Достапни линкови

Вести

Азербејџанската војска навлезе во отстапената ерменска област

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев

Азербејџанските трупи навлегоа во областа Калбачар откако беше предадена од Ерменија како дел од договорот со кој завршија шестнеделните борби околу отцепената област Нагорно- Карабах.

Азербејџан ја изгуби контролата над Калбачар за време на војната со Ерменија на почетокот на 90-тите години за време на распадот на Советскиот сојуз.

Калбачар беше стратешка врска помеѓу меѓународно признаената граница на Ерменија и подрачјата под контрола на Ерменците во спорниот регион Нагорно-Карабах. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ја обнови и заживее областа Калбачар.

Скоро 2.000 руски мировници се преселија во областа како дел од договорот за примирје, кој исто така ги обврза страните повторно да ги отворат своите граници за трговија, но не постави временска рамка за тоа.

види ги сите денешни вести

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице

Илустрација: Новинари

Во иднина нападот врз новинари нив ќе се третира исто како напад врз службено лице, a обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.

Дополнително, се воведуваат строги казни и за закана за напад врз новинари.
Маричиќ посочи дека Владата на денешната седница усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а ова беше големо барање на Здружението на новинари на Македонија.

Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Тој рече дека очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.

Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.

Осврнувајќи се на случајот „Јавна соба“, кога на апликацијата Телеграм се споделуваа интимни фотографии од жени и девојки, Маричиќ рече дека се воведуваат неколку нови кривични дела со кои ќе се обезбеди заштита на жените од сексуално и друг вид вознемирување.

Експлозија во комплекс хемиски фабрики во Германија, има загинати

Експлозија во комплекс хемиски фабрики во Леверкузен

Најмалку едно лице загина, а четири други се водат за исчезнати по експлозијата во индустриско-хемиски парк во западно германскиот град Леверкузен. Во инцидентот повредени се 16 лица.

„Длабоко сме тажни од оваа трагична несреќа и смртта на еден вработен“, се вели во соопштението на оперативната компанија на „Чемпарк“, додавајќи дека „напорите за спасување продолжуваат со полна брзина“ за пронаоѓање на четворицата преостанати работници.

Експлозијата предизвика тревога за „екстремна опасност“ и ги натера официјалните лица да ги повикаат жителите да се засолнат во затворени простории и да ги затворат прозорците.

Во индустрискиот парк Чемпарк се сместени неколку големи хемиски компании, вклучувајќи ги Баер и Ланксес.

Операторот соопшти дека експлозијата се случила во дел од локацијата каде што се согорува отпадот.

Сè уште не е јасно која е причината за експлозијата. Сликите кои беа споделени на социјалните мрежи покажуваат дека од индустрискиот парк излегува чад.
Полицијата во блискиот град Келн објави на Твитер дека затвора неколку автопати во областа Леверкузен поради „голема штета“.

Жителите на областа изјавија дека експлозијата можела да се слушне од голема оддалеченост, а некои велат дека нивните прозорци биле потресени од силината на експлозијата.

Македонскиот таеквондист Георгиевски со сребрен медал на Олимписките игри

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми на Олимписките игри во Токио

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски загуби во финалето на Олимписките игри во Токио. Тој во категоријата над 80 килограми беше поразен со 15:9 од претставникот од Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин.

Георгиевски го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4.

Заев: ЕУ кога ќе продолжи со процесот нека ни јави, продолжуваме со европеизација

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека земјата продолжува со европеизацијата дома и оти ги почитува правата на сите граѓани како коментар на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека во Македонија има системско нарушување на човековите права на граѓаните со бугарска самосвест и оти Скопје само мисли дека ги исполнува критерумите за членство во ЕУ.

„Јас реков, тоа е работа на ЕУ кога ќе одлучат да го продолжиме процесот нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде. Имаме сериозни процеси на агендата Европа дома која што значи унифицирање на Царинскиот тарифник, еве денеска на Владата е првата фаза па продолжуваат консултациите каде што сите царини ги изедначуваме на ниво на ЕУ. Тоа е дел од поглавјата, ние веќе го правиме. Во делот на унапредувањето на сите други аспекти во општествениот живот исто така секојдневно работиме, затоа што нашиот пат кон ЕУ всушност значи европеизација овде, на институциите на С.Македонија и на животот на граѓаните на земјава“, рече Заев.

Заев порача дека покажале почит на очиглед на целата јавност и тој се појавил на манифестации од бугарските здруженија кога бил поканет, а бил подигнат и споменик на полковникот Гаранвалиев.

„Дефинитивно мислам дека сме пример и било што претставува забелешка ние сме спремни овде да ја адресираме, но не може политички претставници да повикуваат и да зборуваат за политики и од тука да влечат заклучоци за одредени права или не. Дај да видам колку пати нивните политичари во Бугарија се појавиле на одредени манифестации на помалкубројни заедници во Бугарија. Јас, Пендаровски, Талат Џафери, министрите насекаде сме се појавувале на било кој регион во државата на било какви културно историски и традиционални манифестации, на одредени форуми, конференции… секојпат со респект и почит затоа што тоа се нашите граѓани, тие се граѓани на Република Северна Македонија. Така што најважно на кое што треба да се посветиме е да им овозможиме на младите, на децата, на сегашните генерации да не се мразат, да се сакаат, да се почитуваат, да си помагаат, да си соработуваат. Таа историја денеска што ја пишуваме е најважната историја“, истакна Заев.

Радев вчера на средба во Салцбург со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен, рече дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Заев претходно истакна дека Уставот на земјава ќе се отвори непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава, а не се наведени во највисокиот правен акт во државата.

Нови 39 случаи на Ковид-19, нема починати

Илустрација

Во последните 24 часа се направени 3.839 тестирања, а регистрирани се 39 нови случаи на Ковид-19. Од нив во Тетово- 14, Скопје- 12, Гостивар- 5, Куманово- 4, Кичево- 2, и Битола и Валандово по 1. Регистрирани сe 12 оздравени пациенти и нема починати.

Досега во земјата се направени вкупно 959.456 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.124 бројката на оздравени пациенти е 150.307, на починати е 5.491, а бројот на активни случаи изнесува 326.

Пет работници исчезнати, неколку повредени во експлозијата во Германија

Експлозијата во фабрика за хемикалии во Германија

Петмина работници се водат за исчезнати, а неколку се повредени, при што дел од нив се наоѓаат во сериозна состојба, во експлозија во фабрика за хемикалии во градот Леверкузен во западна Германија, соопшти оперативната компанија на индустриско хемискиот парк.

Експлозијата предизвика тревога за „екстремна опасност“ и ги натера официјалните лица да ги повикаат жителите да се засолнат во затворени простории и да ги затворат прозорците.

Во индустрискиот парк Чемпарк се сместени неколку големи хемиски компании, вклучувајќи ги Баер и Ланксес. Експлозијата, според соопштението, се случила во дел од локацијата каде што се согорува отпадот. Се уште не е јасно која е причината за експлозијата.

Сликите кои беа споделени на социјалните мрежи покажуваат дека од индустрискиот парк излегува чад. Полицијата во блискиот град Келн објави на Твитер дека затвора неколку автопати во областа Леверкузен поради „голема штета“. Жителите на областа изјавија дека експлозијата можела да се слушне од голема оддалеченост, а некои велат дека нивните прозорци биле потресени од силината на експлозијата.

Вакцинирани вкупно 465.967 граѓани

Вакцинација во рурални средини. Илустрација.

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, како што се наведува, вакцинирани се вкупно 495.967 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 5.650 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 18.149 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 847.336 дози вакцини, а ревакцинирани се 351.369 граѓани.

Со последните бројки 63 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

„Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба“, се наведува во соопштението.

Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.

Заев: Локалните избори на 17 октомври

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека датумот на локалните избори останува 17 октомври согласно Изборниот законик. Според него, поклопувањето на пописот со изборната кампања нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши.

„Датумот според предлогот од работните групи во коишто учествуваат сите политички партии е 17-ти. Односно нема промени на датумот којшто е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано и тоа што ќе остане последните три дена затоа што е дефиниран по законот од 1 до 30 септември, а не е од 5 до 25 како што беше прво проектирано, значи има доволно време така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите“, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Стајковци.

Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи. Запрашан за можна коалиција со БЕСА, Заев рече дека со сите коалициски партнери ќе имаат некаков вид коалиција заради спецификата на локалните избори, но во вториот круг.

„Во вториот круг кога граѓаните ќе одлучат на кој ќе му дадат шанса да влезе во вториот круг тогаш е логично коалициските партнери на централно ниво да се поддржиме меѓу себе. Така што логично е дека двајца кандидати влегуваат во вториот круг и секако ќе си ја дадеме поддршката едни на други“, рече премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери месецов или најдоцна на почетокот на август треба да ги распише локалните избори. Ова ќе бидат седми локални избори по осамостојувањето на Македонија.

Експлозија во индустриско хемиски парк во Германија

Експлозија во индустриско хемискиот парк Чемпарк во Германија.

Експлозија во индустриско хемиски парк во Леверкузен во западна Германија, предизвика тревога за „екстремна опасност“ и ги натера официјалните лица да ги повикаат жителите да се засолнат во затворени простории и да ги затворат прозорците.

Во индустрискиот парк Чемпарк се сместени неколку големи хемиски компании, вклучувајќи ги Баер и Ланксес. Операторот на паркот Авермента, изјави дека експлозијата се случила во дел од локацијата каде што се согорува отпадот. Се уште не е јасно која е причината за експлозијата.

Сликите кои беа споделени на социјалните мрежи покажуваат дека од индустрискиот парк излегува чад. Полицијата во блискиот град Келн објави на Твитер дека затвора неколку автопати во областа Леверкузен поради „голема штета“.

Не е јасно ни дали има повредени во инцидентот. Жителите на областа изјавија дека експлозијата можела да се слушне од голема оддалеченост, а некои велат дека нивните прозорци биле потресени од силината на експлозијата.

Филипче: Мал процент на ревакцинирани лица заболени од Ковид-19

Вакцинација Ковид-19.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави дека процентот на заболени лица кои се ревакцинирани е мал и изнесува околу 0,02 проценти. Според него, од вкупно 330 илјади ревакцинирани, 92 пациенти се заболени од Ковид-19, што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината. Тој порача и дека вакцинирањето е единствен начин да се смени сликата за пандемијата.

„Значи следниот период очекуваме да до крајот на август сите 500 илјади кои се вакцинирани со една доза бидат ревакцинирани“, изјави денеска Филипче во одговор на новинарско прашање по настанот на Клиниката за ортопедија.

Филипче посочи дека добро се одвива и теренската вакцинација, при што околу 200 илјади лица се вакцинирани од почетокот до сега. Тој напомена дека во август ќе продолжат со интензивна кампања и со теренската вакцинација, но и по повиците во рамки на Министерството за образование и наука да бидат вакцинирани вработените во училиштата и градинките, затоа што, како што рече, тоа се најкритичните и најбитните сектори за да почнат градинките и училиштата нормално да работат од месец септември.

Тој истакна и дека засега не планираат да воведат никакви рестриктивни мерки, ниту на границите, ниту во рамките на организација на настани, масовно присуство и така натаму.

„Размислуваме дали е потребно нешто да се направи во есенските месеци почнувајќи од месец септември, средината на септември или почетокот на октомври, а размислувањата одат во правец на тоа дали треба да се прави некаква рестрикција во однос на граѓаните кои не се вакцинирани“, истакна Филипче.

Министерот за здравство информираше дека нема нови заразени со Делта сојот.

САД сакаат конструктивна врска со Кина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека е посветен на градење на конструктивна врска со Кина и на работење на заедничките предизвици во услови кога односните меѓу двете земји се на најниско ниво во последните неколку децении. Администрацијата на претседателот Џо Бајден го нарече ривалството со Пекинг „најголемиот геополитички тест“ во овој век.

„Јас сум посветен на спроведувањето на конструктивни, стабилни односи со Кина, вклучително и посилни кризни комуникации со Народноослободителната армија“, рече Остин за време на посетата на Сингапур.

Остин не беше во можност да разговара со ниту еден висок кинески официјален претставник и покрај постојаните обиди, откако стапи на функцијата во јануари. Заменик државниот секретар Венди Шерман, второрангираниот американски дипломат, пристигна во неделата во северниот кинески град Тијанџин.

Кинескиот заменик министер за надворешни работи Кие Фенг и соопштил на Шерман дека главната причина за тензиите во односите меѓу САД и Кина е тоа што некои Американци ја третираат Кина како „замислен непријател“

„Големите сили треба да моделираат транспарентност и комуникација“, рече Остин.

Остин се очекува да ги посети Виетнам и Филипините подоцна оваа недела за да ја нагласи важноста на сојузите.

Столтенберг: НАТО ќе продолжи да го поддржува Авганистан

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека разговарал со авганистанскиот претседател Ашраф Гани за да го увери дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува земјата, во услови кога напредокот на талибанците создава притисок врз владата во Кабул, поддржана од САД.

„Добро е што разговараме со претседателот Ашраф Гани денес. Безбедносната состојба во Авганистан останува длабоко предизвикувачка и бара решение со преговори", напиша Столтенберг на својот профил на Твитерт.

Тој порача дека НАТО ќе продолжи да го поддржува Авганистан, преку финансирање, цивилно присуство и обуки надвор од земјата.

Авганистан пред неколку дена воведе ноќен полициски час во обид да ја запре воената офанзива на талибанците. Милитантите зазедоа десетици области во земјата, како и клучен граничен премин од владините сили по почетокот на повлекувањето на странските војници на 1 мај.

САД, ЕУ и НАТО притоа ги повикаа талибанците да ја запрат воената офанзива и да се вклучат во мировните преговори. Преговорите почнаа во септември, но досега е направен мал напредок.

Во Албанија 21 случај на Делта сојот

Лица со заштитни маски во главниот град на Албанија, Тирана.

Раководителката на Одделот за епидемиологија, при Институтот за јано здравје и член на комитетот за справување со пандемијата со Ковид-19, Силва Бино изјави дека во Албанија се потврдени 21 случај заразени со Делта сојот. Од нив, како што наведе, осум се „увезени“, додека остатите се семејни кластери.

По две лица се заразиле во Велика Британија и Германија, додека по еден случај е од Чешка, Шпанија, Северна Македонија и Пакистан. Според неа, заразените се на возраст од 16 до 77 години, а девет се хосптализирани. Од заразените со Делта сојот, шест биле вакцинирани.

„Две од заразените лица биле вакцинирани во април во Велика Британја со Астра Зенека, две со една доза со Фајзер во Германија, два случаи се со две дози Коронавакс“, рече Бино.

Таеквондистот Георгиевски се пласираше во финале на Олимписките игри

Дејан Георгиевски

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски се пласираше во финалето на Олимписките игри во Токио. Тој во категоријата над 80 килограми го победи Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6.

Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4. Георгиевски за противник во финалето ќе го има претставникот од Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин.

Холанѓаните ги олеснуваат ограничувањата за патување во ЕУ

илустрација

Холандија соопшти дека ќе ги ублажи ограничувањата за ковид-19 за да дозволи патување во сите земји на Европската унија. Во исто време, властите соопштија дека ќе ја продолжат забраната за повеќедневни фестивали, кои се сметаат за премногу ризични. Од денеска, холандските препораки за патувања повеќе нема да се засноваат само врз стапката на инфекции што ги правеа одморите во Шпанија и Португалија практично невозможни, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Повеќе од половина од возрасните во ЕУ се целосно вакцинирани против коронавирусот

Одлуката е овозможена со релативно висока стапка на вакцинација од 50 насто во ЕУ и со контролирани стапки на зафатеност на болниците во Холандија, се вели во соопштението. Овој потег ги стави Холанѓаните во согласност со договорите за патување во ЕУ. Патниците на возраст од 12 и повеќе години ќе треба да дадат негативен резултат од тестот од 8 август кога ќе се вратат во Холандија од земја на ЕУ за која се смета дека има зголемен ризик од инфекција, се вели во извештајот.

Во Словенија следуваат ограничувања за невакцинирани

Словенија по вакцинирањето е на ниско ниво од европски размер, па министерот за здравство Јанез Поклокар повторно ги повика сите граѓани да се вакцинираат. Тој предупреди дека за оние кои не биле вакцинирани ќе има повеќе ограничувања и дека тестирањето за коронавирусот од 23 август повеќе нема да биде бесплатно. Според Министерството за здравство, помалку од 24.000 лица биле вакцинирани минатата недела, додека во мај, тоа беше трипати повеќе. Вкупно 43 проценти од населението (897.072) биле вакцинирани со една доза, а само 37 проценти биле целосно вакцинирани.

Словенија размислува за задолжителна вакцинација против ковид-19

Иако бројот на новоинфицирани последниве денови е релативно мал, трендот на раст е загрижувачки, па затоа може да се очекува зголемување на хоспитализациите за две до три недели, предупреди министерот. Според податоците на Владата од неделата, во Словенија се потврдени 32 нови инфекции со коронавирус за 24 часа, со намален обем на тестирање, со учество на позитивните резултати од тестовите од 4,3 проценти.

Претставници на РС нема да учествуваат во работата на државните институции на БиХ

Состанок на партиите од Република Српска, Бања Лука, БиХ, 26 јули 2021 година.

Претставниците на политичките партии од ентитетот Република Српска (РС) одлучија да не учествуваат во работата на државните институции во БиХ, односно во парламентот на БиХ, Советот на министри и Претседателството на БиХ. Ова дојде по одлуката на високиот претставник Валентин Инцко за наметнување измени и дополнувања на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина со кои се казнува негирање геноцид и се слават воени злосторници. Претставниците на партиите во РС истакнаа дека не ја прифаќаат одлуката на високиот претставник. Покрај тоа, официјални лица на РС изјавија дека одбиваат какво било наметнување закони и одлуки на ниво на БиХ и велат дека нема висок законски претставник затоа што „тој не беше избран во согласност со процедурите“.

Додик - Инцко е србомразец

Членот на претседателството на БиХ и претседател на Алијансата на независни социјалдемократи Милорад Додик рече дека одлуката на Инцко е отфрлена како ништовна. „Отсега натаму, политичките претставници на Србите и РС нема да учествуваат во работата и донесувањето одлуки сè додека не видиме како да го поништиме ова. Нема да живееме во земја во која некој може да донесе закон на веб-страница“, - рече Додик. Високиот претставник во Босна и Херцеговина Валентин Инцко, користејќи ги овластувањата, во петокот воведе измени и дополнувања на Кривичниот законик на БиХ, кои предвидуваат затворски казни за оние кои негираат геноцид и ги величаат воените злосторници.

Чешка донира 2,39 милиони вакцини за Западен Балкан, Украина и Африка

илустрација

Чешката влада донесе одлука да подари 2,39 милиони вакцини против ковид-19 на 12 земји, вклучувајќи ги Северна Македонија, Босна и Херцеговина и некои земји во Африка и Азија, меѓу кои и Тајван. Подарокот се заснова врз договорот на лидерите на земјите-членки на Европската унија тие да дадат 100 милиони дози вакцини на трети земји.

Во Чешка благ пораст на бројот на заразени со ковид-19

Чешка ќе се откаже од еден милион вакцини на американската компанија „Фајзер“ во корист на Словачка, но Словачка ќе плати за тие вакцини. Чешката влада исто така ќе врати десетици илјади вакцини што ги прими минатата пролет од Австрија и Унгарија. Чешка нарача вкупно 23,9 милиони дози на вакцини регистрирани во ЕУ, досега и биле доставени 9,6 милиони, а според Министерството за здравство, таа нема да може да ги користи сите.

Американските трупи ќе ја завршат борбената мисија во Ирак до крајот на годинава

Ирачки војници учествуваат во обука со американски и шпански обучувачи во базата Басмаја, архивска фотографија

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американските трупи во Ирак ќе ја завршат својата борбена мисија до крајот на годината, но ќе ја задржат својата улога во советувањето и обуката на ирачките сили. Бајден ова го рече на состанокот со ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадеми во Белата куќа. Соединетите држави во април соопштија дека 2.500 американски војници кои се уште се во Ирак ќе се префрлат на улога насочена кон обука и советување, но не кажаа кога ќе се случи транзицијата. Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки одби да каже колку од 2.500 американски војници ќе останат во Ирак до крајот на годината. „Бројките ќе бидат водени од она што е потребно за мисијата со текот на времето“, рече таа.

Напад со дрон врз американска воена база во Ирак

Американските сили се во Ирак повеќе од 18 години по инвазијата за отстранување на Садам Хусеин. Поминаа седум години откако коалицијата предводена од САД се бореше со екстремистите од Исламска држава кои и се закануваа на земјата. Во соопштението издадено од Белата куќа се вели дека Бајден и Кадеми се залагаат за континуирано безбедносно партнерство „за да се осигури дека Исламска држава никогаш нема да воскресне“

Тунискиот претседател ја суспендира работата во централната администрација

Тунискиот претседател Каис Саид, Тунис, 26 јули 2021 година

Тунискиот претседател Каис Саид нареди од денеска да се суспендира работата на централните администрации, странските институции, локалните групи и јавните институции од административна природа за два дена, со можност за продолжување на периодот. Наредбата исклучува: агенти на внатрешните безбедносни сили, воен персонал, царински агенти, оние кои работат во јавни здравствени установи и оние кои работат во образовни институции кои подлежат на посебни аранжмани, додаде претседателството.

Тунискиот претседател го распушти парламентот

Обединетите нации повикаа на смиреност во Тунис, откако тунискиот претседател ги отпушти владата и парламентот со помош на армијата. Фархан Хак, портпарол на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, ги повика сите страни „да се воздржат од насилство и да обезбедат ситуацијата да остане мирна“. „Сите спорови и несогласувања треба да се решат преку дијалог“, рече Хак. Тој одби да коментира дали Обединетите нации ја сметаат ситуацијата во Тунис како обид за пуч.

Претседателот на парламентот на Тунис седи пред собраниската зграда блокирана од војската

Судири избија пред парламентот на Тунис на 26 јули откако Саид го разреши премиерот Хихем Мечичи и нареди затворање на законодавниот дом на 30 дена. Потегот беше осуден од најголемата политичка партија, исламистички инспирираната Енахда, како „пуч“. Немирите предизвикаа распоредување воени трупи за заштита на официјалните згради во главниот град на северноафриканската земја.

Притвор за возачот на косовскиот автобус

автобус од Германија кон Косово излета на патот кај Славонски Брод, Хрватска, 25 јули 2021 година.

За возачот на автобусот во кој загинаа десет лица, а десетици беа повредени, 52-годишен маж од Косово, денеска треба да биде донесена одлука за притвор. Тој вчера беше донесен во Државното обвинителство во округот Славонски Брод, каде што се бранеше со молчење, изјави заменик обвинителот Фрањо Купуниќ, наведувајќи дека на возачот му е доделен адвокат по службена должност. Според полициското соопштение, возачот е осомничен дека предизвикал сообраќајна несреќа со смртоносен исход, за што е предвидена казна затвор од шест месеци до 15 години.

Косовски автобус излета во Хрватска, најмалку 10 загинати

Тешка несреќа се случила во неделата во 6.20 часот на автопатот кај Славонски Брод, кога се превртел автобус со косовски ознаки. Во автобусот имало 67 патници и двајца возачи кои патувале од Франкфурт кон Косово, при што загинале девет патници и возачот кој не возел во тоа време. Десетици патници беа повредени, претежно косовски државјани кои работат во Германија. Заменик-општинскиот државен обвинител во Славонски Брод, Славко Прањиќ, вчера изјави дека возачот кој бил пронајден на местото на несреќата во својата прва изјава рече дека заспал.

Ден на жалост на Косово поради сообраќајна несреќа во Хрватска

Локалните медиуми објавија дека 26 патници се пуштени од болницата во Славонски Брод, од кои некои се враќаат во Германија по сопствен аранжман, додека за дел од патниците, превозот до Косово го организираат косовски официјални лица.

Продолжува расправата за ребалансот на Буџетот

Македонија - Предлог-буџет за 2021 година.

Собранието денеска, во рамките на 47 седница, четврти ден ја продолжува општа расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на матичната Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа може да трае пет дена.

Ребаланс на буџетот- за власта развоен, за опозицијата предизборен поткуп

Во текот на вчерашната расправа пратениците од власта нагласија дека ребалансот е развоен и дека со него се зголемуваат средствата за инвестиции и за справување со последиците од пандемијата со ковид-19, а пратениците од опозицијата порачаа дека предлог буџетот претставува предизборен поткуп и одраз на неодговорното работење на Владата.

Времето денеска: сончево и многу топло

Generic -- Sun, heat

Ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура ќе биде од 32 до 39 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 39 степени.

Српската централна банка ќе се обрати до ЕУ за хрватското евро со ликот на Тесла

Илустрациите на хрватското евро со Никола Тесла, научникот роден во Хрватска

Планот на Хрватска да го стави познатиот научник Никола Тесла на евро монетите предизвика критики во Србија чија централна банка денеска одлучи дека ќе го покрене прашањето во Европската унија, јавува Агенцијата Франс Прес.

Тесла, кој е етнички Србин роден на територијата на денешна Хрватска во 1856 година кога земјата била дел од Австроунгарската империја, е причина за гордост на двете земји чии односи не се добри по крвавите војни кои доведоа до распадот на Југославија во деведесеттите години на минатиот век.

Загреб и Белград го прогласуваат Тесла за свој, а Хрватска неодамна објави дека планира да го пушти еврото со ликот на научникот во 2023 година.
Во соопштението испратено до агенцијата Франс прес Националната банка на Србија наведува дека ставањето на Тесла на монетите е несоодветно.

Toa би значело „узурпирање на културното и научното наследство на српскиот народ“ земајќи предвид дека Тесла се идентификуваше како Србин наведуваат од банката за АФП.

"Соодветните акции со институциите на ЕУ ќе бидат преземени ако тоа се случи“, се наведува во соопштението без да има дополнителни детали.

Загреб, пак, ги отфрла критиките нагласувајќи дека Тесла е роден во Хрватска. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ минатата недела кажа дека Србија не може да влијае на нивната одлука. Инаку Тесла се декларирал како граѓанин на светот, а најголемиот дел од неговата кариера ја поминал во Соединетите Американски Држави.


Радев- Бугарија нема да дозволи во Македонија да се кршат правата на граѓаните со бугарска самосвест

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен за време на денешната посета на австрискиот град Салцбург.

Како што јави дописникот на МИА во Софија Радев истакнал дека Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која, сепак, вели, не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не може да им наштетува на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на Република Северна Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од соседната земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.

Радев истакнал дека „иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор“.

Според бугарскиот претседател, напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на Република Северна Македонија, со која Бугарија повеќепати изразила подготвеност да води конструктивен и отворен дијалог. Според Радев, ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговори за членство во ЕУ.

Бугарскиот претседател во Салцбург истакна дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија, неговата земја е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за двете земји.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG