Достапни линкови

Вести

Италија: 853 починати од корона вирус

Илустарција.Корона вирус.

Италија објави дека денеска има 853 смртни случаи поврзани со ковид 19, што претставува најголемо зголемување на починати во едно деноноќие од 28 март.

Министерството за здравство исто така регистрираше 23.232 новозаразени со коронавирус, за разлика од 22.930 претходниот ден.

Италија беше првата западна земја погодена од вирусот и забележа 51306 жртви на Ковид-19 од избувнувањето на болеста во февруари, и беше втора земја со најголем број на жртва во Европа по Британија.

Додека дневниот биланс на жртви во Италија е најголем во Европа во последните денови, приемот во болници и исполнетоста на интензивната нега се намали.

Бројот на луѓе во болница со Ковид-19 денеска изнесува 34.577, што е пад за 120 пациенти од претходниот ден.

види ги сите денешни вести

Македонската ракометна репрезентација убедливо поразена од Египет

Ракометната селекција на Македонија доживеа втор пораз на Светското првенство во Египет, откако со убедливи 38-19 беше поразена од домашната селекција на Египет предводена од поранешниот стратег на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.

Слабата игра во одбраната од мечот со Шведска продолжи и вечерва. Со 20 примени гола, само шест постигнати во првиот дел, а ништо подобра не беше нашата игра и во вторите 30 минути, домаќинот полесно од очекуваното впиша уште една победа на овој собир, по воведната над Чиле.

Лазаров, Маркоски и Пешевски со по три гола беа најпрецизни во македонскиот табор, додека Шебиб со осум гола беше прв стрелец кај домаќините.
Клучен за пласман во втората фаза е дуелот со Чиле закажан за понеделник.

Нови 361 заразени со коронавирус, 14 лица починале

Во последните 24 часа се направени 2176 тестирања, а регистрирани се 361 нови случаи на ковид-19 и тоа во следните градови: Скопје-164, Куманово-17, Тетово-12, Прилеп-15, Гостивар-16, Штип-8, Битола-4, Велес-16, Охрид-13, Струмица-9, Кавадарци-8, Струга-5, Кочани-9, Кичево-10, Гевгелија-2, Неготино-4, Делчево-6, Дебар-7, Крива Паланка-5, Ресен-9, Радовиш-4, Берово-7, Виница-1, Валандово-2, Македонски Брод-1, Кратово-3, Крушево-2, Пехчево-2 лица.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 2116 оздравени пациенти.
Починати се 14 лица. Од нив тројца се починати во домашни,а останатите во болнички услови.

Во ковид центрите во Скопје примени 22 нови пациенти

Со овие податоци, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88749, бројката на оздравени пациенти е 71592, на починати е 2696, а бројот на активни случаи изнесува 14461.

Бајден номинираше дипломати ветерани за највисоките државни функции

Венди Шерман

Новоизбраниот претседател на Соединетите Држави Џо Бајден ја номинираше ветеранката за надворешна политика на САД, Венди Шерман која беше клучен преговарач за нуклеарниот договор со Иран во 2015 година, за втората највисока позиција во Стејт департментот.

Бајден исто така ја номинираше Викторија Нуланд, пензиониран службеник за надворешни работи, која беше главен претставник на САД за Европа, амбасадор на НАТО и портпарол на Стејт департментот, за потсекретар за политички работи, што е третопласирана позиција за еден американски дипломат.

Шерман, која е магистер по социјална работа, беше советник на Стејт департментот од 1997 до 2001 година, период кога беше и координатор на политиката за Северна Кореја. Од 1993 до 1996 година беше помошник државен секретар за законодавни работи. Поради нејзината поврзаност со иранскиот договор, на кој жестоко се спротивставија републиканците и некои демократи, се очекуваше таа да се соочи со проблеми за добивање потврда од Сенатот. Сепак, нејзиниот пат ќе биде полесен откако демократите на Бајден победија во два круга избори на 5 јануари, што им донесе контрола во Сенатот.

ФБИ ја анализира можноста за немири пред инаугурацијата на Бајден

Бајден исто така го назначи Брајан Меккион еден од неговите долгогодишни советници за надворешна политика, за заменик државен секретар за управување и ресурси. Тој ја номинираше Бони Џенкинс за заменик секретар за контрола на оружјето и меѓународни безбедносни работи, а Узра Зеја за потсекретар за граѓанска безбедност, демократија и човекови права.

Комитетот за надворешни работи на Сенатот во вторник ќе одржи дебата за изборот на Бајден, Антони Блинкен да биде државен секретар.

ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање потписи за законот за попис

Наум Стоилковски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе почне процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече законот. Од партијата велат дека се подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе таа акција на терен.

Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски денеска изјави дека законот е без методологија и има индиции кои укажуваат дека тој нема да се спроведе како статистичка операција. Стоилковски образложи дека акцијата за собирање на пописи би била спроведена преку подрачните единици на Министерството за правда, а луѓето ќе може да се потпишат во подрачните единици низ градовите.

„Бројот на потпишани нема да биде нешто за занемарување од страна на владејачкото мнозинство. И целта е тоа, да се повлече овој закон и да се донесе закон кој што ќе значи општествен консензус за статистичка операција – попис поддржан од сите“, рече Стоилковски.

Ќе се отвори ли пат за спроведување на пописот?

Стоилковски додава дека електронската иницијатива за потписи е уште еден начин на кревање на свесноста на населението и притоа уште еден начин за притисок врз власта во однос на овој закон кој значи спроведување на политички договор наместо на статистичка операција.

Вчера Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Гласањето по Предлог законот ќе биде дополнително закажано.

Уганда доби старо-нов претседател

Симпатизер на претседателот Мусевени се слика пред постер со неговиот лик

Долгогодишниот претседател на Уганда, Јовери Мусевени е реизбран на оваа функција, соопштија изборните власти и покрај обвинувањата на неговиот противкандидат Боби Вајн, за местење гласови. Мусевени освоил скоро 59% од гласовите, а Вин околу 35%, соопшти Изборната комисија, а објави Би-Би-Си.

Вајн кој е поранешна поп-ѕвезда, претходно вети дека ќе обезбеди докази за изборната измама. Изборната комисија негира дека имало местење на гласови.
Набљудувачите на изборите го критикуваа владиното оневозможување на пристапот до Интернет, а Вин изјави дека ќе обезбеди докази за измама откако повторно ќе се овозможи пристап до Интернет.

Десетици луѓе беа убиени во насилството пред изборите. Опозициските политичари исто така ја обвинија владата за вознемирување. Изборниот резултат му овозможува шести мандат на претседателот Мусевени.

Гутереш:Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази жалење поради бројката од два милиони починати во светот од коронавирусот, и се осврна на фактот дека солидарноста опаѓа во одговорот на светот на вирусот.

„Денес сведочиме на вакуум околу вакцината. Вакцините доаѓаат во богатите земји брзо, додека во сиромашните воопшто ги нема. Науката успева – но солидарноста опаѓа“, рече Гутереш.

Гутереш го критикуваше тоа што „некои земји договараат дополнително купување од страна, односно набавуваат повеќе од потребното“.

СЗО: 95 насто од вакцините против Ковид-19 распоредени во само 10 земји

„Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители, но вакци-национализмот ќе ги порази самите земји и ќе го успори глобалното заздравување од кризата. Ковид-19 не може да се победи поединечно, земја по земја“, вели Гутереш.

На конференцијата за медиуми претседателот на Генералното собрание на ОН Волкан Бозкир најави дека и тој и Гутереш наскоро ќе се вакцинираат. Шефот на ОН ќе ја прими вакцината следната недела, а Бозкир на 2 февруари.

Индија почна вакцинација на 300 милиони луѓе

Индија денеска ја почна најголемата кампања за вакцинација во светот. Првата вакцина во земјата со со 1,3 милијарди жители ја прими здравствен работник во државната болница во Делхи.

Владата планира да вакцинира 300 милиони луѓе до јули. Како најнаселена земја во светот по Кина, Индија исто така верува дека можеби нема потреба да ги вакцинира сите свои 1,35 милијарди жители за да создаде имунитет на стадото.

„Индија денеска претставува најголема програма за вакцинирање во светот. Ниту една земја во историјата не спровела кампања за вакцинација од толку голем обем“, рече премиерот Нарендра Моди во телевизиско обраќање до нацијата пред да започне вакцинацијата.

Околу 30 милиони здравствени работници и други работници од првата одбранбена линија ќе бидат првите што ќе примат вакцина, а потоа ќе следи вакцинирањето на 270 милиони луѓе постари од 50 години или во високоризични групи.

Во ковид центрите во Скопје примени 22 нови пациенти

Вкупно 279 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 8 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 8 во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 29 оздравени пациенти.

Вкупно 279 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 159 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 670 и има околу 600 празни болнички кревети во ковид центрите.

Нови 403 случаи на корона, починати 10, а оздравени 339 пациенти

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, информираат од ресорното министерство.

Велика Британија ги затвора сите патнички коридори од понеделник

Велика Британија ги зајакнува граничните контроли за да спречи нови видови на коронавирус да влезат на нејзината територија, суспендирајќи ги коридорите преку кои државјани на некои земји пристигнаа на островот без задолжителен карантин.

Промената ќе стапи на сила во понеделник во 4 часот по британско време. Тогаш сите патници ќе мора да покажат негативен тест и веднаш по пристигнувањето да одат во изолација, која ќе трае десет дена, освен ако лицето не се тестира повторно по пет дена и е негативно.

Нови ограничувања во Британија за да се спречи ширењето на коронавирусот

Лондон вчера ги забрани пристигнувањата од Јужна Америка, Португалија и неколку други земји од страв од нов вид, откриен во Бразил. Велика Британија веќе е сведок на последиците од мутацијата на вирусот. Откриениот вид во Англија се покажа како позаразен и е причина за брзото ширење на вирусот низ целата земја

Армин Лашет е наследникот на Меркел

Новоизбраниот претседател на ЦДУ, Армин Лашет

Армин Лашет е избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Илјада и еден делегат на германските демохристијани денеска избираа нов претседател на партијата – на првиот виртуелен конгрес.

Како што пишува „Дојче Веле“, партискиот конгрес не е официјално за наследник на Меркел на местото германски канцелар, туку само за претседател на ЦДУ. Но, имајќи предвид дека демохристијаните се убедливо најсилната партија со месеци, како што покажуваат анкетите, автоматски се поставува прашањето за кандидатот на канцелар: кој и да е шеф на ЦДУ, треба да биде погоден и за канцелар.

ЦДУ бира наследник на Меркел

Во трката за прв човек на партијата беа и поранешниот министер за животна средина, Норберт Ретген и шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц. Изборот на Лашет веројатно би значел продолжување на политиката на Ангела Меркел.

Новиот вид коронавирус наскоро доминантен во САД

Високо заразната варијанта на корона вирусот, која за прв пат беше откриена во Велика Британија, може да стане доминантен вид во Соединетите Држави до март, соопштија здравствените власти. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести предупреди на „брзиот раст“ и ширењето на оваа варијанта во наредните недели. Истиот извор наведува дека ваквиот скок може дополнително да ги загрози здравствените системи кои се веќе оптеретени со зимскиот наплив на ковид пациенти.

Една неодамнешна студија на Службата за јавно здравје на Англија (PHE) сугерира дека оваа варијанта - која сега е доминантна во поголемиот дел од Велика Британија - е позаразна од 30 до 50% од претходните видови. Во моментов нема докази што сугерираат дека предизвикува некои посериозни болести, според Би-Би-Си.

Нови ограничувања во Британија за да се спречи ширењето на коронавирусот

Експертите исто така ја исклучуваат можноста тековните вакцини да не бидат толку ефикасни против новиот вид на вирус. Предупредувањето дојде откако новоизбраниот американски претседател Џо Бајден претстави амбициозен план за интензивирање на вакцинацијата.

Палестинскиот претседател распиша парламентарни и претседателски избори

Махмуд Абас, претседател на Палестина

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ги распиша парламентарните избори за 22 мај, први по 2006 година кога екстремистичката организацијата Хамас извојуваше победа над поумерената Фатах на Абас. Тој исто така ги распиша и претседателските избори за 31 јули.

АП оценува дека изборите ќе претставуваат голем ризик за Фатах, но и за Хамас, од каде што ја поздравија одлуката за нивно распишување. И Фатах и Хамас се соочија со протести во последните неколку години затоа што не беа во можност да се помират и да обезбедат основни потреби на териториите со кои управуваат, ниту пак да напредуваат во остварувањето на аспирациите за државност. Двете организации јавно повикуваат на избори повеќе од една деценија, но никогаш не беа во можност да ги надминат недоразбирањата и договорите за тоа како да гласаат.

И покрај најавата за изборите, останува неизвесно дали тие навистина ќе се одржат. Изборите може да ги искомплицираат и плановите на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден за обновување на помошта за Палестинците и заживување на мировниот процес со Израел.

Абас: Договорите на Израел со ОАЕ и Бахреин не носат мир

Изборната победа на Хамас во 2006 година, организација што Израел и западните земји ја сметаат за терористичка, доведе до силен меѓународен притисок врз палестинските власти на Абас. Конфликтите меѓу Фатах и Хамас траеја повеќе од една година и завршија во 2007 година, кога Хамас насилно ја презеде контролата врз Појасот Газа, кој сè уште го контролираат и покрај блокадата на Израел и Египет.

Маричиќ: Коруптивното однесување е најчесто организирано

Министерот за правда, Бојан Маричиќ

Според планот на Владата за реформи во судството важно е да се испитаат сите релации на еден судија и на еден обвинител и се согласувам дека треба да се види и улогата на администрацијата и на стручните служби, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ при гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

„Коруптивното однесување е најчесто организирано, па затоа има вмешани и вработени од администрацијата. Најверојатно за одредена мала парична награда, службеник не вршел достава на платни налози, но не верувам дека службеникот може сам да го прави ова. Обично тоа е заеднички потфат и затоа мора да се реформираме“, изјави Маричиќ како реакција на изјавата на обвинителката Вилма Русковска, која во истата емисијата откри случај со недоставување на платни налози.

Судскиот „плевел“ ќе се треби догодина

Рускоска информираше дека пред некој ден од Судскиот совет добила известување оти во фиоката на некој курир кој починал, биле откриени преку 1500 платни налози за прекршоци и за мандатни казни, со што државниот Буџет е оштетен за 20 милиони денари.

ЦДУ бира наследник на Меркел

Ангела Меркел

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе го избере нејзиниот наследник.

Во трката за прв човек на партијата се поранешниот министер за животна средина, Норберт Ретген, шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц, и актуелниот премиер на провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет.

Меркел – Ова е мој последен мандат на чело на германската влада

Потпретседателката на партијата Силвија Брехер, истакна дека очекува по собранието сите во ЦДУ да застанат зад избраниот кандидат и да придонесат партијата да биде обединета неколку месеци пред парламентарните избори во Германија.

Собранието на ЦДУ требаше да се одржи во декември, но беше одложено поради епидемиолошката состојба во земјата.

Над 200 казни за сообраќајни прекршоци, 370 за неносење маски

Во текот на изминатото деноноќие, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 370 прекршоци, информираат од МВР.

Во текот на вчерашниот ден полицијата продолжила со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, при што само на територијата на Град Скопје во текот на вчерашниот ден полицијата изрекла вкупно 219 мерки во областа на сообраќајот.

Како што информират од МВР, меѓу санкционираните, 18 се за возење без возачка дозвола, 10 за непочитување на брзината на движење, 9 санкции за возење под дејство на алкохол, 8 за минување на затворен семафор (црвено светло), 10 мерки за нерегистрирани и технички неисправни возила и 18 за користење на мобилен телефон. Изречени се и 62 мерки за непрописно паркирани возила.

Кинеските вакцини пристигнаа во Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска оцени дека пристигнувањето на контингентот на кинеската вакцина „Синофарм“ е доказ за пријателството меѓу двете земји и додаде дека му е благодарен на кинескиот амбасадор Чен Бо што се потрудил Србија да го добие тоа медицинско средство.

Дочекувајќи го авионот со пратката вакцини на белградскиот аеродром, „Никола Тесла“, Вучиќ рече дека сега се очекува уште мислењето на Агенцијата за лекови и медицински средства за конкретната вакцина на Синофарм, но дека тој е убеден дека тие вакцини се одлични.

Брнабиќ - До крајот на јануари Србија ќе има два милиона вакцини

"Фактот што Србија има (неколку видови вакцини) е доказ за способноста на домашното политичко раководство. Имаме одлични односи со Кина, не го криеме тоа, не го криевме ниту за време на состаноците во Вашингтон", рече Вучиќ.

Српските медиуми, претходно вчера јавија дека најверојатно в недела со кинеската вакцина ќе почне имунизацијата на здравствените работници.
Во Србија во тек е имунизација со вакцината на Бионтек/Фајзер и со руската вакцина „Спутник 5“.

Бајден претстави план за вакцинирање во првите 100 дена од мандатот

Џо Бајден

Новоизбраниот претседател на Соединетите Држави Џо Бајден, претстави план во кој ја објасни намерата за вакцинирање на 100 милиони Американци во првите 100 дена од неговиот мандат. Tој најави дека ќе нареди зголемување на производството на опрема потребна за забрзување на процесот на вакцинација против Ковид-19.

Планот на Бајден подразбира отворање илјадници центри за вакцинација во кои пензионирани лекари ќе ги вакцинираат наставниците, вработените во продавниците, повозрасните од 65 години и останатите категории кои се меѓу првите во редот за имунизација.

Бајден го претстави пакетот за помош на економијата и семејствата во САД

Во период во кој заразата многу брзо се шири низ САД, Бајден вети дека во борбата со Ковид-19 ќе биде подобар од актуелниот претседател Доналд Трамп. Бајден власта ја презема в среда.

Пендаровски за МИА: За ЕУ нема алтернатива

Претседателот Стево Пендаровски

Бугарскиот одговор на Акцискиот план, што претходно до Софија го достави Северна Македонија практично не излегува надвор од параметрите на старите бугарски одговори, во него нема ништо суштинско различно од досегашните нивни позиции, вели претседателот на Република Северна Македонија во интервју за МИА.

Во однос на документот кој Софија го испорача преку специјалниот пратеник Владо Бучковски, Пендаровски појаснува дека во никој случај не станува збор за нов договор, додаток на договор, протокол или анекс.

„Не можам да видам нешто суштински различно во нивните позиции, можеби некои фрази тука и таму вели Пендаровски, со кој се согласивме дека Комисијата излезе од својот мандат дека се е излезено и од параметрите на Договорот во целина, не само надвор од параметрите на Комисијата, мандатот на Комисијата, подвлекувајќи уште еднаш дека идентитските прашања за нас не се тема“, вели Пендаровски во интервјуто.

Бучковски: Ќе ги разгледуваме бугарските коментари за нашиот Акциски план

Тој открива дека најверојатно следната недела за сето ова ќе се разговара на собраниската комисија за европски прашања или за надворешна политика, дека за тоа Владата донела одлука, но се уште не се знае дали информирањето на пратениците за последните случувања на реалција Скопје-Софија ќе биде отворено за јавноста.

Времето денеска облачно со сонце и ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Претпладне во јужните делови од земјава ќе има повремени врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе се движи од минус 4 до 3 степени.

Во Скопје времето ќе биде умерено облачно со кратки сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне 0 степени.

Локални врнежи од снег ќе има и утре кон крајот на денот, особено во северните делови. Од понеделник ќе преовладува стабилно и суво време, а до вторник дневните температури во поголем дел од земјава ќе бидат под нулата.

Безбедносни мерки во Вашингтон пред инаугурацијата на Бајден

Припадници на американската армија пред Капитол.

Американските власти затвораат делови во центарот на Вашингтон поради загриженоста за насилство на протестите и митинзите во деновите пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден на 20 јануари.

Затворањата кои почнуваат од денеска до 21 јануари ја вклучуваат областа околу Националниот трговски центар и паркот во главниот град на САД, во кој се наоѓаат национални споменици каде што традиционално се собира огромна маса на народ за да ја набљудува инаугурацијата која се одржува на скалите на Капитол. Областа околу Белата куќа исто така е затворена, како и клучниот мост преку реката Потомак што ги поврзува Вирџинија со Вашингтон.

Официјални лица велат дека околу 20.000 војници на Националната гарда ќе бидат вклучени во обезбедувањето на Вашингтон по упадот во Капитол на 6 јануари од толпа на приврзаници на Доналд Трамп.

Над 2 милиона смртни случаи од коронавирус во светот

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус

Бројката на смртни случаи од ковид-19 во светот надмина 2 милиона, според проценката на универзитетот Џон Хопкинс, а вкупно во моментов има регистрирано 93.418.283 заболени од почетокот на пандемијата. Податоците на американскиот универзитет исто така покажуваат дека инфекциите продолжиле да растат стабилно во многу земји од божиќните и новогодишните празници.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека се потребни кампањи за вакцинација во секоја нација во следните 100 дена, бидејќи вирусот сè уште беснее во многу делови на светот.

„Сакам да видам дека вакцинацијата е во тек во секоја земја во следните 100 дена, така што прво ќе бидат заштитени здравствените работници и оние со висок ризик“, рече тој на прес-конференција во Женева.

Заврши собраниската расправа за пописот, ќе се гласа дополнително

Државен завод за статистика. Илустрација.

Собранието ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија. Гласањето по Предлог законот ќе биде дополнително закажано.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќање пред завршувањето на расправата порача дека државата и системот се подготвени за попис, а тоа било утрдено и во извештајот на ЕК. Според него, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен.

„Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска“, рече Маричиќ.

Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка“ попис и дека од нивна страна немало ниту еден конструктивен предлог. Пратениците од опозицијата се сомневаат дали и колку процесот ќе биде навистина статистички, а не политички.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, беше прекината.

Германските власти дадоа дозвола за гасоводот „Северен тек 2“

Цевки за гасоводот „Северен тек 2“ во Германија. Архивска фотографија.

Германските власти дадоа дозвола да продолжи изградба на подводниот гасовод „Северен тек 2“ од Русија и покрај заканите од санкциите на САД и противењето на еколошките групи. Против одлуката на Федералната поморска и хидрографска агенција сè уште може да се поднесе жалба.

Владата на САД и некои членки на ЕУ сакаат да спречат гасоводот да биде завршен, велејќи дека тоа ќе ја зајакне енергетската моќ на Русија во Европа и ќе ја намали улогата на Украина како транзитна земја за рускиот гас.

Гасоводот, дизајниран за двојно зголемување на капацитетот на постојниот гасовод „Северен поток“ од Русија до Германија беше спорно прашање меѓу Берлин и Вашингтон.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изрази надеж дека ќе разговара на високо ниво со администрацијата на избраниот американски претседател Џо Бајден за можните нови санкции на САД против проектот.

Нови 403 случаи на корона, починати 10, а оздравени 339 пациенти

Клиника за инфективни болести во Скопје

Во последните 24 часа се направени 2118 тестирања, а регистрирани се 403 нови случаи со ковид-19. Починати се 10 пациенти од кои двајца од Скопје, еден од Куманово, два пациенти од Прилеп, еден од Охрид, пациент од Гевгелија/Богданци, од Струмица, од Делчево/ Македонска Каменица и еден пациент од Кичево.

Сите пациенти се починати во болнички услови, соопшти Министерството за здравство. Најмладиот починат пациент е на 54 годишна возраст, а најстариот на 90 годишна возраст. Институтот за јавно здравје регистрира 339 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 88389, бројката на оздравени пациенти е 69476, на починати е 2682, а бројот на активни случаи изнесува 16231.

Министерството за економија ги повлекува измените на Законот за минерални суровини

Министерот за економија Крешник Бектеши

Министерството за економија донело одлука да и предложи на Владата да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини поднесен до Собранието по скратена постапка.

„По барање на Алијанса на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри се“ кое што беше доставено до Министерството за економија, Министерството одлучи да го повлече Предлог- законот со цел за негово доработување и усогласување со забелешките изнесени во барањето и потоа повторно да го достави за донесување по редовна постапка. Сепак, Министерството за економија во текстот на барањето увиде дека дел од забелешките за одредби од Законот за минерални суровини се погрешно толкувани или нецелосно разбрани за што сакаме точно да ја информираме јавноста за истите.“, се наведува во соопштението.

Триесетина граѓански организации за заштита на животната средина побараа предлог законот да биде вратен во редовна процедура, а во негово изготвување да биде вклучена експертската јавност и сите заинтересирани граѓани кои сакаат да дадат свои предлози за подобрување на текстот. Измените на Законот за минерални суровини по скратена постапка беа ставени на дневен ред на собраниската седница закажана за 18 јануари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG