Достапни линкови

Вести

Поранешен грчки министер пронајден мртов на отворено море

Илустрација

Поранешниот грчки министер, Сифис Валиракис, синоќа беше пронајден мртов во морскиот дел во близина на островот Евија, откако претходно со неговиот мал чамец излегол да плови и му се изгубила трагата, јави МИА од Атина. Според грчките медиуми веројатно станува збор за несреќен случај, откако 77-годишниот Валиракис од непознати причини се лизнал и паднал од чамецот.

Грчката Крајбрежна служба соопшти дека во попладневните часови била известена за исчезнато лице, по што со девет чамци и бродови, еден хеликоптер, двајца нуркачи, два волонтерски тима, но и патролни возила на копно, започнала спасувачката акција. Прво бил пронајден чамецот, а подоцна и безживотното тело на поранешниот министер.

Сифис Валиракис (77), бил член на движењето на отпорот во Грција за време на воената диктатура, подоцна имал 15-годишна министерска кариера во повеќе ресори, а бил член на партијата ПАСОК.

види ги сите денешни вести

Седум земји кои не се членки на ЕУ со забрана на летови од Белорусија

Европа се усогласува околу санкциите врз Белорусија

Европската унија соопшти дека седум европски држави кои не се во ЕУ се согласиле да одбијат дозвола за кој било авион управуван од белоруски авиопревозник да слета, полетува или прелета на нивните територии по присилното пренасочување на патничкиот лет од Минск минатиот месец, што овозможи апсење на новинар неистомисленик со режимот на Александар Лукашенко. Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека четири земји-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан - Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија - заедно со Исланд, Лихтенштајн и Норвешка ќе се „усогласат“ со одлуката на 27-члените земји од јуни 4 да ги зајакнат постојните ограничувачки мерки на Унијата против Белорусија со воведување забрана за белоруските превозници да прелетуваат во воздушните простори на ЕУ и пристап до аеродромите на ЕУ.

ЕУ воведува нови економски санкции за Белорусија

„Тие ќе обезбедат нивната национална политика да биде во согласност со оваа одлука на Советот. Европската унија ја забележува оваа заложба и ја поздравува “, рече Борел. На 23 мај, белоруските власти искористија воен авион да го придружуваат летот на „Рајанер“ над неговиот воздушен простор за да слета во Минск. Откако авионот слета, органите на прогонот веднаш ги уапсија опозицискиот блогер Раман Пратасевич и неговата девојка.

Времето денеска: сончево и многу топло

Ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 30 до 40 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 39 степени.

Членки на ЕУ со силна осуда за унгарскиот анти- ЛГБТ закон

Демонстранти протестираат пред претседателската палата во Будимешта против анти ЛГБТ законот

Група држави членки на Европската Унија денеска испратија остри критики до Унгарија за последниот анти-ЛГБТ закон пред Самитот на кој ќе бидат доведени во прашање демократските капацитетите на Будимпешта и нејзиниот националистички сојузник Варшава. Вкупно 13 земји а меѓу кои и Германија, Ирска, Луксембург, Холандија и Шведска остро ја осудија Унгарија за законските измени со кои се забранува „прикажување и промовирање на хомосексуалност“ кај помлади од 18 години, промена што според земјите членки на Унијата ги прекршува европските вредности.

Шведскиот министер за надворешни работи го нарече унгарскиот закон „гротеска“ додека неговиот холандски колега ја повика Будимпешта да го повлече, а Ирска побара од извршната власт на блокот да ја тужи Унгарија преку највисокиот суд на ЕУ.

Во меѓувреме Белгија, Холандија и Луксембург беа автори на заедничка декларација во која унгарскиот закон се опишува како закон со кој се прекршува правото на слобода на изразување и „флагрантна форма на дискриминација заснована на сексуално ориентација.“

Соочувајќи се со тесна изборна трка годинава, премиерот Виктор Орбан ги заостри своите конзервативни ставови во последните месеци за како што вели, заштита на традиционалните христијански вредности од западниот либерализам, со цел да ја зајакне политичката поддршка во неговата база.

Потезите на Унгарија, но и мерките на Полска со судските реформи предизвика да бидат покренати како прашања почитувањето на европските вредности на самитот на ЕУ кој ќе се одржи на 24-25 јуни.

Владата го демантира Ахмети- не е разговарано за промена на државните симболи

Илустрација архивска фотографија, средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за формирање Влада

Ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Зоран Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата, велат од Владата за новинската агенција МИА. Овој демант доаѓа по изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој во интервју за ТВ Клан изјави дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, како што вели, поголемо противење од неговиот политички партнер.

„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“ се вели во одговорот од Владата.

Ахмети: Разговарано е за промена на химната, грбот и знамето

Ахмети во интервју за ТВ Клан, во краткото видео кое беше денеска објавено, вели дека „се разговарало за промена на химната и за грбот и за знамето. Новинарското прашање на кое одговара Ахмети се однесува на промената на политичка насока во зелена агенда на ДУИ во однос на досега решените албански прашања.

„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“ изјави Ахмети за ТВ Клан.

Тој во интервјуто истакнал дека поголемиот дел од прашањата од Охридскиот рамковен договор се затворени, како што е законот за јазиците.

Закариас- Португалија стори се што можеше за да изнајде можно решение за македонско-бугарскиот спор

Илустрација, средба на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со државниот секретар за европски прашања во МНР на Португалија- Ана Паула Закариас

Португалија направи се што можеше за време на претседавањето со Советот на ЕУ да изнајде можно решение, можен компромис за македонско-бугарското прашање, изјави денеска државниот секретар за европски прашања во МНР на Португалија- Ана Паула Закариас на прес конференцијата по завршувањето на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург. Таа на новинарско прашање истакна дека и е жал што денеска имале само две наместо четири меѓувладини конференции.

„Но тоа е многу тешко, ние го разбираме тешкиот политички момент во кој се наоѓаат Северна Македонија и Бугарија. Се уште не е моментот. Треба да се изнајде решение во кое сите учесници и сите засеганти ќе се чувствуваат удобно. Ние го охрабруваме словенечкото претседателство да ги продолжи нашите напори, да не се изгуби моментумот, да ја продолжи дебатата и да ги искористи предлозите кои се на маса. Навистина се надевам дека ќе се случи што е можно поскоро меѓувладината конференција со Северна Македонија и Албанија во следниот семестар“ изјави Закариас.

Претходно од бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека останува на својот став односно дека нема да даде „зелено светло“ за Македонија да отпочне преговори со Европската Унија.

Бугарско МНР- Скопје да ги спроведе ветувањата, па потоа преговори со ЕУ

Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија Румен Александров на денешниот состанок изјавил дека остануваат на своите позиции од 10 октомври 2019 година и дека очекуваат од Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.

УНХЦР алармира - без вакцини ќе останат лицата без државјанство

Илустрација

Без вакцина против ковид-19 ќе останат многу од лицата без државјанство во светот, поради немањето на основен доказ за својот идентитет, предупредува денеска Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР. Според шефицата за Меѓународна заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс, постојат милиони лица во светот за кои се знае дека се без државјанство.

„ Ова има страшно штетни влијанија врз нивните основни човекови права, а сега тие исто така може да бидат исклучени од пристапот до вакцините што спасуваат животи“, вели Тригс.

Во последниот извештај за влијанието на КОВИД-19 врз популациите без државјанство, Агенцијата забележува дека мнозинството национални планови за имунизација не се доволно јасни како и дали воопшто ќе бидат вакцинирани лицата без државјанство.

„ Со оглед на тоа дека многу лица без државјанство веќе се соочуваат со широкораспространето исклучување и маргинализација, пречките до пристапот мораат да се отстранат и оваа ситуација да добие особено внимание“, се вели во соопштението од УНХЦР.

Според податоците на УНХЦР најмалку 4,2 милиони лица без државјанство живеат во 94 држави.

Ахмети: Разговарано е за промена на химната, грбот и знамето

Зоран Заев и Али Ахмети

Промена на трите државни симболи, знамето, грбот и химната било дел од разговорите меѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети. Ова вчера во интервју за ТВ Клан го изјавил владиниот коалиционен партнер Ахмети. Тој во интервјуто истакна дека прашањето за промената на химната е веќе извесно и дека за тоа немало, како што вели, поголемо противење од неговиот политички партнер.

„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“ изјави Ахмети за ТВ Клан.

Во истото гостување во Клан ТВ, Ахмети посочи и дека неговата партија планира да соработува со СДСМ на локално ниво во пресрет на изборите, зашто, како што вели, тоа е во интерес на двете партии.

Руски државјани обвинети за незаконски извоз на воени производи од САД

Илустрација

Американското министерство за правда соопшти дека се обвинети 5 лица меѓу кои и руски државјани за нелегално извезување на воени производи во Русија, со што е прекршен законот за контрола на извозот на оружје.

Обвинетите четири години извезувале стотици воени производи кои се користат на ноќно набљудување во вредност од 5 до 10 илјади долари по производ. Меѓу приведените се двајца Руси, двајца Американци и еден Израелец кој престојувал во Калифорнија.

Според обвинението, обвинетите без дозвола за извоз од земјава изнесувале воена опрема, лажејќи дека таа не е подложна на царина и контрола. Тие се соочуваат со можна казна затвор од 20 години во федерален затвор.

Бугарско МНР- Скопје да ги спроведе ветувањата, па потоа преговори со ЕУ

Премиерот Зоран Заев и техничкиот премиер Стефан Јанев

Бугарија денеска не даде „зелено светло“ за Северна Македонија на денешниот состанок на Советот за општи работи во Луксембург. Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи е наведено дека Бугарија е отворена за конструктивен дијалог во Северна Македонија за време на претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање на меѓусебни прифатливи решенија.

Заменикот министер за надворешни работи на Бугарија Румен Александров на денешниот состанок изјавил дека остануваат на своите позиции од 10 октомври 2019 година и дека очекуваат од Северна Македонија да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво дадени на 17 јуни 2021 година во Софија за да може да се придвижи процесот во позитивна насока. Инаку на тој датум македонска делегација во Софија предводена од премиерот Зоран Заев достави предлози кои не беа соопштени во јавноста.

„Ова вклучува експлицитно одбивање на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи и споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на бугарските жртви од југословенскиот комунизмот. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија треба да биде вклучено во условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ “, изјавил заменик министерот Александров.

Бугарија дала висока оценка за постигнатите реформи во Албанија и ја потврди поддршката за усвојување на рамката за преговори со ЕУ.

Судот го одобри обвинението против Камчев за „Плацевите на Водно“

Јордан Орце Камчев во суд како сведок во случајот „Рекет“

Бизнисменот и осомничениот Јордан Камчев на 16 јули ќе седне на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1 по обвинението познато во јавноста како „Плацеви на Водно“. Судскиот совет денеска го одобри обвинителниот акт за случајот во кој се обвинети и поранешниот пемиер, Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Во соопштението од Кривичниот суд е наведено дека и покрај летната судска ферија, процесот ќе се одвива затоа што станува збор за притворски предмет бидејќи обвинетиот Камчев е во притвор од 14-ти март. Камчев беше приведен поради информации за наводно подготвување бегство во Бугарија, при што му беше определена едномесечна мерка притвор која е три пати продолжена.
Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.

Нема починати од ковид-19, нови 13 случаи на заразени со коронавирус

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Во изминативе 24 часа се евидентирани нови 13 случаи на заразени со ковид – 19 од вкупно 2952 направени тестови. Во последниве 24 часа не се регистрирани нови починати.

Досега во земјата се направени вкупно 859.226 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.640, бројката на оздравени пациенти е 149.908, на починати е 5.477, а бројот на активни случаи изнесува 255.

Пендаровски- Да се интезивира стратешкото партнерство со САД

Претседателот Стево Пендаровски, од Брисел порача дека земјата е подотвена веднаш повторно да седне на преговарачка маса со Бугарија.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска изјави дека во услови кога проширувањето на ЕУ де-факто е замрзнато за земјава на маса се две опции. Првата е да ја донесеме Европа дома и второ, за кое како што вели, треба наскоро да почнеме да го враќаме во живот договорот за стратешко партнерство со САД од 2008-мата година, како еден вид на алтернатива. Пендаровски изрази скептицизам во однос на шансите Северна Македонија денеска да добие одлука за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. Според него клучниот проблем на ЕУ е носењето на одлуки со консензус.

„Без измени на тоа, Унијата не може да биде клучен геополитички играч. Тоа доведува и до пораст на евроскептицизмот во регионот на Западен Балкан и во Северна Македонија, но и во самата ЕУ, што е поразително“, изјави претседателот Пендаровски панел дискусија на тема „Триесет години независност и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија“.

Во своето обраќање, шефот на државата се осврна и на односите со соседна Бугарија и блокадата од Софија во контекст на македонските евроинтеграции. Пендаровски изјави дека е јасно кажано од Софија дека во недостаток на Парламент и во недостаток на политичка влада тие нема да можат да дадат зелено светло.

„Се што можеше од наша страна да биде понудено како гест на добра волја, а што не излегло од рамките на едно резонско разговарање и преговарање за битни аспекти на билатералата со Софија беше понудено. Се разбира, не можеме да влеземе во идентитетскиот комплекс и ако некој очекува дека по јули или август ќе го направиме тоа, тој се лаже“ изјави Пендаровски.

Според Пендаровски португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија е одличен затоа што во него се декларираат позициите на двете страни.

Филипче очекува до крајот на летото да имаме колективен имунитет

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, очекува до крајот на летото да стекнеме колективен имунитет, доколку се има предвид бројката на вакцинирани граѓани.

„Во моментов процесот на вакцинација е со намалено темпо, сепак претстојниот викенд во земјава се очекува да пристигнат 500 илјади дози на Синовак како и 100.000 дози на вакцината Фајзер преку Ковакс механизмот. Веќе е направен планот како ќе се распределат согласно бројот на пријавени граѓани по градови“, изјави денеска министерот Филипче.

Тој потврди дека се очекува да пристигнат 500 илјади вакцини на кинескиот производител Синовак. Според Филипче, „нема дилема дека вакцинацијата е клучна во борбата со пандемијата со ковид-19“.

Се бара 15 години затвор за потенцијалниот конкурент на Лукашенко

Александар Лукашенко

Обвинителството побара од белорускиот суд да го осуди Виктор Бабарика, на 15 години затвор под обвинение за корупција. Бабарика е поранешен белоруски банкар чиј обид да се кандидира за претседател на државата како противник на авторитарниот лидер Александар Лукашенко на контроверзните избори минатата година беше спречен со апсењето.

На 22 јуни, обвинителот Сијархе Хирхел побара судот да ја осуди Бабарика под обвинение за примање мито и перење пари. Хирхел исто така побара од судијата Ихар jубавитски да ги осуди седуммината обвинети во случајот на затворски казни од три до шест години.

Адвокатката Људмила Казак поднесе жалба за нејзиниот клиент во Минск на 25 септември. Самата Казак беше киднапирана, а потоа беше прогласена за виновна за „непослушност“ кон полицијата на митингот на опозицијата во кој, според неа, таа дури и не учествувала.

Бабарика, поранешен висок управител на „Белгазпромбанк“, беше уапсен во јуни 2020 година, откако ја објави својата намера да се кандидира за претседател. Три дена пред апсењето, белоруските власти ја презедоа контролата над банката и уапсија неколку врвни директори под обвинение за затајување данок и перење пари.

Бабарика ги отфрли обвинувањата, велејќи дека тие биле измислени од властите заради неговите политички активности.

Фудбалерите се вратија, Пандев жали што не освоиле барем бод на ЕП

Горан Пандев по враќањето на македонската фудбалска репрезентација од ЕП 2020 - Скопје, 22 јуни 2021

Македонската фудбалска репрезентација денеска се врати во Скопје, по синоќешниот последен натпревар во рамките на Европското фудбалско првенство (ЕП).

„Жал ми е што не освоивме барем еден бод. Бевме многу блиску, но и далеку. Ови натпревари се тешки за играње. Имаше многу емоции, луѓето живееа со нас, жал ми е , но се надевам дека оваа генерација ќе успее да постигне уште многу повеќe“, изјави капитенот Горан Пандев, кој синоќа го одигра својот последен натпревар во дресот на националниот тим.

Синоќа Македонија со пораз од 3:0 го заврши своето прво историско учество на ЕП во Фудбал.

На пречекот на скопскиот аеродром, селекторот на репрезентацијата, кој исто така заминува од селекторското место, Игор Ангеловски, изјави дека „со задоволство го одработил секој момент како селектор“.

Пандев, во коментарот за заминувањето на Ангеловски, рече дека тој треба да остане на селекторската позиција до крајот на квалификациите за Светското фудбалско првенство.

Ребалансот на буџетот влегува во Собрание на 1 јули

Собрание на Македонија

Расправата во Собранието за ребалансот на годинешниов државен буџет ќе започне на 1 јули, за кога, на официјалната веб страница на Парламентот, е закажана и седница на Комисијата за финансирање и буџет. Со буџетскиот ребаланс, предвидено е зголемување на приходите и расходите за оваа годинава, но и пораст на буџетскиот дефицит.

Според објавениот Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на РСМ за 2021 година, вкупните приходи се зголемени од 212 милијарди на 222,6 милијарди денари. Владата предлага расходите да пораснат на 268,8 милијарди денари, односно буџетскиот дефицит да изнесува 46,2 милијарди денари.

Разочарани сме и јас и вие, изјави шведската министерка Линде за бугарската блокада

Министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде, и министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Осмнани, Скопје 22 јуни 2021

Македонија ги исполни потребните услови и преговорите треба да започнат веднаш. Како претставник на шведската Влада цврсти верувам дека преговорите со Северна Македонија требаше веќе да бидат почнати и ЕУ веќе донесе едногласна одлука за ова во март 2020 година, изјави денеска во Скопје шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на блокадата од Бугарија, Линде рече дека ЕУ презела обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски.

„Потребен е билатерален дијалог да се решат овие прашања на соодветен начин и ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. На моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ јасно истакнувам дека Бугарија не треба да ги блокира преговорите и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија. Мислам дека ова е заедничка позиција и став на повеќето министри за надворешни работи, освен на министерот за надворешни работи на Бугарија“, изјави Линде.


Реформите, исто така, нагласи Линде, не се спроведуваат само за членство во ЕУ, туку и за доброто на граѓаните на Северна Македонија.

„Погрешно е да се каже дека ја правиме оваа реформа за ЕУ, туку дека таа е добра за граѓаните и за обезбедување на безбедноста. Тоа не треба да ги обесхрабрува граѓаните. Секако дека има причина да се биде разочаран. Јас сум разочарана, секако и Вие сте разочарани“, изјави Линде.

Вучиќ: На Србија не ѝ треба замрзнат конфликт со Косово

Вучиќ на седница на српскиот Парламент - Белград, 22 јуни 2021

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека на Србија не ѝ треба замрзнат конфликт со Косово. Претставувајќи го извештајот за дијалогот со Косово во Собранието на Србија, Вучиќ рече дека Србите во Косово сакаат преговорите да постојат за да се постигне какво било компромисно решение во иднина.

„Кога ќе ме прашате што е компромис, ќе ви кажам - не знам“, рече Вучиќ во Собранието на 22 јуни.

Тој исто така оцени дека „западните сили нема да го променат ставот за Косово и дека ќе се залагаат за независно Косово по секоја цена“.

Ахмети: Проблемот со Бугарија не се решава со прес-конференции

Зоран Заев и Али Ахмети

Лидерот ан ДУИ, Али Ахмети, смета дека проблемот со Бугарија „нема да се реши ни со прес-конференции, ниту со лидерски средби, туку со преземање конкретни чекори и преземање одговорност“.

„Треба да се седне и да се превземе одговорност, а јас гледам подготвеност кај Зоран Заев да земе одговорност“, изјави Ахмети за ТВ Клан.

Според него, отворање графа во Уставот и за Бугарите, како што има за Турците, Србите итн, многу ќе се амортизира прашањето со Бугарија.

Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за пристапните преговори со Европската унија со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство. Според Бугарското национално радио, власите во Софија нема да отстапат од ставот и на денешниот Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, на кој се очекува одлука за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија.

Неделава топлотен бран со температури до 40 степени

Топло време со натпросечни температури кои ќе достигнат и до 41 степен, се очекуваат од утре во следните денови, а за денеска попладне има најава за пороен дожд со грмежи и засилен ветер.

Од УХМР информираат дека од утре во следните денови под влијание на топла воздушна маса од југ времето ќе биде многу топло со натпросечни темератури за овој период од годината. Температурата во повеќе места ќе биде над 35 степени.

Најтопло ќе биде во четврток и петок кога температурата на места ќе надмине 40 степени и ќе биде активирано портокалово, а во некои делови и црвено ниво на опасност од високи температури.

Утре температурата ќе се движи од 32 до 40 степени, во четврток и петок од 34 до 41 степен, сабота од 33 до 40 степени, недела од 32 до 39 и во недела од 31 до 38 степени.

Пендаровски: Дел од вината за одложувањето на интеграцијата е и кај Брисел и европските партнери

Претседателот Стево Пендаровски во Брисел

Македонскиот претседател Стево Пендаровски изјави дека раководството на Европската унија и европските партнери се одговорни за одложувањето на процесот на интеграција на земјава и Турција, кои со години имаат статус на кандидати.

„За жал, европските приказни за обете земји не се успешни. Никој не е виновен, би сакал да барам вина кај нас, но не можам да избегнам да зборувам за голата вистина. И нашите европски партнери и Брисел имаат дел од вината за тоа“, изјави Пендаровски за турската новинска агенција Анадолија.

Пендаровски додава дека Северна Македонија чека во процесот на интеграција во ЕУ повеќе од 16 години од 2005 година.

„Се уште го чекаме почетокот. Чекаме почеток на преговори, а не за влез во ЕУ. Заедно со долгогодишните несогласувања што ги имаме со соседна Грција, друг проблем се блокадите што доаѓаат од нашиот источен сосед Бугарија“, рече Пендаровски.

БНР: Не се очекува промена на позицијата на Софија

Тој додаде дека, спротивно на традицијата на интегративните процеси, некои историски теми постојано се ставаат на маса. Турција започна преговори за полноправно членство во ЕУ во 2005 година и досега не се направени поголеми чекори кон таа цел.

УЕФА го одби барањето на Минхен да се осветли стадионот во боите на виножитото

Европската фудбалска унија (УЕФА) го одби барањето на градот Минхен, Алијанц арената, да биде осветлена со боите на виножито за натпреварот помеѓу Германија и Унгарија на Европското првенство.

УЕФА соопшти дека ја разбира намерата на тој предлог, но дека мора да го одбие барањето поради неговиот политички контекст.

"УЕФА е политички и религиозно неутрална организација. Со оглед на политичкиот контекст на ова барање - порака насочена кон одлуката донесена од унгарскиот парламент - УЕФА мора да го одбие ова барање", се вели во соопштението, пренесува Бета, повикувајќи се на АП.

Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, побара стадионот да биде осветлен со бои на виножито во знак на протест против законот усвоен од унгарските законодавци минатата недела со кој се забранува „промовирање“ на хомосексуалноста и промена на полот кај малолетници.

Унгарија забрани „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетници

Критичарите го опишаа законот како напад врз правата на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица. За овој закон гласа вкупно 157 од 199 пратеници во Парламентот, контролиран од владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан. Фидес го опиша законот како обид да се заштитат децата од педофилија. Пратениците од опозицијата го бојкотираа гласањето, со исклучок на десничарската партија Јобик, која го поддржа законот.

Европската Унија и Соединетите Држави ја критикуваа официјална Будимпешта откако унгарскиот парламент го одобри контроверзниот закон. Портпаролката на американскиот Стејт департмент Џалина Портер изјави дека новиот закон „предизвикува загриженост“ поради заканата за „слободата на изразување“ и вклучува ограничувања кои „немаат место во демократското општество“.

Европскиот комесар за рамноправност Хелена Дали предупреди пред усвојувањето на законот дека Европската унија може да го скрати финансирањето од европските фондови на Унгарија поради овој потег, сличен на потегот на шест полски региони во кои промоцијата на „ЛГБТ идеологијата“ беше прогласена за непожелна.

УНЕСКО: Големиот корален гребен кај Австралија да се стави во листата на загрозени локации

избелување на големиот корален гребен во Австралија

Системот на големи корални гребени во Австралија треба да се стави на списокот на загрозени места на светското културно наследство поради штетата што му е нанесена од климатските промени, објави УНЕСКО.

Нацрт-извештајот објавен вчера покажува дека нема сомневање дека коралната мрежа покрај североисточниот брег на Австралија е во опасност. Се препорачува екосистемот на коралниот гребен да се додаде на списокот на загрозено културно наследство, кој вклучува 53 места, а Комитетот за светско наследство ќе го разгледа прашањето следниот месец во Кина. Притоа се повикува Австралија да преземе „забрзана акција“ за борба против ефектите од глобалното затоплување, пренесува Би-Би-Си.

УНЕСКО препорачува Охрид да биде ставен на Листата загрозени светски вредности

Австралија соопшти дека силно ќе се спротивстави на препораката. Се работи за најновото несогласување во долгиот спор меѓу УНЕСКО и австралиската влада околу статусот на таа локација.

Коралниот гребен долг 2.300 километри крај североисточниот брег на Австралија доби статус на светско културно наследство во 1981 година заради неговата „огромна научно и суштинско значење“.

Кога УНЕСКО за првпат го разгледа неговиот статус на „загрозен“ во 2017 година, Канбера вети дека ќе инвестира повеќе од три милијарди австралиски долари (2,2 милијарди американски долари) за подобрување на состојбата на гребенот.

БНР: Не се очекува промена на позицијата на Софија

илустрација, знаме на Бугарија

Не се очекува промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото за Северна Македонија, јави денеска Бугарското национално радио повикувајќи се на свои извори.

Според нив, Софија останува на позиција дека немало напредок со Скопје по однос на исполнување на Договорот за добрососедски односи во целост.

Во Луксембург денеска се дискутира во Советот за општи работи на кој се очекува одлука за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Повеќе министри од ЕУ држави упатија поддршка за Скопје и Тирана пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат двете држави поради постигнатиот реформски напредок.

Јовева за МИА: Се срамам од бугарските постапки кон Северна Македонија

Министерите меѓудругото ќе разговараат за процесот на стабилизација и асоцијација со партнерите од Западен Балкан. Истовремено ќе се одржат меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора и тоа како дел од новата методологија за проширување, бидејќи нема да бидат отворени нови поглавја во разговорите.

Филипче: До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини Синовак

До крајот на месецот ќе стигнат кинеските вакцини „Синовак“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по средбата со кинескиот амбасадор во земјава Џанг Ѕуо. Тој додава дека од наредната недела ќе продолжи масовната вакцинација на населението, која сега се одвива со намалено темпо поради малиот број вакцини кои ги имаме на располагање.

„Веќе е направен планот на граѓаните за 100.000 дози „Фајзер“ и 500.000 „Синовак“. Од наредната недела се очекува вакцинација на 15.000-20.000 граѓани на ден. За брзо време ќе се вакцинираат сите 180.000 пријавени граѓани. Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани, рече министерот Филипче.

Toj смета дека до крајот на летото во земјава може да биде постигнат процент на имунизирани лица за кој ќе може да се каже дека е колективен имунитет, односно оти дотогаш би можеле да бидат вакцинирани околу 600 илјади граѓани, што, како што истакна. е 50 проценти од популацијата планирана за вакцинација.

СЗО: вакцините се ефикасни против делта варијантата на коронавирусот

Откако ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани, Министерството за здравство ќе спроведе теренска вакцинација во местата каде интересот бил слаб. Филипче додаде дека се уште не се знае како ќе влијаат мутациите на коронавирусот, но нагласи дека искуствата од другите држави, вклучувајќи ја и Кина, покажуваат оти вакцините се многу важен фактор во борбата против пандемијата и дека спречуваат тешки форми на болеста.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG