Достапни линкови

Вести

За 24 часа во Македонија 683 пријави за неносење заштитна маска

Полиција и граѓанин без заштитна маска на лицето во Скопје

Во текот на изминатото деноноќие на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 683 прекршоци, информираше утрово Министерството за внатрешни работи.

Од Министерството и денеска апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.

Во врска со актуелната ситуација со Ковид-19 за денеска е закажана и седница на Советот за безбедност што вчера го свика претседателот Стево Пендаровски.

види ги сите денешни вести

Ефективноста на кинеските вакцини „не е висока“

Кинеските вакцини против коронавирус имаат мала ефикасност?

Највисокиот кинески службеник за заразни болести, директорот на Кинескиот центар за контрола на болести, Гао Фу, призна дека вакцините против коронавирус во земјата имаат мала ефикасност и владата размислува да ги измеша за да обезбеди поттик. Тој подоцна демантира дека изјавил такво нешто. На конференција на 10 април тој рече дека Кина официјално разгледување дали треба да користи различни вакцини од различни технички линии за процесот на имунизација. Гао рече дека една стратегија може да биде промена на бројот на дози и должината на времето помеѓу дозите.


Македонија ќе купува 500.000 ковид вакцини „Синовак“

Тоа беше првпат кинески официјален претставник јавно да признае дека домашните развиени вакцини обезбедуваат ниска заштита од ковид-19. На 11 април, државниот весник „Глобал тајмс“ објави текст во кој Гао беше цитиран дека има „целосно недоразбирање“ за неговите коментари во врска со ефикасноста на вакцините. Кина склучи зделки за да обезбеди милиони дози на други земји, вклучувајќи ги Мексико, Турција, Индонезија, Унгарија, Србија, Бразил и Чиле. Во Кина, околу 35 милиони луѓе ги примија и двете потребни дози, а околу 65 милиони една.

УЕФА ќе испитува местење натпревари во Србија

илустрација

УЕФА, раководното фудбалско тело во Европа, побара од Српскиот фудбалски сојуз (ФСС) да испита наводно местење на натпревари. Портпаролот на ФСС, Милан Вуковиќ, изјави дека биле добиени одредени информации од УЕФА кои сугерираат можни неправилности што укажуваат на нарушување на интегритетот во некои игри.

Во Србија „растурена“ фудбалска навивачка банда


„ФСС отвори постапка, но во овој момент не можеме да откриеме повеќе детали. Ние ќе ја информираме јавноста за нашите откритија навремено“, рече тој. Српската телевизија Спорт Клуб објави дека УЕФА следела „огромни“ облози што биле ставени на два натпревари одиграни во март. Спорт Клуб додава дека УЕФА ги следи моделите на обложување и во Европа и во Азија, кои вклучуваат големи суми ставени на конечните резултати за време на обложувањата во живо. „Играчите на два тима им даваа предност на своите противници, со што им обезбедија огромни профити на луѓето кои се обложуваа“, наведува Спорт Клуб.

САД ја предупредија Русија да не биде агресивна кон Украина

државниот секретар на САД Ентони Блинкен

Соединетите држави предупредија на „последици“ доколку Русија „дејствува несовесно или агресивно“ кон Украина, поради загриженоста за разместувањето руски трупи во близина на украинската граница. „Претседателот Бајден беше многу јасен во врска со ова“, изјави државниот секретар Ентони Блинкен за телевизијата Ен-Би-Си, додавајќи: „Ако Русија дејствува несовесно или агресивно, ќе има последици“. Борбите меѓу украинските владини трупи и проруските сепаратисти на истокот на земјата ескалираа во последните неколку недели, со докази за тоа дека Русија распоредувала војска кон или во близина на границата со Украина и на окупираниот украински полуостров Крим. Кремљ ги отфрли повиците на Западот да ги повлече своите трупи, негирајќи дека тие претставуваат закана, оценувајќи дека воените движења во Русија се внатрешно суверено прашање.

Дали украинско-руската „студена војна“ ќе стане „жешка“?

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера рече дека „никој не планира да тргне кон војна“, но додаде дека Москва „нема да остане рамнодушна“ на судбината на Русите кои живеат на истокот на Украина. Претходно, британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб рече дека Лондон и Вашингтон „цврсто се спротивставуваат на кампањата на Русија за дестабилизација на Украина“ и ја повикува Русија да ја деескалира ситуацијата. Изјавата на Рааб дојде еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски го информираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ситуацијата.

ЕУ ја уверува Украина во својата „непоколеблива“ поддршка

По нивните разговори во Истанбул, Ердоган ги нарече неодамнешните случувања „загрижувачки“ и рече дека се надева оти конфликтот ќе се реши по мирен пат со дијалог и во согласност со територијалниот интегритет на Украина. „Ние веруваме дека сегашната криза може да се реши со мирни и дипломатски средства врз основа на интегритетот на Украина и меѓународното право“, рече Ердоган. Блинкен на 9 април ги консултираше министрите за надворешни работи на Германија и Франција за потребата Русија да го прекине воениот распоредување на окупираниот полуостров Крим и близу источните граници на Украина.

Средба за прашањето на државјанство и одблокирање на Собранието

Зоран Заев

Денеска во 11 часот се очекува средба меѓу премиерот Зоран Заев, со претседателите на опозициските албански политички партии Зијадин Села и Африм Гаши во врска со прашањето за државјанство и одблокирање на работата на македонскиот парламент. Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, за Радио Слободна Европа ги потврди зборовите на премиерот Заев дека со сведоци нема да се добие државјанство, туку со некаков документ со кој ќе се потврди дека лицето живеело во Северна Македонија.


Села – Некој не зел плата два месеци, но граѓаните без државјанство не зеле 30 години

Меѓу документите кои се предвидува да важат како доказ се ученичките книшки, здравствените, работничките и штедни книшки во банки низ земјава, сметки за платена електрична енергија, греење или вода, докази за имот, потврда за платен данок, недвижен имот, земјоделски или друго, даночно решение, потврда за извршено лекување во здравствен дом или други докази од здравствени власти со кои се потврдува постојаното живеење на територија на Северна Македонија. Решавањето на прашањето на државјанство би придонело и во деблокирање на Собранието од илјадници амандмани кои ги достави коалицијата АА-ААА.

Времето денеска: сончево со локална облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе биде од 15 до 22 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 20 степени.

Притвор за шестмината приведени при заплената на марихуана

Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021

Скопскиот кривичен суд одредил триесет дневен притвор за шестмината осомничени за шверц на марихуана приведени во акцијата на Министерството за внатрешни работи во петокот во близина на Плетвар, јавија повеќе медиуми. Тие се повикуваат на извори од обвинителството кои велат дека судот го прифатил нивното барање за одредување мерка притвор за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” кривично дело кое е предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.

Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе во петокот заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана во вредност од околу 800 000 евра, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Покрај претресите во нивните домови во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола со кои, како што наведоа од МВР, соработувал А.У.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во акцијата е приведен Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев, а тврдат дека марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви. Портпаролот Димче Арсовски вели дека Трајче и Бобан Заеви се сопственици на фирма основана во 2019 година во Петрич, Бугарија со име “Медикал 420 БГ”. Тој праша дали случајот има поврзаност со тие фирми.

Трајче Заев на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, пак, наведува дека ниту еден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Од СДСМ реагираа дека „ниту комбето, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“.

Нови 687 заразени со Ковид19, починати 46 лица

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.050 тестирања, а регистрирани се 687 нови случаи на Ковид19. Од нив најмногу во Скопје – 310, па потоа следуваат Куманово – 55, Битола – 35, Прилеп, Охрид и Струмица по – 33, Велес – 31, Кавадарци и Тетово по – 23, Гостивар – 19, Штип и Кочани по – 17, Свети Николе – 11. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Пријавени се вкупно 46 починати лица од кои од Скопје 13, од Битола шест, од Тетово четири, по три починати пациенти од Куманово, Прилеп и Струмица, по две од Штип, Радовиш и Виница и по еден од Велес, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Кратово, Македонски Брод и Македонска Каменица. Најмладиот починат е на 34 годишна возраст, а највозрасниот на 90 години. Од починатите пациенти, 43 се починати во болнички услови, а три лица во домашни услови.

Истовремено регистрирани се 1.347 оздравени пациенти.
Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 141.844, бројката на оздравени пациенти е 116.780, на починати е 4.228, а бројот на активни случаи изнесува 20.836.

Рааб- Британија и САД силно се против кампањата на Русија за дестабилизација на Украина

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб

Британија и Соединетите Американски Држави силно се спротиставуваат на руската кампања за дестабилизација на Украина и ја повикуваат Москва да работи на деескалација на ситуацијата, рече денеска британскиот секретар за надворешни работи Доминик Рааб.

Големо движење на руската војска кон границата со Украина и на украинскиот полуостров Крим кој е анектиран од Русија е забележано на фотографии и видеа, што ги поттикна загрижувањата дека Москва можеби се подготвува да испрати свои сили во источна Украина.

Кремљ ги отфрли барањата на западните земји да ги повлече војниците и негира дека тие се закана наведувајќи дека воените движења на руска територија се суверено прашање.

Соопштението на Рааб доаѓа ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски во Инстанбул го брифираше турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за ситуацијата во регионот. По нивните разговори Ердоган ги нарече последните случувања загрижувачки и изрази надеж дека ќе се најде мирно решение преку дијалог и на линија со украинскиот територијален интегритет.

Борисов очекува колективен имунитет во Бугарија во мај

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во видео објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека во петокот Бугарија повторно се договорила и во април, мај и до средината на јуни да добие 2.700.000 вакцини од Фајзер/Бионтех.

„Мислевме дека во август, но убеден сум дека во мај – со повеќе од 3 милиони вакцинирани и опоравени, ќе имаме колективен имунитет за да се стави крај на оваа пандемија“, нагласува Борисов.

Новите случаи на заразени со коронавирусот во изминатите 24 часа во Бугарија се 1.352 од направени 9.118 тестови. Податоците во Бугарскиот унифициран портал за информации покажува дека 14,83 проценти од примероците се позитивни. Од почетокот на пандемијата досега во Бугарија има регистрирано вкупно 371 531 заразени, а 14 351 починаа.

Владата со демант на тврдењата на Милошоски дека Спасовски и Заев делеле пасоши на борци од ИСИС

Зградата на Владата на Република Северна Македонија

Владата на Северна Македонија најостро ги демантира и отфрла како невистинити тврдењата на пратеникот Антонио Милошоски дека наводно „премиерот Заев и министерот Спасовски делеле македонски пасоши на терористи од ИСИС“, се наведува во денешното соопштение од владината прес служба.

"Ова е брутална лага која има за цел да ја манипулира јавноста, да попречува случајот да се расчисти до крај и да направи штета на угледот на институциите кои посветено и успешно се справуваат со секаков вид криминал“, наведуваат од Владата.

Реакцијата следува по прес конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој рече дека имаат информации дека македонски пасош издаден во 2018-та година добил и косовскиот државјанин Фитим Дема, член на радикалната терористичка група ИСИС.

Ова е последна прес конференција на опозициската партија која со денови наназад објавува имиња на познати криминалци од регионот, членови на српската, црногорската, италијанската, шпанската и турската мафија кои тврдат дека се стекнале со македонски патни исправи со туѓ идентитет, а дека зад тоа стојат министерот Оливер Спасовски и премиерот Зоран Заев.

Од Владата тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ преку објавите се обидува да ја саботира акцијата на Министерството за внатрешни работи.

„Неколку дена пред да бидат соопштени резултатите од акцијата челниците на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ започнаа да ја саботираат акцијата, а тоа го прават и деновиве и со тоа сериозно и неодговорно се обидуваат да го загрозуваат процесот преку доведување на јавноста во заблуда со лаги. Владата очекува Обвинителството да расчисти со овие обиди за саботажа“, наведуваат од Владата.

Инаку за случајот македонски пасоши за познати криминалци од регионот прво објави ВМРО-ДПМНЕ на брифинг со новинари, па потоа и партискиот лидер Мицкоски одржа прес конференција. И од Министерството за внатрешни работи тврдат дека опозициската партија се обидела да направи саботажа на акцијата која тие заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД ја спроведувале од 2019 година.

Од кога се обелодени акцијата МВР приведе девет полициски службеници, а едно лице, кое не било полициски службеник туку надворешен посредник, е во бегство и за него е распишана меѓународна потерница.



СДСМ-ниту комбето, ниту кој било од приведените имаат каква било поврзаност со семејството на Заев

Седиштето на СДСМ во Скопје

СДСМ во соопштение ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека изгубени во желбата да се наштети по секоја цена изнесувале лажни вести поврзани со случајот со запленетата марихуана во вредност од 800 000 евра.

„ВМРО-ДПМНЕ фејк-њуз предводена од Мицкоски по којзнае кој пат фатена во лага. Ниту комбето кое го спомнуваат, ниту било кој од приведените во акцијата имаат каква било поврзаност со семејството на претседателот Зоран Заев“, наведуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашаа дали Трајче Заев избегал во Дубаи. Од партијата тврдат и дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушликовски, негов личен возач, а дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви.

Трајче Заев, братучедот на премиерот Зоран Заев на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, наведе дека изнесените работи од опозициската партија не се точни.

„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, наведува Трајче Заев.

Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Борел ги обвини Кина и Русија за блокирање на акција во Бурма

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел

Шефот на надворешната политика на Европската Унија Жозеп Борел ги обвини Русија и Кина дека го блокираат заедничкиот меѓународен одговор на воениот удар во Бурма и дека ЕУ може да понуди повеќе економски стимулации доколку демократијата се врати во земјата.

"Не е изненадување за нас дека Русија и Кина ги блокираат обидите во Советот за безбедност на Обединетите нации, како на пример за воспоставување на ембарго за оружје“, напиша Борел на неговиот блог објавен денеска.

Тој наведува и дека геополитичкиот натпревар во Мјанмар ги отежнува можностите да се најде заедничка основа, споменувајќи ја Бурма со своето друго име, додавајќи дека сепак тие имаат должност да се обидат.

Борел пишува дека безнедносните сили убиле повеќе од 550 невооружени демонстранти, меѓу кои 46 деца откако војската на први февруари ја презеде власта од избраната влада.
Кина и Русија, двете имаат врски со вооружените сили на Бурма, како прв и втор најголем снабдувач со оружје на земјата.

Над 30 отсто вакцинирани во Србија

Вакцинација во Србија

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави синоќа за РТС дека е надминат бројот од 30 отсто на полнолетни граѓани во Србија кои се вакцинирани, како и дека вчера бил првиот ден по долго време кога имало повеќе отпуштања отколку приеми во ковид болниците, јави дописникот на МИА од Белград.

Брнабиќ посочи дека, откако претседателот Александар Вучиќ е вакциниран, повторно започнал неверојатен интерес за вакцините во Србија, односно повеќе од 80.000 граѓани биле вакцинирани за еден ден.

Епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ денеска изјави дека е потребно, за да се врати Србија во нормален живот, да се спроведе помасовна вакцинација во најкус можен рок и дека би било идеално да се вакцинираат три до три и пол милиони луѓе во следните два месеца, со што би се стекнале услови за колективен имунитет.

Вкупно 1699 лица се лекуваат од Ковид19 во болниците низ земјава

Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 996 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, a на инфективните одделенија во Скопје се лекуваат 703 лица сомнителни и потврдени за Ковид19.

„Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1699 и има околу 340 празни болнички кревети во ковид центрите“, информираат од Министерството за здравство.

Од таму наведуваат дека според направените приеми и исписи на пациенти бројките се менуваат од час во час и додаваат дека сите оддленија на клиничките болници имаат довод на кислород.

Трајче Заев ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за запленетата марихуана

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Трајче Заев, братучедот на премиерот Зоран Заев, чие име го споменуваат од ВМРО-ДПМНЕ поврзано со заплената на марихуаната во вредност од 800 000 евра, на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, наведува дека изнесените работи од опозициската партија не се точни.

„Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, наведува Трајче Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашаа дали Трајче Заев избегал во Дубаи. Од партијата тврдат и дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушликовски, негов личен возач, а дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола која се поврзувала директно со фамилијата Заеви.

„Запленетата дрога била превезувана во бело комбе со грчки таблици, на име на фирма која што јавно прашавме дали има партнерски односи со фирма на Заеви“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Покрај Ушликовски кој опозицијата го поврзува со Заеви, од таму тврдат и дека еден од приведените е командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски кој наведуваат дека бил близок со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Инаку, покрај претресите во домовите на приведените во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.

Франција го продолжува периодот за ревакцинација против Ковид19

Франција- луѓе чекаат да бидат вакцинирани против Ковид19

Франција ќе го зголеми периодот меѓу првата и втората доза на вакцините против Ковид19 на Фајзер и Модерна за да ја забрза вакцинацијата во земјата. Министерот за здравство Оливие Веран денеска за медиумите рече дека мРНА вакцините против Ковид19 сега ќе бидат давани во временски период од шест недели, наместо на четири, како што беше досега.

Тој вели дека тоа ќе им овозможи да вакцинираат повеќе луѓе побрзо без да се намали заштитата. По бавниот почеток на вакцинацијата, Франција е блиску до дадени десет милиони први дози, бројка што се очекува да се достигне во средината на месецов.

Некои здравствени експерти сметаат дека треба да се зголеми времето меѓу двете дози за да може да се вакцинира што е можно повеќе население во услови во кои на светско ниво има недостиг од вакцини.

Инцидент во иранската нуклеарна централа Натанз

Иранската нуклеарна централа Натанз

Проблем со електричната енергија се случил денеска во иранската нуклеарна централа Натанз, ден откако Техеран пушти во употреба нови центрифуги за побрзо збогатување ураниум. Ова е последен инцидент што се случува во едно од најобезбедените ирански места и се случува додека траат преговорите на Техеран со светските сили за нуклеарниот договор од 2015 година.

Иранската агенција за атомска енергија соопшти дека нема последици или загадување од инцидентот. Мината година во капацитетот се случи пожар што спред иранските власти било обид за саботажа на иранската нуклерна програма.

Натанз е клучно место во Иран за збогатување ураниум и е набљудувано од инспекторите на Меѓунарондата агенција за атомска енергија.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Трајче Заев избегал во Дубаи

Скопје- акција на македонската полиција за заплена на 200 килограни канабис,10.04.2021

ВМРО-ДПМНЕ денеска во партиско соопштение го обвинува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека цел ден молчел за акцијата на македонската полиција заедно со американската агенција ДЕА во која се заплени марихуана во вредност од околу 800 илјади евра, а шест лица се приведени. Од опозициската партија тврдат дека еден од приведени е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев.

„Пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола. Патем оваа фирма се поврзува директно со фамилијата Заеви. Братучедите на Зоран Заев, Трајче и Вице. Оттука логично се поставува прашањето дали и кога братучедите на Заеви ќе бидат испитани за овој нарко криминал кој го прекина американската ДЕА? Исто така треба да одговорат дали Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев е во Македонија или избегал во Дубаи?“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Полицијата вчера соопшти дека во акцијата е запленета е 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.

Еден од приведените, велат од ВМРО-ДПМНЕ е командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски кој наведуваат дека бил близок со министерот Спасовски.

Покрај претресите во нивните домови во кои се најдени пари, марихуана и оружје, од полицијата соопштија дека извршиле контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.

Ердоган- случувањата во источна Украина се загрижувачки

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата во Истанбул, 10.04.2021

Турскиот претседаетел Реџеп Таип Ердоган по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски ги нарече случувањата во источниот украински регион Донбас загрижувачки.

Состанокот кој се одржа вчера во Истанбул и траеше повеќе од три часа е дел од претходно договорена посета, но се случи истовремено со тензиите меѓу Киев и Москва за долготрајниот конфликт во источна Украина.

Зборувајќи на заедничката прес конференција со Зеленски, Ердоган последните случувања го нарече загрижувачки и изрази надеж дека конфликтот ќе биде решен на мирен начин со дипломатски напори, врз основа на интегритетот на Украина и меѓународните закони. Турција и Украина имаат добри врски, а Анкара претходно ја осуди руската анексија на Крим во 2014 година.

Времето денеска- свежо утро, сончево попладне

Времето утрово ќе биде свежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност и потопло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Утринската температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната од 14 до 21 степен, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне 19 степени.

Според УХМР и во понеделник времето ќе се задржи стабилно со дополнителен пораст на дневната температура. Од вторник ќе има зголемување на облачноста со локални врнежи од дожд, на места поројни и проследени со грмежи. Од среда ќе дува и умерен до засилен северозападен ветер, што ќе услови повторно намалување на температурата.

Спасовски и Чулев давале исказ за софтверот на Рашковски

Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев на Седница на Советот за безбедност, 15.05.2020

Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот технички министер Наќе Чулев, кој ја извршуваше функцијата во првата половина на 2020 година, деновиве биле на распит како сведоци во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, јавува телевизија Телма. Двајцата биле повикани во различни денови, а исказот го дале пред обвинителката Вилма Русковска.

Поранешниот и актуелниот министер биле повикани за случајот поврзан со поранешниот генерален секретар на владата, а сегашен советник во владата Драги Рашковски кој набавил софтвер за сообраќајни прекршоци за Министерството за внатрешни работи за 81 000 евра, а не е во употреба осум месеци.

По наредба на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера се вршеше претрес во просторите на фирмата „Инвока гроуп“ од која е набавен софтверот, а се поврзува со Рашковски и во домот на сопственикот на фирмата.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 18 март соопшти дека отвориле предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.

Нови 1092 заразени со Ковид19, 32 починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје информира дека во последните 24 часа се направени 5.569 тестирања, а регистрирани се 1.092 нови случаи на Ковид19.

Од нив најмногу во Скопје – 452, а потоа следуваат Битола – 85, Куманово – 80, Прилеп – 49, Кавадарци – 45, Велес – 41, Струмица – 36, Охрид – 33, Тетово – 30, Штип – 27, Кичево - 22, Гостивар и Кочани – по 21, Гевгелија – 18, Струга – 15, Ресен – 13, Радовиш – 11 и Делчево – 10. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Пријавени се вкупно 32 починати лица од кои најмногу од Скопје- десет, а по двајца починати има од Куманово, Прилеп, Тетово, Гостивар, Кавадарци, Гевгелија и Виница, а по еден починат од Битола, Берово, Велес, Крива Паланка, Неготино, Охрид, Свети Николе и Штип. Најмладиот починат е на возраст од 46 години, а најврозрасниот на 91 година. Сите се починати во болнички услови.

Регистрирани се 2003 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 141.157, бројката на оздравени пациенти е 115.433, на починати е 4.182, а бројот на активни случаи изнесува 21.542.

Иран пушти нови центрифуги за збогатување на ураниум

Иранскиот претседател Хасан Рохани

Иран денеска објави дека пушти во работа нови модернизирани центрифуги кои овозможуваат брзо збогатување ураниум иако нивната употреба е забранета со одредбите од нуклеарниот договор кој го постигна Техеран со светските сили во 2015 година.
Иранскиот претседател Хасан Рохани официјално ја отвори линијата за производство од 164 центрифуги поставена во комплексот Натанз во централниот дел на земјата.

Ова се случува во момент кога се водат преговори во Виена меѓу Иран и останатите држави потписнички на договорот од 2015 година за тоа како повторно во него да се вклучат и Соединетите Американски Држави. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година одлучи да ја повлече својата земја од договорот кој го потпишаа Германија, Кина, Франција, Велика Британија и Русија.

Трамп еднострано ги повлече САД од догоорот и повторно воведе економски и финанисиски сакнции за Иран, на што Техеран одговори со тоа од 2019 година почна да ги крши обврските преземени со него.

Во Србија досега 755 несакани реакции од вакцинацијата

Белград- вакцинација на возрасни граѓани

Во Србија досега се пријавени 755 несакани реакции на вакцини против коронавирус, што значи дека има само една пријавена реакција на 3.973 имунизирани граѓани, изјави претставникот на Агенцијата за лекови и медицински помагала (АЛИМС), Павле Зелиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Зелиќ на РТС изјави дека сите реакции се благи, дека се однесуваат на појава на оток, црвенило, високи температури, болки во мускулите и поминуваат за неколку дена.

Во Србија е достапна имунизацијата со вакцините „Синофарм“, „Фајзер/БиоНТек“, „АстраЗенека“ и „Спутник Ве“, а Зелиќ изјави дека Модерна се уште не поднела барање за регистрација, дека се водат преговори и дека очекува и таа да се најде во понуда.
Тој изјави дека во Србија има сосема доволно вакцини, затоа што досега се пристигнати над 3,5 милиони дози.

Во Индија нов рекорд заразени со ковид19, недостигаат вакцини

Мумбаи- луѓе со заштитни маски чекаат на железиничка станица, 09.04.2021

Во Индија е забележан нов рекорд во бројот на новозаразени со Ковид19, а бројот на смртни случаи е највисок во последниве пет месеци. Според извештаите во земјата има недостиг на вакцини, а Мумбаи е во викенд локдаун.

Втората најбројна земја во светот има над милион нови случаи од крајот на март и повеќе од 500 починати на ден, иако се верува дека реалните бројки се многу повисоки.

Централната власт во обид да ја зачува економијата не презема драстични рестриктивни мерки, но тоа го прават локалните влади. Во меѓувреме земјата која има 1,3 милијарди луѓе се соочува и со недостиг на вакцини, а досега се обезбедени 94 милиони дози.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG