Достапни линкови

Вести

Додик позитивен на коронавирусот

Српскиот член и претседател на Претседателството на БиХ, Милорад Додик

Српскиот член и претседател на Претседателството на БиХ, Милорад Додик е позитивен на коронавирусот, соопшти Универзитетскиот клинички центар на Република Српска (УКЦ РС).

Како што е наведено, конзилиум лекари се состана во УКЦ РС ја разгледа здравствената состојба на Додик. Констатирано е дека има потешкотии со дишењето и болки во желудникот. Дијагностицирана е пневмонија, а третиот тест за вирусот е позитивен, пренесува РТРС.

„Здравствената состојба на Милорад Додик е стабилна, тој се чувствува добро и прима соодветна терапија“, се наведува во соопштението.

види ги сите денешни вести

Соработничката на Навални не се чувствува безбедно по напуштањето на Русија

Љубов Собол

Руската опозициска политичарка Љубов Собол изјави дека не се чувствува „целосно безбедно“ откако неодамна побегна од Русија, но инсистира дека ќе продолжи да се бори против „криминалниот режим“ на претседателот Владимир Путин и широко распространетата корупција во нејзината земја.

Зборувајќи во интервју за РСЕ преку видео врска од непозната локација, Собол одби да открие каде се наоѓа. Собол, близок соработник на Алексеј Навални, побегна од Русија во август, откако и беше изречена казна слична на условна слобода. Запрашана за нејзините можни грижи во врска со нејзината безбедност, Собол рече дека се префрлила од „поопасна“ локација на „малку помалку опасна“.

„Но, дали се чувствувам целосно безбедно? Се разбира не. Мислам дека никој што се бори против криминалниот режим на Путин не може да се чувствува целосно безбеден. Клучното прашање е дали ќе продолжам да се занимавам со политички активности и да се борам против корупцијата, да ја зборувам вистината и да бидам глас на обичните луѓе и ќе продолжам да го правам сето тоа“, изјави таа.

Опозициската политичарка и адвокатка на Антикорупциската фондација на Навални побегна од Русија по неколку дена откако судот во Москва ја прогласи за виновна за јавно повикување на луѓето да присуствуваат на митинзи за поддршка на Навални, откако тој беше затворен по неговото враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше по отровниот напад за кој го обвинува Кремљ.

Професорот Ѓорѓиев поднесе оставка од македонско-бугарската историска комисија

Професор Ванчо Ѓорѓиев

Професорот Ванчо Ѓорѓиев денеска поднесе оставка од заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија раководејќи се, како што наведе, од професионалниот интегритет и личните принципи. Според него, во последно време имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што кулминирало на вчерашната редовна средба преку, како што посочува, директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

„При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност“, наведува Ѓорѓиев во соопштението кое го доби РСЕ.

Тој притоа порачува дека демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу двете земји, туку и со македонските национални интереси.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи потврди дека еден член на комисијата се повлекол од нејзината работа. Тој изјави и дека никогаш не се мешале во работата на комисијата, ниту се правело притисок за одлуките кои се носеле.

Група интелектуалци против менување на историјата и за заштита на Македонците во Бугарија

Македонско знаме

Група македонски интелектуалци денеска во обраќање до јавноста реагираа дека
во изминатиов период земјата е соочена со постојаното ангажирано негирање на македонските идентитетски обележја- народот, нацијата, јазикот, културата, од страна на владините и на државните институции на Бугарија со цел, како што се наведува, да се прикаже дека македонската нација е вештачка креација на Коминитерната и на Јосип Броз Тито, која како таква постои од 1945 година, и дека преку присилна пропаганда од тогашните комунистички власти „Бугарите“ во Македонија биле принудувани да се запишуваат како Македонци.

„Уште повеќе, со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се бара и прифаќање на т.н. заедничка историја со Бугарија, а воедно и откажување од македонското малцинство, кое таму живее со векови. Самиот факт што бугарската држава не ги признава македонската нација и македонскиот јазик зборува, во основа, за каков „пријателски“ договор се работи и што, во суштина, се крие зад тоа –целосно обезличување на сето она што е македонско“, се наведува во писмото.

За жал, според нив, ова не е ништо ново. Тие порачуваат дека не треба да се заборави дека на пописот во 1956 година во Бугарија, тамошните Македонци за последен пат можеле официјално да се изјаснат за својата национална припадност. Од тогаш до денес, се посочува, дека се подложени на постојан притисок, на асимилација и денационализација.

„Не е подобра ситуацијата во овој поглед и во Грција. Оттука, не случајно во двата договора –во оној со Бугарија и во оној со Грција, од нашата држава се бара да признае дека нема македонско малцинство и дека какво било барање за заштита на неговите права ќе се смета за мешање во внатрешните работи на едната или на другата соседна земја. Сметаме дека тоа што матичната држава се откажува од своето малцинство и го остава без каква било заштита претставува чин без преседан во светски рамки, кој е во спротивност со сите декларации за правата на малцинствата и за човековите права воопшто. Во прилог на ова зборуваат и 14-те пресуди на судот во Стразбур во корист на македонското малцинство во Бугарија, кои бугарскиот парламент не ги ратификува, а ЕУ нема механизам со кој би ја принудила својата членка да го направи тоа“, се вели во писмото.

Тие воедно информираат дека ја поддржуваат Декларацијата на македонското малцинство во Бугарија.

„Со тоа како научни работници, професори, интелектуалци би сакале да порачаме дека историјата никој не може да ја менува по сопствено наоѓање заради остварување на политички цели, притоа оставајќи без заштита и поддршка дел од сопствениот народ кој се бори за основното човеково право да може слободно да се идентификува според сопственото убедување и да му се почитуваат сите малцински права во согласност со Конвенцијата за заштита на националните малцинства. Сметаме дека непреземањето никакви чекори од страна на матичната држава Македонија за заштита на малцинските права на Македонците во Бугарија е нецивилизациски чин и преседан без пример во светот. Се залагаме за примена на принципот на реципроцитет. Сметаме дека без преседан е во земја членка на ЕУ македонското малцинство да не може слободно да се изјасни за својата национална припадност. Тоа се коси со сите документи, политики и принципи врз основа на кои е формирана и функционира Унијата. Го осудуваме ставот на претседателот на Владата на Македонија дека интересот на македонската влада за состојбата на македонското малцинство во Бугарија е мешање во внатрешните работи на таа земја, а дека застапувањето на бугарската влада и на бугарскиот претседател за правата на бугарското малцинство во Македонија и барањето за негово вметнување во Уставот не е мешање во внатрешните работи на Македонија. Нагласуваме дека не постои држава во светот која не се грижи за правата на своето малцинство во друга држава. Малцинствата секогаш претставуваат мост за соработка и за меѓусебно разбирање на народите“, велат тие.

На писмото се потпишани 85 интелектуалци.

Димитров: Наодите од извештајот на ЕК референтна точка за реформите

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска заедно со Михаела Матуела од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и проширување, надлежна за Северна Македонија и Албанија, копретседаваше со годишниот состанок на Заедничкиот мониторинг комитет, како највисоко тело во рамки на користењето на ИПА фондовите.

Како што соопшти СЕП, со цел да се направи преглед на спроведувањето на средствата алоцирани преку ИПА, вицепремиерот Димитров нагласи дека наодите од Извештајот на ЕК за Северна Македонија ќе се користат како референтна точка за рационализирање и управување со реформите кои произлегуваат од европската агенда со цел да се обезбедат европски стандарди за граѓаните преку ЕУ фондовите.

„Потребен ни е фокус и акција, досегашното искуство и предизвиците да ги искористиме како катализатор за да создадеме појасна слика за нашите следни чекори и да одиме одлучно напред. Искрениот, партнерски пристап и подобрувањето на координацијата во спроведувањето на ИПА се клучните предуслови за постигнување на заедничките цели“, рече Димитров.

Покрај прегледот на генералното спроведување на ИПА, на состанокот се дискутирале и конкретните проекти со посебен акцент на областите како заштита на животната средина, транспортната инфраструктура кои бараат значителни инвестиции, како и регионалните политики и координацијата на структурните инструменти во рамки на Поглавјето 22.

ЕК извештај-Северна Македонија умерено реформски посветена

На шестиот по ред состанок присуствуваа претставници од државните институции кои спроведуваат ИПА фондови, претставници на Делегацијата на ЕУ, претставници на секторските работни групи и на донаторите кои се активни во земјата и граѓански организации. Претставниците на Европската комисија, според соопштението, притоа ја поздравиле посветеноста за соодветно искористување на ИПА средствата со цел постигнување на суштински реформи во интерес на граѓаните.

Од починатите од ковид 17 отсто биле вакцинирани

Илустрација

Министерството за здравство соопшти денеска дека во период од 06 август заклучно со 21 октомври на територија на државата 42.945 граѓанин биле позитивни на Ковид- 19, од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица. Според соопштението, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид- 19.

Според статистика за изминатиов период 31.692 граѓани, односно 74 отсто од позитивните на Ковид -19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 76 проценти, додека само 24 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Од министерството посочуваат дека анализата покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во посочениот период на територијата на државата починале 1506 лица со Ковид- 19, 1246 пациенти, односно 83 отсто од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 проценти примиле вакцина.

Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање во државата.

Во експлозија во погон за барут во Русија загинале 16 лица

Пожарот во

Најмалку 16 лица загинаа во пожар предизвикан од експлозија во погон за барут во руската област Ријазан. Според извештаите на локалните медиуми, експлозијата во работилницата за барут во фабриката за синтетички влакна Еластик се случила рано утрината. Локалните власти соопштија дека вкупно 17 лица имало во работилницата кога се случила експлозијата.

На местото на настанот пристигнале и заменик-гувернерот на регионот Ријазан, Дмитриј Филипов, и вршителот на должноста министер за вонредни состојби, Александар Чупријан. Министерството за вонредни состојби соопшти дека „прекршувањето на технолошкиот процес“ можеби ја предизвикало експлозијата. Истражниот комитет соопшти дека покренал истрага за случајот.

До Државен завод за ревизија 64 учесници во изборите не доставиле финансиски извештај

Локални избори. Илустрација.

Државниот завод за ревизија соопшти денеска дека согласно законот донел Одлука за запирање на исплатата на средствата кои се исплаќаат од Буџетот за надомест на трошоците за финансирање на изборната кампања за учесниците во изборната кампања за локалните избори.

Предлогот, според соопштението, се однесува на оние учесници во изборната кампања кои до Државниот завод за ревизија го немаат доставено во законски пропишаниот рок или не го доставиле со пропишана содржина Извештајот со образецот за примените донации.

Предлогот, како што се наведува, содржи податоци и информации за непостапување согласно законските обврски за 84 од вкупно 122 учесници во изборната кампања, од кои 64 не го доставиле извештајот во законски пропишаниот рок, а 20 учесници не го доставиле со законски пропишана содржина.

Имајќи предвид дека согласно Изборниот законик, Државната изборна комисија ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати, Државниот завод за ревизија укажува на потребата сите учесници во изборната кампања за локалните избори кои до сега не ги поднеле извештаите а биле должни, истото да го сторат во најкус можен рок.

Отворен Балкан за Рама е вистинска идеја во вистинско време

Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека е убеден оти сите земји од регионот ќе станат дел од иницијативата „Отворен Балкан“. Според него, не постои друг начин освен иницијативата.

„Отворениот Балкан е вистинската идеја во вистинско време, и без сомнение секој ќе ја прифати идејата чекор по чекор. Немаме време за губење. Треба да бидеме целосно отворени еден со друг за да создадеме слика за тоа што сакаме да бидеме. Така добиваме време од иднината. Тоа е иднината, нема друга опција освен да се отвориме еден кон друг“, истакна Рама на церемонијата по повод годишнината од германската фондација Фридрих Еберт во Албанија.

Тој го нарече процесот на европска интеграција непредвидлив поради пречките што може да се сретнат „на патот“, наведувајќи го ветото наметнато од Бугарија за Македонија.

НАТО ги усвои целите на способности за С.Македонија

Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ги усвоија целите на способности за Северна Македонија, за прв пат по членството на нашата земја во Алијансата. Министерството за одбрана соопшти дека целите на способности кои биле усвоени на дводневните состаноци на Северноатлантскиот совет го покажуваат правецот во кој ќе се развиваат силите и капацитетите на НАТО-армиите.

„Овој процес овозможува земјите – членки меѓусебно да се поддржуваат и помагаат во справувањето со идните предизвици, особено имајќи предвид дека секоја земја развива специфични капацитети, кои заедно ја прават Алијансата поцврста и поспремна да ја гарантира безбедноста и стабилноста на евроатлантската област“, наведуваат од Министерството.

Министрите за одбрана, според соопштението, на состаноците разговарале и за Авганистан, и потребата никогаш повторно да не се дозволи оваа земја да биде упориште на тероризмот. На маргините на овие состаноци, министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретнала и со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино каде ја пренела пораката дека Северна Македонија испорачала резултати и дека е потребно ЕУ час поскоро да го отвори патот кон полноправно членство.

Во Париз разговори меѓу претставници на САД и на Европа за Иран

три верзии на ирански центрифуги се прикажани во ТВ програма во живо од Натанц, 6 јуни 2018 година

Специјалниот пратеник на САД за Иран Роб Мали денеска во Париз ќе се сретне со британски, француски и германски дипломати на разговори за застојот во напорите Иран да ја продолжи усогласеноста со иранскиот нуклеарен договор од 2015 година, изјавија три дипломатски извори. Иако со недели велеше дека ќе се врати на преговори „наскоро“, Иран допрва треба да објави датум за продолжување на дискусиите во Виена за заживување на пактот според кој ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за ослободување од економските санкции на САД, ЕУ и ОН.

Координаторот на ЕУ за нуклеарни преговори во посета на Иран

Тогашниот претседател на САД Доналд Трамп го напушти пактот во 2018 година и повторно воведе строги санкции од САД. Околу една година подоцна, Иран почна да крши некои од границите на договорот за збогатување ураниум. Збогатувањето ураниум може да обезбеди пат до добивање материјал за атомска бомба, амбиција која Иран ја негира. Дипломатските извори, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека специјалниот пратеник на САД за Иран Роб Мали ќе се сретне со политичките директори на британското, француското и германското министерство за надворешни работи, група позната како Е3.

Израелскиот премиер во ОН: Иран е закана за светската безбедност

Еден од изворите за новинската агенција Ројтерс изрази надеж дека состанокот ќе даде одредена јасност за тоа како би можеле да дејствуваат светските сили во следните недели, доколку Иран продолжи да „купува време“ и да го одложи враќањето во Виена. Американските власти рекоа дека истекува времето за заживување на договорот.

Бајден: САД ќе го бранат Тајван

американскиот претседател Џо Бајден

САД ќе застанат во одбрана на Тајван и имаат обврска да го бранат островот што Кина го смета за своја територија, изјави американскиот претседател Џо Бајден на прашањето дали САД ќе го бранат Тајван, кој се жали на зголемениот воен и политички притисок од Пекинг да го прифати кинескиот суверенитет. Бајден рече дека луѓето не треба да се грижат за воената сила на Вашингтон, бидејќи Кина, Русија и остатокот од светот знаат дека САД ја имаат најмоќната армија во историјата на светот.

САД се загрижени поради кинеските хиперсонични ракети


„Не сакам студена војна со Кина. Само сакам Кина да разбере дека нема да се повлечеме, дека нема да промениме ниту еден од нашите ставови“, рече Бајден.
Тајван вели дека е независна држава и дека ќе ги брани своите слободи и демократија. Кина, од друга страна, смета дека Тајван е најчувствително и најважно прашање во односите со САД и го осудува, како што го нарекува, „заговорот“ меѓу Вашингтон и Тајпеј.

СЗО: Помеѓу 80.000 и 180.000 здравствени работници починале од коронавирус

Болница во Романија, архивска фотографија

Светската здравствена организација објави дека меѓу 80.000 и 180.000 здравствени работници починале од коронавирус помеѓу јануари 2020 и мај 2021 година. „Од 135 милиони здравствени работници ширум светот, меѓу 80.000 и 180.000 починале од коронавирус од почетокот на пандемијата до мај 2021 година“, се вели во соопштението на СЗО, во кое се додава дека бројот на загинати е веројатно многу поголем.

СЗО со список од 25 експерти кои ќе го истражуваат потеклото на коронавирусот

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, рече дека е од суштинско значење здравствените работници да се вакцинираат против коронавирусот. Тој ги повика сите земји да се погрижат здравствените работници да бидат во приоритетните групи за примање на вакцината.

Израел ќе ги ги отвори границите за вакцинирани туристи

Илустрација

Израелските власти најавија дека од 1-ви ноември ќе дозволи влез во земјата за вакцинирани туристи. Изралеските граници за странците беа затворени повеќе од една година поради пандемијата со коронавирусот.

Оваа препорака која формано се уште не е донесена во владата, доаѓа во период кога Израел излегува од четвртиот бран на пандемијата.

Во Израел во јули започна масовна кампања за трета доза на вакцина на сите граѓани посари од 16 години со Фајзер/Бионтек. Според соопштениот од премиерскиот кабинет во земјата ќе биде дозволен влез за странски туристи кои пре помалку 6 месеци биле целосно вакцинирани со две дози, потоа за оние кои примиле трета доза вакцина, како и за странците кои оздравеле од заразата со ковид-19 пред помалку од 6 месеци.

Во однос на тоа со кои примени вакцини ќе биде дозволен влез во Израел, во соопштението се наведени Фајзер, Модерна, Џонсон и Џонсон, Астразенека, Синовак и Синофарм, но не и Спутник.

Се очекува оваа одлука да го поттикне развојот на туризмот кој беше еден од најпогодените сектори во екот на пандемијата. Одлуката доаѓа во пресрет на божиќните празници кои на илјадници странски туристи им ги отвара вратите кон светите христијански места во Израел и Витлеем.

Навални им ја посвети наградата Сахаров на антикорупционерите

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор и ја доби наградата Сахаров за 2021 година изјави дека е почестен и оти признанието им го посветува на сите борци против корупцијата. „Ја посветувам мојата награда на борците против корупцијата од секаков вид ширум светот - од новинари до адвокати, од политичари (кои постојат) до пратеници и оние кои излегуваат на улица за да ја поддржат оваа борба“, напиша Навални на Твитер. Европскиот парламент, кој ја доделува наградата Сахаров за ангажман за човекови права соопшти дека Навални „конзистентно водел кампања против корумпираниот режим на рускиот претседател Владимир Путин“.

Русија распиша потерница по Љубов Совол, соработничка на Навални

Кремљ соопшти дека нема „почитување“ за одлуката на европратениците да му ја доделат наградата Сахаров на Навални. Многу набљудувачи велат дека наградата испраќа силна порака до Путин дека неговиот најжесток непријател сега е глобална личност, а не само локален руски феномен што Кремљ го прикажува како криминалец кој водел екстремистичка организација. „Ние го почитуваме ова тело (Европскиот парламент), но никој не може да нѐ присили да ги почитуваме таквите одлуки“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Доминацијата на Путин води кон дестабилизација

Наградата Сахаров за слобода на мислење првпат им беше доделена на Нелсон Мандела и Анатолиј Марченко во 1988 година. Се доделува на поединци, групи и организации кои придонеле за заштита на слободата на мислење и човековите права. Наградата Сахаров, основана во 1988 година, е придружена со сума од 50.000 евра. Наградата го доби името по рускиот научник и дисидент Андреј Сахаров (1921-1989).

Актерот Алек Болдвин на снимање на филм убил едно лице, а друго ранил

Алек Болдвин

Американскиот актер Алек Болдвин пукал од пиштол реквизит додека снимал вестерн филм во САД. Притоа уби едно лице, а друго рани, соопшти локалната полиција. Директорката за фотографија Халина Хачинс и режисерот Џел Суза беа застрелани од пиштол што се користел во филмот. Шерифот на градот Санта Фе, во сојузната држава Ново Мексико, потврди дека жената им подлегнала на повредите. Екипата работеше на снимањето на филмот „Rust“. Во тек е полициска истрага и нема обвиненија во врска со инцидентот, јавуваат медиумите.

Столтенберг: нема расправии меѓу САД и Европа

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека биле донесени „важни одлуки“ на вчерашниот прв ден од самитот на Алијансата што се одржува во Брисел. Одговорот на Јенс Столтенберг беше на прашањето дали има докази за јаз меѓу САД и нивните европски партнери. Овие одлуки „ја покажаа силата“ на трансатлантската алијанса, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа е важно во однос на „предизвиците“ во Азиско-пацифичкиот регион.

Берлин: однесувањето на Вашингтон во американско-француската криза е разочарувачко


Тензиите меѓу сојузниците на НАТО се зголемија во минатиот месец кога Австралија објави дека ќе набави американски бродови на нуклеарен погон наместо француски подморници. Овој потег на австралиската влада ја налути Франција, која побара појаснување од Вашингтон за нејзината посветеност кон европските сојузници. Неколку земји-членки на ЕУ изразија солидарност со Франција.

НАТО ќе бара канали со Русија и покрај шпионската афера

Столтенберг додаде дека НАТО „нема да го пресликува дестабилизирачкото однесување на Русија“ и оти Алијансата „нема намера да распоредува нови копнени нуклеарни ракети во Европа“. Падот во односите доаѓа по анексијата на Кримскиот Полуостров од страна на Москва во 2014 година и поддршката за сепаратистички бунт во источна Украина.

Русија ја затвора Мисијата во НАТО и ја укинува Мисијата на НАТО во Москва

Претходно овој месец, НАТО ја повлече акредитацијата за осум руски функционери во седиштето во Брисел, велејќи дека верува оти тие тајно работеле за руското разузнавање. Русија ги отфрли обвинувањата како неосновани и одговори со прекинување на мисијата во НАТО и со наредба за затворање на канцеларијата на алијансата во Москва. Кремљ постојано изразува загриженост поради распоредувањето на силите на НАТО во близина на руските граници, опишувајќи го како закана за нејзината безбедност.

Орбан: Полска е најдобрата земја во Европа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан застана во одбрана на Полска, откако лидерите на ЕУ се обидоа да ја натераат Варшава да биде во согласност со признавањето дека правото на ЕУ е над националното одлучување. „Полска? Најдобрата земја во Европа. Нема потреба да има никакви санкции. Тоа е смешно“, рече премиерот Виктор Орбан при пристигнувањето на самитот на Европската унија.

ЕУ „ќе почне да се распаѓа“ доколку не се соочи со полскиот предизвик


Овој месец, уставниот суд на Полска ја оспори идејата дека правото на ЕУ ги заменува законите на нејзините 27 земји-членки со пресуда во која се вели дека некои закони на ЕУ се некомпатибилни со уставот на земјата. Таа одлука - донесена од суд во кој доминираат лојалистите на владејачката партија - ѝ дава на полската влада оправдување дека се обидела да ги игнорира директивите од Судот на правдата на Европската унија што не и се допаѓаат - особено за прашањата за независноста на судството.

Борел: цврсто ќе одговориме на одлуката на судот на Полска

Лидерите на Европската унија се состанаа за да разговараат за начините за ублажување на болката од зголемените сметки за енергија за потрошувачите, истовремено настојувајќи да го заштитат снабдувањето со енергија на блокот од 27 земји со забрзување на транзицијата од загадувачки фосилни горива кон одржливи алтернативи. Дебатата за енергетика на самитот на лидерите на ЕУ доаѓа во време на покачени цени на енергенсите. Самитот се одржува на само 10 дена пред отворањето на состанокот на ОН за климата, кој нашироко се смета за последна шанса да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови степени. Дебатата, исто така, се одвива во позадина на замрзнати односи со Русија, клучен снабдувач со гас на Европа.

Ескобар: Нема можност РС да се отцепи од БиХ

Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар

Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека не постои можност за отцепување на Република Српска од БиХ. По средбата со претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Ескобар изјави дека САД целосно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Тој ги осуди најновите потези на српскиот член на Претседателството на БиХ, кои се однесуваат на враќање на надлежностите на ентитетите, додавајќи дека тие водат кон ескалација. Претседателот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ изјави дека нема да стане жртва на провокациите на Додик.

Ескобар - Природен чекор е Западен Балкан да биде дел од ЕУ

Ескобар додаде дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ треба да се направи што е можно поскоро, бидејќи луѓето од Балканот се поврзани со Европа во економска и културна смисла. Комшиќ, како што јавуваат босанските медиуми, го известил специјалниот пратеник на претседателот на САД за полициската вежба што ќе се одржи денеска во РС, во која учествуваат Министерството за внатрешни работи и жандармеријата на РС. Тој вежбата ја опиша како уште еден провокативен потег „насочен кон создавање конфликт“.

Република Српска ги укинува надлежностите на Агенцијата за лекови на БиХ

Во меѓувреме, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, оцени дека американската амбасада во Сараево е „епицентарот на нестабилноста во БиХ“. Додик за агенцијата Срна рече дека би било добро за сите во БиХ американската амбасада во Сараево да престане „да се заканува и да држи лекции за уставноста и да го прекрши Дејтонскиот договор“.

Самитот на ЕУ фокусуиран врз енергетската криза

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека 27-те земји-членки на Европската унија да се одвикнат од природниот гас за да се забрза транзицијата кон чиста енергија и да се направи блокот понезависен играч. Фон дер Лајен сака ЕУ двојно да ја зголеми брзата транзиција кон чиста енергија од ветер и сонце, што може да се произведе домашно во поголем обем и на крајот да биде поевтино од увезените фосилни горива.


Глобалната енергетска криза ќе го успори економското закрепнување од ковид-19

Неодамнешниот скок на цените на бензинот прво ги погоди најранливите категории на луѓе во ЕУ и фон дер Лајен повторно ги повика земјите-членки да се погрижат даноците и давачките за енергија да бидат прилагодени за да ги заштитат најсиромашните граѓани на ЕУ.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Наутро по одделни котлини и речни долини со појава на магла и ниска облачност. Преку денот сончево со мала до умерена, а кон крајот на денот со зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец, поизразен во западните делови. Дневната температура ќе биде од 15 до 23 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 19 степени.

ДИК ќе направи увид во избирачкиот материјал од едно гласачко место во Дебар

Државната изборна комисија на денешната седница донесе одлука за формирање комисија која ќе изврши увид во целокупниот избирачки материјал од избирачкото место 543 во Дебар.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски на денешната седница по формирањето на комисија ќе се закаже јавна седница. Увидот во избирачкиот материјал е по барање на членот на ДИК Кренар Лога. Тој бара да се спроведе споредување на отпечатоците од прсти за избирачко место 543 каде од записникот, како што рече, се гледа дека 172 избирачи имаат гласано без совпаѓање на отисок во уредот.

Членот на ДИК Оливер Ристовски, претходно рече дека ова е предлог по кој ДИК не одлучува и реагираше да се утврдат критериуми врз основа на што ќе се утврдува дека се исполнети законските услови за ова право.

„Тоа е законски предлог и нема зошто да го гласаме, но сакам и за сега и за во иднина да поставиме некои критериуми. Прво, врз основа на што ние утврдуваме дека е процентот исполнет од законската обврска, и второ, за ова одлучува Претседателот на Комисијата, бидејќи за мене е се чисто на избирачко место 543“, изјави Ристовски.

Претходно, членовите на ДИК со четири гласа „против“ и три „за“ го отфрлија приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.

Претставникот на Алијанса за Албанците и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО.

Хрватската академија на науките бара условување на српските евроинтеграции

Илустрација

Хрватската академија на науките и уметностите и предложи на владата како еден од условите за пристапување на Србија во ЕУ, да побара од владата во Белград „јавно и недвосмислено да го признае хрватскиот јазик“ како посебен и независен стандарден јазик и еден од официјалните јазици на ЕУ.

Во соопштението на Академијата е наведено дека Одборот за нормирање на хрватскиот стандарден јазик на ХАЗУ доставил изјава до Владата и Премиерот Андреј Пленковиќ во врска со процесот на пристапување на Србија кон ЕУ. Со неа и предлага на Владата да побара еден од условите за пристап на земјата кон Унијата да биде токму јавно и недвосмеслено признавањето на хрватскиот јазик.

Одборот, како се наведува, ја усвоил изјавата „земајќи го предвид фактот дека културните и јавните тела на Србија, како и институциите финансирани од нејзиниот буџет, често со години го негираат постоењето на хрватскиот јазик и неговата историја и го присвојуваат хрватското книжевно наследство, особено хрватската книжевност на Дубровник, објаснувајќи го тоа со тезата дека дубровничките писатели наводно пишувале на српски јазик“.

Изјавата, како што е наведено во соопштението е доставена „поради фактот што во образовната програма во училиштата во Република Србија хрватскиот јазик лажно е претставен како српски јазик кој само се нарекува со хрватско име“.

Претходно, Пленковиќ во пресрет на самитот на ЕУ-Западен Балкан во Словенија изјави дека негирањето на хрватскиот јазик во учебник на Република Србија е срамно и недозволиво.

Хрватска очекува Србија да ги „отстрани таквите аномалии во учебниците“, кои исто така покажуваат „недостаток на почит“ кон соседната земја.

Во учебникот по граматика од група автори „Од зборови на дела“ за учениците од осмо одделение е наведено дека српскиот, словенечкиот, македонскиот и бугарскиот јазик припаѓаат на групата јужнословенски јазици, а „Хрватите, Бошњаците и некои Црногорци српскиот јазик го нарекуваат хрватски, босански, бошњачки и црногорски“.

Ердоган се закани со протерување на амбасадорите од западните земји

64 годишниот Осман Кавала е притворен и обвинет дека сака да ја дестабилизира Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе ги протера амбасадорите од десет земји, вклучително и Франција, Германија и САД. До оваа најава дојде откако оваа недела со заедничко соопштение амбасадорите повикаа на ослободување на опозицискиот активист и покровител Осман Кавала.

„Му реков на нашиот министер за надворешни работи дека не можеме да си дозволиме да ги примиме во нашата земја“, изјави денеска Ердоган.

Во соопштението објавено во понеделникот вечерта, Канада, Франција, Финска, Данска, Германија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска и Соединетите Американски Држави побараа „брзо и праведно решавање на случајот на Осман Кавала, турски издавач, покровител и противник на режимот, кој веќе четири години е во притвор без судење“.

„Вие ќе давате поуки на Турција? Кои сте вие?“, реагирал турскиот претседател, истакнувајќи дека „турското судство е независно“, објавија локалните медиуми.

Следниот ден по нивното заедничко соопштение, во вторникот наутро, амбасадорите на десетте земји беа повикани од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој го нарече „неприфатлив“ нивниот повик во корист на Кавала.

Дипломатите во соопштението оценија дека „постојаното одложување на неговото судење фрла сенка врз почитувањето на демократијата, владеењето на правото и транспарентноста на турскиот судски систем“.

64 годишниот Осман Кавала беше обвинет дека сака да ја дестабилизира Турција. Тој е богат бизнисмен и филантроп, роден во Париз. Во декември 2019 година, Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР) нареди негово „итно ослободување“, но безуспешно.

ДИК одби десетина приговори за првиот изборен круг од помалите партии, големите партии немаа забелешки

Aлександар Даштевски, претседател на ДИК

Државната изборна комисија на денешната седница ги одби сите шест приговори на Левица кои последни ги разгледуваше поради тоа што партијата во прилог не доставила материјални докази. Левица имаше поднесено шест приговори од кои четири за Штип и два за Кисела Вода.

Отфрлен е и приговорот на партијата Твоја поради тоа што е поднесен по рокот.

Претходно, членовите на ДИК со четири гласа „против“ и три „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.

Претставнилот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога.

Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО, но и дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата.

ДИК не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците.

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на локалните избори.

Инаку на локалните избори што се одржаа во неделата вкупно 34 општини добија градоначалник во првиот круг од кои 22 се од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ доби девет. Во голем дел општини ќе се одржи втор изборен круг на 31 октомври

Починати 11 и нови 490 случаи на ковид-19

Во изминативе 24 часа се евидентирани нови 490 случаи на заразени со ковид -19 од направени 3.073 тестирања. Речиси половина од нив се во Скопје.

Министерството за здравство евидентирале и 11 починати лица од кои четворица од Скопје, тројца од Куманово, двајца од Прилеп меѓу кои и најмладиот починат пациент со 25 години, и по едно починато лице од Струмица и Радовиш . Сите се починати во болнички услови, велат од министерството.

Досега се направени вкупно 1.354.533 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 198.646, бројката на оздравени е 185.660, а на починати е 7.012. Бројот на активни случаи е 5.974.

Според бројот на активни случаи на заболени со ковид-19 на врвот на листата е Скопје со вкупно 3008 активни случаи. Веднаш по него е Куманово со активни 481, па Велес со активни 294 случаи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG