Достапни линкови

„НаТочак“: роденден за контејнерите на вело патеките низ Скопје


Велосипедист минува покрај контејнери во Скопје
Велосипедист минува покрај контејнери во Скопје

„Ние не сме против контејнерите. Ние сме против непланско работење“, истакнуваат од „НаТочак“ во нивната денешна реакција за контејнерите на вело патеките кои по една година се уште стојат како привремени решенија.

Граѓанското здружение „НаТочак“ денеска го „прослави“ првиот роденден на контејнерите поставени на вело патеките низ Скопје со кои, како што велат тие, „се наруши безбедното и непрекинато движење“.

„Импровизираните заобиколувања на контејнерите ни беа претставени како привремено решение, бидејќи очигледно истите создадоа конфликт во движењето помеѓу велосипедистите и граѓаните кои ги користат контејнерите“, велат од „НаТочак“ дообјаснувајќи дека контејнерите се псотавени на главните велосипедски рути кои се користат секојдневно.

Потсетуваат дека тоа се рутите за кои беа „потребни години да се ослободат од паркирани автомобили, билборди и друга непланска поставена урбана опрема“. Тие посочуваат дека ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај.

„Проблемите не се решаваат на тој начин што ќе се игнорираат и ќе се чека истите да се заборават. Ќе дојдат нови проблеми, старите ќе се заборават. Ние не сме против контејнерите. Напротив, ја поддржуваме секоја политика за современо управување со отпад. Ние сме против непланско работење. Ние сме против импровизираните привремени решенија да станат трајни, затоа што очигледно со нив веќе никој не се занимава. Нашите привремени решенија се наше секојдневие“, велат од „НаТочак“ истакнувајќи дека немаат добиено одговор од градот, иако имаат испратено официјален допис.

Град Скопје лани по поставувањето на контејнерите објави соопштение велејќи дека се привремени решенија.

„Поставувањето на новите контејнери, кои се со поголем габарит, има и своја цена во просторот и во наредниов период Градот Скопје ќе работи на отстранување на сите аномалии и ќе има одредени привремени решенија.

Градот Скопје одржа средба со претставници на повеќе неформални групи и здруженија на велосипедисти, на кои им беа посочени овие состојби и дека ќе постојат одредени привремени решенија, а понатаму ќе се адаптираат велосипедските патеки“, соопштија од градот дополнувајќи дека се работи на изнаоѓање долгорочно оптимално решение за оваа проблематика и бараат трпение и разбирање од велосипедистите.

XS
SM
MD
LG