Достапни линкови

Математичката гимназија го заврши првото тримесечје


Илустрација - Решавање математичка задача

Комплексни броеви, квадратни равенки, адициони формули, тригонометриски функции… се дел од темите што се учат во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) – новото државно средно училиште кое по неколку години планирање почна да работи во оваа учебна година.

Не е класично со многу паралелки, туку специјализирано училиште кое во првата генерација прими 34 ученици распоредени во три паралелки – две на македонски и една на албански наставен јазик.

Во јуни тие го поминаа приемниот испит по предметите математика и физика што беше услов за упис. Покрај испитите за прием, кандидатите за МИГ според конкурсот треба да имаат и највисока оценка (5) по математика од шесто до деветто одделение и по физика од осмо и деветто, како и општ успех од најмалку 4.5 од шесто до деветто одделение во основното образование.

Директорката Јулија Гајдаџиева изјави дека гимназијата работи според посебни наставни планови и програми изготвени од Бирото за развој на образованието. Застапени се сите општообразовни предмети, но акцент е ставен на математика и информатика.

„Целта на училиштето е да прерасне во центар кој ќе ги обедини сите талентирани математичари, информатичари и физичари од државата, како респектабилна и привлечна институција за едукација на идни врвни математичари, информатичари, кои достојно ќе ја презентираат Република Северна Македонија во светот. Посебна грижа на гимназијата е да им обезбеди на младите талентирани математичари и информатичари квалитетно образование кое ќе биде предизвик за развој на талентите на учениците. Истовремено, да се развива силна внатрешна мотивација, натпреварувачки дух, иницијативност, иновативност, креативнос“, вели Гајдаџиева за МИА.

Математичко-информатичката гимназија, додава таа, дава функционално знаење и добра подготвка на учениците за факултет, па со самото тоа и предност при упис на кои било од техничките факултети.

Запишаните средношколци во МИГ не се само заинтересирани, туку и талентирани за математика – предметот по кој резултатите на меѓународни тестирања на државно ниво се главно слаби. На последното ПИСА-тестирање (PISA – Programme for International Student Assessment) во 2018-та, кои беа соопштени минатата година, македонските 15-годишници беа рангирани на 67 место по математика и на 62 место по прирордни науки меѓу нивните врсници од 79 земји.

И на тестирањето ТИМСС (TIMSS – Trends International Mathematics and Science Study) резултатите се, исто така, послаби на листата – од 58 држави што учествуваа на тестирањето на четвртоодделенци минатата година, нашата земја беше на 45-то место во математичка писменост, а во природни науки подолу рангирана – на 51-во место.

Како и во другите училишта, наставните содржини поради условите наметнати од пандемијата се реализираат преку дигитални платформи и апликации за далечинско учење, како Зум и Мајкрософт тимс, а учениците во МИГ се веќе оценети по сите наставни предмети и првото тримесечје, рече Гајдаџиева, поминало без проблеми.

Бидејќи се работи за специфична настава во која, главно, се застапени математички задачи, секој наставник за остварување на програмските цели, посочува директорката, изработува и користи разни инструменти за да ги открие способностите и предзнаењата на учениците – наставни ливчиња, диференцирани задачи и друг вид инструменти за следење на нивниот напредок.

„Со други зборови, во наставата сè поголемо место има новата методологија во работата со учениците – поголема нагледност, подготвеност на наставникот и учениците, поинаков приод кон наставниот материјал, поинаков однос кон учениците како главни носители во реализацијата на наставата“, вели директорката на МИГ.

Новата гимназија е лоцирана во ГУЦ „Здравко Цветковски” во Скопје, но се планира објект за неа што беше најавено и во плановите на Владата за новиот четиригодишен мандат. Наставата ја спроведуваат професори кои имаат искуство или на факултетите (особено по стручните предмети) или во средните училишта.

XS
SM
MD
LG