Достапни линкови

Вести

МОН: Државната матура ќе се полага во законски рок, јуни 2021

Илустрација

Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека државната матура ќе се полага во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година. Во март годинава училиштата беа затворени поради ковид пандемијата и државната матура во јуни беше укината, па сите матуранти добија дипломи, со исто важење како и претходните години.

Според МОН, поолагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура. Од Министерството ги повикуваат матурантите до крајот на месецов да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која е проширена со уште два нови предмета.

види ги сите денешни вести

Нови 820 инфицирани со ковид, 32 починати

Архивска фотографија- Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2019 тестирања, а регистрирани се 820 нови случаи на ковид-19. Oд нив најмногу во Скопје-279, а двоцифрени бројки заразени има и во Куманово-49, Штип-39, Прилеп-15, Тетово-42, Струга-33, Велес-19, Битола-58, Охрид-24, Кавадарци-34, Гостивар-37, Гевгелија-25, Струмица-25, , Кочани-15, Пробиштип-10, Берово-14, Валандово-11, Делчево-15, Свети Николе-15, Кичево-11 и Неготино-21.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 895 оздравени пациенти.
Починати се 32 лица од кои единаесет пациенти од и сите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 61543, бројката на оздравени пациенти е 38400 на починати е 1731, а бројот на активни случаи изнесува 21412.

Во ковид центрите се лекуваат вкупно 1282 пациенти, слободни кревети има

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 813 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти Министерството за здравство.

Според извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 73 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 62 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 45 пациенти, во Велес се лекуваат 58 болни, а во Куманово 113 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 100 пациенти, во Прилеп 118, во ковид центарот во Гостивар 59, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 64 пациенти, во Кочани 15, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 15 лица позитивни на корона вирусот.

Бројките, како што посочуваат од Министерството, се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1282 и има колку 190 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород“, наведуваат во соопштението.

Во Србија рекордни 65 смртни случаи од Ковид-19

Србија- ковид центар во Земун

Во Србија во последните 24 часа се потврдени 6.179 нови случаи на заразени со коронавирус од вкупно 15.508 тестирани, а во истиот период од Ковид -19 умреле 65 лица.

Во моментов, во болницте се сместени 7.256 пациенти, а 252 од нив се на апарати за дишење.

До денеска во земјата се регистрирани вкупно 169.214 случаи на Ковид 19, а од почетокот на пандемијата умреле вкупно 1.549 лица, соопштено е на владината веб-страницата covid19.rs.

Заев- македонската иднина е европска, продолжуваме да бараме решенија

Архивска фотографија- македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов во Софија, 10 ноември 2020

Македонскиот премиер Зоран Заев на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук денеска најави дека продолжуваат да се бараат решенија со Бугарија за разликите меѓу двете земји.

„Македонскиот народ секогаш бил и ќе биде со поглед напред. Сите премрежја, окупации и блокади беа надминувани и надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот. Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре. Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик!“, наведе премиерот.

Неговиот бугарски колега Бојко Борисов во интервју за денешното издание на германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг рече дека компромисот е возможен, но дека исто така треба да се познава историјата.

„Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декември.

Директор на музеј во Унгарија го нарече Сорос либерален фирер, предизвика остри критики

Архивска фотографија- американскиот милијардер Џорџ Сорос

Првиот човек на унгарскиот литературен музеј Петофи со седиште во Будимпешта Сзилард Деметер предизвика силни критики поради неговиот текст во кој го поврзува американскиот милијардер, филантропот Џорџ Сорос со нацистичкиот геноциден режим на Адолф Хитлер.

„Сорос е либерален фирер кој ја претвори Европа во гасна комора“, напиша Деметер во коментар за интернет порталот origo.hu кој е близок до унгарската влада.

Американскиот еврејски комититет во Централна Европа го осуди коментарот и го нарече ужасен. Инаку Сорос е роден во Унгарија и го преживеал Холокаустот. Во текстот кој се однесува на несогласувањата во Европската унија околу буџетот Деметер ги опиша Унгарија и Полска, како „новите Евреи“.

“Отровен гас се испушти од капуслата на мултикултурното отворено општество кој е отровен за европскиот начин на живот и ние нациите на Европа сме осудени да се бориме за последниот здив воздух качувајќи се едни врз други“, напиша Деметер.

Тој е назначен на позицијата од унгарскиот премиер Виктор Орбан и често го обвинува Сорос и неговата фондација за промовирање на либерални каузи. Деметер го нарекува милијардерот ноќен кошмар за европските права и го обвинува дека сака да го преплави континентот со муслиманските мигранти и со тоа да го поткопа националниот идентитет.

ВМРО-ДПМНЕ- Заев за лична корист ја продава Македонија

Архивска фотографија- седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на прес конференцијата на портпаролот и пратеник од СДСМ Костадин Костадинов.

„Нека го праша Заев каква тајна соработка има и колку чини идентитетот кој го распродава. И ќе го потсетиме дека Костадинов преставува партија, чиј лидер има приватни бизниси во Бугарија. Заев за лична корист ја продава Македонија“, наведуваат од опозициската партија.

Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период и од кој му давал информации.

Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

СДСМ го прашува Мицкоски со кој соработува во Бугарија

Архивска фототрафија- портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов

Портпаролот на СДСМ и пратеник од таа партија Костадин Костадинов денеска на прес конференција побара од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да кажел со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период.

Вчера на протестот со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ кој заврши пред зградата на Владата, Мицкоски обраќајќи се пред насобраните повика на внимателност, оти како што рече, имал информации дека викендов во Софија „се распарчува Македонија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

„Христијан Мицкоски има должност да излезе пред граѓаните и да каже кој му ја дал оваа информација? Дали лично му се јавија на Мицкоски или преку посредници? Ако знаел дека се спрема нешто опасно по државата зошто не пријавил во надлежни институции? Еве го викендот. Ниту се распарчивме ниту имало официјални претставници во Софија“, рече Костадинов.

Тој повтори дека за македонскиот идентитет не се разговара и дека зборуваме македонски јазик кој нема како што рече бугарски корен.

Шекеринска- пораките до Софија и Скопје се да се стави крај на недовербата

Архивска фотографија- министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска истакна дека пораките коишто доаѓаат од странските држави покажуваат дека од Република Северна Македонија и од Бугарија се очекува да стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото, туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес.

„Она што е јасно денеска е дека пораките коишто доаѓаат од сите главни градови, од сите држави коишто му посакуваат добро на Балканот, Германија и САД. Денеска со писмото на поранешниот наш амбасадор, а високо позициониран во Стејт департментот, Филип Рикер е дека од нас и од Бугарија се очекува да се стават точка на недовербата и непријателството и да инвестираат во политика која нема да биде фокусирана на минатото туку политика којашто ќе обезбеди европски вредности сега и денес. Не само во Европската Унија, туку и на Балканот којшто сака да стане нејзин член“, нагласи Шекеринска.

Таа денеска во Штип одговарајќи на на новинарско прашање што работат работните групи на Северна Македонија и Бугарија, предводени од министрите за надворешни работи на двете земји и што содржи евентуалниот патоказ кон Договорот за добрососедство, кој се споменува, рече дека на тоа одговор можат да кажат одговорните.
Додаде дека она што е јасно денеска се пораките кои пристигнуваат од сите главни градови.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, во писмо до македонскиот премиер Зоран Заев, како што соопшти владината прес служба денеска, наведе дека ге охрабруваме и Заев и земјите членки на ЕУ да продолжат да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на земјата во ЕУ и да остварат прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите.

Руската полиција казни повеќе од милион луѓе поради прекршување на корона мерките

Русија-вработени во ковид центри одмораат од работа

Руската полиција казнила 1,1 милион луѓе за прекршување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од почетокот на пандемијата досега, соопшти руското министерство за внатрешни работи. Од таму прецизираа дека казнетите ги прекршиле протоколите поврзани со карантинот или самоизолацијата. Просечната казна која што ја платиле е 1000 рубљи, или околу 13 американски долари.

Русија е четврта земја во свет со најмногу потврдени случаи на инфицирани со коронавирус, 2,2 милиони и околу 39 000 смртни случаи поврзани со вирусот. Реалните бројки се смета дека се повисоки.

И покрај зголемениот број заболени во последните недели и притисокот врз болниците руските власти одлучија да не преземат мерки за затворање, како во повеќето места во Европа, а наместо тоа руските региони преземаат свои рестрикиции за намалување на ширењето. Во октомври владата донесе одлука за задолжително носење маски во прометните области.

Министерството за здравство апелира до граѓаните да бидат внимателни на славите

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Министерството за здравство денеска апелира до граѓаните во периодот на слави кој престои максимално да бидат одговорни и да ги почитуваат мерките за заштита. Од таму потсетуваат на вчерашната изјави на министерот Венко Филипче даде при посетата на Прилеп, кога предупреди дека домашните прослави и групирања беа главна причина за време на првиот бран да се влоши епидемиолошката состојба и апелираше да не дозволиме повторно тоа да се случи. Инаку со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се забранува собирања во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или каде било на отворен простор во текот на целиот ден.

Рикер со охрабрување до Скопје и ЕУ да се бара решение за билатералните прашања надвор од интеграцијата во ЕУ

Архивска фотографија-Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, во писмо до македонскиот премиер Зоран Заев, како што соопшти владината прес служба, истакнува дека Соединетите Американски Држави остануваат посветени во поддршката на Северна Македонија за нејзините интеграции кон Европската Унија и изразува разочарување што земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност да ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на ЕУ за нашата земја.

„Вашата земја покажа дека е доверлив сојузник во НАТО и голем пријател на САД. Пристапувањето на вашата земја во ЕУ останува наш врвен заеднички интерес и ние ќе продолжиме да го застапуваме настојувањето и поддршката заедно со нашите европски партнери за одржување на меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ“, пишува амбасадорот Филип Рикер во писмото до премиерот Заев и додава дека САД ги следат и разбираат предизвиците и сложените прашања низ кои поминува процесот и истакнува дека Северна Македонија и досега покажала дека не отстапува кога е неопходно да се завршат успешно потребните процеси за да се обезбеди одржлив мир, сигурност за просперитет за своите и за граѓаните на соседните земји.

Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер пишува дека Северна Македонија тоа го докажа со постигнувањето на историскиот договор од Преспа и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во 2017 година со кој беа поставени темелите за посилни односи меѓу двете земји.

„Ве охрабруваме и вас и земјите членки на ЕУ да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите. Високо ги оценуваме вашите напори да ги водите разговорите во духот на добра волја и да одржувате посветеност во обезбедувањето европската иднина на Северна Македонија која земјата покажа дека ја заслужува“, пишува амбасадорот Рикер.

Во писмото до премиерот Заев се нагласува дека САД продолжува со поддршката на овие настојувања и се изразува надеж дека овие процеси ќе резултираат со одржување на континуитетот на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

„Остануваме ваши партнери оптимисти дека меѓувладината конференција со Република Северна Македонија за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи наскоро“, се вели во писмото на помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер, до претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев.

Борисов за ФАЦ- компромисот е возможен, но треба да се познава историјата

Архивска фотографија- бугарскиот премиер Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервју за германскиот весник Франфуртер Алгемајне Цајтунг на прашањето поврзано, со како што прашува новинарот, можноста Софија да наложи вето поради спор поврзан со историскиот идентитет на Македонците, одговара дека единствената држава која би сакала почнување на преговори со соседот, дури и повеќе од Германија е Бугарија. Преводот на интервјуто од германски на бугарски јазик го објави самиот Борисов на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој и во интервјуто за ФАЦ, исто како и при средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија, вели дека за него големо изненадување била неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за наводно македонско малцинство во Бугарија.

„Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Не познавам такво. Од резолуцијата дознав дека има такво. И откако бугарските социјалисти во Европскиот парламент ја поддржаа резолуцијата, очигледно е дека и тие исто мислат, дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се насочуваме кон сосема различна дебата. Треба да го кажам ова бидејќи тој развој на настаните навситина ме вознемирува“, вели бугарскиот премиер.

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

На забелешката на новинарот Михаел Мартенс кој наведува дека ниту премиерот Зоран Заев, ниту неговиот заменик вицепремиерот Никола Димитров, ниту, пак, кој било од важните политичари во Скопје не тврдат дека во Бугарија има македонско малцинство, Борисов вели "компромисот е возможен".

„Но, исто така треба да се познава историјата. Бугарските комунисти и Комунистичката интернационала, контролирана од сталинистичка Москва сакаа од идеолошки причини по Втората светска војна насилно да ги преобратат Бугарите во Македонија во Македонци. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Ако сега во процесот на присоединување кон Европската унија се појават определени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе ми кажат- Борисов ја продава бугарската историја и попушта под притисокот на европските партнери“, вели Борисов.

Откако бугарската влада месецов одлучи да ја блокира земјава во својот евроинтегративен пат поради, како што тврдат, прекршување на Договорот за добрососедство од 2017 година од страна на Скопје, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат во обид да најдат решение. Последна шанса за почнување на преговорите за време на германското претседателство со ЕУ, кое завршува на 31 декември, се смета Советот за општи работи на ЕУ кој треба да се одржи на осми декемрви.

Во меѓувреме на обвинувањата од Софија дека Скопје поддржува македонско малцинство на бугарска територија неколкупати разни политичари нагласуваа дека и во амандманот 1 од македонскиот Устав стои дека „Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави", a во амандманот 2 дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Продолжува изградбата на Северен поток 2, стопирана поради санкциите од САД

Архивска фотографија- цевки за гасоводот Северен поток 2

Изградбата на гасоводот Северен поток 2 кој оди под Балтичкото море од Русија до Германија ќе продолжи на петти декември по едногодишна пауза поради американските санкции, соопшти компанијата Северен поток 2.

Лани во декември изградбата беше стопирана по санкциите на Соединетите Американски Држави за проектот кој треба да обезбедува двојно повеќе гас од Русија за Германија. Санкциите беа насочени кон странците кои се поврзани со бродови кои поставуваат делови од гасоводот и ја принудија компанијата Олсис со седиште во Швајцарија да ги прекине активности кратко пред целосната изградба на гасоводот.

За целосното негово завршување потребно е да се изградат уште 16 километри во германските водини и 60 километри во данската секција.

Повеќе од 20 луѓе загинаа во напад со автомобил бомба во Авганистан

Авганистан- припадници на безбедносните служби на местото каде што експлодира автомобил бомба во провинцијата Гази, 29.11.2020

Најмалку 26 припадници на безбедносните сили загинаа во самоубиствен бомбашки напад со автомобил бомба во воена база во источната авганистанска провинција Гази, а најмалку 17 се повредени. Портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи го потврди нападот, не не прецизираше информации за штетите.
Во провинцијата Гази во последниве месеци често има пресметки меѓу авганистанските безбедносни сили и талибанските милитанти.

Амбасадорот на Србија прогласен за персона нон грата во Црна Гора, Белград одговори реципрочно

Амбасадорот на Црна Гора во Србија Тарзан Милошевиќ

Министерството за надворешни работи на Србија синоќа по прогласувањето на српскиот амбасадор Владимир Божовиќ во Црна Гора за „персона нон грата“ возврати со реципрочна мерка. Во дипломатската нота испратена од српското до црногорското Министерство за надворешни работи се наведува дека амбасадорот на Црна Гора во Белград, Тарзан Милошевиќ е прогласен за непожелна личност во земјата. Амбасадорот Милошевиќ е должен во следните 72 часа да ја напушти територијата на Репблика Србија, се наведува во нотата.

Црногорското Министерство за надворешни работи претходно објави дека во согласност со членот 9 и на 41 на Виенската конвенција за дипломатски привилегии и имунитет го прогласува српскиот амбасадор Божовиќ за „персона нон грата“ и побара тој да замине од Црна Гора. Како образложение за таквиот чекор се наведува „долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и и изјави неспоиви со вообичаените и прифатливи стандарди за извршување на дипломатската функција“.

Официјална Подгорица тврди дека Божовиќ повеќепати бил усно и писмено предупреден за неговото неприфатливо однесување. Според црногорското МНР, тој во петокот „нелегалното и нелегитимно Подгоричко собрание од 1918 година“ го нарекол ослободително и слободна волја на црногорскиот народ, со што уште еднаш, на најдиректен начин, како што се наведува ја омаловажил државата која му пружи дипломатско гостопримство.

Во соопштението се истакнува дека Божовиќ на таков начин го понижи законодавното и претставничко тело – Собрание на Црна Гора, кое на 29 ноември 2018 година усвои Резолуција за поништување на одлуката на Подгоричкото собрание кое во 1918 година го укина дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија ја припои кон Кралството Србија и го детронизираше кралот Никола Петровиќ Његош.

Времето денеска- облачно со дожд попладне

Илустрација

Времето денеска ќе биде претежно облачно, на истокот со сончеви периоди. Изутринава во одредени делови услови за појава на магла, а од пладневните часови ќе има повремен дожд кој се прошири од западните кон централните делови. На планините врнежите ќе бидат од снег.

Преку ноќта снег ќе провејува на повисоките места во северните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од минус пет до 3, а максималната ќе достигне од 7 до 15 степени.

Во Скопје променливо облачно, попладне со појава на повремен дожд. Од вечерните часови ќе започне да дува северен ветер кој преку ноќта ќе засилува. Минималната температура ќе се спушти до минус , а максималната ќе достигне 8 степени.

Заев- со Каракачанов имаме различни светогледи

Македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев со бугарскиот премиер Бојко Борисов и вицепремиерот Красимир Каракачанов во Софија

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет“, ова го напиша македонскиот премиер Зоран Заев вечерва на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

„Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас. Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза. Доста беше омраза!“, напиша Заев.

Бугарскиот министер за одбрана и вицепремир Красимир Каракачанов често дава пораки поврзани со отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија. По интервјуто на премиерот за бугарската агенција БГНЕС Каракачанов рече дека „по стар бугарски обичај, на Бугаринот му доаѓа паметот следниот ден, па така е и со колегата Заев“.

Заев во интервјуто за БГНЕС, кое предизвика лавина реакции во македонската политичка и општествена јавност, рече дека имаме заедничка, а не споделена историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Нови 1022 заразени, 41 починат за 24 часа

Илустрација- медицински персонал во Ковид-19 центар во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3127 тестирања, а регистрирани се 1022 нови случаи на ковид-19 од кои во Скопје најмногу 463, а двоцифрени бројки новоинфицирани има во Куманово-30, Штип-28, Прилеп-68, Тетово-29, Струга-21, Велес-47, Битола-48, Охрид-28, Кавадарци-26, Гостивар-66, Струмица-26, Кочани-12, Свети Николе-14, Кичево-36 и Неготино-27. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 680 оздравени пациенти.

Починати се 41 лице, најмногу од нив од Скопје, седумнаесет пациенти од Скопје. Најмладиот починат е 31 годишен, а највозрасниот 98 годишен.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 60723, бројката на оздравени пациенти е 37505, на починати е 1699, а бројот на активни случаи изнесува 21519.

Димитров - не е доволно интервјуто на Заев, треба меѓународно-правен документ

Архивска фотографија- копретседателите на македонско-бугарската комисија Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров

Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена, рече за Бугарското национално радио Ангел Димитров, копретседавач на македонско-бугарската заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Според него луѓето во С. Македонија треба да се замислат колку и на каков безумен начин се одалечуваат од своето минато. Димитров вели дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ. Тој вели дека тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции, кои што вели, се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство.

Копретседавачот на комисијата вели декаи тие документи треба да бидат усвоени и од македонското Собрание, но дека со актуелната политичка конструкција и несигурноста на владејачката структура не е јасно како тоа би се случило. Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека Бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не , како што вели, ова да остане да виси во воздух.

"Ако не се најде медиумска поткрепа на веќе кажаното од Зоран Заев ќе биде тешко да се остане на овие позиции“ рече Димитров за БНР.

Тој додаде дека по новиот развој на настаните во Скопје и тонот на разговорот во заедничката комисија ќе биде емотивен од страна на македонскиот тим. Тој тврди дека тие секогаш ги користат репликите разменети на политичко ниво за да создадат тон кој секогаш не е академски.

Инаку следниот состанок на заедничката комисија треба да се одржи, идната недела, на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата. Премиерот Заев во интервјуто за БГНЕС во средата рече дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

МЗ- 811 пациенти со ковид19 се лекуваат во болниците низ државата

Архивска фотографија- Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 811 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопштија од Министерството за здравство.

„Вкупната бројка на пациети позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1248 и има колку 175 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, наведоа од МЗ.

Имено, како што посочија од МЗ, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

„И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, нагласија од МЗ.

Слика од Климт, исчезната со декади, повторно изложена во Италија

Италијански полицајци ја чуваат сликата од Густав Климт која беше исчезната од пред 23 години

Уметничка галерија во Италија ја изложи сликата од австрискиот сликар Густав Климт за првпат откако таа беше пронајдена по исчезнувањето пред 23 години. Галеријата Ричи Оди во Пјаченца денеска ја изложи сликата „Портрет на жена“ наведувајќи дека тоа е подарок за градот кој беше силно погоден од пандемијата на коронавирусот која ја зафати Италија и целиот свет.

Сликата, која е една од неколкуте портреи кои Климт ги заврши за време на својот живот беше украдена од галеријата во февруари 1997 година. Во декември 2019 година беше пронајдена во дворот на истата галерија од градинарите кои ја средуваа вегетацијата. Сликата беше скриена зад дебел слој бршлен зад метална вратана и обвиткана во пластична фолија. Остана нејасно што се случило со сликата додека беше исчезната ниту пак дали воопшто била изнесена од кругот на галеријата.

За СДСМ хистеричен е само Мицкоски

Архивска фотографија- Седиштето на СДСМ во Скопје

СДСМ преку соопштение реагира на обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој денеска рече дека на бугарските политичари кои го нарекувале предводник на македонска хистерија им порачува дека како претседател на опозициската партија предводи македонска хистерија и немало да престане да ја шири таа македонска хистерија.

Хистерија по сите дефиниции е карактеристика на нервно растројство, реагираат од СДСМ.

„Откако призна за самиот себе си дека е хистеричен, Мицкоски ги навреди граѓаните, ги навреди Македонците, без срам и перде за хистеричен го прогласи целиот македонски народ. Тоа воопшто не е точно и Мицкоски е најсоодветно да се извини. Македонците не се хистеричен народ, хистеријата е само кај губитникот Мицкоски“, наведуваат од владејачката партија.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ денеска поради коракризата организираше протест со автомобили кој заврши пред зградата на Владата. Таму Мицкоски рече и дека имал информација „дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.

Протетстите на опозицијата почнаа неделава по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС кое предизвика силни политички и општествени реакции.

Шекеринска-црвената линија се македонскиот јазик и идентитет

Архивска фотографија- министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Можеби единствените кои немаат право да говорат многу за нашата антифашистичка борба е токму партијата којашто изгради кариера зборувајќи и работејќи против антифашизмот. Тоа се истите луѓе коишто уништуваа споменици на наши херои, истите коишто го избркаа Сојузот на борци на улица и истите кои што се трудеа да фрлат идеолошка сенка на таа горда епизода во нашата историја, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска во одговор на новинарско прашање околу најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за барање на доверба за премиерот Зоран Заев, по неговите изјави за бугарски медиум.

"Опозицијата има апсолутно право да поднесува иницијативи во Собранието и тоа ние никогаш нема да го критикуваме ќе го почитуваме како дел од политичката култура во нашата држава што не може да се каже за другите начини на нивно функционирање како што е последниот обид уште еднаш да го блокираат работењето на Парламентот“, истакна Шекеринска.

Таа рече и дека ќе направат се за да се најде решение за несогласувањата со Бугарија, но никако, како што нагласи, на сметка на прашањата кои се црвена линија, а тоа се македонскиот јазик и идентитет.

„Сакаме решение кое ќе биде одржливо и корисно за двете земји. Какво било решение кое задира во овие прашања, ќе биде причина за дополнителна недоверба, а не причина за нова енергија и верба во односите меѓу нас и Бугарија“, рече Шекеринска.

Филипче - нема потреба од дополнителни мерки

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Досегашните мерки даваат резултати и нема потреба од дополнителни рестрикции кои би биле без значаен ефект, изјави министерот за здравство Венко Филипче по денешната средба со приелепскиот градоначалник Илија Јованоски кој деновиве го пренесе заклучокот на прилепскиот кризен штаб за дополнителни мерки за заштита.

„Вака димензионираните мерки со затворени угостителски објекти по 21 часот, забраната за групирање во целото деноноќие, постепено ја олабавуваат ситуацијата. Заедно заклучивме дека нема потреба од дополнителна рестрикција која не би имала некаков позначаен ефект од мерките кои сега се на сила. Практично, во сите земји во Европа, ваква комбинација даде резултат. Во таа смисла, како за Прилеп, така и за територијата на целата држава, и по вчерашниот состанок со Комисијата за заразни болести, засега не доаѓа предвид да се воведуваат дополнителни мерки“, изјави Филипче.

Што се однесува до епидемиолошката состојба во Прилеп, градот е во третината градови со благ пораст на новозаразените, но на национално ниво еднаков е бројот на заразените последните недели, а се намалува притисокот врз болниците и во прилепската, за прегледи. Но ситуацијата се следи со внимателност, поради непредвидливоста на вирусот, како и во светот.

Филипче оцени дека ситуацијата во прилепската болница одлично се менаџира, има пет ковид-оддели, а за почит е одзивот на матичните лекари да помогнат во Инфективното.

Мицкоски- овој викенд се „распарчува“ Македонија во Софија

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Заев е во лична битка за задржување на фотелјата наместо во битка за спасување на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест на партијата пред зградата на Владата во Скопје. Мицкоски пред насобранието Заев го нарече квинслинг, а владата квинслиншка. Порача дека ако го начнеле македонскиот идентитет заедно со народот „ тоа диво месо ќе биде прецизно хируришки отстрането, а дека потоа не само за криминалот, туку и за велепредавство ќе одговараат“.

На бугарските политичари, кои рече дека велеле дека тој е предводник на македонска хистерија, Мицкоски им порача да дошле во Скопје и пред споменикот на борците во близина на зградата на владата да клекнеле и да се извинеле по примерот на германскиот канцелар Вили Брант кој пред педесетина години, при посетата на Полска клекна пред споменикот на хероите и на тој начин побара прошка и се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна.

„А јас, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предводам македонска хистерија и нема да престанам да ја ширам таа македонска хистерија“, рече Мицкоски.

Тој нагласи и дека навестувал оти Зоран Заев подготвува национален пораз, но дека од секој еден зависило дали тоа ќе се промени, повикувајќи го народот да излезе оставајќи ги настрана сите разлики и забелешки. Повика на внимателност деновиве.

„Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден“, рече Мицкоски.

Партијата што ја предводи почна да организира протести по интервјуто на премиерот Зоран Заев во средата за бугарската агенција БГНЕС. Денешниот протест поради пандемијата со коринавирусот се одвиваше со автомобили и од две локации во Скопје заврши пред зградата на Владата.

Во интервјуто, кое поттикна силни политички и општествени реакции Заев рече рече дека со Бугарија немаме споделена, туку заедничка историја, дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, дека Југославија не разделуваше, дека Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а дека потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот.

Инаку, откако официјална Софија на 17 ноември, на Советот за општи работи на Европската унија, ја блокираше преговарачката рамка за земјава со ЕУ со тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство од 2017 година, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји се обидуваат да најдат решение. Последната шанса за почнување на преговорите со ЕУ за време на германското претседателство кое завршува на 31 декември е на осми декември кога е последниот состанок на Советот за општи работи на унијата на кој може да се донесе одлуката.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG