Достапни линкови

Вести

Заев и ЕБОР: Конкретни активности за поттик на пристапот во ЕУ

Зоран Заев

Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и инклузивен раст, одржлива инфраструктура и транзиција кон зелена економија, вклучувајќи ги и приоритетите за регионална поврзаност и зајакнување на инвестициската клима и управување, се приоритетите во фокус на Меморандумот за разбирање кој денеска го потпишаа премиерот Зоран Заев и претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо.

Во Меморандумот за разбирање, ЕБОР изразува поддршка во сет мерки на политички ангажман, техничка помош и инвестиции, со цел да го задржи моментумот на приближување на земјата кон ЕУ. Според Меморандумот, Владата ќе ги дефинира реформските области, инвестициските можности и ќе промовира активности од овој меморандум, а ЕБОР ќе го поддржи развојот на домашните компании, преку финансирање и долгорочни советодавни услуги, зајакнување на конкурентноста преку поголем пристап до финансии и поддршка кон економската инклузивност, младите и оние од подалечните региони.

Банката ќе помогне во активностите на завршување на клучната транспортна инфраструктура, ќе промовира одржлива инфраструктура и поддршка на разновидна енергетска поддршка, со цел да се зајакне улогата на обновливите извори на енергија.

види ги сите денешни вести

Кино Култура се отсели од „Кино Култура“

Кино Култура

Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска
агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме
идејата да продолжи и понатаму... Си одиме од просторот, но идејата за
Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка,
каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност
воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму.

Ова е дел од писмото до јавноста од уметниците, меѓу кои и Слободан Унковски, Александар Поповски, Биљана Тануровска- Ќулавковски,
Виолета Качакова, Павле Игновски, Мирко Попов..., со кое тие го објавуваат крајот на работата на проектниот простор КИНО КУЛТУРА.

„Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет
години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор
Цветко и Локомотива), развиваа простор кој пред сè беше замислен како
ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои
доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена. Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности, - заедно со другите организации и поединци“, пишуваат уметниците.

Потписниците на писмото велат дека „им е жал што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската, а особено скопската-оф култура, не ја добиле неопходната поширока поддршка од државата и од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат и да живеат“.

„Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500
меѓународни уметници, над 1000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини. Но, најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за
инклузија, за развој...“, се наведува во писмото.

Уметниците велат дека продолжуваат понатаму и дека „ќе целат, ќе заговараат и ќе се борат да создадат достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата“.

Бесими: Со вчерашната еврообврзница ќе се плати долг од 2014 година

Фатмир Бесими

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска изјави дека со еврообврзницата издадена вчера ќе се врати долгот за третата еврообврзница од 2014 година во износ од 500 000 000 евра. Според него, нето-повлекувањето по основ на оваа аукција изнесува 200 000 000 евра и остатокот од средствата ќе се наменат за финансирање на буџетскиот дефицит.

„Примарно овие средства ќе се насочат кон економските и здравствените мерки за справување со ковид-кризата, изјави Бесими на денешната прес-конференција.

Министерот рече дека на верашната аукција, имало за 2,3 пати поголема побарувачка од страна на меѓународните инвеститори, односно ако понудата за осмата еврообврзница беше 700 000 000 евра, побарувачката била 1,6 милијарди евра од страна на над 130 меѓународни инвеститори, што, според него, „покажува дека сме попривлечни за инвеститорите од многу економии во регионот“.

Според Бесими, погрешни се „гласините“ дека се прави ново нето-задолжување од 700 милиони евра.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини, како што пишуваше во партиското соопштение“, дека „Заев издал еврообврзница од 700 милиони евра, за која треба да плати камати од 80 милиони, и на домашниот пазар се задолжил за 70 милиони, вкупно 850 милиони“.

Конечни резултати од изборите во Косово, Курти има 58 пратеници

Архивска фотографија - Поддржувачи на Самоопределување ја прославуваат победата на парламентарните избори во Косово (14 февруари, 2021)

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), денеска, 4 март, ги објави конечните резултати од парламентарните избори, според кои Движењето Самоопределување на Албин Курти извојува победа, односно освои 58 од вкупно 120 места на Косовско собрание.

Вјоса Османи, кој беше на списокот на Самоопределување, доби најмногу гласови, 300.788, а лидерот на таа партија, Албин Курти, не може да се кандидира поради проблеми со законот.

Демократската партија на Косово ќе има 19 пратеници во Собранието, Демократскиот сојуз на Косово 15, а Алијансата за иднината на Косово осум. Српска листа ги освои сите десет места во косовското собрание гарантирани за српската заедница.

Според Уставот на Косово, уште десет места се загарантирани за другите малцински заедници кои живеат во Косово, а по две добија Турската демократска партија на Косово и Ромската иницијатива.

Коалицијата Вачат, Обединетата заедница Адријана Хоџиќ и Новата демократска партија освоија по едно место пред бошњачката заедница, а по едно место освоија и Обединетите горански партии, Новата демократска иницијатива на Косово, која ја претставува египетската заедница, и Ашкалиската партија за интеграција.

Сега политичките субјекти или кандидатите, кои не се задоволни од конечните изборни резултати, имаат право на жалба до Избирачкиот одбор за жалби и претставки во рок од 24 часа, а доколку партиите не се задоволни од одлуката на панелот, тие исто така можат да се жалат до Врховниот Суд.

Откако ЦИК ги потврди конечните изборни резултати, треба да се конституира нов, осми по ред собраниски состав, а свикување на Собранието е во рок од 30 дена. Тоа е формален процес и не треба да има одложување, односно Косово би можело да добие нов парламентарен состав во март.

Заев: Стигна договорот од Фајзер, месецов доаѓаат 21.000 вакцини

Заедничка прес-конференција на премиерот Зоран Заев и лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата за матурата

Не се работи за наша несериозност во набавката на вакцините. Едноставно, има недостаток во нивното производство. До крајот на март ќе добиеме 21.000 вакцини од Фајзер, а потоа следуваат и кинеските и вакцините од Русија, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање, а по реакциите во јавноста и од опозицијата дека Владата не презела се што треба и затоа Македонија се уште нема вакцини против ковид-19.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека ние како Влада имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини вакцини. Договорот од ‘Фајзер‘ стигна, до крајот на март ќе добиеме 21.000 доза од вакцините. Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини“, рече Заев по увидот во почеток на изградба на далекуводот Штип - Овче Поле.

Според него, Македонија досега има нарачано 2,5 милиони дози вакцини од различни производители, а за имунизација на населението треба да се вакцинираат еден милион граѓани.

„Потребни ни се два милиона дози. Имаме нарачано 800.000 од Фајзер, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, 400.000 од Кина и 200.000 од Русија. Исто така имаме дополнителни и од ЕУ преку грантот од 70 милиони евра за Западен Балкан како и најавени донации за соседите и со тоа стигаме до 2,5 милиони дози“, рече Заев.

Во земјава досега се вакцинирани над 2.500 медицински лица, од над 8.000 дози вакцини добиени од Србија.

МВР и Интерпол: На Тик-Ток се шират повици за малолетничко самоповредување

Илустрација - Зградата на Министерството за внатрешни работи во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска апелираше до граѓаните, особено до родителите, како што велат, да обрнат внимание на активностите на своите деца на социјалните мрежи. Оваа реакција на МВР следува по предупредувањето од Интерпол за појава на видеа со повици за самоповредување, објавени на мрежата Тик-Ток.

„Од страна на Интерпол е добиена информација дека на профили на социјалната мрежа „Тик Ток” во Русија и Израел се забележани повици за самоповредување на малолетни лица“, наведува МВР во денешното соопштение.

Спорeд Министерството, досега вакви повици нема од профили на наша територија ниту од околните држави, но полицијата апелира „на будност и надзорза да се избегнат било какви несакани случувања“. Според објавите на медиумите од регионот, истата информација Интерпол ја доставил и до надлежните служби и во другите држави од регионот.

Мицкоски: Заев искористи што имам ковид и си купи денови

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека премиерот Зоран Заев вчера ја искористил неговата изолација бидејќи е ковид позитивен и со гласањето за доверба на Владата во Собранието само си купил броени денови за неговата Владата.

Како што вели Мицкоски, во изјава за „Дојче Веле“, „Заев продолжил да прави мафијашко византиство“. Опозицискиот лидер додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го постави прашањето за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат.

Вчера попладне, премиерот Зоран Заев, во Собранието усно побара да се гласа доверба на неговата Влада. На истата собраниска седница, со 62 гласа „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието ѝ изгласа доверба на неговата Влада. Пратениците од опозицијата не беа присутни во собраниската сала во моментот на гласање.

Илјадници странци „живеат“ кај Трајчо Трајков во Средец, најмногу се Македонци со бугарски пасош

Илустрација - Пасош на Република Бугарија

Илјада страници со 45.752 имиња содржи документацијата за најнаселениот дел во Бугарија, објави денеска бугарската агенција БГНЕС. Тоа е населбата Средец во Софија. Сите овие илјадници странци имаат истата адреса - улица Леге број 6 во главниот град Софија, каде се наоѓа администрацијата на Средец, потврдил за БГНЕС градоначалникот на областа, Трајчо Трајков.

Како што објавува БГНЕС, „огромниот број од тие луѓе на списокот се со имиња и презимиња кои имаат македонски завршеток, а кои го добиле бугарското државјанство врз основа на докажано бугарско потекло“.

Градоначалникот на областа Средец, Трајков, за БГНЕС објаснува дека тоа е така бидејќи, според законот, оние граѓани кои се стекнале со бугарско државјанство и живеат во странство, добиле постојана адреса, како што вели, „кај него во зградата на окружната администрација“, во случајот Средец. Според последните податоци, тие жители на таа адреса се веќе над 82 илјади.

Градоначалникот Трајков ова го соопштил во пресрет на парламентарните избори во Бугарија и додава дека често ги гледа тие луѓе како користат административни услуги во областа, но дека нивните гласачки ливчиња „веројатно ќе останат недопрени, како што се случувало и досега“.

Според процедурата за добивање бугарско државјанство и пасош, барателот мора да пријави адреса во Бугарија. Според податоците на бугарското министерство за правда, од 2010 до 2020 година околу 66.000 Македонци добиле бугарско државјанство.

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор партијата Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија

Германската разузнавачка агенција ја стави под надзор целата опозициска партија Алтернатива за Германија поради сомневања дека работи од позиции на екстремната десница, објавија германските медиумите. Лидерите на оваа партија го критикуваа потегот, велејќи дека неговата цел е да ги ослабне изгледите на сега најсилната опозициска партија во Бундестагот, на парламентарните избори на 26 септември. Притоа се обвинува Германското сојузно биро за заштита на уставот дека намерно им давало на медиумите информации за ставање под надзор на целата партија со цел да влијаат на промена на јавното мислење.

Лавров на средба со членови на десничарската Алтернатива за Германија

„Не случајно оваа информација протече во медиумите во годината на парламентарните избори и само два дена пред важните избори во двете германски покраини“, наведоа тие. На изборите во 2017 година, Алтернатива за Германија влезе во Бундестагот за прв пат, освојувајќи го третото место, на бранот незадоволство на граѓаните од приемот на повеќе од милион баратели на азил. Во моментов е најсилна од четирите опозициски партии во парламентот и има претставници во собранијата на сите 16 провинции. Според последните анкети, оваа партија може да смета на поддршка од девет до 11 проценти од гласачите, додека на изборите во 2017 година освои 12,6 проценти од гласовите.

Австрија и Данска на разговори со Израел за вакцините против ковид-19

Австрија и Данска сакаат да соработуваат со Израел за производство вакцини против ковид-19

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, како што најави, денеска ќе го посети Израел заедно со данскиот премиер Мете Фредериксен за да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху за можна соработката во производството на вакцини. Курц деновиве изјави дека неговата земја и Данска повеќе нема да се потпираат исклучиво врз Европската унија за вакцини против коронавирусот и ќе соработуваат со Израел во производството на вакцини од втора генерација за понатамошни мутации на коронарен вирус и дека ќе истражуваат опции за долгорочен третман.

СЗО: нереално да се очекува пандемијата да запре до крајот на годината

ЕУ се соочи со критики за бавното воведување на вакцинација, додека Израел имунизираше голем дел од своите граѓани. Курц смета дека Европската агенција за лекови е премногу бавна во одобрувањето на вакцините и посочи на недостатоците во испораките на фармацевтските компании. „Ние мора да се подготвиме за понатамошни мутации и повеќе не треба да бидеме зависни од ЕУ во производството на вакцини од втора генерација“, рече австрискиот канцелар. Во Австрија досега се вакцинирани нешто помалку од 5,5 проценти од населението.

Во САД откриен можен заговор за денешен напад врз Капитол

разузнавачки информации за можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март 2021.

Полициските сили кои го чуваат американскиот Капитол вчера соопштија дека добиле разузнавачки информации што укажуваат на можен заговор од страна на милитантна група за напад врз Капитол на 4 март. Во соопштението на американската полиција во Капитол не се именува организацијата, но се нарекува „идентификувана милитантна група“. Властите соопштија дека десничарските екстремисти биле дел од толпата приврзаници на поранешниот претседател Доналд Трамп, која упадна во Капитол на 6 јануари, прекинувајќи го официјалното конгресно сертифицирање за изборната победа на претседателот Џо Бајден.

Трамп навести дека ќе се кандидира за претседателските избори во 2024 година

Денеска е датумот кога некои десничарски теоретичари на заговор тврдат дека Трамп, поразен од Бајден на изборите на 3 ноември, ќе положи заклетва за втор мандат на функцијата. Министерството за правда на САД обвини повеќе од 300 лица за учество во опсадата во Капитол во која беа убиени пет лица, вклучително и полицаец. Во полициското соопштение се истакнува дека одделот веќе извршил „значајни надградби за безбедноста“ во Капитол, дом на Претставничкиот дом и Сенатот на САД. Нема индикации дека Сенатот или Претставничкиот дом ќе ги променат своите законодавни активности за денеска. Скоро еден век, американските претседатели беа инаугурирани на 20 јануари, вклучувајќи го и Бајден, кој положи заклетва на територијата на Капитол. Претходно, 4 март беше датум на заклетва.

ЕУ предлага компаниите да известуваат за родовиот јаз во платите

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел

Компаниите кои вработуваат најмалку 250 лица во Европската унија ќе треба да започнат со обезбедување на податоци за разликите во платите според полот, откако е утврдено дека пандемијата на ковид-19 повеќе ги погодила жените отколку мажите. Жените во просек заработуваат 14% помалку во ЕУ, што значи дека два месеци работат бесплатно секоја година во споредба со мажите. Европската комисија, како што е најавено денеска ќе предложи законодавство за зајакнување на транспарентноста на платите, за да се намали таквиот јаз во платите.

Платформа за родова еднаквост до ОЈО: Да се расчисти „Јавна соба“

Тоа ќе им даде на работниците кои аплицираат за работа и оние кои се веќе во работен однос право да бараат информации за очекуваната плата и за тоа како нивната индивидуална плата се споредува со онаа на другите. Предвидени се и казни за компаниите кои го кршат правото на еднаква награда.

Најмалку 38 убиени во протестите во Мјанмар

Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар

Најмалку 38 лица беа убиени во Мјанмар во насилни акции за разбивање на протестите против новоинсталираната воена хунта. Претставникот на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, го опиша 3 март како „најкрвавиот ден“ од воениот удар, додавајќи дека повеќе од 50 лица починале во изминатиот месец. Многу повеќе се ранети. Сведоците и видеата покажаа дека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и боева муниција за да ги растера демонстрантите во неколку градови. Мјанмар минува низ секојдневни протести откако војската на 1 февруари стави крај на деценискиот експеримент на нацијата со демократијата.

Жестоки судири на демонстранти со полиција по пучот во Мјанмар

Лидерите на државен удар ја соборија избраната влада и го притворија де факто лидерот на земјата, Аунг Сан Су Ќи и другите членови на нејзината партија. Стотици луѓе се уапсени, вклучително и најмалку шест новинари. Пучот предизвика меѓународни критики и притисок, вклучително и западни санкции кон водачите на хунтата. Британија повика на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 март, на кој ќе се разговара за Мјанмар. Соединетите држави соопштија дека размислуваат за натамошно постапување против хунтата, додека Европската унија соопшти дека стрелањето врз невооружени цивили претставува јасно кршење на меѓународното право.

Вучиќ: Белград е подготвен за компромиси, признавањето на Косово не е тоа

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Приштина-Белград, Мирослав Лајчак со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Белград, 3 март 2021 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Белград е подготвен на „вистински“ компромиси во дијалогот со Приштина, наведувајќи дека признавањето на Косово не може да биде компромисно решение. „Ако кажете дека компромисно решение е признавање, кажете ми што е компромисот. Ако некој рече дека границите се такви како што ги поставуваме, тогаш не гледам желба за компромис“, рече Вучиќ по состанокот со специјалниот ЕУ пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак.

Курти: дијалогот со Белград не е ни прв ни втор приоритет

Тој оцени дека во Приштина има „големи очекувања“ од новата американска администрација во однос на притисокот врз Србија да го признае Косово. „Тие очекуваат дека Србите ќе мора да дадат сè под притисок и тоа нема да се случи. Ако не се подготвени за компромис и ако мислат дека нечие тепање ќе создаде држава за нив, и дека Србите ќе се согласат на тоа, тогаш тоа е сметка без гостилничар“, рече Вучиќ на прес-конференцијата. Според него, Србија ќе се соочи со „сериозни притисоци“ во претстојниот период. Говорејќи на заедничката прес-конференција, Лајчак рече дека разговорите во Брисел се клучни за напредокот на двете страни на европскиот пат, дека статусот кво не е одржлив за ниту еден од нив, како и дека членките на ЕУ очекуваат Белград и Приштина да спроведат сè што е договорено во последниве години десет години.

Времето денеска: сончево со слаб ветер

Ќе биде сончево и релативно топло. Ќе дува слаб до умерен во западните делови западен, а во источните југоисточен ветер. Дневната температура ќе биде од 10 до 20 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 17 степени.

Досега евидентирани 18236 лица преку апликацијата за самопопишување

Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика

Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 18 236 лица, објави Државниот завод за статистика на својата веб страница.

Предвидено е собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.

До апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Бугарската Скејлфокус уверува дека системот за попишување е безбеден

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa во понеделникот со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе започне на 1 април.

Курти: Имам мнозинство за формирање Влада

Албин Курти

Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, планира да ја формира новата влада на Косово исклучиво со поддршка на пратеници од несрпските малцински заедници, што ја исклучува можноста за формирање коалиција со албанските партии и Српската листа.

На Косово се одржаа предвремени парламентарни избори на 14 февруари и според првичните резултати Самоопределување извојува убедлива победа, но сè уште не е познато дали има мнозинство за формирање влада, односно 61 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.

Во изјава за новинарите во Тирана, Курти рече дека верува оти ќе има поддршка од повеќе од 61 пратеник за формирање влада.

„Сигурно ќе имаме поддршка од пратениците од египетската заедница пратениците од бошњачката заедница и други. Ни требаат 61, ќе имаме повеќе од 61 глас. Нема да ни требаат компромиси со стариот режим затоа што луѓето сакаат да се променат, а ние немаме намера да ја кршиме нивната волја, рече Курти.

Самоопределување се враќа на власт во Косово?

Според сегашните податоци на Централната Изборна Комисија, Движењето Самоопределување освои 47,85 проценти од гласовите, Демократската партија на Косово 17,41 процент, Демократската лига на Косово 13,08 проценти и Сојузот за иднината на Косово 7,43 проценти од гласовите.

Во 2020 година, кога беше премиер на Косово, Курти одби да ја вклучи Српската листа во владејачката коалиција, но сепак им додели две министерства, колку што и припаѓаат на српската заедница според Уставот на Косово.

Османи до Захариева: Да ги надминеме предизвиците

Бујар Османи и Екатерина Захариева

Во честитката која министерот за надворешни работи Бујар Османи упати честитка до неговата бугарска колешка Екатерина Захариева по повод 3 Март – Националниот празник на Република Бугарија, Османи посочува дека „Република Северна Македонија останува цврсто посветена на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коа важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани“.

Османи нагласува дека патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.

По Радев, и Захариева за Бугарите во Македонија: Реагираме за секој случај

„Поддршката од Република Бугарија за евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија значи сигурна потпора за нашите највисоки стратешки приоритети и претставува потврда за пријателството меѓу нашите граѓани. Уверен сум дека само преку континуирана примена на досегашниот пристап заеднички ќе успееме да ги надминеме сите предизвици и ќе обезбедиме сестран прогрес за нашите граѓани, пишува шефот на дипломатијата Османи во честитката до Захариева.

Во земјава засега не е потврден јужноафрикански вид на коронавирус

Од министерството за здравство информираат дека според анализите што денеска се направени во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на брисот од пациентот кој пред неколку дена се вратил од Занзибар детектирано е присуство на британскиот вид на коронавирусот, а не на јужноафриканскиот. Од министерството нагласуваат дека во текот на утрешниот ден ќе биде извршена анализа и на вториот пациент од Занзибар.

Сомнежите дека јужноафриканскиот вид на корона вирусот кој се смета за многу позаразен, се појавија откако стигна веста дека двајца сопружници од Битола, кои се вратиле од патување во Занзибар, се ковид-позитивни. Според информациите, тие пред 5 дена се вратиле од Африка, а во моментов и двајцата се на болничко лекување.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Претходно, Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни бoлести ќе предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лицата што доаѓаат од сите африкански земји.

Заев побара пратениците да и гласаат доверба на Владата

Премиерот Зоран Заев во Собрание

Премиерот Зоран Заев попладнево во Собранието усно побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата.

„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоa,“ рече Заев од собраниската седница.

Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за (не)доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата.

Од претседателскиот кабинет за РСЕ потврдуваат дека спикерот Џафери усно го информирал шефот на државата Пендаровски.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше што премиерот се повикал на членот 217 со што се оневозможува тридневна расправа по ова прашање.

„Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете можност во тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, рече Мицевски.

Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во член 217 од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието. Во Собранието денеска се сите 62 пратеници од мнозинството. Во моментов пратениците се на пауза откако претседателот на Собранието даде пауза од еден час.

Вилијам Барнс е новиот шеф на ЦИА

Вилијам Барнс

Комитетот за разузнавачки прашања при американскиот Сенат едногласно потврди дека поранешниот дипломат Вилијам Барнс ќе биде новиот директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), изјави сенаторот Марк Ворнер, претседател на комитетот.

Ворнер истакна дека едногласната потврда на ветеранот во дипломатијата Барнс, кандидат на претседателот Џозеф Бајден за директор на ЦИА, сведочи за неговите „несомнени квалификации за таа позиција, долгогодишното искуство во националните безбедносни прашања и посветеноста кон јавните служби, која е за пофалба”, пренесе Ројтерс.

За време на сослушувањето пред комитетот, Барнс изјави дека на „сè покомплексната и поконкурентна” меѓународна сцена, „предаторскиот” став на кинеската Влада претставува „најголем геополитички предизвик”.

Нови 807 ковид позитивни и петмина починати во Македонија

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во Скопје

Во последните 24 часа се направени 3.312 тестирања, а регистрирани се 807 нови случаи на ковид-19, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ). Новозаразените се регистрирани во: Скопје 359, Куманово и Охрид по 38, Кавадарци, Струмица и Неготино по 36, Гевгелија 35, Тетово и Прилеп по 34, Гостивар 29, Битола 25, Велес 24, Крива Паланка 12, Кочани и Крушево по 11, Ресен 6, Струга, Кичево и Валандово по 5, Пробиштип и Богданци по 4, Штип, Дебар, Берово и Демир Хисар по 3, Делчево и Радовиш по 2, и Свети Николе, Виница, Кратово и Демир Капија по 1.

Според соопштението од МЗ, регистрирани се 314 оздравени пациенти, а пријавени се пет починати лица - четворица од Скопје, на возраст од 65 до 80 години и еден пациент од Штип, на 81-годишна возраст. Сите пациенти се починати во болнички услови.

Поглаварот на СПЦ во изолација по контакт со ковид позитивен

Владиката Порфириј

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј, е во превентивна изолација поради контакт со лице заразено со ковид-19, објави Српската православна црква (СПЦ) на 3 март. Патријархот бил во контакт со свештеник за кој се потврдило дека лесна и асимптоматска форма на коронавирусот, се наведува во соопштението на Српската православна црква.

По совет на лекар, Порфириј ќе биде превентивно изолиран во наредните денови.

Патријархот на Српската православна црква, Порфириј, беше востоличен на 19 февруари на свечена литургија во Соборниот храм во Белград. Поранешниот митрополит во Загреб и jубjана, Порфирије 46, е поглавар на Српската православна црква. Покрај митрополитот Порфириј, во потесниот избор влегоа и епископот Башки Иринеј и епископот Бања Лука, Јефрем.

Тој го презеде местото патријарх два и пол месеци откако патријархот Иринеј почина како резултат на инфекција со коронавирусот.

Симовски: На сите пописи од 1948 наваму има код за бугарска етничка припадност

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, изјави за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Изјавата на Симовски следува откако денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи напиша на Фејсбук дека претставниците на бугарските здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница.

Симовски појаснува дека полето во кое се впишува етничката припадност во формуларите за попис е празно. Во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас. Тој нагласи дека во пописот, кој официјално ќе почне на 1 април, а ќе трае до 21 април, секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Сите овие реакции следуваат по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои тој побарал мерки за заштита на Бугарите во Македонија, по наводни жалби од битолското здружени „Иавн Михајлов“ дека во Македонија имсе кршат правата на Бугарите за национално самоопределување. На тоа реагираа македонските власти дека нема кршење на ничии права, а потегот на Радев го оценија како мешање во туѓа земја.

Субвенции за „етнички вработувања“ само за долго невработени

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше дека во Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2021 ќе има и програма за субвенционирање на вработувања по етнички критериум во приватните компании, но само за лица кои се долго време надвор од работниот процес.

„Субвенции или поддршка ќе добиваат оние компании кои што ќе вработуваат лица според одредени критериуми кои што ќе се најдат на таа листа и на тој начин ќе биде направен изборот. Целта и фокусот се сите граѓани кои што се засегнати со оваа мерка а се подолго време надвор од работен процес, без разлика на етничка, религиозна, полова, расна или друга разлика, рече Арсовски.

Ова е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година што Владата го прифатила на 50-тата седница.

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.Во Оперативниот план на Агенцијата за вработување ќе бидат предвидени 1, 516 милијарда денари и ќе бидат опфатени 10.279 лица.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарската партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, ја напушти групата европски народни партии во Европскиот парламент (ЕП). Одлуката донесе кратко откако членовите на Европската народна партија (ЕПП) со големо мнозинство гласаа за промена на деловникот, дозволувајќи исклучување на политичките партии кои се дел од групата, отворајќи го патот за протерување на партијата Фидес.

Европската народна партија е најголемата политичка група во Европскиот парламент. На состанокот на оваа политичка група, што се одржа во среда, на 3 март, 148 пратеници гласаа за имињата, што претставува над 80 проценти од членовите. За да се направат промените, беше потребно двотретинско мнозинство.

Во писмото испратено до шефот на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, унгарскиот премиер Орбан оцени дека гласањето во средата е „непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG