Достапни линкови

Вести

Иванов: Народот го виде правото лице на Заев

Ѓорге Иванов

Kога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока, вели поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов во врска со изјавите дадени од страна на премиерот Зоран Заев во интервју за бугарски медиум.

„Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува”, пишува поранешниот претседател во обраќање на социјалните мрежи.

Според него, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставот на Заев

„Вчера македонскиот народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен „искусен политичар“ вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика“, вели Иванов и додава дека во секоја демократска земја, во секоја земја членка на НАТО и ЕУ, за вакви изјави, паѓа владата.

види ги сите денешни вести

Нови 227 заразени со ковид, вкупно 16 лица починале

Тестирање за Ковид-19

Регистирани се 227 нов случаи на заразени со ковид 19, од направени 2.595 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Скопје има 128 новозаразени, Куманово – 15, Прилеп – 12, Штип – 11, Крива Паланка – 9, Кавадарци – 8, Битола и Свети Николе – по 6, Охрид, Струмица и Неготино – по 5, Велес и Пробиштип - по 4, Тетово – 3, Гевгелија – 2, Кочани, Радовиш, Делчево и Виница – по 1.

Регистрирани сe 111 оздравени пациент.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 15 починати лица: 6 починати лица од Скопје на возраст од 64 до 76 години, (по едно починато лице од Прилеп (79г), Битола (88г), Велес (72г), Кавадарци (63г), Охрид (82), Штип (69г), Крива Паланка (41г), Пробиштип (86г), и Кратово (66). Од пријавени лица 14 се починати во болнички услови,а само едно лице е починато дома.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавено е уште 1 починато лице, со датум на смрт од 23.10.2021 година. Починатотот лице е на возраст од 82 години, од Охрид, починато во домашни услови.


Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.766, бројот на оздравени пациенти е 186.322, на починати е 7.051, а бројот на активни случаи изнесува 6.393. Повеќе од половина активни случаи се во Скопје- 3267.

Раст на заразени и починати од ковид во Србија, најава за построги мерки

Во Србија во изминатите 24 часа како последица на ковид починале 61 лице, со што бројот на починати од почетокот на пандемијата се искачи на 9.509, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во земјата се регистрирани 5.733 нови случаи на заразени со ковид-19, од направени 17.354 тестирања.
На болничко лекување се наоѓаат 6.724 пациенти, од кои 289 на респиратор.

Од почетокот на пандемијата вирусот е потврден кај 1.098.209 лица.

Од Кризниот штаб најавуваат можност за проширување на рестриктивните мерки, односно ќе предложат ковид сертификатите да важат на повеќе места, како трговски центи и поголеми собири.

„Мора да застанеме и да размислиме дали е нормално да се организираат свадби, журки и прослави во време кога имаме висок тренд на новозаразени и починати“, изјави епидемиолот и член на Кризниот штаб Бранислав Тиодоровиќ.

Од 23 октомври во Србија се неопходни ковид сертификати за влез и престој во затворениот дел на сите угостителки објекти – ресторани, кафетерии, барови и ноќни клубови, секој ден од 22 часот до крајот на работно време.

Ковид сертификатот е потврда за примена втора или трета доза на вакцината не постара од седум месеци. Иста така се признава и негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, негативен антигенски тест кој е валиден 48 часа или потврда за прележаност на ковид не постара од седум месеци. Донесена е и одлука ако лицето поседува тест за антитела, но тестот да не биде постар од три месеци и да не направен во државна лабораторија.

Претседателот на Уганда смета дека експлозијата во главниот град е терористички чин

Местото на експлозијата

Претседателот на Уганда Јовери Мусевени денеска ја нарече „терористички чин“ експлозијата во која загина едно лице, а повеќе беа повредени во главниот град Кампала.

„Изгледа дека се работи за терористички чин, но ние ќе ги најдеме сторителите“, напиша Мусевени на Твитер, наведувајќи дека има еден загинат и петмина повредени.

Експлозијата се случи синоќа околу 21 часот, во квартот Кавемпе во северниот дел на Кампала каде што се наоѓаат популарните ресторани. Полицијата синоќа соопшти дека се испитува дали се работи за намерно подметната експлозија.

Мусевени вели дека му е пренесено дека три лица оставиле пакет на тоа место, кој после тоа експлодирал.

Претседателот изјави дека граѓаните не треба да стравуваат и дека ќе излезе на крај со тој криминален чин, како што правел и претходно.

Во Уганда на сила е полициски час од 19 часот поради коронавирусот, но не се спроведува еднакво насекаде.

Екстремистичката организација Исламска држава на 8 октомври ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад врз полициски пункт во Кавемпе, каде што се случи и синоќешната експлозија.

Велика Британија и Франција тогаш предупредија дека треба да се биде внимателен на местата со голема посетеност и на јавните места, како ресторани, барови и хотели во Уганда.

Руски и кинески бродови со заеднички патроли во Тихиот Океан

Руски брод

Руски и кинески воени бродови ги организираа првите заеднички патроли во западниот дел на Тихиот Океан од 17 до 23 октомври, соопшти руското Министерство за одбрана.

Москва и Пекинг, кои претходно овој месец организираа вежби за поморска соработка во Јапонското Море, во последните години одржуваат блиски воени и дипломатски врски, во момент кога нивните односи со Западот се влошени.

Поморските маневри внимателно ги следи Јапонија, која претходно оваа недела соопшти дека група од 10 бродови од Кина и Русија пловеле низ Теснецот Цугару, кој го дели главниот јапонски остров Хоншу од северниот остров Хокаидо.

„Група бродови првпат помина низ Теснецот Цугару како дел од патрола“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

„Задачи на патролата биле демонстрација на руското и кинеското државно знаме, одржување на мирот и стабилноста и во азиско-пацифичкиот регион и грижа за субјектите на поморската економска активност на двете земји“, додаваат од руското Министерство.

Теснецот се смета за меѓународни води.

Земјотрес со магнитуда од 6,5 го погоди Тајван, една жена повредена

Архивска фотграфија - Тајван, 2019

Земјотрес со магнитуда од 6,5 денеска го погоди североисточниот дел на Тајван и предизвика одрони на камења кои повредија една жена, а едно возило е оштетено, соопштија властите.

Нема пријавени жртви и засега нема информации за поголема штета.

Жителите пријавиле дека почувствувале силно тресење во главниот град Тајпеј.

Тајванските служби констатирале земјотрес со магнитуда 6,5, додека Американскиот геолошки институт проценил 6,2. После главниот потрес имало уште еден помал со магнитуда 5,4.

Потресот траеше околу 30 секунди, зградите во главниот град Тајпеј се нишаа, а подземната железница и другите служби за јавен превоз кратко време биле во прекин.

Земјотресите во Тајван се честа појава.

Осум сирачиња умреле од глад во Кабул

Авганистан - пронајдени деца изгладнети до смрт

Политички лидер на етничките Хазари и поранешен пратеник во авганистанскиот парламент рече дека осум сирачиња, кои умреле од глад, биле пронајдени во западниот дел на Кабул.

Во изјавата објавена на Фејсбук денеска, Мохамад Мохакик вели дека децата умреле пред околу една недела. Тој вели дека биле погребани од локалниот свештеник и жителите во населбата каде што биле пронајдени.

Свештеникот рекол дека најстарото дете имало 8, а најмалото 1,5 години.

„Тие немале никого“, рекол тој.

„Нивните родители се мртви, а немаат блиски роднини“, рекол локалниот свештеник.

Авганистанската влада предводена од талибанците сè уште не се огласила за случајот.

Обединетите нации предупредија дека Авганистан се соочува со голема хуманитарна криза, вклучително и со масовно гладување, ако наскоро не биде овозможена хуманитарна помош. Агенциите на ОН велат дека со приближувањето на зимата, околу 18 милиони Авганистанци очајно имаат потреба од храна и засолниште.

Многумина Авганистанци се потпираа на меѓународната помош во изминатите две децении, но таа во голема мера беше запрена откако талибанците ја презедоа власта во август годинава.

Западните земји исто така замрзнаа околу 9,4 милијарди долари од девизните резерви на Авганистан кои беа во странски банки пред талибанците да ја преземат власта.

Талибанците предупредија дека тешката економска состојба во Авганистан може да предизвика поплава од бегалци кои ќе сакаат да го напуштат Авганистан доколку тие средства не се одблокираат.

Талибанскиот министер за надворешни работи вчера се сретнал со шефот на Мисијата за помош на ОН во Авганистан. Било договорено хуманитарната помош да се зголеми.

Кај меѓународната заедница, но и кај Авганистанците, има голем сомнеж дека талибанците ќе ја дистрибуираат помошта праведно. Особено стравување има кај етничките Хазари, Таџици и туркменски малцинства кои со години војуваа против талибанците.

Самопрогласената влада на талибанците сè уште не е официјално признаена од ниедна земја како легитимна влада на Авганистан.

МВР негира дека полициски функционери планирале да малтретираат гласачи

МВР зграда

Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, реагираат од МВР по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше решено дека полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на луѓе за изборите.

„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во кој било друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, се наведува во соопштението на МВР.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на прес-конференција рече дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група. Според ВМРО-ДПМНЕ во групата имало над 40 полицајци.

Од МВР велат дека започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите.

Од СДСМ се оградуваат од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори.

„СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори“, реагираат од партијата.

Маратонот во Вухан откажан поради ковид-19

Вухан, Кина

Маратонот во Вухан, кој требаше да биде одржан денеска, е откажан во последен момент, поради загриженост од порастот на бројот на случаи на коронавирус во Кина во пресрет на Зимските олимписки игри 2022 во Пекинг.

Кина во неделата регоистрира 26 нови случаи на коронавирус, на нешто повеќе од 100 дена од почетокот на Игрите.

Властите се обидуваат да го спречат ширење на инфекцијата со масовно тестирање и таргетирани затворања.

Поради порастот на бројот на случаи, организаторите на маратонот во Вухан, градот каде што прво беше забележан новиот вирус кон крајот на 2019 година, во соопштението од пред неколку дена наведоа дека натпреварот се одложува за да „се спречи ризик од ширење на епидемијата“.

На маратонот и полумаратонот во градот беше предвидено учество на 26 илјади натпреварувачи, објавија државните кинески медиуми. Организациониот одбор наведе дека на натпреварувачите ќе им ги врати трошоците за регистрација.

Кина драстично го намали бројот на инфекции, благодарение на масовната кампања за тестирање и строгото затворање на границите.

Олимписките игри во Пекинг треба да почнат на 4 февруари, а организаторите на почетокот на овој месец признаа дека се „соочени со голем притисок“ поради ковид-19.

ВМРО-ДМПНЕ: Полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на граѓани за изборите

Драган Ковачки, ВМРО-ДПМНЕ

Злосторничката групација составена од полицајци на Зоран Заев и Оливер Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања, рече денеска на прес-конфернеција членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Тој вели дека информациите им ги доставиле загрижени полицајци вработени во МВР кои не сакале да учествуваат повеќе во истата злостoрничка група.

„Полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз. Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители“, рече Ковачки на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека за изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Ковачки посочи дека во групата членувале високи полициски функционери од Прилеп и од седиштето на МВР во Скопје.

„Земете му ја колата и убијте го, направете нешто“, гласи една од пораките во групата, што ја прочита Ковачи.

Тој цитираше и повеќе пораки што се разменувале во групата, во кои, како што рече, имало наредба за шиканирање, малтретирање, одземање на возило за политички причини, и наредба за нанесување на физички повреди и убиство.

Брнабиќ – Беше планиран атентат врз Вучиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека бил планиран атентат на претседателот Александар Вучиќ на откривањето на споменикот на Стефан Немања на 27 јануари годинава во Белград.

„Планирано е долго и детално. Формирани се паралелни структури во Министерството за внатрешни работи и водени се кампањи во тајкунските медиуми, кои ги пренесуваа и медиумите во регионот, за да го демонизираат Вучиќ и од него и од неговото семејство да направат криминален клан“, рече денеска таа за телевизија Пинк.

Премиерката на Србија не наведе детали и не кажа зошто обвинителството не покренало постапка против одговорните.

Таа рече дека надлежните служби се занимаваат со тие случаи и оти нема да има заштитени, без оглед на „име и презиме, функција и партиска припадност“.

Таа рече дека наводите за прислушување на Вучиќ и аферата Јовањица биле „обид за државен удар“.

Обвинителството за организиран криминал во јануари отвори предистражна постапка поради неовластеното прислушување на претседателот Вучиќ. Тој рече дека сомнежот е дека го прислушувале домашни служби.

За аферата со прислушување се поврзуваше името на поранешната државна секретарка во српското Министерство за надворешни работи Дијана Хркаловиќ, која беше уапсена на 15 октомври.

Аферата Јовањица беше отворена во ноември 2019 година, кога полицијата во земјоделски комбинат за органска храна, чиј доминантен сопственик е Предраг Колувија, пронајде 1,6 тони марихуана.

Меѓу обвинетите за случајот има и припадници на полицијата, Безбедносно информативната агенција и Воено разузнавачката агенција, кои се обвинети дека го штителе Колувија.

Опозицијата и дел од медиумите тврдат дека највисоките државни функционери биле поврзани со Јовањица. Властите ги негираат тие наводи.

Се преговара за дозвола косовските боксери да се натпреваруваат во Србија

Меѓународната аматерска боксерска асоцијација соопшти дека е во преговори со Српската боксерска федерација за Белград да им дозволи на косовските боксери да влезат во земјата и да се натпреваруваат на Светското првенство. Годинава Србија е домаќин на Светското првенство во бокс, кое се одржува од 24 октомври до 6 ноември.

Косовскиот олимписки комитет доцна на 23 октомври соопшти дека на нивните спортисти двапати им била одбиена дозволата да ја преминат границата од српските власти.

Во објава на Фејсбук, Косовскиот олимписки комитет соопшти дека неговиот тим првпат бил вратен назад поради носење на националните симболи на Косово. Во објавата се наведува дека тимот се вратил во Приштина, а потоа направил уште еден обид да премине во Србија без симболите, но повторно им бил забранет влез.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Косово досега го признаа околу 100 држави, но владата во Белград се уште смета дека е дел од Србија.

Меѓународната аматерска боксерска асоцијација соопшти дека се обидува да ја „поправи ситуацијата“ преку своите контакти со Српската боксерска федерација.

„Косовската боксерска федерација е полноправна членка на Меѓународната асоцијација од ноември 2014 година и се очекува да присуствува на Светското првенство во бокс за мажи“, се наведува во соопштението. Во него се додава дека очекуваат делегацијата на Косово да не се третира поинаку од која било друга делегација членка на Меѓународната асоцијација.

Во соопштението се вели дека во светот на боксот нема граници и дека сите спортисти мора да добијат фер шанса да се натпреваруваат и да ги покажат своите најдобри способности во рингот. Понатаму стои дека спортот има за цел да ги обедини луѓето и треба да биде ослободен од националната политика.

Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала-Шварц и министерот за спорт Хајрула Чеку му пишале на српскиот министер за спорт Вања Удовичиќ за развојот на настаните. Косовските власти велат дека „силно ја осудуваат“ акцијата на Србија, која според нив е „нефер и под политичко влијание“ и ја повикаа Србија да им даде право на нивните спортисти да се натпреваруваат.

САД ја повикаа Северна Кореја да престане со ракетните проби

Специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Сунг Ким и Но Кју-дук, специјален претставник на Јужна Кореја за прашања за мир и безбедност на Корејскиот Полуостров, 24 октомври 2021.

Американскиот пратеник задолжен за севернокорејски прашања Сунг Ким денеска ја повика Северна Кореја да прекине со најновата серија на ракетни проби и да се врати на преговорите. Повикот доаѓа откако Пјонгјанг изведе прво подводно лансирање на балистички ракети во последните две години.

Сунг Ким ова го изјави по состанокот со претставници на Јужна Кореја со кои разговарал за неодамнешните ракетни проби на Северна Кореја, кои се случуваат во време додека дипломатските односи меѓу Вашингтон и Пјонгјанг се во застој.

„Ја повикуваме Демократска Народна Република Кореја да прекине со овие провокации и другите дестабилизирачки активности и наместо тоа да се ангажира во дијалогот“, изјави Сунг Ким.

Тој додаде дека САД се подготвени да се сретнат со претставници на Северна Кореја без предуслови и дека јасно ставиле на знаење дека немаат непријателски намери кон Северна Кореја.

Северна Кореја на 19 октомври лансираше нова балистичка ракета од подморница, тоа беше петти круг на проби во последните неколку недели.

Претседателски избори во Узбекистан

Узбекистан- Гласачко место во Ташкент

Во Узбекистан денеска се одржуваа претседателски избори на кои се очекува актуелниот претседател Шавкат Мирзијоев да добие втор мандат, со оглед на тоа што нема на опозициски кандидати.

Мирзијоев се соочува со четворица малку познати кандидати кои главно се провладини. На три опозициски партии не им беше дозволено да се пријават или да имаат кандидати во трката за претседател.

Ова се шести претседателски избори во Узбекистан откако земјата со околу 35 милиони жители ја стекна својата независност од поранешниот Советски Сојуз во 1991 година.

Мирзијоев се бори да се спротивстави на впечатоците дека неговата влада се враќа назад на авторитарните навики на неговиот долгогодишен претходник, Ислам Каримов.

Мирзијоев навистина ја отвори најнаселената држава во Централна Азија за странски инвестиции, ги подобри односите на Узбекистан со соседите и ги олесни ограничувањата на верските слободи од времето на Каримов, а исто така ослободи десетици политички затвореници.

Но, како и неговиот претходник, Мирзијоев практикува практично неограничена политичка моќ во Узбекистан, а неговите роднини се обвинети дека го користат неговото политичко влијание за да се збогатат.
Пандемијата со ковид-19, исто така засени некои од неговите првични економски достигнувања, оти предизвика поголема невработеност и нагло зголемување на трошоците за живот.

Тој, исто така, се најде на удар на критиките за начинот на сузбивање на неговите критичари и активисти пред изборите.

Според Централната изборна комисија на Узбекистан, околу 21,25 милиони гласачи имаат право на глас.

Претседателските избори ги следат околу 970 странски набљудувачи.

САД - Анкара да даде објасување за протерувањето дипломати

Амбасада на САД во Анкара.

Стејт департментот бара од Анкара да разјасни зошто турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара да се прогласат амбасадори на 10 држави за персона нон грата, меѓу кои и шефот на дипломатската мисија на САД.

Претходно, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли ги оквалификува акциите на Турција како авторитарна тенденција.
Вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да прогласи 10 амбасадори за „персона нон грата“, вклучително и оние од САД, Германија и Франција, поради нивниот повик за ослободување на турскиот филантроп Осман Кавала.

Во понеделникот, амбасадите на десет земји објавија соопштенија на социјалните медиуми, во кои побараа ослободување на Кавала, велејќи дека тековниот процес против него и неговото апсење фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција.

Кавала, соработник на бројни граѓански групи, е во затвор четири години, обвинет за финансирање протести низ целата земја во 2013 година и за вмешаност во неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој остана во притвор додека трае неговото последно судење и ги негира обвиненијата.
Во заедничката изјава на 18 октомври, амбасадорите на Канада, Данска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска, Нов Зеланд и САД повикаа на праведно и брзо решавање на случајот на Кавала и за негово „итно ослободување“.

Временска прогноза – облачно и посвежо

Облачно време

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен ветер од северен и северозападен правец, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Максималната температурата ќе достигне во 18 степени. Во Скопје слично време со максимална температура до 15 степени.

Од утре времето ќе биде стабилно и без дожд, но температури ќе бидат под просекот за овој период од годината. Кон средината на неделата се очекува зголемена облачност со услови за локален дожд.

Ердоган - Десет амбасадори, меѓу кои на САД, Германија и Франција, да се прогласат за „персона нон грата“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да прогласи 10 амбасадори за „персона нон грата“, вклучително и оние од САД, Германија и Франција, поради нивниот повик за ослободување на турскиот филантроп Осман Кавала.

Во понеделникот, амбасадите на десет земји објавија соопштенија на социјалните медиуми, во кои побараа ослободување на Кавала, велејќи дека тековниот процес против него и неговото апсење фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција.

Амбасадорите на САД, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд во вторникот беа повикани да дадат објаснување во турското Министерство за надворешни работи. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го оцени како „недозволив“ нивниот повик за поддршка на Кавала.

„Му дадов налог на нашиот министер за надворешни работи. Побарав да ги прогласи овие 10 амбасадори за персона нон грата што е можно поскоро“, истакна Ердоган во градот Ескишехир.

Осман Кавала првично беше уапсен во врска со протестите за паркот Гези во 2013 година, но подоцна обвиненијата против него беа проширени за шпионажа и обид за соборување на владата за време на неуспешниот државен удар во 2016 година. Тој се наоѓа в затвор без пресуда, иако Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година донесе одлука за негово ослободување.

Нови 482 заразени со ковид, вкупно 17 починати

Во последните 24 часа регистрирани се 482 нови слуачи на позитивни на ковид-19 од направени 4.151 тестирање, соопшти Министерство за здравство. Министерството информира и дека се одздравени 280 пациенти, а пријавени се 12 починати лица во изминативе 24 часа.

Во Скопје се регистрирани 194 случаи, Велес – 50, Куманово – 28, Кочани – 26,Кавадарци – 23, Прилеп и Штип – по 20, Битола – 19,Тетово – 13, Струмица и Крива Паланка – 11, Свети Николе – 10, Пробиштип – 9, Охрид – 7, Гевгелија и Берово – по 5, Кичево и Ресен – по 4, Гостивар и Македонска Каменица – по 3, Струга, Неготино, Радовиш, Виница, Кратово и Демир Хисар – по 2, Делчево, Богданци, Крушево, Пехчево и Дојран – по 1 случај.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 12 починати лица: 6 починати лица од Куманово (89г, 85г, 71г, 71г, 58г и 52г), 4 починати лица од Прилеп(85г, 77г, 68г и 61г) и по едно починато лице од Кавадарци (69г) и Велес (62г). Од пријавени лица 11 се починати во болнички услови,а само едно лице е починато дома.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се уште 5 починати лица, со датум на смрт од 12.10.2021 до 23.10.2021 година. Регистрирани се 2 починати лица од Скопје, 2 починати лица од Битола и едно лице од Крива Паланка, на возраст од 81 до 41 години. Од пријавени лица, тројца се починати во домашни услови, а две лица се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.539, бројот на оздравени пациенти е 186.211, на починати е 7.036, а бројот на активни случаи изнесува 6.292.

Саудиска Арабија со план за нула штетни гасови до 2060

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Саламан

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Саламан, денеска изјави дека имаат за цел да ја намалат емисијата на штетни гасови за да постигнат нула емисии до 2060 година. Саудиска Арабија е најголемиот извозник на нафта во светот.

За да ја постигне целта Саудиска Арабија ќе се обиде годишно да намалува емисија на јаглерод за речиси 280 милиони тона, пренесува агенцијата Ројтерс, тоа е повеќе од дупло од сегашната емисија на 130 тона јагледор.
Снимката со пораката на принцот е објавена на состанокот на Зелената иницијатива на Саудиска Арабија, кој се одржува една недела пред Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени.

Конференцијата на ОН треба да се одржи во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември. Целта на конференцијата е да се постигнат меѓународни договори за намалување на емисиите на штетни гасови како одговор на глобалните климатски промени.
Обединетите Арапски Емирати, вториот по големина извозник на нафта во светот, претходно овој месец, објави план за постигнување нулта емисија на штетни гасови до 2050-та година.

Истрага за наставникот што тепал ученик во скопско училиште

Илустрација

Снимка на која се гледа како наставник удира ученик и потоа со двете раце го подигнува од земја па го спушта, се појави на социјалната мрежа „ТикТок“. На социјалната мрежа се наведува дека станува збор за настан во скопското основно училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел.

Директорката на училиштето Ќамуран Реџа во изјава за медиуми вели дека за судбината на наставникот ќе реши дисциплинска комисија. Таа вели дека настанот го пријавила во полиција и дека нема да толерира насилство во училиштето. Од МВР пак рекоа дека случајот е пријавен преку телефон, но деа треба да се пријави и во полициска станица за да се направи записник.

Случајот ќе го истражува и Државен просветен инспекторат.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи Димитриевски во Куманово, Заев за Тетово остава да одлучат гласачите

Локални избори 2021

ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од изборите онаму каде што нема свои кандидати или кандидати за градоначалници од Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои и претходно ги поддржуваше, ќе ги поддржи кандидатите кои се опозиција на власта.

„Ние нема да кажуваме во тие места дека гласовите ги имаме во џеб или се наша сопственост и нема да ги третираме граѓаните како да ги имаме кај себе, како што тоа го прави СДСМ, но воедно повикуваме слободоумно и отворено да излезат и да ги поддржат кандидатите на тие места кои искрено се борат против власта“, се наведува во тој од прогласот донесен денеска на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од прогласот прочита денеска потпретседателот на партијата, Александар Николоски.

На новинарско прашање дали поддршка важи и за Максим Димитриевски во Куманово, Николоски рече дека поддршката важи и за Куманово.

„Секаде каде има кандидати кои се борат против власта, така е и во Куманово, поддршката од ВМРО-ДПМНЕ оди за тие кандидати“, рече Николоски.

Претходно лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека во општините каде СДСМ нема свој кандидат, ќе поддржат кандидат од коалицијата. Во случајот на Тетово, пак, каде што и двајцата кандидати во вториот круг се од партии коалициони партнери на СДСМ, остава гласачите да го имаат последниот збор.

На Болдвин му било речено дека пиштолот е безбеден

Актерот Алек Болдвин

На актерот Алек Болдвин во раце му бил даден пиштол реквизит за кој му било речено дека е безбеден и дека во него нема вистински куршуми, што подоцна се покажа неточно и резултираше со смрт на директорката ан фотографија, а беше ранет режисерот, соопштува полицијата.

Помошникот режисер кој му го дал пиштолот на Болдвин во раце, не знаел дека во него има вистински куршуми, пишува во извештајот на полицијата.

Болдвин на снимањето на филмот „Рѓа“ ја усмрти директорката на фотографија Налина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза кога пукал од пиштолот реквизит. Хачинс починале во болница, а Соуза е пуштен на домашно лекување.

Актерот изјавил дека е во шок од тоа што се случило и дека во целост соработува со полицијата.

Тој на Твитер пишува е срцето му е скршено поради она што се случило.

Локалниот шериф вели дека не е поднесена кривична пријава и дека истрагата е во тек. Болдвин доброволно дал изјава на полицијата.

Судија во Санта е издал налог за претрес на филмскиот сет, на оружјето, камерите и документите.

Пиштолот со кој пукал Болдвин бил еден од трите што ги имале, а му го предал помошникот режисер.

„Кога му го дал пиштолот, рекол дека е безбеден и дека нема куршуми во него“, се наведува во полицискиот извештај.

СДСМ ќе го поддржи Рамиз Мерко, Заев вели се поправил

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во општините каде кандидатите на коалициските партнери на социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017.

„Во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери“, изјави Заев од Охрид.

На новинарско прашање зошто ќе го поддржат Мерко во Струга кога неодамна изјави дека е разочаран од него, Заев вели дека имало промена во работата.

Тој вели дека Мерко почнал со активности кои значеле рамномерно урбано развивање на градот и населените места без разлика дали таму живеат Македонци, Албанци, Торбеши или други.

Во интервју за Радио Слободна Европа минатата година, Заев рече дека „се изгореле“ со поддршката на Мерко на локалните избори во 2017 година.

МНР ќе истражува дали преку дипломатска пошта се испраќале алкохол и цигари

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи издало насока на службите да ја прегледаат целата документација, да ги проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва со цел откривање на фактичката состојба, откако вчера порталот МКД.МК објави дека наместо дипломатска пошта во камиони се носеле цигари и пијалаци.

„Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба. Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите. Иако нема потврда за постоење на ваков случај, Министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука, Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавност“, велат од МНР.

Порталот МКД.МК вчера објави дека камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци.

Повикувајќи се на свои извори, порталот МКД.МК објави дека возачот покажал документи кои потврдувале дека се превезува дипломатска пошта, но бидејќи нешто не се совпаѓало во документацијата бил активиран граничен скенер, а потоа бил извршен и претрес.

„Наместо дипломатска пошта (која може да значи од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање), големо количество цигари и алкохолни пијалаци биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи. Според нивните извори, камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија.

Таму сомнежот дека не се работи само за дипломатска пошта паднал кога скенерот прикажал многу шишиња, несоодветно количество за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува.

Македонското МНР бездруго е известено по дипломатски пат од италијанските власти, пишува МКД.МК, додавајќи дека сличен инцидент имало и летово исто така во Италија, но овој пат во контејнер на пристаништето Бриндизи со крајна дестинација Франција.

Хрватските граѓани од денеска без визи во САД

Хрватски пасош.

Хрватските граѓани од денеска може да патуваат во Соединетите Американски Држави без виза, соопшти Американската амбасада во Загреб.

„Дојде и тој ден! Честитки за Хрватска за официјалното придружување на Програмата за исклучок од визи“, наведе амбасадата на официјалната страница на Фејсбук.

Ова се однесува на туристички и бизнис-патувања во САД во траење до 90 дена.

Ова е важен чекор во понатамошното зацврстување на економската и безбедноста соработка на двете земји, порачуваат од Американската амбасада.

За некоја земја да влезе во Програмата за исклучување од визи мора да ги исполни критериумите за спроведување на законот, имиграцијата, сигурноста на документите, како и управувањето со границите, се наведува во соопштението.


Исто така, процентот на одбиени барања за виза мора да биде под 3 отсто, што Хрватска неодамна го исполни.

Само за уште три земји од ЕУ – Романија, Бугарија и Кипар, САД сè уште не ги укинале визите.

Се зголемува интересот за трета доза, вчера вакцинирани 4720 луѓе

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 6.830 дози вакцини, од кои 638 се аплицирани како прва доза, 1.472 се ревакцинирани, а 4.720 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 22 октомври вкупно се вакцинирани 801.326 граѓани, ревакцинирани се 769.356 а трета доза примиле 10.386 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Бројот на луѓе кои примаат трета доза се зголеми откако властите граѓаните кои се вакцинирани со „Синовак“ и „Синофарм“, да може да примат трета доза Фајзер три месеци по вакцинирањето.

Според податоците на Министерството за здравство 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG