија бара од Грција веднаш да престане со тестирање против ковид-19 на возачите на камиони на нејзината граница затоа што е во спротивност со регулативите на ЕУ. Поради заострување на мерките за влез во Грција со ПЦР-тестови за возачи на меѓународни камиони од 22 до 7 часот наутро, доаѓа до загуби и казни и значително се забавува распоредот на бугарскиот транспортен бизнис, се вели во соопштението до бугарското министерство за надворешни работи.
Потпретседателот на Сојузот на бугарски транспортни работници Веселин Дангов смета дека тоа е дискриминаторски однос кон превозниците. Според бугарските превозници, ова е уште едно кршење на европскиот договор за зелени транспортни коридори од страна на Грција, поради што Дангов предупреди дека движењето на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција, може да биде блокирано.

Одобрена вакцината на Џонсон и Џонсон во САД

Единечната доза на вакцината против ковид-19 на Џонсон и Џонсон

Американски регулатор на лекови ја оддобри вакцината против ковид-19 со единечна доза Џонсон и Џонсон за итна употреба, со што станува трета вакцина во борбата против коронавирусот во САД. Американскиот претседател Џо Бајден ги поздрви „охрабрувачките вести “ и ги повика Американците да ги следат здравствените протоколи.

„ Како што реков и многу пати претходно, работите е веројатно дека ќе се влошат повторно, се шират нови варијанти, и сегашното подобрување на состојбата може да се влоши,“ изјави Бајден. Бројот на новозаразени во САД падна од 250 илјади во средината на јануари на околу 70 илјади денеска. Но појавата на новите варинати на коронавирусот и натаму го активира аларамот, со што се очекува таканаречената британска варијанта да стане доминантна во САД до средината на март. Британската варијанта позната како Б.1.1.7 брзо се шири низ Европа, зголемувајќи ја можноста за трет бран на пандемијата во неколку земји, додека процесот на вакцинација е во тек.

Голем дел од земјите во Европа презедоаа некаква форма на рестриктивни мерки меѓу кои и целосно заклучување и ограничување на движењето на граѓаните.


Навални преместен во затвор во близина на Москва


Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални наводно ќе ја издржува затворската казна во близина на Москва, јавуваат руските медиуми. Новинската агенција Тасс објави дека Навални бил однесен во регионот Владимир, каде што ќе биде сметен во затворот во градот Покров кој се наоѓа на 100 километри источно од Москва.

Претходно федералната казнена -поправна служба потврди дека Навални бил преместен од притворскиот центар во Москва каде што се беше сместен од средината на јануари. Но, оттаму не прецизираа каде бил однесен Навални и каде ќе ја отслужи казната затвор од 2 ипол години која судот неодамна му ја одреди.

Директорот на Фондацијата за борба против корупција на Навални, Иавна Жданов изјави дека Навални бил испратен во озогласен затвор ни дека се уште нема точни информации за неговата локација.

Портпаролот на Навални, Кира Јармиш на социјалната мрежа Твитер напиша дека немаат добиено никакво известување за локацијата на Навални и дека единствени инфорации кои ги добиваат се од анонимни извори на медиумите.
„Затоа прашањето каде е Навални, се уште важи , напиша таа на Твитер.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG