Достапни линкови

Вести

Во болниците се лекуваат 780 пациенти со ковид

Детската болница „Козле“ во Скопје, Ковид-19 центар.

Во болниците низ земјава во изминатото деноноќие се лекувале 780 пациенти позитивни или суспектни на коронавирусот, соопшти денеска Министерството за здравство од каде е наведено дека во моментов има околу 230 празни болнички кревети во ковид центрите.

Од Министерството информираат дека вкупната 1.275 пациенти пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава.

Од почетокот на епидемијата во земјава заболени се вкупно над 75 илјади луѓе, а во моментов активни се 21.910 лица заразени од новиот коронавирус, најмногу во главниот македонски град Скопје. Бројот на смртни случаи е 2.194.

Здравствените власти велат дека во текот на денот се прават исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла во болниците.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород“, велат од Министерството за здравство.

Од институцијата додаваат дека доколку е потребно капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнителнои проширени.

Поради големиот број на случаи, Комисијат за заразни болести предложи нови рестриктивни мерки против Ковид-19, кои утре стапува на сила откако беа усвоени во Владата. Засилени рестриктивни мерки се воведени скоро во цела Европа.

Британија, САД и неколку други земји деновиве започнаа со кампања за вакцинација на населението против Ковид-19, откако беа одобрени вакцините на фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек.“

Се очекува до крајот на месецов процесот да започне и во земјите на Европксата унија.

Македонија вакцини против Ковид-19 ќе набави преку Ковакс системот, информираше Владата.

Премиерот Зоран Заев на 12 декември изјави уплатиле аванс за набавка на 833 илјади вакцини.

види ги сите денешни вести

Британија осуди седум луѓе за смртта на Виетнамците пронајдени во приколка на камион

Полицијата врши инспекција на камионот во кој се пронајдени жртвите, архивска фотографија.

Кривичниот суд во Лондон осуди седум мажи за смртта на 39 виетнамски државјани, кои беа пронајдени во приколна на камион во 2019 година. Британскиот суд им изрече затворски казни во вкупно траење од 92 години. Четворица обвинети беа осудени за убиство на затворски казни од 13 години и четири месеци до 27 години. Тројцата други обвинети за заговар за олеснување на илегална миграција добија казни затвор од три до 7 години.


Жртвите беа пронајдени во приколка на камион во близина на Лондон во октомври 2019. Тие починале од болна смрт, се задушиле на патот додека биле криумчарени од Белгија во Велика Британија, рече на судењето судијата Најџел Свини.

Две од жртвите биле на возраст од 15 години.

Овој случај ги шокираше и Велика Британија и Виетнам и ја стави во фокусот нелегалната трговија со луѓе, преку која многу сиромашни луѓе од Азија, Африка и Блискиот исток доаѓаат на Запад преку опасни канали.

Заев - Деновиве очекуваме дел од вакцините од Србија

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев рече дека овие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од Фајзер, коишто, како што вели, дефинитивно се усогласени и политички договорени. Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер“ рече Заев во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Заев вели дека земјата како членка на НАТО се држи генерално до западниот свет и вакцините потврдени од тамошните институции, а Србија којашто, вели, нема аспирации за НАТО и нормално е повеќе да е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив.

Тој додаде дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа е во Белград и затоа српските граѓани добија одредена количина вакцини од оваа компанија. Премиерот рече дека очекува првите 2-3.000 вакцини, од договорените 8.000 дози од српска страна, да стигнат во најскоро време, објаснувајќи дека тоа ќе се оствари откако ќе се добијат потребните одобренија од компанијата.

„Она што е точно и треба да го знаат граѓаните е дека првпат во секоја земја мора да влезе вакцината за да се регистрира, не може тоа порано да се направи, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека очекува секој ден да се добие одобрение од централата во Њујорк, „Фајзер“ да одобри српската Влада да ги достави вакцините и тоа на транши заради специфичниот транспорт.

Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.

Во Албанија со првата доза вакцина ќе се дава и „ковид пасош“

Албанскиот премиер Еди Рама ја прими вакцината против ковид-19.

Албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу изјави дека лицата кои ќе бидат вакцинирани против ковид-19, ќе добијат документ издаден од владиниот портал е-Албанија, што може да послужи како „пасош за патување“ во странство.

Министерката додаде дека поради познатите причини кои ги објави Фајзер доцни испораката на договорените над 10 илјади вакцини од оваа компанија, кои требаше да пристигнат првите денови од третата недела на овој месец.

Поради зголемениот број на новозаразени со ковид-19, таа упати апел до граѓаните и деловните субјекти строго да ги почитуваат мерките и протоколите.

Во последното деноноќие од направените 3.314 тестови, позитивен резултат е добиен кај 739 што е околу 23 отсто од тестираните.

Оздравеле 469 лица, починале седум, а во четирите ковид болници хоспитализирани се 274 пациенти.

Рамковните вработени распределени - најмногу во МВР, УЈП, Царина и Државно правобранителство

Артан Груби

Административците вработени преку програмата К-5 во Министерството за политички систем, ќе се распределат во 237 институции, органи на државата, локалната самоуправа и во други државни органи. Станува збор за 1.349-те службеници, претежно економисти и правници, но и кадар со средно образование.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем во Владата Артан Груби на денешната прес-конфереција соопшти дека листата на лица кои не беа распределени на работни места е прочистена, дека се направени претходни проверки и веќе се доделени некои отказни решенија, а некои лица сами поднеле барање да им се раскине договорот.

Најголем дел од овие 1.349 лица се распределени во МВР – 143, УЈП-92, во Царинска управа и во Државно правобранителство по 74 лица, во Управа за водење на матични книги – 41 , Државен пазарен инспекторат – 35, Агенција за заштита на лични податоци -30, Агенција за катастар -29, МНР – 26, во МФ – 25, ЦУК – 24 , Клиничка болница Тетово -25, ФЗО – 22, Министерство за земјоделство – 21, Агенцијата за вработување – 20, Државен завод за статистика -15, ПИОМ – 13, Влада – СОЗР, во Државен архив и во Државен инспекторат за труд по 12 лица, МИОА и МОН по 11, во Дирекција за заштита и спасување, во Агенција за храна и ветеринарство, во ЈП Државни патишта, во Министерство за транспорт и врски, во имотно – правни, во Основен суд Тетово и во ЈО Тетово по 10 вработени, Болница Куманово – девет, Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар осум, МЖСПП пет вработени.

„Во овој план нема само Албанци, туку има и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци“, рече Груби.

Оние лица кои ќе одбијат работа, нема да имаат право веќе да бираат друго работно место, туку ова е единствената опција, вели Груби.

Претставничкиот дом ќе го прати документот за импичмент на Трамп до Сенатот на 25 јануари

Доналд Трамп

Спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси планира да ги испрати документот за импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп до Сенатот на 25 јануари, со што ќе започне судењето на поранешниот претседател за „поттикнување на бунт“ во врска со смртоносниот упад на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари.

Лидерот на сенатското мнозинство Чак Шумер денеска рече дека „судењето ќе се одржи во Сенатот и ќе има гласање за тоа дали да се осуди претседателот“.

Трамп е првиот американски претседател за кој два пати беше изгласан импичмент и прв на кој ќе му се суди по напуштањето на функцијата на 20 јануари.

Трамп од Белата куќа замина на Флорида и не присуствуваше на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден.

Во упадот на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари загинаа пет луѓе. До насилствата дојде откако Трамп повторуваше дека победил на изборите на 3 ноември и оти изборите биле наместени за да му се одземе победата, без да даде никакви докази за тоа. Неговите тврдења беа одбиени десетици пати од различни американски судови.

Распоредот за судењето во Сенатот се уште е непознат.

Демократите во Претставничкиот дом кои гласаа за импичмент на Трамп минатата недела, велат дека сакаат судењето да почне брзо на почетокот на мандатот за Бајден затоа што е потребна целосна разрешница за државата да тргне напред.

Републиканците, пак, бараат одложување на почетокот на судењето до февруари за да му се даде време на Трамп да подготви одбрана. Некои демократи исто така поддржуваат одложување за да му се даде повеќе време на Сенатот да ги потврди именувањата на министрите од страна на Бајден.

Трамп наводно го ангажирал адвокатот Буч Бауерс да го застапува пред Сенатот. Бауерс во времето на претседателот Џорџ Буш беше специјален советник за гласачки прашања во Министерството за правда. Тој исто така им беше советник и на двајца поранешни гувернери на Јужна Каролина.

Во меѓувреме, Сенатот го потврди генералот Лојд Остин за државен секретар за одбрана и со тоа стана првиот црнец на таа функција. Претходно, сенатот го потврди назначувањето на Аврил Хајнс за директор на националното разузнавање. Сенатската комисија за финансии, пак, денеска го прифати предлогот на Бајден Џенет Хелен да биде именувана за секретар за финансии, со тоа отворајќи го патот таа да стане првата жена на таа функција.

Постигнат напредок на средбата на македонско-бугарската Комисија за историски прашања

Архивска фотографија-Македонско - бугарска комисија за историја, копретседавачите Драган Ѓоргиев и Ангел Димитров

На денешната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба беше постигнат напредок, соопштиле за МИА извори од Комисијата.

„Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот“, посочија истите извори.

Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од десеттата и за записникот од последната, единаесеттата средба на Комисијата.

Како што претходно јави МИА, на денешниот онлајн состанок, на кој учествуваа по тројца претставници од двете страни, беше предвидено да се разговара само за текстовите на записниците што сè уште не се потпишани, но не и за некакви историски прашања.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември минатата година.

Нови 307 случаи на коронавирус, 14 починати

Илустрација

Во изминатото деноноќие се регистрирани 307 нови случаи на коронавирус во Македонија, а 14 луѓе починаа, информира Министерството за здравство. Направени биле 1854 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 137, па потоа следуваат Куманово со 17, Велес 15, Тетово и Прилеп по 13, Дебар 11, Гостивар, Охрид и Кавадарци по 10, Струмица 9, Кичево 8, Битола 7, Гевгелија и Делчево по 6, Ресен 5, Штип и Радовиш по 4, Струга, Богданци, Кратово, Пробиштип и Крушево по 3, Виница 2 и по еден нов случај е регистриран во Свети Николе, Неготино 1, Крива Паланка, Берово и во Македонски Брод.

Починатите се на возраст од 52 до 80 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 658 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.124, бројката на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311.

Вучиќ – Сакаме да направиме фабрика за вакцини, секој си гледа за себе

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека до крајот на денот ќе бидат вакцинирани над 40 илјади луѓе против коронавирус, што, како што рече, е рекорден број

Тој рече дека набавката на нови количини од вакцината станува „речиси невозможна мисија“

„Станува многу тешко да се дојде до вакцини. Ние би биле во состојба да вакцинираме околу 81-82 отсто од полнолетните жители на Србија, но немаме толку вакцини во овој момент. Затоа денеска бевме во контакт со Британците, со Кинезите, со Русите, а ќе почнеме разговори со Индијците кои имаат фабрика на Астра Зенека“, рече денеска Вучиќ во Крагуевац.

Тој додаде дека наредната недела очекува „нови добри вести“ кога е во прашање набавката на вакцини

„Грчевито се бориме за секоја вакцина, ќе разговараме со секој во светот на таа тема зашто со секој ден кој ќе го приграбиме за вакцинација, ќе спасиме повеќе животи“, рече тој.

Вучиќ најави дека Србија ќе се обиде да изгради сопствена фабрика за вакцини против коронавирусот

„Нам ќе ни биде потребна вакцината во наредните пет, шест или седум години додека не најдат лек. Ќе се обидеме да направиме фабрика да можеме да произведеме доволно вакцини на нашето население и за соседите, зашто големите земји земаат се и колку да зборуваме за солидарност, не обвинувајќи тука кого било, треба да си гледаме за себе. Приказните за солидарноста може да ги закачите на опашот од мачката“, рече тој.

Лондонската полиција прекина свадба со 400 гости во ек на пандемијата на коронавирус


Полицијата во Лондон денеска соопшти дека прекинала свадба на која имало 400 гости, иако во земјата има строги мерки на изолација поради пандемијата на коронавирус.

Свадбата се одржувала синоќа зад затемнетите прозорци на ортодоксното еврејско училиште за девојчиња Јесодеј Хаторах во северен Лондон, соопшти денеска Скотланд јард.

Полицајците затекнале 400 луѓе, а им било кажано дека во тек е свадбена веселба.

Венчавките во Британија се дозволени во вонредни околности, како на пример тешка болест на еден од партнерите, и може да има максимум шест гости.

Полицијата наведе дека организаторот може да добие казна од 10 илјади фунти. Многу гости избегале кога дошла полицијата, но пет луѓе кои биле на свадбата може да добијат казна од по 200 фунти.

Училиштето во соопштението наведува дека се „целосно ужаснати“ поради синоќешните случувања и дека најостро ги осудува. Училиштето соопшти дека просторот ѝ бил изнајмен на друга организација и оти не знаеле дека се одржува свадба.

Пабовите, рестораните и местата за забава во Британија се затворени, а на граѓаните им се препорачува да излегуваат од дома само кога е неопходно за да се спречи ширењето на коронавирусот. Скоро 95 луѓе во Британија починаа од вирусот, што е најмногу во Европа.

Британската влада дополнително ги заостри казните за прекршување на мерките. Владата вчера соопшти дека учесниците на прослави со над 15 луѓе може да добијат казна од 800 фунти, и дека казната може да достигне 6400 фунти за повторување на прекршокот.

Мицкоски - Секој граѓанин има право да избере дали ќе се попише

Прес-конференција на Христијан Мицкоски, ден по предвремените парламентарни избори 2020

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ чека законот за попис да излезе во Службен весник да почнат со собирање потписи од граѓаните со кои ќе побараат во Парламентот да се укине донесениот Закон за попис.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски денеска во интервју за ТВ Алфа рече дека најпрвин пратеничката група ќе ги депонира своите потписи, но ги повика и сите оние кои сметаат дека оваа операција е политичка, а не статистичка да се потпишат на иницијативата.

Според него, секој граѓанин има право на избор, и тие кои ќе одлучат да апстинираат, и тие кои ќе одлучат нормално да го отворат својот дом и да ги поканат внатре попишувачите кои ќе дојдат пред нивната врата.

„Тоа е избор на граѓаните“, додаде Мицкоски.

Собранието вчера со 62 гласа „за“ го донесе Законот за попис. Планирано е попис во државата да се спроведе во април. Во Македонија немало попис 19 години.

Портпаролката на Навални осудена на 9 дена затвор за повикување на протести

Кира Јармиш на влезот на московскиот Суд, 22 јануари 2021

Судот во Москва ја осуди Кира Јармиш, прес-секретарот на опозицискиот политичар Алексеи Навални, на девет дена затвор за поттикнување на одржување митинг за кој не било издадено официјално одобрување. Окружниот суд во Савелов денеска ја прогласи Јармиш за виновна затоа што ги повикала луѓето да учествуваат во протести закажани за 23 јануари за поддршка на Навални, а за кој собир не било издадено официјална дозвола.

Јармиш и уште неколку други соработници на Навални беа приведени на 21 јануари. Јармиш не беше ослободена и помина цела ноќ во полициски притвор, а другите беа ослободени доцна истата вечер.

Навални беше уапсен на 17 јануари, а подоцна беше испратен во притвор по неговото пристигнување од Германија, каде што се лекуваше од напад со отров во Сибир во август, за што тој го обвини Кремљ. Официјална Москва негираше каква било вмешаност во тоа.

Навални беше обвинет за кршење на условна казна во врска со случај за проневера што тој го нарече политички мотивиран. Тимот на Навални најави масовни протести низ Русија на 23 јануари во знак на протест против апсењето и притворањето на Навални.

Гир: Нема план Б за влегувањето на Македонија во ЕУ

Дејвид Гир

Евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, во интервју за новинската агенција МИА, вели дека „нема план Б, туку дека целта е пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) и дека е оптимист по тоа прашање“.

„Оптимист сум. Сега следува усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори“, вели Гир во интервјуто.

Според него овие разговори продолжуваат во Брисел и португалското претседателство се обврзало дека ќе го помогне и ќе го турка процесот.

Во меѓувреме, вели евроамбасадорот, она што е важно е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред.

Лани во декември Бугарија стави вето на преговарачката рамка на ЕУ и Македонија со образложение дека Македонија не направила ништо за доследно спроведување на Договорот за добрососедство меѓу двете држави.

„Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во трка за „Балканика“

Писателот Владимир Јанковски

На конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика 2020“, годинава до организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа осум книги: Луан Старова – „Генералот и пеперутката“, Дијана Петрова – „Не правете им сенка на гробовите“, Жарко Кујунџиски – „Сфинга на гневот“, Владимир Јанковски – „Скриени желби, немирни патувања“, Србо Ивановски – „Изодениот пат“, Филип Клетников – „Записи на стражарот (Видено под ноќна светилка)“, Влада Урошевиќ – „Безразборна лабараторија“ и Владо Јаневски – „Чудо зад аголот“.

„Стручната комисија за избор на нашиот национален претставник во трката за оваа престижна книжевна награда, во состав: проф. д-р Елизабета Шелева, претседател, проф. д-р Александар Прокопиев, член, и Блаже Миневски, член, во најтесен избор ги избра следните две дела: „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски, и „Безразборна лабараторија“ од Влада Урошевиќ. На својот последен работен состанок, стручната комисија со мнозинство гласови ја избра книгата „Скриени желби, немирни патувања“ од писателот Владимир Јанковски“, соопшти издавачката куќа „Магор“.

Национален претставник во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“, која поради пречката со глобалната пандемија, ќе се одржи кон крајот на 2021 со доделување награди за две години во рамки на една манифестација, согласно консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на Фондацијата Балканика.

Средба на членови на МАНУ и Царовска: Внимателно со историјата

Зградата на МАНУ во Скопје

Реформата треба да се поддржи и неопходна e што побргу, зашто се работи за најзначајно прашање – основното образование што е база на целиот образовен систем, сметаат членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ, според кои е нормално да има различни ставови. Тие, велат, нивните ставови ѝ ги кажале на министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешниот состанок.

„Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми. Наставниот план, според нас, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја и физика и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки“, рече академик Владо Камбовски по состанокот.

Академик Таки Фити, рече дека смета дека отпорот кон нацрт-концепцијата на реформата веројатно произлегува од недоразбирање и затоа што имало лоша коинциденција со политичкиот амбиент во земјава.

„Некако се поврза целиот концепт со состојбите и проблемите што ги имаме со соседна Бугарија и она инсистирање во концептот за интегрирање предмети се сфати како бришење на предмети, конкретно на историјата, и некако се дефокусира суштината на расправата. Треба да бидеме многу претпазливи, особено кога станува збор за историјата. Ние имаме проблеми со национална историја во мултиетничка земја, но лично мислам дека може историјата да си остане како посебна наука или да се најде креативно решение кое нема да ја наруши суштината на концептот, но исто така ќе придонесе за национален консензус околу овие прашања. Нема укинување предмети, особено не на историјата“, рече академик Фити.

Академик Абдулменаф Беџети, пак, повика да се поддржи иницијативата и ја поздрави поканата од Министерството за образование да вклучи членови од највисоката научна институција во консултативниот процес, иако се работи за реформа во основното образование.

Петровска: Попис ќе има и пратениците ќе го набљудуваат

Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ и поранешна заменичка на министерот за внатрешни работи во техничката Влада

Оваа пролет државата по цели 19 години ќе спроведе попис согласно сите меѓународни стандарди, аратениците ќе набљудуваат како тече неговото спроведување, информираше денеска пратеничката на владејачкиот СДСМ, Славјанка Петровска.

„Институциите, првенствено Државниот завод за статистика, сега треба да изработи методологија за спроведување на пописот која исто така, мора да биде достапна на јавноста. Со тоа граѓаните и јавноста во целина ќе бидат уверени дека процесот ќе биде статистичка, а не политичка операција како што некој се обидува да го прикаже“, рече Петровска.

Таа додаде дека иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавиле собирање граѓански потписи против новодонесениот закон за попис, попис во пролет ќе има.

Од ВМРО-ДПМНЕ, кои излегоа од собраниската сала кога се гласаше законот за попис, велат дека власта од пописот сака да направи „политичка, а не статистичка операција“ и дека „законот е истуркан на сила, и пописот нема да биде објективен, фер, релевантен и реален“.

Холштајн: Реформи и спроведување на Договорот за добрососедство

Германската амбасадорка Анке Холштајн

Амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, денеска изјави дека Берлин и натаму ќе остане силен поддржувач на Македонија, но порача дека е важно да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Македонија.

„Меѓу Македонија и Бугарија има добрососедски односи. Бугарија прва ја призна Македонија како независна и е силен поддржувач на европеизацијата на целиот регион, особено на процесот на приближување на Македонија кон ЕУ. Освен тоа, постои и Договор за добрососедство и, според мене, тој треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе“, рече амбасадорката Холштајн.

Во продолжение таа се осврна на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.

Русија ги поздрави намерите на Бајден за Нов СТАРТ, но сака детали

Американскиот претседател Џо Бајден по стапувањето на функцијата во Белата куќа

Русија денеска ги поздрави намерите на новиот американски претседател Џо Бајден за продолжување на американско-рускиот договор за контрола на нуклеарното оружје - Нов СТАРТ, но додаде дека Москва сака да види конкретни предлози од Вашингтон.

Белата куќа вчера објави дека Бајден ќе побара петгодишно продолжување на сегашниот договор за контрола на оружјето што го имаат двете земји, што истекува на почетокот на февруари, и е една од првите важни надворешно-политички одлуки на новата американска администрација.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека е важно да се видат сите детали на американскиот предлог, бидејќи претходната администрација се обиде да обврзе со нови услови за секое обновување, што Москва одбиваше.

Филипче: Во Македонија нема мутација на ковид како во Британија

Венко Филипче, министер за здравство

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека во Македонија нема мутација на коронавирусот како што има во Велика Британија, но дека тоа не значи оти треба „да се олабавиме“.

„Стигнаа резулатите од Лабораторијата во МАНУ и утврдено е дека нема во земјава нема мутација на вирусот, дека практично цело време истиот вирус е во државава. Непостоењето на мутација не е причина да ги олабавиме мерките за заштита. Треба да бидеме внимателни и покрај падот на бројките. Последниве денови сме на некој вид на плато со бројката на нозаболени. И понатаму сме со резерва, а не треба да се заборави дека сега почна и второто полугодие во училиштата“, рече Филипче на промоцијата на донација на две амбулатнтни возила од Општина Чаир за Здравствен дом Скопје.

Ковид 19: Нови вакцини, но и нови мутации на вирусот

Новиот сој на коронавирусот кој прво се забележа во Велика Британија се покажа дека побрзо се шири, но здравствените власти уверуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и против мутациите. Новиот сој беше откриен и во Шведска, Франција и Шпанија, како и во Хрватска и Словенија.

Технички состанок на македонско-бугарската историска комисија

Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Претставници на заедничката бугарско-македонска Комисија за историски и образовни прашање денеска ќе одржат онлајн состанок на кој треба да ги прецизираат текстовите на записниците од претходните средби, кои сè уште не се потпишани. На средбата ќе учествуваат по тројца претставници од двете страни.

Копретседавачот на комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев, за МИА потврди дека разговорите ќе бидат од техничка природа. Бугарски член на Комисијата за БГНЕС, пак, потврдил дека на денешните разговори нема да се дискутира за никакви историски прашања.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци, од кои првиот треба да се одржи во февруари, но неговиот датум се уште не е договорен. Последниот, 11-ти состанок на Заедничката комисја се одржа на 4 декември.

Во скопските ковид центри за 24 часа примени 34 пациенти

Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 34 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 286 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 11 приеми. Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 15 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 10 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.

„Во моментов на Кожната клиника во ковид – центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 22 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 17 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид – центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 18 пациенти. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 16 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 95 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 19 пациенти. Вкупно 286 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка“, соопшти МЗ.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и изутрината до 8 часот имало 119 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Владата ги објави платите на министрите: Заев највисока, Шаќири најниска

Македонската влада пред Собрание

Владата денеска, на својата официјална веб-страница, ги објави платите во министерскиот кабинет на премиерот Зоран Заев. Најголема плата зема Заев, чија основна плата е 78.840 денари, а со пресметан стаж од 22 години неговата плата е 87.813 денари. На второ место е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој добива 85.113 денари личен доход (со 18 години стаж). Следува министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која зема 74.273 денари (28 години работен стаж).

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, добива 72.989 денари, а министерката за култура Ирена Стефоска 72.670 денари. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи имаат идентична плата – 71.385 денари. Првиот вицепремиер Артан Груби е платен со 70.102, колку што е платата и на Бујар Османи, министерот за надворешни работи.

Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупција, добива 68.179 денари, колку што е месечниот доход и на министерот за здравство Венко Филипче. Горан Милевски, министерот за локална самоуправа, има 70.102 денари и повисоко котира од Николовски и Филипче. Повеќе од овој двоец добива и Фатмир Бесими, министерот за финансии, со 69.783 денари.

Нешто над 68.000 денари добиваат Мила Царовска, Бојан Маричиќ, Крешник Бектеши, Арјанит Хоџа и Благој Бочварски. Најнископлатени се Насер Нуредини и Јетон Шакири со нешто повеќе од 65.000 денари.

Бајден потпиша 10 укази за борба против коронавирусот

Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа потпиша 10 нови укази за мерките кои треба ја зајакнат борбата против коронавирусот.

Тој изјави дека секој кој доаѓа со авион во САД треба да се тестира на вирусот пред поаѓањето и да оди во карантин по доаѓањето.

Со еден указ Бајден нареди задолжително носење маска за патниците на бродовите, во авионите, возовите, автобусите и градскиот превоз.

На федералната агенција за вонредни ситуации тој и наложил да им надомести на сојузните држави некои трошоци поврзани со нивната борба против коронавирусот и да обезбеди средства за повторно отворање на училиштата.

На оваа агенција Бајден и нареди и да почне воспоставување на центри за вакцинација.

Во САД од коронавирусот досега починаа повеќе од 400 илјади луѓе.

ЕП: Европа да ја запре изградбата на руски гасовод поради апсењето на Навални

Зградата на Европскиот Парламент

Европскиот Парламент (ЕП) со големо мнозинство усвои резолуција со која ја повикува Европската Унија веднаш да ги запре завршните работи на изградбата на гасоводот Северен тек 2 поради апсењето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Во резолуцијата се повикуваат ЕУ и државите- членки „критички да ја преиспитаат соработката со Русија на различни надворешно-политички платформи и на проектите како Северен тек 2“.

Овој гасовод, со кој природен гас ќе оди од Русија кон Германија низ Балтичко Море, е долг 1200 километри, а предвидено е капацитетот да биде 55 милијарди кубни метри гас годишно.

Навални, најпознат политички противник на претседателот Владимир Путин, е уапсен на враќање во Русија од Германија, каде што се лекуваше од труењето со нервен агенс за кое тој го обвинува Кремљ.

Во Грција вакцинирани над 1 процент од населението

Од почетокот на вакцинацијата во Грција, на 27 декември 2020 година, заклучно со вчера, вакцинирани се 123.007 лица, со што имунизациската покриеност во земјата достигна до 1,13 насто, соопшти генералниот секретар на Министерството за здравство Мариос Темистоклеус, јави МИА од Атина.

Од вакцинираните, 32.801 се лица над 85 годишна возраст, 81.000 се здравствени работници, а останатите се штитеници во домовите за стари и изнемоштени лица.

Од денеска започнува закажувањето термин за вакцинација за втората возрасна група, односно за граѓаните од 80 до 84- годишна возраст.

Паралелно, процесот на вакцинација ќе започне и на островите, а војската ќе биде задолжена за снабдување на островите со вакцината.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 509 нови случаи од 29.455 тестови и 25 починати.

Од почетокот на епидемијата во земјата има 150.479 заразени и 5.570 смртни случаи.

Вакцини за Западен Балкан најбрзо што може, тврди Брисел

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западен Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави МИА од Брисел. Таа истакна дека тоа ќе се случи „најбрзо што може“ и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

Ковакс механизмот, чија цел е да им помогне на земјите со низок и среден приход да дојдат до потребните вакцини, иако добива најмногу пари од ЕУ, сѐ уште не е функционален. Поради ова, Европската комисија се заложи да воведе втор механизам за споделување на вакцини со третите земји, вклучително и Западен Балкан, но ниту за овој нов механизам нема конкретен рок за достава на потребните вакцини надвор од ЕУ.

„Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како на пример земјите од Западен Балкан“, изјави Фон дер Лајен.

Претседателката на Еврокомисијата порача дека на лидерскиот состанок истакнала оти вакцинирањето надвор од ЕУ е во интерес на сите земји членки на Унијата, затоа што „колку подолго циркулира вирусот, толку е поголем ризикот од нови мутации“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG