Достапни линкови

Вести

Бројот на корона-позитивни во светот надмина 61 милион

Илустрација - Пациенти со коронавирус во Клиничкиот центар Земун во Белград, Србија

Бројот на случаите на зараза со новиот коронавирус во светот од крајот на минатата година досега надмина 61 милион, објави во петокот околу пладне по македонски време американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ кој ги сумира офицалните податоци од националните власти, како и од медиуми и други отворени извори.

Според пресметките на медицинските стручњаци од споменатиот универзитет, бројот на инфекциите со коронавирусот ширум светот изнесува 61.064.901, а починале 1.433.789 лица кај кои било потврдена болеста Ковид-19.

види ги сите денешни вести

Велика Британија воведува карантин во хотелите за своите граѓани кои доаѓаат од ризични места

Патници пристигнуваат на аеродромот Хитроу во Лондон

Британската влада соопшти дека ќе воведе карантин по хотелите за своите граѓани кои се враќаат од земји за кои се смета дека се ризични за ширење на коронавирусот. Мерката се однесува на патници кои доаѓаат од 22 земји во кои варијантите на коронавирусот „претставуваат ризик“. Меѓу тие земји се Јужна Африка, Португалија и некои земји од Латинска Америка. Веќе е забрането од тие земји да доаѓаат патници кои немаат престојувалиште во Велика Британија.

„Од сите патници на кои не можеме да им забраниме влез во земјата бараме да се изолираат во некои од владините сместувалишта, како што се хотелите“, рече премиерот Борис Џонсон во Долниот дом на Парламентот.

Тој додаде дека карантинот ќе трае десет дена.

Патниците кои доаѓаат од ризичните земји директно до аеродромите ќе бидат одведени до сместувалиштата за карантин.

Инаку, сите патници по влезот во Велика Британија мора да имаат негативен тест на коронавирис. Во земјата досега од вирусот починаа 100 илјади луѓе.

На загрепската Драмска академија поднесени 27 пријави за сексуални злоупотреби

Поглед на Загреб

До Државното обвинителство на Хрватска поднесени се 27 пријави за сексуално злоставување, малтретирање и други форми на несоодветно однесување на Академијата за драмски уметности во Загреб, јави ХРТ.

Според хрватскиот јавен сервис, засега три актерки изјавиле дека сакаат да соработуваат со Државното обвинителство, но повеќето пријави сè уште се анонимни.

Се работи за кривични дела извршени од средината на 90-тите години до денес.

Деканката на Академијата, Франка Перковиќ Гамулин, објасни дека станува збор за осум вработени на кои се однесуваат дел од пријавите и шест лица кои се поранешни вработени или пензионери на Академијата.

„Сега е на судството да почне процедури и ние се фокусираме на внатрешна истрага. Мислам дека најдоцна до четврток едно лице ќе оддалечиме од студентите“, рече Перковиќ Гамулин.

Зголемен број новозаразени со коронавирус во Грција

Илустрација

Веќе втор ден во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на ковид-19, а денеска беа откриени 858 новозаразени, највисок број во изминатите 15 дена.

Во изминатите 24-часа починаа 32 лица, а 274 граѓани се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега.

Загриженост кај епидемиолозите во Грција предизвикува областа Атика, поширокиот регион на Атина, со оглед на тоа дека секојдневно, речиси половина од новозаразените се во овој дел од земјата.

Денеска од 858 случаи, 409 се во конкретната област.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на денешната редовна прес-конференција рече дека во Атика, активни се 2.374 случаи, нешто што ги загрижува.

Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани вкупно 154.083 позитивни случаи, а починаа 5.724 лица.

Инфектолог со примена прва доза вакцина во Албанија заразен со коронавирус

Албанскиот премиер Еди Рама се вакцинираше против коронавирус на 11 јануари

Познатиот албански инфектолог Пелумб Пиперо, кој пред две недели ја прими првата доза вакцина од компанијата „Фајзер“ е потврдено дека е заразен со коронавирус, пренесува МИА.

Тој првата доза на вакцината против опасниот вирус ја прими на 11 јануари, веднаш по премиерот Еди Рама. Сега резултатот од тестот покажал дека е позитивен.

Ова е прв случај на заразен во Албанија по добиена доза од вакцината.
Пелумб Пиперо е еден од најценетите доктори во земјата и од првиот ден по појавата на пандемијата тој е непосредно вклучен во грижата за ковид пациентите во Инфективната клиника во Тирана.

Инаку, досега во Албанија првата доза вакцина ја примија 500 лица, сите здравствени работници, со исклучок на Рама, од добиената донација од 975 дози вакцини.

Албанската влада веќе има договор со „Фајзер“ за 500.000 вакцини, за што законодавниот дом во Тирана ги изгласа потребните законски акти, кои денеска се очекува да ги потпише претседателот Илир Мета.

Кипар ќе започне со постепено намалување на рестриктивните мерки

Илустрација: Училиште во Кипар

Се наоѓаме во третата седмица од карантинот што беше воведен на 10 јануари 2021 година, а подобрувањето на епидемиолошката слика ни дозволува, постепено да започнеме со олабавување на рестриктивните мерки, соопшти министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану.

Од понеделник 1 февруари ќе почнат со работа берберниците, фризерските и козметичките салони, од 25 на 50 отсто ќе се зголеми бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, а продолжена е забраната за собири во домовите, со исклучок на посета на најмногу две лица доколку станува збор за роднини од прв и втор степен.

Една седмица подоцна во училишните клупи ќе се вратат учениците од основните училишта и матурантите, ќе се отворат продавниците, моловите и трговските центри, обложувалниците, музеите и археолошките локалитети, црквите, а во домовите се дозволени посети на најмногу четири лица.

Паралелно и понатаму во сила ќе биде полицискиот час и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.

Министерот за здравство на Кипар истакна дека на сите оние кои ќе се вратат на работа ќе им се направат брзи тестови, а од понеделник ќе биде задолжително за сите компании секоја седмица да тестираат 20 отсто од вработените.

Во однос на процесот на вакцинација, Јоану посочи дека интересот е поголем од очекуваниот, а целта е до почетокот на март да бидат вакцинирани лицата над 80 години и здравствените работници што се во првите редови во борбата со пандемијата, а до крајот на март вакцината да ја примат 100.000 граѓани.

Раст на бројот на заразени во Словенија, владата размислува за заострување на мерките

Илустрација: Земање примерок за тестирање на коронавирус во Словенија

Во Словенија повторно расте бројот на заразени со коронавирусот – во изминатото деноноќие се потврдени нови 1850 случаи од скоро 16 илјади тестови, а 19 луѓе починаа.

Во болниците има над 1140 хоспитализирани, за 138 повеќе од минатата недела.

Владата поради тоа и поради новиот британски сој на коронавирусот повторно ќе разгледа заострување на мерките.

Забавувањето на позитивните трендови ги доведува во прашање претходните најави дека кон средината на февруари би можела да почне наставата во сите основни и средни училишта.

Британскиот сој во Словенија првпат беше официјално потврден пред неколку дена, но брисевите биле земени претходно, односно дека тој сој бил во земјата уште кон крајот на декември.

Русија со казни против РСЕ

Бирото на Радио Слободна Европа во Москва

Рускиот суд денеска казни неколку проекти на Радио Слободна Европа на руски јазик и неговиот генерален директор со вкупно 1,1 милиони рубљи, односно околу 14500 долари, за непридржување до новите рестрикции според законот за „странски агенти“.

РСЕ беше казнето со 1 милиони рубљи, додека директорот на сервисот доби казна од 100 илјади рубљи.

На 12 јануари рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор поднесе осум протоколи кои се однесуваат на четири проекти на Радио Слободна Европа на руски јазик – главниот сервис за Русија, Радио Слобода, телевизијата и дигиталната платформа Сегашно време (Current Time) и регионалните сајтови Сибир реалити и Идел реалити, кои објавуваат локални вести и информации за публиката во Сибир и Волга-Урал.

Пресудата за останатите четири протоколи се очекува наредниот месец.

Законот, меѓу другото, предвидува одредени медиумски организации финансирани од странство да ја означат својата содржина во Русија како производ на „странски агент“.

Законот ги доведува под ризик и новинарите кои работат за Радио Слободна Европа.

Радио Слободна Европа, која е независна и непрофитна корпорација финансирана од американскиот Конгрес, не се придржуваше до наредбата. Монтираните казни може потенцијално да ја принудат компанијата да го прекине своето присуство во Русија.

Американските републикански и демократски пратеници неодамна побараа нови санкции против Москва, ако Кремљ продолжи со строгите ограничувања и казни што им се закануваат на новинарските активности во Русија.

Од почетокот на владеењето на Владимир Путин, Кремљ го засилува притисокот врз независните медиуми. Земјата, според Репортери без граници, е рангирана на 149 место од 180 земји според слободата на печатот.

Британскиот сој на коронавирусот цел месец е во Македонија

Илустрација

Британскиот сој на коронавирусот бил детектиран во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје кај 46-годишен маж, кој е веќе оздравен, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вирусот бил детектиран во болницата при анализа на примероци од јануари.

Во епидемиолошката анкета пациентот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал во странство.

Според информациите од Институтот за јавно здравје, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот бил со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, информира Филипче на Фејсбук.

Со коронавирус заразени 22 вработени на Клиниката за нефрологија

Клинички центар, Скопје

На Клиниката за нефрологија има девет лекари, осум медицински сестри, еден лаборант, еден психолог и тројца болничари кои во моментов се заразени со ковид-19, информираат од Министерството за здравство.

Меѓу заразените е и директорката на Клиниката, Ирена Бушлетиќ.

Изворот за заразата, како што посочуваат од Министерството, сè уште не е конкретизиран со оглед на тоа што во моментов се спроведуваат епидемиолошките анкети.

Работата на Клиниката се одвива регуларно и тековните обврски се завршуваат од страна на вработените кои го надополнуваат отсуството на оние кои се заразени или се во изолација, потенцираат од Министерството за здравство.

Медиумските организации загрижени од измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Илустрација

Македонските медиумски здруженија изразија загриженост за предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство. Со овој предлог се предвидува членовите на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ да се бираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, наместо со двотретинско мнозинство, како што е сега.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) велат дека е факт дека овој процес сега е закочен во Собранието поради несогласувањата меѓу власта и опозицијата, но оти „партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела“.

„Пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав“, наведуваат организациите.

Новинарските и медиумски организации се залагаа за начелото за избор со двотретинско мнозинство и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Поради сомнеж за бомба евакуирана фабрика каде се пакува ковид вакцината на „Астра Зенека“

Илустрација

Фабрика во Велс, која ја произведува вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“, денеска била делумно евакуирана откако добила сомнителен пакет, по што била испратена полициска единица за отстранување бомби.

Фабриката, со која оперира компанијата „Вокард Велика Британија“, обезбедува т.н. капацитет за полнење и завршување на ланецот за снабдување на АстраЗенека во Велика Британија, што е последниот чекор за производство на ставање вакцини во ампули или шприцеви и нивно пакување.

"Вокард Велика Британија во Вексам утрово доби сомнителен пакет. Сите релевантни органи беа веднаш известени и ангажирани. По стручен совет, делумно го евакуиравме одделот во очекување на целосна истрага. Безбедноста на нашите вработени и деловниот континуитет остануваат од огромно значење", соопшти компанијата.

Локалната полиција потврди дека единицата за отстранување бомби е на лице место и ја советуваше јавноста да ја избегнува областа.

„Во моментов имаме работа со тековен инцидент во индустрискиот имот Рексам“, се вели во соопштението од локалната полиција.

„АстраЗенека“ се согласи да ја снабди Велика Британија со 100 милиони дози вакцина, развиена од Универзитетот Оксфорд. Таа во моментов е вклучена во спор со Европската унија откако го прекина снабдувањето со блокот поради проблеми со производството во нејзината белгиска фабрика.

Сите жртви на „Јавна соба“ да пријават во полиција, апелира МВР

Илустрација - Зградата на МВР во Скопје

Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги повика сите граѓани кое се жртви на злоупотреба во случајот „Јавна соба“, да пријават во најблиската полициска станица. Од МВР велат дека во координација со обвинителството презема соодветни мерки.

„Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата Телеграм која до сега демонстрира цеосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја“, наведуваат од МВР.

„Јавна група“ повторно се актуелизира деновиве откако беше обелоденето дека на социјалната мрежа Телеграм над 5.600 членови на групата споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки. Првата ваква група на социјалните мрежи беше откриена пред една година, кога беа откриени околу 7.000 корисници кои си разменувале експлицитни фотографии од девојки, од кои некои и малолетни. Полицијата тогаш соопшти дека групата „Јавна соба“ по преземените мерки е згасната.

Одбиени барањата за приврмена слобода за Тачи и лидерите на ОВК

Лидерите на ОВК - Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красничи, Реџеп Селмани и Салих Мустафа

Судија од Специјалниот суд за Косово, со седиште во Хаг, го одби барањето на адвокатите на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и поранешен претседател на Косово, Хашим Тачи, за привремено пуштање на слобода. Таква одлука е донесена и по барањата на адвокатите на останатите водачи на ОВК, Реџеп Селими, Кадри Весели и Јакуп Красничи, кои заедно со Тачи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Нивните барања се одбиени со образложение дека постои опасност за нивно бегство, опструкција на постапката, влијание врз сведоци и изврршување на понатамошни кривични дела. Адвокатите понудија гаранции дека обвинетите нема да побегнат и бараа замена на притворот со куќен притвор и други мерки. Тачи, Селими, Весели и Красничи беа приведени на почетокот на ноември минатата година.

Во Македонија 394 нови ковид позитивни и 9 починати

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека според податоците од Инситутот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 2236 тестирања, а регистрирани се 394 нови случаи на ковид-19. Новите случаи се регистрирани во: Скопје – 190, Кавадарци – 29, Велес – 19, Делчево – 16, Куманово – 14, Охрид – 12, Дебар – 12, Гостивар – 11, Прилеп – 7, Штип – 7, Битола – 7, Берово – 7, Демир Капија – 7, Кичево – 6, Тетово – 5, Струмица – 5, Гевгелија – 5, Свети Николе – 4, Неготино – 4, Виница – 4, Струга – 3, Кочани – 3, Крива Паланка – 3, Радовиш – 3, Крушево – 3, Ресен – 2, Пробиштип – 2, Кратово – 2 и во Пехчево - 2.

„Починати се 9 лица, два пациенти од Скопје (74 и 82г), два од Кичево (61 и 70г), по еден од Ресен (77г), Битола (87г), Виница (57г), Охрид (79г) и Прилеп (65г). Осум од пациентите се починати во болнички, а еден во домашни услови. Регистрирани се 387 оздравени пациенти“, соопшти денеска МЗ.

Досега во земјата се направени вкупно 448.031 тестирања на Ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 91555, бројката на оздравени пациенти е 80008, на починати е 2821, а бројот на активни случаи изнесува 8726.

Владата денеска соопшти дека го усвоила Националниот план за вакцинирање против ковид-19 и дека имунизацијата ќе се одвива во три фази. Во меѓувреме, се чекаат вакцини преку ковакс системот, вакцините по набавна цена од Србија и траат преговорите со производителот Фајзер за нарачката од 800 илјади вакцини.

Србија тврди дека е трета во Европа според ковид вакцинирани

Редици пред вакциналните пунктови во Србија

Во Србија досега се вакцинирани 322.598 лица против коронавирусот, со што Србија е на третото место во Европа според бројот на вакцинирани на милион жители, после Велика Британија и Малта, соопшти денеска српската влада, од каде додаваат дека во регионот, Србија е прва според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Романија и Словенија.

Во регионот во однос на вкупниот број вакцинации, Романија е на прво место со 528.378 вакцинирани граѓани. Повеќе од 70 милиони луѓе во 65 земји примиле една од седумте вакцини за коронавирус што се користат, а Србија со 4,5 поделени дози на 100 жители е седма на генералната листа и втора меѓу европските земји.

Според листата објавена од „Фајненшл тајмс”, според бројот на вакцинирани убедливо прв е Израел со дадени 44,7 дози на вакцини на 100 жители.

Вакцинирањето против ковид ќе биде во 3 фази - Владата усвоила план

Владиниот портпарол Мухамед Хоџа

Владата го усвои планот за вакцинација против Ковид 19, информираше на денешната прес конференција владиниот портпарол, Мухамед Хоџа. Вакцинирањето ќе се одвива во три фази, а целата операција, како што рече денеска Хоџа, ќе се конкретизира со пристигнувањето на вакцините.

„Фазите ќе бидат во согласност и во зависност од пристигнувањето на вакцините и различните приоритетни групи за вакцинација. Три групи се приоритетни со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување и компликации и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура“, рече Хоџа.

Во меѓувреме, Владата ги чека вакцините од Фајзер и преку ковакс механизмот, но и ја разгледува можноста за набавка и на кинески вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не би требало да претставува проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), затоа што документите се сосема соодветни. Четири дена претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Македонија е членка на НАТО и затоа бара западни вакцини, а проф. д-р Никола пановски, во изјава за Радио Слободна Европа, за процесот на набавка на вакцини, искоментира дека „за да набавиш вакцини треба да си трговец“.

Директорот на струшката болница повикан да реферира за случајот со ординацијата

Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција

Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција изјави дека д-р Мухамед Асани, директорот на болницата во Струга, е повикан во Владата да реферира откако беше откриено дека дома има гинеколошка ординација која работи на диво.

Вицепремиерот рече дека во меѓувреме е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Инаку, случајот со д-р Асани излезе во јавност откако жена од Дебар обвини за несовесно породување при што и се отстранети неколку органи.

„Поднесена е иницијатива до ОЈО од страна на инспекторатот. Тимовите ги разгледаа сите прозивки и информации кои беа доставени до мене. Направен е надзорот и констатирана е дивата ординација. Веќе ги имаме нотарските изјави дека се вршени прегледи после 15 часот“, рече Николовски.

Според вицепремиерот, се очекува стручниот надзор од Министерството за здравство за да се расчисти целиот случај.

ССК бара протоколи и постојана помош за спас на угостителството

Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора при ССК

Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори (ССК) денеска побара од Владата финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор да има континуитет, како и да се обезбедат протоколи за работа за сите дејности кои се дефинирани во Националната класификација на дејности.

„Неопходен континуитетот на економските мерки со цел задржување на работните места и на деловните субјекти. Со изминување на месец јануари, а во недостаток на петтиот пакет мерки кој се однесува на првиот квартал од 2021 година, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка, како што тоа се случи во неколку наврати и минатата година. Од колку 6.500 правни субјекти во угостителскиот сектор само 132 добија комбинирана помош односно поддршка за исплатата на плати и неповратна финансиска помош во форма на грант за покривање на другите трошоци. Но овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а континуирано напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор", изјави Мартин Ангеловски од ТУК.

Владата пред две недели го најави петтиот сет мерки како помош за справување со економските последици од пандемијата со ковид-19. Од сетот не се дефинирани сите мерки. Сигурно е продолжувањето на субврнционирањето на платите, мерка која беше најискористена со претходните четири владини пакети.

По долги немири и протести, ќе има смени во Владата на Тунис

Фотографија од минатонеделните анти-владини протести во Тунис

Тунискиот Парламент доцна синоќа ја одобри реконструкцијата на владиниот кабинет, предложена од премиерот Хихем Мечичи, и покрај големото несогласување и резерви на претседателот Каис Саид, јави германската новинска агенција ДПА.

За време на синоќешната седница, Парламентот одобри 11 нови министри, предложени од Мечичи. Тој ја најави реконструкцијата минатата недела во услови на немири поради големата невработеност и лошите владини услуги. Премиерот е на функција од септември и е поддржан од неколку главни партии и блокови во парламентот.

Стотици демонстранти се собраа во близина на парламентот пред гласањето за доверба во Парламентот за да побараат ослободување на околу 1.000 демонстранти кои беа уапсени за време на антивладините митинзи овој месец. Претседателот Каис Саид се спротивстави на номинациите на неколкумина нови министри, тврдејќи дека постојат обвинувања за корупција и судир на интереси поврзани со нив, пренесе ДПА.

ИЈЗ: 73 отсто помалку заразени со сезонски грип

Илустрација

Бројот на заболени од грип годинава е намален за 73 проценти во споредба со лани, информираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Сезонава вкупно 433 лица заболеле од грип, а според здравствените власти, драстичното намалување на болни од грип се должи поради мерките за заштита од коронавирусот како што се маските, дистанцата и забраните за групирање.

Според денеска објавените податоците на Институтот за јавно здравје, најголемиот број на лица кои годинава се разболеле од сезонски грип се на возраст од 15 до 64 години, а највисоката инциденца се регистрира кај децата до 4 годишна возраст. Раст на бројот на заболени од грип е забележан во втората недела од јануари. Пријавени се 36 случаи на заболени, што е повеќе во споредба со пред таа недела кога биле регистрирани 18.

Од институтот за јавно здравје инфомираат дека 37.870 веќе примиле бесплатна вакцина против сезонскиот грип, од кои 28.724 вакцини примиле лицата од ризичните категории, а близу 6.000 се дадени на здравствените установи и истите се аплицирани на здравствени работници и вработени во здравствените установи.

До 2025/26 година дел од РЕК „Битола“ ќе стане гасна електрана

РЕК Битола

Компанијата „Електростопанство на Македонија“ (ЕСМ) планира до 2025/26 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК „Битола“, кој работи на јаглен, и да го замени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати која ќе се користи и за топлификација на Битола, информираше денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“.

Според него, другите два блока ќе се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година и со целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди.

Ковачевски потсети дека се планира целосно затворање на ТЕЦ „Осломеј“ и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, кој проект веќе се гради на терен, додека планот на државата е претворање на ТЕЦ „Неготино“ (која не е во рамките на АД ЕСМ) во гасна електрана. Што се однесува до ветерните електрани, Ковачевски соопшти дека се зголемува капацитетот на ветерниот парк Богданци, како и планирана инвестиција во ветерен парк во Миравци, додека фотоволтаични (соларни) електрани ќе се градат во близина на сите постоечки производни објекти на АД ЕСМ.

Западен Балкан меѓу приоритетите на Бајден и Меркел

Архивска фотографија - Американскиот претседател Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, 1 февруари 2013 година

Западен Балкан е меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација. Тоа, како што соопшти Белата куќа, било истакнато во телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка, Ангела Меркел. Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници истакнале приоритетни теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан, каде што е актуелно прашањето за решавање на односите и постигнување договор меѓу Белград и Приштина.

„Претседателот Џозеф Бајден денеска разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесувајќи ја неговата желба за продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој ја изрази својата намера да го ревитализира трансатлантскиот сојуз, вклучително и НАТО и Европската унија, како камен-темелник на колективната безбедност и заедничките демократски вредности“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Според прес-службата на Белата куќа, Бајден и Меркел се согласиле „за важноста на глобалната соработка, вклучувајќи ја и обновената посветеност на САД кон мултилатерални организации, борбата против климатските промени, борбата против Ковид-19 и подобрување на здравствената заштита, како и постигнување одржливо глобално економско закрепнување“.

Регистрирани неколку земјотреси во гостиварско

Илустрација

Во текот на ноќта и изутринава се регистрирани неколку земјотреси во регионот на Гостивар. Земјотрес со магнитуда од 3,5 степени според Европската макросеизмичка скала е регистриран изутрина во 7.44 минути на 16 километри југозападно од Гостивар.

Во мавровскиот регион ноќеска во 1.30 часот е регистриран земјотрес, со јачина од 3,2 степени. Пред дваесетина дена беа регистрирани и неколку потреси во регионот на Маврово и Мавровското езеро.

Две третини од луѓето во светот сметаат дека треба итна акција за климатските промени

Загриженоста за климатските вонредни состојби е далеку пораспространета отколку што се претпоставува

Скоро две третини од луѓето ширум светот ги сметаат климатските промени како глобална итна состојба, според најголемото истражување на јавното мислење досега спроведено за справување со глобалното затоплување.
Резултатите од истражувањето исто така покажуваат дека зачувувањето на шумите и земјиштето се најпопуларното решение за решавање на ова прашање. Околу 1,22 милиони испитаници во 50 земји во кои живеат повеќе од половина од глобалното население учествуваа во анкетата. Организаторите, Програмата за развој на ОН и Универзитетот Оксфорд, дистрибуираа прашања преку реклами во апликации за мобилни игри помеѓу октомври и декември минатата година. Учествуваа луѓе од различни пол, возраст и образование, но скоро половина од нив - 550.000 - беа на возраст од 14 до 18 години.

Како против климатските промени со зголемена употреба на фосилни горива?


„Загриженоста за климатските вонредни состојби е далеку пораспространета отколку што знаевме порано“, рече Стивен Фишер, социолог од Универзитетот во Оксфорд. Во истражувањето, 64 проценти од испитаниците сметале дека зголемувањето на температурите е итен случај, што бара итни одговори. Кај помладите луѓе, бројката достигна скоро 70 проценти. Акциите што испитаниците имаат тенденција да ги фаворизираат кога станува збор за справување со климатските промени, до одреден степен, зависат од тоа каде живеат луѓето. Но, најпопуларното решение меѓу понудените е заштита на шумите и природните живеалишта.

Шефот на унгарската дипломатија во посета на Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска ќе престојува во Киев во официјална посета на Украина. Посетата како што е објавено во Будимпешта се остварува на покана на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба. Односите меѓу Украина и Унгарија се влошија по усвојувањето на украинскиот закон за образование есента 2017 година.

Унгарија прва во ЕУ ја одобри руската вакцина „Спутник V“

Унгарија ги блокира состаноците на Комисијата НАТО-Украина, тврдејќи дека правата на Унгарците што живеат во Украина се повредени со одредбите на законот, со кој се утврдува дека службениот јазик, украинскиот, треба да биде наставен јазик во образовните институции. Покрај тоа, за време на локалните избори во есента 2020 година, унгарските власти при посетата на регионот Закарпатија водеа кампања за украинската етничка унгарска партија КМКСЗ која Киев ја стави на таканаречената забранета листа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG