Достапни линкови

Вести

ОН: 2020 година веројатно ќе биде една од трите најтопли години

илустрација

Оваа година веројатно ќе биде една од трите најтопли, предупредија ОН, додавајќи дека постои можност до 2024 година да има привремено зголемување на температурата над прагот од 1,5 Целзиусови степени што е цел на Меѓународен договор за клима во 2015 година во Париз.
Температурата соборува рекорди од година во година, а деценијата 2011-2020 ќе остане најтопла досега забележана, со шест најтопли години од 2015 година, се вели во извештајот на Меѓународната метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима.

Граѓаните со повисока свест од партиите за климатските промени

Од јануари до октомври, глобалната просечна температура беше околу 1,2 Целзиусови степени повисока од референтниот период 1850-1900 година, така што 2020 година ќе биде една од трите најтопли години. Се додава дека екстремната топлина, пожарите, поплавите, зголемената киселост на океаните и рекордната сезона на урагани во Атлантикот сведочат за продолжување на климатските промени. Најголем пораст на температурата има во Северна Азија, особено во сибирскиот дел на Арктикот, каде што беше потопло за повеќе од пет степени од просекот. Топлината во Сибир беше најголема на крајот на јуни, со 38,0 степени во Верхојанск на 20 јуни, што во моментов е највисока температура измерена северно од Арктичкиот круг.

САД и официјално го напуштаат Парискиот договор за климата

Сезоната на шумски пожари, која опустоши големи области на Австралија, Сибир, западниот брег на САД и Јужна Америка, беше најактивна во последните 18 години. Меѓу лошите вести е дека арктичкиот морски мраз достигна годишен минимум во септември, заземајќи го второто место за време на 42-годишното сателитско набљудување. Гренланд продолжува да ја губи ледената маса, иако побавно отколку во 2019 година. И океаните, кои складираат повеќе од 90 проценти од вишокот енергија што се акумулира во климатскиот систем на Земјата, се загреваат побрзо и побрзо во последните децении, се вели во извештајот.

види ги сите денешни вести

Спасовски - Истрагата за „Двојник“ ќе се прошири

Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека истрагата за случајот „Двојник“ во врска со злоупотребите при издавање на пасоши, ќе се прошири, без разлика дали се работи за структури во МВР или надвор, и без разлика колку високо ќе се дојде во хиерархијата на полицијата.

„Нема толеранција за ниту еден, кој сака нека е тој, и во структурите на МВР и во државата генерално. Секако, со партнерските служби работиме надвор од територијата на државата, при утврдување на идентитетите и при преземање на мерки против лица кои тие ги користеле“, рече Спасовски во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.

Министерот нагласи дека процесот на истрагата ќе покаже како и на кој начин тие се правеле.

Денеска основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопшти Обвинителството. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

СЗО - Епидемиолошката ситуација на Западен Балкан е многу сериозна

Ситуацијата со коронавирусот во Западен Балкан е крајно сериозна, предупреди денеска претставничката на Европската канцеларија на СЗО, Кетрин Смолвуд.

„На Западен Балкан, имаме ситуација каде болниците треба да извршат пренамена, што значи дека другите видови медицински услуги се нарушени и одложени, а тоа повторно значи дека системот ќе биде оптоварен и во иднина. Тоа значи дека мора да ги примениме сите мерки без да чекаме за да ја намалиме стапката на инфекција“, изјави Смолвуд за РТС

Таа, исто така, оцени дека трите варијанти на коронавирусот, првпат откриени во Велика Британија, ЈАР и Бразил, се многу загрижувачки, но потенцира дека СЗО внимателно ги следи мутациите. Смолвуд вели дека е можно ефикасноста на некои вакцини да е помала во случаи на мутирани вируси и дека во одреден момент би можело да биде потреба и дополнителна доза на вакцината.

„Ние ќе го набљудуваме тоа и редовно ќе се прилагодуваме. Се подготвуваме за тоа, но кога станува збор за првата рунда на вакцината, препорачуваме да примат иста вакцина од ист производител од двете дози што ги добиваат“, рече таа.


Смолвуд рече и дека Европа досега не вакцинирала ни приближно толку луѓе што би било доволно да се влезе во друга фаза од пандемијата и оти е опасно ако не се сфати дека е тоа така.

Турција го казни Гугл со 36,6 милиони долари

Турските власти денеска го казнија Гугл со 296 милиони турски лири (36,6 милиони долари) за кршење на законот за државна конкуренција.

Турската Агенција за конкуренција соопшти дека Гугл го прекршил законот со усложнување на резултатите од пребарувањето на пазарот на услуги за содржини, ставајќи текстуални реклами на врвот од своите резултати од пребарувањето, со што ги исклучува своите конкуренти, пренесе агенцијата Анадолија.


Истрагата ги опфати турскиот Google Reklamcilik ve Pazarlama Ltd., Google International LLC, Google LLC, Google Ireland Ltd. i Alphabet, матичната компанија на Гугл.

Европската комисија, исто така, во 2019 година на Гугл му одреди казна од 1,69 милијарди долари за кршење на правилата за монопол на Европската унија за рекламирање преку Интернет.

ЗНМ - Уште една срамна пресуда за новинарите за настаните од „27 април“

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираа откако основниот граѓански суд во Скопје, денеска ја одби тужбата на новинар кој известуваше за настаните од 27 април 2017 кога имаше насилен упад во Собранието.

Судот одлучуваше за спреченост на правото на информирање на граѓаните, како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка на Горан Трпеновски кој за време на инцидентите од Собранието на 27 април 2017 година, како новинар известуваше за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk), информира ЗНМ.

Во пресудата, судијата Јованка Спировска Панева, образложува дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК кој, пак, според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, додаваат од ЗНМ, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието, а следствено на тоа нема право на штета.

„Оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти, прво дека не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари, а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП“, нагласуваат од ЗНМ.

„Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја, се вели во соопштението“, соопшти ЗНМ.

Судот претходно ги одби тужбите и на други новинари кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Северна Македонија.

Петтиот пакет антикризни мерки утре нема да се најде пред пратениците

Собрание на Република Северна Македонија

Петтиот пакет антикризни мерки утре нема да се најде пред пратениците. Собранието ќе ја продолжи 32 седница, а за натамошната динамика на работата ќе има дополнителна координација. Ова е заклучокот од попладневната координативната средба кај претседателот на законодавниот дом Талат Џафери на која присуствувале координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ВМРО – ДПМНЕ и претставник на политичката партија Левица.

Џафери ја свика координативна средба во насока на деблокирање на целокупната работа на Собранието, вклучително и на работните тела, со оглед на тоа што работата на дел од матичните работи тела е закочена повеќе од пет месеци, што беше навестено во изјавите на сите политички чинители изминативе денови.

„Претседателот нагласи дека не смее да има приоретизирање на одредени точки затоа што лидерите на политичките партии се договориле за тоа надвор од Собранието. Работата на Собранието треба да се деблокира на секое ниво и сите политички партии треба да ја напуштат праксата на заложништво на процесот на усвојување закони, немање кворум заради оправдани здравствени причини на пратеници поврзани со ковид-19 пандемијата, или поднесување на огромен број амандмани по еден закон, оптоварувајќи ја и службата на Собранието, а не само законодавниот процес. Претседателот нагласи дека праксата на условување не оди во прилог никому. Претседателот е одговорен за почитување на Уставот и Деловникот, за зачувување на дигнитетот на Собранието. Собранието е државна институција, треба да се работи на тој начин и во работата не смее да има ултиматуми“, наведуваат од кабинетот на Талат Џафери.


По повлекувањето на многубројните амандмани поднесени од дел од опозицијата, собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ги прифати законските решенија од петтиот пакет антикризни мерки.

Од Собранието засега нема информација кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат усвоени овие законски решенија од петтиот пакет антикризни мерки.

Согласно заклучокот од денешната координација кај Џафери, пратениците утре ќе ја продолжат расправата по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2021-2025.

Повторно одложена дебатата за Западен Балкан во Советот на ЕУ

Знамиња на ЕУ и на Северна Македонија

Дебатата за Западен Балкан е повторно одложена, овој пат за мај, информираат од Советот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај притисоците на речиси половината земји членки на ЕУ, и заложбата на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, Западен Балкан, сепак, нема да биде на дневен ред на 19 април на Советот на ЕУ за надворешни работи, потврдија од прес службите на оваа институција.

Западен Балкан од декември лани не е вратен на дневниот ред во Советот на ЕУ, а во декември за првпат немаше ниту заклучоци за проширувањето и земјите од регионот, како што е обичај.

Ова се должеше на инсистирањето на Бугарија во овие заклучоци да се вметне реченица поврзана за „погрешното толкување на историјата“, што беше неприфатливо за повеќе земји, меѓу кои Чешка и Словачка.

Прага и Братислава тогаш порачаа дека за да се разговара за вакви теми потребна е повторна министерска средба.


Од Советот на ЕУ велат дека на 19 април нема да има доволно време за дебата за Западен Балкан, а проблем е и фактот што средбата се одржува преку видеоконференција, а не физички.

Дебатата е одложена за првата половина на мај.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Карeнбауер.

Германија ја обвини Русија дека се обидува да провоцира со тоа што распоредува трупи на окупираниот полуостров Крим и долж границата со Украина. Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Карeнбауер денеска за јавниот сервис АРД рече дека впечатокот и е дека „руската страна се обидува со сè да предизвика реакција“.

„Заедно со Украина, ние нема да бидеме вовлечени во оваа игра“, рече германската министерка, додавајќи дека е јасно оти Русија „само чека потег од НАТО, за да има изговор да ги продолжи своите активности“.

Во изминатиот период беа објавени фотографии, видео и други податоци, кои укажуваат на големи движења на руски вооружени единици кон или во близина на границата на Украина и на Крим, полуостровот што Москва го анектираше од Украина во 2014 година, поттикнувајќи ја загриженоста дека Русија се подготвува да испрати сили во Украина.


Украина и Западот исто така ги обвинуваат сепаратистите поддржани од Русија кои ги држат источните региони на земјата, Доњецк и Луганск, за неодамнешниот пораст на непријателствата. Москва, пак, прстот го вперува кон Киев.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден го повика својот руски колега Владимир Путин да преземе мерки за да ги намали тензиите со Украина и предложил самит меѓу двајцата лидери во трета земја, откако Вашингтон и НАТО ја потврдија поддршката за Киев.

Турција може да загуби околу половина милион туристи

Анталија, Турција, архивска фотографија.

Турција може да загуби околу половина милион туристи поради руските ограничувања во авио-сообраќајот, што треба да останат во сила до почетокот на јуни, изјави денеска турскиот министер за туризам, Мехмед Нури Ерсој.

Русија најави дека од 15 април до 1 јуни ќе го ограничи воздушниот сообраќај со Турција поради рекордниот број нови инфекции во оваа земја и новиот локдаун.

„Забраната може да се укине пред предвидениот рок, доколку се намали бројот на новозаболени лица. Турција може да загуби околу половина милион туристи, рече денеска министерот Ерсој.

Турскиот министер, исто така, додаде дека земјата не бележи никакви проблеми со резервациите за ова лето.


Министерот за здравство, Фахретин Коца, пак, пред два дена изјави дека руска делегација наскоро ќе ги посети туристичките дестинации во Турција за да утврди дали се спроведуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Пандемијата во текот на минатата година за две третини ги намали приходите од туризмот во Турција.

Oбвинение против 11 луѓе за злоупотреби при издавањето пасоши

Илустрација - Пасоши

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопши Обвинителството. Според обвинението, 10 луѓе се обвинети за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

„Обвинетите, како службени лица вработени на различни позиции во МВР – Одделение за управни работи Скопје, поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен на органите на прогон, во период од средината на месец јуни 2017 година до крајот на 2020 година, во повеќе наврати со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики или други слични околности“, стои во соопштението на ОЈО.

Обвинетите овозможиле на незаконски начин 214 странски и еден македонски државјанин да се стекнат со патни исправи на РСМ под туѓ идентитет. Пасошите биле издавани заобиколувајќи ги законите.

МВР минатата недела уапси полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи.

„Обвинетите имале материјална корист од тоа што ја искористиле својата службена положба и овластување. Тие правеле лажни јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Притоа употребиле податоци за идентитети на лица, државјани на Северна Македонија, кои до сега не побарале и не се стекнале со македонска биометриска патна исправа, а се иселени од Македонија или од раѓање живеат во странство, кои немаат остварено влез во земјава, но поседуваат македонско државјанство. Потоа обвинетите ги користеле податоците на овие лица за изработка на патни исправи, со вметнување на фотографии од баратели на патни исправи кои заради криминални активности се бараат со меѓународни потерници. Тие баратели потоа имале намера да ги употребат нелегалните македонски пасоши при премин на државни граници, легитимирајќи се со македонската патна исправа и прикривајќи го својот вистински идентитет“, наведува Обвинителството.

Јавниот обвинител за седуммина обвинети, меѓу кои и лицето недостапно на органите на прогонот побара продолжување на претходно определената мерка притвор. Едно лице од претходно е во притвор во постапка за друго кривично дело. За тројца пак на сила се определени мерки на претпазливост.

Обвинителството продолжува да истражува за вмешаност и на други лица во издавањето на нелегалните патни исправи. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Нови 949 заразени со ковид-19, 33 починати, меѓу нив и лице на 25 години

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Во последните 24 часа се регистрирани 949 нови случаи на заразени со ковид-19, од направени 3.610 тестирања, информира Министерството за здравство, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Пријавени се вкупно 33 починати лица, меѓу нив и едно лице на 25 години од Гевгелија, а регистрирани се 737 оздравени пациенти.

Во Скопје и понатаму има најмногу новозаразени со ковид- 357, Битола – 85, Куманово – 69, Прилеп – 43, Велес – 39, Охрид – 36, Тетово – 34, Струмица и Кочани – по 29, Гостивар – 28, Штип – 26, Кавадарци – 25, Кичево – 21, Гевгелија – 14, Свети Николе – 13, Струга – 11, Ресен и Радовиш – по 10, Делчево и Виница – по 9, Неготино, Берово и Валандово – по 7, Крива Паланка – 6, Богданци – 5, Дебар и Македонски Брод – по 4, Демир Хисар и Македонска Каменица – по 3, Пробиштип и Пехчево – по 2, Крушево и Демир Капија – по 1.


Од 33-те починати лица, 11 се од Скопје (54г, 67г , 68г, 70г, 71г, 72г ,72г, 75г 77г, 86г и 87г), по 3 лица од Битола (49г, 66г и 74г) и Тетово (40г, 65г и 85г), по 2 починати лица од Куманово ( 66г и 84г), Прилеп (67г и 75г), Охрид (72г и 84г) и Гевгелија (25г и 76г) и по едно лице од Кочани (58г), Штип (65г), Кавадарци (58г), Струга (65г), Радовиш (74г), Делчево (79г), Неготино (87г) и Берово (87г).

Од пријавените пациенти, еден е починат во домашни услови, а другите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 144.111, бројката на оздравени пациенти е 119.683, на починати е 4.322, а бројот на активни случаи изнесува 20.106.

Инспекторите спровеле 6038 надзори и контроли

Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Инспекциските служби откако се воведоа рестриктивните анти -ковид мерки пред една недела спровеле 6.038 надзори и контроли и при тоа изречени се вкупно 25 прекршочни пријави, 107 решенија за констатирани неправилности како и 67 прекршочни платни налози.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во текот на минатата недела извршил 90 надзори врз основа на кои се изречени 15 решенија.

Од 1 март затворени се вкупно 36 угостителски објекти поради прекршување на здравствените протоколи и закони, односно поради организирање на прослави, свадби, настани непочитување на ограничувањето на број на маса, групирање и слично. Од 7 април, со одлука на Владата, се затворени сите угостителски објекти, освен они кои работат со достава или со шалтер-систем.

Државниот пазарен инспекторат, минатата недела, извршил 4.591 контроли и 623 надзори поврзани со почитувањето на протоколите за работа на угостителските објекти.

Протоколите за превоз на патници не биле почитувани во три случаи. Станува збор за меѓународен превоз на патници и тоа на граничниот премин Табановце за што поднесени се три прекршочни пријави, истакна претседателката на Инспекцискиот совет.

Инспекторатот за труд извршил 397 надзори, а изречени се 22 решенија, од кои 19 поради непочитување за протоколот за превентивни мерки за сите работни места и два прекршочни платни налози за вработени лица коишто биле затечени без заштитна маска на работно место, изјави на денешната прес-конфернеција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

Таа информираше дека Агенцијата за лекови и медицински помагала спровела 13 надзори во различни аптеки и не констатирале никакви неправилности.

Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 292 надзори при што се издадени девет решенија и 14 едукации по различни основи.

Државниот инспекторат за животна средина, пак, извршил 43 надзори при што за утврдените неправилности од страна на инспекторите биле донесени седум решенија.

Мицкоски бара затвор за Рашковски, ДКСК вели постапката продолжува

Оставката на Драги Рашковски

Оставка треба да си поднесе целата влада, а не само Драги Рашковски. Тој треба онаму каде што одамна требаше да биде во затвор, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со оставката на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

„Срамота е ова што се случува. Оставката е прв морален чин иако требаше да се случи од порано, но ова треба да продолжи во континуитет и со владата. Како негов колега можам да кажам дека се срамам што мои колеги од Универзитетот иако сме на различни факултети“, рече Мицкоски.

Рашковски денеска на фејсбук ја објави оставката што му ја понусил на премиерот Зоран Заев, откако неговото име се поврзуваше со неколку случаи за кои Антикорупциската комисија отвори постапка, а зе едно од нив предмет отвори и Јавното обвинителство. За Рашковски се врзуваат случаите Леонардо за набавка на радарска опрема, формирањето хеликоптерска брза помош, набавка на софтвер за МВР...

По оставката на Рашковски, се огласи и Антикорупциската комисија, од каде велат дека неговата оставка не влијае на работата по предметите поврзани со него и постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Блинкен: Време е НАТО да се повлече од Авганистан

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен

Време е НАТО-сојузниците да се повлечат од Авганистан, рече американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Блинкен во седиштето на НАТО во Брисел рече дека Алијансата ќе работи на фазата на прилагодување откако Вашингтон објави планови за крај на својата најдолга војна, која траеше две децении.

„Тука сум за да соработувам тесно со нашите сојузници, за принципите што ги воспоставивме од самиот почеток - влегуваме заедно, се прилагодуваме заедно и заминуваме заедно“, рече Блинкен во телевизиското обраќање од Брисел .

Министрите за надворешни работи на САД, Франција, Велика Британија и Германија на 14 април ќе одржат виртуелен состанок во Брисел за ситуацијата во Авганистан, зголемување на тензиите меѓу Украина и Русија и нуклеарни преговори со Иран, објави германската влада.

ЕУ нема да ги продолжи договорите со Џонсон & Џонсон и АстраЗенека

Илустрација

Европската комисија (ЕК) донесе одлука да не ги продолжи договорите за набавка на вакцините против ковид-19 со фармацевтски компании кои произведуваат вакцини со вирусни вектори, како што се АстраЗенека и Џонсон & Џонсон, следната година. Оваа информација ја објави италијанската Ла Стампа на 14 април, повикувајќи се на извор од Министерството за здравство, пренесува Ројтерс.

„Европската комисија, во договор со водачите на многу членки на Европската унија (ЕУ), одлучи договорите потпишани со компаниите што произведуваат вакцини со вирусни вектори, кои важат за тековната година, да не бидат продолжени кога истекуваат“, објави Ла Стампа.

„Ла Стампа“ известува дека Брисел ќе претпочита да се фокусира на вакцините против КОВИД 19 кои користат технологија на МРНК, како што се вакцините од „Фајзер“ и „Модерна“. Оваа технологија користи мали фрагменти од генетскиот код на вирусот за да го научи телото како да се бори против КОВИД-19 и да развие имунитет.

Портпарол на Европската комисија рече дека се отворени сите можности да се подготват за следните фази на пандемијата, за 2022 година и понатаму.

„Сепак, не можеме да ги коментираме прашањата од договорот“, додаде тој.

Италијанското Министерство за здравство одби да ги коментира истите тврдења.

Се бара Заев да реагира за комплексот спроти „Холидеј ин“ во Скопје

Прес конференција за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со деталните урбанистички планови (ДУП).

Ова е дел од јавниот повик на 29 граѓански организации и универзитетски професори, кој е адресиран до премиерот Зоран Заев и преку кој тие бараат „да се спаси просторот кај „Холидеј ин“ каде што треба да се изградат висококатници“. Во повикот наведуваат дека нивните барања се Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на конкретниот Детален урбанистички план (ДУП), но и на сите други планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издаваат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите.

Се бара и поддршка за законско работење на инспекторите за урбанизам и за градежништво, Државниот правобранител кој треба да го штити државниот имот и сите институции што досега ги одобрувале плановите кои се спротивни на ГУП.

„Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира“, пишува во јавниот повик до Заев.

Планот за изградбата на висококатници на местото од постоечкиот паркинг спроти хотелот Холидеј ин во Скопје последните неколку денови е една од главните теми на кои се дебатира во медиумите и кој наиде на критика во јавноста.

Инаку денеска, компанијата „МГ Фешн“, која е инвеститор на висококатниците на парцелата спроти „Холидеј ин“, комплекс кој ќе вика објект „Гранд“, денеска го претстави планот за комплексот.

„Во трите предвидени згради ќе има 400 станови, локали и канцеларии, односно 1250 жители. Ќе има 1000 паркинг места, 6520 метри квадратни ќе бидат зелена површина, а површината на градба ќе биде 13 654 м2. Во ДУП-от пишува дека влезот е од улица 2, а на кејот ќе има излез. Паркингот ќе биде во рамките на градежната парцела, а имаме можност да паркираме и во катната гаража спроти“, изјави архитектот Мартин Пановски.

Во ковид центрите има 1.762 пациенти и околу 310 слободни места

Илустрација - Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерството за здравство (МЗ) денеска соопшти дека вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.762 и има околу 310 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 64 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 703 лица сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 80 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, соопшти МЗ.

Сите одделенија на клиничките болници, додаваат од МЗ, располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Рокот за аплицирање за ковид-помош за плати продолжен за 15 дена

Илустрација

Компаниите кои сакаат да ја искористат мерката за помош за исплата на плати за месеците февруари и март, мерка од петтиот пакет економска помош за справување со економските последици од ковид пандемијата, може да аплицираат до 30 април годинава. Комисијата за финансирање и буџет со амандман изврши уште една интервенција во рокот и го продолжи за уште петнаесет дена бидејќи законот до сега беше блокиран во собраниските процедури.

Поради доцнењето на усвојувањето на мерките, прифатен е едногласно амандманот на Законот за финансиска поддршка за самостојни вршители на дејност за месеците февруари и март, по скратена постапка, како и на законот за финансиска поддршка на работодавачите.

Амандманот на ВМРО – ДПМНЕ со кој се предвидуваше исплата на средствата за февруари, март, април и мај да бидат директно префрлени на сметките на работниците не е прифатен. Според заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски мерките од петтиот пакет мерки се влезени во Буџетот и не може да се продолжат за месеците април и мај и дека платата на работиците се исплаќа преку работодавачите.

Поднесени се 27 амандмани, од кои 17 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и 10 од владејачкото мнозинство.

Путин се ревакцинирал со руска вакцина, но не кажа со која

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека примил втора доза на една од руските КОВИД вакцини 19. Кремљ минатиот месец објави дека претседателот ја примил првата доза на вакцината.

Не е познато која од трите руски вакцини примил Путин, ниту пак се откриени други детали за вакцинацијата на рускиот претседател.

Откако Путин ја прими првата доза, Кремљ сооптши дека претседателот одлучил да не каже со која руска вакцина се вакцинирал. Тој тогаш беше критикуван дека не одлучил да се вакцинира брзо во земја во која има широко распространета одбивност кон вакцината.

Влада: Заев ја прифати оставката на Рашковски, набавката на софтверот е законска

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес конференција, по новинарско прашање, изјави дека премиерот Зоран Заев ја прифатил оставката на Драги Рашковски, поранешен Генерален секртар на Владата, а до денеска владин секретар за мониторинг.

„Драги Рашковски достави писмо со кое го известува премиерот дека се повлекува од функцијата, тоа е негова лична одлука и има право на тоа“, истакна Арсовски.

Тој додаде дека „набавката на софтверот е спроведена во целосно транспарентна процедура и во целосна согласност со законот за јавни набавки“.

Рашковски си поднесе оставка по поврзувањето на неговото име со неколку случаи од кои за некои беше покрената постапка во Антикорупциската комисија, но и во Јавното обвинителство. Рашковски се поврзува со случаите Леонардо, Софтвер, Хеликоптерска единица, Побожје, Џип...

Филипче најави масовна вакцинација и во Штип, Охрид, Куманово...

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021

Министерот за здравство, Венко Филипче, за периодот кој следува најави масовна вакцинација на повеќе локации низ државата, по теркот на вакцинацијата што сега се спроведува во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Според него, со ова се планира значително да се интензивира процесот на имунизација во моментот кога ќе пристигнат поголемите количини на вакцини, во периодот кој следува.

„Во овој период којшто е пред нас ќе работиме очекувајќи ги кинеските вакцини кои ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата. Најавени се и масовни вакцинации во градовите Куманово, Штип, Охрид, Тетово, Кавадарци, покривајќи соодветни региони околу овие Здравствени домови кои може овој процес да го изменаџираат со кадар“ рече Филипче.

Според министерот, до сега се кацинирале близу 30 илјади македонски граѓани.

Во однос на полицискиот час, министерот Филипче рече дека неговото продолжување и по 20 април зависи од развојот на ситуацијата со ковид-19 во државата.

Планот одобрен, ќе се чисти малата депонија со линдан во ОХИС

Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

На вчерашната седница Владата донесе Решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје, соопшти владината прес-служба.

„Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако УНИДО, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности ‘Полиеко’ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД ‘ОХИС’- Скопје“, се вели во соопштението на Владата.


Ова значи, одобрен е планот за чистење на една од двете, односно малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) потврдуваат дека министерот Насер Нуредини денес го потпишaл Решението, со што ќе можат да започнат активностите за отстранување на линданот и на контаминираната почва.

Борисов: Јас сум најподготвен, ама нема да бидам премиер

Бојко Борисов

Звучи нескромно, но нема поподготвен од мене. Не случајно ние сме првата политичка сила. Многу луѓе сакаат да бидам како мене, а јас отсекогаш верував дека единството прави сила. Сепак, јас нема да бидам кандидат за премиер во новиот кабинет, што ќе го предложи ГЕРБ. Ќе биде номиниран друг кандидат, изјавил бугарскиот премиер Бојко Борисов.

„Не е правилно за мене, да одам како Радев и да ја поделам нацијата на два дела. Ќе номинирам друг премиер со многу европска, НАТО ориентација“, рекол Борисов, додавајќи дека имаат една недела според Уставот да формираат владин кабинет, пренесе Радио Слободна Европа на бугарски јазик.

На прашањето дали предлогот за премиер ќе биде Томислав Дончев, Борисов одговорил категорично „не“ и додал: „Не, тој не го заслужува тоа. Да го добиеме мандатот, па ќе ја сфатиме сериозно работата и ќе го објавиме името“.

Новиот состав на бугарскиот парламент би требало да се состане утре. На парламентарните избори во Бугарија паријата на Борисов, ГЕРБ, освои 26% од гласовите, односно 75 од вкупно 240 пратенички места. Во парламентот влегоа шест партии, меѓу кои и три протестни партии, кои заедно имаат 92 пратенички места. Доколку на ГЕРБ не ѝ успее да состави влада, претседателот на Бугарија, Румен Радев, ќе треба да ѝ даде мандат на втората по јачина политичка сила. Тоа би била протестната партија „Има таков народ“ на телевизискиот водител, кабаретист и поп-фолк ѕвезда Слави Трифонов.

Европратеник предлага странски историчари да помогнат во спорот Скопје - Софија

Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија

Европратеникот Андреас Шидер предлага да се поканат еминентни странски историчари во заедничката комисија за да се излезе од ќорсокакот во кој се наоѓаат Македонија и Бугарија околу историските прашања, јави МИА од Брисел.

„Имам сугестија за заедничката комисија доколку нејзината работа остане заглавена како сега, можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ кои немаат инволвираност во регионот да помогнат да се стави прашањето во научна рамка“, изјави Шидер на брифинг со новинари посветен на Македонија.

Македонија од лани во декември е со бугарско вето на преговарачката рамка со Европската унија, со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, но и со барања од Бугарија за Македонија да признае бугарски корени во националниот идентитет и јазик, на што од македонската Влада велат дека е неприфатливо.

За Шидер е неприфатлива блокадата за почеток на преговори со Македонија од страна на Бугарија. Тој нагласи дека најчесто политичарите ги користат идентитетските прашања за да ги прикријат слабостите за поважните прашања како образованието или вработеноста.

На прашање зошто не помина амандманот кој го осудуваше провокативниот говор од бугарска страна во извештајот за Македонија, амандман во чија подготовка учествуваше и европратеникот Шидер, тој изјави дека се надевал дека тој ќе помине.

-Нашиот амандман беше тежок, затоа што се обидовме да ја критикуваме бугарската Влада, но не најдовме мнозинство, иако очекував. Но, сепак тоа ја обликуваше дебатата и тоа беше идејата на овој амандман, да има посилна критика од страна на Европскиот Парламент, не да се додава масло на огинот, рече европратеникот и додаде дека дебатите за историјата не помагаат за создавање заедничка иднина.

На 19 и 26 април ќе пристигнат по 10.000 вакцини од „Фајзер“

Илустрација

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека 20 илјади вакцини, односно по 10.000 вакцини од производителот „Фајзер“ ќе стигнат во земјава на 19 и 26 април. Според министерот, станува збор за вакцини против ковид-19 кои се добиени со директен договор на земјава со компанијата.

Според официјалниот сајт ковид19вакцинација.мк, досега се вакцинирни 29.263 луѓе од 155.297 регистрирани. Покрај во „Борис Трајковски“, пунктови за вакцинација има уше во три поликлиники во Скопје и во здравствените домови во 34 градови.

Институтот за јавно здравје вчера соопшти дека откако на 17 февруари во Македонија почна вакцинацијата против ковид-19, и заклучно со 11 април, вкупно се вакцинирани 7.011 здравствени работници со прва доза (4.015 – „Фајзер/Бионтек“ и 2.996 – „спутник В“) и 5.857 (3.817-„Фајзер/Бионтек“ и 2.040- „спутник В“ ) со втора доза на вакцина против ковид-19. Од 31 март започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 11 април вакцинирани се 8.330 лица. Од 5 април почна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде што покрај вакцинирани здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација, вкупно 12.093.

Сопругата на Навални загрижена за неговото здравје: Тој едвај зборува

Рускиот опозиционер Алексеј Навални

Сопругата на притворениот руски опозиционер Алексеј Навални вели дека се повеќе е загрижена за неговото здравје откако тој започна штрајк со глад во затвор. Јулија Навалнаја во објава на Инстаграм рече дека го Навални во затворот на 13 април, каде што служи 2,5 години поради осуда за проневера, што се смета за политички мотивирана.

Таа рече дека двајцата разговарале на телефон, одделени со стакло.

"Тој е подеднакво весел и забавен. Но, тој тешко може да зборува и, од време на време, легнуваше на масата за да се одмори", напиша таа во соопштението, истакнувајќи дека тој ослабнал 17 килограми откако е сместен во озлогласената казнено-поправна колонија бр. 2, оддалечена околу 100 километри од Москва.


„Знам дека нема да се предаде ... Но, по посетата на Алексеј, јас сум позагрижена“, додаде таа.

Навални беше уапсен во јануари 2021 година откако пристигна од Германија, каде се лекуваше на труење во Сибир со она што европските лаборатории го дефинираа како нервен агенс почетник. Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека нарачал труење, што Кремlin го негира.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG