Достапни линкови

Вести

Временска прогноза - Облачно и ветровито, од попладне дожд

Денеска ќе преовладува претежно облачно време, а од попладне и во текот на ноќта кон недела се очекуваат врнежи од дожд кои поради продорот на постудена воздушна маса ќе преминуваат во снег на некои повисоки места во северните делови. Можна е и локална појава на замрзнат дожд. Ќе дува слаб доумерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе се движи во интервал од 4 до 11 степени.

Во Скопје претежно облачно, со врнежи од дожд од попладнето. На околните планини ќе врне снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

Синоптичарите најавуваат во недела и во понеделник облачно и врнежливо време. Врнежите на места ќе бидат пообилни и со пороен карактер. Повремено ќе дува засилен јужен ветер. Од вторник поради продор на постудена воздушна маса врнежите на планините ќе бидат од снег, а повремено услови за снег ќе има и на некои повисоки места. Ветерот ќе го промени правецот во северен.

види ги сите денешни вести

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во Македонија

Илустрација

Британскиот сој на коронавирусот бил детектиран во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје кај 46-годишен маж, кој е веќе оздравен, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вирусот бил детектиран во болницата при анализа на примероци од јануари.

Во епидемиолошката анкета пациентот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал во странство.

Според информациите од Институтот за јавно здравје, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот бил со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, информира Филипче на Фејсбук.

Со коронавирус заразени 22 вработени на Клиниката за нефрологија

Клинички центар, Скопје

На Клиниката за нефрологија има девет лекари, осум медицински сестри, еден лаборант, еден психолог и тројца болничари кои во моментов се заразени со ковид-19, информираат од Министерството за здравство.

Меѓу заразените е и директорката на Клиниката, Ирена Бушлетиќ.

Изворот за заразата, како што посочуваат од Министерството, сè уште не е конкретизиран со оглед на тоа што во моментов се спроведуваат епидемиолошките анкети.

Работата на Клиниката се одвива регуларно и тековните обврски се завршуваат од страна на вработените кои го надополнуваат отсуството на оние кои се заразени или се во изолација, потенцираат од Министерството за здравство.

Медиумските организации загрижени од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Илустрација

Македонските медиумски здруженија изразија загриженост за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство. Со овој предлог се предвидува членовите на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ да се бираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, наместо со двотретинско мнозинство, како што е сега.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е факт дека овој процес сега е закочен во Собранието поради несогласувањата меѓу власта и опозицијата, но оти „партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела“.

„Пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат организациите.

Новинарските и медиумски организации се залагаа за начелото за избор со двотретинско мнозинство и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Поради сомнеж за бомба евакуирана фабрика каде се пакува ковид вакцината на „Астра Зенека“

Илустрација

Фабрика во Велс, која ја произведува вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, денеска била делумно евакуирана откако добила сомнителен пакет, по што била испратена полициска единица за отстранување бомби.

Фабриката, со која оперира компанијата „Вокард Велика Британија“, обезбедува т.н. капацитет за полнење и завршување на ланецот за снабдување на АстраЗенека во Велика Британија, што е последниот чекор за производство на ставање вакцини во ампули или шприцеви и нивно пакување.

"Вокард Велика Британија во Вексам утрово доби сомнителен пакет. Сите релевантни органи беа веднаш известени и ангажирани. По стручен совет, делумно го евакуиравме одделот во очекување на целосна истрага. Безбедноста на нашите вработени и деловниот континуитет остануваат од огромно значење", соопшти компанијата.

Локалната полиција потврди дека единицата за отстранување бомби е на лице место и ја советуваше јавноста да ја избегнува областа.

„Во моментов имаме работа со тековен инцидент во индустрискиот имот Рексам“, се вели во соопштението од локалната полиција.

„АстраЗенека“ се согласи да ја снабди Велика Британија со 100 милиони дози вакцина, развиена од Универзитетот Оксфорд. Таа во моментов е вклучена во спор со Европската унија откако го прекина снабдувањето со блокот поради проблеми со производството во нејзината белгиска фабрика.

Сите жртви на „Јавна соба“ да пријават во полиција, апелира МВР

Илустрација - Зградата на МВР во Скопје

Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги повика сите граѓани кое се жртви на злоупотреба во случајот „Јавна соба“, да пријават во најблиската полициска станица. Од МВР велат дека во координација со обвинителството презема соодветни мерки.

„Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата Телеграм која до сега демонстрира цеосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја“, наведуваат од МВР.

„Јавна група“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа откриени околу 7.000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.

Одбиени барањата за приврмена слобода за Тачи и лидерите на ОВК

Лидерите на ОВК - Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красничи, Реџеп Селмани и Салих Мустафа

Судија од Специјалниот суд за Косово, со седиште во Хаг, го одби барањето на адвокатите на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен претседател на Косово, Хашим Тачи, за привремено пуштање на слобода. Таква одлука е донесена и по барањата на адвокатите на останатите водачи на ОВК, Реџеп Селими, Кадри Весели и Јакуп Красничи, кои заедно со Тачи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Нивните барања се одбиени со образложение дека постои опасност за нивно бегство, опструкција на постапката, влијание врз сведоци и изврршување на понатамошни кривични дела. Адвокатите понудија гаранции дека обвинетите нема да побегнат и бараа замена на притворот со куќен притвор и други мерки. Тачи, Селими, Весели и Красничи беа приведени на почетокот на ноември минатата година.

Во Македонија 394 нови ковид позитивни и 9 починати

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека според податоците од Инситутот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 2236 тестирања, а регистрирани се 394 нови случаи на ковид-19. Новите случаи се регистрирани во: Скопје – 190, Кавадарци – 29, Велес – 19, Делчево – 16, Куманово – 14, Охрид – 12, Дебар – 12, Гостивар – 11, Прилеп – 7, Штип – 7, Битола – 7, Берово – 7, Демир Капија – 7, Кичево – 6, Тетово – 5, Струмица – 5, Гевгелија – 5, Свети Николе – 4, Неготино – 4, Виница – 4, Струга – 3, Кочани – 3, Крива Паланка – 3, Радовиш – 3, Крушево – 3, Ресен – 2, Пробиштип – 2, Кратово – 2 и во Пехчево - 2.

„Починати се 9 лица, два пациенти од Скопје (74 и 82г), два од Кичево (61 и 70г), по еден од Ресен (77г), Битола (87г), Виница (57г), Охрид (79г) и Прилеп (65г). Осум од пациентите се починати во болнички, а еден во домашни услови. Регистрирани се 387 оздравени пациенти“, соопшти денеска МЗ.

Досега во земјата се направени вкупно 448.031 тестирања на Ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 91555, бројката на оздравени пациенти е 80008, на починати е 2821, а бројот на активни случаи изнесува 8726.

Владата денеска соопшти дека го усвоила Националниот план за вакцинирање против ковид-19 и дека имунизацијата ќе се одвива во три фази. Во меѓувреме, се чекаат вакцини преку ковакс системот, вакцините по набавна цена од Србија и траат преговорите со производителот Фајзер за нарачката од 800 илјади вакцини.

Србија тврди дека е трета во Европа според ковид вакцинирани

Редици пред вакциналните пунктови во Србија

Во Србија досега се вакцинирани 322.598 лица против коронавирусот, со што Србија е на третото место во Европа според бројот на вакцинирани на милион жители, после Велика Британија и Малта, соопшти денеска српската влада, од каде додаваат дека во регионот, Србија е прва според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Романија и Словенија.

Во регионот во однос на вкупниот број вакцинации, Романија е на прво место со 528.378 вакцинирани граѓани. Повеќе од 70 милиони луѓе во 65 земји примиле една од седумте вакцини за коронавирус што се користат, а Србија со 4,5 поделени дози на 100 жители е седма на генералната листа и втора меѓу европските земји.

Според листата објавена од „Фајненшл тајмс”, според бројот на вакцинирани убедливо прв е Израел со дадени 44,7 дози на вакцини на 100 жители.

Вакцинирањето против ковид ќе биде во 3 фази - Владата усвоила план

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа

Владата го усвои планот за вакцинација против Ковид 19, информираше на денешната прес конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Вакцинирањето ќе се одвива во три фази, а целата операција, како што рече денеска Хоџа, ќе се конкретизира со пристигнувањето на вакцините.

„Фазите ќе бидат во согласност и во зависност од пристигнувањето на вакцините и различните приоритетни групи за вакцинација. Три групи се приоритетни со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување и компликации и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, рече Хоџа.

Во меѓувреме, Владата ги чека вакцините од Фајзер и преку ковакс механизмот, но и ја разгледува можноста за набавка и на кинески вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не би требало да претставува проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), затоа што документите се сосема соодветни. Четири дена претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Македонија е членка на НАТО и затоа бара западни вакцини, а проф. д-р Никола пановски, во изјава за Радио Слободна Европа, за процесот на набавка на вакцини, искоментира дека „за да набавиш вакцини треба да си трговец“.

Директорот на струшката болница повикан да реферира за случајот со ординацијата

Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција

Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција изјави дека д-р Мухамед Асани, директорот на болницата во Струга, е повикан во Владата да реферира откако беше откриено дека дома има гинеколошка ординација која работи на диво.

Вицепремиерот рече дека во меѓувреме е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Инаку, случајот со д-р Асани излезе во јавност откако жена од Дебар обвини за несовесно породување при што и се отстранети неколку органи.

„Поднесена е иницијатива до ОЈО од страна на инспекторатот. Тимовите ги разгледаа сите прозивки и информации кои беа доставени до мене. Направен е надзорот и констатирана е дивата ординација. Веќе ги имаме нотарските изјави дека се вршени прегледи после 15 часот“, рече Николовски.

Според вицепремиерот, се очекува стручниот надзор од Министерството за здравство за да се расчисти целиот случај.

ССК бара протоколи и постојана помош за спас на угостителството

Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК

Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори (ССК) денеска побара од Владата финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор да има континуитет, како и да се обезбедат протоколи за работа за сите дејности кои се дефинирани во Националната класификација на дејности.

„Неопходен континуитетот на економските мерки со цел задржување на работните места и на деловните субјекти. Со изминување на месец јануари, а во недостаток на петтиот пакет мерки кој се однесува на првиот квартал од 2021 година, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка, како што тоа се случи во неколку наврати и минатата година. Од колку 6.500 правни субјекти во угостителскиот сектор само 132 добија комбинирана помош односно поддршка за исплатата на плати и неповратна финансиска помош во форма на грант за покривање на другите трошоци. Но овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а континуирано напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор", изјави Мартин Ангеловски од ТУК.

Владата пред две недели го најави петтиот сет мерки како помош за справување со економските последици од пандемијата со ковид-19. Од сетот не се дефинирани сите мерки. Сигурно е продолжувањето на субврнционирањето на платите, мерка која беше најискористена со претходните четири владини пакети.

По долги немири и протести, ќе има смени во Владата на Тунис

Фотографија од минатонеделните анти-владини протести во Тунис

Тунискиот Парламент доцна синоќа ја одобри реконструкцијата на владиниот кабинет, предложена од премиерот Хихем Мечичи, и покрај големото несогласување и резерви на претседателот Каис Саид, јави германската новинска агенција ДПА.

За време на синоќешната седница, Парламентот одобри 11 нови министри, предложени од Мечичи. Тој ја најави реконструкцијата минатата недела во услови на немири поради големата невработеност и лошите владини услуги. Премиерот е на функција од септември и е поддржан од неколку главни партии и блокови во парламентот.

Стотици демонстранти се собраа во близина на парламентот пред гласањето за доверба во Парламентот за да побараат ослободување на околу 1.000 демонстранти кои беа уапсени за време на антивладините митинзи овој месец. Претседателот Каис Саид се спротивстави на номинациите на неколкумина нови министри, тврдејќи дека постојат обвинувања за корупција и судир на интереси поврзани со нив, пренесе ДПА.

ИЈЗ: 73 отсто помалку заразени со сезонски грип

Илустрација

Бројот на заболени од грип годинава е намален за 73 проценти во споредба со лани, информираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сезонава вкупно 433 лица заболеле од грип, а според здравствените власти, драстичното намалување на болни од грип се должи поради мерките за заштита од коронавирусот како што се маските, дистанцата и забраните за групирање.

Според денеска објавените податоците на Институтот за јавно здравје, најголемиот број на лица кои годинава се разболеле од сезонски грип се на возраст од 15 до 64 години, а највисоката инциденца се регистрира кај децата до 4 годишна возраст. Раст на бројот на заболени од грип е забележан во втората недела од јануари. Пријавени се 36 случаи на заболени, што е повеќе во споредба со пред таа недела кога биле регистрирани 18.

Од институтот за јавно здравје инфомираат дека 37.870 веќе примиле бесплатна вакцина против сезонскиот грип, од кои 28.724 вакцини примиле лицата од ризичните категории, а близу 6.000 се дадени на здравствените установи и истите се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.

До 2025/26 година дел од РЕК „Битола“ ќе стане гасна електрана

РЕК Битола

Компанијата „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ) планира до 2025/26 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК „Битола“, кој работи на јаглен, и да го замени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати која ќе се користи и за топлификација на Битола, информираше денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“.

Според него, другите два блока ќе се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година и со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди.

Ковачевски потсети дека се планира целосно затворање на ТЕЦ „Осломеј“ и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, кој проект веќе се гради на терен, додека планот на државата е претворање на ТЕЦ „Неготино“ (која не е во рамките на АД ЕСМ) во гасна електрана. Што се однесува до ветерните електрани, Ковачевски соопшти дека се зголемува капацитетот на ветерниот парк Богданци, како и планирана инвестиција во ветерен парк во Миравци, додека фотоволтаични (соларни) електрани ќе се градат во близина на сите постоечки производни објекти на АД ЕСМ.

Западен Балкан меѓу приоритетите на Бајден и Меркел

Архивска фотографија - Американскиот претседател Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, 1 февруари 2013 година

Западен Балкан е меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација. Тоа, како што соопшти Белата куќа, било истакнато во телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка, Ангела Меркел. Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници истакнале приоритетни теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан, каде што е актуелно прашањето за решавање на односите и постигнување договор меѓу Белград и Приштина.

„Претседателот Џозеф Бајден денеска разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесувајќи ја неговата желба за продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој ја изрази својата намера да го ревитализира трансатлантскиот сојуз, вклучително и НАТО и Европската унија, како камен-темелник на колективната безбедност и заедничките демократски вредности“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Според прес-службата на Белата куќа, Бајден и Меркел се согласиле „за важноста на глобалната соработка, вклучувајќи ја и обновената посветеност на САД кон мултилатерални организации, борбата против климатските промени, борбата против Ковид-19 и подобрување на здравствената заштита, како и постигнување одржливо глобално економско закрепнување“.

Регистрирани неколку земјотреси во гостиварско

Илустрација

Во текот на ноќта и изутринава се регистрирани неколку земјотреси во регионот на Гостивар. Земјотрес со магнитуда од 3,5 степени според Европската макросеизмичка скала е регистриран изутрина во 7.44 минути на 16 километри југозападно од Гостивар.

Во мавровскиот регион ноќеска во 1.30 часот е регистриран земјотрес, со јачина од 3,2 степени. Пред дваесетина дена беа регистрирани и неколку потреси во регионот на Маврово и Мавровското езеро.

Две третини од луѓето во светот сметаат дека треба итна акција за климатските промени

Загриженоста за климатските вонредни состојби е далеку пораспространета отколку што се претпоставува

Скоро две третини од луѓето ширум светот ги сметаат климатските промени како глобална итна состојба, според најголемото истражување на јавното мислење досега спроведено за справување со глобалното затоплување.
Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека зачувувањето на шумите и земјиштето се најпопуларното решение за решавање на ова прашање. Околу 1,22 милиони испитаници во 50 земји во кои живеат повеќе од половина од глобалното население учествуваа во анкетата. Организаторите, Програмата за развој на ОН и Универзитетот Оксфорд, дистрибуираа прашања преку реклами во апликации за мобилни игри помеѓу октомври и декември минатата година. Учествуваа луѓе од различни пол, возраст и образование, но скоро половина од нив - 550.000 - беа на возраст од 14 до 18 години.

Како против климатските промени со зголемена употреба на фосилни горива?


„Загриженоста за климатските вонредни состојби е далеку пораспространета отколку што знаевме порано“, рече Стивен Фишер, социолог од Универзитетот во Оксфорд. Во истражувањето, 64 проценти од испитаниците сметале дека зголемувањето на температурите е итен случај, што бара итни одговори. Кај помладите луѓе, бројката достигна скоро 70 проценти. Акциите што испитаниците имаат тенденција да ги фаворизираат кога станува збор за справување со климатските промени, до одреден степен, зависат од тоа каде живеат луѓето. Но, најпопуларното решение меѓу понудените е заштита на шумите и природните живеалишта.

Шефот на унгарската дипломатија во посета на Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска ќе престојува во Киев во официјална посета на Украина. Посетата како што е објавено во Будимпешта се остварува на покана на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба. Односите меѓу Украина и Унгарија се влошија по усвојувањето на украинскиот закон за образование есента 2017 година.

Унгарија прва во ЕУ ја одобри руската вакцина „Спутник V“

Унгарија ги блокира состаноците на Комисијата НАТО-Украина, тврдејќи дека правата на Унгарците што живеат во Украина се повредени со одредбите на законот, со кој се утврдува дека службениот јазик, украинскиот, треба да биде наставен јазик во образовните институции. Покрај тоа, за време на локалните избори во есента 2020 година, унгарските власти при посетата на регионот Закарпатија водеа кампања за украинската етничка унгарска партија КМКСЗ која Киев ја стави на таканаречената забранета листа.

Скоро сите републиканци во Сенатот гласаа против судењето за импичмент на Трамп

Американски конгресмени го носат документот за импичмент на поранешниот претседател Доналд Трамп во Сенатот

Огромно мнозинство републиканци во американскиот Сенат гласаа против продолжување на судењето за импичмент на Доналд Трамп. Тоа наведува дека поранешниот претседател нема да биде осуден за обвинението за поттикнување немири во американскиот Капитол на почетокот на овој месец. На процедурално гласање, Сенатот гласаше против републиканскиот приговор за судскиот процес за импичмент против Трамп како неуставен, со образложение дека тој веќе не е претседател. Само пет од 45 републикански сенатори им се придружија на сите 50 демократски сенатори, кои одлучија да продолжат со судењето. Процедуралното гласање 55-45 укажува дека Трамп во Сенатот веројатно ќе заврши со ослободителна пресуда.

Сенатот на САД го прими барањето за импичмент на Трамп

За да се осуди Трамп најмалку 17 републикански сенатори ќе мора да им се придружат на сите демократи во комората за да го достигнат минималното двотретинско мнозинство. Додека многу републикански сенатори ги осудија постапките на Трамп околу немирите во Капитол, само мал број покажаа подготвеност да го осудат претседателот сè уште популарен во партиската база. Судскиот процес треба да започне во почетокот на идниот месец.

Приврзаниците на Навални повторно повикаа на протест во Москва

Судири со полицијата за време на протестот против затворањето на опозицискиот лидер Алексеј Навални во Санкт Петерсбург, Русија, сабота, 23 јануари 2021 година.

Приврзаниците на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални повикаа на митинг в недела пред седиштето на Федералната служба за безбедност (ФСБ) во Москва, за повторно да побара негово ослободување од притвор.
Опозиционите демонстранти често се собираат на плоштадот Љубљанка, седиштето на ФСБ, симбол на сталинистичкиот терор. Таму, советската тајна служба измачуваше и погуби неколку илјади луѓе.

Младите Руси со поддршка преку ТикТок за Навални

Навални неодамна ја обвини ФСБ дека е одговорна за неговото труење со нервен отров од типот новичок, нарачано од рускиот претседател Владимир Путин, што Кремљ го негираше. Навални беше уапсен на 17 јануари откако пристигна во Русија од Германија, каде се опоравуваше неколку месеци. Десетици илјади луѓе во саботата излегоа низ Русија, барајќи ослободување на Навални, а полицијата приведе скоро 3.900 лица.

Бајден и Путин телефонски се согласија за продолжување на договорот за нуклеарното оружје

Џо Бајден и Владимир Путин

Претседателот на САД Џо Бајден, разговараше со неговиот руски колега Владимир Путин за прв пат по инаугурацијата во минатата недела, будејќи загриженост за некои активности на Москва, вклучувајќи го и третманот на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални и анексијата на полуостровот Крим. Двајцата, сепак, најдоа заеднички јазик околу контролата на оружјето, и во вчерашниот телефонски разговор се согласија да продолжи новиот СТАРТ договор за контрола на нуклеарното оружје пред неговиот истек на почетокот на следниот месец. Бајден, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, и Путин „разговараа за подготвеноста на двете земји да го продолжат Новиот СТАРТ за пет години“, соопшти Белата куќа во читањето на повикот на 26 јануари.

Рјабков: Очекувам односите со САД да одат од лошо кон полошо

Белата куќа соопшти и дека Бајден ја потврдил поддршката на САД за суверенитетот на Украина наспроти поддршката на Москва за сепаратистите на истокот од земјата и нејзината постојана окупација на Крим. Бајден исто така го посочи и сомневањето оти Русија стоела зад масовното хакирање на американската влада. Тие, исто така, разговараа за труењето на критичарот на Кремљ Алексиј Навални, во услови на зголемена меѓународна загриженост за неговото неодамнешно апсење и насилното сузбивање на демонстрантите на руската влада, кои на демонстрациите на национално ниво на 23 јануари бараа негово ослободување. „Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека Соединетите држави ќе дејствуваат цврсто во одбрана на своите национални интереси како одговор на постапките на Русија што им штетат на нас или на нашите сојузници“, соопшти Белата куќа.

Меѓународен ден на сеќавањето на Холокаустот

илустрација

Секоја година на 27 јануари, УНЕСКО му оддава почит на сеќавањето на жртвите на холокаустот и ја потврдува својата непоколеблива посветеност да се спротивстави на антисемитизмот, расизмот и другите форми на нетолеранција што може да доведе до групно насилство. Датумот ја одбележува годишнината од ослободувањето на нацистичкиот камп за концентрација и истребување во Аушвиц-Биркенау од советските трупи на 27 јануари 1945 година. Во ноември 2005 година овој ден беше официјално прогласен за Меѓународен ден на Комеморацијата во спомен на жртвите на холокаустот од Генералното собрание на Обединетите нации. Холокаустот длабоко ги погоди земјите во кои беа извршени нацистичките злосторства, но исто така имаше универзални импликации и последици во многу други делови на светот.

Зачувување на вистината и силна осуда за Холокаустот

УНЕСКО наведува дека земјите-членки на ОН имаат заедничка одговорност за решавање на преостанатата траума, одржување на ефективни политики за сеќавање, грижа за историски места и промовирање на образование, документација и истражување, седум децении по геноцидот. Оваа одговорност вклучува едукација за причините, последиците и динамиката на ваквите злосторства за да се зајакне отпорноста на младите кон идеологиите на омраза. Бидејќи злосторствата за геноцид и злосторство постојано се случуваат низ повеќе региони, и бидејќи сме сведоци на глобален пораст на антисемитизмот и дискурсите на омраза, тоа никогаш не било толку релевантно.

Во светот над 100 милиони заразени со коронавирус

Здравствени работници превезуваат пациент во болница во Лондон, на 26 јануари 2021 година.

Светот вчера премина уште една пресвртница во пандемијата на коронавирусот кога потврдените случаи на ковидД-19 надминаа 100 милиони луѓе во време кога земјите се борат да ги задржат нови варијанти на вирусот и рамноправно да дистрибуираат вакцини. Соединетите држави, кои минаа 25 милиони потврдени случаи за време на викендот, остануваат најпогодена земја која има и најголем број на смртни случаи, над 425.000. Случаите во САД, во комбинација со оние во Индија, Бразил, Русија и Британија, опфаќаат повеќе од половина од сите пријавени случаи на ковид-19 ширум светот.

Кога нема западна вакцина, добра е и кинеската

Евидентираните 100 милиони претставуваат 1,3 проценти од светската популација, но здравствените експерти велат дека многу случаи не се пријавуваат, што значи дека реалниот број на случаи е многу поголем. Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја презеде должноста минатата недела, на 26 јануари објави дека САД ќе купат дополнителни 200 милиони дози вакцини. Тоа ќе ја зголеми понудата на земјата доволно за да биде вакциниран секој Американец до крајот на летото или почетокот на есента. „Ова е зафат во време на војна. Не е хиперболизиран“. Британија вчера стана првата европска земја што надмина 100.000 смртни случаи од ковид-19. Премиерот Борис Џонсон рече дека е „тешко да се пресмета“ загубата што ја почувствуваа британските семејства.

Земјите ги заоструваат мерките за патување поради коронавирусот

Другите европски нации се обидоа да ги заостри своите граници, со надеж дека ќе ги задржат новите, попреносливи вируси. Германија размислува за скоро целосно запирање на летовите кон земјата. „Опасноста од бројните мутации на вирусот нè принудува да размислиме за драстични мерки“, рече министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер за весникот „Билд“.

Сенатот го потврди Блинкен за нов државен секретар на САД

Ентони Блинкен

Американскиот Сенат го потврди Ентони Блинкен за нов државен секретар со двопартиска поддршка. Блинкен, кој е ветеран во дипломатијата и долгогодишен советник на претседателот Џо Бајден, лесно го доби потребното мнозинство во 100-члениот Сенат. Тој го наследи Мајк Помпео, кој беше еден од членовите на кабинетот на претседателот Доналд Трамп со најдолг стаж. Како врвен дипломат, Блинкен ќе има задача да ја обнови американската дипломатија и глобалниот ангажман по четири годишната политика на Трамп „Најпрвин Америка“, обележана со презир кон меѓународните институции и судири со сојузниците и конкурентите.

Кој е Ентони Блинкен – идниот државен секретар на САД?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00


Меѓу неговите први приоритети ќе биде деескалација на зголемените тензии со Иран, обнова на оштетените односи со сојузниците и управување со сè поиздржливите односи со Кина. Тој, исто така, ќе се обиде да го обнови, како што се вели, нискиот морал кај вработените во Стејт департментот за време на администрацијата на Трамп. Откако служеше како советник за национална безбедност за време на мандатот на Бајден како потпретседател, Блинкен стана заменик-советник за национална безбедност во времето на претседателот Барак Обама, а подоцна и број 2 во Стејт департментот.

Времето денеска: променливо облачно и студено

Ќе биде променливо облачно и студено со умерен до засилен, а вдолж Повардарието силен ветер од северен правец. На места ќе провејува слаб снег. До крајот на денот облачноста во најголем дел од земјава ќе се намали. Дневната температура ќе биде од минус 5 до 6 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 3 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG