Достапни линкови

Вести

Средношколците најавија бојкот на наставата од четврток

Илустрација, архивска фотографија, средношколци на протест

Сојузот на средношколци најави бојкот на наставата од четврток, односно, од почетокот на второто полугодие, се додека, како што велат, не се прифатат нивните барања од властите. Тие посочуваат дека ваквата одлука ја донеле во консултација со претставници на средношколци низ земјава, како и заедно со матурантите. Средношколците бараат од Министерството за образование и наука да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат од 4 на два, односно првиот предмет да биде задолжителен мајчин јазик, македонски, албански, турски, додека вториот предмет да биде по избор на ученикот. Дополнително, тука ја вбројуваат и проектната задача.

Во соопштението на Сојузот на средношколци е наведено дека бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.

„При составувањето на нашите барања за измена и поедноставување на содржината на државната матура, земавме пример од образовните власти во Франција кои бројот на испити го намалија дури на еден – по избор на ученикот. Сепак, поради важноста на Уставот и мајчините јазици, сметаме дека и мајчиниот јазик треба да остане задолжителен испит“, стои во соопштението на Сојузот.

види ги сите денешни вести

Хрватска безбедна за туристи

Пула.

Во Хрватска кај 84 отсто од примероците земени од заразените со ковид-19 било констатирано дека го имаат Делта сојот, а кај 13 отсто дека имаат Алфа варијанта. Станува збор за испитување на примероци испратени на аанализа на 20 јули. Податоците го анализите говорат дека уделот на новиот сој на коронавирус во Хрватска продолжува да расте, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош на прес-конференцијата на Главниот штаб истакна дека според последната мапа на ЕЦДЦ (Европски центар за контрола и превенција на болести), Хрватска остана во портокаловата зона и бележи најнизок дневен раст на заразени.

„Тој факт не зацврсти во статусот најбезбедна туристичка дестинација. Тоа е исклучително важно и причина за задоволство, но и за претпазливост“, рече Берош.

Тој додаде дека има над милион туристи во Хрватска, што со себе носи зголемен ризик од пренесување на болеста, па затоа мора да има предупредувања да се придржуваат до мерките и вакцинациите, за да има безбеден туризам во земјата.

ЗНМ и ССМ со осуда за третманот на медиумските работници на Економскиот форум

Економскиот форум во Скопје

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро реагираат за третманот и за цензура на медиумите, новинарите и фоторепортерите, на вчерашниот Економски форум, се наведува во заедничкото соопштение на двете организации. Економскиот форум го организираше Кабинетот на македонскиот премиер во соработка со Кабинетите на српските и албанските власти.

До ССНМ и ЗНМ вчера стигнаале поплаки од новинари и фоторепортери дека не им биле овозможени соодветни услови за работа на Форумот, па дел од нив биле станувани од организаторот од местата на кои седеле, иако првично им било кажано дека се наменети за нив, со упатување „да се снајдат“ за место. Со тоа особено на телевизиските новинари им бил направен проблем во работниот процес, бидејќи биле оддалечени од снимателите и контакт со нив при извршување на работните задачи.

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице

Дополнително на фоторепортерите, освен што им било ограничено движењето, не им било обезбедено место за нивната опрема и да ги испратат материјалите до редакциите, па дел од нив префрлаа материјали и работеа буквално клечејќи или седнати на под, стои во соопштението.

ССНМ и ЗНМ реагираат на информациите дека на прес-конференцијата на новинарите им било соопштено дека нема да имаат можност да постават прашање, освен три медиуми во државна сопственост за кои на ниво на кабинети на организаторите претходно било договорено да постават прашање – по еден медиум од трите држави претставени на Форумот – РТ Албанија, агенцијата Танјуг и агенцијата МИА. Со тоа, иако било предвидено и договорена можност за поставување на девет прашања, сите девет биле поставени од овие три медиуми, без можност друг медиум да постави прашање.

„Ваквиот однос на организаторите освен што ги става во нерамноправна положба медиумите и врши дискриминација по основ на сопствеништво на медиумите, воведува и пракса на избор на подобни и неподобни медиуми за поставување на прашања на ниво на кабинети и ја гуши слободата на изразувањето преку оневозможување повеќе различни медиуми да постават повеќе прашања на прес конференција, особено што за такво вчера нешто постоела можност и тоа девет пати“, реагираат ЗНМ И ССНМ.

Еден полицаец убиен, двајца ранети во напад со граната во северозападен Пакистан

Возилото во кое е убиен полицаецот.

Непознати напаѓачи фрлиле рачна бомба кон полициско возило во провинцијата Пешавар во северозападен Пакистан, при што убиле еден и раниле двајца полицајци и случаен минувач, по што избегале, соопшти полицијата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Полицијата соопшти дека нападот се случил додека полицајците патролирале на пазарот Кархано за да се осигураат дека луѓето се придржуваат до мерките за одржување дистанца и носење маски за спречување на ширењето на коронавирусот.

Има засилени контроли за почитувањето на мерките откако минатата недела имаше скок на бројот на заболени кои ги преплавија болниците.

Пазарот Кархано е познат по шверцуваната стока од увоз, и многу луѓе од цел Пакистан доаѓаат на шопинг.
Пешавар е главен град на провинцијата Кибер Пактунква, која се граничи со Авганистан. Пакистанската армија спроведе неколку операции против милитантите во оваа провинција.

Бугарското МНР разочарано од македонската Резолуција

Македонско Собрание.

Бугарското Министерство за надворешни работи изрази разочараност што во Собранието во Македонија е донесена Резолуција за македонските „црвени линии“ во преговорите со Софија. Бугарското МНР во изјава за БГНЕС наведува дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза.

Бугарските власти очекуваат Резолуцијата да биде објавена за да може да ја анализираат и да видат дали одговара со Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа. За нив единствен правилен начин за да се дојде до решение на предизвиците во односите е стриктното придржување до постигнатите договори и преземените обврски.

Вчера македонското Собрание ја усвои Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.

Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во резолуцијата се вметнува официјалното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.
Со Резолуцијата се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Шефот на државата Стево Пендаровски во претстојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада.

Пендаровски за Резолуцијата вели дека не е штетна, ниту навредлива, каква што е Резолуцијата на бугарскиот Парламент.

Филипче – Ситуацијата е стабилна, иако има зголемен број заболени со ковид

Вакцинација против ковид-19 во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека има зголемен број заболени од ковид-19 во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, меѓутоа нема простор за паника.

„Ситуацијата е стабилна, нема голем број пациенти кои се лекуваат во болниците, вакцинацијата добро се одвива и тука ставаме фокус. Размислуваме за рестрикции во есенските месеци по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата“, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостување на вестите на Канал 5 телевизија.

Тој смета дека не треба да се воведе да се бараат тестови на граница.

Во врска со вакцинацијата, посочи дека околу 510 илјади граѓани се вакцинирани од кои 381 илјади се ревакцинирани. До крајот на август доколку продолжи ова темпо, вкупниот број вакцинирано население ќе достигне 40 проценти, вели министерот за здравство.

Пендаровски нема да стави потпис на сегашните измени во Изборниот законик

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври. Потпис Пендаровски ставил на Законот за државјанство, кој вчера беше усвоен со 57 гласови „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.

Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите.

На брифинг со новинарите денеска кај шефот на државата беше посочено и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.

Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура. Со нив се предлага да има отворените листи и праг од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во однос на измените на Изборниот законик не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците којшто започнува на 1 август. Напомена дека матичната Комисија за политички систем треба да ги заврши амандманите. Голем дел од поднесените амандмани кои се околу над 700, се формално уредни, додаде Џафери.

Премиерот до функционерите и службениците - Внимавајте на корупција, ќе одговарате

Премиерот Зоран Заев од седницата за пратенички прашања во Парламентотent

Никој нема да биде поштеден кога станува збор за борбата против криминалот и корупцијата, рече премиерот Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

„Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните – внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден“, рече премиерот Заев. Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.

„Администрацијата за мене се и премиерот и министрите и замениците министри и секако и јавната администрација, сѐ со конечна цел да бидам попрецизен. Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важни еднакво за сите. Дополнително, плус етички - не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво“, додаде премиерот Заев.

Заев, на седницата зборуваше и за заложбите на Владата за професионална и ефикасна јавна администрација, поради што ги повика опозицијата и општо пратениците, на есен да ги поддржат реформите во јавната администрација коишто се изготвени од експерти, а во насока максимално професионално да им служи на граѓаните.

Недамна во извештај на Стејт департментот корупцијата беше посочена како главен проблем за водење бизнис. Коментирајќи го извештајот премиерот пред една недела рече дека нема корупција во првиот ешалон, па ни вториот туку има појава на корупција кај некои службеници.

Деведесет насто од новозаразените на Косово се со делта сој

Официјални претставници на Националниот институт за јавно здравје на Косово денеска соопштија дека околу 90 проценти од новорегистрираните случаи на коронавирус се поврзани со делта сојот, кој стана доминантен во Косово.

Седум до осум проценти од инфекциите со коронавирус се поврзани со алфа сој, додека бета и гама не се регистрирани на Косово. Врз основа на официјалните податоци, вчера на Косово биле регистрирани 72 случаи на коронавирус.

Косовскиот министер за здравство Арбен Вити на прес -конференција во Приштина рече дека зголемувањето на бројот на новозаразени е резултат на проширувањето на делта сојот. Тој истакна дека вакцинацијата е единственото оружје против пандемијата и новите варијанти на корона вирусот.

„Денес, кога нашата земја има вакцини за секој граѓанин и кога граѓаните можат да изберат вакцина и кога категориите за вакцинација се отстранети, нема причина да не се вакцинираме“, изјави Вити.

Тој додаде дека Косово во моментов може да вакцинира околу 20 000 луѓе на ден, но дека земјата сè уште е далеку од целта за планирана имунизација. Косовската влада соопшти дека планира да вакцинира околу 60 проценти од вкупното население до крајот на годината.

До 29 јули, околу 400.000 граѓани на Косово ја примија првата доза на вакцината против корона, а повеќе од 130.000 ја примија втората.

Претседателот Пендаровски со нов концепт за прославата на Илинден

Стево Пендаровски, претседател на РСМ

За првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево, претседателот на државата нема да има свое обраќање. Наместо говор, Пендаровски ќе има кратко видео обраќање од две минути.

Како што брифираат од неговиот кабинет, чествувањето ќе биде после 18 часот за да можат да дојдат и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според системот на ротација годинава треба да биде на одбележувањето на празникот во Скопје и премиерот Зоран Заев кој ќе биде во Пелинце.

Исто така, Пендаровски ги поканил во Крушево и сите лидери на политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Според најавите од кабинетот на Пендаровски, програмата ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест. Пораките ќе ги чита актерот Никола Ристановски, потоа ќе настапи Влатко Стефановски. По нив следуваат настапите на Танец, на Албанскиот ансамбл и на Воениот оркестар.

Идејата е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување.

На денешниот брифинг тој меѓудругото најави дека нема да го потпише Изборниот законик со кој се бараат потписи од два отсто од избирачите во општината за независни кандидати да можат да учествуваат на локалните избори.

Пендаровски вели дека ако деновиве во Собранието се донесат измените, тој нема да ги потпише, бидејќи со нив се оневозможува влез на други субјекти на политичката сцена.

Гервала Шварц за „Отворен Балкан“: Паралелните иницијативи може да бидат и опасни

Доника Гервала-Шварц и Зоран Заев во Скопје

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц, денеска на прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје, оцени дека Иницијативата „Отворен Балкан“ може да биде опасна за Косово, како и да ја загрози заедничката цел на земјите од регионот, а тоа е членството во Европската Унија.

„Мислам дека паралелните иницијативи во суштина не се нешто ново, но се опасни за тоа како ние ја гледаме нашата држава во регионот, но и како се гледаме од страна на ЕУ, тоа е мојата претпоставка и моето мислење. Без да го негираме правото на која било независна и суверена држава да носи свои одлуки за тоа во кои иницијативи ќе учествува, со кого сака да создаде мали или големи коалиции, Република Косово, иницијативата од Нови Сад, која едно време беше нарекувана Мини Шенген, а од вчера „Отворен Балкан“, ја смета за опасна. Се создава атмосфера дека имаме алтернатива за нашиот заеднички пат кон ЕУ,“ оцени Гервала Шварц.

Според неа, се поставува прашањето кон кого е отворена оваа иницијатива, и тука, рече таа, „треба да се запрашаме и за геостратешките цели на нашата држава, бидејќи во нашиот регион не сите држави ги имаат истите геостратешки цели“.

Таа истакна дека Република Северна Македонија и Косово се многу јасно фокусирани како држави кои како нивна главна цел ја имаат интеграцијата и зачленувањето во ЕУ.

Владата на Косово соопшти дека не ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан“, иницирана од премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Регионалниот економски форум што вчера се одржа во Скопје. Косовската влада соопшти дека иницијативата е „без визија за регионот“.

Главниот уредник на „Проект“ ја напушти Русија

Роман Баданин, 27 јули 2021

Главниот уредник на независниот медиум Проект, Роман Баданин, ја напушти Русија без планови за враќање и се обидува да го евакуира својот персонал откако обвинителството во Москва ја прогласи групата за „непожелна“ организација, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

РСЕ потсетува дека медиумот регистриран во Соединетите Држави (САД) објавувал низа истражувачки и непријатни истраги за владејачката елита на Русија.

Роман Баданин во интервју за Ројтерс изјави дека не планира да се врати во Русија во догледно време бидејќи може да се соочи со гонење и затворска казна до шест години според контроверзниот закон за земјата од 2015 година.

Законот за „непожелни“ организации е донесен во мај 2015 година и оттогаш се ажурира. Тој беше дел од серијата регулативи поттикнати од Кремљ, кои истиснаа многу непрофитни и невладини организации финансирани од странски извори-главно од Европа и САД.

Во 2017 година, руската влада го стави руското биро на Радио Слободна Европа на таа листа, заедно со шест други руски сервиси на РСЕ на руски јазик и проектот „Current time “. На листата беше додадеn и рускиот сервис на „Гласот на Америка“.

На крајот на 2020 година, законодавството повторно беше изменето за да и се овозможи на руската влада да вклучи поединци, вклучително и странски новинари, во списокот на „странски агенти“ и да воведе ограничувања за нив.

Нови 74 случаи на ковид19, двајца починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 4.582 тестирања, а регистрирани се 74 нови случаи на Ковид-19.

Од нив 16 се во Скопје, Тетово – 15, Куманово – 8, Гостивар – 7, Битола – 6, Кичево – 5, Дебар – 4, Струмица – 3, по два во Прилеп, Штип и Свети Николе и по еден во Охрид, Гевгелија, Радовиш и Берово.

Пријавени сe и се 17 оздравени пациенти од Скопје – 8, Тетово – 5, Куманово – 2 и по еден од Кичево и Кавадарци.

Во изминатите 24 часа регистрирани се две починати лица. И двајцата се починати во болнички услови, информираат од ресорното министерство.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 156.299, бројката на оздравени пациенти е 150.350, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 456.

Бугарските социјалисти без одлука дали ќе ја поддржат владата на „ИТН“

Корнелија Нинова, БСП

Бугарската социјалистичка партија ќе одлучи дали ќе ја поддржи владата на „Има таков народ“ кога ќе го види целиот нивни состав. Потоа ќе се свика Националниот совет на БСП, кој ќе донесе конечна одлука. Ова го соопшти лидерот на бугарските социјалисти Корнелија Нинова, јави дописникот на МИА од Софија.

Таа одби да коментира дали адвокатот Петар Илиев, чие име е поврзано со потенцијален премиер, е близок до БСП.

Сепак, Нинова рече дека Петар Илиев бил консултант на пратеничката група на БСП за неколку уставни жалби, кои биле испратени до Уставниот суд, без да навлегува во детали дали ќе го поддржат за бугарски премиер.

Корнелија Нинова потврди дека преговорите за секторските политики со „Има таков народ“ завршиле и рече дека постои висок степен на совпаѓање во приоритетите меѓу двете страни. Лидерката на бугарските социјалисти коментира дека тие би сакале да имаат договор што ќе гарантира дека сè што ќе договорат ќе биде исполнето.

„Демократска Бугарија“ побара од БСП да ги одложат преговорите за новата недела поради зафатеност, а групата „Застани БГ! Доаѓаме! сe уште не одговорила на поканата што им ја испратиле социјалистите.

За неколку часа 30 интервенции на Брзата помош

Зголемен е бројот на повици во Службата за Итна медицинска помош во Скопје, а екипите од изутрината, досега, интервенираа кај 30 случаи. Граѓаните кои бараат помош не се чувствуваат добро поради топлото време и имаат главоболки, болка во градите, зголемен крвен притисок, изјави за МИА, раководителката на Службата за Итна медицинска помош при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало.

„Има мозочи удари, сообраќајни несреќи и хроничните состојби се активираат. Хронично болните треба редовно да ја пијат терапијата и да одат на контрола на доктор. Здравствени совети граѓаните можат да побараат на линијата 02 15123 на „Ало докторе“ или на матичен доктор и да не ја оптоваруваат линијата 194 со работи кои не се итни“,вели Бубало.

Поради високите температури во портокалова фаза од Министерството за здравство потсетија и на општите мерки за заштита на здравјето, односно во текот на овие екстремно топли денови, граѓаните треба да останат повеќе време во затворени простории (пред сé климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

„Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на Сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари“, стои во препораките од здравствените власти.

Османи: Интензивни разговори откако ќе се формира влада во Софија

Бујар Османи, министер за надворешни работи на РСМ

Откако ќе се формира новата Влада во Софија, после 15 август ќе се интензивираат разговорите со цел да се направи евентуален пробив уште во септември, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање за преговорите со Бугарија.

„Можеме интензивно да се ангажираме за евентуален пробив уште во септември. Доколку има политичка волја да се разреши ова прашање што негативно влијае и на позициите на Бугарија воопшто, мислам дека може да се најде начин, а германското и португалското претседателство покажаа дека има решение. Тие предлози ги презеде словенечкото претседателство и се надеваме дека штом се формира влада после 15 август ќе можеме интензивно да се ангажираме за евентуален пробив уште во септември“, рече Османи на денешната прес конференција.

оред него, важно е да се создаде политичка предвидливост во Бугарија, бидејќи тоа се покажало како клучно во понатамошниот прогрес на разрешување на овие разлики што ги имаме. Тој истакна дека комуникацијата продолжува по однос на одредени прашања во делот на одржување на втората меѓувладина комисија во однос на дефинирањето на патоказот, меѓутоа сепак ќе зависи од тоа дали ќе има политичка влада во Бугарија.

„Откако ќе се формира владата тогаш ќе ги слушнеме кои се позициите на новата политичка влада по однос на ова прашање. Меѓутоа едно е јасно, и во интерес е на Република Бугарија ова прашање да се реши. Ниту Бугарија верувам не сака да биде во позиција да го блокира целиот регион и европската перспектива на регионот со сите последици коишто може да ги има блокирањето на тој процес во регионот“, дециден е Османи.

И премиерот Зоран Заев вчера рече дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.

Собранието вчера ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Резолуцијата во Собранието беше изгласана со 95 гласови „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.

Четворица загинати во пожарите во Турција, службите се борат да ги стават под контрола

илустрација

Бројот на жртвите од шумските пожари во јужна Турција се искачи на четири, соопштија турските власти. Новиот број жртви е објавен откако 25-годишен волонтер почина доцна синоќа во Мармарис, околу 320 километри западно од Анталија.

Турската агенција Анадолија објави дека загинатиот маж им носел вода за пиење на пожарникарите, но дека имал сообраќајна несреќа и го загубил животот во пожарот.

Противпожарните екипи продолжуваат да се борат со пожарите, кои изгореа куќи и го принудија населението да се евакуира од населените места и одморалиштата на плажите. Украинската служба за вонредни ситуации испрати два противпожарни авиони Ан-32П во Турција за да помогнат во гаснењето на пожарот, објави украинската амбасада во Белград.

Турскиот министер за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли рече дека пожарникарите сè уште се борат со шумски пожари на 20 локации во шест провинции.

Тој прецизира дека пожарите се уште се активни во областа на Средоземното Море и подрачјето во близина на Егејското Море, како и дека пожарот е изгаснат на 50 локации. Министерот наведува дека е рано да се каже дека пожарите се под контрола, но истакна дека пожарникарите напредуваат во борбата против пожарот, пренесе АП.

Најлошите пожари се во областите Манавгат и Аксеки, кои се наоѓаат во провинцијата Анталија.

Израелскиот претседател прими трета доза вакцина против корона

Израелскиот претседател Исак Херцог прима трета доза вакцина на Фајзер/Бионтек

Израелскиот претседател Исак Херцог и неговата сопруга Михал беа меѓу првите кои денеска ја примија третата доза на вакцината против коронавирус, откако ден претходно беше објавено дека земјата ќе биде една од првите во светот што ќе дава трета доза вакцина за луѓе над 60 години.

Одлуката за давање на третата доза беше донесена во екот на напорите да се запре последниот бран на инфекција со делта сојот на коронавирусот и скокот на бројот на заразени на над 2.000 на ден оваа недела.

Израелските медиуми наведуваат дека третата доза може да не го спречи растот на бројот на заразени лица, но ќе ги спречи постарите жители да се разболат сериозно.

Претседателот на Израел оцени дека зголемените дози се „важен чекор за социјална солидарност во Израел“, истакнувајќи ја потребата да се спречи болеста на старите лица.

„Горд сум што сме првата земја што вакцинираме со третата доза“, рече Херцог, пренесуваат израелските медиуми.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет рече дека единствениот начин за борба против ковид 19 е заедништвото.

Повеќе од 57 проценти од 9,3 милионското население примиле две дози вакцина Фајзер/ Бионтек, а 80 проценти од населението постаро од 40 години е вакцинирано.

Благодарение на вакцинацијата, Израел ја отвори својата економија пред другите земји, но сега бележи голем скок кај заразените со делта сојот на вирусот, дури и меѓу вакцинираните, пренесува Асошиетед прес.

Заев: Коалицијата со Беса продолжува и на локалните избори

Зоран Заев и Биљал Касами

Премиерот Зоран Заев во објава на Фејсубук најави дека партнерството со БЕСА ќе продолжи и на претстојните локални избори, споделувајќи фотографии од средба со лидерот на БЕСА Билал Касами.

„Со претседателот на БЕСА, Билал Касами се согласивме дека партнерството во нашата коалиција ќе продолжи да се развива и на претстојните локални избори, за кои согласно спецификите на различните општини ги бараме и утврдуваме најдобрите кандидати кои ќе го дадат најдобриот резултат за нашиот народ,“ напиша Заев.

Тој воедно оценува дека коалицијата СДСМ – БЕСА минатата година поставила нови стандарди во современото политичко дејствување во Северна Македонија. Денес, како што наведува, оваа соработка е на уште повисоко ниво и дава одлични резултати низ работата на Владата.

НБ: Макроекономските показатели се движат во очекуваните рамки

Народна банка на Република Македонија

Во текот на вториот квартал дојде до видно стабилизирање на епидемиолошката состојбa и олабавување на рестриктивните мерки, со што и показателите за глобалната економска активност се поволни, се посочува во најновиот Квартален извештај на Народна банка (НБ) што беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.

Главните извори на неизвесност и ризици во глобални рамки, се посочува, и понатаму се поврзуваат со развојот на пандемијата и процесот на имунизација.

„Последните макроекономски показатели од домашната економија главно се движат во очекуваните рамки. Проценетите податоци за БДП за првиот квартал од 2021 година покажуваат намалување од 1,9 отсто, што претставува продлабочување на годишниот пад, коешто беше очекувано и при априлската проекција. Во однос на инфлацијата, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина на годината изнесува 2,4 отсто, што е очекувана динамика со оглед на растот на светските цени на примарните производи“, соопшти НБ.

Оттаму нагласуваат дека големата променливост на цените на светските пазари и понатаму е главниот извор на неизвесност околу идните движења на домашните цени. Истакнуваат дека кредитната активност на банкарскиот сектор во текот на вториот квартал од годината оствари забрзан квартален раст, што, посочуваат, е вообичаено за овој период на годината.

Осудено првото лице според новиот закон на Хонг Конг

Полиција пред Врховниот суд во Хонг Конг кадешто се собираат приврзаници на осудениот Тонг Јинг Кит

Поранешниот келнер Тонг Јинг Кит е првото лице прогласено за виновно за кршење на новиот кинески закон за национална безбедност во Хонг Конг. Тој е осуден на девет години затвор, објавија судиите денеска.

Дваесет и четиригодишниот Кит беше осуден за терористички активности и поттикнување отцепување.

Според Ројтерс, тој е обвинет бидејќи дека минатата година удрил тројца припадници на полицијата за време на протестите додека возел мотор и знаме со слоганот „Ослободете го Хонг Конг. Револуцијата на нашето време“.

Претходно оваа недела судиите заклучиле дека пораката е „може да ги поттикне другите на отцепување“.

Политичката атмосфера во Хонг Конг, поранешна британска колонија, значително се влоши по задушувањето на демократското движење, кое во 2019 година масовно го мобилизираше населението на улица за да протестира против влијанието на централните власти во Пекинг.

Тогаш властите усвоија закон за национална безбедност во кој се наведува дека во Хонг Конг можат да владеат само „патриоти“. Законот, кој предвидува и доживотен затвор, се однесува на злосторства поврзани со отцепување, субверзија, тероризам, но властите го користат и за казнување на неистомислениците.

Повеќе од 100 луѓе се уапсени откако законот стапи на сила во 2020 година. Критичарите велат дека законот ја нарушува автономијата на Хонг Конг и го олеснува казнувањето на активистите.

Официјален Пекинг инсистира дека законот е неопходен за стабилизирање на овој град, објави Би -Би -Си.

Локалните избори ќе бидат распишани на 6 август

Талат Џафери

Претседателот на Собранието, Талат Џафери изборите ќе ги распише на шести август. На брифинг со новинарите тој рече дека оваа негова одлука не се должи на меѓупартиски договор, туку дека ја донел исклучиво врз основа на законите, бидејќи токму во тој период им истекувал мандатот на актуелните градоначалници.

Првиот круг на изборите ќе ги закаже за 17 октомври согласно Изборниот законик и Уставот дека локалните избори се одржуваат во втората половина на октомври, а мандатот на локална власт е 4 години без можност за продолжување, кажа Џафери.

Претходно премиерот Зоран Заев го предложи 31 октомври како датум за одржување на изборите, но од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека со избори на тој датум ќе се прекрши Уставот, поради истекувањето на мандатот на градоначалниците, по што Заев ги омекна ставовите.

„Датумот, според предлогот од работните групи во кој учествуваат сите политички партии е 17, односно нема промени на датумот кој е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи трите дена не менуваат ништо, пописот е активност којашто финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем, пописот секојпат се држел 20 дена, овој пат се определени 30 дена, може навистина да се заврши порано. Има доволно време, нема потреба од какви било промени на датумот за изборите“, изјави неодамна премиерот Заев.

Егрлиќ: Огромна штета е што БиХ не е во „мини шенген“

Претседателот на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Ахмет Егрлиќ

Претседателот на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Ахмет Егрлиќ изјави дека е огромна штета за БИХ што не е потписничка на Договорот за мини шенген односно на иницијативата Отворен Балкан за созадавање на единствен економски простор во регионот.

„Секако, шансата се уште не е пропуштена. Очекувам дека лидерите на БиХ и лидерите на другите земји во регионот ќе се приклучат на оваа Иницијатива. Слободата на движење, слободата на движење на стоки, услуги и се што подразбира мини шенген ќе биде добро за бизнис заедницата во БиХ,“ истакна Егрлиќ во Дневник 3 на Федералната телевизија.

Тој наведе дека клучниот процес е изработка на акциски план за создавање единствен пазар во областа на шесте економии од Западен Балкан, потпишан минатата година во Софија.

„Мини Шенген е само мал дел од тој голем регионален процес поддржан од ЕУ. Една од придобивките што е забележана е потпишувањето на договори за роаминг меѓу овие земји. Нема сомнение дека БиХ, порано или подоцна, ќе пристапи кон ова,“ наведе Егрлиќ.

Премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера на Економскиот форум во Скопје потпишаа неколку договори, со чија реализација би требало да биде олеснето движењето на луѓе и стоки помеѓу трите држави.

Австралиската војска ќе го контролира спроведувањето на анти-ковид мерките

илустрација

Австралија испрати стотици војници во Сиднеј за да помогнат во спроведувањето на мерките за ограничувањa и затворање.

Појавата на делта сојот, која започна во јуни, предизвика скоро 3.000 нови инфекции и резултираше со девет смртни случаи. Војниците на австралиските одбранбени сили ќе поминат обука во текот на викендот пред да започнат со работа на терен од понеделник. Како што пишува Би Би Си, многумина се прашуваат дали е неопходна воена интервенција.

Затворањето, кое ќе важи до 28 август, им забранува на луѓето да ги напуштаат своите домови, освен за важни вежби, шопинг, медицинска нега и други причини. И покрај петнеделното затворање, бројот на новоинфицирани во најголемиот град во земјата продолжува да растеЗдравствените власти регистрирале нови 170 случаи на коронавирус во последните 24 часа.

Војниците ќе и се придружат на полицијата на критичните точки на вирусот за да осигураат дека луѓето се придржуваат кон правилата што вклучуваат ограничување на патувањето од 10 километри.

Министерот за државна полиција Дејвид Елиот вели дека новите мерки помагаат затоа што некои граѓани на Сиднеј мислеа дека „правилата не важат за нив“.

Податоците од здравствените власти покажуваат дека вирусот главно се шири како резултат на дозволено движење. Адвокатската комора на Австралија, група за граѓански права, изрази загриженост за распоредувањето на војската во либерална демократија.

Епидемијата најмногу ги погоди критичните работници и големите семејни групи во посиромашните и етнички разновидни западни и југозападни предградија на градот.

Критичарите велат дека областите веќе се соочиле со „насочени“ полициски мерки. Тие посочуваат дека ограничувањата се построги отколку за остатокот од Сиднеј.

Стапката на вакцинација во Австралија е 17% од возрасната популација и таа е една од најниските меѓу земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој.

ЕУ ја повика Куба да ги ослободи приведените демонстранти

Еден човек е уапсен за време на демонстрациите против владата на претседателот Мигел Дијаз-Канел во општината Аројо Наранхо, Хавана, на 12 јули 2021 година.

Европската унија е „многу загрижена за репресијата“ на протестите во Куба и бара од владата да ги ослободи сите произволно приведени демонстранти, соопшти ЕУ во својата најсилна досегашна изјава за ова прашање. На Куба веќе започнаа судења на приведените во протестите низ целата земја поради недостиг на електрична енергија поголеми слободи што се случија на 11 јули, во услови на длабока економска криза, која е влошена од пандемијата и санкциите на САД.

Антивладини протести во Куба Групите за заштита пријавија околу 700 лица приведени, вклучително и неколку малолетници. Владата негира дека некој бил приведен само поради протести, туку под обвинение за нарушување на јавниот живот, вандализам, непочитување на властите и други прекршоци. „Ја повикуваме кубанската влада да ги почитува човековите права и слободи предвидени со универзалните конвенции за човекови права“, рече шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

САД и 20 земји, меѓу кои и С. Македонија, со осуда на масовните апсења во Куба

Ден претходно министрите за надворешни работи на Соединетите држави и на 20 други земји ги осудија масовните апсења. ЕУ избегнува јавна конфронтација со Куба за прашања поврзани со човековите права, бидејќи во 2016 година потпиша нов договор за нормализирање на односите. Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез на Твитер наведе дека „остро ја отфрла“ изјавата на ЕУ, која ја критикуваше дека не ја споменува „геноцидната блокада на САД“, за што владата во голема мера ги обвинува за тешкотиите во земјата.

Трифонов се заканува со нови предвремени избори во Бугарија

Слави Трифонов

„Ако не се врати здравиот разум, ќе се одржат предвремени избори“, напиша лидерот на „Има таков народ“ (ИТН) Слави Трифонов на својот Фејсбук профил.
Позицијата на Трифонов доаѓа по скандалот што изби меѓу Демократска Бугарија и „Има таков народ“ поради притисокот на Христо Иванов и Маја Манолова да ги вклучи во редовната влада помошниците министри Асен Василев и Кирил Петков. Претходно, заменик-претседателот на „Има таков народ“ Тошко Јорданов презентирашде факти за Асен Василев од неговата деловна кариера, поврзани со кражба на интелектуална сопственост и заобиколување на законите.

Радев: Бугарските политички сили да најдат формула за формирање влада

Слави Трифонов напиша дека неговата партија и „Демократска Бугарија“ подеднакво сметаат дека се потребни длабоки реформи во судството поради влијанието на ДПС и ГЕРБ. „Ние и Демократска Бугарија подеднакво веруваме дека специјалниот суд и специјалното обвинителство во Бугарија треба да бидат затворени поради нивното сквернавење од ДПС и ГЕРБ. Факт е дека ако не се врати здравиот разум и не се сетат кој е главниот непријател, ќе се оди на предвремени избори и вината за ова ќе биде нивна“, напиша Трифонов.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG