Достапни линкови

Вести

Се преврте туристички брод кај Аланија, едно лице настрада

Архивска фотографија.

Најмалку едно лице го загуби животот кога денеска се преврте туристички брод со околу 30 патници во близина на турскиот медитерански град Аланија, јавија турските медиуми.

Агенцијата Анадолија пренесува дека бродот се превртел во близина на пештера, која е туристичка атракција, на околу 100 метри од брегот.
Спасувачките екипи на турската крајбрежна стража пристигнаа на местото на несреќата и во тек е акција за спасување, јавува Анадолија.
Според последните информации, од водата е извлечено едно тело на давеник.

Причините за превртувањето засега се непознати, а на снимките што ги објавија турската телевизија Хабер се гледа брод превртен на страна во близина на карпестиот брег.

види ги сите денешни вести

Нови 1100 случаи на ковид 19, триесет лица починале

илустрација

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2824 тестирања, а регистрирани се 1100 нови случаи на ковид-19.

Најмногу од нив се во Скопје-439, Куманово-56, Дебар-5, Штип-42, Прилеп-52, Тетово-58, Струга-29, Велес-27, Битола-73, Охрид-32, Кавадарци-51, Гостивар-68, Гевгелија-5, Струмица-33, Крива Паланка-15, Радовиш-5, Крушево-2, Кочани-23, Пробиштип-3, Демир Хисар-3, Македонски Брод-4, Пехчево-1, Берово-1, Валандово-1, Виница-2, Делчево-3, Кратово-2, Свети Николе-17, Кичево-16, Ресен-10, Неготино-22.

Филипче - Обезбедени се 833 илјади вакцини против ковид-19

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 585 оздравени пациенти. Починати се 30 лица, сите во болнички услови.

Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 66330, бројката на оздравени пациенти е 42241, на починати е 1877, а бројот на активни случаи изнесува 22212.

ЕУ го усогласи буџетот за 2021, се чека Полска и Унгарија да го повлечат ветото

илустрација

Владите на Европската унија (ЕУ) и на Европскиот парламент (ЕП) денеска се договорија за годишниот буџет на Унијата за 2021 година, но за тој да стапи на сила, Полска и Унгарија ќе мора да го укинат ветото за долгорочниот буџет на ЕУ за периодот од 2021-2027 година.

Буџетот за 2021 година за сите 27 земји на ЕУ веќе е креиран на границите на приходите и трошоците утврдени со новиот седумгодишен буџет на ЕУ, кои Варшава и Будимпешта не сакаат да ги прифатат бидејќи пристапот до парите на ЕУ е поврзан со почитување на владеењето на правото. Двете земји се под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, така што постои ризик да останат без милијарди евра.

Унгарија и Полска заеднички против ЕУ

Доколку се стави вето на буџетската рамка од 2021 до 2027 година, годишниот финансиски план за следната година нема правна основа.

„Буџетот за 2021 година може да биде на сила кога ќе се укине блокадата врз целиот буџет и кризниот фонд. Без тоа се очекува драстично намалување на финансиите на ЕУ од почетокот на следната година“, истакна германскиот амбасадор во ЕУ, Мајкл Клаус, осврнувајќи се на преминување на ЕУ кон привремено финансирање, кое последен пат беше искористено во 1989 година.

Доколку Полска и Унгарија не го повлечат ветото на седумгодишната буџетска рамка до следниот самит на лидерите на ЕУ на 10 декември, ЕУ следната година ќе се префрли на аранжман за привремено финансирање и секој месец ќе смее да потроши само дванаесеттина од тоа што го потрошила за одредена област во 2020 година.

Мицкоски: Заев лаже, комисијата призна дека се преговара за идентитетот

Христијан Мицкоски

Од изјавите на историчарите од комисиите дознаваме дека бугарската страна се противи за терминот Македонски кој што го означува нашиот идентитет, додека Зоран Заев упорно не убедува дека не преговара за идентитетот и историјата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија.

Тој вели дека бугарската страна кажала дека за придавката „македонски“ се разговара на повисоко ниво што, како што вели Мицкоски, во превод би значело дека Заев тргува.

„Та нели се беше во главата на вморвците? Поддршка за нашите историчари да опстојат на вистината. Лажеше додека се колнеше во најмилото и продаваше, лаже и денес. Заев е проблемот, а народот е одговорот“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува протести во главниот град и други градови низ земјата. Протестот е под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“.

Здравко Кривокапиќ е нов премиер на Црна Гора

Здравко Кривокапиќ

Со гласовите на 41 пратеник, од вкупно 81 присутни, црногорскиот парламент ја избра Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ.

Новата црногорска влада е прва што по три децении не е формирана од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Џукановиќ, која беше поразена на изборите на 30 август оваа година.

На истите избори, новоизбраниот премиер, како непартиска личност, беше лидер на најсилната од трите коалиции што ја освоија власта, која во најголем дел е составена од просрпскиот демократски фронт.

Парламентот на Црна Гора избира нова влада

Пред да ја положи заклетвата новоизбраниот премиер Кривокапиќ, соопшти дека неговата Влада ќе трае четири години и ќе претставува спроведување на директна демократија.

„Сите треба да изградиме подобра иднина, граѓаните да се чувствуваат подобро и Црна Гора да се трансформира во секоја смисла. Оваа влада ќе биде слуга само на граѓаните. Ова е Влада на жртвите, бидејќи тоа е единствениот начин да се започне со општото добро. Сите министри се жртви и за сите. Се наоѓаме во ситуација кога секој ден е драгоцен“, рече Кривокапиќ пред гласањето.

Данското МНР демантира дека го поддржува ветото за С.Македонија

Министерство за надворешни работи на Данска ги демантира вестите дека го поддржува ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, посочуваат од данското Министерство за надворешни работи.

„Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Северна Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки“, наведуваат од данското МНР, објави sdk.mk

Од Министерството, како што се посочува во веста, потенцирале дека Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан.

Холандската амбасада во Скопје демaнтира дека Холандија го поддржува ветото за С. Македонија

Претходно денеска и Холандската амбасада во Скопје ја демантираше веста која претпладнево ја објави бугарскиот весник „24 Часа“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори од Брисел, дека Данска и Холандија го поддржуваат ветото на Бугарија.

Ниту чекор напред по средбата на македонско-бугарската комисија

Билатерална мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија

Денешната средба на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања заврши без никаков резултат и нема ниту минјатурен чекор поместување. Ова беше кажано на прес конференцијата на двајцата копретседатели во Комисијата, Драган Георгиев и Ангел Димитров по денешната онлајн средба на комисијата.

„Голем дел од состанокот поминавме на непотпишаните записи од деветиот и десеттиот состанок. Главен проблем за бугарската страна е употребата на придавката македонски, колегите имаат различно толкување на Преспанскиот договор и според бугарските колеги употребата на придавката е лимитирана целосно, без оглед како е запишана и се толкува од наша страна“, изјави Георгиев.

Бучковски во Софија, Комисијата онлајн за Делчев

Неговиот бугарски колега Димитров изјави дека резултатите од денешниот состанок се нула. Димитров соопшти дека и на оваа средба не бил потпишан записникот и дека тоа ја става под сомнеж работата на Комисијата и покажува дека нема желба да се дојде дпо согласност. Тој обвини дека позицијата на македонските историчари е дел од една политика која почнала од минатата година.

„Овој резултат нула покажува уште нешто. Ние сме многу далеку од завршување на работата околу учебниците кои го третираат средниот век. Денес точката поврзана со Цар Самоил заврши целосно без резултат, особено што се отстапи од веќе подготвен заеднички текст од страна на две влади. Се движиме како желка. Ако рабодиме следната година треба да знаеме што се очекува од нас со потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство“, рече Димитров.

Според двајцата копретседатели постојат и спротиставени гледишта и во однос на тоа како треба да бидат напишани препораките до двете влади. Сепак според нив денешната средба покажала дека постојат уште многу прашања за кои треба да се разговара и дека само преку дијалог и со волја, има простор за договор.

Филипче - Обезбедени се 833 илјади вакцини против ковид-19

Веќе се обезбедени 833.000 ваквини против ковид-19 за 400.000 граѓани преку Ковакс механизмот на СЗО, Глобалната алијанса за имунизација.Вакцините ќе ги добиваме согласно планот за дистрибуција кој Ковакс ќе го одреди, рече министерот за здравство Венко Филипче. Властите доставиле барања за директни договори до компаниите „Астра Зенека“ и „Фајзер“ за нивните вакцини. Целта е 60 до 70 отсто од населението да се вакцинира бидејќи експертите сметаат дека е тоа доволен процент на вакцинирано население за да се стекне имунитет, рече Филипче по состанокот со Координативното тело за вакцини за Ковид-19.

Третиот механизам,посочи министерот, го понудија дел од земјите членки на ЕУ и од нивните билатерални договори со дел од компаниите беа договорени 400 милиони дози за граѓаните членки на ЕУ од кои 100 милиони беа наменети за земјите во Европа кои не се членки на ЕУ.

„Иницијална понуда добивме од Полска, Грција и за тоа веќе аплициравме за 800.000 дополнителни дози од тие 100 милиони кои ќе бидат на располагање“, рече Филипче.

Потенцира дека вакцинацијата ќе се врши во вакциналните пунктови и болниците, ќе се спроведе брз процес на тренинг за вакцинирање согласно спецификите на вакцините и сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени.

Вакцинацијата на специфични групи здравствени работници, нагласи, ќе се врши во јавните здравствени установи каде тие работат.

Приоритет ќе биде да се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид-центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни, делот на здравствени работници кои работат на земањето брисеви, граѓаните на возраст над 65 години и пациентите со хронични заболувања, во делот на хронични белодробни и кардиоваскуларни болести според шифрите на дијагноза преку системот „МојТермин“, вработените во критичната инфраструктура и во транспортот.

Еден мртов, седум повредени во експлозија на бомба во Пакистан

илустрација

Најмалку едно лице загина, а седум се повредени кога експлодирала бомба крај патот на автобуска постојка во пакистанскиот град Равалпинди, соопшти полицијата.

Според првичните информации бомбата била поставена под моторна рикша, но во соопштението на полицијата од Равалпинди се наведува дека експлодирала направа поставена покрај патот.

Во експлозија загинаа тројца пакистански војници

Во Равалпинди се наоѓаат седиштето на пакистанската војска и канцеларијата на шпионските агенции во земјата, а градот е оддалечен околу 15 километри од главниот град Исламабад. Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозијата.

Спасовски: Санкции за оние кои мислат на профит пред здравјето на луѓето

Илустрација - Граѓани со заштитни маски за лице во Скопје

Сериозни санкции ќе има за оние кои мислат на профит пред заштитата на здравјето согласно мерките за ковид-19, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој искажа благодарност до мнозинството граѓаните кои ги почитуваат мерките. Според него станува збор за 90 проценти од граѓаните во државата кои почитуваат мерки и 10 проценти кои што мислат дека најмногу тие знааат и само тие го прават тоа што треба да се прави.

„За тие има санкции. Секојдневно не само што затвораме и растураме семејни веселби, туку поднесуваме кривични пријави и за тие ќе има одговорност, нема да има толеранција. Секаде дали во Тетово, Куманово, Скопје, источна Македонија секаде каде што има такви состојби, рече Спасовски.
Непочитувањето на мерките за заштита од ковид-19 ќе резултира со сериозни санкции, порача првиот човек на полицијата.

„ Има состојба каде граѓаните не можат да разберат, тие сопственици на ресторани не можат да разберат дека здравјето и животот се поважни отколку да земете профит од таа веселба и за тоа ќе има сериозни санкции“, рече Спасовски.

Османи: Имаме поддршка од сите членки на ЕУ, останува прашањето со Бугарија

Бујар Османи

Имаме недвојбена поддршка не само од Холандија, туку од сите земји членки на ЕУ. Останува прашањето со Република Бугарија, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите во некои медиуми дека и Холандија и Данска се против почнување на преговори на земјава со Унијата.

Османи рече дека денеска имало реакција и од Холандската амбасада во Скопје, кои ги демантираат овие работи.

Прашан за работата на историските комисии меѓу Бугарија и Северна Македонија, Османи рече дека денеска е вториот ден, но за повеќе информации треба да се почека крајот на состанокот.


Во однос на работата на специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, Османи рече дека предлогот за негово назначување било на МНР, во координација со премиерот, а со цел да се додадат дополнителни механизми во враќање на довербата и создавање на предвидливост во имплементација на Договорот, во услови кога немаме амбасадор во Софија.

Бесплатна вакцина против сезонски грип примиле 9.815 граѓани


Вакцина против сезонски грип во државава заклучно со вчера примиле 9.815 граѓани кои закажале термин преку избран лекар (матичен лекар). Од нив, 2.103 се од Скопје. Вакцинацијата против сезонски грип се одвива согласно утврдените планови, а во согласност со утврдените ковид протоколи за временска и физичка дистанца меѓу пациентите, покажуваат податоците од Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“, информираат од Министерството за здравство.

Вакцини има за сите, посочуваат од Министерството и додаваат дека секој петок од тековната недела се отвараат термини за вакцинација преку системот „МојТермин“.

За оваа сезона на грип се набавени 40.000 дози на четири типни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризични групи. Во споредба со минатата сезона, за која се набавија 28 000 дози на вакцини, оваа година за околу 40 отсто се зголемија количините, потенцираат од Министерството и апелираат граѓаните кои закажале термин за вакцинирање да се појават на пункт за вакцинација, а доколку се спречени, резервираниот термин да го откажат.

Бесплатна вакцинација против сезонски грип се врши на шест пункта на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, како и во здравствените домови во Велес, Неготино, Teтово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани, Македонски Брод, Ростуше, Битола, Прилеп, Крушево, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Радовиш, Струмица, Штип, Валандово, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Пехчево, и Кочани. Вакцинација се врши во општите болници во Гевгелија, Дебар и Кавадарци.

Холандската амбасада во Скопје демaнтира дека Холандија го поддржува ветото за С. Македонија

Холандската амбасада како лажни ги оцени информациите дека Холандија ја поддржала Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

„Холандија сметаше и се уште смета дека Северна Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка“, се вели во реакцијата од холандската амбасада во Скопје.

Од Амбасадата за „360 степени“ потенцираат дека известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ се целосно неосновани и лажни вести.

Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, објави вест во која се тврдеше дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија.

Намален бројот и на вработени и на невработени

Во третиот квартал стапката на невработеност во земјава изнесува 16,5 отсто. Според објавените податоци на Државниот завод за статистика, таа бележи пад од 0,2 отсто во однос на претходниот квартал кога изнесувала 16,7 отсто.

Бројките покажуваат дека е намален бројот на активното население. Во овој квартал има 941.136 лица кои се активно население, од кои вработени се 785.561 лице, а невработени 155.575 лица. Во претходниот квартал активното население броело 964.248, вработени биле 799.546 лица, а невработени 159.623 лица.

Меѓу невработените кај категоријата од 25 до 49 години стапката на невработеност е 16,1 отсто, додека кај оние од 50 до 64 години 12,6 отсто.
Меѓу невработените имаме околу 3000 лица без образование.
Сектори каде имаме најголем број вработени во третиот квартал се преработувачката индустрија со 154.842 лица и трговијата на големо и мало 114.336 лица.

Орбан продолжува со блокадите на европскиот буџет

Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повтори дека Будимпешта нема да прифати клаузула за владеење на правото поврзана со буџетот на ЕУ и фондот за закрепнување од последиците на коронавирусот, што го натера Брисел да ги предупреди Унгарија и Полска дека Унијата е подготвена да продолжи и без нив.

Полска и Унгарија блокираат околу 1,8 билиони евра средства на ЕУ, вклучително и околу 750 милијарди евра кои треба да бидат распределени наскоро за ѝ помогнат на Унијата да излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Двете земји се под истрага од ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, и ризикуваат да го изгубат пристапот до десетици милијарди евра поради новововедената клаузула за владеење на правото.

Орбан за националното радио изјави дека образложението во прилог на регулативата, која предизвика висок член на полската влада да каже дека Полска може да го прифати пакетот, е неприфатливо за Будимпешта.

„За нас ова решение, прикачувајќи некаква изјава како белешка за потсетување на парче хартија не функционира“, рече Орбан.
„Унгарија инсистира овие две работи да бидат разделени“, рече тој.
Будимпешта и Варшава соопштија дека ќе делуваат и ќе гласаат заедно за прашањето за владеење на правото, и Орбан рече дека ќе се држи до договореното.

Тој рече дека нема брзање за постигнување договор за буџетот на ЕУ оваа година, додавајќи дека ако нема договор до јануари, ќе има подоцна.
„Оставете го правниот статус непроменет и се ќе оди мазно и брзо“, рече тој.

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони ги предупреди двете земји дека ЕУ е подготвена да „продолжи“ без нив ако не престанат со противењето.

„Мислам дека сме многу јасни кон овие земји-членки дека продолжиме без нив, но јас сум убеден дека на крај ќе постигнеме договор“, рече тој.
Извори од ЕУ вчера ги потврдија медиумските извештаи дека има план да им се овозможи на останатите 25 земји-членки да дадат зелено светло за помошта против коронавирусот, заобиколувајќи го противењето на овие две земји.

Џентилони рече дека фактот дека Германија, најмоќната економија во ЕУ, моментно е претседавач со Унијата може да биде „добра предност во барањето решение“.

Нови 43 пациенти примени во ковид – центрите во Скопје

Клиника за инфективни болести, Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 443 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 39 оздравени пациенти

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекува 21 пациент, на Клиниката за неврологија 30 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 43 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид – центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, на Клиниката за очни болести 13 пациенти, а на ОРЛ 22 болни.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 104 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 151 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 34 пациенти, од кои 4 деца и 30 возрасни.

Вкупно 443 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид – 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.

За македонскиот јазик и идентитет никој нема право да разговара, тврди Спасовски

Оливер Спасовски

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за кое никој нема право и не разговара во ниту еден момент, за тоа не може да се разговара. Можеме да разговараме за сите други прашања што претставуваат некаков интерес, меѓутоа не и за прашањата кои се наш идентитет и наш јазик, рече денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во однос на преговорите со Бугарија, Спасовски нагласи дека како Влада прават напори за на принципиелна основа да се постигне компромис во однос на отворените прашања.

„Секако дека секој има право и можност како ќе постапува во тој дел. Ние остануваме посветени на нашиот европски пат, ќе направиме се за да ги реализираме овие европски аспирации. Како Влада покажавме во изминатите години дека знаеме да решиме прашања, да затвориме тешки прашања, знаеме да ги отвориме перспективите за граѓаните, меѓутоа тоа мора да биде на принципелна основа, на почитување на едни со други, на помирување едни со други и тоа се принципите на кои ќе мора да работиме и понатаму“, изјави Спасовски.

Тој вели дека историјата ќе ја остават на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото, но дек ане треба да се останува заробен во минатото.

Прашан дали бугарското „не“ за почеток на преговори со ЕУ може да влијае врз безбедносната состојба, министерот за внатрешни работи одговори дека нарушување на безбедносната состојба нема и не може да има.

Експлозија пред зградата на РТС во Белград

Зградата на РТС, архивска фотографија

На паркингот пред зградата на РТС во Белград утрово одекна експлозија, во која едно лице загина, а две се потешко повредени, јави дописникот на МИА од Белград. Загинал 65 годишен работник, а двајца други работници на возраст од 64 и 50 години се однесени во болница. Работниците вршеле поправка на системот за климатизација на РТС. Од детонацијата неколку автомобили на државната телевизија се уништени, а искршени се и прозорците на зградата на РТС.

Таргет-Тврдина: Поранешен полициски командир бара отштета за прислушувањето

Armenia -- Court, generic.

Следното рочиште за судскиот предмет „Тврдина-Таргет“, е закажено на 9 декември. Меѓу денешните сведоци во овој предмет беше и поранешниот командир на полициска станица Карпош, Бојан Величковски, кој рече дека се сомневал дека бил незаконски прислушуван и од тие причини поднел барање до СЈО, за да се утврди дали бил незаконски следен. Тој вели дека од овој случај е длабоко навреден, бидејќи скоро четврт век е поврзан со полицијата и од службата не цел ниту денар. Тој бара отштета од 20 илјади евра.

До Судот се поднесени 105 писмени пријави за предјавување на оштетно побарување за случајот „Тврдина-Таргет“.
Денеска сведочеше и поранешен командир на полициска станица Ѓорче Петров, Марјан Младеновски, кој, како што вели, незаконски бил прислушуван 150 дена.

Судењето за овој случај го води кривичниот совет предводен од судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ. Додека обвинението го застапуваат обвинителите Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.

Пензионерите да бидат приоритет за вакцина против ковид-19

Сојузот на здруженија на пензионери апелира пензионерите да бидат приоритет при вакцинирањето против ковид-19, оти се ранлива категорија лица со хронични болести и намален имунитет.

„Во име на над 300 илјади возрасни луѓе во нашата земја алелираме пензионерите да имаат приоритет за вакцина против ковид-19, како што е во сите земји во опкружувањето и пошироко во целиот свет“, се вели во денешното соопштение од Сојузот.

Ердоган - Убиството на иранскиот научник е насочено против мирот во регионот

Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани, архивска фотографија.

Убиството на иранскиот научник за нуклеарна физика Мохсен Фахризаде е насочено против мирот во регионот, но оние кои имаат таква цел нема да успеат, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со иранскиот колега Хасан Рохани.

Ердоган изразил длабока тага поради убиството на Фахризаде и сочувство до иранскиот народ и семејството на научникот.

За време на разговорот двајцата претседатели се осврнале и на ситуацијата во Нагорно-Карабах, регионални прашања и начини за развој на меѓусебните односи.

ЕУ подготвена на санкции за Турција

Европската унија е подготвена да ја санкционира Турција поради тоа што продолжува со „еднострани акти и непријателска реторика“, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

„Во октомври пруживме рака на Турција и нашата оценка е негативна со оглед на тоа што продолжуваат со едноставни акти и непријателска реторика. Ќе имаме дебата и на европскиот самит на 10 декември и подготвени сме да искористиме средства кои ни се на располагање за санкционирање на оваа ситуација“, рече на конференција за новинари. Тој истакна дека мора да престане играта на мачка и глушец.

ЕУ уште во октомври се закани со воведување санкции кон Турција, ако не запре со своите акции, особено со нејзиното делување во Либија и Нагорно-Карабах.

Зариф го повика Бајден САД да ги укинат санкциите за Иран

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф го повика избраниот американски претседател Џо Бајден да ги укине санкциите за Иран и додаде дека тој одбива повторно да преговара за меѓународниот договор за нуклеарна програма од 2015 година За време на онлајн обраќањето на конференцијата за Медитеранскиот дијалог организирана од Италија, Зариф изјави дека одлуката на претседателот Доналд Трамп во 2018 година да ги повлече Соединетите држави од договорот претставува „сериозно кршење“ на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која беше одобрен документот.

Бајден сака да преговара за ирански договор

Зариф рече дека Соединетите држави треба да престанат да го кршат меѓународното право и за тоа не се потребни преговори. „Нема да преговараме за договорот за кој веќе се преговараше“, додаде тој. Трамп ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции за Иран. Како одговор, Иран постепено започна да се повлекува од своите обврски согласно договорот. Бајден изрази желба да започне нови преговори со Иран брзо, но во консултација со американските сојузници, откако повторно се приклучи на меѓународниот договор за нуклеарната програма.

Парламентот на Молдавија и ги одзема на новата претседателка ингеренциите врз разузнавањето

избраната претседателка на Молдавија Маја Санду

Молдавскиот парламент, контролиран од социјалистите, го одобри законодавството за одземање на надлежноста избраната претседателка Маја Санду врз разузнавачката служба на земјата и преместување на истата под јурисдикција на пратениците само неколку недели пред таа да ја преземе функцијата. Предлог-законот беше одобрен и покрај тоа што илјадници приврзаници на Санду протестираа во центарот на Кишињев. Санду, која се залага за поблиски врски со Европската унија, го победи актуелниот претседател Игор Додон, поддржан од Русија, на претседателските избори минатиот месец, но во парламентот сè уште доминираат про-московските социјалисти.

Русија ги отфрли барањата за повлекување на своите сили од Трансдњестар

Социјалистите тврдат дека, бидејќи Молдавија е парламентарна република, контролата над разузнавачката служба треба да му биде предадена на парламентот. Овој потег следи откако во јуни минатата година истите социјалисти гласаа за пренесување на контролата врз разузнавањето од парламентот на Додон - нивниот поранешен лидер на партијата. Молдавија, која прогласи независност од Советскиот Сојуз во 1991 година, ја тресат скандали со корупција, вклучително и исчезнување на милијарда долари од банкарскиот систем пред неколку години. Замрзнатиот конфликт со неговиот сепаратистички регион Трансдњестар поддржан од Москва, исто така, додаде континуирана нестабилност во најсиромашната европска земја.

Во војната за Нагорно Карабах загинале скоро 3.000 војници на Азербејџан

Азербејџански војници

Азербејџан го откри бројот на жртвите што ги доживеа воен персонал на оваа земја за време на неодамнешната 44-дневна војна со Ерменија за отцепениот регион Нагорно-Карабах. Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека за време на конфликтот биле убиени 2.783 нејзини војници и офицери, додавајќи дека се уште се идентификуваат 103 тела. Според соопштението, повеќе од 100 воени лица се водат како исчезнати исчезнати, а 1.245 воени војници биле ранети за време на војната што започна на 27 септември и заврши на 10 ноември со обновување на контролата на Баку над седум соседни области и некои делови на отцепениот регион.

Технологијата и Турција стојат зад воената победа на Азербејџан во Нагорно Карабах

Еден ден претходно, официјални лица на ерменското Министерство за здравство за РСЕ изјавија дека досега биле идентификувани 1.741 ерменски војници и офицери загинати во војната. Кабинетот на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев објави дека 8 ноември, денот кога азербејџанските трупи ја вратија контролата врз клучниот град Шуша ќе се одбележува секоја година како Ден на победата.

ЕУ со акционен план против дезинформациите

илустрација

Европската комисија објави план насочен кон зајакнување на „отпорноста“ на демократиите во ЕУ пред „предизвици“ како што е широко распространетата дисеминација на дезинформации и предлага санкции за „странските актери“ како дел од построг механизам за надзор на онлајн платформи. Во акциониот план за европска демократија, се наведува дека Унијата „треба посистематски да го користи целиот спектар на алатки за спротивставување на странското мешање и влијание врз операциите и понатаму да ги развива, вклучително и со наметнување трошоци за сторителите“.

Јурова- ЕУ бара начин за санкции за создавачите на дезинформации и лажни вести

Првпат Европската комисија во официјален документ предлага воведување санкции за ширење дезинформации. Во документот се додава дека планот доаѓа во време кога „се зголемува притисокот врз демократијата, владеењето на правото и човековите права на глобално ниво“. Предупредувајќи дека информациите можат да бидат „оружје на странски актери“, во документот се вели дека „одредени трети земји, особено Русија и Кина, се вклучиле во насочени операции за влијание и кампањи за дезинформирање околу ковид-19 во ЕУ, нејзиното соседство, и на глобално ниво, обидувајќи се да ја поткопаат демократската дебата, да ја влошат социјалната поларизација и да го подобрат сопствениот имиџ “.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG