Достапни линкови

Вести

ЕУЛЕКС го приведе Красниќи

Возила на ЕУЛЕКС пред куќата на Красниќи.

Поранешниот претседател на Собранието на Косово и некогашен портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Јакуп Красниќи, денеска треба да биде спроведен во притворското одделение на Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, информира адвокатот на Красниќи, Ваљон Хасани.

Хасани потврди дека против Красниќи е подигнато обвинение за злосторства против цивилното население во текот и непосредно по војната во Косово во 1998-99 година.

Акцијата на ЕУЛЕКС, која по налог на специјалното обвинителство од утринава се одвиваше во куќата Красниќи во Приштина. Красниќи веќе беше испрашуван во седиштето на судот и обвинителството во Хаг во јули 2019 година.

Косовската влада соопшти дека „носителите на институциите даваат пример кога е во прашање почитувањето и соработката со правосудните институции на локално и меѓународно ниво“ и оти истото важи и за соработката со специјалниот суд во Хаг, кој е дел и од правосудниот систем на Република Косово.

Во меѓувреме, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај оцени дека настаните во кои се вршат „препади на ЕУЛЕКС, се вознемирувачки зашто не се во согласност со демократските стандарди“. Тој смета дека на ваков начин се вознемирува семејството и оти вакви операции, по барање на правосудните власти, може да ги спроведува косовската полиција. Харадинај на Фејсбук напиша дека „борбата на ОВК беше чиста“ и оти верува во невиноста на Красниќи.

Операциите на Специјализираното обвинителство се одвиваат со поддршка на Полицијата на Косово и Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС).

Специјализираното обвинителство за Косово во Хаг се занимава со истражување на наводните злосторства на припадниците на Ослободителната војска на Косово извршени врз етничките малцинства и политичките противници од јануари 1998 до декември 2000 година.

Поранешниот челник на ОВК Саљих Мустафа е прв против кој беше потврдено обвинението. Специјализираното обвинителство на крајот на јуни соопшти дека на 24 април пред Специјалниот совет поднело на испитување обвинение против претседателот Хашим Тачи и против поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник и претседател на Демократската партија на Косово, Кадри Весељи и „други лица“, кои се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, исчезнување лица, прогон и мачење. Засега не е објавено дали обвинението против Тачи и Весељи е потврдено или одбиено, иако законскиот рок од шест месеци истече.

види ги сите денешни вести

Папата ја повика војската на Мјанмар да им помогне на бегалците

папата Франциск

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, го осуди страдањето на бегалците во Мјанмар и повика да се почитуваат верските објекти како неутрални прибежишта.

Во својот говор на плоштадот Свети Петар во Ватикан, по повод Светскиот ден на бегалците, тој рече дека се придружува на повикот на епископите во Мјанмар кои бараат воспоставување на хуманитарни коридори. Папата Франциск изрази жалење што илјадници бегалци во Мјанмар умираат од глад.

ООН бара ембарго на продажбата на оружје на Мјамнар

Насилството во Мјанмар стана вообичаено по пучот на 1 февруари, кога војската ја презеде власта и ја собори демократски избраната влада на премиерката Аунг Сан Су Чи.

Папата Франциск се приклучи кон апелот на католичките бискупи во Мјанмар, „свртувајќи го вниманието на целиот свет кон илјадниците луѓе во таа земја кои се раселени и гладуваат“ и повика да се почитуваат црквите, манастирите, џамиите и болниците како неутрални места каде што можат бегалците да најдат засолниште.

Ангеловски во конкуренција за тренер на Фенербахче

селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски

Македонскиот селектор, Игор Ангеловски е еден од кандидатите за тренерското место во Фенербахче, пишува турскиот весник „Хуриет“, кој посочува дека турскиот клуб ќе изврши интервјуа со повеќе тренери, пред да го соопшти изборот.

Последни нови кандидати за ова место по хрватскиот селектор Златко Далиќ се неговиот сонародник, Славен Билиќ, Ангеловски и Криштоф Даум.

Билиќ откако доби отказ од Вест Бромвич Албион минатата година, од јануари работи со кинескиот Беижинг Гуоан, со кој има договор до декември 2022, што е најголема пречка за неговото поставување. Турските медуми пишуваат дека Б-планот на Фенербахче се Ангеловски и поранешниот тренер на Фенер, Криштоф Даум.

Ангеловски - Има наследници на Пандев

Фенербахче е трет клуб кој се поврзува со Ангеловски, откако од пред почетокот на Еуро 2020, италијански медиуми објавија дека два калчилигаши се заинтересирани за македонскиот селектор – Џенова, чиј член е Горан Пандев, како и ривалот на најстариот клуб на Италија, Сампдорија.

Израелскиот премиер го осуди изборот на новиот ирански претседател

израелскиот премиер Нафтали Бенет

Израел го осуди изборот на Ебрахим Раиси за нов претседател на Иран, наведувајќи дека неговиот режим ќе биде брутален.

Новиот израелски премиер Нафтали Бенет изјави дека изборот на Раиси е знак за странските сили да се „разбудат“ пред договорот за иранската нуклеарна програма.

Опишувајќи го Раиси како „најекстремен претседател“ избран во Иран од револуцијата во 1979 година, израелската дипломатија апелира дека неговата победа треба да предизвика „сериозна загриженост“ во светот.

Бенет, кој го наследи Бенјамин Нетанјаху како премиер, рече дека Раиси не е избран од „иранскиот народ, туку од ајатолахот Хамнеи“.

"Изборот на Раиси е сигнал за силите да се разбудат, можеби сигнал во последен момент, пред враќањето на нуклеарниот договор. Овој сигнал треба да им овозможи да разберат со кого имаат работа", рече Бенет.

Кој е Ебрахим Раиси, новиот претседател на Иран

Во меѓувреме, во Виена се водат преговори за заживување на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма откако САД се повлекоа од тој договор.

Иранскиот главен преговарач, Абас Акакчи, соопшти дека ќе се врати во Техеран на консултации по денешните разговори. Ебрахим Раиси, кој победи на изборите во Иран, е главен судија со ултра-конзервативни ставови. Се наоѓа на списокот на американски санкции за наводни повреди на човековите права.

Бугарскиот европратеник Џамбаски: Македонија е бугарска

Ангел Џамбаски

Една нација живее на двете страни од границата Деве Баир, а тоа е бугарската, напиша бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, посочувајќи дека нема две нации или два народи. Според него, посетата на премиерот Зоран Заев на Бугарија без покана, е за да ја понижи нивната земја.

„Јас сум во градот Гоце Делчев, чие старо име е Неврокоп, пред споменикот на Георги Николов Делчев. Тука сум да објаснам категорично неколку факти кои станаа јасни по непоканeтата посета на премиерот на РСМ, Зоран Заев. Со месеци, овој човек формира коалиции против Бугарија во Западна Европа. Тој се обидуваше да ја понижи нашата земја, да бара сојузници за да изврши притисок врз Бугарија и да ја натера да ја смени својата фер позиција во врска со почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Заев дојде во Софија да побара отстапки и да се обиде да ги прикрие грешките што ги направил предизвикани од неговиот нечесен став“, пишува во текстот што го објави Џамбаски.

Заев- со Јанев и Радев направивме голем европски исчекор

Тој смета дека политичките противници во Бугарија сакаат да направат национално предавство.

„ Уште по необјасниво и нејасно е однесувањето на т.н. демократи од ‘Демократска Бугарија’, кои на секој начин се обидуваат да им докажат на своите плаќачи од голем број западни амбасади и да извршат национално предавство. Ова треба да се знае. Скоро не остана бугарска политичка сила, освен нас, за заштита на бугарскиот државен интерес. Едно нешто мора да биде јасно: кој и да попушти и изврши национално предавство, веднаш ќе биде казнет од бугарскиот народ. Македонија е една, таа е бугарска и од двете страни на вештачката граница живее една нација“, додава европратеникот.

На прашањето на МКД.мк дали и како ќе реагира македонската влада на провокациите на Џамбаски владината служба за односи со јавноста одговорила дека „сите дејствија на кој било чинител што одат спротивно од дијалогот, од грижата за другиот и од градењето доверба, се дејствија против добрососедството и против пријателството“.

Тајван доби 2, 5 милиони вакцини од САД

илустрација

Пратка од 2,5 милиони дози вакцина против коронавирус од американскиот производител Модерна, како донација од САД, денеска пристигна на аеродромот недалеку од главниот град на Тајван,Тајпеј.

Вакцините, три пати повеќе дози отколку што Соединетите Држави претходно ветија дека ќе ги донираат на Тајван, ги пречекаа тајванскиот министер за здравство Чен Ши-Чунг и највисокиот американски дипломат во Тајпеј, Брент Кристенсен.

САД купиле уште 200 милиони дози на вакцини Модерна

„Донацијата ја одразува нашата посветеност на Тајван како пријател на Соединетите Држави и член на меѓународното семејство на демократии“, објави на Фејсбук Американската Амбасада во Тајван.

Тајван, кој не беше сериозно погоден од вирусот, се соочи со бран на нови случаи во мај и сега се обидува да обезбеди вакцини за својот народ. Околу пет милиони дози се нарачани директно од компанијата Модерна, но досега пристигнале само 390 илјади.

Донацијата на САД исто така ја покажува нејзината поддршка за Тајван, кој се соочува со зголемен притисок од Кина, која го третира островот како негова одметната провинција, додека пак Тајван се смета за суверена држава.

Осум нови случаи на ковид 19, нема починати

илустрација

Во последните 24 часа се направени 3.265 тестирања, а регистрирани се 8 нови случаи на КОВИД-19 од: Скопје – 3, Струмица – 2, Куманово, Велес и Кичево по еден случај.

Регистрирани се 72 оздравени пациенти од: Скопје – 23, Куманово, Прилеп и Кичево– по 7, Гостивар и Охрид – по 6, Битола – 5, Тетово – 4, Радовиш – 3, Штип – 2, Струмица и Дебар по еден.

Во изминатите 24 часа, не се регистрирани починати лица.

Министерство за здравство- 50 отсто од луѓето над 70 години примиле барем една доза вакцина

Досега во земјата се направени вкупно 854.673 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.624, бројката на оздравени пациенти е 149.862, на починати е 5.475, а бројот на активни случаи изнесува 287.

Состанок за иранската нуклеарна програма во Виена

Главниот ирански преговарач Абас Акакчи и претставникот на Меѓународната Агенција за атомска енергија Казем Абади

Преговарачите кои се обидуваат да го оживеат меѓународниот договор за иранскиот нуклеарен договор се состанаа денеска во Виена. Состанокот се одржува еден ден по претседателските избори во Иран, на кои победи ултраконзервативниот Ебрахим Раиси.

Разговорите се дел од последната рунда разговори што се одржуваат во Виена од април под покровителство на Европската унија (ЕУ) и во кои учествуваат Иран и шест светски сили.

Главниот ирански преговарач, Абас Акакчи, изјави дека страните се близу до обновување на договорот од 2015 година и очекуваат делегациите да се вратат во нивните земји на консултации по разговорите на 20 јуни.

"Ние сме поблиску до договор од кога било, но остануваат некои разлики во ставовите што не можат лесно да се надминат и тоа не е лесна работа. Затоа вечерва се враќам во Техеран", изјави Акакчи за иранската државна телевизија.

Први разговори меѓу САД и Иран - во ист град, но не и во иста соба

Михаил Улјанов, рускиот претставник во преговорите, изјави дека договорот за обновување на нуклеарниот договор е „на дофат“, но дека тој сè уште не е финализиран “.

Договорот за иранската нуклеарна програма беше потпишан во Виена во јули 2015 година од Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписничка во име на Европската унија.

Соединетите Држави го напуштија договорот во 2018 година за време на претседателот Доналд Трамп. Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Русија и Иран започнаа рунда преговори во Виена во април за да се обидат да го заживеат договорот.

Вучиќ: Додека сум јас претседател, нема да има резолуција за Сребреница

Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека нема да дозволи со усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница во Парламентот на Црна Гора „да се стави колективнен печат на секој припадник на нашиот народ“, бидејќи, како што рече, во неа „не се спомнуваат поединци кои извршиле ужасни дела“.

Вучиќ додаде дека „нема да се согласи со усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во Собранието на Србија, за која беа поднесени два предлога, додека тој е претседател на Србија “.

Два предлози за резолуции за Сребреница моментално се наоѓаат во српскиот парламент. Едниот се бара да се осуди злосторството, а другиот да го осуди геноцидот.

САД го поздравуваат усвојувањето на Резолуцијата за геноцид во Сребреница

Маријан Ристичевиќ, пратеник на НСС што влезе во парламентот како дел од изборниот список на Српската напредна партија предводен од Александар Вучиќ, достави предлог до Собранието за резолуција со која се осудуваат „злосторствата во и околу Сребреница од 1992 до 1995 година“.

Од друга страна, во нацрт-резолуцијата на Партијата за демократска акција (СДА) од Санџак, поднесена на 9 јуни, се наведува дека Србија најостро го осудува геноцидот во Сребреница, како и секое негирање на геноцид. Иницијаторите на предлогот, исто така, бараат да се почитуваат сите конечни меѓународни пресуди и предлагаат 11 јули да биде прогласен за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Официјалните лица во Србија во своите изјави сè уште не признаваат дека се случил геноцид во Сребреница и покрај пресудата на меѓународниот суд.

Белград и Лондон потпишаа документ против руско мешање

Бен Валас и Небојша Стефановиќ во Белград

Министерот за одбрана на Велика Британија Бен Валас изјави дека за време на неговата посета на Србија, двете земји потпишале значаен договор со кој се спречува влијанието на Русија. Валас пристигна во Србија на 16 јуни и се состана со највисоките претставници, вклучувајќи ги и претседателот Александар Вучиќ и министерот за одбрана Небојша Стефановиќ.

Валас во интервју за британски Телеграф изјави дека е во интерес на неговата земја да биде „ангажирана во пост-југословенски развој“ и додаде дека Велика Британија ќе и помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија.

„Од наш интерес е да помогнеме на отпорноста на земји како Србија од злонамерни активности и влијанија. На места каде што гледаме дејствувања на други нации, слабеење на земјите или нивно поткопување или обид за манипулација, тогаш, се разбира, тоа е во нашиот интерес да го испровоцираме тоа дејствување и да ги поддржиме тие земји“, рече Валас.

Во официјалните соопштенија на претседателот на Србија и на Министерството за одбрана по средбата со Волас не се наведува дека двете страни потпишале документ кој се спротивставува на руско мешање.

Русија ѝ донираше на Србија 30 тенкови и оклопни возила

Во интервјуто за британски Телеграф, Бен Валас вели дека на Велика Британија „не и пречи“ што Србија има пријателски односи со Русија, бидејќи „Србија е воено неутрална“.

„Ние не сме во руската игра за да ја земеме земјата здраво за готово и да се обидуваме да ја натераме да избере. Ние сакаме најдобра безбедност за народот во Србија, но и натаму ни треба поделба на товарот и некои партнери ќе бидат помалку традиционални отколку што мислите, вклучително и Србија“, рече Валас.

Србија и Русија одржуваат блиски односи и покрај апелите на западните земји и Европската унија до Србија, како земја кандидат за членство во ЕУ, да ја усогласи својата надворешна политика со европската.

Народен правобранител апелира на целосно почитување на правата на бегалците

Насер Зибери, народен правобранител

Народниот правобранител Насер Зибери, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците, се приклучува кон апелот на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации за потребата од поголема инклузивност на оваа категорија лица, особено во областите здравство, образование и спорт.

Сандри за МИА: Пандемијата не го сопре движењето на бегалците

Народниот правобранител, соопштија од неговата канцеларија, како национална институција за човекови права постојано го следи постапувањето со мигрантите и бегалците на територијата на Република Северна Македонија и во повеќе наврати укажува на предизвиците со кои се соочуваат овие лица во пристапот до здравствените услуги и образованието за нивните деца.

„Имајќи предвид дека инклузивноста е еден од клучните столбови на кои се потпира принципот на солидарност, а на чија идеја почива и самата конвенција на Обединетите нации за статусот на бегалците, Народниот правобранител по повод овогодинешниот Ден на бегалците упатува препорака до властите за целосно почитување на правата на овие лица и креирање политики што ќе придонесат за целосно интегрирање во заедницата, зачувувајќи го нивното достоинство и враќајќи им го чувството на безбедност и сигурност“, стои во соопштението од канцеларијата на омбудсманот.

Вонредни парламентарни избори во Ерменија

жена на гласачко место во Ерменија

Во Ерменија денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, кои ги распиша премиерот Никола Пашинијан поради незадоволството на граѓаните по поразот на Ерменија во конфликтот со Азербејџан во регионот на Нагорно Карабах.

Тензиите се зголемија по повеќемесечната политичка криза поттикната од поразот на ерменските сили во шестнеделната војна со Азербејџан есента минатата година. Премиерот Пашинијан ги распиша изборите како одговор на митинзите на опозицијата и несогласувањата во земјата околу војната, кои завршија во ноември 2020 година со мировен договор со посредство на Москва.

Кревката спогодба и овозможи на Азербејџан контрола врз големи делови на регионот Нагорно-Карабах и околните области кои се контролирани од ерменските сили уште од војната на почетокот на 90-тите.

Азербејџан зароби шест ерменски војници

Ерменскиот премиер поднесе оставка за да има избори во јуни

Во Ерменија, тој пораз предизвика незадоволство кај населението и политичка криза, и поради тоа, Пашинјан распиша предвремени парламентарни избори. Скоро 2,6 милиони луѓе имаат право на глас на изборите. Во изборната трка учествуваат 21 партија и четири коалиции.

Пашијан, 46, кој стана премиер во 2018 година по мирните протести против корумпираната елита, се соочува со поранешниот претседател Роберт Кочаријан (66), ривал кој го критикува за недостаток на политичко искуство. Анкетите сугерираат тесна трка помеѓу партијата на Пашинијан и Политичкиот сојуз на Кочаријан.

По средбата Бајден-Путин, рускиот амбасадор се враќа во САД

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов

Рускиот амбасадор во Вашингтон, кој беше вратен во неговата земја на консултации во март, денеска замина за Соединетите држави на 20 јуни, по неодамнешниот договор меѓу рускиот и американските претседатели Владимир Путин и Џо Бајден на самитот во Женева. Авионот со амбасадорот Анатолиј Антонов полетал од Москва во 9.20 часот по локално време, пренесува АФП.

„Со оглед на резултатите од состанокот на двајцата претседатели, се надевам на конструктивна работа со моите американски колеги за градење односи на еднаква и прагматична основа“, рече Антонов пред патувањето, додавајќи дека е оптимист.

Од своја страна, американскиот амбасадор во Русија Џо Саливан изјави дека наскоро ќе се врати во Москва. Американските власти ја обвинија Русија за хакерство и мешање во изборите во САД. Руските власти тогаш го повикаа својот амбасадор во САД на консултации во март, откако Бајден го спореди Путин со „убиец“.

Заврши средбата Бајден - Путин, разговарано за нуклеарна и сајбер-безбедност

Американскиот амбасадор Џо Саливан ја напушти Москва во април, откако двете земји најавија бран санкции и протерување на дипломатите. Во мај, Русија официјално ги прогласи Соединетите Држави за „непријателска“ држава, забранувајќи и на амбасадата вработување на руски државјани.

Албанија обезбеди бесплатни брзи тестови за туристите

Илустрација - Плажа во Драч, Албанија

Освен што нема никакви ограничувања за влез во земјата, за сите туристи кои одлучиле да одмораат во Албанија, обезбедени се бесплатни брзи тестови во случај на појава на симптоми на Ковид-19.

Министерката за здравство и социјална заштита Огерта Манастирлиу информираше дека почнале да функционираат 29 здравствени амбуланти каде 24 часа се достапни здравствени услуги, како и бесплатни тестови за секој сомнителен случај.

„Во секоја летна здравствена амбуланта во крајбрежните и планинските туристички области, се нуди 24-часовна услуга за секоја итна медицинска помош, како и бесплатен брз тест, за секој случај за кој постои сомневање за Ковид-19. Во случај на појава на некој од симптомите, одете во најблиската здравствена амбуланта. Заедно, да го ограничиме ширењето на коронавирусот, за безбедна туристичка сезона,“ напиша Манастирлиу во објава на Фејсбук.

С.Македонија, Србија и Албанија на листата на ЕУ за „безбедни држави“ од ковид-19

Во меѓувреме во земјата продолжува процесот на имунизација, а епидемиолошката состојба е стабилна. Четири дена по ред нема починат како последица од Ковид-19, бројот на заразени е минимален, односно вчера имаше само четири нови случаи, од направени 2771 тест, активни на болеста се 124, од кои болнички се лекуваат само седум пациенти.

Во експлозија во фабрика во Чачак повредени три лица

Две недели по силните експлозии во фабриката за наменска индустрија „Слобода“ во српскиот град Чачак, синоќа повторно се слушнале детонации од истото место.

Тројца работници се полесно повредени, а еден е задржан на одделение за интензивна нега на лекување. Евакуирани се околу 350 лица кои живеат во близина на фабриката. Во текот на ноќта беше изгаснат пожарот, по што дел од евакуираните се вратија во своите домови.

Нема повредени во експлозиите во фабриката „Слобода“ во Чачак

Според првите податоци, синоќешната детонација предизвикала пожар надвор од фабричкиот круг на две места. Детонацијата ги искршила прозорците во еден погон на фабриката, при што тројца работници се здобиле со исеченици. Ноќта мина без нови детонации и инциденти, а беспилотни летала го надлетуваа кругот на фабриката.

Камион прегази двајца учесници на Пaрада на гордоста во Мајами

Камион прегазил двајца учесници на синоќешната „Парада на гордоста“ во Мајами, при што едниот починал, а другиот е тешко повреден, соопшти локалната полиција.

„ Двајцата беа пренесени во медицинскиот центар Бродвеј, каде едниот им подлегна на повредите“, изјави детективот на Форт Лодердејл, Али Адамсон, на прес-конференција, додавајќи дека врз основа на медицинските извештаи другата жртва ќе преживее, објави Си-Ен-Ен.

Пукање во Мајами, двајца загинати и над 20 повредени

Адамсон исто така потврди дека ФБИ помага во истрагата, но одби да каже дали истражителите сметаат дека инцидентот бил намерно испровоциран.

„Засега ги проценуваме сите опции“, изјави детективот Адамсон, додавајќи дека сите можности се отворени.

Видеото од локалната телевизија NBC6, што го прикажа Си-Ен-Ен веднаш по инцидентот, покажува како едно машко лице е приведено, но Адамсон не потврди дали станува збор за осомничениот во несреќата.

Путин најави милијарди рубљи нови трошоци пред изборите

Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин вети милијарди руби дополнителни трошоци во месеците пред парламентарните избори во септември. Тој се обрати на конгресот на владејачката партија Единствена Русија во Москва.

Иако Путин не е технички член на партијата, главната платформа на Единствена Русија е да го поддржи Путин, а тоа е механизмот со кој Кремљ одржува монопол на сите нивоа на политичка моќ. Тој ја пофали Единствена Русија за „способноста да се обновува и постојано се развива“ во говорот во кој вети дека ќе ги зголеми трошоците за инфраструктура, образование и здравствена заштита.

„Сигурен сум дека Единствена Русија се поставува себеси на највисоката скала, а тоа е потврда на нејзината лидерска позиција и обезбедување победа на изборите“, рече Путин.

Кремљ- за состојбата со ковид во Москва виновен е „огромниот нихилизам“ на Русите

Путин исто така предложи истакнати личности, вклучително министерот за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, да бидат на списокот на национални партии во Единствена Русија. Тој не го спомена помалку популарниот поранешен претседател Дмитриј Медведев, кој е на чело на Единствена Русија и кој исто така се обрати на конгресот на 19 јуни.

Бидејќи земјата е заглавена во економски проблеми и бележи пад на реалните приходи и растечка инфлација, според анкетите, довербата на гласачите во Единствена Русија опадна. Според списокот на гласачи во Центарот Левада, само 27% од Русите ја поддржуваат партијата, за разлика од 31% минатиот август.

Сандри за МИА: Пандемијата не го сопре движењето на бегалците

Претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри

Пандемијата не го сопре движењето, а не го сопреа ниту ограничувањата. Бегалците и барателите на азил можат да дадат придонес кон одржливиот развој на земјата, доколку постои солидарност и системот го дозволува тоа. Тие се луѓе како вас и мене, посочува во интервју за МИА претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри.

Таа во интервјуто по повод Светскиот ден на бегалците, посочува дека постои зголемен број на лица кои се принудени да ги напуштат своите домови.

„Постои зголемување од 4 проценти на бројот на луѓе кои се принудени да ги напуштат своите домови, со што вкупниот број е зголемен од 79,5 милиони на крајот на 2019 година и на 82,4 милиони луѓе на крајот на 2020 година“, вели претставничката на УНХЦР.

УНХЦР- речиси 3 милиони раселени и покрај пандемијата

Податоците укажуваат дека и покрај пандемијата, движењето во светот не запре. Сандри информира дека лани во државата имало 211 апликации за азил, додека пак бројот за оваа година досега – до крајот на мај е 25.

Времето променливо, претпладне сончево, попладне дожд

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 25 до 34 степени. УВ индексот ќе биде 8, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, околу пладне и попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 31 степен.

Од вторник следува стабилизирање на времето со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени.

Втор пациент заразен со индискиот сој во земјава

Уште еден пациент во Македонија е заболен од индискиот сој на коронавирус, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче. Сепак тој додаде дека епидемиолошките анкети покажале дека нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки.

„Има уште еден ист таков случај кој се лекуваше во една од приватните болници. Стравување од индискиот сој или некоја нова форма на мутација која може да виде позаразна од сегашните актуелни постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на бoлеста или од смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Досега епидемиолошките анкети кои се направени покажаа дека нема некаков ризик, а со тоа и дополнителни мерки не треба да се прават“, рече министерот Филипче денес во Битола.

Со овој случај во Македонија досега се регистрирани само двајца граѓани кои се заразиле со индиската мутација. Првиот заболен беше откриен во јуни, а претходно престојувал во Ирак.

Македонците на масовна ревакцинација во Србија

Филипче додаде дека процесот на вакцинација е забавен бидејќи нема доволно вакцини, но како што рече, динаминката ќе се промени, кога ќе стигнат „Синовак“ од Кина и 100 илјади од „Фајзер“ преку ковакс-системот.

„Нашата последна информација е дека 100 илјади вакцини на ‘Фајзер’ преку ковакс-системот ќе стигне на 28 јуни, а на 27 или 28 јуни, половина од кинеските вакицини ‘Синовак’ и останатата половина до вкупно 500 илјади, до 30 јуни“, вели Филипче.

Тој најавува дека наскоро, откако сите ќе добијат термини, граѓаните ќе можат и без термин да одат и да се вакцинираат на пунктови.

Борел се закани со санкции за либанските политичари

Јозеп Борел

Европскиот министер за надворешни работи Joзеп Борел остро ги критикуваше либанските политичари за доцнењето во формирањето на новата влада, предупредувајќи дека Европската Унија може да воведе санкции за одговорните за политичкиот ќор-сокак во земјата.

Борел ја даде изјавата во претседателската палата близу Бејрут по средбата со претседателот Мишел Аун. Ова е негова прва средба за време на дводневната посета на Либан.

Коментарите на Борел следуваат во време на извештаите во либанските медиуми дека Франција и ЕУ заеднички даваат предлози за евентуална забрана за патување на некои политичари и замрзнување на средствата.

Либанскиот мандатар се откажа од формирање нова влада

Борел рече дека либанските политичари треба брзо да формираат нова влада, да спроведат реформи и да постигнат договор со Меѓународниот монетарен фонд за да започнат да ја извлекуваат нивната мала земја од парализирачката економска и финансиска криза.

Борбата за моќ меѓу мандатарот Саад Харири од една страна и Аун и неговиот зет Гебран Басил, кој го предводи најголемиот блок во парламентот, од друга страна, ја влоши кризата и покрај предупредувањата на светските лидери и економската експерти за тешката економска состојба во Либан.

Македонците на масовна ревакцинација во Србија

Во Белград и Ниш денеска и утре се ревакцинираат најголемиот број од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“, а продолжува и слободната вакцинација за нашите граѓани на вакциналните пунктови ширум Србија.

Процесот на ревакцинација ќе се одвива со продолжено работно време, како и во недела до 17 часот. Како што најавија од вакциналниот пункт на Белградски саем, денеска треба да се ревакцинираат 8.000 странски државјани, а во недела 5.000.

Паралелно со Саемот, се одвива и вакцинацијата со првите дози, исклучиво за граѓаните на Србија, Северна Македонија и БиХ.

Министерство за здравство- 50 отсто од луѓето над 70 години примиле барем една доза вакцина

Македонските државјани кои можат да се ревакцинраат викендов во Србија само во градот каде ја примиле првата доза, денеска и утре се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора. Во Србија денеска пристигнаа 50.400 дози вакцини на „Астра Зенека“ донација од Романија.

Ултраконзервативниот Раиси е новиот претседател на Иран

Ибрахим Раиси

Ибрахим Раиси е новиот претседател на Иран. Тој ги победи тројцата кандидати на изборите на кои им беше забрането да учествуваат уште неколку кандидати.

Раиси е главен ирански судија и има ултра-конзервативни ставови. Се наоѓа на списокот на американски санкции за наводни повреди на човековите права.

Иранскиот претседател е втор највисок функционер во земјата, по врховниот водач. Претседателот има значително влијание врз внатрешната политика и надворешните работи. Сепак, врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи го има последниот збор за сите државни прашања.

Избори во Иран - меѓу сиромаштијата и пандемијата

Иран е управуван од конзервативни религиозни вредности и има ограничувања на политичките слободи уште од Исламската револуција во 1979 година. Многу Иранци ги оценија овие избори како наместени за да победи Раиси, а излезноста беше слаба.

Четири нови случаи на Ковид-19, еден починал

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.074 тестирања, а регистрирани се четири нови случаи со Ковид-19 од Скопје, Прилеп, Тетово и Кочани. Пријавено е едно починато лице од Скопје.

Регистрирани се 68 оздравени пациенти од: Скопје – 32, Куманово и Кичево – по 6, Тетово, Охрид и Струмица – по 4, Струга и Делчево – по 3, Кочани и Неготино – по 2, Прилеп и Македонска Каменица – по 1.

Активни се 416 случаи со Ковид-19, вакцинирани 274 710 граѓани

Досега во земјата се направени вкупно 851.408 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.616, бројката на оздравени пациенти е 149.790, на починати е 5.475, а на активни случаи изнесува 351.

Пендаровски-Вартоломеј: што поскоро решавање на статусот на МПЦ-ОА

Стево Пендаровски и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх и притоа повикал на што поскоро решавање на статусот на Македонската православна црква- Орхидска Архиепископија. Како што информираат од неговиот кабинет, Пендаровски потенцирал дека Вселенскиот Патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор.

„Истовремено претседателот Пендароски повика на што поскоро надминување на спорот“, информираат од Кабинетот на Пендаровски.

На средбата меѓудругото се разговарало и за состојбите во православниот свет, улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии.

Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Како што се додава во соопштението, на средбата биле разменети мислења за состојбите во регионот поврзани со актуелните случувања во однос на интеграцијата на земјите во Европската Унија, при што Патријархот Вартоломеј нагласил дека го поддржува членството на Северна Македонија во ЕУ, кое преку исполнување на критериумите би донело подобар живот, зголемена солидарност и толеранција.

Харадинај: Курти ќе биде одговорен за евентуалното загрозување на партнерството со САД

Рамуш Харадинај

Поранешниот косовски премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај ја осуди вчерашната изјава на портпаролот на Владата на Албин Курти, Прпарим Криезиу дека договорот кој лани во Вашингтон го потпишаа челниците на Косово и Србија „нема правна моќ“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај порача дека доколку Курти не ја демантира таа изјава, тогаш „тој ја презема сета одговорност за загрозувањето на стратешкото партнерство“ со САД.

„Владата на Курти изјавила дека единствениот договор меѓу Косово и Србија, кој е потпишан во Белата Куќа, да ти бил правно безвреден. Доколку премиерот не ја демантира оваа изјава на неговиот портпарол, тогаш тој ја презема сета одговорност за загрозувањето на стратешкото партнерство со Америка, кое е од животно значење за Косово“, напиша Харадинај на неговата страница на Фејсбук.

Бајден: САД ќе поддржат постигнување на траен договор со Косово

Претходниот косовски премиер, Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ минатиот септември во Вашингтон, со посредство и во присуство на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, потпишаа договор за подобрување на економската соработка, кој, меѓу другото, резултира и со признавање на независноста на Косово од страна на Израел.

Администрацијата на новиот американски претседател, Џо Бајден го поддржа Вашингтонскиот договор и порача дека тој „треба да биде патот на соработката и напредокот“ во односите меѓу Приштина и Белград.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG