Достапни линкови

Вести

Осуммина мртви во затворски бунт поради коронавирусот во Шри Ланка

Илустрација: Шри Ланка

Во судири меѓу полицијата и затвореници кои се побуниле поради ширењето на коронавирусот во нивниот затвор биле убиени осуммина затвореници, а 71 се повредени, соопштија денеска властите.

Затворениците од затворот Махара во близина на Коломбо, кој е под силно обезбедување, ноќеска се побуниле, ја запалиле кујната и една управна зграда и зеле двајца чувари како заложници, наведува полицијата.

Денеска и понатаму се слушаат повремени истрели, иако околу 800 припадници на безбедносните сили ја повратија контролата врз затворот.

Со недели во затворите во Шри Ланка избиваат нереди поради растот на бројот на заразени со коронавирус и забраната за посети. Двајца затвореници умреа, а повеќе од 1200 затвореници и затворски чувари, според надлежните, се инфицирани со вирусот.

Министерот за реформи на затворите Сударшини Фенандопуле рече дека властите немале друг избор отколку да пукаат во затворениците за да спречат масовно бегство.

„За жал, осуммина затвореници беа убиени“, рече тој пред парламентот и наведе дека властите ја повратиле контролата врз затворот.

Бунтот во затворот, во кој се сместени околу 10 илјади затвореници, избил кога бројот на заболени од коронавирус надмина 180.

Во Шри Ланка досега има над 23 илјади заразени од коронавирус, а 116 луѓе починаа.

види ги сите денешни вести

Бајден за решение што ќе доведе до меѓусебно признавање на Косово и Србија

Американскиот претседател Џо Бајден

Aмериканскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа соопшти дека новата американска администрација целосно го поддржува бриселскиот дијалог меѓу Косово и Србија чија цел е сеопфатен договор за нормализација, што ќе доведе до меѓусебно признавање. САД, како што велат официјални лица од Стејт Департментот, и натаму ќе ги поддржуваат двете земји во изнаоѓање на решение.

„Како што рече претседателот (Џо) Бајден: сеопфатно решение што ќе доведе до меѓусебно признавање, зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на двете земји и зајакнување на нивните демократски институции е од суштинско значење за напредокот на Косово и Србија. Тоа ќе ја подобри безбедноста и просперитет на двете земји, ќе ги зајакне нивните аспирации за членство во Европската унија и другите мултилатерални институции и ќе ја поддржи трајната цел ширум Европа, да биде слободна и мирна“, се вели во писмената изјава на претставник на прес центарот на Стејт департментот.

Ѓорѓе Иванов можен сведок во случајот „Организатори на 27 април“

Ѓорѓе Иванов, архивска фотографија

Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, треба да се појави како сведок на едно од следните рочиштата за „Организатори на 27 април“, иако адвокатите на одбраната најавија повлекување на дел од нивните сведоци. Следните рочишта се закажани за наредната недела.

На денешното рочиште дојдоа 14 сведоци предложени од одбраната на ексминистерот Спиро Ристовски, кој исто така е меѓу обвинетите. Еден од сведоците, поранешниот министер за одбрана Зоран Коњановски, сведочеше дека Ристовски тој ден имал други планови, односно не го организирал упадот, туку се селел, а требало и да посети болен.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Хрватска од први февруари ќе ги олеснува ковид мерките

Илустрација - Луѓе со маски во Загреб

Во Хрватска во изминатите 24 часа се регистрирани 619 нови случаи на инфекција со вирусот САРС-КоВ-2, 30 лица починаа, а владата најавува ублажување на мерките од 1 февруари. Во Хрватска денес има вкупно 3.173 пациенти со коронавирус, меѓу нив 1.326 пациенти на болничко лекување, од кои 128 пациенти се на апарати за дишење, објави Националниот штаб.

„Ситуацијата е поволна. Смртноста исто така опаѓа, иако тие бројки доцнат неколку недели. Сето ова вели дека мора да продолжиме да бидеме одговорни. Ова беше дискутирано на Европскиот совет, каде што се укажува на крајна претпазливост“, рече премиерот Андреј Пленковиќ на седницата на Владата.

Тој најави олеснување на мерките од 1 февруари, едниот сегмент се однесува на основните училишта и враќање на повисоките одделенија на клупите, а другиот дозволува поголем број спортски активности, особено оние на воздух.

Димитров: Посилен Западен Балкан за посилна ЕУ

Никола Димитров

Европската Унија (ЕУ) ќе биде посилна кога би постоел посилен и поотпорен Западен Балан, исто толку силен Јадранско-јонски макро-регион, додека пак, блиската соработка ќе има улога на катализатор во овие процеси, изјави вицепремиерот, Никола Димитров, на денешниот Петти форум на Европската стратегија за Јадранско-јонскиот регион, на тема „Зајакнување на опоравување на Јадранскиот и Јонскиот регион преку соработка“.

„На патот кон ЕУ, Северна Македонија е особено посветена на регионалната соработка со земјите од Западен Балкан. Патот на соработка не е само мудар избор. Тоа е единствениот правилен избор за земјите од регионот и пошироко во борбата против пандемијата и во нашите напори да ја зајакнеме отпорноста на секој сектор погоден од Ковид-19“, рече Димитров.

Вицепремиерот потенцираше и на финансиската помош од ЕУ во остварувањето на целите на за справување со корона вирусот.

Или „Телеграм“ ќе ја избрише „Јавна соба“ или Македонија ќе го блокира „Телеграм“

Зоран Заев

До социјалната мрежа Телеграм испративме категорични барања да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување, објави денеска на социјалните мрежи премиерот Зоран Заев. Тој додава дека доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот „Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од граѓани, како и детска порнографија, ќе се разгледа и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во земјава.

„Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани. Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела“, напиша премиерот.

Тој сепак изрази надеж дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денеска платформата ќе одговори, на како што вели, бројните барања и ќе почнат да соработуваат.

Пред објавата на Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, соопшти дека во Велес и во Битола биле уапсени две лица за овој случај и дека се преземаат мерки и против други, а претседателот Стево Пендаровски побара одговорност и итно расчистување на случајот.

Во болниците има 579 ковид пациенти и 580 слободни места

Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 334 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип е хоспитализиран 37 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 16 пациенти, во Велес се лекуваат 17 болни, а во Куманово 48 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 19 во ковид центарот во Гостивар 21, а во Струга 23 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани 4 во Кичево 8, Кавадарци 14, во Гевгелија 5 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот“, соопшти МЗ.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 579 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид центрите.

Уапсени две лица во случајот „Јавна соба“, се трага по други

Илустрација

Две лица, едно во Битола и едно во Велес, се приведени во врска со случајот „Јавна соба“, а се преземаат мерки и активности и кон други лица, објави денеска на својот профил на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Работиме во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, напиша министерот.

Случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.

Претседателот Стево Пендаровски денеска побара итно расчистување и одговорност во овој случај.

УНХЦР бара Европа да престанe со протерување бегалци

Илустрација - Мигранти во Босна и Херцеговина

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) денеска ги повика европските земји да почнат истрага и да го запрат протерувањето и присилното враќање на бегалците и барателите на азил на морските и копнените граници, што во последно време станаа се позачестено, се наведува во соопштението на организација.

УНХЦР предупредува дека институцијата азил стана цел на напади на европските граници и повика на прекинување на присилното враќање и употребата на сила врз барателите на азил и бегалците.

„УНХЦР постојано добива серија извештаи за тоа како некои земји во Европа го ограничуваат пристапот до азил, враќаат луѓе по влегувањето на нивната територија или територијалните води и употребуваат сила против нив на границите“, изјави заменичката на Високиот комесар на УНХЦР за заштита на бегалците Џилијан Тригс.

Според извештајот на УНХЦР, мигрантите кои пристигнуваат по копно, исто така, се неформално притворани и присилно враќани во соседните земји, без да се земат предвид нивните потреби за меѓународна заштита.

Пендаровски бара итно расчистување и одговорност за „Јавна соба“

Стево Пендаровски

Деновиве сме згрозени што повторно сме сведоци на случајот „Јавна соба“, случај во кој фрапантно се крши приватноста на илјадници жени и девојчиња, понижување, сексизам и насилство кои оставаат трајни последици на нивните животи. Правото на приватност е загарантирано со највисокиот правен акт – Уставот на Република Северна Македонија, изјави за МИА претседателот на државата, Стево Пендаровски и потенцира дека насилството врз жените и девојчињата, во секоја форма – психичко, физичко, сексуално, е казниво со закон.

„Барам од надлежните институции соодветно да го истражат случајот, а престапниците да бидат гонети и казнети согласно законските прописи. Одговорност мора да има во најкус можен рок. Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање на култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви. Како општество, секој од нас треба да покаже солидарност и поддршка на жртвите, да не дозволиме двојна виктимизација. Да дејствуваме веднаш“, вели Пендаровки.

Случајот повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. ОД МВР вчера потврдија дека Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при презема мерки за расчистување на случајот.

Во меѓувреме, девојки-жртви во случајот јавно почнаа да сведочат за злоупотребата, а психолози и здруженија понудија помош за жртвите.

Средба на Државниот врв и директорот на Статистика за пописот

Илустрација - Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието утре ќе се одржи средба на државниот врв и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, со градоначалниците и секретарите на советите за спроведување на Законот за попис. Претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев ќе имаат официјални обраќања, а ќе зборува и директорот Симовски.

Претставниците од Државниот завод за статистика ќе ги информираат претставниците на локалните самоуправа за нивните должности кои произлегуваат од Законот за попис. Ќе има и сесија за поставување прашања. Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините. Средбата ќе се одржи во Големата сала со Купола.

Во меѓувреме продолжува спротивставената реторика на власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски тврди дека власта сака да спроведе попис како политичка операција, а не како статистичка и најави дека ќе почне собирање потписи за повлекување на новодонесениот закон за попис.

Бил Гејтс објави колку пари вложил во вакцини и во борба со ковид-19

Бил Гејтс

Бил и Мелинда Гејтс денеска објавија годишно писмо на својата веб-страница во објавија колку пари вложиле во вакцини и во борбата со ковид-19, као и за можните последици од оваа и идните пандемии.

„Кога го објавивме нашето писмо минатата година, светот штотуку почнуваше да сфаќа колку е опасна оваа нова пандемија на коронавирус. Иако нашата фабрика е веќе подолго време загрижена за можното сценарио на пандемија, особено по епидемијата на ебола во Африка, бевме шокирани од тоа колку Ковид-19 драматично ги наруши економиите, работните места, образованието и социјалната помош низ целиот свет“, се вели во писмото.

Сопружниците Гејтс се оптимисти и веруваат дека се приближуваме кон почетокот на крајот на пандемијата.

„Но, ние сме исто така реални и знаеме што е потребно за тоа да се случи – најголемиот ангажман за јавно здравје во историјата; оној што вклучува политичари, научници, здравствени работници, деловни лидери, локални власти, верски заедници и други“, велат тие и објавуваат дека нивната компанија досега инвестирала 1,75 милијарди американски долари во борбата против Ковид-19. Најголем дел од тоа финансирање е насочено кон производство и набавка на критични медицински материјали.

„На пример, ние поддржавме научници кои развија нови лекови за коронавирус, соработувавме со различни партнери за да се осигуриме дека овие лекови се формулирани на начин што е лесен за транспорт и употреба во најсиромашните делови на светот“, напишаа Гејтс.

Во меѓувреме, Бил Гејтс е во фокусот на голем број теории на заговор, меѓу кои и онаа дека преку вакцините сака да ги чипира луѓето и да ја намали светската популација. Тој вели дека ништо од тоа не е вистина и е крајно несериозно.

Поднесен обвинителен акт за случајот „Мавровка“

Архивска фотографија од уривањето на спорниот објект кај ТЦ Мавровка во Скопје

Скопското обвинителство денеска, до Кривичен суд Скопје, поднесе обвинител акт за случајот на „Мавровка” во кој инвеститорот бесправно градеше објект од тврда градба кој потоа беше урнат од надлежните органи.

„По спроведената истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот М.А., во текот на јуни и јули 2020 година, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330 м2 на платото пред трговскиот центар „Мавровка“, а притоа немал одобрение за градба издадено од надлежен орган“, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје.

На обвинетиот претходно му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и повремено јавување кај службено лице во Основниот кривичен суд. Надлежниот јавен обвинител му предложи на Судот да ги продолжи ваквите мерки спрема обвинетиот со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката.

Грција ќе се обиде да олеснува во спорот меѓу Македонија и Бугарија

Фотографија од средбата на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Дендиас и Бујар Османи во Атина на 14 јануари 2021 година

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, изјави дека Грција, како земја која одржува пријателски односи со Бугарија и Македонија, ќе се обиде на секој можен начин да го олесни решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија, јави МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, во интервјуто за „Јуроњуз", додава дека Грција останува цврсто на поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, особено на Македонија и на Албанија.

На прашањето дали Грција би презела конкретни иницијативи, Дендиас вели дека „иницијатива е многу силен збор" и додава дека тие се пријатели со сите и се обидуваат на сите да им помогнат. При тоа, тој нагласува дека „треба да се гледа големата слика, а големата слика е иднината на Балканот во Европската унија.

Во Србија уапсени четири лица за фалсификување пари

илустрација

Српската полицијата уапсила четири лица за фалсификување пари, соопшти Министерството за внатрешни работи, наведувајќи дека осомничените се уапсени при обид да ги предадат парите во Белград. Членовите на таа организирана криминална група се осомничени дека пуштиле во оптек околу 40.000 фалсификувани евра во ноември и декември 2020 година и дека се стекнале со противправна имотна корист од скоро 11.000 евра.

Измамници фалсификувале документи за да наследуваат имот од покојници во Бугарија

При претрес на објектите на осомничените, полицијата пронашла опрема за правење фалсификувани пари, поголемо количество фалсификувани банкноти, оружје и фалсификувани службени документи. Осомничените се приведени до 48 часа, по што со кривична пријава ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.

Во САД издадено национално предупредување за тероризам

Вашингтон

Министерството за домашна безбедност на САД издаде национално предупредување за тероризам, повикувајќи се на потенцијална закана од домашни антивладини екстремисти, „охрабрени“ од нападот на американскиот Капитол на 6 јануари. Одделот соопшти дека нема информации за да наведе конкретен заговор, но останува загрижен дека луѓето фрустрирани со претседателската транзиција може да извршат насилство.

Безбедносни мерки во Вашингтон пред инаугурацијата на Бајден

„Во моментов постои зголемена закана низ Соединетите држави, што веројатно ќе опстане во текот на следните недели“, се наведува во соопштението, во кое се додава: „Информациите сугерираат дека некои идеолошки мотивирани насилни екстремисти со забелешки за претседателската транзиција, како и други забележани поплаки поттикнати од лажни наративи, можат да продолжат да се мобилизираат за да поттикнат или да извршат насилство“. Исто така, постои загриженост дека екстремистите можат да преземат напади против избрани функционери и владини објекти.

Бајден најави меѓународен самит за климата за 22 април

Претседателот на САД Џо Бајден

Претседателот на САД Џо Бајден објави мораториум за нови концесии за дупчење нафта и гас и најави меѓународен самит за климата на 22 април, соопшти Белата куќа. Бајден потпиша указ со детални мерки, вклучително и организирање климатски самит на 22 април, Денот на Земјата. Тој ден е и петта годишнина од потпишувањето на Парискиот договор, на кој САД повторно се приклучија неколку часа по стапувањето на должноста на новиот претседател.

Пендаровски - Новите технологии да се искористат за климатска акција

Мораториумот за давање нови концесии за дупчење нафта и гас на државно земјиште и вода нема да влијае врз веќе дадените концесии, но ќе му овозможи на Бајден да исполни едно од неговите предизборни ветувања. САД, исто така, ќе се обврзат да го зачуваат интегритетот на 30 проценти од сојузната држава и водата до 2030 година за да го запрат исчезнувањето на биодиверзитетот. Бајден исто така ќе им наложи на федералните агенции да инвестираат во области кои се економски зависни од фосилни горива и да обезбедат поддршка за населението особено погодено од климатската криза.

Во Хрватска вакцинирани над 58.000 граѓани

Човек прима вакцина од Модерна, во шатор на Црвениот крст во Петриња, 13 јануари 2021 година

Над 58.000 граѓани биле вакцинирани во Хрватска, од кои 11.900 ја примиле втората доза на вакцината, објави хрватската Влада на Твитер. Во Хрватска, вакцинацијата започна на 27 декември, кога и во другите земји-членки на ЕУ, со вакцината на производителот Фајзер, а во меѓувреме пристигна и на производителот Модерна.

Пленковиќ: ЕУ размислува за тужби поради неисполнување на рокови за испорака на вакцини

Според последните податоци, поради доцнењето во испораката на ветените вакцини, новите вакцинации се скоро запрени и се вакцинираат само оние кои треба да ја примат втората доза. Хрватска нарача скоро шест милиони дози вакцини од различни производители преку ЕУ. Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, неодамна оцени дека дипломатијата во врска со вакцината против коронавирусот се претвори во „киднапирање“ на вакцината.

СЗО: Британска варијанта на коронавирус во 70 земји

илустрација

Бројот на држави и територии во кои е откриен новиот вид на коронавирус од Британија се зголеми на 70, односно десет земји повеќе отколку на 12 јануари, објави Светската здравствена организација. Новиот вид на коронавирус откриен во Јужна Африка, кој, како и британскиот, се шири побрзо од оригиналниот корона вирус (САРС-КоВ-2), исто така, продолжува да се шири и во други земји и сега е присутен во 31 земја и територија.

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во Македонија


Бразилската варијанта сега е присутна во вкупно осум земји. Во тек се истражувањата низ целиот свет за да се утврди зошто видот откриен во Британија е позаразен. СЗО изјави дека варијантите на коронавирусот се различни верзии на оригиналниот вирус кои се појавуваат со текот на времето поради различни мутации. СЗО додава дека ова е нормална појава за вируси.

Судот ќе ја сослуша жалбата на Навални против притворот

Алексеј Навални

Судот во Русија денеска ќе ја сослуша жалбата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални против неговиот притвор, еден ден откако руските власти го зголемија притисокот врз опозицијата, претресувајќи станови и канцеларии поврзани со Навални. Соработникот на Навални Леонид Волков рече дека адвокатите биле известени на 26 јануари оти жалбата за апсењето е закажана за 28 јануари. Тој повика на нови протести низ Русија на 31 јануари. Во претресите што се случија вчера беа вклучени групи маскирани безбедносни сили. Бил претресен и станот на Навални, каде што полицијата го приведе неговиот брат Олег.

Гневот поради корупцијата и Навални можат да ја редефинираат руската политика

Руските медиуми, повикувајќи се на извор во безбедносните агенции, објавија дека причината за рациите е кршење на ограничувањата за хигиена на коронавирусот. 44-годишниот Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше од речиси фаталното труење од нервен отров во август, за кое рече дека било наредено од претседателот Владимир Путин. На масовните митинзи низ Русија одржани на 23 јануари беше побарано итно ослободување на Навални. За време на митинзите беа уапсени близу 4.000 лица, за кои полицијата рече дека се нелегални.

Македонија на 111-то место во Индексот за перцепција на корупција на ТИ

Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл

Во денеска објавениот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл Северна Македонија е рангирана на 111-то место со 35 бодови. Индексот користи скала на бодови од нула (многу корумпирана земја) до 100 (некорумпирана земја). Ова место Македонија го дели со Босна и Херцеговина и Монголија. Во регионот пред Македонија се Хрватска на 63-то место, Црна Гора на 67-то, Бугарија на 69-то, Србија на 94-то и Косово на 104-то место. На врвот, првото место го делат Данска и Нов Зеланд со 88 бодови. Следуваат Финска, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Норвешка Холандија и Германија. Индексот рангира 180 земји и територии според нивните перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор, врз основа на 13 експертски проценки и истражувања на деловни директори.

Николовски – Нема недопирливи, секој што го прекршил законот ќе одговара

На последно место се Сирија, Сомалија и Јужен Судан, со 14, 12, односно 12 бода. За 2020 година Индексот го потенцира влијанието на корупцијата врз одговорите на владите на ковид-19, споредувајќи ги перформансите на земјите со нивните инвестиции во здравствената заштита и степенот до кој демократските норми и институции се ослабени за време на пандемијата. Индексот за перцепција на корупцијата открива дека постојаната корупција ги поткопува здравствените системи и придонесува за демократско назадување во услови на пандемијата. Земјите кои добро се однесуваат на индексот инвестираат повеќе во здравствената заштита, се подобро способни да обезбедат универзално здравствено покритие и поретко ги кршат демократските норми и институции или владеењето на правото, се вели во Индексот за перцепција на корупцијата.

Времето денеска: сончево со мала облачност

Наутро ќе има услови за појава на слаб снег на североистокот. Преку денот ќе биде сончево со мала облачност и студено. Ќе дува слаб до умерен, а во источните делови засилен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од минус 2 до 10 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 6 степени.

Велика Британија воведува карантин во хотелите за своите граѓани кои доаѓаат од ризични места

Патници пристигнуваат на аеродромот Хитроу во Лондон

Британската влада соопшти дека ќе воведе карантин по хотелите за своите граѓани кои се враќаат од земји за кои се смета дека се ризични за ширење на коронавирусот. Мерката се однесува на патници кои доаѓаат од 22 земји во кои варијантите на коронавирусот „претставуваат ризик“. Меѓу тие земји се Јужна Африка, Португалија и некои земји од Латинска Америка. Веќе е забрането од тие земји да доаѓаат патници кои немаат престојувалиште во Велика Британија.

„Од сите патници на кои не можеме да им забраниме влез во земјата бараме да се изолираат во некои од владините сместувалишта, како што се хотелите“, рече премиерот Борис Џонсон во Долниот дом на Парламентот.

Тој додаде дека карантинот ќе трае десет дена.

Патниците кои доаѓаат од ризичните земји директно до аеродромите ќе бидат одведени до сместувалиштата за карантин.

Инаку, сите патници по влезот во Велика Британија мора да имаат негативен тест на коронавирис. Во земјата досега од вирусот починаа 100 илјади луѓе.

На загрепската Драмска академија поднесени 27 пријави за сексуални злоупотреби

Поглед на Загреб

До Државното обвинителство на Хрватска поднесени се 27 пријави за сексуално злоставување, малтретирање и други форми на несоодветно однесување на Академијата за драмски уметности во Загреб, јави ХРТ.

Според хрватскиот јавен сервис, засега три актерки изјавиле дека сакаат да соработуваат со Државното обвинителство, но повеќето пријави сè уште се анонимни.

Се работи за кривични дела извршени од средината на 90-тите години до денес.

Деканката на Академијата, Франка Перковиќ Гамулин, објасни дека станува збор за осум вработени на кои се однесуваат дел од пријавите и шест лица кои се поранешни вработени или пензионери на Академијата.

„Сега е на судството да почне процедури и ние се фокусираме на внатрешна истрага. Мислам дека најдоцна до четврток едно лице ќе оддалечиме од студентите“, рече Перковиќ Гамулин.

Зголемен број новозаразени со коронавирус во Грција

Илустрација

Веќе втор ден во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на ковид-19, а денеска беа откриени 858 новозаразени, највисок број во изминатите 15 дена.

Во изминатите 24-часа починаа 32 лица, а 274 граѓани се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега.

Загриженост кај епидемиолозите во Грција предизвикува областа Атика, поширокиот регион на Атина, со оглед на тоа дека секојдневно, речиси половина од новозаразените се во овој дел од земјата.

Денеска од 858 случаи, 409 се во конкретната област.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната редовна прес-конференција рече дека во Атика, активни се 2.374 случаи, нешто што ги загрижува.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 154.083 позитивни случаи, а починаа 5.724 лица.

Инфектолог со примена прва доза вакцина во Албанија заразен со коронавирус

Албанскиот премиер Еди Рама се вакцинираше против коронавирус на 11 јануари

Познатиот албански инфектолог Пелумб Пиперо, кој пред две недели ја прими првата доза вакцина од компанијата „Фајзер“ е потврдено дека е заразен со коронавирус, пренесува МИА.

Тој првата доза на вакцината против опасниот вирус ја прими на 11 јануари, веднаш по премиерот Еди Рама. Сега резултатот од тестот покажал дека е позитивен.

Ова е прв случај на заразен во Албанија по добиена доза од вакцината.
Пелумб Пиперо е еден од најценетите доктори во земјата и од првиот ден по појавата на пандемијата тој е непосредно вклучен во грижата за ковид пациентите во Инфективната клиника во Тирана.

Инаку, досега во Албанија првата доза вакцина ја примија 500 лица, сите здравствени работници, со исклучок на Рама, од добиената донација од 975 дози вакцини.

Албанската влада веќе има договор со „Фајзер“ за 500.000 вакцини, за што законодавниот дом во Тирана ги изгласа потребните законски акти, кои денеска се очекува да ги потпише претседателот Илир Мета.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG