Достапни линкови

Вести

Вкупно 620 лица се лекуваат во македонските болници од ковид-19

Последните податоци од Министерството за здравство покажуваат дека вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава изнесува 620 лица и има 621 празен болнички кревет во ковид-центрите. Во изминатите 24 часа пак, во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 359 пациенти. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, се вели во соопштението од Министерството за здравство.


види ги сите денешни вести

Кабинет на Пендаровски: Ставовите на претседателот за „27 април“ не зависат од Мицкоски

Христијан Мицкоски и Стево Пендаровски

Фактот што по вчерашната средба немаше заедничко соопштение, ниту заедничка прес-конференција, јасно покажува дека секој од соговорниците по средбата ги кажуваше само своите ставови и оценки за тие настани, стои во денешна реакција од претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со изјавите од лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски за вчера одржаната нивна средба.

„Ставовите на претседателот Стево Пендаровски за настаните од 27 април се кристално јасни на македонската јавност и тие воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицкоски“, се наведува во пишаната реакција испратена од кабинетот на шефот на државата.

Мицкоски: Се согласивме за сè на средбата со Пендаровски

Инаку, се посочува во реакцијата, претседателот Пендаровски никогаш во јавноста не коментира детали и барања од своите соговорници, особено оние кои се надвор од темите најавени за разговор, така што тоа нема да го направи ниту овој пат.

Претходно денеска Мицкоски изјави со претседателот се согласиле генерално за се на средбата и дека Пендаровски бил дволичен поради, како што рече, притисокот кој го имал врз него од медиумите под влијание на СДСМ и Зоран Заев.

ЕУ договорила можна набавка од 1,8 милијарди вакцини на Фајзер

Pfizer-BioNTech coronavirus vaccine is being prepared for vaccination at András Jósa Training Hospital on 2 May 2021.

Европската Унија денеска потпишала голем договор за потенцијална набавка на 1,8 милијарди дози вакцини против ковид 19 со компанијата Фајзер/Бионтек до 2023 година, зајакнувајќи ја на тој начин поддршката за компаниите и нивната нова технологија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во порака на Твитер напиша дека нејзината канцеларија одобрила договор за „гарантирана набавка на 900 милиони дози вакцини на Фајзер/Бионтек, со опција за дополнителни 900 милиони дози.

Фајзер и БиоНТек ќе донираат вакцини за Олимпијадата во Токио

Новиот договор, поддржан од земјите-членки на ЕУ, вклучува не само производство на вакцини, туку исто така гарантира дека сите основни состојки се со потекло од ЕУ. Европската Комисија досега нарача 2,3 милијарди дози вакцини од околу шест компании.

"Ќе следуваат уште договори и други технологии на вакцини“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Мицкоски: Се согласивме за сè на средбата со Пендаровски

Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски

Генерално ние се согласивме за сè на средбата, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска во Делчево, прашан од новинарите во врска со изнесените ставови од претседателот на државата Стево Пендаровски, по вчерашната средба.

„Генерално ние внатре се сложивме за сè , како што кажав и на мојата изјава надвор, откако излегов на состанокот кој го имав со господинот Пендаровски. Тоа што го спомнав надвор, практично се согласивме и внатре за време на средбата, но очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние би рекол новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски.

Она што според Мицкоски е забележливо и оставило трага кај претседателот Пендаровски е како што вели, неговата дволичност.

„Едно лице да имате на средбата, едно да имате надвор пред камерите, но во ред, битно е дури ваков притиснат Пендаровски излезе надвор со став дека сепак доколку имаме нови докази овој случај, како и многу други случаи во минатото, да започне од самиот почеток“, дополни Мицкоски.

Пендаровски и Мицкоски - право и правда за 27 април

Тој додаде да се почека конечно пресудата од второстепениот суд Апелација, да ја добијат осудените лица и нивните бранители и потоа да можат да го користат вонреден правен лек, односно да приложат нови докази.

По вчерашната средба Пендаровски пак рече дека нема простор за помилување, но, судот е тој што треба да одлучи дали ќе се повтори процесот. Пендаровски за настаните од 27 април рече дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина била неспорно утврдена во судскиот процес.

Османи: Погрешна е дебатата за раздвојување на Албанија и Македонија во евроинтеграциите

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави оти не мисли дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ уште еден период, оти тоа е погрешна дебата, како и дека не треба да се откажеме од можноста да се одржи меѓувладината конференција во јуни и да почнеме со разговори и со евентуална техничка влада во Бугарија за да се изнајде техничко решение, за што веќе има политичка одлука.

„Мислам дека во овој период нема да имаме одвојување, според тоа што јас го знам и го следам. Но тоа не значи дека нашата европска перспектива треба да ја засновуваме на внатрешната динамика и перспектива на Албанија. Ние си имаме наш план и стратегија пред нас и таа треба да ја реализираме“, изјави Османи по настанот организиран во пресрет на Денот на Европа.

Холштајн: Незамисливо е да се даде зелено светло за Албанија, а не и за С. Македонија

Писонеро: И Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори, но одлуката ја носи Советот

Дали ние долго ќе останеме во тој процес, доколку двете држави бидат одвоени, шефот на дипломатијата вели дека ќе зависи од тоа дали сите земји – членки ќе дадат поддршка на почетокот на преговорите и дали Бугарија ќе го тргне ветото.

„Ние го поставуваме прашањето дали ние треба да ги почнеме преговорите сметајќи дека сме ги исполниле сите критериуми дури и сме ги надминале, во поглед на политичките, во поглед на економските и во поглед на транспонирањето на евроското законодавство. Ние ќе продолжиме да работиме за започнување преговори, да ја искористиме шансата во јуни којашто се нуди пред нас. Мислам дека дебатата одвојување е погрешна, малите држави треба да се засновуваат на принципи и вредности, а не на тактики и на стратегии“, изјави Османи.

Во однос на прашањето со Бугарија, министерот за надворешни работи вели дека веднаш по формирањетоп на тамошната Влада ќе бара одржување на Меѓувладината комисија која што произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство. Целта на таа Комисија, како што посочи, е да направи објективна проценка на степенот на негова имплементација.

Судири меѓу Палестинците и израелските полицајци во Ерусалим

Најмалку 163 Палестинци и шест израелски полицајци се повредени во вчерашните судири во Ерусалим, соопштија палестинските медицински лица и израелската полиција. Повеќето биле повредени во џамијата Ал Акса, кога израелската полиција истрелала гумени куршуми и водени топови, додека Палестинците фрлале камења и шишиња.

Израелската полиција која го чува пристапот до светилиштето, каде што се наоѓа Ал Акса, третата најважна џамија во исламот, соопшти дека стотици бунтовници фрлале камења, шишиња и други предмети кон полицајците, кои пак возвратиле со оган “.

Израел ја бомбардираше Газа како одмазда за ракетирањето

Судирите избувнаа во време на зголемени тензии во Источен Ерусалим и на Западниот брег, палестински територии окупирани во шестдневната војна во 1967 година. Во тој дел од Ерусалим кој подоцна го анектираше Израел веќе една недела траат демонстрациите и судирите со припадниците на израелските сили.
Спорот во тоа соседство се однесува на сопственоста на земјиштето на кое се изградени куќи на четири палестински семејства, на кои им се заканува евакуација со цел еврејските доселеници да се преселат таму.

Судирите избувнаа на 7 мај, кога израелската полиција го засили присуството во Ерусалим поради муслиманските вечерни молитви, објави Асошиејтед Прес.
Соединетите Држави повикаа на смирување на тензиите во Ерусалим.

„Длабоко сме загрижени за растечката напнатост во Ерусалим“, изјави заменик-портпаролката на американскиот Стејт департмент, Џалина Портер.

Таа додаде дека е загрижена за можното иселување на палестинските семејства во источен Ерусалим, „од кои многумина, се разбира, живеат таму со генерации“.

Отворени плажите во Грција

Под правила и протоколи, со растојанија меѓу лежалките и чадорите, но без музика, како што е во кафулињата, од денеска се отворени плажите и бич баровите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што во земјата сè уште не се укинати сите рестрикции наметнати од карантинот, како и за секое движење, така и за на плажа, за граѓаните задолжително е испраќање смс порака.

Отворање на кафеаните во Грција по шест месеци

Чадорите и лежалките треба да бидат на растојание од четири, односно два метри, дозволени се по две лица, освен ако не станува збор за семејство.
Задолжителна е употребата на антисептик и дезинфекција на лежалките. За персоналот, задолжителни се маската и селф тестовите, односно тестовите за домашна употреба.

Отворањето на плажите, доаѓа една седмица пред официјалниот почеток на туристичката сезона во Грција.

Во болниците во Македонија има 806 ковид пациенти и над 800 слободни места

Ковид-19 центар во Скопје

Бројот на пациенти со коронавирус кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 806 и има околу 864 празни болнички кревети, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 22 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно се лекуваат 340 лица. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 67 оздравени пациенти.


„Бројот на приеми во изминативе денови во ковид – центрите во Скопје се намалува и утрово до 8 часот имало 330 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, соопшти МЗ.

Од таму велат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Кредитен рејтинг на Македонија според Фич: ББ+ со негативен изглед

Илустрација

Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Како што нотира агенцијата, „рејтингот на РС Македонија е поддржан од доброто владеење, позитивната бизнис клима, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс“.

Како што соопшти Министерството за финансии, агенцијата предвидува годинава да се постигне економски раст од 3,9 проценти, и 4,3 проценти во 2022 година, при што истиот главно ќе зависи од пандемијата во Македонија и главните извозни пазари.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во една земја, и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Индија - За 24 часа над 400.000 нови ковид случаи и 4.187 починати

Помош на пациентите во Њу Делхи им се укажува и пред болниците кои се преполни

И во последните 24 часа во Индија е регистриран рекорден број на смртни случаи, а трет ден по ред бројот на новоинфицирани е над од 400.000, соопшти индиското Министерство за здравство.

Според неговата објава, во последните 24 часа биле потврдени 4.187 смртни случаи, вкупно околу 240.000 од почетокот на пандемијата.

Од вчерашните 401.078 потврдени случаи, вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата е 21,9 милиони.

Во понеделник дебата на министрите на ЕУ за Западен Балкан

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија ќе разговараат за состојбата во Западен Балкан на состанок во понеделник, соопштија од ЕУ, потврдувајќи дека дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово ќе бидат меѓу клучните точки во рамките на дискусијата.

На состанокот, кој ќе биде предводен од шефот на европската дипломатија Јозеп Борел, се најавува учество на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак, кој треба да ги информира министрите за подготовките за нова рунда на највисоко политичко ниво со што ќе се одбеежи продолжувањето на дијалогот помеѓу Приштина и Белград.

Како дел од дебатата за состојбата во регионот, според најавите на претставници на Брисел, ќе се разговара и за „геополитичкиот пристап на ЕУ кон Западен Балкан“. Ова е, како што се истакнува „долгоочекуваната стратешка дебата“ за Западен Балкан. Извори од ЕУ истакнуваат дека дебатата нема да се фокусира на процесот на пристапување на земјите од регионот.

„Дури и без дискусија, јасно е дека Западен Балкан има европска перспектива. Тука ќе се занимаваме со надворешната политика “, објасни еден европски службеник.

Европскиот официјален претставник призна дека постои загриженост во бриселските кругови за „растечката фрустрација во регионот“ поради стагнацијата во процесот на проширување и затоа се разгледуваат можностите како Европската унија да го врати изгубеното влијание на Западен Балкан.

ЕУ е убедена дека се можни нормални односи меѓу Косово и Србија

Инаку шефовите на европската дипломатија на земјите-членки на ЕУ се состануваат еднаш месечно. Оваа дебата првенствено беше планирана за април, но бидејќи министрите разговараа преку видео-врска во тоа време, оваа тема беше поместена за состанокот во мај.

Бислимоски: Нема да дозволиме зголемување на цената на струјата

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека во јуни или јули годинава нема да дозволат зголемување на цената на струјата на регулираниот пазар.

„РКЕ вообичаено во јуни или во јули ги носи своите одлуки за цени на електрична енергија, но ќе ги преземе сите механизми кои и се на располагање, можеби ќе излезе и од своите законски надлежности пропишани во Законот за енергетика и нема да дозволи зголемување на цената на електрична енергија“, вели Бислимоски во интервју за МИА.

Поголеми плати, но помала куповна моќ

Во нашите одлуки за цени, нагласува тој, влијаеме на крајната цена со 38 проценти, односно само на цената за пренос и за дистрибуција на електрична енергија, а на 52 проценти не можеме да влијаеме.

„По започнувањето со либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 1 јануари 2019 година, РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ и Универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум на тендер ги набавува потребните количини кои сега во најголем дел се однесуваат за домаќинствата. На тој тендер во 2021 година ЕСМ е должна да понуди 70 проценти од потребите на овие потрошувачи. При тоа нема гаранција дека ќе биде откупена таа електрична енергија, доколку останатите трговци со електрична енергија понудат пониска цена. Во делот на набавката на електрична енергија апсолутно не можеме да влијаеме, а тоа е околу 43 до 44 проценти“, потенцира Бислимоски.

СЗО ја одобри кинеската вакцина Синофарм

Светската здравствена организација ја одобри вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ за итна употреба.

Вакцината e една од двете кинески вакцини што веќе се дадени на стотици милиони луѓе во Кина и во странство. Taa е исто така и првата вакцина против коронавирус одобрена од СЗО, која не е развиена на Запад, пренесува „Ројтерс“.

СЗО досега одобри итна употреба на вакцини против Ковид-19, развиени од Фајзер/Бионтек,АстраЗенека, Џонсон и Џонсон и Модерна.
Сепак, индивидуалните здравствени регулатори во различни земји - особено оние посиромашните во Африка, Латинска Америка и Азија - веќе одобрија кинески вакцини за итна употреба.

Министерот Филипче прими вакцина од кинескиот Синофарм

Поради малку објавени податоци на меѓународно ниво, ефективноста на различните кинески вакцини не е позната веќе подолго време.

Времето денеска променливо облачно

Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Денеска претпладне времето ќе биде сончево со променлива облачност, а попладне облачноста ќе се намалува. Од изутрина од север ќе почне да дува дува умерен до засилен северен ветер.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен северен ветер, кој на повисоките места и кон исток повремено ќе има засилен интензитет. Минималната температура се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 21 степен.

Лукашенко со реакција за кривичната пријава во Германија против него

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко ја минимизираше кривичната пријава поднесена во Германија во име на десет Белоруси, во која се тврди дека тој извршил злосторства против човештвото.

Говорејќи два дена пред Белорусија да ја одбележи комеморацијата на победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, Лукашенко се осврна на германските адвокати кои го покренаа случајот како „наследници на фашизмот“ и рече дека не се во можност да му судат.

Адвокатите пред два дена изјавија дека, во име на „жртвите на тортура“ поднеле жалба до федералните обвинители во германскиот град Карлсруе против Лукашенко и другите белоруски службеници за безбедност.

"Кои се тие да ми судат? За заштита на вас и на мојата земја? Јас не им замерувам. Но, тие се наследници на генерациите што ја започнаа таа војна", рече Лукашенко.

66-годишниот Лукашенко, која ја води земјата од 1994 година, официјално беше прогласен за победник на претседателските избори на 9 август 2020 година, предизвикувајќи скоро секојдневни протести со барање да се повлече од функцијата и да се одржат нови избори. Опозицијата вели дека гласањето било наместено, а Западот одби да го признае Лукашенко за легитимен лидер на Белорусија.

„Нека распишат Американците предвремени избори и ние ќе распишеме избори во Белорусија истиот ден“, додаде Лукашенко.

Тој смета дека резултатите од минатогодишните претседателски избори во САД се „фалсификувани“. Соединетите држави воведоа санкциите кон Лукашенко и другите високи белоруски функционери. Европската унија го следеше примерот.

Влада: Од Институтот за македонски јазик самите понудија нови толкувања за зборовите

Влада на Република Северна Македонија

Владата денеска соопшти дека „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е научен труд и авторско дело на научниците македонисти и лингвисти од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ коишто се единствено стручни за оваа област и имаат и надлежност за содржината на речникот.

Владата, како што се наведува во соопштението, согласно својата програма за унапредување на македонскиот јазик ја реализирала дигитализацијата на вкупниот број лексеми, односно зборови, со единствена цел да им го доближи и да го стави на бесплатно располагање речникот на сите граѓани и на академската јавност во земјата и во светот, за тој редовно да се ажурира, да расте и да се развива, да се дополнува и менува. Од Владата наведуваат дека платформата makedonski.gov.mk понатаму ќе се развива.

„Во комуникацијата со Институтот за македонски јазик откако во јавноста се појавија реакции за одделни лексеми во речникот, првите луѓе на редакцијата и на институтот самите понудија толкувањата на зборовите што предизвикаа реакции да бидат привремено повлечени и многу бргу да во наредниот период бидат заменети толкувања соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст“, се наведува во соопштението.

За овој чекор, според Владата, согласност за содржината на соопштението дала и раководителката на проектот „Толковен речник на македонскиот јазик“.

Димитров: Случајот со С. Македонија е тест за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан

Вицепремиерот Никола Димитров


„Огромното мнозинство на земјите-членки на ЕУ поддржува одржување меѓувладини конференции и со Северна Македонија и со Албанија. Јас исто така сметам дека ова е официјална позиција на Европската Комисија. Тоа е и целта на која работиме“, порача вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за Еуроњуз, а неговата изјава на Твитер ја објави новинарот Џек Паррок.

Во врска со изјавата на еврокомесарот за проширување Олвиер Вархеји за одвојување на Албанија и Северна Македонија, Димитров порача дека државата ги исполнила сите поставени услови.

„Како земја што ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација пред 20 години, прва која тоа го направи во регионот, како земја кандидат веќе 16 години, како земја која изминатите години покажа значителен прогрес во реформите и лидерство во решавањето на спорот со името, случајот со Северна Македонија е тест за кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан. Дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата?“, изјавил Димитров.

Портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро денеска рече дека ставот на Комисијата е дека и С Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот.

Иран и светските сили на нова рунда преговори за нуклеарниот договор

аЗменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи на разговорите во Виена.

Иран денеска го одржа четврти круг разговори на високо ниво со светските сили со цел враќање на САД во историскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Преговорите, кои започнаа во Виена на почетокот на април, се фокусираат на создавање патоказ за Вашингтон за укинување на санкциите за Иран и за Техеран да ги врати ограничувањата на својата нуклеарна програма, утврдени во договорот.

Според договорот, Иран вети дека ќе ги ограничи своите нуклеарни активности во замена за олеснување на меѓународните санкции. Но, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од пактот во мај 2018 година, велејќи дека треба повторно да се преговара и воведе санкции за Иран.

Иран реагираше со збогатување на ураниум до поголема чистота, складирање повеќе од дозволеното и воведување понапредни центрифуги. Договорот има за цел да го спречи Иран да развие нуклеарно оружје. Иранските власти тврдат дека нуклеарни амбиции се чисто за цивилни цели.

„Информацијата што ни е пренесена од американска страна е дека тие се исто така сериозни во враќањето на нуклеарниот договор и тие досега прогласија подготвеност да укинат голем дел од своите санкции. Но, ова не е адекватно од наша гледна точка и затоа дискусиите ќе продолжат сè додека не ги достигнеме сите наши барања“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека сака повторно да се приклучи на договорот, но, дека Иран треба да се врати на усогласеноста.

Рускиот делегат Михаил Улјанов на Твитер објави дека делегациите се согласиле за потребата од интензивирање на процесот и „се чини дека се подготвени да останат во Виена колку што е потребно за да се постигне целта“.

Ален Матон, портпарол на делегацијата на ЕУ во Виена, рече дека експертските разговори ќе продолжат во наредните денови.

Холштајн: Незамисливо е да се даде зелено светло за Албанија, а не и за С. Македонија

Германска амбасадорка Анке Холштајн

Германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн изјави денеска дека за нејзината земја е незамисливо да се даде зелено светло за преговори со ЕУ само за Албанија, а не и за Северна Македонија.

„За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност. За Германија не е замисливо само за Албанија да се даде зелено светло, а Северна Македонија да се остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нивниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот“, изјави Холштајн за „Слободен печат“.

Претходно, и германскиот министер за Европа Михаел Рот порача дека Берлин се залага двете земји во јуни заедно да ги почнат пристапните преговори. Според него, земјата ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни, бидејќи двете земји ги испорачале бараните реформи, а сега мора да испорача и ЕУ.

Курти најави дека неговата Влада ќе ја тужи Србија за геноцид

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти најави денеска дека неговата Влада ќе поднесе тужба против Србија пред Меѓународниот суд за правда за геноцид во војната во Косово во 1998-99 година.

„Ќе водиме со Србија принципиелен дијалог, кој ќе биде подготвен, со договор за меѓусебно признавање, порача Курти по денешната седница на Владата, на која беше усвоена четиригодишната програма за работа на неговиот кабинет.

Меѓу приоритетите во надворешната политика, според него, ќе биде зближувањето и тесната соработка со Албанија. Образложувајќи ја програмата за работа на Владата во наредните четири години, косовскиот премиер рече дека нејзина главна цел ќе биде справувањето со пандемијата на ковид-19 и „ублажувањето на последиците предизвикани од претходната влада“.

Нови 234 случаи, починати 25, меѓу кои и 27 годишно лице од Виница

Тест за ковид-19. Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 2.907 тестирања, а регистрирани се 234 нови случаи на ковид-19. Регистрирани се 786 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 25 починати лица: 10 од Скопје, по 2 лица од Тетово, Штип и Гостивар и по 1 починато лице од Куманово, Прилеп, Охрид, Виница, Струмица, Кочани, Кичево, Струга и Свети Николе.

Најмладиот починат пациент на 27 годишна возраст е од Виница. Од пријавените, 4 лица се починати во домашни услови, а останатите 21 во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 734.904 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.694, бројката на оздравени пациенти е 137.331, на починати е 5.067, а бројот на активни случаи изнесува 11.296.

Израелската полиција уби двајца палестински напаѓачи

Повредено лице во судирите во Ерусалим. Архивска фотографија.

Двајца Палестинци се убиени, а еден е тешко ранет, откако отвориле оган врз израелската армија на окупираниот Западен брег. Израелската гранична полиција соопшти дека тие пукале кон граничната полициска база Салем, во близина на градот Јенин. Чуварите застрелале двајца од напаѓачите, додека третиот е во критична состојба и е хоспитализиран.

Во меѓувреме израелската полиција соопшти дека уапсила 15 лица по судирите во источен Ерусалим откако денеска биле фрлани камења врз полицајците и возилата во населбата Шеик Jарах.

Насилството доаѓа во време на зголемени тензии во источен Ерусалим, каде десетици Палестинци ризикуваат да бидат иселени по долгата правна битка со израелските доселеници. И доселениците и Палестинците тврдат дека имаат сопственост таму. Во последните неколку недели палестинските демонстранти се судираат со полицијата.

Присилното иселување на Палестинците од нивните домови во последните години постојано предизвикуваше протести, а некои од нив беа насилни.

Филипче: Вакцините на „Астра Зенека“ во земјава се потрошија

Министерот за здравство, Венко Филипче

Вакцините против ковид на производителот „Астра Зенека“, кои ѝ беа на располагање на земјава, се целосно потрошени и тие се аплицираа на граѓани постари од 60 години, информираше министерот за за здравство Венко Филипче на пресс конференција во Владата.

На прашањето дали се размислува за укинување на ограничувањето за тоа кои возрасни групи може да ја примат оваа вакцина, Филипче кажа дека засега нема промена во ставот, односно останува препораката оваа вакцина да може да ја примат само граѓаните постари од 60 години.

Оваа одлука земјава ја донесе откако Канада и Германија ја ограничија вакцината да може да ја примаат само повозрасни граѓани поради можната поврзаност на вакцината со предизвикување тромбоза.

Но, Германија вчера одлучи да го отстрани ограничувањето и сега ќе ја дава вакцината на сите полнолетни граѓани.

„Сите 24 илјади дози од вакцината на ‘Астра Зенека’ што ги имавме веќе им се дадени на повозрасни граѓани. Засега нема промени. Вакцината им е дадена на постарите граѓани, но не се земаат само предвид искуствата од Германија, туку и од други земји. Ќе се анализираат и другите публикации и ставови и врз основа на тоа ќе носиме одлуки. Засега нема промена во ставот“, рече Филипче.

Министерот Филипче прими вакцина од кинескиот Синофарм

За проектот за изградба на нов Клинички центар во општината Ѓорче Петров Филпче рече дека треба да покажеме капацитет за консензус.

Посочи дека премиерот има иницијатива во втората половина на месецов да направи јавна презентација на целокупниот процес досега за сите чинители, не само за пратеници, здруженија на архитекти, лекари, екологисти итн. и повторно секој да даде свое мислење, своја перспектива на гледање на работитe.

Дополни дека засега, во земјава не се размислува за опцијата да се вакцинираат граѓаните без термини и да им се даваат ваучери на вакцинираните како што е тоа случајот во соседна Србија.

"Сега сме во фаза кога апелираме граѓаните да се пријавуваат на сајтот. Количината ва вакцини во Србија како единствена земја во светот која им е на располагање на граѓаните е многу поголема од онаа што ние ја имаме во моментот. Кога ќе го постигнеме тоа ниво, може целосно да ги отвориме пунктовите", рече Филипче.

Соопшти дека сега приоритет во вакцинирањето ќе имаат трансплантираните и пациентите на дијализа и верува дека овој процес тоа ќе се заврши до викендот, а сите останати ќе се вакцинираат согласно Националниот план за имунизација.

Започна средбата помеѓу Пендаровски и Мицкоски

Архивска фотографија. Лидерска средба во вила Водно

Во Вила Водно започна средбата помеѓу претседателот, Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на која, според најавите од партијата, ќе се разговара за осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба

Претседателот Пендаровски по најавата за денешната средба само кусо коментира дека е добро што по девет месеци некомуницирање, се воспоставила комуникација со институцијата претседател на Република Северна Македонија.

Пендаровски - Политичкиот дијалог е важен за земјата

Мицкоски на брифинг со новинарите, рече дека на ваков начин се одмрзнуваат односите меѓу партијата и претседателот Пендаровски," затоа што, на земјава и е итно потребен дијалог меѓу политичките чинители".

Средбата e закажана по телефонскиот разговор што го имале Пендаровски и Мицкоски, на барање на лидерот на опозицијата.

Премиерот Зоран Заев денеска претходно го го поздрави дијалогот на шефот на државата и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но, кажа дека не очекува ништо од денешната средба за прашањето за настаните од 27 април во Собранието.

"Не очекувам ништо. Убаво е што има дијалог. Дијалогот може да носи резултати. По основ на прашањето за 27 април не очекувам ништо, ниту може претседателот на државата да аболицира или амнестира настани кои се поврзани со терористичко загрозување на уставниот поредок, ниту пак е дозволена таква работа да се направи. Но, од разговор нема зијан. Нека направат муабет, дај Боже да има повеќе консензус во државата и во делокругот на надлежностите на претседателот, како и делокругот на надлежности на опозицијата, пред се, доминантен фокус во Парламентот", изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање по присуството на поставување камен темелник на нова фабрика на ЛЕАР во ТИРЗ Тетово.

Бектеши: Рестораните за свадби можно е да отворат кон крајот на мај

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска кажа дека можно е рестораните за свадби и свеченост да почнат да работат кон крајот на мај, но дополни дека тоа ќе се случи доколку Комисијата за заразни болести утврди дека бројот на заразени со корона вирусот се намалува.

„Секоја недела носиме полабави мерки во однос на рестриктивните мерки до сега и тие се предложени од Комисијата“, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата за заем од Светска банка за проекти во образованието и за енергетска ефикасност.

Меѓутоа, тој не дополни на кој начин би работеле рестораните за свадби и дали е изработен посебен протокол за нив.

Во Србија се отворат и затворените делови од кафеаните и рестораните

Претходно Владата одлучи од 5 ти мај полицискиот час да почнува два часа подоцна.

Според решението полицискиот час започнува во 23 наместо во 21 часот и трае до 5.00 часот наредниот ден, а угостителските објекти работат до 22.30 часот, но само во отворени делови, почитувајќи ги постојните мерки и протоколи.

Ограничувањата на движењето на граѓаните во текот на ноќта во Македонија беа воведени на 10 март, откако заразниот британски вид на коронавирус почна да се шири брзо, додека рестораните беа затворени од 5 април.

Писонеро: И Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори, но одлуката ја носи Советот

Илустрација. Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро денеска рече дека ставот на Комисијата е дека и С Македонија и Албанија се подготвени да започнат преговори, но дека одлуката ја носи Советот јави МИА од Брисел.

„Позицијата на Европската комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“, изјави Писонеро.

До ова доаѓа по најавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.

Осврнувајќи се на изјавата на Вархеји портпаролката рече дека еврокомесарот посочил оти е потребна согласност од земјите членки на ЕУ за одржување на меѓувладината конференција, чин што го означува формалниот почеток на преговорите со ЕУ.

„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа“, рече Писонеро.

Таа објасни дека доколку земјите членки одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската комисија не би се противела на овој став, бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови.

Вархеји: Можно е раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ

Премиерот Зоран Заев во понеделник треба да се сретне со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со која се очекува да биде отворена оваа тема.

Можноста за раздвојување на Македонија и Албанија, еврокомесарот Вархеји ја најави и за време на посетата на Скопје во вторникот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG