Достапни линкови

Вести

За 24 часа казнети 302 граѓани за неносење заштитна маска за лице

Илустрација - Полиција контролира дали се почитува мерката за носење заштитни маски за лице, Скопје декември 2020

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, се регистрирани 302 прекршоци за неносење лична заштита на лице, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во соопштението од МВР и денеска се апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19. Казната за непочитување на мерката изнесува 20 евра.

види ги сите денешни вести

По прекин на огнот продолжија борбите во Авганистан

Нападот на џамија во Авганистан на 14 мај.

Борбите меѓу талибанските и авганистанските владини сили продолжија и денеска во немирната јужна провинција Хелманд, соопштија официјални лица, ставајќи крај на тридневниот прекин на огнот, договорен од завојуваните страни, за одбележување на празникот Рамазан Бајрам.

Имало судири на периферијата на главниот град на Хелманд, каде се забележани интензивни борби откако САД го започнаа последното повлекување на војската од Авганистан на почетокот на овој месец, изјави авганистански воен портпарол и локален официјален претставник.
„Борбите започнаа рано денес и се уште траат“, изјави Атаулах Авганистан, шеф на покраинскиот совет во Хелманд.

Тој рече дека талибанските милитанти ги нападнале безбедносните контролни пунктови. Портпарол на авганистанската армија на југот потврди дека борбите се обновени.

„(Авганистанските сили) ја започнаа операцијата ... не ја ставајте вината на нас“, тврди портпаролот на талибанците Забихула Муџахид.

Тридневното примирје беше обележано со неколку напади, вклучително и бомбашки напад во џамија во главниот град, при што загинаа 12 верници, вклучително и свештеникот кој ги водеше молитвите.

Екстремистичката група Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот на 14 мај. ИД исто така, тврди дека разнела неколку електрични мрежни станици. Тоа го остави главниот град Кабул во мрак во поголемиот дел од тридневниот празник што следеше по постот.

Авганистанските мировни напори запреа откако владата поддржана од Западот во Кабул и талибанците започнаа разговори во Катар во септември 2020 година, и покрај меѓународните напори за почеток на преговорите. САД се залагаат за забрзани разговори бидејќи ги повлекуваат последните од 2.500-3.500 војници, а НАТО останатите 7.000 сојузнички сили.

Блинкен во посета на Данска пред средбата со Арктичкиот совет и Лавров

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен

Државниот секретар на САД, Антони Блинкен денеска ќе го започне петдневно патување во Данска, Исланд и Гренланд, што вклучува средба со Арктичкиот совет и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Блинкен ќе го започне своето патување во Копенхаген, каде што ќе разговара за борба против климатската криза и нашиот заеднички интерес за зајакнување на трансатлантските односи за време на состаноците со премиерот Мете Фредериксен и министерот за надворешни работи Јепе Кофод“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Блинкен ќе ја нагласи посветеноста на САД кон зелената технологија и зачувување на стабилноста на животната средина на Арктикот со данските лидери пред да отпатува на 17 мај во Рејкјавик, Исланд, на средби со претседателот Гудни Јоханисон, премиерот Катрин Јакобсдотир и министерот за надворешни работи Гудлаугур Тордарсон.

Осумчлениот совет на Арктикот ќе го одржи својот дводневен состанок во Рејкјавик со почеток на 19 мај на кој групата ќе го одбележи заклучокот на двегодишното раководство на Советот на Исланд и ќе ја признае 25-годишнината од создавањето на групата.

„За време на состанокот, секретарот ќе ги унапреди напорите за одржување на Арктикот како регион на мир, без конфликти, каде што членовите на Арктичкиот совет соработуваат на заеднички приоритети за да се заштити благосостојбата на арктичките заедници и да се справат со постојано растечката закана и влијанија на климатската криза“, рече Прајс.

Агендата на Бликен вклучува билатерални состаноци со министрите за надворешни работи на другите држави на Арктичкиот совет, вклучувајќи го и Лавров додека Русија го презема ротирачкото претседателство со Советот за следните две години.

Двајцата ќе разговараат за „клучните прашања на меѓусебните односи и меѓународната агенда“ за време на нивниот состанок, планиран за 20 мај, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Локални избори во Хрватска

Избори во Хрватска. Архивска фотографија.

Во Хрватска денеска се одржуваат локални избори, а право на глас имаат 3,66 милиони гласачи. Граѓаните ќе изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде Хрватите се малцинство, јави Хина.

Челници на извршната власт се избираат со мнозинство гласови, а за да бидат избрани денеска, тие мора да добијат повеќе од 50 проценти од граѓаните кои го дале својот глас, а доколку освојат помалку од половина, ќе имаат нова шанса на 30 мај, кога во вториот круг се бира меѓу двајца кандидати со најголем број гласови.

Четири града ќе добијат нови градоначалници, бидејќи неодамна почина долгогодишниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, а останатите досегашни челници на Сплит, Риека и Осиек, Андро Крстуловиќ Опара, Вељко Оберснел и Ивица Вркиќ повторно не се кандидираа.

Хоспитализирани 311 пациенти во ковид болниците

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 311 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 514 и има околу 740 празни болнички кревети во ковид центрите.

Поради намалениот број на болни, според министерството, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство, како што се наведува, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 17 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 203 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Нетанјаху: Нападите во Газа ќе продолжат колку што е потребно

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сегашната кампања против палестинските милитанти „ќе продолжи колку што е потребно“ и покрај повиците за смирување од Вашингтон и Обединетите нации. Нетанјаху го издаде предупредувањето по серија воздушни напади насочени кон високи функционери и команданти на Хамас, исламистичката група што ја контролира Газа.

„Не можете да се скриете - ни над земја, ниту под земја. Никој не е имун “, рече Нетанјаху, додавајќи дека нема„ поправедна или морална кампања “од израелската против Хамас.

Израелската армија соопшти дека домот на Јахја Синвар, шеф на политичкото крило на Хамас во Појасот Газа, бил цел на воздушни напади.

„Меѓу погодените цели се резиденциите на Јахија Синвар, претседател на политичкото биро на Хамас во Газа, како и на неговиот брат Мухамед Синвар, шеф на логистика и работна сила за Хамас“, се вели во соопштението на израелската армија.

Во вчерашните израелски воздушни напади беше уништена висококатница во градот Газа во која се наоѓаа меѓународни новински медиуми. Израелската војска соопшти дека уништувањето на зградата е легитимно затоа што во него имало воени средства кои му припаѓале на Хамас. Израел издаде предупредување за нападот за да може зградата да се евакуира.

Палестинците соопштија дека најмалку 145 лица, од кои 41 дете, биле убиени и 1100 ранети во Газа од почетокот на борбите на 10 мај. Израел пријави 10 мртви, вклучувајќи и две деца.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази негодување за бројот на цивилни жртви во борбите во Газа и беше „длабоко вознемирен“ од ударот на Израел врз зградата во која се наоѓаат канцелариите на медиуми.

СДСМ на конгрес бира членови на раководството

Седиштето на СДСМ во Скопје

СДСМ денеска на онлајн конгрес треба да избере заменик-претседател на партијата, членови на Централниот одбор и на Надзорниот одбор. По конгресот следуваат состаноците на кои ќе се бираат потпретседателите на партијата, генералниот секретар, организациски секретар, секретар за меѓународна соработка, Извршниот одбор на партијата, односно управното раководство.

Во моментов, заменик-претседател на СДСМ е Радмила Шекеринска, генерален секретар на СДСМ е Љупчо Николовски, а потпретседатели Мила Царовска, Оливер Спасовски, Коста Петров и Мухамед Зеќири.

Шеекеринска изјавидека не треба да биде дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа, како што истакна, се однесува на сите функции. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вчера не сакаше да говори за тоа кој би се нашол во новото раководство. Партијата, како што порача, е отворена за нови луѓе, а во новиот конгрес влегуваат со нови политики.

Сончево и потопло време со умерена облачност

Времето ќе биде сончево и потопло со умерена облачност. Во западните подрачја ќе има услови за краткотраен локален дожд и ќе дува умерен до повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 27 степени.

Во Скопје, времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Украина не ја исклучува можноста од размена на затвореници со Русија

Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина

Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина не ја исклучи можноста за размена на затвореници со Русија доколку украинскиот суд за предавство осуди политичар наклонет кон Кремљ.

Тој рече дека Киев „со задоволство“ ќе го предаде пратеникот Виктор Медведчук на Москва во замена за Украинците кои се наоѓаат во руските затвори доколку се појави можност. Сепак, според него, таквата одлука може да ја донесе само претседателот Володимир Зеленски.

Украинскиот генерален обвинител Ирина Венедиктова на 11 мај го обвини Медведчук, водечката фигура во партијата Опозициска платформа- За живот, за три точки за предавство.

Судот во Киев на 13 мај го постави Медведчук во куќен притвор и го постави почетокот на неговото судење за јули, што може да биде највисок профил на политички случај во Украина во последните неколку години. Тој ги негира обвиненијата и ги нарекува политички мотивирани.

Медведчук промовира поблиски врски со Русија, која го анексираше Крим и ги поддржуваше борците во источна Украина по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович, наклонет кон Кремљ во 2014 година. Во војната во источна Украина, која продолжува до денес, загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

Британија ќе го поттикнува глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19

Вакцинални пунктови во Британија. Илустрација.

Велика Британија соопшти дека планира да одржи виртуелен состанок на 2 јуни за да се поттикне глобалното прифаќање на вакцините за ковид-19, а ќе учествуват медицински експерти, официјални лица од земјите на Г7 и други партнери.

На настанот, според најавите, ќе се разговара за тоа како земјите да се справат со дезинформациите за вакцините, вклучително и улогата што социјалните мрежи можат да ја играат во запирање на ширењето на штетни лаги.

Велика Британија, која има една од најбрзите кампањи за имунизација во светот и со над 90 отсто кај постарите возрасни групи, се надева дека ќе го искористи своето претседателство со Г7 за да го подобри пристапот до вакцини за коронавирус.

Богатите земји генерално се далеку пред повеќето посиромашни нации во имунизација на нивното население. Светската здравствена организација постојано ги повикуваше да направат повеќе за да помогнат во дистрибуцијата на вакцините низ целиот свет, вклучително и зголемување на снабдувањето преку Ковакс механизмот за обезбедување вакцини на посиромашните нации.

„Овој Самит чиј домаќин е Велика Британија е значајна можност земјите од Г7 да се здружат со партнери ширум светот за да преземат активности за одржување на високо ниво на доверба во вакцините и оние што ги обезбедуваат. Ние мора да работиме колективно за да обезбедиме луѓето ширум светот да можат да се вратат на своите животи“, рече британскиот министер за вакцини Надхим Захави.

Британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде претседател на самитот на Г7 во Корнвол, југозападна Англија, на 11-13 јуни. Американскиот претседател Џо Бајден се очекува да присуствува, како и други лидери.

Во Велика Британија, првата дозна на вакцина е применета на скоро 70 отсто од возрасната популација и втората до 36 проценти, помагајќи да се намалат стапките на инфекции и смртните случаи.

Нови 112 случаи на корона, починати 13, а оздравени 2179 лица

Тестирање на ковид-19. Илустрација.

Во последните 24 часа се направени 4.196 тестирања, а регистрирани се 112 нови случаи на ковид-19. Регистрирани се 2.179 оздравени пациенти. Пријавени се вкупно 13 починати лица: 3 од Скопје, по две лица од Битола и Струга, по едно лице од Куманово, Тетово, Охрид, Гостивар, Кавадарци и Кочани. Од пријавените, 6 се починати во домашни, а останатите 7 лица во болнички услови.

Досега во земјата се направени вкупно 753.923 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154.636, бројката на оздравени пациенти е 145.606, на починати е 5.197, а бројот на активни случаи изнесува 3.833.

МОН: Апсурдно е да се протестира против дигитализација во образованието

Министерство за образование и наука


Министерството за образование и наука денеска соопшти дека е апсурдно да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија, како што се наведува, мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества.

Според министерството, промени мора да се случат иако новините се предизвик за сите, но, од нив не треба да се откажуваат, туку напротив заедно и транспарентно да продолжат да работат на нивно интегрирање во системот.

„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства“, се вели во денешното соопштението од МОН.

Од Министерството сметаат дека новиот закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, како што велат од Министерството за образование и наука, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои најавуваат како и досега со должно внимание ќе ги разгледуваат, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците.

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието. Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Брнабиќ: Сакаме од 21 јуни да ја отвориме Србија за прослави

Српската премиерка Ана Брнабиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека од 21 јуни може ќе ја ја отворат земјата за прослави, но за тоа треба да има целосно вакцинирани 50 отсто од полнолетната популација.

„Вакцинацијата денес е прашање на националната безбедност. Од 21 јуни сакаме да ја отвориме Србија за прослави, свадби, родендени, но за тоа мора да имаме 50 отсто вакцинирани од полнолетната популација. Сега сме на 42 проценти или околу 2.270.000 луѓе“, изјави Брнабиќ.

По завршувањето на вчерашната седница на Кризниот штаб, покраинскиот секретар за здравство, Зоран Гојковиќ, изјави дека се предложени ублажени мерки за фризерите и организаторите на стручните собири. Доколку продолжи поволниот тренд на бројот на новозаболени и бројот на вакцинирани, според него, можно е од 21 јуни да се организираат колективни настани .

„Сите фризерски продавници можат да работат под услови кои се помалку ригорозни од порано – имаа ограничувања на девет квадратни метри по лице, се враќаме на она што беше пред есента, а тоа се четири квадратни метри со маски и одржување на растојание“, кажа Гојковиќ.

Наредното олеснување на мерките ќе биде за организаторите на стручните собири.

Заев: Aко со Законот за дивоградби застанеме тука, ќе се рушат 50 илјади домови

Премиерот Зоран Заев

Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со одлуката на претседателот Стево Пендаровски, да не го потпише Законот за легализација на дивоградбите. Сега Законот, како што потсети Заев, се враќа во собраниска процедура.

„Повторно ќе дискутираме во Парламентот, зашто ако со Законот застанеме тука, службите треба веднаш да тргнат и да ги рушат преку 50-те илјади домови на граѓаните“, рече Заев.

Според него, со Законот, нема да се легализира секој бесправно изграден објект, туку се дава можност за остварување право на сочувување на домот пред се на граѓаните кои се под прагот на сиромаштијата. Има објекти, како што наведе, кои се времени градби или објекти со несоодветни намени на плановите, кои не подлежат на правото на легализација. Во однос на парцелата кај Холидеј ин, премиерот подвлече дека законите мора да се почитуваат.

Заев одговарајќи и на други прашања од новинарите уште еднаш ја повика Европската унија да остане на зборот и да го испорача она што и го ветила на земјава, односно одржување на првата меѓувладина конференција. Од новата бугарска Влада, Заев порача дека очекува лидерство, одговорност и грижа за Западен Балкан, посебно грижа за нејзиниот, како што рече, прв западен сосед- Северна Македонија. Заев очекува португалското претседателство да преземе конкретни чекори со двете земји.

„ЕУ е таа што мора да донесе одлука како што ние моравме ако сакаме да одиме кон ЕУ, да ги донесеме одлуките доминантно за реформите. Покажавме европски манири и одговорност, презедовме сериозни ризици, очекуваме соодветен одговор од ЕУ. Ние овојпат со неа си имаме работа, а со Бугарија имаме билатерален Договор кој е значително реализиран“ нагласи Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на улицата „Орце Николов“ во Општина Центар.

Заев уште еднаш потенцира дека за македонскиот јазик и идентитет нема преговори. Според него, сите лидери на ЕУ ќе направат контакти со двете земји во овој период.

Во однос на утрешниот конгрес на СДСМ рече дека партијата е отворена за нови луѓе, за нови шасни да напредуваат во своја кариера, но, по пат на дискусија на Извршниот одбор и Централниот одбор, и на крајот во конгресот ќе се донесат сите одлуки. Околу наводните шпекулации за избор на новото раководство на партијата Заев истакна дека се што излегува во јавноста се најверојатно дискусии кои се водат во рамки на на органите и телата на партијата.

Протести против образовните реформи, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања

Министерство за образование и наука

Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протести кои започна од Министерството за образование, продолжија до Владата, а завршија пред Собранието против најавените реформи во образованието.

Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Демонстрантите бараат преку референдум граѓаните да имаат можност да се изјаснат за образовните реформи.

Во паркот „Жена борец“ ќе биде поставена и „импровизирана училница“ каде се собираат потписи за поддршка на иницијативата. Протести се одржаа и во други градови низ земјата. Иницијативата претходно апелираше до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или со онлајн настава да изразат незадоволство од реформите.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева порача дека дигитализацијата ќе има негативен ефект кон учениците и наставниците. Според неа, голема е веројатноста резултатите од спроведување на дигитализација со која ќе се укинат учебниците како основно средство за едукација да бидат поразителни.

„Царовска задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците. Нејзината улога е за нив и нивните потреби, а не обратно. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор.Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма“ , вели Митева.

Од СДСМ реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното дејствување против реформите во образованието, на штета на граѓаните.

„На ВМРО-ДПМНЕ не и е грижа ниту за учениците, ниту за образованиот систем, битни и се само партиските и бизнис интереси. Партијата предводена од Мицкоски организира протести и се обидува да ги манипулира родителите и учениците за да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи. Лага е дека учениците ќе останеле без учебници. Со новото законско решение ќе има нови, современи и достапни учебници, а дигитализирањето на дидактичките материјали ќе значи само унапредување на наставата и осовремнување на начинот на учење овозможувајќи им на новите генерации квалитетно образование.“, наведуваат од владејачката партија.

ЕС со критика за руската одлука да ги означи САД и Чешка за „непријателски“

Илустрација

Европскиот совет (ЕС) ја критикуваше одлуката на Русија да ги назначи Соединетите Држави и Чешка како „непријателски“. Руската влада го објави својот официјален список на „непријателски“ земји на 14 мај. Таа вети дека ќе ја примени мерката и за други земји, доколку тие се впуштат во „непријателски активности“.

Назначувањето ќе им забрани на САД да ангажираат локален персонал за своите дипломатски мисии во Русија, а бројот на локални вработувања за Чешка е ограничен на 19. Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел денеска ја нарече одлуката на руската влада „уште еден ескалационен чекор“ што „ги нарушува дипломатските односи“.

„Сметаме оти овој курс на дејствување од страна на Руската Федерација е уште еден чекор кон ескалација на односите не само со Чешка, туку и со ЕУ и нејзините сојузници. Овој потег е „целосно спротивен на Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на чешкото Министерство за надворешни работи во кое се додава дека тоа ќе влијае на туризмот и бизнисот меѓу двете земји.

Односите меѓу Прага и Москва значително се влошија по обвинувањата на Чешка на 17 април дека Русија била вмешана во смртоносна експлозија на складиште за оружје на чешка територија во 2014 година. Двете земји се вклучија во остра реторика и беа протерани и дипломати во последните неколку недели, а Чесите беа поддржани од Брисел и Вашингтон.

„Ова докажува дека одговорот на Чешка на инцидентот во Врбетице беше точен, а нејзината реакција толку длабоко ја погоди Русија што [Москва] одлучи да нè вклучи во списокот на непријателски нации, заедно со Соединетите држави“, рече вчера чешкиот министер за внатрешни работи Јан Хамачек.

Амбасадата на САД во Прага објави на Твитер „горди сме што стоиме покрај нашиот цврст сојузник, Чешка!“

Македонското МНР сугерира да не се патува во Израел

Зградата на Министерство за надворешни работи

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР), имајќи ја во предвид ескалацијата на безбедносната состојба во Израел, сугерира на македонските државјани да избегнуваат патувања во, или транзит низ таа земјата, соопшти денеска Министерството.

Македонските државјани затекнати во Израел, за сите дополнителни информации или помош може да се обратат до македонската амбасада во Тел Авив на мобилниот број +972549096965 или некој од SOS броевите објавени на веб-страницата на Министерството.

Израел денеска ги засили нападите врз Газа откако избувна насилството на Западниот брег и по должината на границата со Либан кои резултираа со внатрешни граѓански немири меѓу арапските и еврејските граѓани.
Израелските авиони ги обновија воздушните напади врз Газа, а милитантите на Хамас реагираа со истрелување ракети кон Израел додека борбите влегоа во петтата ноќ.

Палестинските медицински лица соопштија дека најмалку 12 лица загинале во текот на ноќта во воздушни напади во северна Газа, додека во два големи града на југот на Израел се огласија сирени кои предупредуваат на ракети лансирани од Хамас. Најмалку 132 лица се убиени во Газа од 10 мај, од кои 32 деца и 21 жена, а 950 се ранети, соопштија палестинските медицински власти. Осум лица починаа во Израел.

Лидери на 50 земји и технолошки компании против екстремизмот на интернет

Францускиот претседател Емануел Макрон

Лидерите на повеќе од 50 земји и на големи технолошки компании одржа виртуелен состанок како дел од обидот да се најдат начини да се запре ширењето на екстремистичкото насилство на интернет без да се наруши слободата на изразување.

Средбата е дел од глобалниот напор што го започнаа францускиот претседател Емануел Макрон и премиерот на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, откако беа пренесени или споделени смртоносни напади во нивните земји на социјалните мрежи.

Во Нов Зеланд пред две години, напаѓач го пренесуваше во живо убиството на 51 муслимански верник на Фејсбук. Во Франција беше пренесувано убиството на учителот Самуел Пети во октомври, минатата година, а злосторството истражителите сметаа дека е терористички чин мотивиран од исламизам. Учителот бил убиен откако гневот против него ескалирал на интернет, бидејќи тој за време на лекција покажал слика на пророкот Мухамед.

Нападот врз Пети „не може и нема да се заборави“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во обраќањето на отворањето на виртуелниот состанок, додавајќи дека интернетот продолжува да го користат терористите како оружје за пропагирање на омраза.

„На нас е демократиите и бранителите на основните слободи да ги најдеме вистинските решенија“, рече тој.

Иницијативата, позната како Крајстчрч, беше именувана по локацијата на нападот во Нов Зеланд. Педесет и пет земји сега го поддржаа проектот, вклучително и САД, Естонија, Чешка и Словачка. Целта на состанокот оваа година е да ги донесе на маса владите и интернет гигантите како Гугл, Фејсбук, Твитер и Амазон и да ги заживеат напорите за координација. Владата на САД се приклучи на напорите за прв пат оваа година.

СЗО ги повика богатите земји наместо да вакцинираат деца, да ги донираат вакцините

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус

Светската здравствена организација ги повика богатите земји да ги преиспитаат плановите да ги користат своите залихи на вакцини против ковид-19 за да вакцинираат деца и наместо тоа да ги донираат за употреба во посиромашните земји.

Шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебреизус на виртуелен состанок во Женева рече дека разбира зошто некои земји сакаат да вакцинираат деца и адолесценти, „но сега ги повикувам да размислат и наместо тоа да донираат вакцини на Ковакс“.

Ковакс е глобален механизам за споделување и дистрибуција на вакцини во сиромашните земји. Досега се испорача околу 60 милиони дози, но, механизмот се бори да ги исполни целите на снабдувањето, делумно поради ограничувањата на индискиот извоз на вакцината АстраЗенека поради растечка пандемија во земјата.

СЗО се надева дека повеќе земји ќе ги следат Франција и Шведска во донирање вакцини по имунизацијата на нивните приоритетни групи. Канада и САД се меѓу земјите кои имаат овластени вакцини за употреба кај адолесценти.

Досега, околу 1,26 милијарди дози вакцини се администрирани на глобално ниво, но повеќето од нив се во богати земји.

Филипче не разговарал со Заев за негово назначување на местото на Шекеринска

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со лидерот на СДСМ, Зоран Заев досега не разговарал за негово евентуално назначување на местото на Радмила Шекеринска, која е потпретседател на партијата.

„Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега“, истакна Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по приемот на донацијата од 100.000 вакцини, а во пресрет на утрешниот конгрес на СДСМ.

Филипче не кажа дали би ја прифатил функцијата, потпретседател на СДСМ ако му биде понудена. Шекеринска која присуствуваше на истиот настан уште еднаш повтори дека не треба да биде дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа се однесува на сите функции. Таа потврди дека останува во СДСМ.

„Верувам во работа и сработено, а не во функции. Не мислам дека треба да помогнеме на државата само ако носиме значка на функционер, партиски или државен“, рече Шекеринска.

СДСМ на утрешниот конгресот, кој ќе се одржи онлајн поради пандемијата со коронавирусот, треба да ги избере речиси сите други раководни позиции, освен претседателската.

Израел ги интензивира нападите во Газа

Илустрација

Израел денеска ги засили нападите врз Газа откако избувна насилството на Западниот брег и по должината на границата со Либан кои резултираа со внатрешни граѓански немири меѓу арапските и еврејските граѓани.
Израелските авиони ги обновија воздушните напади врз Газа, а милитантите на Хамас реагираа со истрелување ракети кон Израел додека борбите влегоа во петтата ноќ.

Палестинските медицински лица соопштија дека најмалку 12 лица загинале во текот на ноќта во воздушни напади во северна Газа, додека во два големи града на југот на Израел се огласија сирени кои предупредуваат на ракети лансирани од Хамас. Најмалку 132 лица се убиени во Газа од 10 мај, од кои 32 деца и 21 жена, а 950 се ранети, соопштија палестинските медицински власти. Осум лица починаа во Израел.

Израелската армија соопшти дека тунелски систем што го користеле милитантите во Газа е оштетен во големиот напад што започна рано изутрината на 14 мај.

Досега се покажаа залудни меѓународните напори за медијација во конфликтот. Висок американски дипломат пристигна во Тел Авив за да се сретне со израелски и палестински официјални претставници, додека Вашингтон се обидува итно да го деескалира конфликтот, најтешкото избувнување на насилство во регионот од 2014 година.

Американската амбасада во Ерусалим соопшти дека Хади Амр, заменик помошник државен секретар за Израел и палестински прашања, пристигнал во Тел Авив за да ги предводи напорите на администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден да ги прекине борбите. Тој треба да се состане со израелски и палестински претставници во наредните денови. Советот за безбедност на ОН треба да расправа за ситуацијата на 16 мај.

Вчера аплицирани 13.482 вакцини, се лекуваат 329 пациенти

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје на 5 април 2021

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 203.324 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.719 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.482 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 203.324 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани. Со последните бројки 35 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 346.431 граѓани. Вакцинацијата, како што информираат од Министерството за здравство, се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортсите сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Пристигнаа 100 илјади вакцини „Синофарм“

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 329 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 536 и има околу 870 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 22 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 207 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Пристигнаа 100 илјади вакцини „Синофарм“

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје на 5 април 2021

Во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје денеска пристигна донацијата од 100.000 вакцини од „Синофарм“ од Кина на која присуствуваа министрите за здравство и за одбрана, Венко Филипче и Радмила Шекеринска, како и кинескиот амбасадор Џанг Ѕу.

„Ова е значајна количина вакцини која за бројот на население како нашето значително може да ја смени епидемиолошката слика. Со донацијата се потврдува партнерството меѓу двете земји. Се надевам дека соработката ќе продолжи“, рече Филипче.

Според него, имунизацијата ќе продолжи по приоритет, согласно возраста на граѓаните. Шекеринска рече дека помошта доаѓа во вистинско време.

„Ова е вистинска помош во вистинско време и ќе ни даде шанса да продолжине со вакцинацијата на припадниците на Армијата, но вакцини ќе бидат отстапени и за јавното здравство, како и за граѓаните“, напомена Шекеринска.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕу рече дека ова е уште една конкретна акција за помош на македонските граѓани и демонстрирање на духот на пријателство.

Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава. На крајот на минатиот месец во Северна Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“.

Облачно и посвежо време со врнежи од дожд

Дожд во Скопје. Илустрација.

Времето денес ќе биде претежно облачно и посвежо со врнежи од дожд. На места врнежите ќе бидат пообилни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 23 степени.

Во Скопје, облачно и посвежо со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спаушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.

МНР на Бугарија - Состанок со С.Македонија кога ќе се исполнат потребните услови

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Бугарија останува отворена за отворен дијалог и соработка со Република Северна Македонија, но сите состаноци мора да се одржат под одредени услови, се наведува во официјалната изјава на новиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, што ја пренесуваат бугарските медиуми.

Во изјавата се наведува дека властите во Македонија предложиле телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи и тоа ќе се реализира веднаш штом ќе дозволи распоредот на министерот Стоев.

„Одржување состанок во таков формат мора да биде полн со содржина. Во оваа смисла, потсетуваме дека годишниот извештај за работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања треба да биде усвоен на претстојниот меѓувладин состанок. Ја користиме приликата да потсетиме дека министерот Стоев при стапување на должност рече дека бугарската страна останува отворена за дијалог, а привремената влада не е овластена да ја менува рамковната позиција на Бугарија, што беше усвоено со консензус од сите политички сили во Парламентот“, се потенцира во изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, е оптимист за решение со Бугарија, со што би се откочиле евроинтеграциите, но техничката Влада на Бугарија соопшти дека ќе го задржи ветото за Македонија.

Кризниот штаб во Србија предложи ублажување на анти-ковид мерките

Кризниот штаб во Србија предложи ублажување на анти-ковид мерките кои се однесуваат на фризерските салони и на организирање на семинари, бидејќи е оценето дека веќе не постои вонредна епидемиолошка ситуација, соопшти покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ.
Тој рече дека ситуацијата и натаму е несигурна, бидејќи и понатаму има неколку стотини новозаразени дневно, но тенденцијата со приеми и отпусти во здравствените установи е добра.

Во последните 24 часа во Србија како последица на ковид-19 починале 17 луѓе, а има 787 нови заразени. А во болница се лечат 3047 пациенти.

За фризерските салони ќе важат помалку ригорозни мерки со кои ќе се дозволи повеќе присутно во салон, но да носат маски и да има до 2 метри оддалеченост од нив. А доколку бројот на заразени паѓа, а бројот на вакцинирани достигне 50 отсто од полнолетните граѓани ќе може да се организираат и симпозиуми и семинари до 100 луѓе, со носење маски и одржување дистанца. Во таков случај би се дозволиле и настаните за млади.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG